Јехова му нанесува неволји на христијанскиот свет
Поглавје 21
Јехова му нанесува неволји на христијанскиот свет
Видение 5 — Откровение 8:1—9:21
Тема: Огласување на шест од седумте труби
Кога се исполнува: Од устоличувањето на Исус Христос во 1914 година до големата неволја
1. Што се случило кога Јагнето го отворило седмиот печат?
АНГЕЛИТЕ ги задржуваат „четирите ветрови“ сѐ додека 144.000-те духовни Израелци не се обележани со печат и големото мноштво не е одобрено за преживување (Откровение 7:1-4, 9). Но, пред тие силни ветрови да почнат да дуваат на Земјата, мора да се разгласат и Јеховините осуди над Сатановиот свет! Кога Јагнето почнува да го отвора седмиот, последен печат, Јован сигурно со нетрпение чека да види што ќе се случи. Сега ни кажува што гледа: „Кога Јагнето го отвори седмиот печат, настана тишина на небото која траеше околу половина час. И ги видов седумте ангели кои стојат пред Бог. И им беа дадени седум труби“ (Откровение 8:1, 2).
Време за горлива молитва
2. Што се случило на небото во текот на симболичниот половина час?
2 Ова е навистина значајна тишина! Половина час може да ни се чини многу долго време кога чекаме да се случи нешто. Повеќе не се слуша ни небесниот хор кој постојано му пееше фалби на Бог (Откровение 4:8). Зошто? Во видението, Јован ја гледа причината за ова: „И дојде еден друг ангел и застана кај жртвеникот со златна кадилница. И му беше дадено многу темјан за да го принесе на златниот жртвеник пред престолот додека се слушаа молитвите на сите свети. И чадот од темјанот со молитвите на светите се крена пред Бог од рацете на ангелот“ (Откровение 8:3, 4).
3. а) На што нѐ потсетува палењето на темјанот? б) Што овозможува получасовната тишина на небото?
3 Ова нѐ потсетува дека во еврејското уредување секојдневно бил пален темјан во светиот шатор, а подоцна и во храмот во Ерусалим (2. Мојсеева 30:1-8). Додека свештениците принесувале темјан, останатите Израелци кои не биле свештеници чекале надвор од светиот дел и му се молеле — несомнено во себе — на Оној кон кого се кревал чадот од темјанот (Лука 1:10). Јован сега гледа како нешто слично се случува на небото. Темјанот што го принел ангелот е поврзан со „молитвите на светите“. Всушност, во едно претходно видение беше речено дека темјанот ги претставува овие молитви (Откровение 5:8; Псалм 141:1, 2). По сѐ изгледа, симболичната тишина на небото овозможува да бидат сослушани молитвите на светите што се на Земјата.
4, 5. Кои настани од минатото ни помагаат да одредиме на кој период се однесува симболичниот половина час тишина?
4 Можеме ли да одредиме кога се случило ова? Да, можеме, доколку го испитаме контекстот, а и настаните што се случиле во самиот почеток на денот на Господарот (Откровение 1:10). Настаните на Земјата во 1918 и 1919 година беа во неверојатен склад со она што е опишано во Откровение 8:1-4. Во текот на четириесетте години пред 1914, Истражувачите на Библијата — како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци — храбро објавуваа дека времињата на незнабошците ќе завршат таа година. Потресните настани во 1914 година покажаа дека тие беа во право (Лука 21:24; Матеј 24:3, 7, 8). Но, мнозина од нив исто така веруваа дека во 1914 година ќе бидат земени од Земјата и ќе го добијат своето небесно наследство. Ова не се случи. Наместо тоа, во текот на Првата светска војна тие претрпеа сурово прогонство. На 31 октомври 1916 година почина Чарлс Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Society. Потоа, на 4 јули 1918 година, новиот претседател, Џозеф Ф. Ратерфорд, и седум други претставници на Watch Tower Society беа однесени во затворот во Атланта (Џорџија, САД), и беа неправедно осудени на долги години затвор.
5 Искрените христијани од класата на Јован беа збунети. Што очекува сега Бог од нив? Кога ќе бидат земени на небо? Во Стражарска кула од 1 мај 1919 година (англиски) излезе статијата со наслов: „Собирањето заврши — што следува?“ Иако во неа можеше да се почувствува неизвесност, таа ги охрабри верните да истрајат со следниве зборови: „Веруваме дека се исполнија зборовите во врска со собирањето на класата за Царството — сите нејзини членови беа навреме обележани со печат и вратата е затворена“. Во овој тежок период, горливите молитви на класата на Јован се креваа нагоре како чад од многу темјан. И, нивните молитви беа услишени!
Фрлен е оган на земјата
6. Што се случило по тишината на небото, и на што било одговор ова?
6 Јован ни кажува: „Ангелот потоа ја зеде кадилницата и ја наполни со оган од жртвеникот и го фрли огнот на земјата. И настанаа громови и гласови и молњи и потрес“ (Откровение 8:5). По тишината, наеднаш следат драматични настани! Тие се очигледен одговор на молитвите на светите, бидејќи се предизвикани од огнот што е земен од кадилниот жртвеник. Во далечната 1513 год. пр.н.е., громовите, молњите, силниот звук, огнот и тресењето на планината Синај биле знак дека Јехова го насочил вниманието кон својот народ (2. Мојсеева 19:16-20). Сличниот опис што го дава Јован исто така покажува дека Јехова го свртува вниманието кон своите слуги на Земјата. Сепак, Јован гледа само знаци (Откровение 1:1). Тогаш, што означуваат симболичниот оган и симболичните громови, гласови, молњи, и потрес денес?
