Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да се сложам со мојот наставник?

Како можам да се сложам со мојот наставник?

Поглавје 20

Како можам да се сложам со мојот наставник?

„НЕ МОЖАМ да поднесам неправеден наставник“, вели младата Вики. Без сомнение, и ти се чувствуваш така. Сепак, во една анкета спроведена во 1981 година меѓу 160.000 млади Американци, 76 проценти ги обвиниле своите наставници за некој вид пристрасност!

Младите се вознемирени кога добиваат ниски оценки за она што тие мислат дека е висококвалитетна работа. Тие се огорчуваат кога изгледа дека дисциплината е претерана или непотребна или, пак, дека е мотивирана од расни предрасуди. Тие се лутат кога наставникот му обрнува посебно внимание или му дава привилегија на миленикот.

Се разбира, далеку од тоа дека наставниците се непогрешливи. Тие имаат свои особености, проблеми и, да, свои предрасуди. Меѓутоа, Библијата предупредува: „Не станувај со духот свој брз на гнев“ (Проповедник 7:9). Дури и наставниците ‚многу грешат. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело‘ (Јаков 3:2). Би можел ли поради тоа да бидеш спремен да му веруваш на наставникот?

Еден млад човек по име Фреди, забележал дека неговиот наставник „остро зборувал со сите“. Фреди тактично му пристапил на наставникот и ја утврдил причината за тоа зловолно постапување. „Тоа е само поради тоа што утрово имав проблем со мојот автомобил“, објаснил наставникот. „Автомобилот ми прегреа кога бев на пат кон училиштето и задоцнив на работа.“

Наставниците и нивните миленици

А што е со посебните привилегии кои им се допуштаат на милениците на наставникот? Задржи на ум дека наставникот се соочува со посебни барања и притисоци. Книгата Being Adolescent (Да се биде адолесцент) опишува дека наставниците се соочуваат со „сериозна неволја“ во која мораат да се обидат да го задржат вниманието на група млади луѓе „чии умови обично се на друго место . . . Тие имаат пред себе група крајно нерасположени, расеани тинејџери, главно ненавикнати да се сконцентрираат на нешто повеќе од 15 минути“.

Тогаш, дали е за чудење тоа што еден наставник можеби му обрнува великодушно внимание на ученикот кој учи напорно, кој внимава или постапува со него со почитување? Точно, можеби ќе те дразни тоа кога привидните ‚умилкувачи‘ добиваат повеќе внимание отколку ти. Но, зошто да бидеш вознемирен или љубоморен ако некој трудољубив ученик е миленик на наставникот, сѐ додека твоите потреби за образование не се игнорирани? Освен тоа, ова можеби е добра идеја и самиот да бидеш малку потрудољубив.

Војна во училницата

Во врска со својот наставник, еден ученик рекол: „Тој имаше мислење дека сите ние сме му објавиле војна и реши прв да нѐ надитри. Тој беше „параноидна личност“. Но, многу наставници мислат дека имаат право да бидат малку „параноидни“. Како што претскажала Библијата, овие се „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ и учениците честопати се „без самосовладување, жестоки, без љубов кон доброто“ (2. Тимотеј 3:1—3НС). Затоа U.S.News & World Report изјавил: „Наставниците во многу градски училишни области живеат во страв од насилство“.

Роланд Бетс, поранешен наставник, во врска со наставниците вели: „Децата гледаат како на своја вродена одговорност . . . [симболично] да ги туркаат, да ги боцкаат и едноставно да гледаат до кој степен тие ќе се свиткаат или ќе се растегнат пред конечно да пукнат . . . Кога децата ќе осетат дека новиот наставник го турнале до тој степен што за малку ќе пукне, тие туркаат уште повеќе“. Дали ти или твоите соученици сте учествувале во шиканирање на некој наставник? Тогаш, немој да бидеш изненаден од реакцијата на твојот наставник.

Библијата вели: „Клеветењето го избезумува мудриот“ (Проповедник 7:7). Во атмосфера на страв и непочитување што преовладува во извесни училишта, некои наставници разбирливо дека реагираат претерано и стануваат строги воспитувачи. Делото The Family Handbook of Adolescence забележува: „Учениците кои . . . изгледа дека со нивното однесување ги омаловажуваат верувањата на наставникот, обично за возврат се омаловажени“. Да, непријателски настроениот наставник честопати така е обликуван од своите ученици!

Исто така, разгледај ги ефектите од грубите трикови во училницата. Младата Валери не претерува кога зборува дека наставниците кои се на замена се изложени на „тортура, мачење“ од страна на младите. Роланд Бетс додава: „Оние кои се на замена се немилосрдно гонети од страна на нивните класови, често туркани до степен на пукање и дотолчување“. Сигурни дека можат да се извлечат, учениците уживаат да имаат ненадејни напади на неспретност — истовремено да ги фрлаат на подот книгите или моливите. Или, пак, можеби се обидуваат да го исфрустрираат својот наставник ‚правејќи се како ништо да не знаат‘ и постапувајќи како да не можат да разберат ниту еден збор што кажува. „Ние саботираме заради разонода“, објаснува младиот Боби.

