Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да кажам „не“ на предбрачниот секс?

Како можам да кажам „не“ на предбрачниот секс?

Поглавје 24

Како можам да кажам „не“ на предбрачниот секс?

ЕДНА анкета што ја спровело списанието ’Teen во една земја, открила дека многумина од неговите млади читатели барале информации во врска со следново прашање: „Како да речам ‚не‘ на притисокот за секс“.

Во Псалм 118:9 псалмистот поставил слично прашање: „Како младичот [или девојката] ќе го запази патот свој?“ Одговорот е: „Ако ги пази зборовите Твои [Божји]“. Но, потребно е повеќе отколку само знаење во главата. „Со разумот знаеш што вели Библијата за неморалниот секс“, признала една млада жена. „Но, твоето срце ги истуркува овие причини на последно место во твојот разум.“ Соодветно на тоа, псалмистот продолжил: „Ги сокрив [чував, НС] во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе“ (Псалм 118:11).

Чувај го срцето

Чувањето на Божјите изреки во твоето срце бара најпрвин да го читаш и да го проучуваш Писмото, како и литературата која се темели на Библијата. Ова може да помогне за да те увери во вредноста на Божјите закони. Од друга страна, пак, читањето, слушањето или гледањето сексуално стимулирачки материјали, разгорува „сексуален апетит“ (Колосјаните 3:5НС). Затоа, строго избегнувај таков материјал! Наместо тоа, размислувај за работи кои се чесни и чисти.

Понатаму, истражувањето покажало дека нечии блиски пријатели можат многу да влијаат на тоа дали тој ќе остане невин. Псалмистот рекол: „Јас сум меѓу оние, што се бојат од Тебе [Бог] и кои ги пазат Твоите наредби“ (Псалм 118:63).

Дали твои пријатели се оние кои навистина тежнеат да ги ‚пазат Божјите наредби‘? Една млада жена по име Џоана, во врска со изборот на пријатели, ја дала оваа забелешка: „Ако си во близина на луѓе кои го љубат Јехова, увидуваш дека, додека разговараш за моралот, почнуваш да мислиш на истиот начин како и тие. На пример, ако слушаш како велат дека неморалот е одвратен, почнуваш да мислиш на сличен начин. Од друга страна, пак, ако си со некој на кој воопшто не му е гајле, денес⁠-​утре ќе станеш ист како него“ (Изреки 13:21).

Меѓутоа, состанувањето и додворувањето честопати претставуваат најголем предизвик да се остане невин. Разгледај ја студијата на Роберт Соренсен во една земја. Тој заклучил дека 56 проценти од младите мажи и 82 проценти од жените кои биле анкетирани, а кои имале сексуални односи, тоа го направиле за првпат со некој кој им бил стален дечко или девојка — или барем добро го знаеле и многу го љубеле. Тогаш, што ако си доволно возрасен за да тежнееш кон брак и се состануваш со некого? Како можеш подобро да се запознаеш со тоа лице, а сепак да останеш невин?

Да се избегнуваат замките за време на додворувањето

Библијата предупредува: „Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере?“ (Јеремија 17:9). Можеби некој чувствува сосема нормална привлечност кон некого од спротивниот пол. Но, колку почесто сте заедно, привлечноста станува поголема. А таа нормална желба може да го наведе твоето срце да заскита. „Од срцето излегуваат лоши помисли . . . блудства“, рекол Исус Христос (Матеј 15:19).

Честопати, младата двојка не планира да има сексуален однос. * Во повеќето примери, тоа се случило поради тоа што двојката се впуштила во петинг, т. е. надразнувачко допирање на интимните делови на телото. Една неомажена мајка признала: „За мене и за повеќето млади што ги знам, тоа секојпат одеше едноставно малку понатаму и, на крај, повеќе не си девица. Почнуваш со малку петинг и пред да сфатиш што се случува, не можеш да запреш“.

За да избегнеш и самиот да западнеш во сексуален неморал, мораш ти да го водиш своето срце наместо да дозволиш тоа да те води тебе (Изреки 23:19). Како можеш да го правиш тоа?

Постави граници: Еден млад човек можеби мисли дека неговата девојка очекува тој да започне со бакнување и петинг, кога таа можеби воопшто не очекува. „Од гордоста произлегува раздор, а мудроста е со оние, кои се советуваат“ (Изреки 13:10). Затоа, ако се состануваш, дај му до знаење на другото лице што мислиш за таа работа со тоа што ќе ‚се советувате‘. Мудро постави граници на изразите на наклоност. Во исто време, не давај измешани сигнали. Ако носиш облека која е тесна, отворена и секси, можеш да му дадеш погрешна порака на твојот партнер.

