Божјата света тајна — величествена завршница!
Поглавје 26
Божјата света тајна — величествена завршница!
1. а) Како Јован ни кажува дека светата тајна е довршена? б) Зошто мноштвото ангели гласно извикуваат?
СЕ СЕЌАВАШ ли на заклетвата што ја даде силниот ангел, запишана во Откровение 10:1, 6, 7? Тој изјави: „Бог повеќе нема да чека! Туку во деновите кога ќе се огласи седмиот ангел, кога ќе дојде време да затруби, Божјата света тајна ќе се доврши, според добрата вест која Бог им ја објави на своите робови — пророците“. Конечно пристигнува Јеховиното време за да се огласи таа последна труба! Но, како е довршена светата тајна? Јован е пресреќен што може да ни каже! Тој пишува: „И седмиот ангел затруби. И силни гласови се слушнаа на небото: ‚Царската власт над светот сега му припаѓа на нашиот Господар и на неговиот Христос, и тој ќе царува во сета вечност‘“ (Откровение 11:15). Ова мноштво ангели имаат причина да извикуваат гласно, да, дури и громогласно! Оваа историска објава е од сеопшта важност. Таа е животоважна за сите живи суштества.
2. Кога и со кој настан светата тајна е успешно довршена?
2 Светата тајна има среќен крај! На еден славен и величествен начин, таа е успешно довршена во 1914 година кога Господарот Јехова го устоличи Христос како свој придружен Цар. Во името на својот татко, Исус Христос почна да владее и да дејствува среде еден непријателски свет. Како ветено потомство, тој добива царска моќ за да ја уништи Змијата и нејзиниот пород, и да ѝ донесе рајски мир на оваа Земја (1. Мојсеева 3:15; Псалм 72:1, 7). Како месијански Цар, Исус ќе ја исполни Јеховината Реч и ќе го оправда својот Татко — „Царот на вечноста“ — кој ќе владее како Севишен Господар „во сета вечност“ (1. Тимотеј 1:17).
3. Зошто Јехова Бог, кој отсекогаш бил Цар, дозволил на Земјата да постојат и други владетели?
3 Но, во која смисла „царската власт над светот сега му припаѓа на нашиот Господар“, Јехова? Зарем Јехова Бог не бил отсекогаш Цар? Се разбира дека бил. Затоа левитот Асаф пеел: „Бог е мојот Цар од дамнина“. А еден друг псалмист изјавил: „Јехова почна да царува!.. Твојот престол стои цврсто од дамнина, ти си од вечноста“ (Псалм 74:12; 93:1, 2). Сепак, поради својата мудрост, Јехова дозволил на Земјата да постојат и други владетели. На тој начин било потполно проверено прашањето покренато во Еденската градина за тоа дали човекот може сам да владее над други луѓе, без Бог. Човечкото владеење доживеало целосен неуспех. Се докажало дека се вистинити зборовите на еден Божји пророк: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Уште од гревот на нашите први родители, целиот свет е под власта на „празмијата“, Сатана (Откровение 12:9; Лука 4:6). Но, сега е време за коренита промена! За да ја оправда положбата на Севишен Владетел, која со право ја има, Јехова сега почнува да владее како Севишен владетел над Земјата на еден нов начин — преку своето месијанско Царство.
4. Што било ставено во преден план кога почнало огласувањето на трубите во 1922 година? Објасни.
4 Кога во 1922 година почнало огласувањето на седумте труби, на конгресот на Истражувачите на Библијата одржан во Седар Поинт (Охајо, САД), Џ. Ф. Ратерфорд изнесе говор на темел на стихот: „Се приближи небесното царство“ (Матеј 4:17). Тој го заврши овој говор со следниве зборови: „Затоа, назад на полето, о вие синови на Севишниот Бог! Опашајте го оружјето! Бидете трезвени, бидете будни, бидете делотворни, бидете храбри. Бидете верни и вистинити сведоци за Господарот. Тргнете напред во бој сѐ додека не биде избришана секоја трага од Вавилон. Објавете ја веста надалеку и нашироко. Светот мора да знае дека Јехова е Бог и дека Исус Христос е Цар над царевите и Господар над господарите. Ова е ден над сите денови. Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници. Затоа, разгласувајте, разгласувајте, разгласувајте го Царот и неговото Царство!“ Божјето Царство во рацете на Исус Христос беше ставено во преден план, и така проповедањето за Царството, во кое беше вклучено и објавувањето на осудите најавени со огласувањето на трубите на сите седум ангели, доби силен замав.
