Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да не можам одвреме навреме да се забавувам?

Зошто да не можам одвреме навреме да се забавувам?

Поглавје 37

Зошто да не можам одвреме навреме да се забавувам?

ВО ПЕТОК навечер Паулин * имала обичај да оди на христијанските состаноци. Уживала во дискусиите, но понекогаш била огорчена на фактот што таа била таму, а нејзините пријатели од училиште биле излезени и се забавувале.

Кога состанокот ќе завршел, на патот кон дома, Паулин поминувала покрај локалното собиралиште на тинејџерите. Таа се сеќава: „Привлечена од гласната музика и блескавите светла, ќе го залепев носот на прозорецот кога ќе поминувавме и копнежливо си замислував како тие си уживаат“. Со текот на времето, нејзината желба да ужива со пријателите ѝ станала најважна работа во животот.

Слично на Паулин, можеби и ти понекогаш мислиш дека поради тоа што си христијанин, нешто пропушташ. Сакаш да ја гледаш ТВ емисијата за која зборуваат сите останати, но твоите родители велат дека во неа има премногу насилство. Сакаш да одиш на шеталиштето и да бидеш со децата од училиште, но твоите родители ги нарекуваат нив ‚лошо друштво‘ (1. Коринтјаните 15:33НС). Сакаш да одиш на забавата на која ќе присуствуваат сите твои школски другари, но мајка ти и татко ти велат „не“.

Изгледа дека твоите школски другари доаѓаат и одат каде и кога сакаат, присуствуваат на концерти и на забави сѐ до разденување, без мешање на родителите. Можеби затоа им завидуваш на нивната слобода. И тоа не значи дека ти сакаш да правиш нешто лошо. Само сакаш одвреме навреме да се забавуваш.

Рекреација — Божјето гледиште

Биди уверен дека нема ништо погрешно во тоа што сакаш да се забавуваш. Најпосле, Јехова е ‚среќниот Бог‘ (1. Тимотеј 1:11НС). А преку мудриот човек Соломон, Тој вели: „Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече“. Но потоа Соломон предупредил: „Само знај, дека за сето тоа [што и да правиш, Today’s English Version] Бог ќе те изведе на суд“ (Проповедник 11:9, 10).

Сознанието дека Бог те смета одговорен за твоите постапки ја става рекреацијата во сосема поинаква светлина. Иако Бог не осудува некого затоа што се забавува, сепак тој не го одобрува оној кој е ‚љубител на задоволства‘, лице кое живее само за следната забава (2. Тимотеј 3:1, 4НС). Зошто е тоа така? Размисли за цар Соломон. Користејќи ги своите огромни извори, тој го вкусил секое задоволство што човек може да го замисли. Тој вели: „Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забранував на срцето свое никаква веселба“. Исходот? „И ете — сѐ беше суета и мака за духот [трчање по ветар, НС]“ (Проповедник 2:10, 11). Да, Бог знае дека на крајот, животот кој се врти околу задоволствата само те остава празен и разочаран.

Исто така, Бог бара да останеш подалеку од загадувачките постапки како што се злоупотреба на дрога и предбрачен секс (2. Коринтјаните 7:1). Сепак, многу од работите што тинејџерите ги прават од забава можат да водат до тоа некој да биде намамен во овие постапки. На пример, една млада девојка решила со нејзините школски другари да присуствува на еден собир кој не бил надгледуван. „Музиката на стереото беше страшна, супер се играше, имаше пријатна закуска и многу смеа“, се сеќава таа. Но, тогаш „некој донесе ‚пот‘. Потоа дојде пијачката. Тогаш сѐ тргна наопаку“. Последицата од тоа била сексуален неморал. Девојката признала: „Оттогаш се чувствувам несреќна и депримирана“. Колку само лесно може таквите собири да се претворат во „диви забави“, т. е. лумпувања, кога нема надзор од страна на некој возрасен! (Галатјаните 5:21, Byington).

Не е ни чудо што твоите родители можеби се многу загрижени за тоа како го поминуваш слободното време, можеби те ограничуваат во врска со тоа каде можеш да одиш и со кого можеш да се дружиш. Кој е нивниот мотив? Да ти помогнат да внимаваш на Божјето предупредување: „Отстрани го немирот од твоето срце и избегнувај ја неволјата на твоето тело; зашто младоста и цутот на младоста се суета“ (Проповедник 11:10НС).

Завист спрема оние кои бараат задоволства?

