Зошто децата не ме остават на мира?
Поглавје 19
Зошто децата не ме остават на мира?
Одот на момчето јасно го издава. Напнато и несигурно во себе, тоа е очигледно збунето поради новата околина. Постарите ученици веднаш го здогледуваат како ново дете во училиштето. За неколку моменти, тоа е обиколено со млади кои почнуваат да се нафрлаат на него со непристојни зборови! Вцрвенето од едното уво до другото, тоа бега во најблиското засолниште — тоалетот. Од ѕидовите одекнува смеа.
ШИКАНИРАЊЕТО, задевањето и навредувањето на другите е груба разонода на многумина млади. Дури и во библиски времиња, некои млади покажале една злобна карактерна црта. На пример, една група млади момчиња еднаш го шиканирале пророкот Елисеј. Покажувајќи презир кон неговата служба, младите без почитување извикувале: „Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!“ (4. Царства 2:23—25). Денес, многу млади на сличен начин се склони да прават навредувачки, штетни забелешки за другите.
„Јас бев џуџето на мојот деветти клас“, се сеќава еден од авторите на книгата Growing Pains in the Classroom (Породилни маки во училницата). „Да се биде најбистро и најниско дете во училницата беше страшна комбинација за некој кој е седмо или осмо одделение: оние кои не сакаа да ме удираат поради тоа што бев џуџе, ме удираа поради тоа што бев бистро момче. Освен ‚четири очи‘, ме нарекуваа и ‚речник со нозе‘, како и 800 други епитети [навредливи зборови].“ Авторот на The Loneliness of Children (Осаменоста на децата), додава: „Децата со физички хендикеп, говорни маани или очигледни физички необичности или необичности во однесувањето, брзо стануваат мета на задевање од страна на другите деца.
Понекогаш младите се бранат себеси со тоа што се впуштаат во она што претставува груб натпревар: префрлувајќи си сѐ поголеми навреди (кои често се однесуваат на родителите на другиот) еден спрема друг. Но, многу млади се беспомошни во борбата против шиканирањето од соучениците. Еден млад човек се сеќава дека некои денови, поради задевањето и шиканирањето од соучениците, бил толку исплашен и несреќен, што ‚помислувал дека ќе повраќа‘. Тој не можел да се концентрира на учењето затоа што бил загрижен поради тоа што би му направиле другите ученици.
Во тоа нема ништо смешно
Дали си бил предмет на грубоста на врсниците? Тогаш, можеби ќе се утешиш со сознанието дека Бог не гледа на тоа како на нешто смешно. Разгледај го библискиот извештај за една прослава што била подготвена за да се прослави одбивањето од доење на Авраамовиот син, Исак. Очигледно љубоморен на наследството што требало да го прими Исак, Авраамовиот постар син, Исмаил, почнал да му „се потсмева“ на Исак. Меѓутоа, не било тоа ни најмалку пријателска шега, туку задевањето претставувало ‚гонење‘ (Галатјаните 4:29). Така, Исаковата мајка, Сара, осетила дека зад тоа задевање стои непријателство. Видела дека тоа е навреда за Јеховината намера да произведе „семе“, т. е. Месија преку нејзиниот син, Исак. На барање на Сара, Исмаил и неговата мајка биле отпуштени од Авраамовото домаќинство (1. Мојсеева 21:8—14).
Евреите 11:36). Нив треба да ги пофалиме за нивната храброст што истрајуваат во таквите понижувања!
На сличен начин, нема ништо смешно кога младите злонамерно те шиканираат — особено кога тоа го прават поради тоа што настојуваш да живееш според библиските мерила. На пример, христијанските млади се познати по тоа што ја споделуваат својата вера со другите. Но, како што рекла една група млади сведоци на Јехова, „децата на училиште ни се исмејуваат поради тоа што проповедаме од врата до врата, и нѐ понижуваат поради тоа“. Да, како и верните Божји слуги во древни времиња, многу христијански младинци се ‚подигрувани‘ (Зошто го прават тоа
И покрај тоа, можеби се прашуваш како да постигнеш твоите мачители да те остават на мира. Како прво, размисли зошто тие те задеваат. „И при смеа понекогаш срцето боли“, вели Библијата во Изреки 14:13. Кога група млади шиканираат некого, избива смеа. Но, тие не „извикуваат радосно поради добрата состојба на срцето“ (Исаија 65:14, НС). Честопати, смеата е само камуфлажа на внатрешниот немир. Зад дрското однесување, мачителите би можеле всушност да велат: ‚Ние не се сакаме себеси, но кога понижуваме некого, тоа нѐ прави да се чувствуваме подобро‘.
