Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Чесноста — дали е тоа навистина најдобар начин?

Чесноста — дали е тоа навистина најдобар начин?

Поглавје 27

Чесноста — дали е тоа навистина најдобар начин?

ДАЛИ некогаш си бил искушан да излажеш? Доналд ѝ кажал на мајка му дека ја исчистил својата соба кога тој, всушност, нафрлал сѐ под креветот. Ричард направил еднаков глупав обид за да им ги замачка очите на родителите. Тој им рекол дека единицата што ја добил не била поради тоа што не учел, туку затоа што ‚не се сложувал со својот наставник‘.

Родителите и другите возрасни обично ги читаат таквите провидни трикови. Сепак, тоа не ги спречува многуте млади барем да се обидат да излажат, да ја заобиколат вистината или, пак, целосно да измамат кога тоа им изгледа корисно. Како прво, кога има тешки ситуации, родителите не реагираат секогаш рамнодушно. И, кога ќе си дојдеш дома два часа подоцна отколку што било очекувано, можеби изгледа искушувачки да речеш дека на автопатот имало голема сообраќајна несреќа наместо на родителите да им ја кажеш непријатната вистина — дека ти едноставно си заборавил на времето.

Можеби друг предизвик за чесноста претставува училиштето. Честопати, учениците се чувствуваат пренатрупани со домашни задачи. Често постои безмилосна конкуренција. Па, во Соединетите Држави, анкетите покажуваат дека повеќе од половина од сите ученици мамат или, пак, имаат измамено. Но, иако лагата можеби изгледа привлечна а мамењето лесен излез, дали навистина се исплати да се биде нечесен?

Лажењето — зошто не се исплати

Во моментот би можело да изгледа корисно да се излаже за да се избегне казна. Но, Библијата предупредува: „Кој говори лага, нема да се спаси“ (Изреки 19:5). Голема е веројатноста дека лагата ќе биде разоткриена и казната — сепак изречена. Тогаш твоите родители ќе бидат лути не само поради твојот првобитен престап туку и поради тоа што си ги лажел!

А што е со мамењето на училиште? Еден директор за универзитетски судски програми, вели: „Секој студент кој извршува акт на академска нечесност, ќе си навлече сериозен ризик да си наштети на идните можности за образование и за вработување“.

Точно, многумина изгледа дека се извлекуваат. Со мамење веројатно ќе добиеш преодна оценка, но какви се долгорочните ефекти? Без сомнение, ти се согласуваш дека би било глупаво да се преправаш дека знаеш да пливаш на часот по пливање. Најпосле, кој сака да биде на суво кога сите други се забавуваат во водата! А ако би те турнале во базен, твоите навики на мамење би можеле да предизвикаат да се удавиш!

Но, што е со мамењето по математика или по читање? Точно е дека резултатите можеби нема да бидат толку драматични — на почетокот. Меѓутоа, ако не си ги развил основните теоретски вештини, можеби ќе увидиш дека „тонеш“ на пазарот на трудот! А една диплома добиена со мамење нема долго да те одржи во живот. Библијата вели: „Богатство добиено со лажлив јазик е суета која брзо одминува“ (Изреки 21:6). Сите предности кои може да ги донесе лагата се краткотрајни како пареата. Колку само би ти било подобро да се фатиш за работа и да учиш, наместо да лажеш и со мамење да се провлекуваш во училиштето! „Мислите на трудољубивите се стремат кон изобилие“, вели стихот од Изреки 21:5.

Лажењето и твојата совест

Една млада девојка по име Мишел, лажејќи го обвинила својот брат дека скршил еден драгоцен ситен предмет, иако подоцна таа се чувствувала наведена да им ја признае на родителите својата лага. „Поголемиот дел од времето навистина се чувствував лошо“, објаснува Мишел. „Моите родители имаа доверба во мене, а јас ги изневерив.“ Ова добро илустрира дека Бог му го дал на човештвото дарот на совеста (Римјаните 2:14, 15). Совеста ја измачувала Мишел со чувства на вина.

Се разбира, едно лице би можело да избере да ја игнорира својата совест. Но, колку повеќе практикува да лаже толку повеќе станува неосетливо на погрешното — ‚има жигосана совест‘ (1. Тимотеј 4:2). Дали навистина сакаш да имаш отапена совест?

Божјето гледиште за лажењето

„Јазик лажлив“ — била и сѐ уште е една од работите кои „Господ ги мрази“ (Изреки 6:16, 17). Најпосле, самиот Сатана Ѓаволот е „татко на лагата“ (Јован 8:44). А Библијата не прави разлика помеѓу лаги и т. н. добронамерни лаги. „Ниедна лага не доаѓа од вистината“ (1. Јованово 2:21).

