Божјето Царство е родено!
Поглавје 27
Божјето Царство е родено!
Видение 7 — Откровение 12:1-17
Тема: Небесната жена се породува, Михаел се бори со Сатана и го исфрла на Земјата
Кога се исполнува: Од устоличувањето на Исус Христос во 1914 година до големата неволја
1. Како ќе ни помогне разбирањето на знаците што се опишани во Откровение, поглавја 12, 13 и 14?
СВЕТАТА Божја тајна е разоткриена (Откровение 10:7). Јеховиното Царство во рацете на неговиот Месија сега е жива реалност. Тоа владее! Ова значи пропаст за Сатана и за неговото потомство, а величествена победа за потомството на Божјата небесна организација. Но, седмиот ангел сѐ уште труби во својата труба бидејќи има да ни открие уште многу работи во врска со третата мака (Откровение 11:14). Знаците што се опишани во Откровение, поглавја 12, 13 и 14, ќе ни помогнат да сфатиме што сѐ е вклучено во оваа мака и во довршувањето на Божјата света тајна.
2. а) Каков голем знак видел Јован? б) Кога било откриено значењето на големиот знак?
2 Јован сега гледа еден голем знак — знак кој е од огромен интерес за Божјиот народ. Со него почнува едно возбудливо пророчко видение, чие значење за првпат беше објаснето во Стражарска кула од 1 март 1925 година, во статијата со наслов „Раѓањето на народот“, а потоа во 1926 година во книгата Избавување. Овој сјаен блесок во разбирањето на Библијата претставува историски чекор напред во Јеховиното дело. Да видиме како Јован ја опишува драмата што почнува да се одигрува: „И се покажа голем знак на небото — жена облечена во сонцето, а под нозете ѝ беше месечината, а на главата имаше круна од дванаесет ѕвезди. Беше бремена и викаше од болки и породилни маки“ (Откровение 12:1, 2).
3. Која е жената што Јован ја видел на небото?
3 За првпат, Јован гледа жена на небото. Се разбира, не се работи за вистинска жена. Напротив, таа претставува знак, или симбол (Откровение 1:1). Што симболизира оваа жена? Во вдахновените пророштва, жените честопати претставуваат организации што се „омажени“ за многу видни личности. Во Хебрејските списи, за Израел се вели дека е жена на Јехова Бог (Еремија 3:14). Во Грчките списи, за собранието од помазани христијани се вели дека е Христова невеста (Откровение 21:9-14). Жената што Јован ја гледа сега, исто така е мажена за некого и само што не се породила. Кој ѝ е сопруг? Па, подоцна нејзиното дете е „однесено кај Бог и кај неговиот престол“ (Откровение 12:5). Јехова на тој начин потврдува дека тоа е негово дете. Значи, жената што ја гледа Јован мора да е Јеховината симболична жена.
4. Кои се синовите на Божјата симболична жена, и како апостол Павле ја нарекува жената што ја видел Јован?
4 Околу осум века порано, Јехова ѝ се обратил на оваа симболична жена со следниве зборови: „Сите твои синови ќе бидат поучени од Јехова“ (Исаија 54:5, 13). Исус го цитирал ова пророштво покажувајќи дека овие синови се неговите верни следбеници, кои подоцна ќе станат дел од собранието од помазани христијани (Јован 6:44, 45). Затоа може да се каже дека членовите на ова собрание, кои се наречени Божји синови, се исто така деца на Божјата симболична жена (Римјаните 8:14). Апостол Павле ја наведува и последната информација која ни помага да сфатиме која е оваа жена, кога вели: „А горниот Ерусалим е слободен — тој е нашата мајка“ (Галатите 4:26). Значи, „жената“ што ја гледа Јован е „горниот Ерусалим“.
5. Со оглед на тоа што Јеховината симболична жена носи круна од 12 ѕвезди, што е, всушност, горниот Ерусалим?
5 Но, што е, всушност, горниот Ерусалим? Бидејќи Павле за него вели дека е ‚горе‘, а Јован го гледа на небото, очигледно не се работи за некој град на Земјата. Оваа жена не е ниту „Новиот Ерусалим“, бидејќи таа организација е Христовата невеста, а не Јеховината жена (Откровение 21:2). Забележи дека оваа жена на главата има круна од 12 ѕвезди. Бројот 12 означува потполност во организациска смисла. * Според тоа, најверојатно овие 12 ѕвезди укажуваат дека таа е организација на небото, исто како што древниот Ерусалим бил организација на Земјата. Горниот Ерусалим е Јеховината организација во која се вклучени сите духовни суштества. Таа е како негова жена во таа смисла што му служи и му дава потомство.
