Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да ја преболам затресканоста?

Како можам да ја преболам затресканоста?

Поглавје 28

Како можам да ја преболам затресканоста?

„ЗА ПОВЕЌЕТО тинејџери“, напишало едно списание за млади, „затресканоста е вообичаена како и настинките.“ Речиси сите млади ја доживуваат и речиси сите успеваат да се одржат во живот до зрелоста, без да ја изгубат својата гордост и смисла за хумор. Но, кога си фатен во стисокот на затресканоста, не ти е баш до смеење. „Бев фрустриран“, се сеќава еден млад човек, „поради тоа што не можев да направам ништо во врска со тоа. Знаев дека таа е престара за мене, но ми се допаѓаше. Навистина, бев изгубен во врска со целата таа работа.“

Анатомија на затресканоста

Не е грев да се има силни чувства спрема некого — под услов да не се неморални или неисправни (како кон некој кој е оженет) (Изреки 5:15—18). Но, кога си млад, честопати со твоите мисли и постапки владеат „желбите на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Младиот човек, сѐ уште учејќи да ги контролира новите и силни желби кои се ослободуваат во пубертетот, може да биде полн со разгорени романтични чувства — а притоа да нема некого кого би го опсипал со нив.

Освен тоа, „девојките стануваат урамнотежени и друштвени на порана возраст од момчињата“. Како последица на тоа, „тие често заклучуваат дека нивните школски другари не се толку зрели и возбудливи во споредба со наставниците“ или со другите постари, недостижни мажи (списанието Seventeen). Така, една девојка би можела да си замислува дека еден омилен наставник, поп-пеач или некој постар познаник е „идеалниот“ маж. И момчињата честопати слепо се заљубуваат. Меѓутоа, љубовта која ја чувствуваат кон таквите далечни личности, очигледно, повеќе е вкоренета во фантазијата отколку во реалноста.

Затресканоста — зошто може да биде штетна

Иако во повеќето случаи затресканоста е зачудувачки краткотрајна, сепак може да му направи голема штета на еден млад човек. Како прво, многу личности кои се предмети на наклоноста на тинејџерот, едноставно не се вредни за почит. Еден мудар човек рекол: „Неукоста [лудоста, НС] се поставува на голема височина“ (Проповедник 10:6). Така, еден пеач е идолизиран поради тоа што има мек глас или привлечен изглед. Но, дали неговиот морал е вреден за фалба? Дали тој или таа е предаден христијанин „во Господ“? (1. Коринтјаните 7:39НС).

Исто така, Библијата предупредува: „Пријателството од овој свет е непријателство на Бога“ (Јаков 4:4). Зарем твоето пријателство со Бог не би било загрозено ако фрлиш око на лице чие однесување Бог го осудува? Исто така, Библијата заповеда: „Пазете се од идолите“ (1. Јованово 5:21). Како би го нарекол тоа кога некој млад човек од ѕид до ѕид ја декорира својата соба со слики од некоја пеачка ѕвезда? Зарем на тоа не одговара зборот „идолопоклонство“? Како би можело ова да му угоди на Бог?

Некои млади дури дозволуваат нивните фантазии да го отфрлат разумот. Една млада девојка вели: „Кога и да го прашам како се чувствува, тој секогаш порекнува дека има некакви чувства кон мене. Но, од начинот како изгледа и постапува можам да кажам дека тоа не е точно“. Младиот човек за кој станува збор, се обидел љубезно да ја изрази својата незаинтересираност, но таа едноставно не сакала да го прифати негативниот одговор.

Една друга девојка, во врска со нејзината заљубеност во еден популарен пеач, пишува: ‚Сакам тој да ми биде дечко и се молам тоа да се исполни! Имав обичај да спијам со неговиот албум, затоа што така најблиску можев да дојдам до него. Сум стигнала дотаму што ако не можам да го имам него, ќе се убијам‘. Може ли таквата малоумна страст да го радува Бог, кој ни заповеда да му служиме со ‚здрав разум‘? (Римјаните 12:3НС).

Во Изреки 13:12, Библијата вели: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“. Така, негувањето романтични очекувања од некоја невозможна врска е нездрава, невозвратена љубов, која лекарите ја наведуваат како причина за „депресија, вознемиреност и општа несреќа . . . бессоница или летаргија, болки во градите или задишеност“. (Спореди 2. Царства 13:1, 2.) Една залудена девојка признава: „Не можам да јадам . . . Не можам повеќе да учам . . . Дење сонувам за него . . . Несреќна сум“.

Размисли за пустошот кој го предизвикуваш кога ѝ дозволуваш на фантазијата да доминира со твојот живот. Д⁠-​р Лоренс Бауман забележува дека еден од првите докази за некоја неконтролирана затресканост е „попуштање во учењето“. Изолирањето од пријателите и од семејството е друга вообичаена последица. Може да има и понижување. „Се срамам да го признаам тоа“, вели писателот Џил Шварц, „но кога бев затрескан во Џуди, се однесував како кловн.“ Уште долго откако ќе исчезне затресканоста, можат да се задржат сеќавањата за тоа дека си трчал по некого, дека си правел сцени во јавноста и дека, општо, глупаво си постапувал.

Соочување со реалноста

Цар Соломон, еден од најмудрите луѓе кои некогаш живееле, очајно се заљубил во една девојка која не возвратила на неговите чувства. Неа ја опсипал со едни од најубавите песни кои некогаш се напишани, кажувајќи ѝ дека е „убава како месечина, светла како сонце“ — а кај неа, не постигнал баш ништо! (Песна над песните 6:10).

