Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мастурбација — колку е тоа сериозно?

Мастурбација — колку е тоа сериозно?

Поглавје 25

Мастурбација — колку е тоа сериозно?

„Се прашувам дали мастурбацијата е погрешна во Божји очи. Дали ќе влијае врз моето физичко и/или ментално здравје во иднина а и кога ќе стапам во брак?“ (петнаесетгодишната Мелиса).

МНОГУ млади се измачувани од вакви мисли. Причината? Мастурбацијата која е нашироко распространета. Се известува дека до својата 21-годишна возраст мастурбирале околу 97 проценти од мажите и над 90 проценти од жените. Понатаму, оваа пракса е обвинувана за многу видови болести — од брадавици и црвени капаци на очите, па сѐ до епилепсија и душевна болест.

Медицинските истражувачи од ХХ век, повеќе не даваат такви алармантни тврдења. Навистина, денес лекарите не веруваат дека мастурбацијата предизвикува некаква физичка болест. Истражувачите Вилијам Мастерс и Вирџинија Џонсон додаваат дека „не постои основан медицински доказ дека мастурбацијата, без оглед на фреквенцијата, води до душевна болест“. Меѓутоа, постојат други лоши последици! А многу христијански млади со право се загрижени во врска со оваа практика. „Кога попуштив на [мастурбацијата], се чувствував како да го разочарав Јехова“, напишал еден млад човек. „Понекогаш станував сериозно депримиран.“

Но, што всушност е мастурбација? Колку е тоа сериозно и зошто толку многу млади увидуваат дека тоа е навика која тешко се прекинува?

Зошто младите се ранливи

Мастурбација е намерно самонадразнување за да се предизвика сексуално возбудување. Во текот на цветот на младоста, сексуалните желби стануваат силни. Се ослободуваат јаки хормони кои влијаат на органите за размножување. На тој начин, еден млад човек станува свесен дека овие органи се способни да предизвикаат насладувачки чувства. А понекогаш, еден млад човек може да стане сексуално возбуден дури и без да размислува за секс.

На пример, притисоците кои се предизвикани од различни грижи, стравови или фрустрации можат да влијаат на чувствителниот нервен систем на момчето и да предизвикаат сексуално возбудување. Насобирањето сперма, од своја страна, пак, може да предизвика тоа да се разбуди сексуално возбудено. Или, пак, може да предизвика ноќно излевање, обично проследено со некој еротски сон. На сличен начин, некои млади девојки можеби ќе приметат дека се ненамерно надразнети. Кај многу од нив е засилена сексуалната желба токму пред или после нивниот менструален циклус.

Затоа, ако си доживеал такво возбудување, не значи дека со тебе нешто не е во ред. Тоа е нормална реакција на едно младешко тело. Таквите чувства, дури и ако се многу интензивни, не се исто што и мастурбацијата, затоа што тие главно се спонтани. А со растењето, интензитетот на овие нови чувства ќе се намали.

Но, љубопитноста и новоста на овие непознати чувства, ги наведува некои млади намерно да манипулираат, т. е. да си играат со своите сексуални органи.

,Ментално гориво‘

Библијата опишува еден млад човек кој среќава промискуитетна жена. Таа го бакнува и вели: „Дојди . . . да се радуваме во милување“. Што се случува потоа? „Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење“ (Изреки 7:7—22). Очигледно, страстите на овој младич биле разбудени, не едноставно поради дејствувањето на неговите хормони, туку поради она што тој го видел и слушнал.

На сличен начин, еден млад човек признава: ‚Коренот на целиот мој проблем со мастурбацијата се сведуваше на она што го ставав во мојот ум. Гледав ТВ програми што вклучуваа неморал, а во некои случаи гледав програми и на кабловската телевизија што покажуваа голотија. Таквите сцени се толку шокирачки што остануваат во тебе. Тие ќе испливаа повторно во мојот ум, давајќи го потребното ментално гориво за да се впуштам во мастурбација‘.

Да, честопати она што некој го чита, гледа или слуша, како и она за кое некој зборува или медитира, дава повод за мастурбација. Како што признала една 25-годишна жена: „Изгледаше како едноставно да не можев да престанам со навиката. Но, имав обичај да читам романтични романи, а тоа само придонесуваше кон проблемот“.