7. а) Кој симболичен оган го запалил Исус на Земјата во текот на својата служба? б) Како Исусовите помазани браќа запалиле оган во христијанскиот свет?
7 Во една прилика Исус им рекол на своите ученици: „Јас дојдов да запалам оган на земјата“ (Лука 12:49). И тој навистина запалил оган. Со своето ревносно проповедање, Исус го насочил сето внимание на Евреите кон Божјето Царство, и со тоа предизвикал вжештени расправи меѓу нив (Матеј 4:17, 25; 10:5-7, 17, 18). Во 1919 година, Исусовите духовни браќа на Земјата — мала група од помазани христијани што успеаја да ги пребродат тешките денови на Првата светска војна — запалија сличен оган во христијанскиот свет. Во септември таа година можеше јасно да се забележи дека Јеховиниот дух дејствува врз неговите лојални Сведоци кога тие се собраа од сите страни во Седар Поинт (Охајо, САД). Кратко пред тоа, Џозеф Ф. Ратерфорд беше ослободен од затвор, а наскоро и сите лажни обвиненија против него беа повлечени. Тој храбро им се обрати на присутните на конгресот со следниве зборови: „Затоа што сме послушни на заповедта на нашиот Господар и сфаќаме дека имаме чест и должност да се бориме против сите длабоко вкоренети грешки кои толку долго ги држат луѓето во ропство, нашиот позив беше и останува да го објавуваме претстојното величествено месијанско Царство“. Божјето Царство — тоа е најважното нешто!
8, 9. а) Што рекол Џ. Ф. Ратерфорд во врска со ставот и желбата на Божјиот народ во текот на тешките воени години? б) На кој начин бил фрлен оган на Земјата? в) Во која смисла настанале громови, гласови, молњи и потрес?
8 Осврнувајќи се на тешките времиња низ кои штотуку поминал Божјиот народ, говорникот рече: „Нападот на непријателот беше толку безмилосен што мнозина од скапоценото стадо на Господарот беа стаписани и зачудени. Тие го молеа и чекаа да им покаже која е неговата волја... Но, и покрај моменталното обесхрабрување, во нив гореше силна желба да ја објавуваат пораката за Царството“. (Види ја Стражарска кула од 15 септември 1919 година, 280. страница [англиски].)
9 Оваа желба им беше исполнета во 1919 година. Жарот што тлееше во оваа мала, но активна група христијани беше разгорен во духовен поглед, и тие почнаа да проповедаат насекаде во светот. (Спореди 1. Солуњаните 5:19.) На Земјата беше фрлен оган во таа смисла што Божјето Царство стана тема на вжештени расправи кои се водат до ден-денес! Наместо тишина, се слушнаа силни гласови кои јасно ја разгласуваа пораката за Царството. Одекнаа и громогласните предупредувања од Библијата. Сјајните зраци на вистината од Јеховината пророчка реч заблескаа како заслепувачки молњи, а религиозниот свет беше потресен до темел како од силен земјотрес. Класата на Јован увиде дека има уште работа. До ден-денес, таа работа продолжува да се извршува успешно и без престан низ целиот свет! (Римјаните 10:18).
Подготовка за огласувањето на трубите
10. Што биле подготвени да направат седумте ангели, и зошто?
10 Сега Јован продолжува: „А седумте ангели со седумте труби се подготвија да затрубат“ (Откровение 8:6). Што значи огласувањето на овие труби? Во времето на Израел, со трубење се објавувале важни денови или настани (3. Мојсеева 23:24; 2. Царевите 11:14). Слично на тоа, и трубењето што Јован сега ќе го слушне ќе го сврти вниманието кон работи што се од животоважно значење.
11. Со што била зафатена класата на Јован на Земјата во периодот од 1919 до 1922 година?
11 Без сомнение, додека ангелите се подготвувале да затрубат, исто така ги организирале и подготовките на Земјата. Од 1919 до 1922 година, оживеаната класа на Јован беше зафатена со реорганизација на јавното проповедање и со градење на објекти за печатење. Во 1919 година почна да излегува списанието Златен век, денес познато како Разбудете се! — „списание на факти, надеж и уверување“ — инструмент сличен на труба кој подоцна ќе одигра клучна улога во разоткривањето на односите меѓу лажната религија и политиката.
12. Што било најавено со секое трубење, и на што нѐ потсетува тоа во врска со времето на Мојсеј?
12 Како што ќе видиме сега, по огласувањето на секоја труба, Јован гледа по една драматична сцена во која некои делови од Земјата се погодени од страшни неволји. Некои од нив нѐ потсетуваат на неволјите со кои Јехова ги казнил Египќаните во времето на Мојсеј (2. Мојсеева 7:19 — 12:32). Со овие неволји Јехова ги извршил своите пресуди врз египетскиот народ, но тие исто така им го отвориле патот на Божјите слуги да се спасат од ропството. Со неволјите што ги гледа Јован се постигнува нешто слично. Сепак, не се работи за дословни неволји. Тоа се знаци со кои се претставени Јеховините праведни пресуди (Откровение 1:1).
