Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пиење — зошто не?

Пиење — зошто не?

Поглавје 33

Пиење — зошто не?

‚ДАЛИ е погрешно да се пие? Дали е навистина штетно? Или, дали тоа е погрешно само за мене, но за возрасните во ред?‘ Веројатно, низ твоите мисли поминуваат овие прашања. Најпосле, можеби и твоите родители си го допуштаат тоа. Многу млади луѓе на твоја возраст (и покрај тоа што со законот постојат граници за возраста) пијат. ТВ емисиите и филмовите прават тоа да изгледа привлечно.

Кога се употребува умерено, алкохолот може навистина да биде извор на задоволство. Библијата признава дека виното може да го развесели срцето или дека може да го подобри вкусот на оброкот (Проповедник 9:7). Меѓутоа, кога се злоупотребува, алкохолот создава сериозни проблеми кои варираат од расправии со родителите, наставниците и полицијата па сѐ до прерана смрт. Како што вели Библијата, „виното е потсмевка, ракијата — бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен“ (Изреки 20:1). Затоа е важно да донесеш одговорна одлука во врска со пиењето.

Но, колку всушност знаеш за алкохолот и за неговите дејства? Следниов тест ќе ти овозможи да го откриеш тоа. Едноставно, одбележи ги следниве точки со „точно“ или „неточно“:

1. Алкохолните пијалаци воглавно се стимуланси ․․․․․․․․ ____

2. Алкохолот во каква било количина е штетен за човечкото тело ․․․․․․․․ ____

3. Сите алкохолни пијалаци — жесток пијалак, вино, пиво — се апсорбираат во твојот крвоток со иста брзина ․․․․․․․․ ____

4. Човек може побрзо да се отрезни ако се напие црно кафе или ако застане под ладен туш ․․․․․․․․ ____

5. Иста количина алкохол има исто дејство на секој кој пие ․․․․․․․․ ____

6. Пијанство е исто што и алкохолизам ․․․․․․․․ ____

7. Ако истовремено се земаат алкохол и лекови за смирување (како што се барбитурати), тогаш нивното меѓусебно дејство е повеќекратно ․․․․․․․․ ____

8. Ако некое лице зема различни видови пијалаци, тогаш нема да се опијани ․․․․․․․․ ____

9. Телото го вари алкохолот исто како и храната ․․․․․․․․ ____

Сега, провери ги твоите одговори спрема оние кои се дадени на страница 270. Дали некои од твоите гледишта за алкохолот испаднаа погрешни? Ако да, сфати дека незнаењето во врска со алкохолот може да биде смртоносно. Библијата нѐ предупредува дека, ако не се користи правилно, алкохолот „ќе касне како змија и ќе жилне како отровница“ (Изреки 23:32).

На пример, Џон се оженил додека бил тинејџер. Една ноќ, после една кавга со својата млада сопруга, тој јурнал надвор од куќата решен да се опијани. Откако испил половина литар вотка, паднал во кома. Да не биле напорите на лекарите и медицинските сестри, Џон можел да умре. Очигледно, не сфатил дека ако набрзина се испие поголема количина алкохол, може да биде дури и смртоносно. Незнаењето речиси го чинело живот.

Повратно дејство

Тоа е едно од најподмолните дејства на алкохолот. Алкохолот е депресант, а не стимуланс. Привидното подигање што го чувствуваш откако ќе се напиеш, се појавува затоа што алкохолот го потиснува или го намалува степенот на твојата загриженост. Ти се чувствуваш опуштен, помалку загрижен, помалку вознемирен отколку пред да се напиеш. Затоа, ако се зема во умерени количини, алкохолот може, во извесна мера, да му помогне на едно лице да ги ‚заборави своите болки‘ (Изреки 31:6, 7). На пример, еден младич по име Пол, пиел за да побегне од семејните проблеми. „Многу рано научив дека пиењето е начин да го ублажам притисокот под кој се наоѓав“, се сеќава тој. „Тоа ми ги опушташе мислите.“

Нема никаква штета, нели? Неточно! Алкохолот има повратно дејство. После неколку часови, кога смирувачкото дејство на алкохолот ќе исчезне, степенот на твојата загриженост се враќа — но не во нормални граници. Тој нагло се зголемува на повисок степен отколку пред да се напиеш! Се чувствуваш позагрижен или понапнат отколку порано. Повлекувањето на алкохолот може да трае до 12 часови. Точно е дека ако се напиеш уште една пијачка, степенот на твојата загриженост пак ќе опадне. Но после неколку часови, ќе порасне, овој пат повеќе отколку пред тоа! И така, тоа се движи во една магична спирала на вештачки подеми и уште пониски падови.

