Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој ќе владее со светот?

Кој ќе владее со светот?

Деветто поглавје

Кој ќе владее со светот?

1-3. Опиши ги сонот и визиите кои ги имал Даниел во првата година од владеењето на Валтазар.

 ДАНИЕЛОВОТО пророштво кое го плени интересот сега нѐ враќа во првата година од владеењето на вавилонскиот цар Валтазар. Даниел веќе долго време е изгнаник во Вавилон, но никогаш не се поколебал во својот интегритет кон Јехова. Сега, во своите 70-ти години, верниот пророк гледа „сон и пророчки виденија во главата своја врз своето легло“. И колку само го уплашиле тие визии! (Даниел 7:1, 15).

2 „А таму“, воскликнува Даниел, „четири небесни ветра се бореа над големото море, и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот.“ Какви само необични ѕверови! Првиот е крилест лав, а вториот е како мечка. Потоа доаѓа леопард со четири крилја и четири глави! Необично силниот четврти ѕвер има големи железни заби и десет рогови. Меѓу неговите десет рогови се појавува „мал“ рог кој има „очи, како човечки“ и ‚уста која зборува надуено‘ (Даниел 7:2—8).

3 Потоа, визиите на Даниел се свртуваат кон небото. Прадревниот седи славно востоличен како Судија на небесниот Суд. ‚Илјада илјади му служат, и десетина илјади по десет илјади стојат пред Него.‘ Донесувајќи неповолна пресуда за ѕверовите, тој им го одзема владетелството и го уништува четвртиот ѕвер. Вечното владетелство над „сите народи, племиња и јазици“ му се доверува на некој како „Синот човечки“ (Даниел 7:9—14).

4. а) Кому Даниел му се обратил за вистинското значење? б) Зошто она што Даниел го видел и чул таа ноќ е важно за нас?

4 „Духот мој затрепери во мене“, вели Даниел, „во телото мое и виденијата на главата моја ме смутија.“ Затоа, од еден ангел го бара „вистинското значење на сето тоа“. Ангелот навистина му ја ‚објаснува смислата на реченото‘ (Даниел 7:15—28). Она што Даниел го видел и чул таа ноќ е од голем интерес за нас затоа што ги изложува идните светски настани кои го опфаќаат дури и нашево време, кога на некој како „Синот човечки“ му се дава власт над сите „народи, племиња и јазици“. Со помош на Божјата Реч и дух, и ние можеме да го разбереме значењето на овие пророчки визии. *

ОД МОРЕТО ИЗЛЕГУВААТ ЧЕТИРИ ЅВЕРОВИ

5. Што симболизира морето изложено на ветрот?

5 ,Четири големи ѕверови излегоа од морето‘, рекол Даниел (Даниел 7:3). Што симболизирало морето изложено на ветрот? Со години подоцна, апостол Јован видел како од „морето“ излегува див ѕвер со седум глави. Тоа море ги претставувало „луѓето и народите, племињата и јазиците“ — огромното човештво кое е оддалечено од Бог. Значи, морето е пригоден симбол за масите на човештвото отуѓени од Бог (Откровение 13:1, 2; 17:15; Исаија 57:20).

6. Што претставуваат четирите ѕверови?

6 „Овие големи ѕверови“, рекол Божјиот ангел, „четири на број, означуваат дека четири цара ќе се издигнат од земјата“ (Даниел 7:17). Јасно, ангелот ги идентификувал четирите ѕверови кои ги видел Даниел како „четири цара“. Според тоа, овие ѕверови означуваат светски сили. Но, кои?

7. а) Што велат некои толкувачи на Библијата во врска со Даниеловиот сон-визија за четирите ѕверови и за сонот на Навуходоносор за огромниот лик? б) Што претставува секој од четирите метални делови на ликот?

7 Толкувачите на Библијата обично го поврзуваат сонот-визија на Даниел за четирите ѕверови со сонот на Навуходоносор за огромниот лик. На пример, The Expositor’s Bible Commentary (Библиски коментар на толкувачот) наведува: „Поглавје 7 [од Даниел] е паралела на поглавје 2“. The Wycliffe Bible Commentary (Виклифов коментар на Библијата) вели: „Постои општа согласност дека редоследот на четирите нееврејски владетелства . . . овде [во Даниел, поглавје 7] е ист како оној кој се разгледува во [Даниел], поглавје 2“. Четирите светски сили кои се претставени со четирите метали во сонот на Навуходоносор биле: Вавилонската Империја (златна глава), Медо-Персија (сребрени гради и раце), Грција (бакарен стомак и бедра) и Римската Империја (железни нозе) * (Даниел 2:32, 33). Да видиме како овие царства одговараат на четирите големи ѕверови кои ги видел Даниел.

СВИРЕП КАКО ЛАВ, БРЗ КАКО ОРЕЛ

8. а) Како Даниел го опишал првиот ѕвер? б) Која империја ја претставувал првиот ѕвер, и на кој начин тој постапувал како лав?

8 Какви само ѕверови видел Даниел! Опишувајќи еден од нив, тој вели: „Првиот беше како лав, но со крилја орлови: гледав додека не му ги искубаа крилјата и потоа беше кренат од земјата, се исправи на нозете како човек и му се даде човечко срце“ (Даниел 7:4). Овој ѕвер го прикажува истото владетелство кое е претставено со златната глава на огромниот лик — вавилонската светска сила (607—539 пр.н.е.). Како граблив „лав“, Вавилон свирепо ги голтал нациите, вклучувајќи го и Божјиот народ (Јеремија 4:5—7; 50:17). Како со орлови крилја, овој „лав“ јуришал напред во агресивно освојување (Плач Јеремиин 4:19; Авакум 1:6—8).

9. Низ какви промени поминал ѕверот кој личел на лав, и како тоа влијаело врз него?

9 Со текот на времето, крилјата на тој единствен крилест лав биле ‚искубани‘. Кон крајот на владеењето на цар Валтазар, Вавилон ја изгубил својата брзина на освојување и својата лавовска превласт над нациите. Не бил побрз ни од обичен човек. Со добивањето „човечко срце“, тој ослабнал. Бидејќи му недостигало ‚лавовското срце‘, Вавилон повеќе не можел да се однесува како цар меѓу ‚горските ѕверови‘. (Спореди 2. Царства 17:10; Михеј 5:8.) Бил совладан од еден друг голем ѕвер.

ЛАКОМ КАКО МЕЧКА

10. Која лоза на владетели ја симболизира ‚мечката‘?