Што е „третина“?
13. Што се случува кога се огласуваат првите четири труби, и кое прашање се поставува?
13 Како што ќе видиме, при огласувањето на првите четири труби, „третина“ од Земјата, од морето, од реките и изворите на води и од земните извори на светлина е погодена од некоја неволја (Откровение 8:7-12). Третина е прилично голем дел од нешто, но сепак не е целина. (Спореди Исаија 19:24; Езекиел 5:2; Захарија 13:8, 9.) Тогаш, која е ‚третината‘ што најмногу ги заслужува овие неволји? Факт е дека поголемиот дел од луѓето се заслепени и расипани од Сатана и од неговото потомство (1. Мојсеева 3:15; 2. Коринќаните 4:4). Ситуацијата многу добро ја опишал Давид: „Сите застранија, сите се расипани, нема човек што прави добро, нема ниту еден“ (Псалм 14:3). Да, на целото човештво му се заканува неповолна пресуда. Но, еден дел од него е особено виновен. Еден дел — „третина“ — не бил во незнаење! Која е таа „третина“?
14. Која симболична третина добива застрашувачки пораки од Јехова?
14 Тоа е христијанскиот свет! Во 1920-тите во него спаѓала една третина од човештвото. Неговата религија е плод на големото отпадништво од вистинското христијанство — отпадништво што го прорекле Исус и неговите ученици (Матеј 13:24-30; Дела 20:29, 30; 2. Солуњаните 2:3; 2. Петрово 2:1-3). Свештениците на христијанскиот свет тврдат дека се во Божјиот храм и дека ги застапуваат христијанските учења. Но, нивните учења немаат скоро никаква врска со библиската вистина, и тие постојано го срамат Божјето име. Соодветно претставен како симболична третина, христијанскиот свет добива силни, застрашувачки пораки од Јехова. Таа третина од човештвото не заслужува никаква милост од Бог!
15. а) Дали секоја труба се огласува во некоја конкретна година? Објасни. б) Чии гласови им се придружиле на гласовите на класата на Јован во објавувањето на Јеховините осуди?
15 Како што трубите се огласувале една по друга, така од 1922 до 1928 година беа изнесени посебни резолуции на седум конгреси. Но, трубењето на трубите не се слушаше само во тие години. Како што одминува денот на Господарот, моќното разоткривање на злобните постапки на христијанскиот свет продолжува без престан. Јеховините осуди мора да се објават насекаде, на сите народи без оглед на меѓународната омраза и прогонство. Дури тогаш ќе дојде крајот на Сатановиот поредок (Марко 13:10, 13). За среќа, големото мноштво сега го придружува својот глас кон гласовите на класата на Јован објавувајќи ги тие громогласни објави, кои се важни за сите луѓе.
Изгорена е третина од Земјата
16. Што се случило кога затрубил првиот ангел?
16 Зборувајќи за ангелите, Јован вели: „И затруби првиот. И настанаа град и оган измешани со крв, па беа фрлени на земјата. И третина од земјата изгоре, третина од дрвјата изгореа и сите зелени растенија изгореа“ (Откровение 8:7). Ова е слично на седмата неволја врз Египет, но што значи за нашево време? (2. Мојсеева 9:24).
17. а) Што означува зборот ‚земја‘ во Откровение 8:7? б) Како третината од земјата која ја сочинува христијанскиот свет е изгорена со оган?
17 Во Библијата, зборот „земја“ честопати се однесува на луѓето како целина (1. Мојсеева 11:1; Псалм 96:1). Со оглед на тоа што втората неволја е врз морето, кое исто така ги претставува луѓето, тогаш „земјата“ мора да се однесува на навидум стабилното човечко општество што го изградил Сатана и кое треба да биде уништено (2. Петрово 3:7; Откровение 21:1). Сценариото со неволјите открива дека третината од земјата која ја сочинува христијанскиот свет е изгорена од силната жештина на Божјата немилост. Видните личности во христијанскиот свет, кои стојат како дрвја среде него, се изгорени од објавувањето на Јеховините осуди. Стотиците милиони припадници на црквите, кои и понатаму ги поддржуваат религиите во христијанскиот свет, ќе изгорат како трева — духовно ќе овенат во Божји очи. (Спореди Псалм 37:1, 2.) *
18. Како била објавена Јеховината порака на осуда на конгресот одржан во 1922 година во Седар Поинт?
