Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да ѝ речам не на дрогата?

Зошто да ѝ речам не на дрогата?

Поглавје 34

Зошто да ѝ речам не на дрогата?

„ЈАС сум едно емотивно дете“, вели Мајк, млад човек кој има 24 години. „Понекогаш се плашам, па дури ме заплашуваат и оние кои се на моја возраст. Страдам од депресија, несигурност, а понекогаш сум помислувал дури и на самоубиство.“

Ен, која има 36 години, се опишува себеси како „емоционално многу млада“ и дека има „мала самодоверба“. Таа додава: „Увидувам дека е многу тешко да живеам еден нормален живот“.

Мајк и Ен ги жнеат последиците од една одлука што ја донеле кога биле прилично млади, т. е. да експериментираат со дрога. Милиони млади денес го прават истото — вшприцуваат, голтаат, шмркаат и пушат сешто: од кокаин па сѐ до марихуана. За некои млади, ‚да имаат работа со дрога‘ е начин да побегнат од проблемите. Други започнуваат за да ја задоволат својата љубопитност. Трети, пак, користат дрога за да ја ублажат депресијата или здодевноста. А штом еднаш почнале, многумина продолжуваат да користат дрога од чисто задоволство. Грант, кој има 17 години, вели: „Пушам [марихуана] само поради нејзините дејства. Не за да бидам „кул“ или поради друштвото . . . Никогаш не сум пушел поради притисок од врсниците, туку само затоа што сакав“.

Во секој случај, постојат добри можности наскоро или подоцна да бидеш изложен на дрога или директно да ти биде понудена. „Дури и чуварите во нашето училиште продаваат ‚пот‘ [марихуана]“, вели еден младич. Приборот за дрога отворено се изложува и се продава. Но и покрај нејзината популарност, за тебе постои добра причина да ѝ кажеш не на дрогата. Како тоа?

Дрогата го спречува развојот

Размисли за младите како што се Мајк и Ен, кои користат дрога за да избегаат од проблемите. Како што беше покажано во нашето претходно поглавје, емоционалниот развој доаѓа кога се соочуваме со животните предизвици, исправно постапувајќи со успехот и преживувајќи го неуспехот. Младите кои се потпираат на хемиската заштита од проблемите, го спречуваат својот емоционален развој. Тие пропуштаат да ги развијат вештините кои се потребни за да излезат накрај со проблемите.

Како и секоја друга вештина, способноста да се излезе накрај со работите бара пракса. Да го илустрираме тоа: Дали некогаш си видел искусен фудбалски играч? Тој е способен да ја користи својата глава и нозете на начини кои не се ништо друго освен зачудувачки! Но, како овој играч развил таква вештина? Така што вежбал со години. Тој научил да ја шутира топката, да трча по неа, да залажува итн. сѐ додека не станал извежбан во играта.

Многу слично е и со развивањето вештини да се излезе накрај со работите. Тоа бара пракса — искуство! Сепак, во Изреки 1:22, Библијата прашува: „До кога, незналци [неискусни, НС] ќе го сакате незнаењето [неискуството, НС]? . . До кога глупавите ќе го мразат знаењето?“ Младиот човек кој се крие зад еуфоријата предизвикана од дрога ‚го сака неискуството‘; тој пропушта да го развие спознанието и вештините за да излезе накрај со работите кои му се потребни за да се справи со животот. Во врска со тинејџерите — корисници на дрога, книгата Talking With Your Teenager вели: „Тие никогаш не ја учат лекцијата дека болните моменти во животот можат да се преживеат и без тие супстанци“.

Така, Ен која користела дрога како излез, признава: „14 години не се справив со моите проблеми“. Мајк изразил слична мисла, велејќи: „Користев дрога уште од 11-годишна возраст. Кога прекинав, на 22-годишна возраст, се чувствував како дете. Се приклонував кон другите, обидувајќи се да најдам сигурност. Сфатив дека кога почнав да користам дрога, мојот емоционален развој престана“.

„Напразно ги потрошив сите овие години на развој“, додава Френк кој злоупотребувал дрога од 13-годишна возраст. „Кога прекинав, дојдов до едно болно сознание — дека сум потполно неподготвен да се справам со животот. Одново бев 13-годишник, со истите емоционални превирања со кои се соочува секој друг адолесцент.“

Може ли дрогата да го уништи моето здравје?

