Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали да го напуштам училиштето?

Дали да го напуштам училиштето?

Поглавје 17

Дали да го напуштам училиштето?

ЏЕК работел како службеник за контролирање на присутноста во училиштето преку 25 години. Затоа, оној млад човек кој бега од часови тешко може да дојде со оправдување кое Џек веќе не го слушнал. „Децата ми кажуваа сѐ и сешто“, вели тој, „како на пример: ‚Мислев дека денес ќе се разболам‘ . . . ‚Умре дедо ми од Алјаска‘.“ Кое било „омилено“ оправдување за Џек? Тоа од трите момчиња кои тврделе дека „не можеле да го најдат училиштето затоа што имало премногу магла“.

Овие замрсени слаби изговори ја илустрираат одбивноста што ја имаат многу млади кон училиштето, и често варираат од рамнодушност („Па, мислам дека е во ред“) до отворено непријателство („Училиштето ми смрди! Го мразам“). На пример, кога Гери ќе станел за на училиште, веднаш ќе му се слошело во желудникот. Тој рекол: „Кога ќе се приближев до училиштето, почнував да се потам и станував многу нервозен . . . Едноставно ќе морав да се вратам дома“. На сличен начин, многу млади страдаат од опсесивен страв од училиштето — нешто што лекарите го нарекуваат училишна фобија. Неа честопати ја предизвикуваат училишното насилство, грубоста на врсниците и притисокот да се добијат добри оценки. Таквите млади можеби (со малку наговарање од родителите) одат на училиште, но страдаат од постојан немир, па дури и од физичка болка.

Не е за изненадување тоа што еден алармантен број млади луѓе одлучуваат воопшто да не одат на училиште! Само во Соединетите Држави, секој ден се отсутни околу два и пол милиони ученици од основното и средното училиште! Една статија од The New York Times додала дека во средните училишта во Њујорк Сити има толку многу (околу една третина) „хронично отсутни, што речиси е невозможно да им се одржува настава“.

Други млади, пак, преземаат уште подрастични чекори. „Училиштето беше досадно, престрого“, рекол еден млад човек по име Валтер. Тој се отпишал од средното училиште. Така постапила и една девојка по име Антонија. Таа имала тешкотија со нејзината училишна работа. „Како би можела да сработам задача ако не сум го разбрала тоа што сум го прочитала?“ прашала таа. „Само седев таму, станувајќи сѐ потапа и потапа, па затоа и го напуштив.“

Како што е познато, школските системи ширум светот се измачуваат со сериозни проблеми. Но, дали е тоа причина за да го изгубиш сиот интерес за училиштето и да прекинеш? Какви последици би можело да има прекинувањето врз твојот подоцнежен живот? Има ли добри причини да останеш в училиште сѐ додека не земеш диплома?

Вредноста на образованието

Мајкл се вратил в училиште за да добие еквивалент на дипломата за средно училиште. Кога бил запрашан зошто, тој рекол: „Сфатив дека ми треба образование“. Но, што точно е „образованието“? Способност да се изрецитира некоја импресивна низа факти? Тоа не го прави образованието како што ни куп цигли не прави куќа.

Образованието треба да те подготви за успешен живот кога ќе станеш возрасен. Ален Остил, кој 18 години бил управник на едно училиште, зборувал за „образованието кое те учи како да размислуваш, да ги решаваш проблемите, што е разумно а што неразумно, основната способност јасно да размислуваш, да знаеш што е податок и да ги знаеш врските помеѓу деловите и целината. Исто така, да научиш како да учиш, како да ги правиш овие просудувања и разлики“.

А како се вклопува училиштето во тоа? Пред многу векови, царот Соломон напишал изреки за „да им даде на неискусните остроумност, на младиот човек спознание и способност на размислување“ (Изреки 1:1—4НС). Да, неискуството оди со младоста. Но, училиштето може да ти помогне да ја храниш и да ја негуваш способноста на размислување. Тоа не е способност само да се изрецитираат факти туку и да се анализираат и од нив да се извлекуваат продуктивни идеи. Иако многумина го критикуваат начинот на кој некои училишта пристапуваат кон учењето, училиштето навистина те тера да го користиш својот ум. Точно е тоа дека решавањето геометриски проблеми или памтењето список со историски датуми можеби изгледа како да нема врска со твојот живот во тоа време. Но, како што напишала Барбара Мајер во The High School Survival Guide (Водич за преживување во средното училиште), „нема секој да ги запомни сите факти и делчиња од спознанието кои наставниците сакаат да ги ставаат во тестовите, но вештините, на пример, да се учи како да се проучува и како да се планира, никогаш нема да се заборават“.

Тројца универзитетски професори кои ги проучувале долгорочните ефекти од образованието, на сличен начин заклучиле дека „пообразованите навистина имаат пошироко и подлабоко спознание не само за фактите од книгите туку и за современиот свет и дека тие најверојатно ќе бараат спознание и ќе бидат навикнати на изворите на информации . . . Се увидело дека овие разлики остануваат и покрај стареењето и многуте години после училиштето“ (The Enduring Effects of Education — Долготрајните ефекти на образованието).