18 Како се пренесува оваа порака на осуда? Таа не се објавува преку средствата за јавно информирање кои ги користи светот и кои честопати зборуваат со презир за Божјиот „роб“ (Матеј 24:45). Оваа порака на осуда беше објавена на впечатлив начин на вториот историски собир на Божјиот народ во Седар Поинт (Охајо, САД), на 10 септември 1922 година. Присутните едногласно и со воодушевување ја усвоија резолуцијата со наслов: „Предизвик до светските лидери“. Отворено и без заобиколување, на денешната симболична земја ѝ беше упатено следново предупредување: „Затоа ги повикуваме народите на Земјата, нивните владетели и лидери, како и сите свештеници од сите цркви на Земјата, нивните следбеници и сојузници, велетрговците и познатите политичари, да изнесат докази за она што го тврдат — дека ќе воспостават мир и ќе овозможат напредок на Земјата, и дека ќе им донесат среќа на луѓето. Бидејќи не успеаја да го направат ова, ги повикуваме да го сослушаат сведоштвото за Господарот што го даваме ние, па потоа нека се изјаснат дали нашето сведоштво е вистинито или не“.
19. Какво сведоштво му дал Божјиот народ на христијанскиот свет во врска со Божјето Царство?
19 Какво сведоштво понудија овие христијани? Следново: „Ние сметаме и објавуваме дека месијанското Царство е лек за сите болести на човештвото и дека тоа ќе донесе мир на Земјата и благосостојба за луѓето, односно ќе го донесе она што го посакуваат сите народи; дека оние што спремно се подложуваат на неговото праведно владеење кое започна сега ќе бидат благословени со траен мир, живот, слобода и бескрајна среќа“. Во овие расипани времиња, кога човечките влади — особено оние во христијанскиот свет — не успеаја да најдат никакво решение за светските проблеми, овој предизвик сличен на трубење се огласува уште посилно отколку во 1922 година. Навистина, Божјето Царство во рацете на неговиот победнички Христос е единствената надеж за човештвото!
20. а) На кој начин собранието од помазани христијани ги огласувало пораките на осуда во 1922 година и подоцна? б) Каков бил резултатот од првото трубење за христијанскиот свет?
20 Собранието од помазани христијани ги огласи оваа и подоцнежните објави со низа резолуции, трактати, брошури, книги, списанија и предавања. Како последица на огласувањето на првата труба, христијанскиот свет беше изудиран како по него да паѓал силен град. Неговата вина за крв, која е резултат на неговото учество во војните во 20-тиот век, беше разоткриена, и беше покажано дека тој заслужува да го почувствува Јеховиниот распламтен гнев. Класата на Јован, на која подоцна почна да ѝ помага големото мноштво, и понатаму го огласува звукот на првата труба помагајќи им на луѓето да сфатат како Јехова гледа на христијанскиот свет кој е зрел за уништување (Откровение 7:9, 15).
Како запалена гора
21. Што се случило кога затрубил вториот ангел?
21 „И вториот ангел затруби. И нешто слично на голема гора запалена со оган беше фрлено во морето. И третина од морето стана крв. И третина од живите суштества во морето изгинаа и третина од бродовите беа разбиени“ (Откровение 8:8, 9). На што укажува оваа страшна слика?
22, 23. а) Која резолуција, без сомнение, била резултат на огласувањето на втората труба? б) Што симболизира ‚третината од морето‘?
22 Најдобро ќе разбереме ако го имаме на ум конгресот на Јеховиниот народ кој беше одржан во Лос Анџелес (Калифорнија, САД), од 18 до 26 август 1923 година. Во саботата попладне, Џ. Ф. Ратерфорд го одржа говорот со наслов: „Овците и јарците“. Во него тој јасно покажа дека „овците“ се лица кои ја сакаат праведноста и кои ќе го наследат земниот дел од Божјето Царство. Следеше резолуција во која беше истакнато лицемерството на „отпадничките свештеници и на ‚големците во нивните стада‘, световни луѓе кои имаат силно финансиско и политичко влијание“. Беа повикани „многуте луѓе кои ги сакаат редот и мирот, но сѐ уште им припаѓаат на разни цркви... да се повлечат од неправедните црковни организации што Господарот ги нарекол ‚Вавилон‘“ и да се подготват да „ги добијат благословите на Божјето Царство“.
23 Нема сомнение, оваа резолуција беше резултат на огласувањето на втората труба. Оние што со текот на времето ја прифатија таа порака, требаше да се одвојат од лицата што Исаија ги опишал со следниве зборови: „А злите се како разбранувано море кое не може да се смири и чии води исфрлаат морска трева и кал“ (Исаија 57:20; 17:12, 13). Според тоа, „морето“ е соодветен симбол за немирното, разбранувано и бунтовно човештво кое создава нереди и крева револуции. (Спореди Откровение 13:1.) Ќе дојде време кога тоа море повеќе нема да постои (Откровение 21:1). Во меѓувреме, со огласувањето на втората труба, Јехова објавува осуда над една третина од него — над непокорниот дел кој го сочинува христијанскиот свет.
24. Што означува запалената гора која е фрлена во морето?
24 Во „морето“ е фрлено нешто слично на голема гора запалена со оган. Во Библијата, горите, односно планините, многу често се симбол за владите. На пример, Божјето Царство е претставено со планина (Даниел 2:35, 44). Погубниот Вавилон станал „изгорена планина“ (Еремија 51:25). Но, планината што ја гледа Јован сѐ уште гори. Тоа што е фрлена во морето многу добро покажува дека — во Првата светска војна и по неа — прашањето за власта стана горлива тема меѓу луѓето, особено во земјите на христијанскиот свет. Во Италија, Мусолини воведе фашизам. Германија го прифати нацизмот на Хитлер, а други земји се обидоа да спроведат различни облици на социјализам. Коренита промена настапи во Русија, каде што по Болшевичката револуција се роди првата комунистичка држава. Како резултат на ова, верските водачи во христијанскиот свет ги изгубија моќта и влијанието во една земја која порано им беше цврсто упориште.