Ова е едно друго подрачје на загриженост. Повеќето млади сфаќаат дека таканаречените тешки дроги можат да те убијат. Но, што е со оние таканаречени „лесни дроги“ како што е марихуаната? Дали сите предупредувања кои ги слушаш за нив се само заплашувачки тактики? Како одговор, да се сосредоточиме на дрогата марихуана.

Марихуаната (позната и како „пот“, „цигара“, „тревка“, „гања“ или „плевел“) била во центарот на многу контроверзии меѓу експертите. И како што е познато, има многу непознати работи во врска со оваа популарна дрога. Како прво, марихуаната е крајно сложена; една цигара марихуана во својот дим содржи преку 400 хемиски соединенија. На лекарите им биле потребни преку 60 години за да сфатат дека димот од цигарите предизвикува рак. На сличен начин, можеби ќе треба да поминат децении пред некој сигурно да знае како точно дејствуваат во човечкото тело тие 400 хемиски соединенија на марихуаната.

Сепак, после проучувањето на илјадници истражувачки трудови, еден одбор од експерти при угледниот Медицински институт од САД, заклучил: „Научниот доказ објавен до денес, покажува дека марихуаната има широк спектар на психолошки и биолошки дејства, од кои некои, барем под извесни околности, се штетни за човечкото здравје“. Кои се некои од тие штетни дејства?

Марихуаната — како дејствува врз твоето тело?

На пример, размисли за белите дробови. Дури и најверните бранители на марихуаната признаваат дека вдишувањето на димот не може да биде добро за тебе. Димот од марихуана, слично на димот од цигари, се состои од извесен број отровни супстанци како што е катранот.

Д⁠-​р Форест С. Тенант Помладиот, анкетирал 492 војника од армијата на САД, кои имале користено марихуана. Скоро 25 проценти од нив „страдале од воспалено грло поради пушењето хашиш, а околу 6 проценти изјавиле дека страдале од бронхитис“. Во една друга студија, се увидело дека од 30 корисници на марихуана 24 имаат бронхијални „лезии кои се карактеристични за раните стадиуми на ракот“.

Точно, никој не може да гарантира дека подоцна таквите поединци сигурно ќе добијат рак. Но, дали би сакал да се изложиш на тој ризик? Освен тоа, Библијата вели дека Бог „на сите им дава живот, дишење“ (Дела 17:25). Дали би покажал почитување кон Дарителот на животот ако намерно вдишуваш нешто што ги оштетува белите дробови и грлото?

Во Проповедник 12:6, човечкиот мозок поетски е наречен ‚златна чаша‘. Едвај поголем од твојата тупаница и со тежина од само 1,4 кг, мозокот не е само драгоцено складиште на твојата меморија туку и команден центар на целиот твој нервен систем. Имајќи го тоа во мислите, забележи го предупредувањето на Медицинскиот институт: „Со сигурност можеме да кажеме дека марихуаната произведува акутни дејства во мозокот, вклучувајќи хемиски и електрофизиолошки промени“. Во моментов, нема конечен доказ дека марихуаната предизвикува трајно оштетување на мозокот. Сепак, не треба лесно да се отфрли можноста дека марихуаната на некој начин ја оштетува „златната чаша“.

А што е со твојот изглед еден ден да стапиш во брак и да имаш деца? Медицинскиот институт известил дека познато е оти марихуаната „предизвикува вродени маани кога им се даваат големи дози на експериментални животни“. Дали ги има истите дејства врз луѓето, досега не е докажано. Но, запомни дека за да се манифестираат вродените маани (како онаа што е предизвикана од хормонот DES), честопати се потребни години. Затоа, каква иднина претстои за децата — и внуците — на пушачите на марихуана, останува да се види. Д⁠-​р Габриел Нахас вели дека пушењето марихуана може да биде „генетски рулет“. Би можел ли некој кој гледа на децата како на ‚наследство Господово‘ да преземе такви ризици? (Псалм 126:3).

Дрога — библиско гледиште

Се разбира, марихуаната е само една од многуте популарни дроги. Но, тоа добро илустрира дека постои една доволно голема причина за да се избегнува поради задоволство да се земаат какви било супстанци кои ја менуваат свеста. Библијата вели: „Слава за младите е нивната сила“ (Изреки 20:29). Како младо лице, без сомнение, уживаш добро здравје. Зошто тогаш да ризикуваш да го изгубиш?

