Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да бидам успешен во додворувањето?

Како можам да бидам успешен во додворувањето?

Поглавје 32

Како можам да бидам успешен во додворувањето?

„ПОВЕЌЕТО пропусти во бракот се пропусти во додворувањето. Оваа работа не може доволно да се нагласи.“ Така рекол Пол Х. Лендис, истражувач на тема — семејниот живот. Луис може да гарантира за точноста на оваа изјава. Таа објаснува: „Моја најголема грешка беше тоа што се вљубив во Енди пред да си земам време да увидам каков е како личност. Нашето додворување повеќе беше ограничено на тоа да бидеме сами. Никогаш немав видено како реагира надвор од овие ‚идеални‘ ситуации“. Нивниот брак се распаднал. Кој е клучот за да се избегне ваква трагедија? Успешно изведен период на додворување!

Пред состанувањето

„Разумниот човек [или жена] гледа и добро размислува каде оди“ (Изреки 14:15, The Amplified Bible). Развивањето романтични чувства кон некој кого едвај го знаеш, повлекува несреќа — дури и ако тој изгледа привлечно. Тоа може да води до брак со лице чии емоции и цели се со километри оддалечени од твоите! Затоа е разумно првин да го набљудуваш тој некој во друштво, можеби додека уживате во некој вид рекреација.

„Знаев дека ако уште на почетокот премногу се зближиме, моите емоции ќе го замаглат мојот суд“, објаснил Дејв, сега среќно оженет веќе десет години. „Затоа ја гледав Роуз од растојание без да знае таа дека се интересирам за неа. Можев да видам како се однесува со другите или дали кокетираше. Во секојдневните муабети, ги открив нејзините околности и цели.“ Исто така, корисно е да откриеш на каков глас е тој или таа, со тоа што ќе разговараш со некој кој добро ја знае таа личност. (Спореди Изреки 31:31.)

Првите состаноци

Ако си дошол до заклучок дека некој би можел да биде прикладен брачен партнер за тебе, би можел да му пристапиш на лицето и да му кажеш дека имаш желба подобро да се запознаете. * Ако претпоставиме дека имаш позитивен одговор, вашиот прв состанок не треба да биде некоја раскошна работа. Можеби состанок за ручек или дури средба во некое друштво ќе ви овозможи подобро да се запознаете и да решите дали ќе сакате да ја продолжите врската и понатаму. Ако работите бидат некако неформални, тоа малку ја намалува тремата што би можеле и двајцата да ја чувствувате на почетокот. А ако избегнувате прерани изрази на приврзаност, можете да ги минимизирате чувствата на отфрленост — или непријатност — ако еден од вас изгуби интерес.

Без оглед на видот на планираниот состанок, пристигни навреме, уредно и прикладно облечен. Покажувај особини на добар раскажувач. Биди активен слушач (Јаков 1:19). Иако во такви случаи не постојат строги правила, еден млад човек ќе сака да ги следи локалните правила на однесување. Тоа може да вклучува да ѝ отвориш врата на младата дама или да ѝ помогнеш да седне. Една млада жена, иако нема да очекува да биде третирана како принцеза, треба скромно да соработува со настојувањата на нејзиниот придружник. Со тоа што меѓусебно ќе се однесуваат со взаемно почитување, една двојка може да си постави модел за иднината. На сопругот му е заповедано да ја ‚почитува својата сопруга како послабо суштество [сад, НС]‘. Сопругата треба да има „длабоко почитување спрема својот маж“ (1. Петрово 3:7; Ефесјаните 5:33НС).

Дали држењето за рака, бакнувањето или прегрнувањето е прикладно, и ако да, кога? Изразите на наклоност, кога претставуваат вистински изрази на нежност а не на себична страст, можат да бидат и чисти и соодветни. Библиската книга Песна над песните покажува дека суламката и пастирот кого го сакала и за кого наскоро требало да се омажи, разменувале некои прикладни изрази на нежност (Песна над песните 1:1; 2:6; 8:5). Но, како и овој чесен пар, една двојка треба да преземе понатамошна грижа таквите изрази на наклоност да не станат нечисти или, пак, да не водат до сексуален неморал * (Галатјаните 5:19, 21). Логично е дека таквите изрази на нежност треба да се разменуваат само тогаш кога врската го достигнала степенот до кој се развила взаемна приврзаност и кога на повидок е брак. Ако покажуваш самоконтрола, можеш да избегнеш да бидеш одвлечен од првенствената цел на успешното додворување, имено . . .

