Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мастурбација — како можам да се борам со поривот?

Мастурбација — како можам да се борам со поривот?

Поглавје 26

Мастурбација — како можам да се борам со поривот?

„ТОА е многу силна зависност“, рекол еден млад човек кој се борел со мастурбација преку 15 години. „Тоа може да создаде навика исто како дрогата или некој алкохолен пијалак.“

Меѓутоа, апостол Павле не дозволил неговите желби да станат како суров господар. Спротивно на тоа, тој напишал: „Го тепам своето тело [телесните желби] и го водам како роб“ (1. Коринтјаните 9:27НС). Тој бил крут кон себеси! Сличен напор ќе овозможи секому да се ослободи од мастурбацијата.

„Подгответе ги своите умови за акција“

Многумина мастурбираат за да се ослободат од тензијата и грижата. Но, мастурбацијата е детински начин да се реагира на проблемите. (Спореди 1. Коринтјаните 13:11.) Подобро е да се покаже „способност на размислување“ и да се нападне самиот проблем (Изреки 1:4НС). Кога проблемите и фрустрациите изгледаат огромни, ‚сите твои грижи остави ги на [Бог]‘ (1. Петрово 5:6, 7).

Што би се случило ако ненадејно видиш или слушнеш нешто што е сексуално надразнувачко? Библијата препорачува: „Подгответе ги своите умови за акција; имајте самоконтрола“ (1. Петрово 1:13, New International Version). Напрегни го својот ум и отфрли ја неморалната мисла. Возбудувањето наскоро ќе исчезне.

Но, отфрлањето на лошите мисли е особено тешко кога некој е сам ноќе. Една млада жена советува: „Најдоброто нешто што треба да се направи е да станеш од креветот и да се зафатиш со некој вид работа или можеби да имаш мала закуска за твоите мисли да се свртат кон други работи“. Да, присили се да ‚размислуваш за сѐ што е од сериозен интерес, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е вредно за љубов, сѐ за кое добро се зборува‘ (Филипјаните 4:8НС).

Кога ти е тешко да заспиеш, настојувај да го имитираш верниот цар Давид, кој напишал: „Кога ќе се сетам за Тебе [Боже] во постелата моја, во утринските [ноќните, НС] часови за Тебе размислувам“ (Псалм 62:6). Честопати, илузијата ќе ја прекинеш со тоа што ќе го присилуваш својот ум длабоко да размислува за Бог и за неговите особини. Од помош е и ако размислуваш за тоа како гледа Бог на оваа нечиста навика (Псалм 96:10).

Преземи превентивни мерки

„Умниот [остроумниот, НС] го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“, напишал инспирираниот мудар човек (Изреки 22:3). Можеш да се покажеш остроумен со тоа што однапред ќе размислуваш. На пример, ако увидиш дека учествувањето во некои активности, облекувањето тесна облека или јадењето извесна храна предизвикува кај тебе сексуално возбудување, тогаш на секаков начин избегнувај ги. На пример, алкохолните пијалаци можат да намалат нечија воздржаност и да ја отежнат самоконтролата. Исто така, како чума избегнувај литература, ТВ програми или филмови со сладострасни теми. „Сврти ги очите мои за да не гледам суета“, се молел псалмистот (Псалм 118:37).

Исто така, можеш да преземеш превентивни мерки во оние периоди кога си особено ранлив. Една млада жена можеби увидува дека нејзините сексуални желби се интензивираат во извесни периоди од месецот. Или, пак, некој можеби е емоционално повреден или депримиран. „Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата“, предупредува стихот од Изреки 24:10. Затоа, избегнувај да бидеш сам за подолги временски периоди. Планирај изградувачки активности што ќе го задржат твојот ум вклучен во предизвикувачки потфати, давајќи му помала можност да биде склон кон неморални мисли.

Духовна офанзива

Еден 27-годишен човек кој се борел со оваа навика уште од 11-годишна возраст, конечно можел да извојува победа. „Тоа беше затоа што појдов во офанзива“, објаснил тој. „Ја читав Библијата, најмалку по две поглавја секој ден без исклучок.“ Тоа го правел неизоставно, преку три години. Еден друг христијанин советува: „Пред да си легнеш, читај нешто што е поврзано со духовни работи. Многу е важно последната мисла на денот да биде духовна. Во тоа време и молитвата е од крајна помош“.