Меѓутоа, ако сееш грубост во училницата, немој да бидеш изненаден кога ќе жнееш лош, непријателски расположен наставник. (Спореди Галатјаните 6:7.) Сети се на златното правило: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Одбивај да се придружуваш на триковите во училницата. Внимавај на она што го зборува твојот наставник. Соработувај. Можеби, со текот на времето, тој нема да биде толку непријателски расположен — барем не кон тебе.

,Мојот наставник не ме сака‘

Понекогаш, тоа што го поставува наставникот во позиција против тебе е судирот на личности или некој вид недоразбирање; љубопитноста се сфаќа како побуна или, пак, малку ексцентричност со безумност. И ако наставникот не те сака, тој можеби ќе биде склон да те доведува во непријатна положба или да те понижува. Можеби ќе настане взаемно непријателство.

Библијата вели: „Никому не враќајте зло за зло . . . Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:17, 18). Обиди се да не му се спротивставуваш на твојот наставник. Избегнувај непотребни конфронтации. Не дозволувај наставникот да има оправдана причина за поплака. Всушност, обиди се да бидеш пријателски настроен. ‚Пријателски? Кон него?‘ прашуваш. Да, покажувај манири на тој начин што со почитување ќе го поздравиш твојот наставник кога ќе дојдеш во класот. Твојата постојана учтивост — дури и повремената насмевка — би можела да го промени неговото мислење за тебе. (Спореди Римјаните 12:20, 21.)

Точно е дека не можеш секогаш со насмевка да се извлечеш од ситуацијата. Но, Проповедник 10:4 всушност советува: „Ако гневот на оној што владее [или личност на власт] избувне врз тебе [со тоа што строго ќе те казнува], не напуштај го местото свое, зашто кротоста избришува и големи грешки“. Запомни и дека „кроткиот одговор гневот го ублажува“ (Изреки 15:1).

,Заслужував подобра оценка‘

Ова е вообичаена поплака. Обиди се да разговараш за проблемот со твојот наставник. Библијата кажува како Натан пристапил кон тешката задача да разоткрие една сериозна слабост на царот Давид. Натан не се втурнал во палатата извикувајќи обвиненија, туку тој тактично му пристапил на Давид (2. Царства 12:1—7).

И ти би можел понизно и смирено да му пристапиш на твојот наставник. Брус Вебер, поранешен наставник, нѐ потсетува: „Бунтот во ученикот предизвикува непопустливост кај наставникот. Ако дигаш прашина или, пак, се жалиш на голема неправда и се колнеш на освета, нема да стигнеш никаде“. Обиди се со позрел пристап. Можеби ќе можеш да започнеш со тоа што ќе го замолиш твојот наставник да ти помогне да го разбереш неговиот систем на оценување. Потоа, вели Вебер, можеш да „се обидеш да докажеш дека си жртва на пропуст или на погрешно сметање а не на лошо просудување. Користи го системот на оценување на твојот наставник; покажи му каде ја гледаш грешката во твојата оценка“. Дури и ако твојата оценка не се промени, твојата зрелост веројатно ќе остави позитивен впечаток кај твојот наставник.

Нека знаат твоите родители

Но, понекогаш се докажува дека разговорот сам по себе е бесплоден. Разгледај го искуството на Сузан. Како ученичка со највисоки оценки, таа била шокирана кога една нејзина наставничка почнала да ѝ става единици. Проблемот? Сузан била Јеховин сведок, а нејзината наставничка само што не признала дека поради тоа не ја сака. „Тоа беше навистина фрустрирачки“, вели Сузан, „и не знаев што да правам.“

Сузан се сеќава: „Собрав храброст и ѝ кажав на мајка ми [самохран родител] за наставничката. Таа рече: ‚Па, можеби јас ќе можам да зборувам со твојата наставничка‘. И за време на една неформална посета отишла и ја запрашала мојата наставничка во што е проблемот. Помислив дека мајка ми навистина ќе се вознемири, но тоа не се случило. Таа едноставно смирено разговарала со неа“. Наставничката средила Сузан да добие друг наставник.

Како што е познато, немаат јасен крај сите замрсени работи и понекогаш едноставно мора да истраеш. Но, настојувај да живееш во мир со твојот наставник во ова полугодие; секогаш има и следна година, кога ќе имаш нов почеток, можеби поинакви соученици — а можеби дури и нов наставник со кого треба да научиш да се сложуваш.

Прашања за дискусија

□ Како можеш да гледаш на наставникот кој со тебе постапува неправедно?

