Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сум спремен да се состанувам?

Дали сум спремен да се состанувам?

Поглавје 29

Дали сум спремен да се состанувам?

ВО МНОГУ земји на состанувањето се гледа како на средство за романтична забава, весела активност. Така, состанувањето има многу облици. За некои, состанокот е формална, организирана работа — цвеќиња, убава вечера и бакнеж за добра ноќ се дел од дневниот ред. За други, пак, состанокот едноставно значи да се помине извесно време со некој од спротивниот пол кој ти се допаѓа. Дури постојат и двојки кои постојано ги гледаат заедно, но тие тврдат дека се ‚само пријатели‘. Тогаш, било да го нарекуваш тоа состанување дечко и девојка или само меѓусебно гледање, тоа обично значи исто: момче и девојка поминуваат многу време заедно, честопати без надзор.

Состанувањето не било обичај во библиските времиња. И покрај тоа, ако се изведува остроумно, внимателно и чесно, состанувањето претставува легитимен начин двајца луѓе да се запознаат еден со друг. И, да, тоа може да биде радосно. Но, дали тоа значи дека ти би требало да се состануваш?

Притисок да се состануваш

Можеби чувствуваш притисок да се состануваш. Повеќето твои врсници веројатно се состануваат и, се разбира, ти не сакаш да изгледаш чуден или поинаков. Притисокот да се состануваш може да дојде и од добронамерните пријатели и роднини. Кога 15-годишната Мери Ен била поканета да излезе на состанок, нејзината тетка ја советувала: „Дали сакаш да се омажиш со момчето или не, тоа нема врска. Состанувањето е само дел од твојот природен развој како личност . . . Најпосле, ако секогаш ги одбиваш момчињата, ќе бидеш непопуларна и никој нема да те вика да излегуваш“. Мери Ен се сеќава: „Зборовите на тетка ми длабоко ме погодија. Дали ќе испуштам добра прилика? Момчето имаше свој автомобил, многу пари; и јас знаев дека супер ќе си поминуваме. Треба ли да се состанувам со него или не?“

За некои млади, притисокот доаѓа од нивните сопствени желби за срдечност и наклоност. „Имав потреба да бидам сакана и ценета“, објаснува 18-годишната Ен. „Затоа што не бев блиска со моите родители, се свртев кон мојот дечко за да најдам блискост и да имам некој кому можам да му ги излеам моите чувства, некој кој навистина би ме разбрал.“

Меѓутоа, еден тинејџер не треба да почне да се состанува едноставно поради тоа што чувствува притисок да го стори тоа! Како прво, состанувањето е сериозна работа — дел од процесот на избирање брачен партнер. Брак? Се разбира, можеби тоа е последната работа која ја имаат на ум повеќето млади кои се состануваат. Но, навистина, кое оправдување би можело да постои ако двајца луѓе од спротивен пол почнат да поминуваат многу време заедно, освен ако ја преиспитуваат можноста да се венчаат? На крајот на краиштата, состанувањето поради која било друга причина, веројатно, ќе доведе до сѐ друго само не до нешто „забавно“. Зошто?

Мрачната страна на состанувањето

Како прво, младите се во ранливиот период од животот кој Библијата го нарекува ‚цут на младоста‘ (1. Коринтјаните 7:36НС). Во текот на тој период, можеби чувствуваш силни нагони на сексуална желба. Нема ништо погрешно во тоа; тоа е дел од созревањето.

Но, во тоа лежи еден голем проблем со тинејџерското состанување: тинејџерите тукушто почнуваат да учат како да ги контролираат тие сексуални чувства. Точно е дека можеби добро ги знаеш Божјите закони во врска со сексот и можеби искрено сакаш да останеш невин. (Види поглавје 23.) Сепак, во игра влегува еден биолошки факт: Колку повеќе се дружиш со некој припадник на спротивниот пол толку повеќе може да расте сексуалната желба — без разлика дали ти сакаш или не. (Види страници 232, 233.) Така сме конструирани сите ние! Сѐ додека не станеш повозрасен и имаш поголема контрола над твоите чувства, состанувањето едноставно може да биде премногу за тебе. За жал, многу млади го откриваат тоа на тежок начин.

