Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да ги поправам моите оценки?

Како можам да ги поправам моите оценки?

Поглавје 18

Како можам да ги поправам моите оценки?

КОГА извесен број ученици од основно училиште биле запрашани: ‚За што си најмногу загрижен?‘, 51 процент одговориле: „За оценките!“

Не е за изненадување тоа што школските оценки се најголемиот извор на загриженост меѓу младите. Оценките можат да одредат дали ќе земеш диплома или ќе заостанеш, дали ќе добиеш добро платено работно место или ќе добиваш само минимална плата, дали ќе добиеш пофалба од родителите или ќе си го навлечеш нивниот гнев. Како што е познато, оценките и испитите имаат свое место. Па и Исус Христос честопати го проверувал разбирањето на неговите ученици за извесни работи (Лука 9:18). И како што книгата Measurement and Evaluation in the Schools вели, „резултатите од испитите можат да откријат на кои подрачја се јаки а на кои слаби поединечни ученици и можат да дејствуваат како мотивирачки средства за понатамошното учење“. Твоите оценки исто така служат за да им дадат на твоите родители некаков увид за тоа како ти оди училиштето — на добро или на лошо.

Да се најде рамнотежа

Меѓутоа, преголемата грижа за оценките може да создаде парализирачки притисоци и да запали жестока конкуренција. Еден прирачник за адолесценција забележува дека особено студентите кои сакаат да одат на факултет можат да „западнат во натпреварувачки лавиринт кој ги нагласува оценките и рангот во класот наместо учењето“. Како резултат на тоа, цитирајќи го д-р Вилијам Гласер, учениците „во училиштето од рано се учат да прашаат што ќе се падне на испитот и . . . го учат само тој материјал“.

Цар Соломон предупредил: „Видов исто, дека секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист. Но и тоа е суета и мака за духот“ (Проповедник 4:4). Жестоката конкуренција, без разлика дали е за материјални богатства или за академски признанија, е ништожна. Младите кои се плашат од Бог, ја согледуваат потребата да се залагаат во училиштето. Но, наместо да го направат образованието најважна работа во животот, тие тежнеат по духовни интереси, имајќи доверба во Бог дека ќе се грижи за нивните материјални потреби (Матеј 6:33; види поглавје 22 за избирање кариера).

Понатаму, образованието значи повеќе отколку само да се соберат поени на испитите. Тоа значи развивање на она што Соломон го нарекол „способност на размислување“ — вештината да се земе необработена информација и од неа да се изведат здрави, практични заклучоци (Изреки 1:4НС). Оној млад човек кој успева да добие преодни оценки по пат на погаѓање, бубање или дури со мамење, никогаш нема вистински да научи како да размислува. И од каква корист е високата оценка по математика ако подоцна увидиш дека не си способен да ја израмниш сметката на чековната книшка?

Затоа е важно да не гледаш на оценките како на цел сама по себе, туку како на помошно средство за да го процениш твојот напредок в училиште. Меѓутоа, како можеш да постигнеш оценки што ги одразуваат твоите способности?

Преземи одговорност за учење!

Според наставничката Линда Нилсен, слабите ученици се склони „за нивните слаби [училишни] успеси да обвинуваат работи кои се надвор од нивна контрола: нефер прашања на испит, пристрасен наставник, лоша среќа, судбина, времето“. Но, Библијата вели: „Душата на мрзливиот посакува, но напразно“ (Изреки 13:4). Да, вистинската причина за ниските оценки честопати е мрзливоста.

Меѓутоа, добрите ученици преземаат одговорност за своето учење. Списанието ’Teen еднаш анкетирало некои ученици кои имале високи достигнувања во (средното) училиште. Нивната тајна? „Личната мотивација ти помага да продолжиш“, рекол еден ученик. „Да се ставиш себеси во распоредот и да си го организираш времето“, рекол друг. „Мораш да си поставуваш цели“, рекол трет. Да, колку се добри твоите оценки најмногу зависи, не од фактори кои се надвор од твоја контрола, туку од ТЕБЕ — колку си спремен напорно да учиш и да се залагаш во училиштето.