„Средство за смирување“

Искуството на оваа млада жена, без сомнение, открива која е најголемата причина зошто може тешко да се прекине со навиката. Таа продолжува: „Обично мастурбирав за да се ослободам од притисокот, тензијата или грижата. Тоа краткотрајно задоволство беше како пијалакот што го зема алкохоличарот за да си ги смири нервите“.

Истражувачите Сузан и Ирвинг Сарноф пишуваат: „За некои луѓе мастурбацијата може да стане навика кон која се свртуваат за утеха, секогаш кога се отфрлени или се загрижени поради нешто. Меѓутоа, други можеби на овој начин се повлекуваат само повремено, кога се под најакутен емоционален стрес“. Трети, пак, на сличен начин прибегнуваат кон оваа навика очигледно кога се вознемирени, депресивни, осамени или под голем стрес; тоа станува како „средство за смирување“ за да ги прикрие нивните проблеми.

Што вели Библијата?

Еден млад човек прашал: „Дали мастурбацијата е неопростлив грев?“ Мастурбацијата воопшто не е спомната во Библијата. * Оваа навика била вообичаена во светот на грчкото говорно подрачје во текот на библиските времиња и биле употребени неколку грчки зборови за да ја опишат оваа навика. Но, ниту еден од овие зборови не е употребен во Библијата.

Со оглед на тоа што мастурбацијата не е директно осудена во Библијата, дали тоа значи дека не е штетна? Апсолутно не! Иако не е класифицирана во такви тешки гревови како што е блудот, мастурбацијата сигурно е нечиста навика (Ефесјаните 4:19). Така, начелата од Божјата Реч покажуваат дека „за твоја корист“ е ако силно се спротивставуваш на оваа нечиста навика (Исаија 48:17НС).

Будење „сексуален апетит“

„Затоа, умртвете ги вашите телесни органи“, поттикнува Библијата, ‚во врска со . . . сексуалниот апетит‘ (Колосјаните 3:5НС). „Сексуален апетит“ укажува, не на нормални сексуални чувства, туку на страст што е вон контрола. Така, еден таков „сексуален апетит“ може да води до тоа некој да се препушти на непристојни постапки, какви што опишал Павле во Римјаните 1:26, 27.

Но, зарем мастурбацијата не ги „умртвува“ овие желби? Не, туку напротив, како што признал еден млад човек, „кога мастурбираш, умствено се задржуваш на погрешни желби, и сето тоа го зголемува твојот апетит за нив“. Честопати, за да се зголеми сексуалната наслада, се употребува неморална фантазија (Матеј 5:27, 28). Затоа, ако му се дадат прави околности, некој би можел лесно да западне во неморал. Ова му се случило на еден млад човек, кој признава: „Некое време мислев дека мастурбацијата би можела да ја ублажи фрустрацијата, без да се вплеткам со жена. Меѓутоа, развив незапирлива желба да го правам тоа“. Тој извршил блуд. Не е за изненадување тоа што една општо народна студија открила дека поголемиот дел од адолесцентите кои мастурбирале, вршеле и блуд. Тие бројно ги надминале оние кои биле невини — за 50 проценти!

Ментално и емоционално валкање

Исто така, мастурбацијата всадува некои ставови кои се душевно расипувачки. (Спореди 2. Коринтјаните 11:3.) Кога мастурбира, лицето е потонато во своите сопствени телесни чувства — тотално сконцентрирано на себе. Сексот станува одвоен од љубовта и е претворен во еден рефлекс што ја ублажува тензијата. Но, Бог имал намера сексуалните желби да бидат задоволени во склоп на сексуалните односи — израз на љубов помеѓу еден маж и неговата сопруга (Изреки 5:15—19).

Оној кој практикува мастурбација можеби има и склоности да гледа на спротивниот пол како на чисто сексуален објект — алатка за сексуално задоволство. На тој начин, погрешните ставови што се учат со мастурбацијата валкаат нечиј „дух“, т. е. доминантната умствена склоност. Во некои случаи, проблемите кои ги предизвикува мастурбацијата не попуштаат дури и после бракот! Со добра причина, Божјата Реч поттикнува: „Возљубени . . . да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот“ (2. Коринтјаните 7:1).