И така, на крајот, алкохолот всушност нема да ја намали твојата загриженост. Тој веројатно ќе ја зголеми. И кога алкохолот исчезнува, твоите проблеми сѐ уште се тука.

Спречен емоционален развој

Други тврдат дека алкохолот им помага подобро да дејствуваат. На пример, Денис бил претерано срамежлив и тешко му било да води дури и едноставен разговор. Но, тогаш нешто открил. „После неколку пијачки ќе се одврзев“, рекол тој.

Проблемот е во тоа што човек не созрева бегајќи од тешките ситуации како што правел Денис, туку соочувајќи се со нив. Ако уште како млад научиш да излегуваш накрај со проблемите со кои се соочуваш, тоа ќе биде само една вежба за искушенијата кои ќе ги имаш кога ќе бидеш возрасен. Така, на крајот, Денис открил дека привремените дејства на алкохолот не му помогнале да ја совлада неговата срамежливост. „Кога алкохолот ќе исчезнеше, ќе се вратев во мојата школка“, изјавува тој. А како е сега, со години подоцна? Денис продолжува: „Никогаш вистински не научив да комуницирам со луѓето до степенот на мојот вистински потенцијал. Мислам дека во тој поглед беше спречен мојот развој“.

Истото важи и ако алкохолот го користиш како патерица за да се соочиш со стресот. Џоан, која како тинејџер го правела тоа, признава: „Неодамна, во една стресна ситуација си помислив: ‚Би било убаво баш сега да имам некој пијалак‘. Мислиш дека со пијалакот ќе можеш подобро да се справиш со ситуацијата“. Но, не е така!

Една статија објавена во New York State Journal of Medicine вели: „Кога дрогата [вклучувајќи го и алкохолот] ќе стане средство за олеснување на тешките ситуации — академски, друштвени или меѓучовечки — се потиснува потребата да се научат здрави вештини за снаоѓање во животот. Можеби ефектите нема да се почувствуваат сѐ додека не се стане возрасен, кога испаѓа дека е тешко да се воспостават блиски лични врски, при што поединецот останува емоционално изолиран“. Далеку е подобро директно да се пресретнеш и да се справиш со проблемите и со тешките ситуации!

„Он не зеде“

Размисли за примерот на Исус Христос. Во последната ноќ од својот земен живот, Исус поднел едно тешко искушение кое било многу стресно. Издаден, а потоа уапсен, Исус поднел серија сослушувања во кои против него биле подигнати лажни обвиненија. На крај, откако бил буден цела ноќ, бил предаден за да биде прикован (Марко 14:43—15:15; Лука 22:47—23:25).

Тогаш на Исус му било понудено нешто што би ги отапело неговите чувства — супстанца за промена на расположението која би му олеснила да се соочи со оваа тешка ситуација. Библијата објаснува: „И Му дадоа да пие вино со смирна, но Он не зеде“ (Марко 15:22, 23). Исус сакал да има контрола над сите свои сили. Тој сакал директно да се соочи со оваа тешка ситуација. Не бегал од реалноста! Но подоцна, кога му била понудена очигледно умерена количина вино без наркотик за да ја згасне жедта, Исус прифатил (Јован 19:28—30).

За разлика од неговите, твоите проблеми, притисоци или стресови паѓаат во сенка. Но, сепак, ти можеш да научиш една вредна лекција од Исусовото искуство. Наместо да користиш супстанци за промена на расположението (како што е алкохолот) за да излезеш накрај со проблемите, притисоците и непријатните ситуации, подобро е директно да се соочиш со нив. Колку повеќе стекнуваш искуство во соочувањето со животните проблеми толку подобро ќе научиш да ги решаваш. Ќе растеш во емоционално здрава личност.

Кога ќе станеш полнолетен, без разлика дали ќе избереш повремено — и умерено — да пиеш или да не пиеш, ти (а можеби и твоите родители) ќе треба да донесеш одлука. Нека тоа биде една информирана, разумна одлука. Ако одлучиш да не пиеш, нема за што да се извинуваш. Но, ако си полнолетен и решиш да пиеш, пиј одговорно. Никогаш немој да пиеш поради некакво бегство или за да стекнеш вештачка храброст. Библискиот совет е едноставен и отворен: „Претераното пиење те прави гласен и неразумен. Глупаво е да се опијануваш“ (Изреки 20:1, Today’s English Version).