10 „И ете“, рекол Даниел, „уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите; нему му беше речено ова: ‚стани и јади многу месо!‘“ (Даниел 7:5). Царот симболизиран со ‚мечката‘ е истиот оној кој е претставен со сребрените гради и раце на големиот лик — лозата на медо-персиски владетели (539—331 пр.н.е.) која започнала со Дариј Медиецот и Кир Велики и завршила со Дариј III.

11. Што значи тоа што симболичната мечка стоела на едната страна и што во устата имала три ребра?

11 Симболичната мечка ‚стоела на едната страна‘, можеби за да се подготви да нападне и да ги совлада нациите, и на тој начин да задржи светска моќ. Или, пак, оваа положба можеби била со намера да се покаже дека персиската лоза на владетели ќе стекне превласт над единствениот медиски цар, Дариј. Трите ребра меѓу забите на мечката би можеле да ги означуваат трите правци во кои таа се пробивала со своите победи. Во 539 пр.н.е. медо-персиската „мечка“ отишла на север за да го освои Вавилон. Потоа, отишла на запад преку Мала Азија, во Тракија. Конечно ‚мечката‘ отишла на југ за да го освои Египет. Бидејќи бројот три понекогаш симболизира интензитет, можеби трите ребра ја нагласуваат и лакомоста за освојување што ја има симболичната мечка.

12. Каков бил резултатот од тоа што симболичната мечка ја послушала заповедта: „Стани и јади многу месо“?

12 ,Мечката‘ нападнала нации одѕивајќи се на зборовите: „Стани и јади многу месо!“ Со тоа што го проголтала Вавилон во склад со божествената волја, Медо-Персија се нашла во положба да му направи една скапоцена услуга на Јеховиниот народ. А така и било! (Види „Толерантен монарх“, на страница 149.) Преку Кир Велики, Дариј I (Дариј Велики) и Артаксеркс I, Медо-Персија ги ослободила еврејските заробеници од Вавилон и им помогнала повторно да го изградат Јеховиниот храм и да ги обноват ѕидините на Ерусалим. Со текот на времето, Медо-Персија завладеала со над 127 области кои биле под нејзина судска надлежност, а Асуир (Ксеркс I), мажот на царицата Естира, ‚царувал од Индија до Етиопија‘ (Естира 1:1). Меѓутоа, на повидок бил подемот на еден друг ѕвер.

БРЗ КАКО КРИЛЕСТ ЛЕОПАРД!

13. а) Што симболизирал третиот ѕвер? б) Што може да се каже за брзината на третиот ѕвер и за подрачјето кое го заземал?

13 Третиот ѕвер бил ‚како леопард: на грбот имал четири крилја од птица, и четири глави имал тој ѕвер, и му била дадена власт‘ (Даниел 7:6). Исто како својот еквивалент — бакарниот стомак и бедра на ликот во сонот на Навуходоносор — овој леопард со четири крилја и четири глави ја симболизирал македонската, т.е. грчката лоза на владетели која започнала со Александар Велики. Енергично и брзо како леопард, Александар се движел низ Мала Азија, на југ кон Египет па сѐ до западната граница на Индија. (Спореди Авакум 1:8.) Неговото подрачје било поголемо од она на ‚мечката‘, бидејќи ги вклучувало Македонија, Грција и Персиската Империја. (Види „Еден млад цар го освојува светот“, на страница 153.)

14. Како ‚леопардот‘ добил четири глави?

14 ,Леопардот‘ добил четири глави откако умрел Александар, во 323 пр.н.е. На крај го наследиле четворица негови генерали на различни делови од неговото подрачје. Селеук ги презел Месопотамија и Сирија. Птолемеј имал контрола над Египет и Палестина. Лисимах владеел со Мала Азија и Тракија, а Касандар ги добил Македонија и Грција. (Види „Поделба на едно огромно царство“, страница 162.) Тогаш се појавила нова закана.

СТРАШЕН ЅВЕР КОЈ СЕ ПОКАЖУВА ПОИНАКОВ

15. а) Опиши го четвртиот ѕвер. б) Што симболизирал четвртиот ѕвер, и како тој здробувал и јадел сѐ што ќе му излезело на патот?

15 Даниел го опишал четвртиот ѕвер како „страшен и ужасен и многу силен“. Тој продолжил: „Имаше големи железни заби; тој јадеше и здробуваше, а остатоците ги газеше со нозете; тој се разликуваше од сите поранешни ѕверови, и имаше десет рогови“ (Даниел 7:7). Овој страшен ѕвер започнал како политичка и воена сила Рим. Постепено ги презел четирите хеленистички дела на Грчката Империја, и до 30 пр.н.е. Рим избил како следна светска сила од библиското пророштво. Подјармувајќи со воена сила сѐ што ѝ стоело на патот, Римската Империја на крајот толку се проширила што го опфаќала подрачјето кое се протегало од Британските Острови, па преку голем дел од Европа, околу целото Средоземје и зад Вавилон сѐ до Персискиот Залив.

16. Какви информации дал ангелот за четвртиот ѕвер?

16 Сакајќи да го утврди значењето на овој „многу страшен“ ѕвер, Даниел внимателно слушал додека ангелот објаснувал: „А десетте [негови] рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара“ (Даниел 7:19, 20, 24). Кои биле овие ‚десет рогови‘ или „десет цареви“?

17. Што симболизираат „десетте рогови“ на четвртиот ѕвер?

17 Како што Рим станувал сѐ побогат и погнил поради развратниот живот на владејачката класа, така слабеел како воена сила. Со текот на времето, ослабнувањето на римската воена моќ станало јасно видливо. Моќната империја на крај се распаднала на многу царства. Со оглед на тоа што Библијата честопати го користи бројот десет за да означи потполност, „десетте рогови“ на четвртиот ѕвер ги претставуваат сите царства кои произлегле после распадот на Рим. (Спореди 5. Мојсеева 4:13; Лука 15:8; 19:13, 16, 17.)

18. Како Рим продолжил со својата доминација над Европа со векови откако бил симнат нејзиниот последен император?

18 Меѓутоа, римската светска сила не исчезнала со симнувањето на нејзиниот последен император во Рим, во 476 н.е. Папскиот Рим продолжил со својата политичка, а особено религиозна доминација над Европа многу векови. Тоа го правел преку феудалниот систем во кој повеќето жители на Европа биле потчинети на феудалец, а потоа на цар. А сите цареви, пак, го признавале авторитетот на папата. На тој начин Светата Римска Империја, со папскиот Рим како централна точка, доминирал со светските работи низ долгиот период од историјата наречен Мрачен среден век.

19. Според еден историчар, каков бил Рим во споредба со претходните империи?