6. а) Што значи тоа што жената која ја гледа Јован е облечена во сонцето, под нозете ѝ е месечината, а на главата носи круна од ѕвезди? б) Што претставуваат породилните маки на бремената жена?
6 Јован гледа дека оваа жена е облечена во сонцето, а под нозете ѝ е месечината. Кога на ова ќе ја додадеме и круната од ѕвезди, таа е потполно окружена со небесни светила. Божјата милост блеска над неа дење и ноќе. Колку соодветен симбол за Јеховината величествена небесна организација! Но, оваа жена е бремена и трпи породилни маки. Тоа што вика и бара помош од Бог покажува дека ѝ е дојдено времето да роди. Во Библијата, породилните маки честопати се симбол за големиот труд што треба да се вложи за да се постигнат важни резултати. (Спореди Псалм 90:2; Изреки 25:23; Исаија 66:7, 8.) Без сомнение, вакви породилни маки претрпела и Јеховината небесна организација која се подготвувала за ова раѓање, кое е од историска важност.
Голем змеј со пламена боја
7. Кој друг знак го гледа Јован на небото?
7 Но, што гледа Јован сега? „И се покажа друг знак на небото — голем змеј со пламена боја, со седум глави и десет рогови, а на неговите глави седум круни. Со опашката одвлече третина од небесните ѕвезди и ги фрли на земјата. И змејот стоеше пред жената која требаше да роди за, кога ќе роди, да ѝ го проголта детето“ (Откровение 12:3, 4).
8. а) Кој е големиот змеј со пламена боја? б) Што покажува тоа што змејот има седум глави, десет рогови и круна на секоја глава?
8 Овој змеј е Сатана, „празмијата“ (Откровение 12:9; 1. Мојсеева 3:15). Тој е немилосрден грабливец — седмоглав змеј што може потполно да го проголта својот плен. Колку чудно изгледа! Неговите седум глави и десет рогови се показател дека тој е творецот на политичкиот ѕвер што ќе биде опишан во Откровение 13. поглавје, и кој исто така има седум глави и десет рогови. Бидејќи Сатана има круна на секоја глава — вкупно седум — може да бидеме потполно сигурни дека тој има контрола над светските сили кои се претставени со ѕверот (Јован 16:11). Десетте рогови се соодветен симбол за потполната власт што тој ја има над овој свет.
9. Што значи тоа што змејот ‚одвлекол третина од небесните ѕвезди‘ со својата опашка и ги фрлил на Земјата?
9 Змејот има власт и во духовниот свет. Со својата опашка тој ‚одвлекол третина од небесните ѕвезди‘. Ѕвездите можат да претставуваат ангели (Јов 38:7). Тоа што е спомната „третина“ нагласува дека Сатана успеал да заведе прилично голем број ангели. Штом еднаш дошле под негова власт, за нив веќе нема назад. Не можеле да се вратат во Божјата света организација. Тие станале демони кои ги одвлекол Сатана, нивниот цар, односно владетел (Матеј 12:24). Освен тоа, Сатана ги фрлил на Земјата. Нема сомнение дека ова се однесува на времето пред Потопот во деновите на Ное, кога Сатана ги намамил непослушните Божји синови да слезат на Земјата и да живеат со човечките ќерки. За казна, Бог ги фрлил овие ‚ангели кои згрешиле‘ во тартар, состојба слична на затвор (1. Мојсеева 6:4; 2. Петрово 2:4; Јуда 6).
10. Кои спротивставени организации јасно можат да се видат, и зошто змејот сака веднаш да го проголта детето кое ќе го роди жената?
10 Значи, јасно може да се види дека постојат две спротивставени организации — Јеховината небесна организација, која е претставена со жената, и Сатановата демонска организација, која го оспорува Божјето право да владее. Големото спорно прашање за тоа кој има неприкосновено право да владее мора да се реши. Но, како? Сатана, кој сѐ уште ги влече демоните по себе, е како свиреп граблив ѕвер кој ја демне следната жртва. Тој чека жената да роди. Сака да го проголта ова очекувано бебе бидејќи знае дека тоа претставува кобна закана за неговиот опстанок и за опстанокот на светот кој лежи во негова власт (Јован 14:30).
Син, машко
11. Како Јован го опишал раѓањето на детето на жената, и зошто за детето се вели дека е „син, машко“?
11 Одредените времиња, во кои народите владееле без мешање од страна на Бог, завршија во 1914 година (Лука 21:24). Тогаш, токму навреме, жената го раѓа детето: „И таа роди син, машко, кој ќе управува со сите народи со железна палка. И нејзиното дете беше однесено кај Бог и кај неговиот престол. А жената побегна во пустината, каде што Бог ѝ подготви место, за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена“ (Откровение 12:5, 6). Детето е „син, машко“. Зошто Јован користи два збора за да каже иста работа? За да покаже дека детето е способно и дека има моќ да владее со народите. Исто така, нагласува колку значаен и радосен настан е ова раѓање! Тоа игра главна улога во довршувањето на Божјата света тајна. Ова машко дете „ќе управува со сите народи со железна палка“!