Но што е најважно од сѐ, образованието може да те опреми да ги извршуваш своите христијански одговорности. Ако си стекнал добри навики за проучување и си ја совладал уметноста на читање, можеш полесно да ја проучуваш Божјата Реч (Псалм 1:2). Со тоа што во училиштето си научил да се изразуваш, можеш полесно да ги поучуваш другите за библиските вистини. Спознанието од историја, наука, географија и математика исто така е корисно и ќе ти помогне да воспоставиш врска со луѓе од различни позадини, интереси и верувања.

Училиште и вработување

Исто така, училиштето има големо влијание врз твоите идни изгледи за вработување. Како?

За вештиот работник, мудриот цар Соломон рекол: „Тој ќе стои пред цареви, нема да стои пред прости“ (Изреки 22:29). Тоа денес сѐ уште е случај. „Без вештини, можеш да заостанеш во многу работи во животот“, рекол Ернст Грин од Одделот за труд во Соединетите Држави.

Тогаш, разбирливо е тоа што оние кои го напуштаат училиштето имаат слаб изглед за работа. Валтер (претходно цитиран) го научил тоа на еден тежок начин. „Многупати конкурирав за работа и не можев да добијам затоа што немав диплома.“ Исто така, тој признал: „Понекогаш луѓето користат зборови што јас не ги разбирам и се чувствувам глупаво“.

Невработеноста помеѓу младите кои имаат од 16 до 24 години, а кои го прекинале средното училиште, „е скоро двапати поголема од нивните врсници кои добиле диплома и речиси трипати поголема од вкупната стапка на невработеност“ (The New York Times). „Оние кои не го продолжуваат своето образование, ги затвораат вратите на приликата“, додава авторот Ф. Филип Раис во својата книга The Adolescent. Оној кој прекинал, веројатно не ги совладал основните вештини кои му се потребни за да изврши и наједноставни работи.

Во својата книга The Literacy Hoax (Измама со писменоста), Пол Копермен пишува: „Една неодамнешна студија покажува дека, за да се задржи работа за готвач, потребно е да се има степен на читање приближно како од седмо одделение, за работа како механичар — степен од осмо одделение, работа на магационер — степен од прва или втора година средно училиште“. Тој продолжува: „Верувам дека е разумно да се заклучи дека работата на наставник, медицинска сестра, сметководител или инженер би изискувала повисоко ниво од минималната способност за читање“.

Тогаш, јасно е дека учениците кои навистина се зафаќаат да ги научат основните вештини, како што е читањето, ќе имаат далеку подобри можности за работа. Но, која друга доживотна корист може да произлезе од посетувањето на училиштето?

Подобар „ти“

Таа доживотна корист е спознавањето на твоите добри страни и твоите слабости. Мишел, која неодамна прифатила работа на подрачјето на компјутерите, забележала: „На училиште научив како да работам под притисок, како да ги полагам испитите и како да се изразувам“.

‚Училиштето ме научи како да гледам на неуспехот‘, вели една млада девојка. Таа била склона другите, а не себеси, да ги гледа како причина за нејзините неуспеси. Други, пак, извлекле корист од дисциплинираната школска рутина. Многумина ги критикуваат училиштата поради ова, тврдејќи дека тоа ги задушува младите умови. Сепак, Соломон ги охрабрил младите ‚да ја познаат мудроста и поуката‘ (Изреки 1:2). Училиштата во кои преовладува дисциплина, навистина создале многу дисциплинирани, но сепак креативни умови.

Затоа, разумно е потполно да ги искористиш твоите школски години. Како можеш да го сториш тоа? Да започнеме со твоите училишни задачи.

Прашања за дискусија

□ Зошто толку многу млади имаат негативно гледиште кон училиштето? Што мислиш ти за тоа?

□ Како училиштето помага човек да развие способност на размислување?

□ Како би можело напуштањето на училиштето да влијае на твојата идна можност да добиеш работа, и зошто?

□ Кои понатамошни лични користи можат да произлезат ако истраеш на училиште?

[Истакната мисла на страница 135]

„Само седев таму, станувајќи сѐ потапа и потапа, па затоа и го напуштив“

[Истакната мисла на страница 138]

„Една неодамнешна студија покажува дека, за да се задржи работа за готвач, потребно е да се има степен на читање приближно како од седмо одделение, за работа како механичар — степен од осмо одделение, работа на магационер — степен од прва или втора година средно училиште“

[Слики на страница 136]

Дисциплината која ја учиш на училиште може да ти користи во остатокот од твојот живот

[Слика на страница 137]

Изгледите за работа се слаби за оние кои не ги совладале основните вештини кои се учат на училиште