Да се запознае „тајната личност на срцето“

Во изданието на Journal of Marriage and the Family од мај 1980, еден истражувачки тим известил: „Изгледа дека браковите најверојатно ќе преживеат и ќе напредуваат ако луѓето влегуваат во нив со релативно потполно познавање на внатрешното ‚јас‘ на другиот“. Да, запознавањето на „тајната личност на срцето“ на твојот партнер е неопходно (1. Петрово 3:4НС).

Сепак, ‚исцрпувањето‘ на намерите на срцето на другиот бара напор и способност на просудување (Изреки 20:5). Затоа, планирај активности кои најверојатно ќе ти помогнат да го видиш внатрешното ‚јас‘ на твојот партнер. Иако за почеток можеби е доволно да одите в кино или на концерт, учествувањето во активности што се попогодни за разговор (како што е возење ролшуи, куглање и посетување зоолошки градини, музеи и уметнички галерии), можат да ви помогнат подобро да се запознаете.

За да ги откриеш на брза рака чувствата на твојот партнер, обиди се да користиш неодредени прашања, како овие: ‚Како го поминуваш слободното време?‘ ‚Ако парите не се пречка, што би сакал да правиш?‘ ‚Која гранка од нашето обожавање на Бог најмногу ти се допаѓа? Зошто?‘ Тие дозволуваат длабоки одговори, кои ќе ти помогнат да дознаеш што цени твојот партнер.

Додека врската се продлабочува и вие двајцата посериозно размислувате за брак, постои потреба од сериозен разговор во врска со некои важни прашања, како на пример: вашите вредности, каде и како ќе живеете, финансиските работи, вклучувајќи го и тоа дали и двајцата ќе работите надвор од домот, деца, контрола на раѓање, концепти за улогата во бракот на секого од вас, краткорочни и долгорочни цели и како планирате да ги постигнете. Многу млади Сведоци на Јехова, после завршувањето на училиштето стануваат полновремени евангелизатори и сакаат да продолжат да служат на тој начин и после венчавката. Сега е време за двајцата вас да се уверите дали вашите духовни цели се во склад. Исто така, време е да си откриете некои работи, можеби за вашето минато, што можат да влијаат на бракот. Ова би можело да вклучува некои поголеми долгови или обврски. Исто така, треба отворено да се дискутира за здравствената состојба, како што е некое сериозно заболување и неговите последици.

При таквите дискусии, следи го примерот на Елијуј кој рекол: „Зборувам право од моето срце и зборувам искрено“ (Јов 33:3, The Holy Bible in the Language of Today од Вилијам Бек). Кога објаснувала за тоа како нејзиното додворување ја подготвило за она што се покажало среќен брак, Естер рекла: „Никогаш не се обидував да ‚се преправам‘ или да кажам дека се сложувам со Џеј кога мислев поинаку. И сѐ уште не го правам тоа. Се обидувам секогаш да бидам чесна“.

Немој да заобиколуваш ниту, пак, да прикриваш осетливи теми од страв да не го ставиш твојот партнер во незгодна ситуација. Бет ја направила таа грешка со Џон во текот на нивното додворување. Бет рекла дека според неа треба да се штеди за иднината, а не парите да се расфрлаат. Џон рекол дека се сложува со тоа. Бет понатаму не испитувала, мислејќи си дека тие имаат заеднички јазик во врска со финансиите. Но, испаднало дека претставата на Џон за штедењето за иднината значело да се штеди за нов спортски автомобил! После венчавката, нивниот недостиг на согласување околу тоа како да ги трошат парите, станало очигледно болно.

Таквите недоразбирања можат да се спречат. Луис, спомната претходно, гледајќи наназад на нејзиниот период на додворување, вели: „Требаше да му поставам многу повеќе прашања, како овие: ‚Што би правел ако забременам, а ти не го сакаш бебето?‘ Или, ‚како би постапил ако сме во долгови, а јас сакам да останам дома и да се грижам за нашето дете?‘ Внимателно ќе ја забележев неговата реакција“. Таквите дискусии можат да ги изнесат на површина особините на срцето што е најдобро да се видат пред венчавката.