,Но јас навистина учам‘

Тоа би можеле да го тврдат некои млади. Тие искрено мислат дека работат ноќ и ден, но не постигнуваат никакви резултати. Меѓутоа, пред неколку години, истражувачите при универзитетот Стенфорд (САД), анкетирале околу 770 студенти и ги прашале колку напор вложуваат, според нивно мислење, во нивната домашна задача. За чудо, студентите со слаби оценки мислеле дека тие се напрегале колку и сите други! Сепак, кога биле испитани нивните навики за учење, се открило дека тие всушност работеле далеку помалку домашни задачи отколку нивните соученици кои имале високи постигнувања.

Лекцијата? Можеби и ти не учиш толку напорно колку што мислиш и на место би биле извесни промени. Една статија во Journal of Educational Psychology покажала дека ‚зголемувањето на времето кое се поминува за домашни задачи, едноставно, има позитивен ефект врз оценките на учениците од средните училишта‘. Всушност, „ако се поминат 1 до 3 часа седмично за домашни задачи, просечниот ученик со мала способност може да добие оценки кои се сразмерни на оние кои ги има ученик со просечна способност а кој не ги извршува домашните задачи“.

Апостол Павле симболично морал да ‚го тепа своето тело‘ за да ги постигне своите цели (1. Коринтјаните 9:27НС). Можеби и ти, на сличен начин, мораш да бидеш строг кон себе, особено ако ТВ-то или некои други пречки лесно ти го одвлекуваат вниманието од учењето. Дури би можел да се обидеш на телевизорот да ставиш натпис кој вели: „Нема ТВ додека не е сработена домашната задача!“

Твојот амбиент за учење

На повеќето од нас би ни користело да имаме мирно место што е наменето за учење. Ако ја делиш собата или ако просторот во твојот дом е ограничен, импровизирај нешто! Можеби можеш да кажеш дека еден час или слично, секоја вечер, кујната или нечија спална е твое место за учење. Или, во краен случај, обиди се да отидеш во некоја јавна библиотека или во домот на некој пријател.

Ако е можно, употреби клупа или маса која има многу простор, на која можеш да си ги распоредиш работите. Моливите, хартијата и другите работи држи ги при рака за да не мораш постојано да стануваш. И, за жал, ако телевизорот или радиото се вклучени, тоа општо земено дејствува против концентрацијата, како и телефонските повици или посети.

Исто така, увери се дека имаш адекватно осветлување кое нема одблесок. Доброто осветлување го намалува заморот од учењето, а исто така ги заштитува и твоите очи. И, ако е можно, провери ја вентилацијата и температурата во собата. Ладната соба дава пожив амбиент за учење отколку топлата соба.

Што ако едноставно не си расположен за учење? Животот ретко ни го дозволува луксузот да им се препуштиме на нашите расположенија. На световната работа ќе мораш да работиш секој ден — без разлика дали си расположен за тоа или не. Затоа, гледај на домашната задача како на вежба за самодисциплина, проба за подоцнежното работно искуство. Биди сериозен во тој поглед. Еден педагог предлага: „Ако е можно, учењето треба да се одвива на исто место и во исто време секој ден. На тој начин, редовното учење ќе ти стане навика и . . . ќе го намали твојот отпор кон учењето“.

Твојата рутина на учење

Во Филипјаните 3:16 (НС), Павле ги охрабрил христијаните да ‚одат и понатаму уредно по истата рутина‘. Павле зборувал за рутината на христијанското живеење. Меѓутоа, една рутина, т.е. начин за вршење на работите, е исто така од помош кога станува збор за твојата метода на учење. На пример, обиди се да го организираш она што треба да го учиш. Избегнувај да учиш слични предмети (како на пример, два странски јазици) по ред. Планирај кратки паузи меѓу предметите, особено ако имаш многу домашни задачи.

Ако твојата задача вклучува многу читање, би можел да се обидеш со следнава метода. Како прво, РАЗГЛЕДАЈ го твојот материјал. Прелетај преку доделениот материјал, погледнувајќи ги поднасловите, табелите итн. за да имаш целосен преглед. Како следно, состави ПРАШАЊА кои се темелат на насловите на поглавјата или на тематските реченици. (Тоа ти ги држи мислите сосредоточени на она што го читаш.) Потоа ЧИТАЈ, барајќи ги одговорите на овие прашања. По завршувањето на секој пасус или дел, ПОВТОРИ го или кажи го во себе од сеќавање она што си го прочитал, без да погледнеш во книгата. А кога си ја завршил целата задача, ПОВТОРИ ја со тоа што ќе ги прегледаш насловите и ќе ја провериш твојата меморија за секој дел. Некои тврдат дека оваа метода им помогнала на учениците да запамтат до 80 проценти од она што го прочитале!

