Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каква кариера да изберам?

Каква кариера да изберам?

Поглавје 22

Каква кариера да изберам?

‚ШТО да правам со остатокот од мојот живот?‘ Порано или подоцна ќе се соочиш со ова предизвикувачко прашање. Се нуди збунувачка низа избори — медицина, бизнис, уметност, образование, компјутерска наука, инженерство, занаети. Можеби и ти се чувствуваш како младичот кој рекол: „Она што јас сметам дека е успешно . . . е да се задржи удобниот стандард со кој си пораснал“. Или, како и другите, можеби сонуваш за подобрување на својата финансиска состојба во животот.

Но, дали успехот вклучува нешто повеќе отколку само финансиска добивка? Може ли некоја световна кариера да ти донесе вистинска исполнетост?

,Ништо не значеше‘

Волшебно, возбудливо, профитабилно! На тој начин филмовите, ТВ-то и книгите честопати ги прикажуваат световните кариери. Но, за да се постигне т. н. успех, кариеристите честопати мораат да се натпреваруваат еден со друг во борбата за признавање, до живот и смрт. Д⁠-​р Даглас Ла Бјер кажува дека младите возрасни луѓе, од кои многумина „имаат кариери со брзо темпо и висока технологија, известуваат за чувства на незадоволство, грижа, депресија, празнина, параноја, како и цела низа физички тегоби“.

Уште одамна, царот Соломон ја расветлил ништожноста на чисто световниот успех. Поткрепен од практично безгранични средства, Соломон изградил зачудувачки список на кариеристички постигнувања. (Читај Проповедник 2:4—10.) Сепак, Соломон заклучил: „И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете — сѐ беше суета [увидов дека ништо не значеше, Today’s English Version] и мака за духот“ (Проповедник 2:11).

Една работа веројатно ќе донесе богатство и признание, но таа не може да задоволи нечии ‚духовни потреби‘ (Матеј 5:3НС). На тој начин задоволството ги заобиколува оние кои ги градат своите животи единствено околу световното достигнување.

Кариера што задоволува

Цар Соломон советува: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, НС] за човекот“ (Проповедник 12:13). Првенствена обврска за христијаните денес е да ја проповедаат пораката за Царството (Матеј 24:14). А младите кои сериозно ја земаат својата обврска пред Бог се чувствуваат наведени да имаат колку што е можно попотполно учество во ова дело — дури и ако не се природно наклонети кон проповедањето. (Спореди 2. Коринтјаните 5:14.) Наместо да тежнеат по световно вработување со целосно работно време, илјадници избрале да служат како полновремени евангелизатори — како пионери. Други служат како странски мисионери или во канцелариите на подружниците на Watch Tower Society.

Емили, која се откажала од кариерата на главна секретарка за да стане пионер, вели: „Развив вистинска љубов за ова дело“. Да, полновремената служба е најзадоволувачката, највозбудлива кариера што може да се замисли! А каква поголема предност би можел некој да има отколку да биде еден од ‚соработниците на Бога‘? (1. Коринтјаните 3:9).

Универзитетско образование — корисно?

Повеќето министри — пионери се издржуваат себеси со работа со скратено работно време. Но, што ако подоцна треба да издржуваш семејство? Сигурно дека никој никогаш не би жалел што годините од младоста ги посветил во Божјата служба! Сепак, зарем не е разумно некој млад човек прво да стекне универзитетска титула и можеби подоцна да тежнее кон службата?

Се разбира, Библијата не образложува точно колку години школување треба да стекне некој млад христијанин. Ниту, пак, таа го осудува образованието. Јехова, ‚Големиот Учител‘, го охрабрува својот народ добро да чита и јасно да се изразува (Исаија 30:20НС; Псалм 1:2; Евреите 5:12). Понатаму, образованието може да го прошири нашето разбирање за луѓето и за светот во кој живееме.

И покрај тоа, дали универзитетската титула секогаш вреди за да ѝ се посвети огромното време и парите што ги бара? * Иако статистиките покажуваат дека кај универзитетските дипломци платите се повисоки а невработеноста помала отколку кај матурантите со средно училиште, книгата Planning Your College Education нѐ потсетува дека ова се само просечни статистики. Само малкумина од универзитетските дипломци всушност добиваат плати високи до небото; остатокот од нив добиваат плати што се далеку пореални. Освен тоа, високите доходи што им се припишуваат на универзитетските дипломци можат да бидат резултат и на такви фактори како што се „необични способности, мотивација, можностите во средината за вработување . . . посебни таленти“ — а не едноставно на износот на нивното образование.

„Титулата [универзитетска] повеќе не гарантира успех на пазарот на трудот“, вели Министерството за труд во САД. „Бројот [на универзитетските дипломци] вработени во професионалните, техничките и управните струки . . . опаднал поради тоа што овие струки не се ширеле доволно брзо за да го опфатат сѐ поголемиот број дипломци. Како резултат на тоа, приближно секој 5-ти [универзитетски] дипломец кој влегол на пазарот на трудот помеѓу 1970 и 1984 прифатил работа која обично не барала титула. Овој преголем број дипломци веројатно ќе продолжи и во средината на 1990-тите“.

Да се размисли за понатамошни факти

Универзитетската титула можеби ќе ги подобри или можеби нема да ги подобри твоите изгледи за вработување. Но, еден факт е неоспорен: „Преостанатото време е скратено!“ (1. Коринтјаните 7:29НС). И покрај сите тие очекувани користи, дали четирите или повеќе години на универзитет ќе претставуваат најдобра употреба на тоа преостанато време? (Ефесјаните 5:16НС).