Затоа, чесноста мора да биде начин на постапување на секој кој сака да биде Божји пријател. Псалм 14 прашува: „Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се настани во Твојата Света Гора?“ (стих 1). Ајде да го разгледаме одговорот кој е даден во следните четири стихови:

„Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина“ (стих 2). Дали ова звучи како некој кој краде по дуќани или мами? Дали некој кој ги лаже своите родители или претендира да биде нешто што не е? Тешко! Затоа, ако сакаш да бидеш Божји пријател, треба да бидеш чесен не само во твоите постапки туку и во твоето срце.

„Кој не клевети со јазикот свој, не прави зло на ближниот свој и не го навредува ближниот свој“ (стих 3). Дали некогаш си дозволил на самиот себе да одиш заедно со група млади кои давале нељубезни, зајадливи коментари за некој друг? Развивај силна волја да одбиваш да учествуваш во таков говор!

„Во неговите очи сигурно е отфрлен секој што заслужува презир, но ги почитува оние кои се плашат од Јехова. Се заколнал на она што е лошо [за него], а сепак не се менува“ (стих 4НС). Отфрли ги како пријатели сите млади кои лажат, мамат или се фалат со неморални подвизи; тие ќе очекуваат да ги правиш истите работи. Како што забележал еден млад човек по име Боби, „ако некој пријател лаже а со него лажеш и ти, ќе западнеш во неволја. Тој не е пријател кому можеш да му веруваш“. Најди пријатели кои ги почитуваат мерилата за чесност. (Спореди Псалм 26:4НС.)

Дали забележа дека Јехова ги цени, т. е. „ги почитува“ оние кои се држат за својот збор? Можеби си ветил дека оваа сабота ќе помагаш околу куќата, но сега си поканет на некој натпревар, баш тоа попладне. Дали кон својот збор ќе се однесуваш несериозно и ќе одиш со твоите пријатели, оставајќи тие работи да ги вршат родителите или, пак, ќе се држиш за својот збор?

„Кој не го дава среброто свое со лихва и не прима поткуп против невин. Кој така постапува нема никогаш да се поколеба“ (стих 5). Зарем не е точно дека лакомоста е најголемата причина за мамењето и нечесноста? Учениците кои на тестовите мамат, лакоми се за оценки за кои тие не учеле. Луѓето кои земаат мито, повеќе ги вреднуваат парите отколку правдата.

Точно е дека некои укажуваат на политичките и деловните водачи кои ги извртуваат правилата на чесноста за да биде по нивна волја. Но, колку е сигурен успехот на таквите лица? Псалм 36:2 одговара: „Тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат“. Ако не се фатени и посрамени од другите, на крај ќе се соочат со судот на Јехова Бог. Но, Божјите пријатели ‚никогаш нема да се поколебаат‘. Нивната вечна иднина е засигурана.

Развивање „добра совест“

Тогаш, зарем не постои силна причина да се избегнува секој вид лажење? За себе и за своите придружници, апостол Павле рекол: „Сме уверени дека имаме добра совест“ (Евреите 13:18). Дали на сличен начин твојата совест е осетлива на невистината? Ако не, обучувај ја преку проучување на Библијата и литературата темелена на Библијата, како што се Стражарска кула и Разбудете се!

Младиот Боби го направил тоа — со добри резултати. Тој научил да не ги прикрива проблемите со пајажина од лаги. Неговата совест го боцка за да им пристапи на родителите и чесно да разговара за работите. Понекогаш, тоа имало за последица да добие укор. И покрај тоа, тој признава дека, затоа што бил чесен, ‚однатре се чувствува подобро‘.

Не е секогаш лесно да се зборува вистината. Но, оној кој ќе одлучи да ја кажува вистината ќе задржи добра совест, добар однос со своите вистински пријатели и, што е најдобро, предност да биде „гостин“ во живеалиштето на Бог! Затоа, чесноста не само што е најдобар начин, таа е исправниот начин за сите христијани.

Прашања за дискусија

□ Кои се некои ситуации во кои би можело да изгледа искушувачки да се излаже?

□ Зошто не се исплати да се лаже или да се мами? Можеш ли да го илустрираш ова од лично забележување или искуство?

□ Како лажливецот си ја повредува својата совест?

□ Прочитај го Псалм 14. Како стиховите се применуваат на прашањето за чесноста?

□ Како може еден млад човек да развие чесна совест?

[Истакната мисла на страница 212]

‚Секој студент кој извршува акт на академска нечесност, ќе си навлече сериозен ризик да си наштети на идните можности‘

[Истакната мисла на страница 216]

Библијата не прави разлика помеѓу лаги и т. н. добронамерни лаги

[Слика на страница 214]

Родителите обично ќе ги прочитаат неубедливите обиди да се оправда непослушноста