Но, што е уште поважно, ние го имаме гледиштето на Библијата во врска со оваа работа. Таа ни кажува да го ‚запазиме . . . разумот‘, не да го уништуваме преку хемиска злоупотреба (Изреки 3:21). Понатаму, таа поттикнува: „Да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји“. Навистина, само на оние кои се ‚исчистиле од скверност‘, избегнувајќи навики како што е злоупотреба на дрога, Бог им ветува: „ ,Јас ќе ве примам!‘, ‚И Јас ќе ви бидам Отец‘ “ (2. Коринтјаните 6:17—7:1).

Сепак, одбивањето на дрогата може да не биде баш лесно.

Врсниците и нивниот притисок

Една свежа летна вечер, Џо и Френк, братучеди и блиски пријатели, направиле еден договор. „Без разлика што прават другите“, предложил Џо, помладиот од нив, „нема никогаш да си играме со дрога.“ Двајцата младичи се ракувале при договорот. Само после пет години, Џо бил пронајден мртов во неговиот автомобил како последица од сообраќајка поврзана со употреба на дрога. И Френк бил силно оддаден на дрогата.

Што тргнало наопаку? Одговорот лежи во ова итно предупредување кое се наоѓа во Библијата: „Немојте да се заведувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33НС). Џо и Френк западнале во погрешно друштво. Додека сѐ повеќе се дружеле со оние кои користеле дрога, и самите почнале да експериментираат со неа.

Книгата Self-Destructive Behavior in Children and Adolescents забележува: „Младите најчесто се воведени или ‚запалени‘ за различни дроги од страна на некој близок пријател . . . [Неговите] намери можеби се да сподели некое возбудливо или угодно искуство“. Мајк, спомнат на почетокот, го потврдува тоа велејќи: „За мене, една од најтешките работи со кои требаше да се справам, беше притисокот од врсниците . . . Првиот пат кога пушев марихуана, тоа го правев затоа што тоа го правеа сите деца со кои бев, и јас сакав да им се прилагодам“.

Директно кажано, ако твоите пријатели почнат да користат дрога, ти ќе бидеш под силен емоционален притисок да им се придружиш, да им се прилагодиш. Ако не го смениш својот круг на пријатели, на крај веројатно и ти ќе станеш корисник на дрога.

,Состанувај се со мудри‘

„Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“, вели Изреки 13:21. Да го илустрираме тоа. Ако се обидуваш да избегнеш настинка, зарем не би избегнувал близок контакт со заразени луѓе? „На сличен начин“, наведува книгата Adolescent Peer Pressure, „за да се заштитиме од . . . злоупотреба на дрога . . . треба да задржиме здрави урамнотежени услови и да го намалиме изложувањето на штетни влијанија.“

Затоа, дали сакаш да ѝ кажеш не на дрогата? Тогаш внимавај со кого се дружиш. Барај пријателство со христијани кои се плашат од Бог и кои ќе ја поддржуваат твојата одлука да останеш подалеку од дрогата. (Спореди 1. Царства 23:15, 16.) Исто така, забележи ги зборовите во 2. Мојсеева 23:2. Иако првобитно им биле упатени на сведоци кои давале сведоштво со заклетва, тие претставуваат добар совет за младите: „Не оди со мнозинството на зло“.

Некој кој безусловно ги следи своите врсници не е ништо друго освен роб. Во Римјаните 6:16, Библијата вели: „Не знаете ли дека, кому му се предавате како робови за послушност, робови сте му на оној, кому му се покорувате?“ Затоа, Библијата ги охрабрува младите да развиваат „способност за размислување“ (Изреки 2:10—12НС). Научи да размислуваш за себеси и така нема да бидеш склон да ги следиш своеволните млади.

Точно, можеби си љубопитен во врска со дрогата и нејзините дејства. Но, не треба да го загадуваш сопствениот ум и тело за да знаеш како дејствува дрогата врз луѓето. Само набљудувај ги твоите врсници кои злоупотребуваат дрога — особено оние кои злоупотребуваат подолг временски период. Дали изгледаат будни и остроумни? Дали ги задржуваат своите оценки? Или, пак, се тапи и невнимателни, понекогаш дури и несвесни за она што се случува околу нив? За да ги опишат таквите, злоупотребувачите на дрога за себе измислиле еден термин „согорени“. Сепак, многу „согорени“ веројатно почнале да користат дрога од љубопитност. Тогаш, не е чудно што Библијата ги поттикнува христијаните да ја задушуваат нездравата љубопитност и да бидат „бебиња во поглед на злобата“ (1. Коринтјаните 14:20НС).