Прашања за дискусија

□ Зошто многу млади се впуштаат во пиење алкохолни пијалаци?

□ Кои се некои вообичаени погрешни сфаќања за алкохолот?

□ Кои се опасностите кога се комбинираат возењето и пиењето?

□ Какви се опасностите ако се употребува алкохол за да се побегне од проблемите?

□ Што треба да направи еден млад човек кога ќе наиде на проблеми, и зошто?

[Истакната мисла на страница 268]

Пиењето може да намами некое младо лице во една магична спирала на вештачки подеми и уште пониски падови

[Истакната мисла на страница 271]

„Никогаш вистински не научив да комуницирам со луѓето до степенот на мојот вистински потенцијал. Мислам дека во тој поглед беше спречен мојот развој“ (еден млад човек кој злоупотребувал алкохол кога бил тинејџер).

[Рамка на страница 264]

Зошто почнавме да пиеме‘

Интервју со некои кои пиеле кога биле тинејџери

Интервјуист: Зошто пиеше?

Бил: За мене, на почетокот тоа беше заради друштвото во кое бев. Тоа беше „шик“, особено за викендите.

Денис: Почнав да пијам на возраст од околу 14 години или така нешто. Татко ми беше тежок пијаница. Дома секогаш имаше коктел партии. Како дете видов дека пиењето е нешто модерно што се прави во друштво. Потоа, кога станав постар, западнав во едно диво друштво. Пиев за да бидам прифатен од другите деца.

Марк: Бев вклучен во спортот. Претпоставувам дека почнав да пијам отприлика на возраст од околу 15 години, со момчињата од кошаркарскиот тим. Мислам дека тоа беше главно од љубопитност.

Џоун: На мене многу влијаеше она што го гледав на ТВ. Ги гледав глумците како пијат. Тоа изгледаше баш супер.

Пол: Татко ми е алкохоличар. Сега можам да видам дека причината за многуте проблеми што ги имавме беше алкохолизмот. Се обидував да го избегнам. Иронично е што тоа е една од причините зошто се свртев кон пиењето.

Џоун: Моите родители обично не пиеја многу. Но, се сеќавам на една работа во врска со татко ми. Тој имаше обичај во друштво да се фали за тоа колку многу би можел да испие. На некој начин, и јас го развив тој став — мислејќи дека сум посебна. Еднаш со моите пријатели отидовме на една пијанка. Пиевме со часови. Всушност, тоа не влијаеше на мене како на останатите. Се сеќавам како размислував: ‚Јас сум баш како татко ми‘. Мислам дека неговиот став кон алкохолот навистина влијаеше на мене.

Интервјуист: Но, зошто многумина пијат до степен на пијанство?

Марк: Тоа е причината зошто пиевме — за да се опијаниме. Мене не ми се допаѓаше вкусот.

Интервјуист: Значи, ти пиеше заради ефектот?

Марк: Да.

Хари: Јас би го кажал истото. Тоа е како да се искачуваш по некоја скала. Секојпат кога пиеш, посегнуваш по повисоко дејство — до следното скалило на скалата.

[Рамка на страница 270]

Одговори на тестот — „точно“ или „неточно“ (страница 263)

1. НЕТОЧНО. Алкохолот воглавно е депресант. Тој може да те подигне на тој начин што го потиснува или го намалува степенот на твојата загриженост, правејќи да се чувствуваш опуштено, помалку вознемирено отколку пред да се напиеш.

2. НЕТОЧНО. Изгледа дека пиењето алкохол во умерени или мали количини, не нанесува некаква сериозна штета на телото. Но, долготрајното и хронично пиење може да ги оштети срцето, мозокот, црниот дроб и некои други органи.

3. НЕТОЧНО. Жестоките или некои други алкохолни пијалаци обично се апсорбираат побрзо отколку виното и пивото.

4. НЕТОЧНО. Кафето може да те разбуди, а ладниот туш да те наводени, но алкохолот и понатаму продолжува во твојот крвоток сѐ додека црниот дроб не го разгради со брзина од околу 15 грама на час.

5. НЕТОЧНО. Извесен број фактори, како што е твојата телесна тежина и тоа дали си јадел или не, можат да влијаат на тоа како алкохолот дејствува на тебе.

6. НЕТОЧНО. Пијанството се опишува како последица од прекумерно земање алкохол. Алкохолизмот е окарактеризиран со губење контрола над пиењето. Но, не е алкохоличар секој оној што се опијанува ниту, пак, се опијануваат сите алкохоличари.