Исто така, од помош е ако се ‚биде изобилно вработен во делото Господово‘, како што е делото да се поучуваат другите за Библијата (1. Коринтјаните 15:58НС). Една жена која ја совладала мастурбацијата, навела: „Една работа која сега вистински ми помага да ја избегнувам оваа навика е тоа што, како полновремен евангелизатор, мојот ум и енергија се насочени кон тоа да им помагам на другите да стекнат прифатлив однос со Бог“.

Со искрена молитва, можеш да го молиш Бог и за „силата која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7НС). „Отворете го срцето ваше пред Него [Бог]“ (Псалм 61:8). Една млада жена вели: „Молитвата е инстант тврдина на сила. Молењето во времето кога се појавува желбата, несомнено, помага“. Исто така, кога ќе се разбудиш а и во текот на денот, изнесувај му ја на Бог твојата одлучност и моли го за неговиот зајакнувачки свет дух (Лука 11:13).

Помош од другите

Ако твоите лични напори не се успешни, зборувај со некој кој може да ти помогне, на пример со еден од родителите или со некој христијански старешина. Младите жени можеби ќе увидат дека е од помош да се доверат на некоја зрела христијанка (Тит 2:3—5). Еден млад човек кој бил на работ на очајот, рекол: „Една вечер разговарав насамо со татко ми во врска со тоа“. Тој открил: „Морав да ги соберам сите сили за да му кажам сѐ. Плачев додека му кажував, ми беше многу срам. Но, никогаш нема да го заборавам она што тој ми го рече. Со смирувачка насмевка на лицето, ми рече: ‚Јас многу се гордеам со тебе‘. Тој знаеше низ што сѐ морав да поминам за да стигнам до тој степен. Никакви други зборови не можеа повеќе да го подигнат моето расположение и одлучност.

Потоа, татко ми ми покажа неколку стихови за да ми помогне да видам дека не сум отишол ‚предалеку‘ “, продолжил младичот, „а потоа уште некои други стихови за да ја разберам сигурно сериозноста на мојот погрешен правец. Тој ми рече извесно време да ‚задржам чисто досие‘, па потоа повторно ќе разговараме. Тој ми кажа да не дозволам да бидам столчен доколку ја направам истата грешка, туку само да издржам подолг временски период без да попуштам следниот пат“. Откако целосно го совладал проблемот, младиот човек рекол: „Тоа што имав некој кој го знае мојот проблем и кој ми помагаше, ми беше од најголема корист“.

Да се излезе накрај кога ќе се направи истата грешка

Откако напорно работел за да ја совлада таа навика, еден млад човек ја направил истата грешка. Тој признал: „Тоа беше како да ме притиска еден товар. Се чувствував толку безвредно. Потоа расудував: ‚Јас сум отишол предалеку. И онака ја немам Јеховината милост, па зошто да бидам строг кон себеси?‘ “ Меѓутоа, ако некој ја направи истата грешка, не значи дека ја изгубил борбата. Една 19-годишна девојка се сеќава: „Најпрвин тоа се случуваше скоро секоја ноќ, но потоа почнав повеќе да се потпирам на Јехова, и со помош на неговиот дух сега попуштам можеби шестпати годишно. После тоа се чувствувам многу лошо, но секојпат кога ќе попуштам, штом ќе дојде следното искушение, многу сум појака“. Така, таа постепено ја добива нејзината борба.

Кога ќе се случи повторно да ја направиш грешката, анализирај што водело до тоа. Еден млад човек вели: „Го прегледувам она што сум го читал или за кое размислував. Скоро секогаш можам да ја утврдам причината поради која сум се лизнал. На тој начин можам да престанам да го правам тоа и се поправам“.

Награди од добрата борба

Еден млад човек кој ја совладал мастурбацијата, рекол: „Откако го совладав проблемот, можам да задржам пред Јехова чиста совест, а тоа е нешто што не би го менувал за ништо друго!“

Да, добра совест, подобрено чувство на самопочитување, поголема морална сила и поблизок однос со Бог — сите тие се награди за добрата борба против мастурбацијата. Една млада жена која конечно ја совладала мастурбацијата вели: „Верувајте ми, победата над оваа навика е вредна за секаков труд“.

Прашања за дискусија

□ Зошто е опасно да се задржуваш на еротски мисли? Што може да направи еден млад човек за да го насочи својот ум на нешто друго?