25. Како прашањето за власта и понатаму останало горлива тема по Втората светска војна?
25 Експериментите со фашистичкото и нацистичкото уредување пропаднаа во Втората светска војна, но власта и понатаму остана горливо прашање, а морето од луѓе продолжи да исфрла нови револуционерни влади. Во децениите по 1945 година, вакви влади беа воспоставени во многу земји како, на пример, во Кина, Виетнам, Куба и Никарагва. Во Грција пропадна експериментот со воената диктатура. А како последица од обидот да се воспостави фундаменталистички комунизам во Кампучија (Камбоџа), загинаа над два милиона луѓе.
26. Како ‚гората запалена со оган‘ и понатаму крева бранови во морето од луѓе?
26 Таа „гора запалена со оган“ продолжи да крева бранови во морето од луѓе. Големи превирања во борбата за власт имаше во Африка, во двете Америки, во Азија и на Пацифичките Острови. Многу од овие борби се водеа во земјите на христијанскиот свет или онаму каде што неговите мисионери станаа поборници за политички права. Некои римокатолички свештеници дури им се придружија на некои комунистички герилски групи и се бореа заедно со нив. Истовремено, протестантски евангелски групи во Централна Америка се бореа против она што го нарекуваа „опака и непопустлива жед за власт“ на комунистите. Но, ниту едно од овие превирања и бранувања во морето од луѓе не можеше да донесе мир и сигурност. (Спореди Исаија 25:10-12; 1. Солуњаните 5:3.)
27. а) Како „третина од морето“ станала како крв? б) Како изгинала „третина од живите суштества во морето“, и што ќе се случи со „третина од бродовите“?
27 Огласувањето на втората труба открива дека оние луѓе што не му се подложуваат на Божјето Царство туку учествуваат во револуционерни судири околу власта, се виновни за крв. Особено „третина од морето“, која го претставува христијанскиот свет, станала како крв. Сите живи суштества во неа се мртви во Божји очи. Ниту една од радикалните организации што пловат како бродови во таа третина од морето, на крајот нема да избегнат бродолом. Навистина сме среќни што милиони луѓе слични на овци сега го слушаат трубниот повик и се одвојуваат од оние што сѐ уште се прпелаат во тесноградиот национализам и носат дел од вината за крв на тоа море!
Ѕвезда паѓа од небото
28. Што се случило кога затрубил третиот ангел?
28 „И третиот ангел затруби. И голема ѕвезда, која гореше како светилка, падна од небото. Падна врз третина од реките и врз изворите на вода. Името на ѕвездата е Пелин. И третина од водите се претворија во пелин, па многу луѓе изумреа од водите, бидејќи беа горчливи“ (Откровение 8:10, 11). Други делови од Библијата повторно ни помагаат да видиме како овој стих се однесува на денот на Господарот.
29. На што е симбол ‚големата ѕвезда која гори како светилка‘, и зошто го велиме ова?
29 Ѕвездата веќе беше спомната како симбол во Исусовите пораки до седумте собранија. Таму седумте ѕвезди ги симболизираа старешините во собранијата * (Откровение 1:20). Помазаните „ѕвезди“, заедно со сите други помазаници, престојуваат на небесата во духовна смисла од моментот кога се запечатени со светиот дух, кој е гаранција за нивното небесно наследство (Ефешаните 2:6, 7). Но, апостол Павле предупредил дека од таквите лица слични на ѕвезди, некои ќе станат отпадници, секташи кои ќе го заведуваат стадото (Дела 20:29, 30). Последица од таквото неверство ќе било големо отпадништво, а овие паднати старешини ќе го сочинувале човекот на беззаконието кој ќе се возвишува и ќе се прикажува пред луѓето како да е бог (2. Солуњаните 2:3, 4). Предупредувањето на Павле се исполнило кога на светската сцена се појавило свештенството на христијанскиот свет. Оваа група е многу добро претставена со симболичната ‚голема ѕвезда која гори како светилка‘.
30. а) Што значи тоа што за вавилонскиот цар било речено дека паднал од небото? б) Што може да значи паѓањето од небото?
30 Јован гледа како оваа ѕвезда паѓа од небото. Во која смисла „паѓа“? Она што го доживеал еден цар во древно време ни помага да разбереме. Обраќајќи му се на вавилонскиот цар, Исаија рекол: „Како падна од небото, ти што светиш, сине на зората! Соборен си на земјата, ти што ги газеше народите!“ (Исаија 14:12). Ова пророштво се исполнило кога војските на Кир го освоиле Вавилон, и кога неговиот цар преку ноќ доживеал срамен пораз и паднал од својата положба на светски владетел. Според тоа, паѓањето од небото може да значи срамен пад и губење на висока положба.
31. а) Кога паднало свештенството на христијанскиот свет од својата „небесна“ положба? б) Како водите со кои свештенството ги послужувало луѓето се претвориле во „пелин“, и какви биле последиците за мнозина?