19 Кој може да одрече дека четвртиот ѕвер бил „различен од сите царства‘? (Даниел 7:7, 19, 23). Во врска со ова, историчарот Х. Џ. Велс напишал: „Оваа нова римска сила . . . во неколку погледи била поинаква од која и да е друга голема империја која досега доминирала во цивилизираниот свет . . . [Таа] го вклучувала скоро целиот грчки народ во светот, а хамитското и семитското население во неа било застапено помалку отколку во која и да е друга претходна империја . . . Тоа бил дотогаш нов образец во историјата . . . Римската империја била израсток, непланиран нов израсток; римскиот народ речиси несвесно се нашол вклучен во еден огромен административен експеримент“. Но сепак, четвртиот ѕвер требало да има понатамошен израсток.

ЕДЕН МАЛ РОГ СТЕКНУВА ПРЕВЛАСТ

20. Што рекол ангелот во врска со израснувањето на еден мал рог на главата на четвртиот ѕвер?

20 „Ги гледав тие рогови“, рекол Даниел, „и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа со корен истргнати пред него“ (Даниел 7:8). Во врска со овој израсток, ангелот му рекол на Даниел: „Потоа [после десетте цареви] ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара“ (Даниел 7:24). Кој е овој цар, кога се појавил, и кои три цареви ги покорил?

21. Како дошло до тоа Британија да стане симболичниот мал рог на четвртиот ѕвер?

21 Разгледај го следниов развој на настаните. Во 55 пр.н.е. римскиот генерал Јулиј Цезар ја нападнал Британија, но не успеал да основа трајни населби. Во 43 н.е. императорот Клавдиј започнал едно потрајно освојување на јужна Британија. Потоа, во 122 н.е. императорот Хадријан почнал да гради ѕид од реката Тајн до Солвеј Ферт, означувајќи ја со тоа северната граница на Римската Империја. Во почетокот на петтиот век римските легии го напуштиле островот. „Во шеснаесеттиот век“, објаснил еден историчар, „Англија била второстепена сила. Нејзиното богатство било скудно во споредба со богатството на Холандија. Нејзиното население било многу помало од она на Франција. Нејзините вооружени сили (вклучувајќи ја и морнарицата) биле послаби во однос на оние на Шпанија.“ Очигледно, во тоа време Британија не била некое значајно царство, претставувајќи го на тој начин симболичниот мал рог на четвртиот ѕвер. Но, ова требало да се смени.

22. а) Кои други три рога на четвртиот ѕвер ги совладал ‚малиот‘ рог? б) Како што се издигнала Британија тогаш?

22 Во 1588 Филип II од Шпанија ја покренал шпанската армада против Британија. Оваа флота со 130 бродови, на кои имало повеќе од 24.000 луѓе, запловила во Ла Манш, но само за да доживее пораз од британската морнарица и да падне како жртва на спротивните ветрови и жестоките бури на Атлантикот. Овој настан „го означил одлучувачкиот премин на поморската супериорност од Шпанија на Англија“, рекол еден историчар. Во 17 век Холандија ја развила најголемата трговска морнарица на светот. Меѓутоа, со сѐ поголемите прекуморски колонии, Британија го надминала тоа царство. Во текот на 18 век борбите меѓу Британија и Франција во Северна Америка и во Индија довеле до Парискиот мир во 1763. Овој мир, како што рекол авторот Вилијам Б. Вилкокс, „ја признал новата позиција на Британија како надмоќна европска сила во светот надвор од Европа“. Британската превласт се потврдила во 1815 н.е. со големата победа над Наполеон од Франција. Според тоа, „трите цара“ кои Британија ги ‚покорила‘ биле Шпанија, Холандија и Франција (Даниел 7:24). Како резултат на тоа, Британија се издигнала како најголема светска колонијална и комерцијална сила. Да, ‚малиот‘ рог прераснал во светска сила!

23. На кој начин симболичниот мал рог ‚ја изел целата земја‘?

23 Ангелот му рекол на Даниел дека четвртиот ѕвер, или четвртото царство, ќе „ја изеде целата земја“ (Даниел 7:23). Тоа било случај со римската провинција некогаш позната како Британија. На крај таа станала Британска Империја и ‚ја изела целата земја‘. Едно време оваа империја опфаќала четвртина од копнената површина на Земјата и четвртина од нејзиното население.

24. Што рекол еден историчар во врска со тоа што Британската Империја била поинаква?

24 Како што Римската Империја била поинаква од претходните светски сили, така и царот прикажан со ‚малиот‘ рог требало да биде „поинаков од поранешните“ (Даниел 7:24). Во врска со Британската Империја, историчарот Х. Џ. Велс забележал: „Никогаш порано не постоело такво нешто. Прво и основно во целиот тој систем била ‚крунската република‘ на Обединетите британски кралства . . . Нема ниту едно министерство и ниту еден мозок кој некогаш успеал да ја сфати Британската Империја како целина. Таа била смеса од израстоци и насобрани елементи, сосема поинаква од сѐ што порано се нарекувало империја“.

25. а) Што претставува симболичниот мал рог во својата најнова фаза од развојот? б) Во која смисла ‚малиот‘ рог има „очи, како човечки“ и „уста која зборува надуено“?

25 ,Малиот‘ рог вклучувал повеќе отколку само Британската Империја. Во 1783 Британија ја признала независноста на своите 13 американски колонии. Конечно, Соединетите Американски Држави станале сојузник на Британија, излегувајќи од II светска војна како доминантна нација на Земјата. Таа сѐ уште одржува јаки врски со Британија. Англо-американската двојна светска сила која произлегла од тоа го претставува ‚рогот кој имал очи‘. Навистина, оваа светска сила е прониклива, остроумна! ‚Зборува надуено‘, диктирајќи ја политиката на голем дел од светот и дејствувајќи како негов гласноговорник, или ‚лажен пророк‘ (Даниел 7:8, 11, 20; Откровение 16:13; 19:20).

МАЛИОТ РОГ МУ СЕ ПРОТИВИ НА БОГ И НА НЕГОВИТЕ СВЕТИИ

26. Што претскажал ангелот за начинот на кој ќе зборува и постапува симболичниот рог со Јехова и со неговите слуги?

26 Даниел продолжил да ја опишува својата визија со зборовите: „Видов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше“ (Даниел 7:21). Во врска со овој „рог“, или цар, Божјиот ангел претскажал: „И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени времињата нивни и закони, па и тие да бидат предадени во раката негова за време и за времиња и за половина време“ (Даниел 7:25). Како и кога се исполнил овој дел од пророштвото?