„Кога почнавме да се состануваме . . . дури не се ни држевме за раце ниту, пак, се бакнувавме. Само сакав да се радувам на задоволството да бидам во нејзино друштво и да разговараме“, рекол еден млад човек. „Но, таа беше многу срдечна и седнуваше многу близу до мене. Со текот на времето, се држевме за раце и се бакнувавме. Ова создаде во мене уште посилен сексуален нагон. Тоа влијаеше на моето размислување до тој степен што сакав да бидам со неа, не само да разговарам туку и да ја држам, да ја допирам и да ја бакнувам. Не ми беше доста! Буквално полудував од страст. Понекогаш се чувствував евтино и се срамев.“

Тогаш, не е за чудење тоа што состанувањето често кулминира во недозволени сексуални односи. Една анкета спроведена меѓу неколку стотици тинејџери открила дека 87 проценти од девојките и 95 проценти од момчињата мислат дека при состанувањето, сексот бил или „не толку важен или многу важен“. Но, 65 проценти од девојките и 43 проценти од момчињата признале дека при состанувањето постоеле периоди кога тие имале сексуален контакт дури и тогаш кога не го сакале тоа!

Лорета, која има 20 години, се сеќава: „Колку повеќе се гледавме толку станувавме поприврзани. Наскоро, бакнувањето стана банално и почнавме да си ги допираме интимните делови на телото. Поради тоа што се чувствував толку нечисто, нервите ми попуштија. Исто така, со текот на времето, мојот партнер очекуваше од мене ‚да одам до крај‘ . . . јас бев збркана и збунета. Но, сѐ што можев да мислам беше: ‚Не сакам да го изгубам‘. Бев несреќна!“

Точно е тоа дека секоја двојка не завршува со сексуални односи; некои запираат со нивните изрази на наклоност пред да дојде до тоа. Но, какви се последиците кога некој емоционално се возбудува и нема чесна оддишка на таквите чувства? Сигурна фрустрација. А тие фрустрации не се ограничени само на сексуалните чувства.

Растргнати емоции

Размисли за дилемата на еден млад човек: ‚На почетокот Кети многу ми се допаѓаше. Па, признавам дека јас ја наговорив да правиме некои работи за кои таа сметаше дека не се исправни. Сега се чувствувам нечист поради тоа што таа повеќе не ме интересира. Како можам да ја напуштам Кети без да ги повредам нејзините чувства?‘ Каква збунувачка ситуација! А како би се чувствувал ти да си на местото на Кети?

Тинејџерската длабока болка е вообичаена болест. Точно, една млада двојка која се држи за рака може да претставува привлечна слика. Но, колкава е веројатноста дека таа иста двојка сѐ уште ќе биде заедно после една година, а камоли да се венча? Навистина тешко. На тој начин, тинејџерските романси се речиси секогаш осудени врски, ретко кулминираат во брак, честопати завршуваат со длабока болка.

Најпосле, во текот на тинејџерските години твојата личност сѐ уште се менува. Ти се откриваш себеси, што навистина ти се допаѓа, што сакаш да направиш со својот живот. Некој кој те интересира денес, веројатно утре ќе ти биде досаден. Но, кога на романтичните чувства ќе им се дозволи да цветаат, некој сигурно ќе биде повреден. Не е за изненадување тоа што неколку истражувачки студии ги поврзале „расправијата со девојката“ или „разочарувањето во љубовта“ со ситуациите кои се одговорни за многу самоубиства меѓу младите.

Дали сум спремен?

На младите луѓе, Бог им вели: „Весели се во младоста своја, момче [или девојко], и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат“. Младите луѓе навистина се склони да ‚одат каде што ги влече [нивното] срце‘. Сепак, многу често овие ‚патишта‘ кои изгледаат многу забавни, завршуваат со тоа што донесуваат немир и неволја. Затоа, во следниот стих Библијата поттикнува: „Гони ја скрбата [немирот, НС] од срцето свое и отстранувај го злото [спречи ја неволјата, НС] од телото свое, зашто детството и младоста се суета!“ (Проповедник 11:9, 10). „Немирот“ укажува на тоа да се биде длабоко измачуван или болно несреќен. „Неволјата“ значи лична катастрофа. И двете работи можат да го направат животот несреќен.

Тогаш, дали ова значи дека самото состанување е извор на немир и неволја? Не мора да значи. Но, тоа може да се случи ако се состануваш од погрешна причина (,за забава‘) или пред да бидеш спремен за тоа! Затоа, кога ја оценуваш својата ситуација, можеби следните прашања ќе се докажат како корисни.