31 Кога свештенството на христијанскиот свет отпаднало од вистинското христијанство, тие паднале од својата возвишена „небесна“ положба, која Павле ја опишал во Ефешаните 2:6, 7. Наместо да им дадат на луѓето да пијат од свежите води на вистината, тие почнале да послужуваат „пелин“, горчливи лаги како што се оние за пеколен оган, чистилиште, тројство и судбина. Освен тоа, ги повеле народите во војна, и пропуштиле да го градат нивниот морал како слуги на Бог. Со какви последици? Оние што поверувале во тие лаги биле духовно отруени. Им се случило истото што го доживеале неверните Израелци во времето на Еремија, за кои Јехова рекол: „Еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода. Зашто, од ерусалимските пророци се шири отпадништво по целата земја“ (Еремија 9:15; 23:15).
32. Кога станало очигледно дека христијанскиот свет паднал од духовното небо, и како било нагласено тоа?
32 Овој пад од духовното небо стана очигледен во 1919 година кога, наместо свештенството на христијанскиот свет, над делото на Царството беше поставен малиот остаток од помазани христијани (Матеј 24:45-47). А од 1922 година наваму, овој пад беше нагласен уште повеќе кога оваа група христијани повторно почнаа отворено да ги разоткриваат грешките на свештенството на христијанскиот свет.
33. Како било разоткриено свештенството на христијанскиот свет на конгресот во Колумбус (Охајо) во 1924 година?
33 Во врска со ова, беше дадена една извонредна објава на конгресот кој списанието Златен век го опиша како „најголемиот конгрес на Истражувачите на Библијата што некогаш бил одржан“. Тој се одржа во Колумбус (Охајо) од 20 до 27 јули 1924 година. Без сомнение под водството на ангелот што затрубил во третата труба, таму беше усвоена силна резолуција и подоцна беа раздадени 50 милиони примероци од неа во облик на трактат со наслов: Свештенството е обвинето (Ecclesiastics Indicted). Еден од поднасловите гласеше: „Ветеното потомство против потомството на змијата“. Самото обвинение во целост разоткри повеќе грешки на свештениците на христијанскиот свет. Беа обвинети дека си присвојуваат високозвучни верски титули, дека во своите стада им даваат почесно место на финансиските моќници и на професионалните политичари, дека копнеат по слава од луѓето и одбиваат да му ја проповедаат на народот пораката за месијанското Царство. Освен тоа, беше нагласено дека секој предаден христијанин има налог од Јехова да го објавува ‚денот на одмаздата на нашиот Бог, и да ги утеши сите што тагуваат‘ (Исаија 61:2).
34, 35. а) Што се случило со моќта и влијанието на свештенството откако затрубил третиот ангел? б) Што му носи иднината на свештенството на христијанскиот свет?
34 Од времето кога третиот ангел затрубил во својата труба, свештениците почнаа да ја губат својата влијателна положба во очите на луѓето, и денес само мал број од нив сѐ уште се моќни како богови — како што биле во изминатите векови. Благодарение на проповедањето на Јеховините сведоци, голем број луѓе сфатија дека многу учења на свештенството се духовен отров, односно „пелин“. Освен тоа, во многу земји во северна Европа свештенството нема речиси никаква моќ, а во некои други држави властите строго го ограничуваат нивното влијание. Во католичките земји во Европа и во двете Америки, свештенството си го расипа угледот со своето скандалозно однесување во финансиски, политички и морален поглед. Од сега натаму, нивната положба може само да се влошува бидејќи наскоро ќе ја доживеат истата судбина што ги чека и сите останати припадници на лажната религија (Откровение 18:21; 19:2).
35 Но, сѐ уште не им е дојден крајот на неволјите што Јехова му ги нанесува на христијанскиот свет. Да видиме што се случува откако се огласува четвртата труба.
Темнина!
36. Што се случило откако затрубил четвртиот ангел?
36 „И четвртиот ангел затруби. И беше удрена третина од сонцето и третина од месечината и третина од ѕвездите, па се помрачи третина од нив и денот остана без третина од својата светлина, а исто така и ноќта“ (Откровение 8:12). Деветтата неволја за Египет била дословна темнина (2. Мојсеева 10:21-29). Но, каква е оваа симболична темнина која се спушта над луѓето?
37. Како апостолите Петар и Павле ја опишале духовната состојба на луѓето надвор од христијанското собрание?
37 Апостол Петар им кажал на своите соверници дека, пред да станат христијани, во духовна смисла биле во темнина (1. Петрово 2:9). И Павле го користел зборот „темнина“ за да ја опише духовната состојба на лицата надвор од христијанското собрание (Ефешаните 5:8; 6:12; Колошаните 1:13; 1. Солуњаните 5:4, 5). Но, што е со оние во христијанскиот свет кои тврдат дека веруваат во Бог и дека го прифаќаат Исус како свој спасител?
38. Што огласува четвртиот ангел во врска со „светлината“ на христијанскиот свет?