И љубомората ги поттикнува нападите. Сети се на библискиот извештај за тинејџерот Јосиф, чии сопствени браќа го нападнале поради тоа што тој бил миленик на татко му. Силната љубомора водела не само до усна навреда туку дури и до размислување за убиство! (1. Мојсеева 37:4, 11, 20). И денес, ученикот кој е исклучително паметен или сакан од наставниците може да побуди љубомора кај своите врсници. Изгледа дека со навредите ‚го спуштаат на земја‘.
Спрема тоа, причини за исмејување честопати се несигурноста, љубомората и ниското самопочитување. Тогаш, зошто да го изгубиш своето самопочитување поради тоа што некој несигурен млад човек го изгубил своето?
Да се запре шиканирањето
„Блажен е оној човек што . . . не седи во друштво на развратници [потсмевачи, НС]“, вели псалмистот (Псалм 1:1). Ако некој се придружува во потсмевањето за да го одврати вниманието од себеси, само го продолжува кругот со навреди. „Никому не враќајте зло за зло . . . победи го злото со доброто“, е божествениот совет (Римјаните 12:17—21).
Понатаму, Проповедник 7:9 вели: „Не станувај со духот свој брз на гнев [да се навредиш, НС], зашто гневот почива во пазувите на безумните“. Да, зошто да го сфаќаш задевањето толку сериозно? Се разбира, боли кога некој си прави вицеви на сметка на твојата телесна градба или наоѓа забава во твоите маани на лицето. Меѓутоа, забелешките, колку и да се невкусни, не мора да значи дека се и злонамерни. Затоа, ако некој наивно — или дури можеби не така наивно — те погоди во некоја ранлива точка, зошто да бидеш скршен? Ако она што е кажано не е нешто непристојно ниту без почит, обиди се да гледаш на него како на хумор. Има „време кога се смее“ и ако некој се вреѓа при шеговито задевање, можеби реагира претерано (Проповедник 3:4).
Но, што ако задевањето е грубо или дури и опако? Запомни дека потсмевачот сака да се радува на твојата реакција, да ужива во твојата беда. Ако возвраќаш навредливо, ако се браниш или фатиш да плачеш, веројатно тоа ќе го охрабри да продолжи со шиканирањето. Зошто да му направиш на некого задоволство да те гледа вознемирен? Честопати, најдобриот начин за да ги одбиеш навредите е ноншалантно да ги игнорираш.
Понатаму, царот Соломон рекол: „Не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува, за да не го чуеш и слугата свој, кога те навредува; зашто срцето твое знае многу работи, кога и ти самиот си навредувал други“ (Проповедник 7:21, 22). Да ‚обрнуваш внимание‘ на зајадливите забелешки на потсмевачите, би значело да бидеш претерано загрижен во врска со нивното мислење за тебе. Дали нивното мислење е полноважно? Апостол Павле бил неправедно нападнат од љубоморните врсници, но одговорил: „За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе . . . судија ми е Господ“ (1. Коринтјаните 4:3, 4). Павловиот однос со Бог бил толку јак што имал доверба и внатрешна сила да одолее на неправедните напади.
Дозволи твојата светлина да свети
Понекогаш можеби ќе те исмејуваат поради твојот начин на живот како христијанин. Самиот Исус Христос морал да издржи таква „поруга“ (Евреите 12:3). И Јеремија ‚секој ден станувал за потсмев‘ поради тоа што смело ја зборувал Јеховината порака. Шиканирањето траело толку долго што Јеремија привремено го изгубил својот стимул. „Нема веќе да спомнувам за Него [Јехова, НС], ниту ќе зборувам во Негово име“, решил тој. Но, неговата љубов кон Бог и вистината конечно го натерале да го надмине својот страв (Јеремија 20:7—9).
Денес, на сличен начин, некои христијански младинци се чувствуваат обесхрабрени. Желни да го запрат задевањето, некои се обиделе да го притаат фактот дека се христијани. Но, честопати љубовта кон Бог конечно ги наведува таквите да го надминат својот страв и да ‚дозволат да свети нивната светлина‘! (Матеј 5:16, НС). На пример, еден тинејџер рекол: „Мојот став се промени. На тоа што сум христијанин престанав да гледам како на товар кој треба да се носи, и почнав да гледам како на нешто со кое се гордеам“. И ти можеш да се ‚фалиш‘ со предноста што го познаваш Бог и што тој те користи за да им помагаш на другите (1. Коринтјаните 1:31).
Но, не си навлекувај непријателство со тоа што постојано ќе ги критизираш другите или, пак, ќе им оставаш впечаток дека мислиш дека си супериорен. Додека се појавуваат прилики да ја споделуваш својата вера, прави го тоа, но со „благост и длабоко почитување“ (1. Петрово 3:15, НС). Тоа што си познат по доброто однесување може да се покаже како твоја најголема заштита додека си на училиште. Иако можеби на другите нема да им се допаѓа твојот храбар став, тие честопати нерадо ќе те почитуваат поради тоа.