Дали состанувањето ќе му помогне или ќе го спречи мојот емоционален раст? Состанувањето може да те ограничи само на односот момче — девојка. Наместо тоа, зарем нема да имаш корист ако се рашириш во твоето дружење со другите? (Спореди 2. Коринтјаните 6:12, 13.) Една млада жена по име Сузана, вели: „Научив да развивам блиски пријателства со постарите христијанки во собранието. Нив им требаше друштво, а мене ми требаше нивното влијание за да ме сталожи. Затоа ќе наминев на кафе. Ќе разговаравме и ќе се смеевме. Со нив склопив вистински трајни пријателства“.

Ако имаш разновидни пријатели — стари и млади, самци и такви кои се во брак, мажи и жени — ќе научиш да бидеш сталожен меѓу луѓето, вклучувајќи ги и оние од спротивниот пол, со многу помал притисок отколку кога се состануваш. Понатаму, ако се дружиш со венчани двојки, ќе стекнеш пореалистично гледиште за бракот. Подоцна, ќе бидеш подобро подготвен за да избереш добар партнер и да ја исполниш својата улога во бракот (Изреки 31:10). Една млада девојка по име Гејл заклучува: „Јас не сум спремна да стапам во брак и да се одомам. Сѐ уште се запознавам себеси и треба да постигнам уште многу духовни цели. Затоа, всушност, немам потреба да бидам преблиска со некого од спротивниот пол“.

Сакам ли да повредам нечии чувства? И твоите и чувствата на некое друго лице можат да бидат столчени ако романтичните врски се склопат без никаков видлив изглед за брак. Навистина, дали е праведно да опсипеш некого со романтично внимание само за да стекнеш искуство со спротивниот пол? (Види Матеј 7:12.)

Што велат моите родители? Честопати, родителите ги гледаат опасностите за кои ти си слеп. Најпосле, и тие некогаш биле млади. Тие знаат какви реални проблеми можат да настанат кога двајца млади луѓе од спротивен пол почнат да поминуваат многу време заедно! Затоа, ако твоите родители не го одобруваат твоето состанување, не се бунтувај (Ефесјаните 6:1—3). Веројатно, тие едноставно мислат дека треба да чекаш сѐ додека не станеш повозрасен.

Дали ќе можам да го следам библискиот морал? Кога некој ‚го поминал цутот на младоста‘, тој може подобро да излезе накрај со сексуалните импулси — па дури и тогаш не е лесно. Дали си навистина спремен во сегашниов период од животот да се соочиш со блиска врска со некого од спротивниот пол и таа врска да остане чиста?

Интересно е тоа што многу млади си ги поставуваат овие прашања и доаѓаат до истиот заклучок до кој дошла Мери Ен (цитирана претходно). Таа рекла: „Во врска со состанувањето, јас одлучив да не дозволам на мене да влијаат ставовите на другите. Нема да се состанувам сѐ додека не сум доволно возрасна и спремна за брак и додека не најдам некој кој има особини што јас ги барам кај еден сопруг“.

На тој начин, Мери Ен го покренува критичното прашање кое мораш да си го поставиш пред состанувањето.

Прашања за дискусија

□ Што значи за тебе терминот „состанување“?

□ Зошто некои млади чувствуваат притисок да се состануваат?

□ Зошто состанувањето не е мудро за некој кој е во „цутот на младоста“?

□ Како може еден млад човек да ја ‚спречи неволјата‘ кога станува збор за состанувањето?

□ Кои се некои од проблемите што можат да се развијат кога едно момче и една девојка се ‚само пријатели‘?

□ Како можеш да знаеш дали си спремен да се состануваш?

[Истакната мисла на страница 231]

„Наскоро, бакнувањето стана банално и почнавме да си ги допираме интимните делови на телото. Поради тоа што се чувствував толку нечисто, нервите ми попуштија. Исто така, со текот на времето мојот партнер очекуваше од мене ‚да одам до крај‘ “

[Истакната мисла на страница 234]

‚Како можам да ја напуштам Кети без да ги повредам нејзините чувства?‘

[Рамка/слика на страници 232 и 233]

Дали можат момче и девојка ,да бидат само пријатели‘?

Таканаречените платонски врски (срдечни врски помеѓу мажи и жени во кои не е вклучен сексуалниот елемент) се доста популарни меѓу младите. Грегори, кој има 17 години, тврди: „Мене ми е полесно да зборувам со девојките затоа што тие обично се посочувствителни и поосетливи“. Други млади образложуваат дека таквите пријателства им помагаат да развијат покомплетна личност.