38 Исус рекол дека вистинските христијани ќе се познаат по своите плодови и дека мнозина што тврдат дека се негови следбеници, всушност, ‚прават беззаконија‘ (Матеј 7:15-23). Ниту еден човек што ги гледа плодовите на третината од луѓето со кои владее христијанскиот свет не може да одрече дека тие талкаат во длабока духовна темнина (2. Коринќаните 4:4). Оваа третина луѓе се највиновни затоа што тврдат дека се христијани. Според тоа, навистина е на место што четвртиот ангел со своето трубење огласува дека „светлината“ на христијанскиот свет е, всушност, темнина, и дека неговите извори на „светлина“ имаат вавилонско потекло, односно се нехристијански (Марко 13:22, 23; 2. Тимотеј 4:3, 4).
39. а) Како била опишана лажната светлина на христијанскиот свет во резолуцијата усвоена на конгресот во 1925 година? б) Која друга јавна осуда била објавена во 1955 година?
39 Во склад со таа небесна објава, голем број Божји слуги се собраа на конгрес во Индијанаполис (Индијана, САД), на 29 август 1925 година, и ја усвоија резолуцијата која беше издадена под насловот: „Порака на надеж“. И од неа беа раздадени околу 50 милиони примероци на голем број јазици. Во оваа резолуција беше опишана лажната светлина што ја шират здружените трговски профитери, политичките лидери и свештениците, светлина поради која „народите паднале во темнина“. Таа посочи дека Божјето Царство е единствената надеж за „мир, напредок, здравје, живот, слобода и вечна среќа“. На оваа мала група помазани христијани навистина им беше потребна храброст за да објават такви пораки против џиновската организација на христијанскиот свет. Но, од почетокот на 1920-тите до денес, тие постојано го прават тоа. Во 1955 година, насекаде во светот беше раздадена брошурката Христијанскиот свет или христијанството — кое е „светлината на светот“? (Christendom or Christianity—Which One Is “the Light of the World”?), која излезе на многу јазици и претставуваше уште една јавна осуда над свештеничката класа. Денес лицемерството на христијанскиот свет е толку очигледно што мнозина во светот можат сами да го видат. Сепак, Јеховиниот народ и понатаму им разоткрива на луѓето каков е тој — царство на темнината.
Орел што лета
40. Како каков бил разоткриен христијанскиот свет со огласувањето на четирите труби?
40 Со овие први четири трубења навистина беше разоткриена запустената и смртоносна состојба на христијанскиот свет. Беше јасно откриено дека делот од „земјата“ со кој владее тој ја заслужува Јеховината осуда. Се покажа дека револуционерните влади што никнуваа во неговите земји и на други места не дозволуваат да постои духовен живот. Беше разоткриена паднатата положба на неговото свештенство, а сеопштата духовна темнина во него им беше покажана на сите. Христијанскиот свет е навистина оној дел од Сатановиот свет што заслужува најголем прекор.
41. Што видел Јован кога на кратко имало пауза во низата од последователни трубења?
41 Што друго има да се открие? Пред да го добиеме одговорот на ова прашање, настапува кратка пауза во низата од последователни трубења. Јован го опишува она што сега го гледа: „И погледнав, и зачув орел што лета среде небото како вели со силен глас: ‚Тешко, тешко, тешко на оние што живеат на земјата поради преостанатите трубни гласови од тројцата ангели кои допрва ќе затрубат!‘“ (Откровение 8:13).
42. Кого можеби го претставува орелот што лета, и каква порака има тој?
42 Еден орел лета високо на небото и така може да се види оддалеку. Тој има исклучително остар вид и може да гледа далеку пред себе (Јов 39:29). Еден од четирите херувими околу Божјиот престол беше претставен со орел што лета (Откровение 4:6, 7). Сеедно дали е истиот овој херувим или некој друг далековид Божји слуга, тој гласно објавува силна порака, односно три маки, извикувајќи: „Тешко, тешко, тешко“! Жителите на Земјата треба да обрнат внимание додека се огласуваат трите преостанати труби, бидејќи секоја од нив е поврзана со по една од овие маки.
[Фусноти]
^ За разлика од нив, Откровение 7:16 покажува дека големото мноштво нема да ја почувствува жегата на Јеховината немилост.
^ Иако седумте ѕвезди во десната рака на Исус ги претставуваат помазаните надгледници на христијанското собрание, старешините во повеќето од речиси 100-те илјади собранија во светот денес му припаѓаат на големото мноштво (Откровение 1:16; 7:9). На каква положба се тие? Со оглед на тоа што се именувани од светиот дух преку верниот и разборит роб, за нив може да се рече дека се под контрола на Исус затоа што служат како пастири под негово водство (Исаија 61:5, 6; Дела 20:28). Тие им помагаат на ‚седумте ѕвезди‘ со тоа што служат онаму каде што нема оспособени помазани браќа.
