Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да добијам (и да задржам!) работа?

Како можам да добијам (и да задржам!) работа?

Поглавје 21

Како можам да добијам (и да задржам!) работа?

ЕДНА анкета, објавена во списанието Senior Scholastic, запрашала некои американски матуранти од средно училиште да наведат кои животни цели ги сметаат за „многу важни“. Триесет и четири проценти одговориле: „Да можам да најдам солидна работа“.

Можеби и ти си заинтересиран за работа додека одиш на училиште за да помогнеш во личните или во трошоците на домаќинството. Или, пак, можеби бараш вработување со скратено работно време за да се издржуваш себеси како полновремен евангелизатор. (Види 22. поглавје.) Во секој случај, светската инфлација и ограничената побарувачка на неквалификувани работници довеле до ситуација тешко да се дојде до работа особено ако си млад. Тогаш, како можеш лесно да влезеш во пазарот на трудот?

Училиштето — подрачје за обучување за работа

Кливленд Џонс, референт за кадрови прашања со многу години искуство, го нуди овој совет: „Стекни добро средно образование. Не можам доволно да ја нагласам важноста на учењето за правилното читање, пишување и зборување. Научи се и на соодветна пристојност за да можеш да се справиш со луѓето во деловниот свет“.

Еден возач на автобус мора да биде способен да го чита возниот ред за пристигнување и поаѓање. Работниците во фабрика треба да знаат како да ги пополнуваат картичките за завршување на работата или слични извештаи. Од продавачите се очекува да прават сметки. Скоро во секој вид работа потребни се комуникациски вештини. Тоа се вештини кои можеш да ги совладаш в училиште.

Упорноста се исплаќа

„Ако си го завршил училиштето и бараш работа, никогаш не се откажувај“, вели Џонс. „Немој да одиш само на два или три разговори за работа, а потоа да се вратиш дома, да седиш и да чекаш. Никогаш нема да те повикаат за работа на таков начин.“ Пред да се вработи, младиот Сал барал работа седум месеци. „Ќе си речев: ‚Моја работа е да најдам работа‘ “, објаснува Сал. „Седум месеци поминував по осум часа секој работен ден, барајќи работа. Ќе почнев рано секое утро и ќе ‚работев‘ сѐ до шеснаесет часот. Многу ноќи нозете ме болеа. Следното утро ќе морав ‚психички да се подготвам‘ за да почнам повторно да барам.“

Што го задржало Сал да не се откаже? „Секојпат кога бев во канцеларијата на одделот за персонал“, одговара тој, „ќе се сетев на она што го рекол Исус: ‚Силно напрегајте се‘. Постојано мислев на тоа дека еден ден ќе работам и дека ќе помине ова лошо време“ (Лука 13:24НС).

Каде да се најде работа

Ако живееш во селско подрачје, твојата потрага по работа може да започне во локалните фарми и овоштарници или, пак, можеш да побараш некој вид градинарска работа. Ако живееш во голем град, обиди се да побараш во новинските огласи. Овие огласи даваат информации за тоа кои квалификации се потребни за извесна работа и можат да ти помогнат да му објасниш на работодавачот зошто можеш да ги исполниш овие потреби. Можеш да им се обратиш и на родителите, наставниците, службите за вработување, канцелариите на одделот за персонал, пријателите и соседите, како и други извори.

Да се задржи работата

За жал, кога економските притисоци доведуваат до невработеност, вработените млади луѓе обично се меѓу првите кои се отпуштени. Но, тоа не мора да ти се случи и тебе. „Луѓето кои ја задржуваат работата се луѓе кои се спремни да работат и кои покажуваат спремен став да работат сѐ што ќе побара работодавачот“, вели г-н Џонс.

Твојот став е твојата состојба на умот — она што го мислиш за твојата работа, како и за луѓето за кои и со кои работиш. Твојот став ќе се одрази во квалитетот на работата што ја вршиш. Твојот газда ќе ја просуди твојата вредност не само врз основа на тоа колку ќе сработиш туку и врз основа на твојот став.

„Дозволи му на работодавачот да види дека ти не само што можеш да ги следиш упатствата туку можеш да направиш и повеќе од она што се бара без постојан надзор“, продолжува Џонс. „Поради напнатоста на пазарот на трудот, работниците кои остануваат не се секогаш оние кои таму биле најдолго, туку оние кои се продуктивни.“

Сал увидел дека тоа е точно. Тој вели: „Секогаш се обидував да се приспособам кон мојот работодавач. Бев спремен да отстапам од мојот распоред кога е потребно, да ги следам упатствата и да ги почитувам моите надзорници“. Ова потсетува на едно библиско поттикнување ‚да ги слушаме своите човечки господари, не со цел да му паднеме в очи или да му правиме политика, туку како искрен израз на нашата оддаденост на Господ‘ (Колосјаните 3:22, Phillips).