Лесно е да се заборави сето ова и да се позавиди на слободата која навидум ја уживаат младите. Паулин престанала да присуствува на христијанските состаноци и му се придружила на мноштвото кое барало задоволства. „Се најдов себеси како ги практикувам сите погрешни работи за кои бев предупредена“, се сеќава таа. „Излетот во уживања“ на крајот ја довел Паулин до апсење и сместување во поправно училиште за девојки!

Уште одамна, писателот на Псалм 72 имал чувства слични на оние на Паулин. „Им позавидев на беззакониците, гледајќи како мирно живеат грешниците“, признал тој. Почнал дури и да се сомнева во тоа дали вреди да се живее според праведните начела. „Зар залудо го држев срцето свое во праведност и во невиност ги измив рацете свои“, рекол тој. Но потоа, добил длабок увид: Злобните луѓе се на „лизгава почва“ (НС) тетеравејќи се на работ на катастрофа! (Псалм 72:3, 13, 18).

Паулин го научила тоа — на тежок начин. После нејзината „прошетка“ во светот, таа направила драстични промени во својот живот за повторно да ја добие Божјата наклоност. Ти, од друга страна, пак, не мора да доживееш апсење, заразување со сексуално пренослива болест или, пак, да поминуваш низ агониите на одвикнување од дрога за да сфатиш дека цената на ‚забавата‘ може да биде превисока. Постојат многу здрави, изградувачки начини да уживаш, без да се изложиш на такви ризици. Кои се некои од нив?

Здрави забави

Една анкета спроведена меѓу американски младинци открила дека тинејџерите „се радуваат на повремени семејни излети и активности“. Ако се прават работите заедно како семејство, тоа не само што ќе биде забавно туку може и да го зајакне семејното единство.

Тоа значи повеќе отколку само заедничко гледање ТВ. Д⁠-⁠р Ентони Пиетропинто вели: „Проблемот со гледањето ТВ е што, иако тоа може да се прави во друштво со другите, во основа тоа е самотна активност . . . Сепак, разонодите како што се игри во затворен простор, спортовите во дворот, готвачките задоволства, уметничките проекти и читањето наглас сигурно нудат поголеми можности за комуникација, соработка и интелектуално поттикнување отколку пасивната преокупација со телевизорот што ја има современото семејство“. Како што вели Џон, татко на седум деца, ‚дури и чистењето на дворот или бојадисувањето на куќата може да биде забавно кога тоа се работи како семејство‘.

Ако твоето семејство сѐ уште заеднички не правело некои вакви работи, преземи иницијатива и предложи им на твоите родители. Обиди се да измислиш некои интересни и возбудливи идеи за семејни излети или проекти.

Меѓутоа, за да уживаш, не мора секогаш да бидеш со другите. Мери, млада личност која внимава на своето друштво, научила како да се забавува кога е сама. „Свирам пијано и виолина и поминувам некое време вежбајќи на нив“, вели таа. Мелиса, една друга тинејџерка, на сличен начин вели: „Понекогаш времето го поминувам пишувајќи приказни или поезија од мерак“. И ти можеш да научиш продуктивно да го користиш времето ако развиваш вештини како што се читање, столарство или свирење на некој музички инструмент.

Христијански собири

Одвреме навреме, причинува радост ако се соберете заедно со пријателите. А во многу подрачја постојат голем број здрави активности на кои можеш да се радуваш. Куглањето, лизгањето, возењето велосипед, бејзболот и кошарката се популарни активности во Северна Америка. Ти би можел да го прошириш списокот и да се обидеш да посетиш некој музеј или зоолошка градина. И секако, постои можност да се соберете заедно со другите млади христијани и едноставно да слушате музика или да гледате некоја корисна ТВ емисија.

Би можел дури и да ги замолиш родителите да ти помогнат да планираш некој поформален собир. Направи тоа да биде интересно така што ќе подготвиш различни активности, како што се друштвени игри или заедничко пеење. Ако некои од твоите пријатели имаат музички таленти, можеби ќе можеш да ги наговориш да изведат нешто. За приликата придонесува и добрата храна, но таа не треба да биде луксузна или скапа. Понекогаш можат и гостите да донесат различни прехранбени артикли.

Дали во близината има некој парк или надворешно подрачје што ви овозможува активности како што се играње топка или пливање? Зошто да не испланирате пикник? Повторно, за да не биде никој финансиски оптоварен, секое семејство може да донесе храна.