Библијата ги поттикнува младите мажи да се однесуваат кон ‚младите [жени, НС] — како кон сестри, со секаква чистота‘ (1. Тимотеј 5:2). Ако го применуваме ова начело, навистина е можно да се радуваме на чисти, здрави пријателства со припадници на спротивниот пол. Апостол Павле, на пример, бил самец кој се радувал на неколку пријателства со христијанки. (Види Римјаните 16:1, 3, 6, 12.) Тој напишал за две ‚[жени, НС] кои што се грижеле во Благовестието заедно со него‘ (Филипјаните 4:3). И Исус Христос се радувал на урамнотежено, здраво друштво со жени. Во многу прилики, тој се радувал на гостољубивоста и разговорот со Марта и Марија (Лука 10:38, 39; Јован 11:5).

И покрај тоа, едно „платонско“ пријателство честопати е малку повеќе од слабо прикриена романса или начин да се добие вниманието од некој од спротивниот пол без некаква приврзаност. И, со оглед на тоа што чувствата можат лесно да се менуваат, постои потреба од претпазливост. Д⁠-⁠р Марион Хилијард предупредил: „Едно пријатно другарство кое патува со околу десет километри на час може без предупредување да се промени во заслепувачка страст која оди стотици километри на час“.

Шеснаесетгодишниот Мајк го научил ова кога станал „пријател“ со една 14-годишна девојка: „Брзо открив [дека] двајца луѓе не можат да останат само пријатели кога и понатаму се гледаат посебно. Нашата врска продолжи сѐ повеќе да расте. Наскоро имавме посебни чувства еден кон друг и сѐ уште е така“. Со оглед на тоа што и двајцата се премлади за да се венчаат, овие чувства се извор на фрустрација.

Преблиското дружење може да има уште пожалосни последици. Еден млад човек се обидел да ја утеши пријателката која му се доверила за некои свои проблеми. Наскоро, тие почнале да се милуваат. Последицата? Вознемирена совест и непријателство помеѓу нив. Кај други, дошло до сексуални односи. Една анкета која ја спровело списанието Psychology Today, открила: „Речиси половина од испитаниците (49 проценти) имале пријателство кое се претворило во сексуална врска“. Всушност, „близу третина (31 процент) известиле дека претходниот месец имале сексуален однос со некој пријател“.

‚Но, мене не ме привлекува мојот пријател и никогаш нема да се впуштам во романтична врска со него [или со неа].‘ Можеби. Но, како би можел да се чувствуваш во иднина? Освен тоа, „оној кој има доверба во своето срце е глупав“ (Изреки 28:26НС). Нашите срца можат да бидат измамнички, издајнички, да нѐ заслепат за нашите прави мотиви. И дали навистина знаеш што чувствува твојот пријател кон тебе?

Во својата книга The Friendship Factor, Алан Лој Мек⁠-​Гинис советува: „Немој премногу да имаш доверба во себеси“. Преземи мерки на претпазливост, можеби со тоа што ќе го ограничуваш твоето друштво на прикладно надгледувани групни активности. Избегнувај несоодветни изрази на наклоност или, пак, да бидеш насамо во романтични околности. Кога си вознемирен, имај доверба во родителите и во постарите лица наместо во некое младо лице од спротивниот пол.

А што ако, и покрај заштитата, се развијат невозвратени романтични чувства? ‚Кажи ја вистината‘ и дај му до знаење на другото лице каков е твојот став (Ефесјаните 4:25). Ако со тоа не се средат работите, би можело да биде најдобро да се држиш понастрана. „Умниот го гледа злото и се клони“ (Изреки 22:3). Или, како што наведува книгата The Friendship Factor, „извлечи се ако е потребно. Одвреме навреме, без разлика колку и да се обидуваме, некое пријателство со спротивниот пол излегува од контрола и знаеме каде ќе води“. Тогаш, време е да се „повлечеш“.

[Слики на страница 227]

Младите честопати чувствуваат притисок да се состануваат или да се здружуваат во парови

[Слика на страница 228]

Состанувањето често ги става младите под притисок да си допуштаат несакани изрази на наклоност

[Слика на страница 229]

Некој може да се радува на друштвото од спротивниот пол во околности во кои ги нема притисоците на состанувањето

[Слика на страница 230]

Таканаречените платонски врски честопати завршуваат со длабока болка