Да се надмине стравот

Ако си нов на работа, стравот е вообичаена емоција првите неколку дена. Можеби се прашуваш: ‚Дали ќе им се допаднам? Ќе можам ли да ја вршам работата? Ќе им се допадне ли мојата работа? Се надевам дека нема да изгледам глупаво‘. Тука треба да бидеш внимателен, затоа што твоите стравови можат да го нагризат твоето позитивно гледиште.

Ти можеш да го забрзаш твоето приспособување и да си ги смириш нервите ако научиш нешто повеќе за твојата фирма. Гледај, слушај и читај. Во вистинско време постави му на надзорникот разумни прашања во врска со твојата работа и со твоето извршување — тоа нема да те направи да изгледаш глупав. Запрашај се: ‚Како мојата работа се вклопува во мојот оддел, во севкупната цел на фирмата?‘ Одговорите можат да ти помогнат да развиеш добри работни навики и задоволство во работата.

Сложувај се со соработниците

Конечно, секоја работа вклучува соработка со други луѓе. Според тоа, знаењето како да се одржат добрите односи со другите е неопходно за да се задржи една работа. „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Ако правиш така, тоа ќе ти помогне да избегнеш непотребно пречкање или жешки конфронтации на работното место.

Понекогаш, луѓето со кои работиш имаат позадина и личност што е сосема поинаква од твојата. Но, немој да мислиш дека некој е подолен затоа што е поинаков. Почитувај го неговото право да биде поинаков. Ниту едно лице не сака со него да се постапува без почитување; тоа го прави да се чувствува како да е никој и ништо. Секој сака да се чувствува сакан и потребен — дека е некој и нешто. Стекни го почитувањето од твоите соработници и работодавачот со тоа што спрема нив ќе постапуваш со почитување.

Избегнувај озборување

„Тоа е гадна стапица“, вели Сал, „затоа што озборувањето би можело да ти даде лош впечаток за газдата или за другите.“ „Радио⁠-​милева“ не е најдобар извор на информации и може да има горки последици за тебе. Гласините на „радио⁠-​милева“ обично се големи претерувања што можат да влијаат штетно на угледот на другите — како и на твојот сопствен углед. Затоа, задуши го поривот да озборуваш.

Запомни и дека никој не го сака оној што приговара. Ако нешто на работа те вознемирува, не го разгласувај тоа преку „радио⁠-​милева“. Оди и разговарај со твојот надзорник за тоа. Но, немој да се втурнеш во неговата канцеларија во жесток гнев и подоцна да жалиш поради непромислените зборови. Исто така, избегнувај ја замката на лични напади. Држи се за фактите. Кога го опишуваш проблемот, биди колку што можеш појасен и чесен. Можеби би можел да почнеш со една уводна реченица како што е: ‚Ми треба Вашата помош . . .‘ или ‚Можеби сум во грешка, но мислам вака во врска со . . .‘

Важна е точноста

Две големи причини зошто луѓето не успеваат да ја задржат работата е доцнењето на работа и деновите на отсуствување од работа. Еден директор за вработување и обучување за еден голем индустриски град, во врска со младите работници рекол: „Тие треба да научат да стануваат рано наутро, да научат како да ги слушаат наредбите. Ако никогаш не ги научат овие работи, синдромот на невработеност и понатаму ќе продолжи“.

Сал ја научил лекцијата за точност преку едно горко искуство. „Мојата прва работа ја изгубив после само три месеци, поради доцнење“, воздивнува тој, „а тоа уште повеќе ми отежна да најдам друга работа.“

Вредноста на чесноста

Џонс, референт за кадрови прашања, вели: „Чесноста ќе му помогне на едно лице да ја задржи работата“. Да се биде чесен значи не само да се избегнува да се крадат материјални работи туку и да не се краде времето со тоа што ќе се користат предолги паузи. Едно чесно вработено лице е ценето и доверливо. На пример, еден млад сведок на Јехова кој работел во една ексклузивна продавница за облека бил на добар глас поради чесноста.

„Еден ден“, се сеќава тој, „директорот најде еден артикл во магацинот, скриен во некоја друга облека. Еден од работниците крадел од продавницата. При крајот на работното време отидов горе во канцеларијата на директорот и на мое изненадување таму беа сите вработени. Сите вработени беа задржани за да бидат претресени. Јас бев единствениот вработен кој беше ослободен од претресот.“

Многу христијански младинци имале слични искуства и станале ценети работници. Тогаш, работи напорно за да најдеш работа. Биди упорен. Не се откажувај. И кога ќе најдеш работа која со толкав напор си ја барал, работи напорно за да ја задржиш!

Прашања за дискусија

□ Како може твојата училишна работа да влијае на твојата можност да најдеш работа?

□ Зошто е важно да бидеш упорен кога си во потрага по работа?