Клучот е во умереноста. За да се ужива во музиката, таа не мора да биде толку гласна што ќе ги пара ушите ниту, пак, играњето треба да биде вулгарно или сладострасно за да биде забавно. На сличен начин, во игрите на отворен простор може да се ужива без суров натпревар. Сепак, еден родител известува: „Некои млади повремено се расправаат речиси до степен на тепачка“. Одржи ги таквите активности радосни со тоа што ќе го следиш библискиот совет да избегнуваш да се ‚натпреварувате еден со друг‘ (Галатјаните 5:26НС).

Кого да поканиш? Библијата вели: „Имајте љубов кон целото братство“ (1. Петрово 2:17НС). Зошто твоите собири да ги ограничиш само на врсниците? Прошири го твоето друштво. (Спореди 2. Коринтјаните 6:13.) Еден родител забележал: „Иако постарите честопати не можат да учествуваат во некои од активностите, тие се радуваат да дојдат и да гледаат што се случува“. Присутноста на возрасните честопати помага да се спречи работите да излетаат од контрола. Но, не е можно да се покани „целото братство“ на некој собир. Освен тоа, помали собири полесно се контролираат.

Исто така, христијанските собири се прилика меѓусебно духовно да се изградуваме. Точно е дека некои млади мислат оти кога се додава духовност на собирањето, тоа го уништува задоволството. „Кога ќе се собереме“, се жалело едно христијанско момче, „тоа е ‚седни, извади ја Библијата и играј библиски игри‘ “. Но, псалмистот рекол: „Блажен е оној човек . . . [кому] му омилел законот на Господа“ (Псалм 1:1, 2). Дискусиите — или дури и игрите — кои се сосредоточуваат на Библијата можат да бидат вистинска радост. Можеби едноставно треба да го изостриш твоето спознание на Писмото за да можеш поцелосно да учествуваш.

Друга идеја е неколкумина да раскажат како станале христијани. Или, пак, додај извесна доза на срдечност и смеа со тоа што ќе повикаш неколкумина да раскажат некои хумористични приказни. Честопати од нив учиме вредни лекции. Дури и некои поглавја од оваа книга можат да бидат основа за интересна групна дискусија при еден собир.

Биди урамнотежен во рекреацијата!

Сигурно дека за Исус Христос не било под негова чест одвреме навреме да се забавува. Библијата кажува дека тој присуствувал на една свадбена веселба во Кана, каде што без сомнение имало обилна храна, музика, играње и изградувачко друштво. Исус дури и придонел за успехот на свадбената веселба со тоа што на чудесен начин обезбедил вино! (Јован 2:3—11).

Но, Исусовиот живот не се состоел од непрестајна забава. Најголемиот дел од своето време тој го потрошил тежнеејќи по духовните интереси, поучувајќи ги луѓето за Божјата волја. Тој рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршувам Неговото дело“ (Јован 4:34). Вршењето на Божјата волја му донело на Исус далеку потрајно задоволство отколку што би му донела некоја минлива разонода. Денес, сѐ уште постои ‚изобилство работа во делото Господово‘ (1. Коринтјаните 15:58НС; Матеј 24:14). Но, кога одвреме навреме ќе почувствуваш потреба за некаква рекреација, уживај во неа на еден урамнотежен, здрав начин. Како што изнел еден писател, „животот не може секогаш да биде преполн со акција и возбудливост — а и кога би бил, веројатно ќе бидеш исцрпен!“

[Фуснота]

^ пас. 3 Не е нејзиното вистинско име.

Прашања за дискусија

□ Зошто некои млади христијани им завидуваат на младите во светот? Дали некогаш си се чувствувал така?

□ Каква опомена им дава Бог на младите во врска со нивното однесување и како тоа треба да влијае на нивниот избор на рекреација?

□ Зошто е неразумно да им завидуваш на младите кои ги прекршуваат Божјите закони и мерила?

□ Кои се некои начини да се радуваш на здрава рекреација 1) со членовите на семејството, 2) самиот и 3) со сохристијаните?

□ Како Исус Христос поставил пример за рамнотежа кога се работи за рекреацијата?

[Истакната мисла на страница 297]

„Привлечена од гласната музика и блескавите светла, ќе го залепев носот на прозорецот кога ќе поминувавме и копнежливо си замислував како тие си уживаат“

[Истакната мисла на страница 302]

„Некој донесе ‚пот‘. Потоа дојде пијачката. Тогаш сѐ тргна наопаку“

[Слика на страница 299]

Дали младите кои ги следат библиските начела навистина пропуштаат да се забавуваат?

[Слики на страница 300]

Започнувањето некое хоби е еден здрав начин на користење на слободното време

[Слики на страница 301]

Христијанските собири се порадосни кога се планираат различни активности и кога се застапени различни старосни групи