Дали универзитетското образование ќе те насочи кон твоите духовни цели или ќе те оддалечи од нив? Запомни, високиот доход не е приоритетот за христијаните (1. Тимотеј 6:7, 8). Сепак, една анкета спроведена меѓу универзитетски управници од САД, ги опишала денешните студенти како „кариеристички ориентирани, заинтересирани за материјален успех, заинтересирани за себе“. Една група студенти рекла: „Пари. Изгледа дека зборуваме само за парите“. Како би можело да влијае на тебе тоа што си потонат во атмосфера на силна конкуренција и себичен материјализам?

Универзитетите можеби повеќе ги немаат бунтовничките сцени од 1960-тите. Но, намалувањето на универзитетскиот неред одвај значи дека универзитетската средина е здрава. Една студија за животот во универзитетскиот град заклучила: „Студентите сѐ уште имаат речиси неограничена слобода на личен и општествен план“. Слободно се користи дрога и алкохол, додека промискуитетот е правило — а не исклучок. Ако ова е случај со универзитетите во твојата земја, би можело ли живеењето таму да го попречи твојот обид да останеш морално чист? (1. Коринтјаните 6:18).

Друга грижа е добро потврдената врска помеѓу изложеноста на високо образование и намалената „приврзаност кон најбитните религиозни начела“ (The Sacred in a Secular Age). Притисокот да се задржат високи оценки предизвикал некои христијански млади да ги занемарат духовните активности и на тој начин да станат ранливи на нападот од световното размислување кое го унапредуваат универзитетите. Некои доживеале бродолом на нивната вера (Колосјаните 2:8).

Алтернативи за универзитетско образование

Со оглед на овие факти, многу христијански младинци не се одлучиле за универзитетско образование. Многумина увиделе дека обучувањето кое се нуди во собранијата на Јеховините сведоци — особено седмичната Теократска школа за служба — им дава вистинска предност да најдат вработување. Иако не поседуваат универзитетска титула, таквите млади учат да бидат урамнотежени, вешто да се изразуваат и да бидат сосема способни да носат одговорност. Понатаму, додека се во средно училиште, некои земаат курсеви по дактилографија, програмирање компјутери, авто⁠-​сервис, работа со машини итн. Таквите вештини можеби ќе помогнат за вработување со скратено работно време и честопати се многу барани. И иако многу млади го презираат ‚работењето со свои раце‘, Библијата го возвишува ‚тешкото работење‘ (Ефесјаните 4:28НС; спореди Изреки 22:29). Па дури и самиот Исус Христос толку добро научил занает што бил наречен „дрводелецот“! (Марко 6:3).

Точно, во некои земји универзитетските дипломци толку го преплавиле пазарот на трудот што тешко е да се добие дури и вообичаена работа без некоја додатна работна квалификација. Но, честопати постојат програми за учење занаети, стручни или технички училишта и краткорочни универзитетски курсеви што поучуваат за вештини кои имаат вредност на пазарот, со минимум вложување време и пари. Исто така, немој да заборавиш дека има еден фактор кој статистиките за вработување не го земаат предвид: Божјето ветување да се погрижи за оние кои им даваат приоритет на духовните интереси (Матеј 6:33).

Изгледите за вработување и образовните системи варираат од место до место. Младите имаат различни способности и склоности. И додека кариерата во христијанската служба е препорачана како корисна, сепак тоа е работа на личен избор. Затоа, при одлучувањето колкаво образование е разумно за тебе, ти и твоите родители мора грижливо да ги одмерите сите фактори кои се вклучени. „Секој ќе го понесе своето бреме“ при донесувањето такви одлуки (Галатјаните 6:5).

Ако, на пример, твоите родители инсистираат на тоа да одиш на универзитет, ти немаш друг избор освен да ги слушаш сѐ додека живееш под нивни надзор * (Ефесјаните 6:1—3). Можеби ќе можеш да продолжиш да живееш дома и да избегнеш да бидеш фатен во универзитетската сцена. Биди селективен при твојот избор на курсеви, на пример, сосредоточувајќи се повеќе на тоа да научиш работни вештини отколку световни филозофии. Внимавај на твоето друштво (1. Коринтјаните 15:33НС). Остани духовно јак преку присуството на состаноците, службата на теренот и личната студија. Некои млади кои биле принудени да се запишат на универзитет успевале дури и да пионерат на тој начин што избрале распоред на предавања кој им го овозможувал тоа.

Избери ја твојата кариера внимателно и во молитва така што ќе ти донесе не само лична среќа туку и ќе ти овозможи да ‚си собираш богатства на небото‘ (Матеј 6:20).

[Фусноти]

^ пас. 15 Во Соединетите Држави, универзитетските трошоци чинат просечно преку 10.000 долари годишно! Честопати тоа бара студентите со години да ја отплатуваат својата задолженост.

^ пас. 26 Можеби нема да биде неопходно да добиеш четиригодишен степен за да им угодиш на твоите родители. Во Соединетите Држави, на пример, работодавачите на многу професионални и услужни полиња прифаќаат второстепена диплома која може да се добие само за две години.

Прашања за дискусија

□ Зошто световните кариери честопати не успеваат да донесат лична среќа?

□ Зошто треба сите млади кои се плашат од Бог да размислат за кариерата на полновремена служба?

□ Кои се наводните користи од високото образование и дали таквите тврдења секогаш се покажале како точни?

□ Кои опасности би можело да ги создаде универзитетското образование?

□ За кои алтернативи на универзитетското образование може да размисли еден млад човек?

[Истакната мисла на страница 175]

Една работа веројатно ќе донесе богатство и признание, но таа не може да задоволи нечии ‚духовни потреби‘

[Истакната мисла на страница 177]

„Титулата [универзитетска] повеќе не гарантира успех на пазарот на трудот“