27. а) Кои се „светиите“ кои ги прогонувал ‚малиот‘ рог? б) На кој начин симболичниот рог имал намера да ги ‚измени времињата нивни и законите‘?

27 „Светиите“ кои ги прогонувал ‚малиот‘ рог — англо-американската светска сила — се Исусовите помазани со дух следбеници на Земјата (Римјаните 1:7; 1. Петрово 2:9). Со години пред I светска војна остатокот од овие помазаници јавно предупредувал дека во 1914 година ќе завршат ‚одредените времиња на нациите‘ (Лука 21:24NW). Кога таа година избувнала војна, било очигледно дека ‚малиот‘ рог го игнорирал ова предупредување, зашто истрајал во шиканирањето на помазаните ‚светии‘. Англо-американската светска сила се противела дури и на нивните напори да го извршуваат Јеховиното барање (или „закони“) неговите сведоци да ја проповедаат добрата вест за Царството ширум светот (Матеј 24:14). На тој начин ‚малиот‘ рог се обидел да ги ‚измени времињата и законите‘.

28. Колку изнесуваат ‚времето и времињата и половината време‘?

28 Јеховиниот ангел укажал на еден пророчки период од ‚време и времиња и половина време‘. Колку долго е тоа? Толкувачите на Библијата обично се сложуваат дека овој израз означува три и пол времиња — износот на едно време, две времиња и половина време. Со оглед на тоа што ‚седумте времиња‘ на лудило на Навуходоносор изнесувале седум години, три и полте времиња се три и пол години * (Даниел 4:13, 22). Преводот An American Translation гласи: „Ќе му бидат предадени за една година, две години и половина година“. Верзијата на Џејмс Мофат вели: „За три години и половина година“. Истиот период е спомнат во Откровение 11:2—7 каде што се вели дека Божјите сведоци облечени во вреќи ќе проповедаат 42 месеци, или 1.260 дена, и дека потоа ќе бидат убиени. Кога започнал и кога завршил овој временски период?

29. Кога и како започнале пророчките три и пол години?

29 За помазаните христијани, I светска војна значела време на испитување. На крајот од 1914, тие очекувале прогонство. Всушност, самиот годишен стих избран за 1915 година било прашањето на Исус до неговите ученици: „Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам јас?“ Се темелел на Матеј 20:22. Затоа, од декември 1914, таа мала група сведоци почнала да проповеда „во вреќи“.

30. Како англо-американската светска сила ги шиканирала помазаните христијани во текот на I светска војна?

30 Како што воената треска земала замав, помазаните христијани наидувале на сѐ поголемо противење. Некои од нив биле затворени. Поединци, како што биле Френк Плат во Англија и Роберт Клег во Канада, биле мачени од садистичките власти. На 12 февруари 1918, британскиот доминион во Канада го забранил штотуку издадениот седми том од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), со наслов The Finished Mystery (Свршена тајна), како и трактатите со наслов The Bible Students Monthly (Месечник на Библиските студенти). Следниот месец, Министерството за правда на САД го прогласило дистрибуирањето на седмиот том за незаконско. Каков бил резултатот? Домовите биле претресувани, литературата конфискувана, а Јеховините обожаватели апсени!

31. Кога и како завршиле ‚времето, времињата и половината време‘?

31 Шиканирањето на Божјите помазаници достигнало кулминација на 21 јуни 1918, кога претседателот Џ. Ф. Ратерфорд и истакнати членови на Watch Tower Bible and Tract Society под лажни обвиненија биле осудени на долги затворски казни. Со цел ‚да ги измени времињата и законите‘, всушност ‚малиот‘ рог го усмртил организираното дело на проповедање (Откровение 11:7). Значи, претскажаниот период од ‚време, времиња и половина време‘ завршил во јуни 1918.

32. Зошто би рекол дека ‚малиот‘ рог не ги збришал „светиите“?

32 Но, со шиканирањето од страна на ‚малиот‘ рог не биле збришани „светиите“. Како што и било проречено во книгата Откровение, после краток период на неактивност, помазаните христијани оживеале и повторно се активирале (Откровение 11:11—13). На 26 март 1919, претседателот на Watch Tower Bible and Tract Society и неговите соработници биле пуштени од затвор и подоцна ослободени од лажните обвиненија. Веднаш потоа, помазаниот остаток почнал да се реорганизира за понатамошна активност. Но, што го очекувало ‚малиот‘ рог?

ПРАДРЕВНИОТ ЗАСЕДАВА НА СУД

33. а) Кој е Прадревниот? б) Кои биле ‚книгите отворени‘ на небесниот Суд?

33 Откако ги претставува четирите ѕверови, погледот на Даниел се свртува од четвртиот ѕвер кон една сцена на небото. Го здогледува ‚Прадревниот‘ (Душан Константинов) кој седнува на својот блескав престол како Судија. Прадревниот не е никој друг туку Јехова Бог (Псалм 89:2). Додека небесниот суд почнува да заседава, Даниел гледа како ‚се отвораат книгите‘ (Даниел 7:9, 10). Бидејќи Јеховиното постоење се протега во бескрајното минато, тој ја знае целата човечка историја како да е запишана во книга. Тој ги набљудувал сите четири симболични ѕверови и може да им пресуди на темел на своето лично познавање на работите.

34, 35. Што ќе се случи со ‚малиот‘ рог и со другите ѕверски сили?

34 Даниел продолжува: „Тогаш видов дека за искажаните горди зборови, што рогот ги говореше, ѕверот беше убиен пред очите мои и телото негово смачкано и предадено на оган за да изгори. И од другите ѕверови власта беше одземена и животот нивни се продолжи само до извесно време и до рок“ (Даниел 7:11, 12). Ангелот му вели на Даниел: „Потоа ќе седнат судиите и ќе ја одземат од него власта да погубува и да истребува до крај [за потполно да го истребат и уништат, NW]“ (Даниел 7:26).

35 Со указ од Големиот Судија, Јехова Бог, рогот кој хулел на Бог и ги шиканирал неговите „светии“ ќе го доживее истото искуство како и Римската Империја која ги прогонувала раните христијани. Неговото владетелство нема да продолжи да постои. Ниту, пак, ќе продолжат да постојат пониските „цареви“ слични на рогови кои произлегле од Римската Империја. Но, што е со владетелствата кои потекнале од претходните ѕверски сили? Како што е претскажано, нивниот живот бил продолжен ‚до извесно време и рок‘. Нивните подрачја се населени сѐ до ден-денес. На пример, Ирак го зафаќа подрачјето на древниот Вавилон. Персија (Иран) и Грција сѐ уште постојат. Остатоците од овие светски сили се дел од Обединетите нации. Со истребувањето на последната светска сила ќе исчезнат и овие царства. Сите човечки влади ќе бидат збришани во ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ (Откровение 16:14, 16). Но, кој тогаш ќе владее со светот?