Сепак, Соломон на крај престанал со своите обиди да ја освои. Како можеш и ти повторно да постигнеш контрола над своите чувства? „Кој се надева на себеси [на своето срце, НС] безумен е“, вели Библијата (Изреки 28:26). Ова е случај особено кога си заплеткан во романтична фантазија. Но, оној „кој постапува мудро, ќе биде спасен“. Тоа значи да се гледаат работите онакви какви што се.

„Како ја разликуваш вистинската надеж од неоснованата?“ прашува д-р Хауард Халперн. „Со тоа што ќе гледаш на фактите внимателно и ладнокрвно.“ Размисли: Колкава шанса постои да се развие вистинска романса со таа личност? Ако лицето е славно, постои веројатност дека нема никогаш дури ни да го сретнеш тоа лице! Твоите шанси се еднакво слаби и кога се работи за некое постаро лице, како што е некој наставник.

Понатаму, дали лицето кое ти се допаѓа досега покажало каков било интерес за тебе? Ако не, има ли некаква реална причина да веруваш дека работите во иднина ќе се променат? Или, пак, дали едноставно читаш романтичен интерес преку неговите или нејзините наивни зборови или постапки? Патем речено, во повеќето земји обичај е мажите да преземат иницијатива за некоја романса. Една млада девојка може себеси да се понижи ако агресивно трча по некој кој едноставно не е заинтересиран за неа.

Освен тоа, што би правел ако лицето, всушност, ти возврати на твојата наклоност? Дали си спремен за одговорностите на бракот? Ако не, тогаш „гони ја скрбата од срцето свое“ така што ќе одбиваш да живееш во фантазија. Постои „време кога се сака“ и тоа би можело да биде со години подоцна, кога ќе бидеш повозрасен (Проповедник 3:8; 11:10).

Анализирај ги своите чувства

Д⁠-​р Чарлс Зестроу забележува: „Затресканоста се појавува кога едно лице го идеализира лицето во кое таа или тој е затрескан како да е ‚совршен љубовник‘, т. е. заклучува дека другото лице ги има сите карактеристики што се бараат кај партнерот“. Меѓутоа, не постои таков „совршен љубовник“. „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“, вели Библијата (Римјаните 3:23).

Затоа, прашај се: Колку добро навистина го познавам лицето на кое сум му фрлил око? Дали сум се вљубил во слика? Дали станувам слеп за недостатоците на тоа лице? Можеби еден објективен поглед на твојот љубовник од соништата е доволен за да те извлече од твојата романтична здрвеност! Исто така, од помош е да го анализираш видот на љубовта која ја чувствуваш кон тоа лице. Писателката Кети Мек⁠-​Кој вели: „Незрелата љубов може за момент да дојде и да си појде . . . Во жариштето си ти, а ти едноставно си вљубен во идејата дека си вљубен . . . Незрелата љубов се прилепува, таа е посесивна и љубоморна . . . Незрелата љубов бара совршеност“. (Спореди 1. Коринтјаните 13:4, 5.)

Да го (ја) отстраниш од своите мисли

Како што е познато, сето расудување на светот нема целосно да го избрише она што го чувствуваш. Но, ти можеш да избегнеш да го храниш проблемот. Читањето еротски романтични романи, гледањето ТВ љубовни приказни или само слушањето извесни видови музика може да ги влоши твоите чувства на осаменост. Затоа, не дозволувај да мислиш на ситуацијата. „Кога нема веќе дрва, огнот згаснува“ (Изреки 26:20).

Една романса од фантазијата не е замена за луѓето кои навистина те љубат и се грижат за тебе. Не ‚се изолирај‘ (Изреки 18:1НС). Веројатно ќе увидиш дека твоите родители можат доста да ти помогнат. И покрај сите твои обиди да ги скриеш своите чувства, тие веројатно веќе забележале дека нешто те мачи. Зошто не им пристапиш и не им го излееш срцето? (Спореди Изреки 23:26.) Можеби и еден зрел христијанин ќе докаже дека има добро уво за слушање.

„Остани зафатен“, советува писателката Естер Давидовиц. Започни да се бавиш со некое хоби, прави извесни вежби, учи некој јазик, започни да ја истражуваш Библијата како проект. Ако останеш преокупиран со корисни активности, тоа може многу да ги олесни симптомите на повлекување.

Да се преболи затресканоста не е лесно. Но, како што времето ќе поминува, болката ќе се повлече. Ќе научиш многу за самиот себе и за своите чувства, и ќе бидеш подобро подготвен да се соочиш со вистинската љубов кога ќе дојде во иднина! Но, како ќе можеш да ја препознаеш ‚вистинската љубов‘?

Прашања за дискусија

□ Зошто затресканоста е вообичаена меѓу младите?

□ Кои лица честопати се предмет на младешките романтични фантазии, и зошто?

□ Зошто затресканоста може да биде штетна?

□ Кои се некои работи што може да ги прави еден млад човек за да ја преболи затресканоста?

□ Како може еден млад човек да избегне да потхранува романтична фантазија?

[Истакната мисла на страница 223]

‚Не можам да јадам. Не можам повеќе да учам. Дење сонувам за него. Несреќна сум‘

[Слика на страница 220]

Затресканоста во постари, недостижни припадници на спротивниот пол е прилично вообичаена

[Слика на страница 221]

Ако направиш ладнокрвен, објективен поглед на дотичното лице, тоа може да те излечи од твоите романтични

претстави