[Прашања]
[Табела на страница 139]
Разоткриено е дека водите на христијанскиот свет се пелин
Верувања и ставови Што навистина
на христијанскиот свет вели Библијата
Божјето лично име не е Исус се молел да се свети
важно: „Користењето на кое и Божјето име. Петар рекол:
да е лично име за единствениот „И секој што ќе го повика името
Бог... воопшто не е во согласност на Јехова, ќе биде спасен“
со целокупната вера на (Дела 2:21; Јоил 2:32;
Христијанската црква“ Матеј 6:9; 2. Мојсеева 6:3;
(Предговор на Revised Standard Откровение 4:11; 15:3; 19:6)
Version)
Бог е троеден: „Таткото е Библијата вели дека Јехова е
Бог, Синот е Бог и Светиот поголем од Исус и дека тој
дух е Бог, па сепак нема три му е Бог и глава на Христос
Бога туку еден“ (The Catholic (Јован 14:28; 20:17;
Encyclopedia, издание од 1. Коринќаните 11:3)
1912 година) Светиот дух е силата со која
се служи Бог (Матеј 3:11;
Човечката душа е бесмртна: Човекот е душа. Кога човек ќе
„Кога човекот умира, неговата умре, душата престанува да
душа се дели од телото. Неговото мисли и да чувствува и се враќа
тело... се распаѓа... Но, во правот од кој била направена
неговата душа не умира“ (Што (1. Мојсеева 2:7; 3:19;
се случува по смртта — What Псалм 146:3, 4;
Happens After Death, Проповедник 3:19, 20; 9:5, 10;
римокатоличка публикација) Езекиел 18:4, 20)
По смртта, злобните се казнети Платата за гревот е смрт, а не
во пекол: „Според традиционалното живот во маки (Римјаните 6:23)
христијанско верување, пеколот Мртвите почиваат без свест
е место на бескрајни маки и во гробот, очекувајќи
болки“ воскресение (Псалм 89:48;
(The World Book Encyclopedia, Јован 5:28, 29; 11:24, 25;
издание од 1987 година) Откровение 20:13, 14)
„Називот Посредничка Единствениот посредник меѓу
ѝ припаѓа само на Дева Марија“ Бог и луѓето е Исус
(New Catholic Encyclopedia, (Јован 14:6; 1. Тимотеј 2:5;
издание од 1967 година) Евреите 9:15; 12:24)
Треба да се крштаваат бебиња: Можат да се крстат оние што
„Уште од самите почетоци, станале ученици на Исус и биле
Црквата крштавала бебиња. поученида ги слушаат неговите
Ваквиот обичај не само заповеди. За да се крсти,
што се сметал за исправен едно лице мора да ја разбира
туку се поучувало дека Божјата реч и да има вера
е апсолутно неопходен (Матеј 28:19, 20;
за спасение“ (New Catholic Лука 3:21-23; Дела 8:35, 36).
Encyclopedia, издание
од 1967 година)
Во повеќето цркви постои поделба Сите христијани во првиот век
на верници и на свештенство, биле слуги и ја проповедале
кое им служи на верниците. добрата вест
Свештениците обично добиваат (Дела 2:17, 18;
плата за таквата служба и тие Римјаните 10:10-13; 16:1).
се издигнуваат над верниците Христијаните треба да ‚даваат
користејќи титули како бесплатно‘, а не за плата
„Пресветол“, „Отец“ или (Матеј 10:7, 8).
„Негово блаженство“. Исус строго забранил да
се користат верски титули
Кипови, икони и крстови Христијаните не смеат да
се користат за богослужба: учествуваат во никаков облик на
„Киповите... на Христос, на идолопоклонство или на такана-
Богородица, односно Дева Марија, речено „посредно“ обожавање на
и на други светци, треба да... Бог (2. Мој. 20:4, 5; 1. Кор.
стојат во црквите и треба да 10:14; 1. Јов. 5:21). Тие не го
им се искажува должна чест и обожаваат Бог со гледање, туку
почит“ (Проглас од концилот со дух и со вистина (Јован
во Трент [1545 — 1563]). 4:23, 24; 2. Коринќаните 5:7).
Членовите на црквите се поучени Исус проповедал дека Божјето
дека Божјите намери ќе бидат испол- Царство е надеж за човештвото,
нети преку политиката. Покојниот а не некое политичко уредување
кардинал Спелман изјавил: „Има (Матеј 4:23; 6:9, 10).
само еден пат што води кон мир... Тој одбил да се меша во
автопатот на демократијата“. политика (Јован 6:14, 15).
Новинските извештаи зборуваат за Неговото Царство не е дел од
мешањето на религијата во свет- светот, и затоа неговите след-
ската политика (па дури и во вос- беници не смеат да бидат дел
танија) и за поддршката што рели- од светот (Јован 18:36; 17:16).
гиите ѝ ја даваат на ООН како на Јаков предупредил да не стану-
„последна надеж за ред и мир“. ваме пријатели на светот (Јаков 4:4).
[Слика на страница 132]
По отворањето на седумте печати следи огласувањето на седум труби
[Слика на страница 140]
„Предизвик до светските лидери“ (1922) Со оваа резолуција беше објавена Јеховината осуда над „земјата“
[Слика на страница 140]
„Предупредување за сите христијани“ (1923) Со оваа резолуција беше објавена Јеховината осуда над „третина од морето“
[Слика на страница 141]
„Свештенството е обвинето“ (1924) Големиот тираж на овој трактат помогна да се предупредат луѓето дека ‚ѕвездата‘ на христијанскиот свет падна
[Слика на страница 141]
„Порака на надеж“ (1925) Со оваа отворена резолуција беше разоткриено дека наводните извори на светлина на христијанскиот свет се, всушност, извори на темнина