Како можам да се ослободам од осаменоста?
Поглавје 14
Како можам да се ослободам од осаменоста?
Сабота навечер е. Момчето седи во својата соба само.
„Ги мразам викендите!“ вика тоа. Но во собата нема никој да одговори. Зема едно списание и гледа слика на група млади луѓе кои се на плажа. Го фрла списанието во ѕидот. Му навираат солзи. Ја стега со забите долната усна, но солзите и понатаму му надоаѓаат. Немоќен повеќе да се бори, паѓа на креветот, липајќи: ‚Зошто секогаш ме изоставаат?‘
ДАЛИ понекогаш се чувствуваш така — отсечен од светот, осамен, бескорисен и празен? Ако да, не очајувај. Иако чувството на осаменост не е баш забавно, сепак тоа не е некое смртоносно заболување. Едноставно кажано, осаменоста е предупредувачки сигнал. Гладот те опоменува дека ти треба храна. Осаменоста те опоменува дека ти треба друштво, блискост, интимност. За да функционираме добро, ни треба храна. На сличен начин, за да се чувствуваме добро, ни треба друштво.
Дали некогаш си видел корито со вжарени јаглења? Ако извадиш едно јагленче од купот, жарот на тоа јагленче ќе се изгаси. Но, кога ќе го вратиш во купот, повторно се вжарува! На сличен начин, кога сме изолирани, ние луѓето едноставно не „жариме“, односно не функционираме добро за долго време. Потребата од друштво е вградена во самите нас.
Сам, но не осамен
Есеистот Хенри Дејвид Тореј напишал: „Никогаш не сум нашол толку друштвен другар како самотијата“. Дали се сложуваш со ова? „Да“, вели Бил, кој има 20 години. „Јас ја сакам природата. Понекогаш ќе се качам во мојот мал чамец и заминувам на езеро. Таму седам со саати, сосема сам. Тоа ми дава време да размислувам што правам со мојот живот. Тоа е навистина супер.“ Дваесет и едногодишниот Стивен се согласува. „Живеам во една голема станбена зграда“, вели тој, „и понекогаш одам на покривот на зградата само за да бидам сам. Малку размислувам и се молам. Тоа ме освежува.“
Да, ако добро се користат, моментите на самотија можат да ни донесат длабоко задоволство. И Исус се радувал на такви моменти: „Утредента, во темни зори, [Исус] стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше“ (Марко 1:35). Сети се, Јехова не рекол: ‚Не е добро за човекот да биде во моментот сам‘. Наместо тоа, Бог рекол дека не е добро човекот „[и понатаму, НС] да биде сам“ (1. Мојсеева 2:18—23). Долготрајните периоди на изолација се тие што можат да водат до осаменост. Библијата предупредува: „Оној којшто се изолира ќе оди по своите сопствени себични желби; против секаква практична мудрост ќе станува“ (Изреки 18:1, НС).
Привремена осаменост
Понекогаш осаменоста ни е наметната од околности кои се вон наша контрола, како што е да се биде далеку од блиските пријатели поради селење на нова локација. Стивен се сеќава: „Во поранешниот дом, Џејмс и јас бевме пријатели, поблиски и од браќа. Кога се преселив, знаев дека ќе ми недостасува“. Стивен застанува, како да го оживува моментот на разделбата. „Кога морав да се качам на авионот, ми се стегна грлото. Се прегрнавме и си заминав. Чувствував дека губам нешто драгоцено.“
Како се снашол Стивен во новата околина? „Беше тешко“, вели тој. „Во поранешното место на живеење пријателите ме сакаа, но тука некои луѓе со кои работев ме наведоа да се чувствувам како да не вредам ништо. Се сеќавам како гледав на часовникот и пресметував четири часа наназад (толку беше разликата во времето) и си размислував што можевме да правиме Џејмс и јас баш тогаш. Се чувствував осамено.“
Кога работите не одат добро, ние честопати мислиме на подобрите времиња што сме ги имале во минатото. Но, Библијата вели: „Не вели: ‚Зошто поранешните дни беа подобри од сегашните?‘ “ (Проповедник 7:10). Зошто ваков совет?