5. Што се случило на конгресот на Истражувачите на Библијата во 1928 година, како одраз на трубењето на седмата труба?
5 Клучните делови од програмата на конгресот на Истражувачите на Библијата во Детроит (Мичиген, САД), кој се одржа од 30 јули до 6 август 1928 година, беа одраз на трубењето на седмиот ангел. Сто и седум радиостаници беа директно поврзани со конгресот во она што The New York Times го нарече ‚најголем и најскап радиопренос во историјата‘. На овој конгрес, со воодушевување беше прифатена силната „Објава против Сатана, а за Јехова“, во која беше кажано дека Сатана и неговата злобна организација ќе бидат отстранети во Армагедон, а сите што ја сакаат праведноста ќе бидат ослободени. Верните поданици на Божјето Царство беа радосни што добија ново конгресно издание — книгата Влада (Government), со 368 страници. Таа содржеше јасни докази „дека Бог го устоличил својот помазан Цар во 1914 година“.
Јехова ја презема власта
6. Што кажал Јован за објавата дека Христос бил устоличен за Цар на Божјето Царство?
6 Христос е Цар на Божјето Царство! Колкава радост носи таа објава! Јован известува: „И дваесет и четирите старешини, кои седеа пред Бог на своите престоли, паднаа ничкум и му се поклонија на Бог, велејќи: ‚Ти благодариме Јехова Боже, Семоќен, кој си и кој беше, зашто ја зеде в раце својата голема моќ и почна да царуваш‘“ (Откровение 11:16, 17).
7. Како му благодареле на Јехова Бог а) остатокот од симболичните 24 старешини на Земјата? б) оние од симболичните 24 старешини кои биле воскреснати и поставени на своите положби на небото?
7 Оние што му благодарат на Јехова Бог на овој начин се 24-те старешини, кои ги претставуваат Христовите помазани браќа на нивните небесни положби. Од 1922 година наваму, еден остаток од овие 144.000 помазаници на Земјата се зафатени со делото што започна со огласувањето на трубите. Тие ја сфатија во целост важноста на знакот запишан во Матеј 24:3 — 25:46. Но, уште во почетокот на денот на Господарот, другите сведоци што ‚останале верни до смрт‘ биле воскреснати за да ги заземат своите положби на небото, и затоа сега можат да ја застапуваат целата група од 144.000 со тоа што паѓаат ничкум и му оддаваат чест на Јехова (Откровение 1:10; 2:10). Колку се благодарни сите тие што нивниот Севишен Господар веќе не чекал, туку ја довел светата тајна до возбудлив крај!
8. а) Каков ефект има огласувањето на седмата труба врз народите? б) Врз кого го излеваат народите својот гнев?
8 Но, од друга страна, огласувањето на седмата труба не им носи никаква радост на народите. Дојдено е времето тие да го почувствуваат Јеховиниот гнев. Јован кажува: „Но народите се разгневија, и дојде твојот гнев и времето да им се суди на мртвите, и да им се даде награда на твоите робови, пророците, и на светите и на оние што се плашат од твоето име, на малите и на големите, и да бидат уништени оние што ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18). Од 1914 година наваму, народите во светот жестоко го излеваат својот гнев едни врз други, врз Божјето Царство и особено врз двајцата Јеховини сведоци (Откровение 11:3).
9. Како народите ја уништувале Земјата, и што е решен Бог да направи во врска со тоа?
9 Низ историјата, народите ја уништувале Земјата така што воделе непрекинати војни и лошо управувале со неа. Но, од 1914 година наваму ова уништување достигна застрашувачки размери. Алчноста и расипаноста на луѓето доведоа до проширување на пустините и до огромна загуба на обработливо земјиште. Киселите дождови и радиоактивните облаци уништија огромни подрачја. Изворите на храна се загадени. Загаден е и воздухот што го дишиме и водата што ја пиеме. Индустрискиот отпад претставува опасност за животот на копното и во морето. Едно време суперсилите се закануваа со целосно уништување на човештвото во нуклеарен холокауст. За среќа, Јехова ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘. Тој ќе ја изврши својата осуда над тие горди, безбожни луѓе кои се виновни за жалната состојба во која се наоѓа Земјата (5. Мојсеева 32:5, 6; Псалм 14:1-3). Јехова ќе пушти трета мака со која ќе ги повика тие престапници на одговорност (Откровение 11:14).
