Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е со предбрачниот секс?

Што е со предбрачниот секс?

Поглавје 23

Што е со предбрачниот секс?

‚АКО се сакате еден со друг, дали е тоа во ред? Или, би требало да чекате сѐ додека не се венчате?‘ ‚Јас сум сѐ уште девица. Дали со мене нешто не е во ред?‘ Меѓу младите изобилуваат вакви прашања.

Меѓутоа, „онаа млада личност која немала сексуален однос додека сѐ уште била тинејџер е исклучок“, заклучил Институтот Ален Гутмахер во својот извештај од 1981. „Осум од 10 мажи и седум од 10 жени известиле дека имале сексуален однос во своите тинејџерски години.“

‚А зошто да не?‘ можеби прашуваш. Најпосле, сосема е природно да сакаш да се чувствуваш љубен. А кога си млад, твоите страсти можат да бидат силни до степен на избезуменост. Уште повеќе, тука е влијанието и од твоите врсници. Тие можеби ти велат дека предбрачниот секс е забавен и дека, кога некој вистински ти се допаѓа, сосема е природно да сакаш да бидеш интимен. Некои можеби дури велат дека ако имаш сексуални односи, тоа ја докажува твојата мажественост или женственост. Можеби затоа што не сакаш да те гледаат како некој чудак, се чувствуваш под притисок да се впуштиш во сексуални односи.

Спротивно на популарното мислење, сите млади не се откажуваат брзо од својата невиност. Разгледај го примерот на една млада самица по име Естер. Кога отишла на медицински преглед, нејзиниот лекар ладнокрвно ја запрашал: „Каква метода на контрацепција користите?“ Кога Естер одговорила: „Не користам никаква“, нејзиниот лекар извикал: „Што?! Сакате ли да забремените?! Како очекувате да не забремените ако не користите ништо?“ Естер одговорила: „Поради тоа што јас немам сексуални односи!“

Нејзиниот лекар зјапнал во неа со неверување. „Ова е неверојатно“, рекол тој. „Тука доаѓаат деца на 13-годишна возраст и тие не се повеќе девици. Вие сте извонредна личност.“

Што ја направило Естер „извонредна“? Таа ја слушала библиската опомена: „Телото, пак, не е за блудство [вклучувајќи предбрачен секс] . . . Бегајте од блудството!“ (1. Коринтјаните 6:13, 18). Да, таа сфатила дека предбрачниот секс е сериозен грев против Бог! „Ова е волјата Божја“, наведува стихот од 1. Солунјаните 4:3, „да се воздржувате од блудство.“ Но, зошто Библијата забранува предбрачен секс?

Последици

Дури и во библиски времиња, некои се впуштиле во предбрачен секс. Една неморална жена можела да повика некој млад човек да се препушти на тоа, велејќи: „Дојди, ќе се насладуваме на љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување“ (Изреки 7:18). Но, Библијата предупредила дека задоволствата во кои денес се ужива, утре можат да предизвикаат болка. „Зашто мед тече од устата на блудница, и нејзиниот збор е помек од елејот“, забележал Соломон. „Но“, продолжил тој, „последиците од неа се горчливи како пелин, остри како меч со две сечива“ (Изреки 5:3, 4).

Една можна последица е добивањето сексуално преносливо заболување. Замисли си ја раната доколку со години подоцна некој дознае дека некое сексуално искуство предизвикало неповратна штета, можеби неплодност или сериозен здравствен проблем! Токму така, стихот од Изреки 5:11 предупредува: „Да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени“. Предбрачниот секс води и до вонбрачност (види страници 184, 185), абортус и предвремен брак — секое со своите болни последици. Да, некој кој се впушта во предбрачен секс навистина „греши против своето сопствено тело“ (1. Коринтјаните 6:18).