□ Зошто наставниците честопати ги опсипуваат со внимание таканаречените миленици?

□ Како можеш да учиш од наставник кој изгледа здодевен?

□ Зошто некои наставници изгледаат непријателски расположени кон своите ученици?

□ Како можеш да го примениш златното правило во училницата?

□ Што можеш да направиш ако мислиш дека си жртва на неправедно оценување или постапување?

[Истакната мисла на страница 158]

Вниманието кое се обрнува на милениците на наставникот честопати поттикнува огорченост

[Истакната мисла на страница 163]

„Наставниците во многу градски училишни области живеат во страв од насилство“ (U.S.News & World Report).

[Рамка/слика на страници 160 и 161]

,Мојот наставник е досаден!‘

Делото The Family Handbook of Adolescence вели: „Некои анкети покажуваат дека мнозинството од учениците⁠-​адолесценти се критички настроени кон наставниците, жалејќи се дека наставниците се досадни или дека им недостасува смисла за хумор“. Порано или подоцна, можеби и ти ќе добиеш наставник кој едноставно те ‚дави‘. Што можеш да направиш?

Еден неодамнешен експеримент открил дека степенот на концентрација на еден тинејџер е прилично висок на часови како што се техничко, физичко и музичко воспитување. Меѓутоа, степенот на концентрација пикира на часовите каде што се предава јазик и историја.

Дали инструкторите по физичко или по музичко воспитување се понадарени од наставниците по теоретските предмети? Веројатно не. Очигледно, многу ученици едноставно имаат негативен став кон теоретските предмети. И ако учениците однапред одредат дека некој предмет е досаден, дури и учител со вештини на Сократ би видел мака за да го задржи нивното внимание! Тогаш, би можело ли да се работи едноставно за тоа дека треба да се промени твојот став кон одредени предмети? Со тоа што ќе покажуваш поголем интерес за она што го учиш, можеби нема да ти биде здодевно во училиштето.

Понекогаш дури и учениците кои се заинтересирани за учење се жалат дека имаат „лоши“ наставници. Но, што е „добар“ наставник? Една млада девојка рекла: „Ја сакам мојата наставничка по математика затоа што таа е многу забавна“. Едно момче го фалело својот наставник по англиски поради тоа што ‚тресел вицеви‘.

Иако може да биде предност за еден наставник доколку е пријатен или дури забавен, сепак тоа не е замена за да биде ‚способен и други да научи‘ (2. Тимотеј 2:2). Иако Библијата тука укажува на духовните квалификации, таа го истакнува фактот дека еден добар наставник треба да го познава својот предмет.

За жал, знаењето и интересната личност не одат секогаш заедно. На пример, апостол Павле бил одлично квалификуван како поучувач на Божјата Реч. Сепак, некои христијани во времето на Павле се жалеле дека ‚при личното присуство меѓу нив [бил] слаб; проповедта негова ништо не вреди‘. Павле одговорил: „Иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум“ (2. Коринтјаните 10:10; 11:6). Со тоа што некои го превиделе она што Павле морал да го каже и ги виделе само неговите наводни недостатоци како говорник, пропуштиле да стекнат вредно спознание. Немој да ја правиш истата грешка кога станува збор за училиштето! Пред да го жигосаш наставникот како „лош“, запрашај се: ‚Дали тој знае за што зборува? Можам ли да научам нешто од него?‘

Можеби ќе мораш да обрнеш повеќе од вообичаено внимание на оној наставник кој е монотон говорник. Обиди се да правиш забелешки за да го задржиш твоето внимание на она што тој има да каже. Надополни ги едноличните дискусии од училницата со додатно учење дома.

Барбара Мејер, и самата наставничка, додава: „Наставници, кои веројатно ги повториле тие исти лекции повеќепати отколку што сакаат да се сетат, склони се да западнат во рутина“. Што можеш да сториш за да ги заживееш работите? „Барем еднаш крени рака и замоли за повеќе информации . . . Наведи го всушност да ти каже сѐ што знае“. Дали наставникот ќе се налути на тоа? Не, ако го направиш тоа со почитување (Колосјаните 4:6). Мејер вели: „Ќе откриеш дека твојот наставник доаѓа на часот малку поподготвен и со повеќе од само површни информации“.

Одушевеноста е заразна, а твојата желба да учиш би можела да внесе извесна живост кај твојот наставник. Се разбира, не очекувај драстична промена. И можеби има некои часови кои едноставно мораш да ги поднесуваш. Но, ако си добар слушач и ако си искрено заинтересиран за она што се случува, сепак ќе можеш да учиш — дури и од досаден наставник.

[Слика на страница 162]

Растечкиот бран на насилство во училиштето направил работата како наставник да биде тешка

[Слика на страница 164]

Ако мислиш дека ти е нанесена некоја неправда, пристапи му на твојот наставник со почитување