ПРЕД НАС СТОИ ВЕЧНО ВЛАДЕТЕЛСТВО!

36, 37. а) На кого се укажува со „Синот Човечки“, и кога и со каква цел се појавил тој на небесниот Суд? б) Што било воспоставено во 1914 н.е.?

36 „Гледав во ноќни виденија: и ете“, извикал Даниел, „на небесните облаци доаѓа како Човечкиот Син. Тој Му се приближи на Прадревниот, и Го доведоа кај Него“ (Даниел 7:13, Душан Константинов). Кога бил на Земјата, Исус Христос се нарекувал себеси „Син Човечки“, укажувајќи со тоа на своето сродство со човештвото (Матеј 16:13; 25:31). Пред Синедрионот, односно вишиот еврејски суд, Исус рекол: „Отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по небеските облаци“ (Матеј 26:64). Значи во визијата на Даниел, оној кој доаѓа, кој е невидлив за човечки очи и добива пристап кај Јехова Бог бил воскреснатиот, прославениот Исус Христос. Кога се случило ова?

37 Бог склучил со Исус Христос завет за Царство исто како што тоа го сторил со цар Давид (2. Царства 7:11—16; Лука 22:28—30). Кога во 1914 н.е. завршиле ‚одредените времиња на нациите‘ (NW), Исус Христос како Давидов царски наследник со право можел да ја прими власта на Царството. Даниеловиот пророчки запис гласи: „И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши“ (Даниел 7:14). Значи, Месијанското Царство било воспоставено на небото во 1914 година. Меѓутоа, и на други им е дадено владетелство.

38, 39. Кој ќе добие вечно владетелство над светот?

38 „Светиите на Севишниот ќе го земат царството“, рекол ангелот (Даниел 7:18, 22, 27). Исус Христос е главниот меѓу светиите (Дела 3:14; 4:27, 30). Другите ‚светии‘ кои имаат удел во владетелството се 144.000 верни со дух помазани христијани кои се наследници на Царството со Христос (Римјаните 1:7; 8:17; 2. Солунјаните 1:5; 1. Петрово 2:9). Тие се воскреснати од мртвите како бесмртни духови за да владеат со Христос на небесната гора Сион (Откровение 2:10; 14:1; 20:6). Значи, Христос Исус и воскреснатите помазани христијани ќе владеат со светот на човештвото.

39 Во врска со владетелството на Синот човечки и на другите воскреснати ‚светии‘, Божјиот ангел рекол: „Царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите големодостојници ќе му служат и ќе му се покоруваат нему“ (Даниел 7:27). Какви само благослови ќе доживее послушното човештво под тоа Царство!

40. Како можеме да извлечеме корист од тоа што обрнуваме внимание на сонот и визиите на Даниел?

40 Даниел не бил свесен за сите овие чудесни исполнувања на визиите кои му ги дал Бог. Тој рекол: „Тука е крајот на овој збор. Мене, Даниила, силно ме возмутија размислувањата мои, но словото го запазив во срцето свое“ (Даниел 7:28). Но, ние живееме во времето кога можеме да го разбереме исполнувањето на она што го видел Даниел. Ако обрнуваме внимание на ова пророштво, тоа ќе ја зајакне нашата вера и ќе го поткрепи нашето уверување дека со светот ќе владее Јеховиниот месијански Цар.

[Фусноти]

^ За да биде појасно и да избегнеме повторување, објаснителните стихови кои се наоѓаат во Даниел 7:15—28 ќе ги споиме со разгледувањето стих по стих на визиите запишани во Даниел 7:1—14.

^ Види го 4-то поглавје од оваа книга.

^ Види го 6-то поглавје од оваа книга.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Што симболизира секој од ‚четирите големи диви ѕверови кои излегуваат од морето‘?

• Што претставува ‚малиот‘ рог?

• Како симболичниот мал рог ги шиканирал „светиите“ во текот на I светска војна?

• Што ќе се случи со симболичниот мал рог и со другите ѕверски сили?

• Како извлече корист од тоа што обрна внимание на сонот и визиите на Даниел за ‚четирите големи ѕверови‘?

[Прашања]

[Рамка/слики на страници 149-152]

ТОЛЕРАНТЕН МОНАРХ

ЕДЕН грчки писател од петтиот век пр.н.е. го помни како толерантен и идеален монарх. Во Библијата е наречен Божји „помазаник“ и „орел“ кој доаѓа „од исток“ (Исаија 45:1; 46:11). Значи, монархот за кој станува збор е Кир Велики од Персија.

Маршот на Кир кон славата започнал околу 560/​559 пр.н.е. кога го наследил својот татко Камбис I на престолот во Аншан, град или област во древна Персија. Во тоа време Аншан бил под врховна власт на медискиот цар Астијаг. Кога се побунил против медиското владетелство, Кир извојувал брза победа бидејќи војската на Астијаг дезертирала. Тогаш Кир ја стекнал лојалноста на Медијците. После тоа, Медијците и Персијците обединето се бореле под негово водство. На тој начин настанала медо-персиската влада која со текот на времето го проширила своето подрачје на владеење од Егејското Море до реката Инд. (Види ја мапата.)

Со комбинираните сили на Медијците и Персијците, Кир најпрвин презел акција да воспостави контрола над едно кризно жариште — западниот дел од Медија каде лидискиот цар Крез го проширил своето подрачје во медиска територија. Напредувајќи кон источната граница на Лидиската Империја во Мала Азија, Кир го поразил Крез и го освоил неговиот главен град, Сард. Потоа Кир ги покорил јонските градови и цела Мала Азија ја ставил во подрачјето на Медо-персиската Империја. Со тоа станал главен ривал на Вавилон и на неговиот цар Набонид.

Потоа Кир се подготвил за судир со моќниот Вавилон. Од тој момент се вклучил во исполнувањето на библиското пророштво. Преку пророкот Исаија, скоро два века пред тоа, Јехова го именувал Кир како владетел кој ќе го порази Вавилон и ќе ги ослободи Евреите од ропство. На темел на ова однапред извршено наименување, Писмото укажува на Кир како на Јеховин „помазаник“ (Исаија 44:26—28).

Кога Кир се кренал против Вавилон во 539 пр.н.е., се соочил со огромна задача. Опколен со огромните ѕидини, како и со длабокиот и широк ендек кој го формирала реката Еуфрат, градот изгледал неосвоив. Во делот од Вавилон низ кој течел Еуфрат, по должината на речните брегови имало ѕид висок како планина, со огромни бакарни порти. Како ќе може Кир воопшто да го освои Вавилон?