Тешко на уништувачите!
10. а) Што е третата мака? б) Во која смисла третата мака не значи само мачење?
10 Еве ја и третата мака. Таа доаѓа брзо! Со неа Јехова ќе ги уништи оние што го загадуваат неговото „подножје“, оваа прекрасна Земја на која живееме (Исаија 66:1). Маката ја започнува месијанското Царство — светата Божја тајна. Божјите непријатели, а особено водачите на христијанскиот свет, беа погодени од првите две маки — главно од наездата од скакулци и од војската коњаници; но третата мака, која ја нанесува директно Јеховиното Царство, нема да донесе само мачење (Откровение 9:3-19). Со неа ќе му биде зададен смртен удар на погубното човечко општество и на неговите владетели, и тие ќе бидат отстранети. Ова ќе биде кулминација на Јеховиниот суд во Армагедон. Ќе се случи токму она што го прорекол Даниел: „Во деновите на тие цареви [владетели што ја уништуваат Земјата], небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“. Како една огромна планина, Божјето Царство ќе владее над една прекрасна Земја, а со тоа ќе го оправда Јеховиното неприкосновено право да владее и ќе им донесе вечна среќа на луѓето (Даниел 2:35, 44; Исаија 11:9; 60:13).
11. а) Каква низа од среќни настани е опишана во пророштвото? б) Каква незаслужена доброта е покажана, како е покажана и кон кого?
11 Третата мака е проследена со низа среќни настани кои ќе се случуваат едноподруго во текот на целиот ден на Господарот. Тоа е и време кога ќе ‚им се суди на мртвите, ќе им се даде награда на неговите робови, пророците, и на светите и на оние што се плашат од неговото име‘. Ова значи воскресение на мртвите! За помазаните свети кои веќе се мртви, ова воскресение настапува во почетокот на денот на Господарот (1. Солуњаните 4:15-17). Со текот на времето преостанатите свети им се придружуваат со тоа што воскреснуваат веднаш штом ќе умрат. Но, ќе бидат наградени и други лица, меѓу кои спаѓаат и Божјите робови, пророците од древни времиња и сите други луѓе што се бојат од Јеховиното име, сеедно дали се од големото мноштво кое ќе ја преживее големата неволја или од „мртвите, големите и малите“, кои ќе бидат воскреснати во текот на Христовото илјадагодишно владеење. Бидејќи Божјиот месијански Цар ги има клучевите од смртта и од гробот, тој како владетел ќе може да им даде вечен живот на сите што посакуваат да го добијат тој скапоцен дар (Откровение 1:18; 7:9, 14; 20:12, 13; Римјаните 6:22; Јован 5:28, 29). Сеедно дали се работи за бесмртен живот на небото или за вечен живот на Земјата, овој дар — животот — го добиваме благодарение на Јеховината незаслужена доброта. Затоа секој што го добива треба да му биде вечно благодарен! (Евреите 2:9).
Гледај, ковчегот на Божјиот сојуз!
12. а) Според Откровение 11:19, што гледа Јован на небото? б) На што бил симбол ковчегот на сојузот, и што се случило со него откако Израел заминал во ропство во Вавилон?
12 Јехова владее! Преку своето месијанско Царство, тој ја спроведува својата власт над луѓето на еден прекрасен начин. Ова ни е потврдено од она што Јован го гледа сега: „И се отвори светилиштето на Божјиот небесен храм и се покажа ковчегот на Божјиот сојуз во светилиштето на неговиот храм. И настанаа молњи и гласови и громови и земјотрес и голем град“ (Откровение 11:19). Ова е единственото место во Откровението каде што се спомнува ковчегот на Божјиот сојуз. Ковчегот бил видлив симбол дека Јехова е присутен меѓу неговиот народ Израел. Бил чуван во Светињата над Светињите, најпрво во светиот шатор, а потоа во храмот што го изградил Соломон. Но, кога Израел заминал во ропство во Вавилон во 607 год. пр. н.е., Ерусалим бил опустошен и ковчегот на сојузот исчезнал. Во тоа време претставниците од Давидовиот дом престанале да ‚седат на Јеховиниот престол како цареви‘ (1. Летописи 29:23). *
13. Што значи тоа што ковчегот на Божјиот сојуз може да се види во небесното Божје светилиште?