Признавајќи ги таквите опасности, д-р Ричард Ли во Yale Journal of Biology and Medicine напишал: „Ние им се фалиме на младите луѓе во врска со нашите големи пробиви во спречувањето на бременоста и лечењето на венеричните болести, занемарувајќи ја најдоверливата и посебната, најмалку скапата и најмалку токсичната превентива како за бременоста така и за венеричното страдање, имено древната, чесната и дури здравата состојба — невиност“.

Вина и разочарување

Понатаму, многу млади увиделе дека предбрачниот секс е горко разочарувачки. Резултатот? Чувства на вина и намалено самопочитување. Дваесет и три годишниот Денис признал: „Тоа беше големо разочарување — го немаше чувството на добро или топлината на љубовта како што требаше да биде. Напротив, сознанието за тоа колку беше погрешна таа постапка, ме погоди. Се чувствував потполно засрамен поради тоа што ми недостасуваше самоконтрола“. Една млада жена признала: „Се вратив во реалноста со одвратен удар . . . Забавата помина, а јас се чувствував одвратно, ефтино и валкано. Не се чувствував подобро ниту кога тој ми рече: ‚Зошто воопшто не нѐ запре пред работите да отидат предалеку?‘ “

Според д-р Џеј Сегал, таквите реакции не се ретки. Откако ги проучувал сексуалните активности на 2.436 студенти на колеџ, тој заклучил: „Незадоволителните и разочарувачките први искуства [од сексуален однос], ги надминуваат оние кои биле исполнувачки и возбудливи, во сооднос речиси два спрема еден. И машки и женски се сеќаваат дека биле многу разочарани“. Се разбира, дури и оженети двојки можеби понекогаш имаат свои тешкотии кога се работи за сексот. Но, во бракот, каде што постои вистинска љубов и приврзаност, таквите проблеми обично можат да се решат.

Цената на промискуитетот

Некои млади не чувствуваат никаква вина поради тоа што имаат односи и така со сите сили одат по сладострасно задоволство, барајќи сексуални односи со различни партнери. Истражувачот Роберт Соренсен, во својата студија за тинејџерската сексуалност, забележал дека таквите млади плаќаат цена за својот промискуитет. Соренсен пишува: „Во нашите лични интервјуа, многу [промискуитетни млади] откриваат . . . дека мислат оти немаат баш некаква смисла и самозадоволство“. Четириесет и шест проценти од нив се сложиле со изјавата: „Со начинот на кој живеам токму сега, повеќето мои способности пропаѓаат“. Понатаму, Соренсен увидел дека овие промискуитетни млади изјавиле дека имаат ниска „самодоверба и самопочитување“.

Тоа е токму онака како што стихот од Изреки 5:9 (НС) вели: Оние кои се впуштаат во неморал ‚им го даваат на [другите] своето достоинство‘.

Следното утро

Откако двајца млади имале недозволени односи, тие често меѓусебно се гледаат поинаку. Едно момче можеби ќе увиди дека неговите чувства спрема девојката не се толку интензивни како пред тоа; дури тој можеби ќе увиди дека таа не е ни толку привлечна. Од друга страна, пак, една девојка може да се чувствува искористена. Сети се на библискиот извештај за младиот човек Амнон и за тоа колку копнеел од љубов по девицата Тамара. Сепак, после полниот однос со неа, ‚Амнон ја намразил многу‘ (2. Царства 13:15).

Една девојка по име Марија имала слично искуство. Откако имала сексуални односи, признала: „Се мразев себеси (поради мојата слабост) и го мразев мојот дечко. Всушност, сексуалните односи за кои мислевме дека ќе нѐ зближат, ја окончаа нашата врска. Повеќе не сакав дури ни да го видам“. Да, ако има предбрачен секс, двојката може да ја помине линијата од која никогаш повеќе не ќе може да се врати!