Урамнотежен став кон вината

Многу млади, иако главно се успешни во совладувањето на оваа лоша навика, повремено ѝ попуштаат. За среќа, Бог е многу милосрден. „Зашто ти, о Јехова, си добар и спремен да простиш“, рекол псалмистот (Псалм 86:5НС). Кога некој христијанин подлегнува на мастурбација, честопати неговото срце самото го осудува. Сепак, Библијата наведува дека „Он [Бог] е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:20). Бог гледа повеќе отколку само нашите гревови. Величината на неговото спознание му овозможува со сочувство да ги слушне нашите искрени молби за простување. Една млада жена напишала: „Се чувствував виновна до извесен степен, но сознанието дека Јехова е Бог полн со љубов, дека тој може да го чита моето срце и дека ги знае сите мои напори и намери, ме чува да не се чувствувам премногу депримирано кога некогаш ќе попуштам“. Ако се бориш против желбата да мастурбираш, веројатно нема да извршиш сериозен грев — блуд.

Изданието на Стражарска кула од 1 септември 1959 (англ.), навело: „Ние [можеби] увидуваме дека многупати се спрепнуваме и паѓаме поради некоја лоша навика што била вкоренета во нашиот поранешен начин на живот многу подлабоко отколку што сме си претставувале . . . Не очајувај. Немој да заклучиш дека си извршил неопростлив грев. Токму тоа е начинот на кој Сатана сака да расудуваш. Фактот што се чувствуваш жалосен и вознемирен е доказ дека ти не си отишол предалеку. Никогаш не се заморувај понизно и искрено да му се обраќаш на Бог, барајќи го неговото простување, исчистување и помош. Оди кај него како што едно дете оди кај својот татко кога е во неволја, без разлика на тоа колку често за истата слабост — Јехова милостиво ќе ти даде помош поради неговата незаслужена љубезност и, ако си искрен, тој ќе ти даде да сфатиш дека имаш исчистена совест“.

Како може да се постигне таа „исчистена совест“?

[Фуснота]

^ пас. 20 Бог го погубил Онан заради ‚истурање на семето наземи‘. Но, тука се работи за прекинат полов однос, а не за мастурбација. Понатаму, Онан бил погубен поради тоа што себично пропуштил да склопи деверски брак за да ја продолжи семејната лоза на неговиот починат брат (1. Мојсеева 38:1—10). А што е со ‚излевањето семе‘ спомнато во 3. Мојсеева 15:16—18? Ова очигледно укажува, не на мастурбација, туку на ноќно излевање, како и на брачни сексуални односи.

Прашања за дискусија

□ Што е мастурбација, и кои се некои популарни погрешни претстави за неа?

□ Зошто младите честопати чувствуваат многу силна сексуална желба? Мислиш ли дека тоа е погрешно?

□ Кои работи можат да ја полнат со гориво желбата да се мастурбира?

□ Дали мастурбацијата му нанесува некаква штета на младиот човек?

□ Што мислиш, колку сериозен грев е мастурбацијата? Како гледа Јехова на некој млад човек кој се бори против неа, иако можеби има проблеми да ја надвладее?

[Истакната мисла на страница 200]

Некои чувствуваат порив да мастурбираат кога се под притисок или кога се напнати, кога се осамени или депримирани

[Истакната мисла на страница 202]

‚Коренот на целиот мој проблем со мастурбацијата се сведуваше на она што го ставав во мојот ум‘

[Истакната мисла на страница 204]

„Кога попуштив на [мастурбацијата], се чувствував како да го разочарав Јехова“

[Слика на страница 198]

Иако мастурбацијата може да предизвика силни чувства на вина, искрената молитва за Божје простување и напорната работа да се спротивстави на оваа практика, може да даде некому чиста совест

[Слика на страница 203]

Еротските филмови, книгите и ТВ претставите често се ‚ментално гориво‘ за мастурбација