13 Сега, после повеќе од 2.600 години, ковчегот на сојузот повторно може да се види. Но, во видението на Јован, овој ковчег не се наоѓа во некој храм на Земјата. Се наоѓа во небесното Божје светилиште. Јехова сега повторно владее преку цар од лозата на Давид. Но, овој пат, Царот Исус Христос е устоличен во небесниот Ерусалим, возвишено место од каде што ги извршува Јеховините осуди (Евреите 12:22). Од следните поглавја на Откровението ќе дознаеме за какви осуди станува збор.
14, 15. а) Само кој можел да го види ковчегот на сојузот во древниот Ерусалим, и зошто? б) Кој може да го види ковчегот на сојузот во светилиштето на Божјиот небесен храм?
14 Во земниот Ерусалим од старо време, ковчегот не можеле да го видат сите Израелци, па дури ни свештениците кои служеле во храмот, бидејќи тој се наоѓал во Светињата над Светињите која била одделена со завеса од Светињата (4. Мојсеева 4:20; Евреите 9:2, 3). Можел да го види само првосвештеникот кога еднаш годишно влегувал во Светињата над Светињите на Денот на очистувањето. Но, кога се отвора светилиштето на небесниот храм, симболичниот ковчег може да го види не само Јеховиниот првосвештеник, Исус Христос, туку и свештениците што служат под него, односно 144.000-те, меѓу кои е и Јован.
15 Првите што биле воскреснати на небото го гледаат овој симболичен ковчег одблизу, бидејќи веќе ги зазеле своите места како дел од 24-те старешини околу Јеховиниот престол. А класата на Јован на Земјата беше просветлена од Јеховиниот дух и можеше да увиди дека Тој е присутен во својот духовен храм. Имаше и знаци што требаше да ги предупредат сите луѓе дека се случуваат вакви прекрасни работи. Во видението Јован гледа и молњи, гласови, громови, земјотрес и град. (Спореди Откровение 8:5.) Што симболизираат тие?
16. Во која смисла имало молњи, гласови, громови, земјотрес и голем град?
16 Од 1914 година наваму имаше огромни потреси и превирања во религиозниот свет. Но, за среќа, овој „земјотрес“ беше проследен со гласови на предани лица кои ја објавуваа јасната порака за воспоставеното Божје Царство. Беа огласени громогласните предупредувања од Библијата. Како молњи, блесоците светлина помогнаа да се разбере Божјата пророчка реч, и тоа разбирање беше објавено насекаде. Врз христијанскиот свет и врз лажната религија во целина беше пуштен силниот „град“ од Божји осуди. Сето ова требаше да го привлече вниманието на луѓето. За жал, мнозина — исто како луѓето во Ерусалим во времето на Исус — не сфатија дека се исполнуваат овие знаци од Откровението (Лука 19:41-44).
17, 18. а) Каква одговорност им наметнува на преданите христијани трубењето на седумте ангели? б) Како христијаните го исполнуваат својот налог?
17 Седумте ангели продолжуваат да трубат и да најавуваат историски настани на Земјата. Преданите христијани имаат голема одговорност да продолжат да му ги кажуваат овие објави на светот. Тие навистина го исполнуваат овој налог со голема радост! Ова се гледа оттаму што во период од дваесет години, од 1986 до 2005 година, тие речиси ги удвоија часовите што годишно ги поминуваат во проповедање — од 680.837.042 на 1.278.235.504. Навистина, „Божјата света тајна... според добрата вест“ се разгласува „до крајот на светот“ (Откровение 10:7; Римјаните 10:18).
18 Како што намерите на Божјето Царство се разоткриваат, нѐ очекуваат и други виденија.