Пол Х. Лендис, почитуван истражувач на полето на семејниот живот, забележува: „Привремениот ефект [од предбрачниот секс] можеби ја зајакнува врската, но долготрајните ефекти може да бидат сосема поинакви“. Всушност, двојките кои имаат сексуални односи поверојатно ќе се разделат отколку оние кои се воздржуваат од нив! Причината? Недозволениот секс раѓа љубомора и недоверба. Еден млад човек признал: „Некои луѓе, кога имаат сексуални односи, после тоа размислуваат: ‚Ако таа имала со мене, можеби имала и со некој друг‘. Всушност, јас се чувствував така . . . Јас бев крајно љубоморен, несигурен и сомничав“.

Колку е тоа далеку од вистинската љубов, која „не е љубоморна . . . не се однесува непристојно, не гледа на своите сопствени интереси“ (1. Коринтјаните 13:4, 5НС). Љубовта која изградува трајни врски не се темели на слепа страст.

Користи од невиноста — мир и самопочитување

Меѓутоа, кога се останува невин, тоа придонесува повеќе отколку само да му помогне на еден млад човек да избегне ужасни последици. Библијата зборува за една млада девојка која останала невина и покрај силната љубов кон нејзиниот дечко. Како резултат на тоа, можела гордо да каже: „Јас сум карпа и имам гради како кули“. Таа не била ‚врата што се нишала‘, која лесно ‚се отворала‘ под притисок за неморал. Во морален поглед, таа стоела како неосвоив ѕид на тврдина со непристапни кули! Таа заслужила да биде наречена „чиста“ и во врска со нејзиниот иден сопруг би можела да каже: „Затоа во очите негови станав како онаа што наоѓа мир“. Нејзиниот личен душевен мир придонел за задоволство помеѓу нив двајцата (Песна над песните 6:9, 10; 8:9, 10).

Естер, невината девојка спомената претходно, го имала истиот внатрешен мир и самопочитување. Таа рекла: „Задоволна сум со себеси. Дури и кога колегите ме исмејуваат, јас гледам на мојата девственост како на дијамант, кој е скапоцен поради тоа што е толку редок“. Освен тоа, младите како Естер не се тормозени од немирна совест. „Нема ништо поубаво отколку да се има добра совест пред Јехова Бог“, навел Стефан, еден 19-годишен христијанин.

‚Но, како можат двајца млади добро да се запознаат ако немаат сексуални односи?‘ се прашуваат некои млади.

Да се изградува трајна блискост

Сексот самиот по себе не може да скове траен однос; ниту, пак, го можат тоа изразите на наклоност, како што е бакнувањето. Една млада жена по име Ен, предупредува: „Од искуство научив дека понекогаш можеш пребрзо да станеш физички премногу близок“. Кога некоја двојка го поминува своето време искажувајќи обилна наклоност еден кон друг, престанува смисловната комуникација. Можеби на тој начин тие ги прикриваат сериозните разлики што можат да испливаат после венчавката. Подоцна, кога Ен почнала да се состанува со друг човек — оној за кого на крај се омажила — таа внимавала да не стане физички премногу блиска. Ен објаснува: „Нашето време го поминувавме решавајќи проблеми и дискутирајќи за нашите цели во животот. Спознав со каков тип на личност ќе се мажам. После венчавката, имаше само пријатни изненадувања“.

Дали на Ен и на нејзиниот дечко им било тешко да покажат таква самоконтрола? „Да, беше тешко!“ признала Ен. „Јас сум по природа баш срдечна личност. Но, ние разговаравме за опасностите и си помагавме еден на друг. И двајцата многу сакавме да му угодиме на Бог и да не го расипеме нашиот претстоен брак.“

Но, зарем нема да им помогне на новиот сопруг или сопруга ако имаат претходно сексуално искуство? Не, туку спротивното, тоа често ја намалува брачната интимност! Во предбрачните односи, акцентот е ставен на самозадоволството, на физичките аспекти од сексот. Со неконтролираната страст се поткопува взаемното почитување. Ако еднаш се формираат такви себични шеми, тие тешко се кршат и можат конечно да ја опустошат врската.