Повеќе од еден век пред тоа, Јехова претскажал „суша за водите негови“ и рекол дека тие „ќе секнат“ (Јеремија 50:38). Верно на пророштвото, Кир ги свртел водите на реката Еуфрат неколку километри северно од Вавилон. Потоа неговата војска го прегазила речното корито, се искачила по косината која водела до ѕидот и лесно влегла во градот бидејќи бакарните порти биле оставени отворени. Како „орел“ кој брзо се нафрла врз својата жртва, овој владетел „од исток“ го освоил Вавилон за една ноќ!

За Евреите од Вавилон победата на Кир значела при­стиг­ну­ва­ње на долгоочекуваното ослободување од ропството и крај на 70-годишната опустошеност на нивната татковина. Колку мора да биле возбудени кога Кир издал проглас со кој ги овластил да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат храмот! Исто така, Кир им ги вратил и скапоцените садови од храмот кои Навуходоносор ги однел во Вавилон, им дал царска дозвола да увезат градежно дрво од Либан и овластил да се дадат пари од царскиот дом за да се покријат градежните трошоци (1. Ездра 1:1—11; 6:3—5).

Во постапките со луѓето кои ги освојувал, Кир главно следел политика на хуманост и толеранција. Една причина за таквото однесување можеби била неговата религија. Веројатно Кир се придржувал за учењата на персискиот пророк Зороастер и го обожавал Ахура Мазда — бог за кој се сметало дека е творец на сѐ што е добро. Во својата книга The Zoroastrian Tra­di­tion (Традиција на зороастризмот) Фарханг Мер пишува: „Зороастер го претставувал Бог како морално совршенство. Им кажувал на луѓето дека Ахура Мазда не е осветољубив туку праведен и дека затоа не треба да се плашат од него туку да го сакаат“. Верувањето во бог кој е морален и праведен сигурно влијаело врз етиката на Кир и го охрабрувало на великодушност и чесност.

Меѓутоа, царот не бил баш толерантен во однос на климата во Вавилон. Тешко ги поднесувал тамошните жешки лета. Затоа, иако останал царски град на империјата, како и религиозен и културен центар, Вавилон главно служел само како зимски главен град. Всушност, откако го освоил Вавилон, Кир наскоро се вратил во својот летен главен град, Екбатана, сместен на околу 1.900 метри надморска висина, на подножјето од гората Алванд. Повеќе му се допаѓале тамошните студени зими урамнотежени со пријатните лета. Кир изградил и една елегантна палата во претходниот главен град Пасаргада (во близина на Персеполис), на 650 километри југоисточно од Екбатана. Таа резиденција му служела како катче во кое можел да се повлече.

На тој начин Кир оставил печат на смел освојувач и толерантен монарх. Неговото 30-годишно владеење завршило во 530 пр.н.е. кога загинал додека се наоѓал на еден воен поход. На персискиот престол го наследил неговиот син Камбис II.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Како Кир Персиецот се покажал како Јеховин „помазаник“?

• Каква скапоцена услуга му направил Кир на Јеховиниот народ?

• Како постапувал Кир со луѓето кои ги освојувал?

[Карта]

(Види во публикацијата)

МЕДО⁠-​ПЕРСИСКА ИМПЕРИЈА

МАКЕДОНИЈА

Мемфис

ЕГИПЕТ

ЕТИОПИЈА

Ерусалим

Вавилон

Екбатана

Суза

Персеполис

ИНДИЈА

[Слика]

Гробот на Кир во Пасаргада

[Слика]

Барелјеф во палатата на Кир во Пасаргада, на кој е прикажан Кир

[Рамка/слики на страници 153-161]

ЕДЕН МЛАД ЦАР ГО ОСВОЈУВА СВЕТОТ

ПРЕД околу 2.300 години, еден русокос воен генерал кој бил во своите 20-ти години застанал на брегот на Средоземното Море. Очите му биле вперени во еден остров-град кој се наоѓал на оддалеченост од речиси еден километар. Со оглед на тоа што не му било дозволено да влезе таму, разбеснетиот генерал бил решен да го освои градот. Каков бил неговиот план за напад? Да изгради насип до островот и да ги мобилизира своите сили против градот. Изградбата на насипот веќе била во тек.

Но, младиот генерал го прекинала една порака од големиот цар на Персиската Империја. Желен да склучи примирје, персискиот владетел понудил нешто извонредно: 10.000 таленти злато (над две милијарди долари, според сегашна вредност), раката на една од ќерките на царот и власт над целиот западен дел од Персиската Империја. Сево ова му било понудено ако го врати семејството на царот, кое генералот го имал заробено.

Заповедникот соочен со одлуката дали да ја прифати или да ја одбие понудата бил Александар III од Македонија. Дали ќе ја прифати понудата? „Тоа бил судбоносен миг за древниот свет“, вели историчарот Улрих Вилкен. „Всушност, последиците од таа одлука се протегале низ средниот век па сѐ до нашево време, како на Исток така и на Запад.“ Пред да го разгледаме одговорот на Александар, да видиме кои настани воделе до овој пресуден момент.

РАЗВОЈОТ НА ОСВОЈУВАЧОТ

Александар бил роден во Пела (Македонија) во 356 пр.н.е. Негов татко бил цар Филип II, а мајка му била Олимпија. Таа го поучила Александар дека македонските цареви потекнуваат од Херкул, син на грчкиот бог Зевс. Според Олимпија, предок на Александар бил Ахил, херојот од поемата на Хомер, Илијада. Така воспитуван од родителите кон освојување и царска слава, младиот Александар малку се интересирал за други активности. Кога бил запрашан дали ќе се трка на Олимписките игри, Александар истакнал дека би го сторил тоа ако би се тркал со цареви. Тој имал амбиција да прави поголеми дела отколку оние на неговиот татко и да стекне слава преку постигнувањата.

На 13-годишна возраст Александар бил доверен под грижата на грчкиот филозоф Аристотел, кој му помогнал да развие интерес за филозофија, медицина и наука. До која мера филозофските учења на Аристотел го обликувале начинот на размислување на Александар сѐ уште се дебатира. „Може со сигурност да се каже дека немало баш многу работи околу кои тие двајца имале заеднички јазик“, забележал Бертранд Расел, филозоф од 20 век. „Политичките гледишта на Аристотел се темелат на грчкиот град-држава кој бил во изумирање.“ Концептот за мала влада на град-држава не му бил привлечен на младиот кнез кој сакал да изгради голема централизирана империја. Александар сигурно бил скептичен и во врска со концептот на Аристотел оние кои не се Грци да се третираат како робови, зашто тој замислувал империја со напредно партнерство меѓу победниците и победените.