[Фуснота]
^ Римскиот историчар Тацит известува дека, кога Ерусалим бил освоен во 63 год. пр. н.е. и Гнеј Помпеј влегол во светилиштето во храмот, тоа било празно. Ковчегот на сојузот не бил во него (Историја, 5.9 од Тацит).
[Прашања]
[Рамка на страница 173]
Истакнати делови од Јеховините судски објави слични на трубни звуци
1. 1922 година, Седар Поинт (Охајо): Апел упатен до водачите во христијанскиот свет на полето на религијата, политиката и големиот бизнис, со кој се повикуваа да објаснат зошто не успеале да донесат мир, напредок и среќа. Решението е во рацете на месијанското Царство.
2. 1923 година, Лос Анџелес (Калифорнија): Со јавното предавање „Сите народи сега маршираат кон Армагедон, но милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“ беа повикани сите мирољубиви „овци“ да го напуштат смртоносното море на човештвото.
3. 1924 година, Колумбус (Охајо): Свештениците беа обвинети затоа што се возвишуваат себеси, а одбиваат да го проповедаат месијанското Царство. Вистинските христијани мора да ја проповедаат Божјата одмазда и да ги утешат луѓето што тажат.
4. 1925 година, Индијанаполис (Индијана): Порака на надеж во која беше направена споредба меѓу духовниот мрак на христијанскиот свет и светлото ветување на Царството за мир, напредок, здравје, живот, слобода и вечна среќа.
5. 1926 година, Лондон (Англија): Наезда како од скакулци врз христијанскиот свет и врз неговото свештенство, со која беше разоткриено дека тие го отфрлаат Божјето Царство и одбиваат да го поздрават раѓањето на таа небесна влада.
6. 1927 година, Торонто (Канада): Покана до сите луѓе, носена како од коњаници, со која се повикани да го напуштат ‚организираното христијанство‘ и од сѐ срце да се приврзат кон Јехова Бог и кон неговиот Цар и Царство.
7. 1928 година, Детроит (Мичиген): Објава против Сатана, а за Јехова, во која јасно беше ставено до знаење дека Божјиот помазан Цар, устоличен во 1914 година, ќе ја уништи Сатановата злобна организација и ќе ги избави луѓето.
[Рамка на страница 175]
Уништување на Земјата
„Секои три секунди исчезнува дел од прашумите, голем колку едно фудбалско игралиште... Со губењето на прашумите се уништуваат илјадници видови растенија и животни“ (Илустриран атлас на светот — Illustrated Atlas of the World, Ранд Мекнели).
„По два века откако беа населени, [Големите Езера] станаа најголемата депонија на светот“ (The Globe and Mail — Канада).
Во април 1986 година, експлозијата и пожарот во нуклеарната централа Чернобил (СССР), „беше најкатастрофалниот нуклеарен настан... по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки“, при што „во воздухот, почвата и водата на Земјата [беше испуштена] исто толку долготрајна радијација колку што била испуштена од сите нуклеарни проби и бомби што некогаш експлодирале“ (JAMA; The New York Times).
Во Минамата (Јапонија), од една хемиска фабрика беше испуштена во заливот метилна жива. Луѓето што јаделе риба, школки и ракови загадени со тоа соединение ја добиле болеста Минамата, „хронична нервна болест... До денес [1985 година], оваа болест е официјално дијагностицирана кај 2.578 лица низ цела Јапонија“ (Меѓународен журнал за епидемиологија — International Journal of Epidemiology).
[Рамка на страница 176]
Силните објави во Откровение 11:15-19 се вовед во виденијата што следат. Во 12. поглавје од Откровение, дејството се прекинува и се прикажуваат настани кои се случиле порано, со што се нагласуваат деталите од величествената објава од Откровение 11:15, 17. Во 13. поглавје е дадена заднината на стихот 11:18, бидејќи во него се опишува потеклото и развојот на Сатановата политичка организација, која ја довела Земјата до работ на уништувањето. Во поглавјата 14 и 15 се дадени натамошните пресуди што ќе ги изврши Царството, а се поврзани со огласувањето на седмата труба и со третата мака.
[Слики на страница 174]
Јехова ќе ‚ги уништи оние што ја уништуваат Земјата‘