Една девојка по име Ванеса била шиканирана од група девојки кои ја удирале, постапувале заповеднички со неа, ѝ ги туркале книгите од рацете — сѐ во обид да испровоцираат борба. Тие дури ѝ истуриле чоколадно млеко врз главата и врз чистиот бел фустан. Но, таа никогаш не попуштила на провокацијата. После некое време, Ванеса ја сретнала девојката која била водач на групата, и тоа на еден конгрес на Јеховините сведоци! „Те мразев . . .“, рекла поранешната насилничка. „Сакав да видам како ти пука филмот, макар еднаш.“ Но, нејзината љубопитност во врска со тоа како Ванеса ја задржала својата сталоженост довела до тоа да прифати библиска студија со Јеховините сведоци. „Се вљубив во она што го дознав“, продолжила таа, „и утре ќе се крстам.“
Затоа, не дозволувај ‚поругата‘ од врсниците да го скрши твојот дух. Кога е прикладно, покажи смисла за хумор. На злото одговори со љубезност. Одбивај да ги потхрануваш искрите на расправија, и со тек на времето твоите мачители можеби нема да наоѓаат повеќе задоволство во тоа да те имаат како мета за потсмевање, затоа што „кога нема веќе дрва, огнот згаснува“ (Изреки 26:20).
Прашања за дискусија
□ Како гледа Бог на оние кои грубо ги задеваат другите?
□ Што стои честопати зад шиканирањето од страна на младите?
□ Како можеш да го намалиш или дури да го запреш исмејувањето?
□ Зошто е важно да ‚дозволиш да свети твојата светлина‘ в училиштето, дури и кога другите те задеваат?
□ Кои чекори можеш да ги преземеш за да се заштитиш од насилството в училиште?
[Истакната мисла на страница 155]
Зад дрското однесување, мачителите би можеле всушност да велат: ‚Ние не се сакаме себеси, но кога понижуваме некого, тоа нѐ прави да се чувствуваме подобро‘
[Рамка на страница 152]
Како можам да избегнам да ме тепаат?
,Кога доаѓаш на училиште, си го ставаш животот на коцка.‘ Така велат многу ученици. Но, да се носи оружје е бесмислено и предизвикува неволја (Изреки 11:27). Тогаш, како можеш да се заштитиш?
Знај ги и избегнувај ги опасните места. Ходниците, скалиштата и гардеробите во некои училишта, се вистински места на неволја. А тоалетите се толку озлогласени како собиралишта за тепачки и користење дрога што многу млади се поспремни да поднесуваат неудобност отколку да ги користат овие простории.
Внимавај на твоето друштво. Честопати некој младинец е вовлечен во тепачката едноставно поради тоа што тој се дружи со погрешно друштво. (Види Изреки 22:24, 25.) Се разбира, ако ги игнорираш твоите соученици, тоа би можело да ги отуѓи или да ги направи непријателски настроени кон тебе. Ако си пријателски настроен и пристоен кон нив, тие можеби ќе бидат посклони да те остават на мира.
Тргај се од тепачки. Избегнувај ‚да се принудувате еден со друг на пресметка‘ (Галатјаните 5:26, НС, фуснота). Дури и ако излезеш како победник во тепачката, твојот противник можеби едноставно ќе чека да му дојде времето за реванш. Затоа, најпрво обиди се да се извлечеш од тепачката со зборови (Изреки 15:1б). Ако со зборови е безуспешно, замини си — или дури трчај — подалеку од насилна конфронтација. Запомни: „Куче живо е подобро, отколку мртов лав“ (Проповедник 9:4). Како последно средство, преземи какви и да било разумни мерки кои се потребни за да се заштитиш и одбраниш (Римјаните 12:18).
Разговарај со твоите родители. Младите „ретко ги известуваат своите родители за училишниот терор, поради страв дека родителите ќе помислат дека се кукавици или ќе ги укоруваат затоа што не им се спротивставиле на насилниците“ (The Loneliness of Children). Меѓутоа, честопати интервенцијата на родителот е единствениот начин да запре неволјата.
Моли му се на Бог. Бог не ти гарантира дека ќе бидеш поштеден од физичка повреда. Но, тој може да ти даде храброст да се соочиш со конфронтациите и мудрост која е потребна за да ја смириш ситуацијата (Јаков 1:5).
[Слика на страница 151]
Многу млади се жртви на шиканирање од страна на врсниците
[Слика на страница 154]
Исмејувачот сака да ужива во твојата беда. Ако му возвраќаш навредливо или фатиш да плачеш, би можел дури и да го охрабриш и понатаму да те вознемирува
[Слика на страница 156]
Обиди се кога те задеваат да покажуваш смисла за хумор