Избегнувај искушувачки ситуации: Библијата кажува за една млада девица чиј дечко ја поканил да пешачи со него до едно изолирано место на планините. Неговиот мотив? Да можат да уживаат во убавините на раната пролет. Меѓутоа, браќата на девојката откриле за планираната екскурзија и лути го спречиле тоа. Дали го сториле тоа затоа што мислеле дека таа е неморално настроена? Далеку од тоа! Туку тие добро ја знаеле моќта на искушението под такви околности (Песна над песните 1:5; 2:8—15). Исто така, и ти треба да избегнуваш околности што би можеле да водат до искушение, како што е да бидеш сам во куќа, во стан или во паркиран автомобил со оној со кого се состануваш.

Знај ги своите ограничувања: Можеби во некои периоди си поранлив на сексуални заведувања отколку во други. На пример, можеби си обесхрабрен поради некој личен неуспех или несогласување со твоите родители. Каков и да е случајот, во текот на таквите периоди ќе мораш да бидеш особено претпазлив (Изреки 24:10). Исто така, биди внимателен при употребата на алкохолни пијалаци. Под нивно дејство можеш да ја изгубиш својата воздржливост. „Виното и слаткото вино се тие што го одземаат добриот мотив“ (Осија 4:11НС).

Кажи „не“ и стој зад тоа: Што може да направи некоја двојка кога емоциите растат и самата увиди дека станува опасно интимна? Еден од нив мора да рече или да направи нешто што ќе ја наруши атмосферата. Дебра дошла во ситуација да биде сама со дечкото, кој го запрел автомобилот на едно осамено место за да „разговараат“. Кога емоциите почнале да растат, Дебра на својот дечко му рекла: „Зарем ова не е страствено бакнување? Не би требало ли да запреме?“ Тоа ја нарушило атмосферата. Тој веднаш ја одвезол дома. Да се каже „не“ под такви околности можеби е најтешката работа што некогаш си морал да ја направиш. Но, како што рекла една 20⁠-годишна девојка која попуштила и имала сексуални односи, „ако не си заминеш, ќе зажалиш!“

Имај придружник: Иако некои на тоа гледаат како на нешто старомодно, да се има некој кој ќе те придружува на состанокот, сѐ уште е добра идеја. „Тоа изгледа како да не може да ни се верува“, се жалат некои двојки. Можеби. Но, дали е мудро да имаш доверба во себеси? Стихот од Изреки 28:26 без заобиколување наведува: „Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен“. Постапувај мудро така што ќе имаш некој друг кој ќе те придружува на состанокот. „Јас навистина го почитувам човекот кој си носи придружник. Знам дека тој е исто толку заинтересиран да остане невин како и јас“, открила Дебра. „Тоа не создава никакви тешкотии, затоа што кога сакаме нешто приватно да си кажеме, се оддалечуваме за да не нѐ чујат другите. Заштитата која ја дава тоа вредна е за каква и да било непријатност.“

Пријателство со Бог

Над сѐ, развивањето блиско пријателство со Бог, спознавајќи го како вистинска личност со чувства, ќе ти помогне да избегнеш однесување кое го навредува. Ако му го излееш срцето во врска со конкретни проблеми, тоа ќе те зближи со него. Многу двојки сакајќи да останат невини, дури и во текот на ситуации полни со емоции, заеднички го молеле Бог, барајќи од него да им ја даде потребната сила.

Јехова великодушно одговара со тоа што на таквите им ја дава „силата која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7НС). Ти, се разбира, мораш да го сториш својот дел. Сепак, биди уверен дека со Божја помош и благослов, можно е да речеш „не“ на сексуалниот неморал.

[Фуснота]

^ пас. 12 Според една студија, 60 проценти од жените рекле дека чинот бил спонтан и непланиран.

Прашања за дискусија

□ Кои се некои од работите што можеш да ги направиш, кои ќе ти помогнат да ги чуваш Јеховините закони во врска со сексот?

□ Како можат твоите пријатели да влијаат на твоето гледиште за предбрачниот секс?

□ Зошто мислиш дека е потребна претпазливост кога се состануваш?

□ Кои се некои од работите што може да ги прави двојката која се додворува за да се заштити себеси од запаѓање во сексуален неморал?

[Истакната мисла на страница 193]

„Почнуваш со малку петинг . . .“

[Истакната мисла на страница 194]

Кога се додворувате, избегнувајте неморал со тоа што нема да се изолирате

[Рамка/слики на страница 195]

Да се остане невин во периодот на додворување

Избегнувај ситуации што би можеле да водат до страствено бакнување и петинг

Состанувај се во групи или имај придружник

Одржувај го разговорот на едно изградувачко ниво

Од почетокот, кажи му го на партнерот својот став во врска со границите на изразите на наклоност

Облекувај се скромно и избегнувај провокативни постапки

Побарај да те однесе дома ако мислиш дека твојата невиност е во опасност

Воздржувај се од долги „збогувања“

Немој да остануваш до доцна

[Слики]

Двојките кои се додворуваат можат да се стремат кон активности што нема да ги изолираат од другите луѓе

[Слика на страница 196]

Ако некоја ситуација станува „презагреана“, биди разумен и кажи „не!“ — и стој зад тоа!