□ На кои места и кај кои луѓе можеш да се посоветуваш кога бараш вработување?

□ Кои се некои совети за тоа како да постапуваш на разговор за работа?

□ Што можеш да правиш за да се заштитиш себеси да не бидеш отпуштен?

[Истакната мисла на страница 166]

„Не можам доволно да ја нагласам важноста на учењето за правилното читање, пишување и зборување“

[Истакната мисла на страница 170]

„Ќе си речев: ‚Моја работа е да најдам работа‘ “

[Рамка/слика на страници 168 и 169]

Како се постапува на разговор за работа

„Пред да одиш на разговор за работа, запомни — првите впечатоци се трајни впечатоци“, советува советникот за работа Кливленд Џонс. Тој предупредува да не се облекуваат фармерки и патики на разговорот за работа и ја нагласува потребата да се биде чист и уреден. Работодавачите честопати заклучуваат дека начинот на кој се облекува едно лице е начин на кој тоа ќе работи.

Кога конкурираш за работа во канцеларија, облечи се како што се облекува еден бизнисмен. Кога конкурираш за работа во фабрика, облечи панталони и кошула кои се чисти и испеглани, како и чевли кои изгледаат уредно. Ако си жена, облечи се скромно и умерено користи козметика. А ако конкурираш за работа во канцеларија, облечи хулахопки и чевли кои одговараат на класичната облека.

Секогаш оди сам на разговор за работа, предупредува Џонс. Ако со себе на разговорот ги поведеш мајка ти или пријателите, можеби работодавачот ќе заклучи дека си незрел.

‚Што ако работодавачот ме праша дали имам претходно работно искуство, како да му одговорам?‘ можеби се прашуваш. Не се преправај. Честопати работодавачите ќе го прочитаат преувеличувањето. Биди чесен.

Можеби ти не увидуваш, но веројатно си имал поранешно работно искуство дури и ако си во потрага по твојата прва „вистинска“ работа. Дали некогаш си имал работа во текот на летото? Или, дали некогаш си чувал дете? Дали дома си имал редовна работна задача да се грижиш за извесни семејни работи? Дали ти била дадена одговорност да се грижиш за извесни должности на твоето место на обожавање? Дали некогаш си бил обучуван за јавно говорење? Ако да, тогаш овие работи би можел да ги споменеш на разговорот или да ги наведеш во твојата кратка биографија за да покажеш дека можеш да носиш одговорност.

Друга важна грижа на работодавачите е колку си заинтересиран за нивната компанија и за работата што ти се нуди. Мораш да ги убедиш дека сакаш и дека можеш да ја вршиш работата. Ставот: „Што добивам јас од тоа“, брзо ќе го одврати интересот за тебе кај оној што те интервјуира.

Конкурирањето и добивањето работа со полно или скратено работно време е предизвик со кој можеш успешно да се пресретнеш. И кога работата се користи како средство за да им се помогне на другите а не само за себе, задоволството станува додатна корист.

[Рамка на страница 171]

Што да се прави за време на разговорот за работа

Однесувај се како возрасно лице, професионално. Поздрави го работодавачот со прикладно почитување. Обрати му се со „Г⁠-​н“ — не со „Трајко“, „човече“ или „батка“.

Седи исправено на столот, со нозете цврсто на подот; биди внимателен. Претходното планирање ќе ти помогне да бидеш смирен, урамнотежен и сталожен.

Размисли пред да одговориш на некое прашање. Биди учтив, точен, чесен и искрен. Давај целосни информации. Немој да се фалиш.

Имај список со себе, наведувајќи ги сите твои работни места, датуми на работата, платата, видовите работа што си ги работел, причините зошто си ги оставил.

Биди подготвен да покажеш како твоето обучување и работно искуство ќе ти помогнат да бидеш успешен во работата која ја бараш.

За препорака, дај ги имињата (и целосните адреси) од тројца доверливи луѓе кои те познаваат тебе и твојата работа.

Биди сигурен, одушевен, но немој да се преправаш. Користи литературен македонски јазик и зборувај јасно. Не зборувај премногу.

Слушај внимателно; биди учтив и тактичен. Над сѐ, не навлегувај во некои расправии со можниот работодавач.

Работодавачот е заинтересиран само за тоа колку добро ќе одговараш на работата. Не ги спомнувај личните, домашните или финансиските проблеми.

Ако ти се чини дека нема да ја добиеш работата, прашај го работодавачот дали можеби ќе се јават други работни места во фирмата.

Испрати му на работодавачот кратко благодарно писмо веднаш после разговорот. *

[Фуснота]

^ пас. 65 Извор: Брошурата How to “Sell Yourself” to an Employer од Канцеларијата на службата за вработување од државата Њујорк.

[Слики на страница 167]

Вештините кои ги учиш во училиште можеби еден ден ќе се покажат вредни на работното место