Ти можеш да кажеш не!

Националниот институт за злоупотреба на дрога од САД, објавил една брошура која нѐ потсетува: „Одбивањето на можноста да користиш дрога . . . е твое право. Сите пријатели кои навалуваат на тебе поради твојата одлука, постепено ги нагризуваат твоите права како слободен поединец“. Што можеш да направиш ако некој ти понуди дрога? Имај храброст да кажеш не! Ова не мора да значи дека треба да одржиш една проповед за сите зла кои ги донесува злоупотребата на дрога. Истата брошура предложила едноставно да одговориш: „Не, благодарам, не сакам да пушам“ или „Не, не сакам да си имам проблеми“ или, пак, дури и некој духовит одговор: „Не сум за загадување на телото“. Ако тие се упорни во нивната понуда, можеби ќе треба уверливо да кажеш не! Исто така, како заштита можеби ќе се докаже и тоа ако на другите им дадеш до знаење дека си христијанин.

Да се расте не е лесно. Но, ако се обидеш да ги избегнуваш болките на растењето со тоа што ќе злоупотребуваш дрога, можеш сериозно да ги спречиш твоите шанси да станеш еден одговорен, зрел возрасен човек. Научи директно да се соочуваш со проблемите. Ако изгледа дека притисоците се понадмоќни, не барај излез во хемиски средства. Разговарај за тоа со еден од родителите или со други одговорни возрасни кои можат да ти помогнат да ги средиш работите. Исто така, запомни го библискиот совет: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ преку молитва и преколнување заедно со благодарност, вашите молби нека бидат објавени пред Бог; и мирот Божји кој надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и мисловни сили“ (Филипјаните 4:6, 7НС).

Да, Јехова Бог ќе ти даде сила да кажеш не! Немој никогаш да дозволиш притисокот од другите да ја ослабне твојата одлука. Како што поттикнува Мајк, „не експериментирај со дрогата, затоа што во остатокот од твојот живот ќе страдаш!“

Прашања за дискусија

□ Зошто толку многу млади се заплеткуваат со дрога?

□ Како може земањето дрога да го спречи твојот емоционален развој?

□ Што е познато во врска со дејствувањето на марихуаната врз телото?

□ Какво е библиското гледиште во врска со земањето дрога поради задоволство?

□ Зошто е неопходно да внимаваш на твоето друштво за да останеш понастрана од дрогата?

□ Кои се некои од начините да кажеш не на дрогата?

[Истакната мисла на страница 274]

„Дури и чуварите во нашето училиште продаваат ‚пот‘ “, вели еден младич

[Истакната мисла на страница 279]

„Сфатив дека кога почнав да користам дрога, мојот емоционален развој престана“ (Мајк — поранешен корисник на дрога).

[Рамка на страница 278]

Марихуана — нов чудотворен лек?

Имало многу врева околу тврдењата дека марихуаната можеби има терапевтска вредност во лекувањето на глауком и астма, како и за ублажување на гадењето кое го доживуваат пациентите заболени од рак за време на хемиотерапијата. Еден извештај од Медицинскиот институт од САД признава дека постои некоја вистина во тие тврдења. Но, дали тоа значи дека во блиска иднина лекарите ќе препишуваат цигари од марихуана?

Веројатно не, затоа што иако некои од преку 400-те хемиски соединенија на марихуаната можеби ќе се докажат како корисни, тешко дека пушењето марихуана ќе биде разумен начин на земање такви лекови. „Користењето марихуана“, вели познатиот авторитет д-р Карлтон Тарнер, „би било како да им даваш на луѓето да јадат мувлосан леб за да добијат пеницилин.“ Затоа, доколку некое од соединенијата на марихуаната некогаш стане вистински лек, тогаш лекарите ќе препишуваат „деривати или замени“ на марихуаната, хемиски соединенија кои се слични на нив. Според тоа, не е чудно што министерот за здравје и социјална политика од САД напишал: „Треба да се нагласи дека можните терапевтски користи никако не ја намалуваат важноста на негативните дејства што ги има марихуаната врз здравјето“.

[Слика на страница 275]

Имај храброст да кажеш не на дрогата!

[Слики на страници 276 и 277]

Ако сега бегаш од проблемите земајќи дрога . . . можеби ќе увидиш дека тешко ќе се соочуваш со проблемите како возрасен