Меѓутоа, една здрава интимна врска во бракот бара воздржување, самоконтрола. Средиштето мора да биде на давањето, ‚на извршувањето сексуална должност кон некого‘, наместо на добивањето (1. Коринтјаните 7:3, 4НС). Ако останеш невин, тоа ти помага да развиеш таква самоконтрола. Тоа те учи да ја ставаш несебичната грижа за добробитта на другите пред сопствените желби. Исто така, запомни дека брачното задоволство не се должи само на физичките фактори. Социологот Симор Фишер вели дека сексуалната реакција на жената зависи и од тоа дали има „чувства на интимност, блискост и доверба“ и од „способноста“ на нејзиниот сопруг „да се соживее со својата сопруга и . . . од тоа колку доверба има таа во него“.

Интересно е тоа што во една студија на 177 омажени жени, три четвртини од оние кои биле впуштени во предбрачен секс изјавиле дека имале сексуални тешкотии во текот на првите две седмици од бракот. Освен тоа, сите кои изјавиле дека имаат долготрајни тешкотии, всушност, „имале минато со предбрачен сексуален однос“. Истражувањето понатаму покажало дека кај оние кои се впуштале во предбрачен секс, веројатноста да извршат прељуба после венчавката е двапати поголема! Колку само се точни библиските зборови: ,Блудот . . . го одзема добриот мотив‘ (Осија 4:11НС).

Затоа, ‚ќе го пожнееш тоа што си го посеал‘ (Галатјаните 6:7, 8). Сеј страст и жнеј жетва богата со сомненија и несигурности. Но, ако сееш самоконтрола, ќе жнееш жетва на верност и сигурност. Естер, спомната претходно, сега е среќно омажена веќе неколку години. Нејзиниот сопруг вели: „Неопислива радост е кога си доаѓам дома кај мојата сопруга и што знам дека си припаѓаме само еден на друг. Ништо не може да го замени тоа чувство на доверба“.

Оние кои чекаат до венчавката уживаат и душевен мир, знаејќи дека му угодуваат на Бог. Сепак, да се остане невин во овие денови не е баш лесно. Што може да ти помогне да постапиш така?

Прашања за дискусија

□ Колку е раширен предбрачниот секс помеѓу младите кои ги познаваш? Дали тоа ти создава тебе некакви проблеми или притисоци?

□ Кои се некои од негативните последици од предбрачниот секс? Дали знаеш некои млади кои страдале на вакви начини?

□ Дали контролата на раѓање е одговор за проблемот на тинејџерската бременост?

□ Зошто некои чувствуваат вина и разочарување после впуштањето во недозволен секс?

□ Дали мислиш дека сексуалните односи ќе им помогнат на двајца невенчани повеќе да се зближат еден со друг? Зошто одговараш така?

□ Како можат двајца млади да се запознаат еден со друг додека се состануваат?

□ Што мислиш, кои се користите од тоа да се остане невин пред бракот?

[Истакната мисла на страница 182]

„Онаа млада личност која немала сексуален однос додека била тинејџер е исклучок“ (Институтот Ален Гутмахер).

[Истакната мисла на страница 187]

„Тоа беше големо разочарување — го немаше чувството на добро или топлината на љубовта како што требаше да биде“

[Истакната мисла на страница 190]

Ако имаат предбрачен секс, двајца млади ја преминуваат линијата од која никогаш не ќе можат да се вратат!

[Рамка/слика на страници 184 и 185]

‚Мене тоа не може да ми се случи!‘ — Проблемот со тинејџерска бременост

„Повеќе од секоја 10-та тинејџерка забременува секоја година, а соодносот се зголемува. Ако обрасците не се изменат, четири од секои 10 млади жени ќе забременат најмалку еднаш додека сѐ уште се во своите тинејџерски години.“ Така известува Teenage Pregnancy: The Problem That Hasn’t Gone Away. А каков вид девојки забременуваат? Дневникот Adolescence рекол: „Девојките кои забременуваат на училишна возраст, доаѓаат од сите социоекономски сталежи . . . Од сите раси, од сите вери и од сите делови на Земјата, селски и градски“.