7. ТОЧНО. Кога ќе се комбинираат со алкохол, некои лекови многу ги зголемуваат вообичаените реакции кои се очекуваат од алкохолот или од лекот одделно. На пример, ако се комбинираат алкохол и средства за смирување или седативи, тоа би можело да има за последица силни симптоми на одвикнување, кома, па дури и смрт. Така, еден пијалак и една таблета имаат далеку поголемо дејство отколку што би можел да си замислиш. Навистина, дејството на лекот се помножува трипати, четирипати, десетпати или уште повеќе!

8. НЕТОЧНО. Пијанството е последица од вкупната количина консумиран алкохол, без разлика дали е тоа џин, виски, вотка или нешто друго.

9. НЕТОЧНО. Алкохолот не мора да се вари бавно како што мора поголемиот дел од храната. Наместо тоа, околу 20 проценти алкохол веднаш поминува во крвотокот преку ѕидовите на стомакот. Останатиот дел оди од стомакот до тенкото црево, и оттаму се апсорбира во крвотокот.

[Рамка/слики на страници 266 и 267]

Возење и пиење — смртоносна комбинација

„Возењето во пијана состојба е главна причина за смртта на млади луѓе на возраст од 16—24 години“, вели Report on the National Conference for Youth on Drinking and Driving од 1984. Навистина, „постои четирипати поголема веројатност еден тинејџер да доживее сообраќајка поврзана со алкохол отколку кој и да е друг возач“ (Just Along for the Ride). Таквото непотребно крвопролевање делумно се должи на тоа што се одржале многу митови во врска со дејствата на алкохолот. Еве неколку типични примери:

МИТ: Безбедно е да се вози ако си испил само неколку пива.

ФАКТ: „Алкохолот кој се наоѓа во две лименки пиво [0,3 литри], кога ќе се испијат за помалку од еден час, може да ја успори реакцијата на возачот за 2/5-ти дел од секундата — дозволувајќи автомобилот кој се движи со брзина од 90 км/час да се движи додатни 10 метри — тоа е можеби разликата помеѓу за конец избегнатиот судар и самиот судар“ (Development of a Traffic Safety and Alcohol Program for Senior Adults од Џејмс Л. Малфети и Дарлен Џ. Винтер).

МИТ: Во ред е да возиш сѐ додека не чувствуваш дека си пијан.

ФАКТ: Опасно е да се потпираш на тоа како се чувствуваш. Алкохолот создава илузија на благосостојба, правејќи возачот да чувствува дека има контрола, кога всушност неговите способности се намалени.

За секого е опасно да комбинира пиење и возење, но тоа е уште поризично за младите. Способноста за возење кај младите кои пијат „побрзо се влошува отколку кај возрасните, поради тоа што возењето за нив е понова и помала рутинска вештина. Накусо речено, повеќето тинејџери се неискусни и во возењето и во пиењето, а уште понеискусни во комбинирањето — пиење и возење“ (Senior Adults, Traffic Safety and Alcohol Program Leader’s Guide од Дарлен Џ. Винтер).

Исто така, еден млад човек се опијанува од помалку алкохол отколку еден возрасен. Младите, главно, имаат помала тежина од возрасните, и колку помалку тежи лицето толку помалку има телесна течност за да го разреди алкохолот што го консумира. Колку е повисока концентрацијата на алкохол во твојот крвоток толку повеќе се опијануваш.

„Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“ (Изреки 22:3). Со оглед на опасностите кои произлегуваат кога се комбинираат пиењето и возењето, ти ќе бидеш ‚умен‘ ако си ветиш дека нема да ги комбинираш двете. На тој начин, не само што ќе се поштедиш од осакатувачки — или смртоносни — повреди туку ќе покажеш и почитување кон животот на другите.

Освен тоа, треба да одлучиш: 1) никогаш не влегувај во автомобил со возач кој пиел и 2) никогаш не дозволувај некој пријател да вози доколку пиел. Тоа можеби ќе го вознемири твојот пријател, но кога ќе се отрезни, можеби ќе го цени тоа што си го направил. (Спореди Псалм 140:5.)

[Слики]

Никогаш не влегувај во автомобил со возач кој пиел и никогаш не дозволувај некој пријател да вози доколку пиел

[Слики на страница 262]

Врсниците, телевизијата, а понекогаш дури и родителите, можат да влијаат на младите да почнат да пијат

[Слика на страница 265]

Алкохолот, кога се злоупотребува, може да ‚каса како змија‘

[Слики на страница 269]

Пиењето и возењето честопати водат до ова