□ Какви превентивни мерки би можел да преземе еден млад човек за да го намали искушението да се оддаде на мастурбација?

□ Зошто е корисна духовната офанзива?

□ Каква улога игра молитвата во совладувањето на оваа навика?

□ Зошто е корисно да се довериш некому ако имаш проблем во тој поглед?

[Рамка/слика на страници 208 и 209]

Порнографијата — создава навика и е опасна!

„Порнографијата ја има насекаде: ти се шеташ по улица — а таа е таму отворено прикажана на киосците за весници“, се сеќава 19-годишниот Роналд. „Некои од нашите наставници ја носеа на училиште, читајќи ја на своите бироа додека го чекаат следниот час.“ Да, многу луѓе од различни возрасти, потекло и степен на образование се страстни читатели на порнографија. Еден младич по име Марк, рекол: „Кога ги читав списанијата со голотии и ги гледав фотографиите, ми беше возбудливо! . . Со нетрпение ги очекував следните броеви од овие списанија поради тоа што, разгледувајќи ги оние што ги завршив, не ми го дадоа истиот наплив на возбуда. Тоа создава навика“. Но, дали тоа е добра навика?

Порнографијата има една надмоќна порака: ‚Сексот е чисто за самозадоволство‘. Голем дел од него е заситен со силување и садистичко насилство. Многу гледачи набрзо увидуваат дека „поблагите“ (помалку изразени) форми, повеќе не се стимулирачки и затоа бараат слики или филмови кои се дури и посрамни! Ернст ван ден Хаг, доцент на њујоршкиот универзитет, рекол: „Порнографијата нѐ повикува да ги сфаќаме другите само како парче месо, како објекти за експлоатација заради нашите сопствени чувства на задоволство“.

Понатаму, порнографијата претставува едно изопачено, идолизирано гледиште за сексот што честопати води до брачни проблеми. Една млада сопруга вели: „Читањето порнографија предизвика да ги посакувам од мојот сопруг абнормалните работи што се прикажани во книгите. Тоа водеше до постојана фрустрација и разочарување во сексот“. Во 1981, помеѓу неколку стотици жени била спроведена една анкета во врска со тоа какви ефекти врз нивните односи имала порнографијата која ја читале нивните мажи. Скоро една половина известиле дека тоа предизвикало сериозни проблеми. Тоа, всушност, уништило некои бракови или веридби. Една жена се жалела: „Од потребата и желбата [на мојот сопруг] за сексуално отпуштање по пат на порнографија, можам само да претпоставам дека јас сум му неадекватна . . . Посакувам да бев жена која можеше да го задоволи, но тој повеќе сака пластика и хартија, а неговата потреба уништи дел од мене . . . Порнографијата е . . . анти⁠-​љубов . . . Таа е грозна, сурова и разорна“.

Меѓутоа, најголема загриженост кај христијанските младинци предизвикува фактот што порнографијата дејствува директно против нечии напори да биде чист во Божји очи (2. Коринтјаните 6:17—7:1). Библијата покажува дека „поради бесчувствителноста на нивните срца“, некои во древните времиња „изгубиле секакво морално чувство“ и ‚се предале на разуздано однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност‘ (Ефесјаните 4:18, 19НС). Дали би сакал да вкусиш таква расипаност? Запомни, дури и ако некој повремено се оддава на порнографија, тоа може да доведе до намалување на чувствителноста на совеста. Тоа довело некои млади христијани до мастурбација и, што е уште полошо, до сексуален неморал. Затоа, мудро е силно да се трудиш да останеш понастрана од порнографијата.

„Многупати порнографијата е токму таму каде што ќе погледнам“, вели младиот Дерил. „Затоа, на почетокот сум присилен да погледнам; но не морам да гледам по вторпат.“ Да, одбиј да гледаш онаму каде што таа отворено се прикажува и одбиј да им дозволуваш на соучениците да те тераат да ја гледаш. Во тој поглед 18-годишната Карен расудувала: „Како несовршено лице, доста тешко ми е да се обидувам да го задржам мојот ум на работи кои се невини и вредни за фалба. Зарем тоа не би ми било уште потешко ако намерно читам порнографија?“

[Слика на страница 206]

„Молитвата е инстант тврдина на сила. Молењето во времето кога се појавува желбата, несомнено, помага“