Како прво, околностите може да се променат на подобро. Затоа, истражувачите честопати зборуваат за „привремена осаменост“. Така, Стивен можел да ја совлада својата осаменост. Како? „Ми помогна тоа што разговарав за моите чувства со
некој кој покажа интерес. Не можеш да живееш во минатото. Се принудував да запознавам други луѓе, да покажувам интерес за нив. Тоа беше делотворно; најдов нови пријатели.“ А што е со Џејмс? ‚Бев во грешка. Преселувањето не значеше крај на нашето пријателство. Неодамна му телефонирав. Зборувавме и зборувавме еден час и петнаесет минути.‘Хронична осаменост
Но, понекогаш, мачната болка на осаменост не попушта и изгледа како да нема излез. Рони, ученик во гимназија, раскажува: „Осум години одам на училиште во овој кварт, но за цело тоа време не успеав да стекнам ниту еден единствен пријател! . . Никој не знае што чувствувам и на никого не му е ни гајле. Понекогаш мислам дека едноставно не можам повеќе да издржам!“
Слично на Рони, многу тинејџери го доживуваат она што често е наречено хронична осаменост. Тоа е посериозно отколку привремената осаменост. Всушност, истражувачите велат дека овие две се „толку различни — како обична настинка и пневмонија“. Но, токму како што пневмонијата може да се излечи, така и хроничната осаменост може да биде победена. Прв чекор е да се обидеш да ја разбереш нејзината причина (Изреки 1:5). А 16-годишната Ронда точно ја опишала највообичаената причина за хроничната осаменост, велејќи: „Мислам дека причината за тоа што се чувствувам многу осамена е што — па тоа дека не можеш да имаш пријатели ако не си задоволен со себе. Мислам дека не се сакам себеси баш многу“ (Lonely in America — Осамен во Америка).
Осаменоста на Ронда доаѓа однатре. Нејзиното ниско самопочитување создава бариера што ја спречува да се отвори и да стекне пријатели. Еден истражувач вели: „Размислувањата како што се: ‚Не сум привлечен‘, ‚Не сум интересен‘, ‚Јас сум безвреден‘, се вообичаени теми меѓу хронично осамените“. Затоа, клучот за совладување на твојата осаменост можеби лежи во тоа да го изградиш своето самопочитување. (Види поглавје 12.) Додека го развиваш она што Библијата го нарекува ‚нов човек‘ кој се карактеризира со љубезност, понизност на умот и благост, твоето самопочитување сигурно ќе порасне! (Колосјаните 3:9—12).
Понатаму, додека учиш да се сакаш себеси, другите ќе бидат привлечени кон твоите привлечни особини. Но, токму како што сите бои на едно цвеќе можеш да ги видиш само откако тоа ќе се отвори, така и другите можат во потполност да ги ценат твоите особини само ако им се отвориш.
Да се скрши мразот
‚Најдобриот совет за едно осамено лице‘, вели една неодамнешна публикација од Националниот институт за ментално здравје од САД, е да ‚се вмешаш меѓу другите луѓе‘. Овој совет е во склад со библискиот совет да се ‚рашириме‘ или да се покажува ‚жалостивост‘ или соживување (2. Коринтјаните 6:11—13, НС; 1. Петрово 3:8). Тоа е делотворно. Грижењето за другите не само што го одвраќа твоето внимание од сопствената осаменост туку ги мотивира и другите да покажат интерес за тебе.
Затоа, деветнаесетгодишната Натали решила да прави повеќе отколку само да чека со скрстени раце луѓето да ѝ кажат
‚здраво‘. ‚И јас морам да бидам пријателски расположена’, вели таа. ‚Инаку луѓето ќе мислат дека сум надуена.‘ Затоа, започни со насмевка. Другото лице може ќе ти возврати со насмевка.Како следно, започни разговор. Лилијан, која има 15 години, признава: „Да им пристапувам на непознати, на почетокот ми беше навистина страшно. Се плашев дека нема да ме прифатат“. Како Лилијан ги започнува разговорите? Таа вели: „Поставувам едноставни прашања како што се: ‚Од каде сте?‘ ‚Дали го знаете тој и тој?‘ Можеби и двајцата познаваме некое исто лице и набрзо започнуваме разговор“. На сличен начин, љубезните постапки и великодушниот дух ќе ти помогнат да изградиш драгоцени пријателства (Изреки 11:25).
Запомни го и тоа дека можеш да имаш еден пријател кој никогаш нема да те изневери. На своите ученици, Исус Христос им рекол: „Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене“ (Јован 16:32). Јехова може да стане и твој најблизок пријател. Запознај ја неговата личност со тоа што ќе ја читаш Библијата и ќе го набљудуваш неговото творештво. Зајакнувај го твоето пријателство со него преку молитва. Конечно, пријателството со Јехова Бог е најдобриот лек за осаменоста.
Сепак, ако одвреме навреме се чувствуваш осамено, опушти се. Тоа е сосема нормално. Но, што ако претераната срамежливост те спречува да стекнеш пријатели и да бидеш со другите?
Прашања за дискусија
□ Дали е безусловно лошо да се биде сам? Има ли користи од самотијата?
□ Зошто во повеќето случаи осаменоста е привремена? Дали си утврдил дека тоа е така и во твојот случај?
□ Што е хронична осаменост и како можеш да се бориш со неа?
□ Кои се некои начини за да се ‚скрши мразот‘ со другите? Што било делотворно кај тебе?
[Истакната мисла на страница 119]
‚Најдобриот совет за едно осамено лице‘, вели Националниот институт за ментално здравје од САД, е да ‚се вмешаш меѓу другите луѓе‘
[Слики на страници 116 и 117]
Пријателите можат да останат во контакт дури и кога се на голема оддалеченост
[Слика на страница 118]
Периодите на самотија можат да бидат пријатни