Понатаму, еден педагог вели: „Важно е ученикот да сфати дека некој факт не постои сам за себе туку дека секогаш е поврзан со други информации“. Затоа, обиди се да го поврзеш она што го учиш со тоа што веќе го знаеш и што си го доживеал. Барај ја практичната вредност на тоа што го учиш.

Интересно е тоа што младиот човек кој се плаши од Бог тука е во вистинска предност, затоа што Библијата вели: „Почеток на мудроста [спознанието, НС] е стравот Господов“ (Изреки 1:7). На пример, учењето на законите по физика можеби изгледа како чисто мачење. Но, сознанието дека преку творештвото Божјите „невидливи особини јасно се гледаат“, му дава дополнително значење на она што го учиш (Римјаните 1:20НС). Историјата, исто така, честопати се осврнува на исполнувањето на Јеховините намери. Седумте светски сили (вклучувајќи го и сегашниот Англо⁠-​американски сојуз) се разгледани токму во самата Библија! (Откровение 17:10; Даниил, поглавје 7).

Ако го поврзуваш она што го учиш со тоа што веќе го знаеш или со твојата христијанска вера, фактите почнуваат да ти значат нешто, спознанието прераснува во разбирање. А токму така забележал и Соломон: „Разумниот до знаење лесно доаѓа“ (Изреки 14:6).

,Следната седмица ќе има тест‘

Овие зборови не треба да предизвикаат кај тебе паника. Како прво, од коментарите на твојата наставничка обиди се да просудиш каков вид тест ќе биде тоа, на пример состав или прашања за кои треба да го избереш точниот одговор. Исто така, во деновите пред тестот, наслушувај некои показатели во врска со тоа што ќе се појави на тестот. („Следнава точка е многу важна“ или „Не заборавете да запомните дека“ се типични навестувања, вели списанието Senior Scholastic.) Како следно, прегледај ги своите забелешки, учебници и домашни задачи.

„Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој“, нѐ потсетува Соломон (Изреки 27:17). Можеби некој пријател или еден од родителите со задоволство би ги вежбал со тебе прашањата или би те слушал додека го раскажуваш школскиот материјал. И потоа, ноќта пред тестот, опушти се и обиди се добро да се наспиеш. „А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот?“ прашал Исус (Матеј 6:27).

Неуспех

Неуспехот на тестот — особено откако напорно си се обидувал да го поминеш — може да го уништи твоето самопочитување. Но, педагогот Макс Раферти нѐ потсетува: „Сѐ додека сме живи, другите нѐ оценуваат по тоа што знаеме, колку добри резултати постигнуваме . . . Училиштето кое ги мами децата да мислат дека животот е мед и млеко, не е училиште. Тоа е фабрика за сништа“. Понижувањето кога не се успева на тестот може да има вредност доколку те поттикнува да учиш од твоите грешки и да се подобруваш.

Но, како да се соочиш со родителите кои се разочарани поради слабите оценки во ученичката книшка? Стравот од тоа понекогаш доведува до усовршување на некои тактики на одолговлечување. „Јас имав обичај да ја ставам мојата ученичка книшка на кујнската маса, да одам на горниот спрат и да се обидам да спијам сѐ до наредниот ден“, се сеќава еден млад човек. „Она што јас го правев“, вели еден друг, „е да чекам сѐ до последната секунда за да ѝ ја покажам на мајка ми. Ќе ѝ ја однесев утрото баш кога се спремаше да тргне за на работа и ќе ѝ речев: ‚Еве, ова мораш да го потпишеш‘. Немаше време да се расправа со мене“ — барем не тој момент. Некои млади дури фалсификувале лажни оценки во нивните ученички книшки!

Но, твоите родители имаат право да знаат како поминуваш во училиштето. Се разбира, тие очекуваат твоите оценки да ги одразуваат твоите способности, а ако твоите оценки се под нормала, можеш да очекуваш да ја добиеш заслужената стега. Затоа, биди чесен со своите родители. И „слушај ја . . . поуката [стегата, НС] на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“ (Изреки 1:8). Ако мислиш дека од тебе се очекува премногу, разговарај со нив за тоа. (Види ја рамката со наслов „Како да им кажам на моите родители?“ во поглавје 2.)