Всушност, малку девојки сакаат да забременат. Во својата значајна студија на преку 400 бремени тинејџерки, Френк Фурстенберг Помладиот забележал дека „честопати во интервјуата повеќето се изјаснувале: ‚Никогаш не помислував дека тоа мене ќе ми се случи‘ “.

Но, забележувајќи дека некои нивни пријателки имале сексуални односи без да забременат, некои девојки сметале дека и тие би можеле да го прават тоа. Фурстенберг исто така наведува: „Извесен број спомнаа како тие мислеле дека не е возможно да забременат ‚веднаш‘. Други, пак, мислеле дека ако имаат сексуални односи само ‚одвреме навреме‘, нема да забременат . . . Колку подолго не забременувале толку повеќе преземале поголеми ризици“.

Меѓутоа, вистина е дека, кога и да се впушти некој во сексуални односи, постои ризик од забременување. (Во една група од 544 девојки, ‚скоро една петтина забремениле во рок од шест месеци откако почнале да имаат сексуални односи‘.) Многу, слично како неомажената мајка по име Робин, намерно избираат да не користат методи на контрацепција. Робин се плашела — како и многу млади — дека користењето таблети за контрацепција би го оштетило нејзиното здравје. Понатаму, таа признава: „Ако си набавев средства за контрацепција, ќе морав да си признаам дека она што го правев е погрешно. Не можев да го сторам тоа. Затоа само ќе го исклучев мојот ум пред она што го правев надевајќи се дека ништо нема да се случи“.

Таквото расудување е вообичаено помеѓу неомажените мајки. Во Фурстенберговата студија, „скоро половина од тинејџерите навеле дека многу е важно за една жена да чека до бракот за да почне со сексуални односи . . . Непобитно, имало јасно разидување помеѓу зборовите и постапките . . . Тие добиле една збирка мерила, а научиле да живеат според друга“. Овој емоционален конфликт „особено им отежнал на овие жени реалистично да излезат накрај со последиците од нивното сексуално однесување“.

Дури и користењето методи на контрацепција не е гаранција дека една девојка ќе избегне вонбрачно мајчинство. Книгата Kids Having Kids нѐ потсетува: „Ниедна метода не е толку сигурна . . . Дури и кога неомажените тинејџерки постојано би користеле методи на контрацепција . . . сепак, 500.000 [во САД] би забременувале секоја година“. Една 16-годишна неомажена мајка по име Пет, цитирана е како после тоа се жали: „Редовно земав [таблети за контрацепција]. Навистина, не изоставав ниту еден ден“.

„Не лажете се“, предупредува Библијата. „Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7). Бременоста е само еден од начините на кој човек може да жнее непријатна жетва од блудот. За среќа, неомажените мајки, како и сите други кои биле намамени во неморалот, можат да се преобратат и да дојдат кај Бог со покајничкиот став на цар Давид, кој се молел: „Темелно измиј ме од моето беззаконие и исчисти ме дури и од мојот грев“ (Псалм 51:2НС). Бог ќе ги благослови напорите на таквите покајници да ги одгледаат своите деца „во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4НС).

Сепак, подобро е да се избегнува предбрачниот секс! Немој да бидеш измамен од оние кои ти велат дека можеш да се извлечеш.

[Слика на страница 183]

После неморалниот секс, младиот човек често се чувствува искористен или дури и понижен

[Слика на страница 186]

Сексуално преносливите болести често произлегуваат од предбрачен

секс

[Слика на страница 188]

Претераните изрази на наклоност можат да ја изложат двојката на морални опасности и да ја намалат смисловната комуникација

[Слика на страница 189]

Брачната среќа зависи од нешто повеќе отколку од физичкиот однос на двојката