Види го него или неа на дело!

„Некое лице може да биде многу пријатно кога сте насамо“, објаснила Естер. „Но, кога околу вас се другите, тоа честопати е изложено на неочекувана ситуација. Некој од твоите пријатели би можел да каже нешто што на твојот партнер можеби нема да му се допадне. Тогаш ќе видиш како реагира под притисок. Дали ќе го прекори лицето или ќе биде саркастичен?“ Таа заклучува: „Тоа што за време на нашето додворување се дружевме со пријателите и со семејството и на едниот и на другиот, фантастично ни помогна“.

Освен во рекреација, поминувајте време работејќи заедно. Учествувајте во христијанските активности, вклучувајќи го и проучувањето на Божјата Реч и христијанската служба. Исто така, прифатете некои секојдневни работи кои после венчавката ќе станат начин на живот — купување храна, подготвување оброк, миење садови и чистење на куќата. Ако бидете заедно под реални животни околности — кога твојот партнер можеби е во неговите или нејзините „најлоши“ — можеш да видиш зад секоја маска која го прикажува во најдобро светло.

Пастирот од Песна над песните видел како постапувала девојката која ја сакал кога била разочарана или додека работела под жешкото сонце — испотена и уморна (Песна над песните 1:4, 5; 2:15). Исто така, откако видел како таа лојално се спротивставила на заведувањата на богатиот цар Соломон, тој извикал: „Цела си убава, мила моја, и дамка нема на тебе!“ (Песна над песните 4:7). Сигурно, тој не мислел дека таа била совршена, туку дека во основа немала некој морален недостаток, односно маана. Нејзината физичка убавина била збогатена со нејзината морална сила, која ја надминувала секоја нејзина слабост. (Спореди Јов 31:7.)

За да се направи слично испитување, потребно е време. Затоа, избегнувај брзо додворување (Изреки 21:5). Обично, еден човек и една жена ќе направат сѐ само да ја стекнат љубовта еден од друг. Но, ако се даде доволно време, непријатните навики и склоности на некој начин сами се откриваат. Една двојка која не само што си зема време туку и најдобро го користи тоа време во текот на додворувањето, веројатно ќе увиди дека после венчавката полесно ќе се прилагодат. Со широко отворени очи, тие можат да влезат во брак уверени дека се способни да ги решат несогласувањата што ќе се појават. Успешното додворување ги подготвило за успешен и среќен брак.

[Фусноти]

^ пас. 8 Ова важи за земји каде што состанувањето е вообичаено и каде што на него се гледа како на соодветно однесување за христијаните. Обично, машкото презема иницијатива, иако нема библиско начело кое би спречило некоја млада жена на еден скромен начин да ги изрази своите чувства доколку изгледа дека младиот човек е срамежлив или колеблив. (Спореди Песна над песните 8:6.)

^ пас. 10 Види поглавје 24 — „Како можам да кажам ‚не‘ на предбрачниот секс?“

Прашања за дискусија

□ Која е првенствената цел на додворувањето, и колку е важно тоа за брачната среќа?

□ Што ќе ти помогне да го запознаеш внатрешното ‚јас‘ на другиот?

□ Кој вид разговори придонесуваат за успешно додворување?

□ Зошто е од помош заедно да поминувате време под различни околности?

□ Кои се некои показатели дека со некоја врска нешто не е во ред?

□ Кога треба да биде прекинато едно додворување?

[Истакната мисла на страница 255]

„Изгледа дека браковите најверојатно ќе преживеат и ќе напредуваат ако луѓето влегуваат во нив со релативно потполно познавање на внатрешното ‚јас‘ на другиот“ (Journal of Marriage and the Family).

[Рамка/слика на страници 256 и 257]

Треба ли да раскинеме?

Како што романсата се приближува до раскрсницата за одлука, не е необично да се појават сомненија. Што ако таквите сомненија потекнуваат поради некои сериозни слабости на лицето со кое се состануваш или поради слабостите во самата врска?