Меѓутоа, речиси е сигурно дека Аристотел го негувал интересот што го имал Александар за читањето и учењето. Александар останал страстен читател низ целиот свој живот, а посебна страст имал кон делата на Хомер. Се тврди дека напамет ја научил Илијадата — сите 15.693 стихови.

Образованието од Аристотел било нагло прекинато во 340 пр.н.е. кога 16-годишниот кнез се вратил во Пела за да управува со Македонија во отсуство на својот татко. И, престолонаследникот не губел време за да се истакне со своите воени подвизи. На задоволство на Филип, тој брзо го запрел бунтовничкото тракиско племе Меди, на јуриш го презел нивниот главен град и му дал име по себеси — Александрополис.

ОСВОЈУВАЊЕТО ПРОДОЛЖУВА

Атентатот на Филип во 336 пр.н.е. водел до тоа 20-годишниот Александар да го наследи престолот на Македонија. Навлегувајќи во Азија кај Хелеспонт (сега Дарданели) во пролетта 334 пр.н.е., Александар започнал еден освојувачки поход со мала, но ефикасна војска од 30.000 пешадинци и 5.000 коњаници. Неговата војска ја придружувале инженери, геометри, архитекти, научници и историчари.

Кај реката Граник, во северозападниот дел на Мала Азија (сега Турција), Александар ја извојувал првата битка против Персијците. Таа зима го освоил западниот дел од Мала Азија. Следната есен се одиграла втората одлучувачка битка со Персијците кај местото Ис, во југоисточниот дел од Мала Азија. Со војска од околу половина милион луѓе, големиот персиски цар Дариј III пристигнал таму за да се сретне со Александар. Дариј, кој имал претерана самодоверба, ги повел и својата мајка, сопругата и други членови на семејството за да бидат сведоци на она што требало да биде спектакуларна победа. Но, Персијците не биле подготвени за ненадејниот и жесток напад на Македонците. Силите на Александар во потполност ја поразиле персиската војска, а Дариј побегнал, оставајќи го своето семејство во рацете на Александар.

Наместо да ги гони Персијците кои се дале во бегство, Александар одмарширал на југ по должината на средоземниот брег, освојувајќи ги базите кои ги користела моќната персиска флота. Но, островот-град Тир се спротивставил на инвазијата. Одлучен да го освои, Александар започнал опсада која траела седум месеци. За време на опсадата дошла понудата за примирје од Дариј, која беше спомната на почетокот. Понудените отстапки биле толку привлечни, што се вели дека Парменион, доверлив советник на Александар, рекол: ‚Да бев јас Александар, ќе прифатев‘. Но, младиот генерал возвратил: ‚Па, и јас ќе прифатев — да бев Парменион‘. Одбивајќи да преговара, Александар продолжил со опсадата и во јули 332 пр.н.е. ја разурнал гордата господарка на морето.

Поштедувајќи го Ерусалим, кој му се предал, Александар се упатил на југ и ја освоил Газа. Исцрпен од персиското владеење, Египет му укажал добредојде како на ослободител. Кај Мемфис му принел жртва на бикот Апис, и на тој начин им угодил на египетските свештеници. Исто така, го основал градот Александрија, кој подоцна ѝ станал конкурент на Атина како центар на ученоста, а и сѐ уште го носи неговото име.

После тоа, Александар се свртел североисточно, ја преминал Палестина и се упатил кон реката Тигар. Во 331 пр.н.е. се впуштил во третата главна битка со Персијците, кај Гаугамела, недалеку од распаднатите урнатини на Ниневија. Таму 47-те илјади луѓе на Александар ја совладале реорганизираната персиска војска која броела најмалку 250.000 луѓе! Дариј избегал и подоцна бил убиен од сопствениот народ.

Понесен од победата, Александар се упатил на југ и го презел персискиот зимски главен град Вавилон. Исто така, ги освоил главните градови Суза и Персеполис, при што го ограбил огромното персиско богатство и ја запалил величествената палата на Ксеркс. На крај, во негови раце паднал и главниот град Екбатана. Потоа овој брз освојувач го покорил останатиот дел од персиското подрачје, одејќи на исток сѐ до реката Инд која се наоѓа во денешен Пакистан.

Откако го преминал Инд, во регионот кој се граничел со персиската провинција Таксила, Александар на­ишол на еден страшен ривал — индискиот монарх Пор. Против него Александар ја водел својата четврта и последна главна битка, во јуни 326 пр.н.е. Војската на Пор вклучувала 35.000 војници и 200 слонови кои ги исплашиле коњите на Македонците. Битката била жестока и крвава, но силите на Александар надвладеале. Пор се предал и му станал сојузник.

Поминале повеќе од осум години откако македонската војска преминала во Азија, а војниците биле изморени и носталгични. Исцрпени од жестоката битка со Пор, тие сакале да се вратат дома. Иако во почетокот се колебал, сепак Александар на крај се повинил на нивните желби. Грција навистина станала светска сила. Со основањето грчки колонии во освоените земји, грчкиот јазик и култура се рашириле низ целото тоа подрачје.

ЧОВЕКОТ ЗАД ШТИТОТ

Она што ја држело македонската војска заедно низ годините на освојување била личноста на Александар. После битките, Александар по обичај ги посетувал ранетите, ги прегледувал нивните повреди, ги пофалувал војниците за нивните јуначки дела и им искажувал почести со парични подароци во склад со нивните достигнувања. За оние, пак, кои загинале во битка, Александар организирал величествени погреби. Родителите и децата на паднатите мажи биле изземени од сите даноци и облици на служба. За разонода после битките, Александар одржувал игри и натпревари. Во една прилика дури средил штотуку оженетите мажи да добијат отсуство овозможувајќи им да ја поминат зимата со своите жени во Македонија. Таквите постапки му донеле наклоност и восхит од неговите луѓе.

Во врска со бракот на Александар со бактриската принцеза Роксана, грчкиот биограф Плутарх пишува: „Тоа навистина било љубовна врска, иако истовремено изгледало дека придонесува за целта што ја имал на ум. Зашто на освоениот народ му било задоволство да види дека тој избрал сопруга од нивната средина, и тие чувствувале силна наклоност кон него кога виделе дека, во единствената љубов од која тој, најумерениот од сите мажи, бил совладан, се воздржал додека не ја добил на законски и чесен начин“.