Колку и да се важни оценките, тие не се конечниот суд за твојата вредност како личност. И покрај тоа, искористи го времето кога си на училиште и научи онолку колку што можеш. Обично тој напор ќе се одрази врз оценките кои ќе те направат тебе — а и твоите родители — да се чувствуваш среќен и задоволен.

Прашања за дискусија

□ За каква цел служат оценките, и зошто е важно да се има урамнотежено гледиште кон нив?

□ Зошто е важно да преземеш лична одговорност за учењето?

□ Кои се некои од работите кои треба да се земат предвид во врска со воннаставните активности?

□ Кои се некои од начините на кои можеш да ги поправиш твоите оценки?

□ Како можеш да се подготвиш за тестови?

□ Како треба да гледаш на неуспехот и дали треба таквиот неуспех да се крие од родителите?

[Истакната мисла на страница 141]

Оној млад човек кој успева да добие преодни оценки по пат на погаѓање, бубање или дури со мамење, никогаш нема вистински да научи како да размислува

[Рамка/слика на страници 144 и 145]

Што е со воннаставните активности?

Многу млади луѓе увидуваат дека воннаставните активности им даваат чувство на исполнетост. „Бев речиси во секој клуб што постоеше“, се сеќава едно момче од Балтимор, Мериленд (САД). „Се чувствував добро кога се бавев со работи што ги сакав. Бев во автомотоклубот затоа што уживав да работам со автомобили. Ги сакам компјутерите, па затоа се приклучив кон тој клуб. Сакам аудио, па така се приклучив кон тој клуб.“ Учениците кои имаат намера да одат на факултет, особено се наговарани да учествуваат во воннаставните активности.

Меѓутоа, еден службеник во федералната влада на САД — порано и самиот наставник — за Разбудете се! рекол: „Учениците веројатно трошат повеќе време за воннаставните активности отколку за школските задачи, и со тоа си отежнуваат да ги задржат оценките“. Да, не е лесно да се задржи рамнотежа кога станува збор за воннаставните активности. Една девојка по име Кети, која имала обичај да игра во училишниот софтбол тим, вели: „После вежбата, јас бев премногу уморна да правам нешто друго. Трпеа моите школски задачи. Затоа не се пријавив оваа година“.

Постојат и духовни опасности. Еден христијанин, осврнувајќи се на своите тинејџерски години, вели: „Мислев дека можам да усогласам три активности: школските задачи, вежбањето во тимот за лесна гимнастика и духовните активности. Но, кога и да се судреа овие три, беше жртвуван духовниот аспект од мојот живот“.

Младиот Темон кој бил вклучен во два спортски тима во училиштето, се сложува: „Не можев да присуствувам на состаноците во Салата [на Царството за духовна поука] затоа што во вторник бевме надвор од градот, во четврток бевме надвор од градот, во сабота бевме надвор од градот и не се враќавме сѐ до два часот наутро“. Иако „телесното обучување е малку корисно“, важно е да запомниме дека „побожноста е полезна за сѐ“ (1. Тимотеј 4:8).

Размисли и за моралните опасности. Дали ќе се дружиш со здрави пријатели кои ќе имаат добро морално влијание? Што ќе биде тема на разговор? Би можело ли влијанието на другарите од тимот или членовите на клубот негативно да се одрази на тебе? „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“, вели 1. Коринтјаните 15:33 (НС).

Интересно е тоа што многу млади помеѓу Јеховините сведоци избрале времето после училиштето да го користат за нешто што е далеку покорисно отколку спортовите: да им помагаат на другите да го спознаат Творецот. Колосјаните 4:5 советува: „Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето!“

[Слики на страница 143]

Учениците често плаќаат со единици . . . за лошите навики за учење

[Слики на страница 146]

Урамнотежувањето на воннаставните активности со твоите домашни задачи не е лесно

[Слика на страница 148]

Родителите сигурно ќе се вознемират поради слабите оценки во ученичката книшка. Но, ако мислиш дека тие очекуваат премногу од тебе, разговарај со нив за тоа