На пример, точно е дека дури и луѓето кои меѓусебно се сакаат понекогаш може да не се сложуваат. (Спореди 1. Мојсеева 30:2; Дела 15:39.) Но, ако не се сложувате скоро за сѐ, ако секоја дискусија се претвора во натпревар во надвикување или ако вашата врска е непрестаен циклус од раскинувања и смирувања, внимавај! Една анкета спроведена меѓу 400 лекари, открила дека постојаното пречкање е силен показател за „емотивна неспремност за брак“, можеби открива дури и „непомирлив конфликт помеѓу двајцата“.

Друга причина за загриженост можеби е тоа што си открил вознемирувачки слабости во личноста на идниот партнер. Покажувањето насилен табиет или дури и знаци на себичност, незрелост, зловолност или тврдоглавост, можеби ќе те наведат да се запрашаш дали сакаш да го поминеш остатокот од својот живот со тоа лице. Сепак, многумина ги превидуваат или се обидуваат да ги оправдаат таквите недостатоци и изгледа се решени додворувањето да успее по секоја цена. Зошто е тоа така?

Со оглед на тоа што правите христијани сериозно го сфаќаат додворувањето — како што и треба да биде — некои чувствуваат притисок да се венчаат со лицето со кое се состануваат. Исто така, тие можеби стравуваат од тоа да имаат конфронтации и можеби да не го повредат тоа лице. Други, пак, можеби едноставно се плашат дека не ќе можат да најдат некој друг за да стапат во брак. Сепак, тоа не се добри причини за да се продолжи со додворувањето кое е измачувано со проблеми.

Целта на додворувањето е да се испита можноста за брак. А ако еден христијанин го започне додворувањето со најдобра намера, тој или таа немаат обврска да продолжат доколку се докаже дека нешто не е во ред. Освен тоа, нели би било погрешно и себично да се продолжи врска која се влошува, со претпоставка: ‚Можеби нема да најдам некој друг?‘ (Спореди Филипјаните 2:4.) Затоа, важно е како двојка да се соочите со вашите проблеми, а не да ги заобиколувате. Почни со тоа што внимателно ќе го посматраш лицето со кое се состануваш.

На пример, постои ли доказ дека тоа е жена која ќе биде подложна, способна сопруга? (Изреки 31:10—31). Постои ли доказ дека тоа е маж кој ќе покажува самопожртвувана љубов и ќе биде способен хранител? (Ефесјаните 5:28, 29; 1. Тимотеј 5:8). Едно лице можеби тврди дека е ревен Божји слуга, но постојат ли дела кои го поткрепуваат тоа тврдење дека има вера? (Јаков 2:17, 18).

Се разбира, ако си вложил многу време и емоции во развивањето на некоја врска, не брзај да ја прекинеш само поради тоа што си открил дека тој или таа не се совршени (Јаков 3:2). Можеби тоа се слабости на лицето со кои можеш да живееш.

Што ако не се такви? Разговарајте за работите. Имате ли суштински разлики во целите или гледиштата? Или, тоа се едноставно недоразбирања? Би можело ли да се работи за тоа дека двајцата треба да научите како да ‚владеете со својот дух‘ и посмирено да ги решавате работите? (Изреки 25:28). Ако во неговата личност те загрижуваат чудните особини кои те иритираат, дали тој или таа понизно ги признава недостатоците и покажува желба да се подобри? Има ли потреба ти да бидеш помалку осетлив, помалку раздразлив? (Проповедник 7:9). ‚Поднесувањето еден со друг со љубов‘ е животната крв на еден добар брак (Ефесјаните 4:2).

Далеку од тоа да ја уништи твојата врска, отворениот разговор за работите веројатно ќе го открие потенцијалот што го има таа за понатамошен раст! Но, ако дискусијата едноставно има за последица друга фрустрирачка мртва точка, не ги занемарувај јасните знаци за претстојната катастрофа (Изреки 22:3). Веројатно, после венчавката работите нема да се подобрат. Можеби од најдобар интерес за двајцата е да прекинете со додворувањето.

[Слика на страница 253]

Ако се посматрате додека сте во група, тоа може да ви дозволи да се запознаете без да имате романтична врска

[Слика на страница 254]

Ако се почитуваат локалните правила на однесување и добрите манири, тогаш се поставува модел за взаемно почитување кој може да се пренесе во бракот

[Слика на страница 259]

Кога ќе стане видливо дека додворувањето не успева, љубезно е да се има една дискусија лице в лице, објаснувајќи зошто врската мора да се оконча