Александар го почитувал и бракот на другите. Иако сопругата на цар Дариј била заробеничка, тој се погрижил со неа да се постапува чесно. На сличен начин, откако дознал дека двајца македонски војници ги злоупотребувале жените на некои странци, наредил, ако се утврди дека се виновни, да бидат погубени.

Како и неговата мајка Олимпија, Александар бил многу религиозен. Принесувал жртви пред и после битките и се консултирал со гатачи во врска со значењето на некои предзнаци. Исто така, се обратил и во пророчиштето Амон во Либија. А во Вавилон ги извршувал упатствата на Халдејците во врска со жртвите, особено на вавилонскиот бог Бел (Мардук).

Иако Александар бил умерен во своите навики на исхрана, тој на крај се оддал на прекумерно пиење. После секоја чаша вино сѐ повеќе и повеќе зборувал и се фалел со своите успеси. Едно од најмрачните дела на Александар било убиството на неговиот пријател Клит — во еден излив на бес во пијана состојба. Но, потоа Александар толку многу се осудувал што три дена лежел в кревет без да јаде и пие. Конечно, неговите пријатели успеале да го убедат да јаде.

Како што одминувало времето, копнежот на Александар за слава изнел на видело и други непожелни карактерни црти. Почнал брзо да верува во лажни обвиненија и да спроведува најсурови казни. На пример, кога бил наведен да поверува дека Филот бил вклучен во еден обид за негово убиство, Александар наредил тој и неговиот татко Парменион, советникот во кого некогаш имал доверба, да бидат погубени.

ПОРАЗОТ НА АЛЕКСАНДАР

Кратко по враќањето во Вавилон, Александар паднал како жртва на маларична треска, од која не се опоравил. На 13 јуни 323 пр.н.е., после само 32 години и 8 месеци живот, Александар се предал на најстрашниот непријател — смртта.

Испаднало како што забележале некои индиски мудреци: „О цару Александар, секој човек поседува само онолку од Земјата колку ова на кое стоиме; а ти си човек како и другите луѓе, освен што си полн со активности и непопустлив, прокрстари низ целата оваа земја далеку од својот дом, правејќи си неприлики себеси, а и на другите. Но, наскоро ќе умреш, и ќе поседуваш само онолку од Земјата колку што е доволно за твојот гроб“.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Какво е потеклото на Александар Велики?

• Каква кампања започнал Александар набрзо откако го наследил престолот на Македонија?

• Опиши некои од освојувањата на Александар.

• Што може да се каже за личноста на Александар?

[Карта]

(Види во публикацијата)

ОСВОЈУВАЊАТА НА АЛЕКСАНДАР

МАКЕДОНИЈА

ЕГИПЕТ

Вавилон

реката Инд

[Слика]

Александар

[Слика]

Аристотел со својот ученик Александар

[Слика на цела страница]

[Слика]

Се вели дека на овој медал е прикажан Александар Велики

[Рамка/слики на страници 162 и 163]

ПОДЕЛБА НА ЕДНО ОГРОМНО ЦАРСТВО

ВО ВРСКА со царството на Александар Велики, Библијата претскажала дека ќе се распадне и подели, но ‚не на неговите потомци‘ (Даниел 11:3, 4). Во склад со тоа, во рок од 14 години после ненадејната смрт на Александар, во 323 пр.н.е., врз неговиот законски син Александар IV и врз незаконскиот син Херакле бил извршен атентат.

До 301 пр.н.е. четворица генерали на Александар ја зацврстиле својата власт над огромната империја која ја изградил нивниот заповедник. Генерал Касандар презел контрола над Македонија и Грција. Генерал Лисимах ги добил Мала Азија и Тракија. На Селеук I Никатор му припаднале Месопотамија и Сирија. А Птолемеј Лаг, или Птолемеј I, завладеал со Египет и Палестина. На тој начин, од тоа едно големо царство на Александар настанале четири хеленистички, или грчки царства.

Од четирите хеленистички царства најкратко владеело она на Касандар. После неколку години откако Касандар дошол на власт, неговата машка лоза изумрела, и во 285 пр.н.е. Лисимах го презел европскиот дел од Грчката Империја. После четири години, Лисимах загинал во битка со Селеук I Никатор и на тој начин му ја препуштил контролата над поголемиот дел од азиските територии. Селеук станал првиот од лозата селеукидски цареви во Сирија. Во Сирија ја основал Антиохија и ја направил негов нов главен град. Врз Селеук бил извршен атентат во 281 пр.н.е., но династијата што ја основал продолжила да владее сѐ до 64 пр.н.е. кога римскиот генерал Помпеј ја претворил Сирија во римска провинција.

Од четирите дела на империјата на Александар, најдолго траело Птолемејското царство. Птолемеј I ја презел титулата цар во 305 пр.н.е. и станал прв македонски цар, или фараон на Египет. Прогласувајќи ја Александрија за главен град, тој веднаш започнал со една програма на урбанизација. Еден од најголемите градежни проекти била прочуената Александриска библиотека. За да биде надгледуван овој величествен проект, Птолемеј го донел од Грција славниот атински изучувач Деметриј Фалеранин. Се вели дека до првиот век н.е. во библиотеката биле сместени еден милион свитоци. Птолемејската династија продолжила да владее во Египет сѐ додека не паднала под Рим во 30 пр.н.е. Тогаш Рим ја заменил Грција како доминантна светска сила.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Како била поделена огромната империја на Александар?

• До кога лозата на селеукидски цареви продолжила да владее во Сирија?

• Кога завршило Птолемејското царство во Египет?

[Карта]

(Види во публикацијата)

РАСПАД НА ИМПЕРИЈАТА НА АЛЕКСАНДАР

Касандар

Лисимах

Птолемеј I

Селеук I

[Слики]

Птолемеј I

Селеук I

[Графикон/слика на страница 139]

(Види во публикацијата)

СВЕТСКИТЕ СИЛИ ОД ДАНИЕЛОВОТО ПРОРОШТВО

Огромниот лик (Даниел 2:31—45)

Четирите ѕверови од морето (Даниел 7:3—8, 17, 25)

ВАВИЛОНИЈА од 607 пр.н.е.

МЕДО-ПЕРСИЈА од 539 пр.н.е.

ГРЦИЈА од 331 пр.н.е.

РИМ од 30 пр.н.е.

АНГЛО-АМЕРИКАНСКА СВЕТСКА СИЛА од 1763 н.е.

ПОЛИТИЧКИ РАЗДЕЛЕН СВЕТ во времето на крајот

[Слика на целата страница 128]

[Слика на целата страница 147]