12. а) Што ветил Јехова за Исус преку пророштвата во Псалмите? б) Што симболизира тоа што жената раѓа син „кој ќе управува со сите народи со железна палка“?
12 Дали овој израз ти е познат? Сигурно. Во врска со Исус, Јехова пророчки ветил: „Ќе ги скршиш со железен жезол, како грнчарски сад ќе ги сотреш“ (Псалм 2:9). Освен тоа, за Исус било проречено: „Јехова од Сион ќе ти ја подаде палката на твојата сила и ќе рече: ‚Оди меѓу своите непријатели и покори ги!‘“ (Псалм 110:2). Според тоа, раѓањето што го гледа Јован е тесно поврзано со Исус Христос. Но, не се однесува на Исусовото раѓање од девица пред првиот век од нашата ера, ниту, пак, на Исусовото воскресение како духовно суштество во 33 год. од н.е. Не се однесува ни на некакво селење на неговата душа во друго тело. Напротив, станува збор за раѓањето на Божјето Царство во 1914 година, вистинска влада на чело со устоличениот Цар Исус, кој сега е на небото речиси 20 века (Откровение 12:10).
13. Што значи тоа што машкото дете е „однесено кај Бог и кај неговиот престол“?
13 Јехова нема никогаш да му дозволи на Сатана да ги проголта Неговата жена и Неговиот новороден син! Веднаш штом се родило, машкото дете било „однесено кај Бог и кај неговиот престол“. На тој начин тоа дошло под целосна заштита на Јехова, кој најдобро ќе се грижи за своето штотуку родено Царство — средството со кое ќе го посвети Своето свето име. Истовремено, жената бега во пустината каде што Бог ѝ подготвил место. Нешто подоцна ќе зборуваме подетално за тоа. Сега е поставена сцената за еден многу значаен настан, по кој Сатана никогаш повторно нема да претставува опасност за небесното Царство. За каков настан станува збор?
Војна на небото!
14. а) Како што ни кажува Јован, по кој настан Сатана никогаш повторно нема да претставува опасност за Царството? б) На кое подрачје се ограничени Сатана и неговите демони?
14 Јован ни кажува: „И избувна војна на небото: Михаел и неговите ангели се бореа против змејот. И змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа. И за нив повеќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели“ (Откровение 12:7-9). Во еден возбудлив настан, со кој светата Божја тајна се приведува кон крајот, Сатана е исфрлен, протеран од небото, а и неговите демони се фрлени на Земјата заедно со него. Оној што го заведувал целиот свет до тој степен што станал негов бог, конечно е ограничен во близината на оваа планета, каде што и ја започнал својата побуна (2. Коринќаните 4:3, 4).
15, 16. а) Кој е Михаел, и од каде го знаеме тоа? б) Зошто најмногу одговара Михаел да биде тој што ќе го исфрли Сатана од небото?
15 Кои се тие што ја извојувале оваа голема победа во Јеховино име? Библијата вели дека тоа се Михаел и неговите ангели. Но, кој е Михаел? Името „Михаел“ значи „Кој е како Бог?“ Според тоа, на Михаел сигурно му е многу важно да го оправда Јеховиното право да владее така што ќе докаже дека никој не е како Бог. Во Јуда, 9. стих, тој е наречен „архангелот Михаел“. Интересно е тоа што титулата ‚архангел‘ се користи и на други места во Библијата само за една личност: Исус Христос. * За него Павле вели: „Самиот Господар ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел и со Божја труба“ (1. Солуњаните 4:16). Титулата ‚архангел‘ значи „главен над ангелите“. Затоа не нѐ изненадува тоа што во Откровението се зборува за „Михаел и неговите ангели“. Кога на други места во Библијата се вели дека ангелите му се подложни на некој праведен Божји слуга, се мисли на Исус. Затоа, Павле зборува за времето „кога од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели“ (2. Солуњаните 1:7; види и Матеј 24:30, 31; 25:31).
16 Овие и други стихови нѐ водат до неизбежниот заклучок дека Михаел не е никој друг туку Господарот Исус Христос на својата небесна положба. Сега, во денот на Господарот, тој нема само да му рече на Сатана: „Јехова нека те прекори!“ Бидејќи сега е време за суд, Исус, како Михаел, го исфрла злобниот Сатана и неговите демонски ангели од небото (Јуда 9; Откровение 1:10). Како новоустоличен Цар, најмногу одговара токму Тој да го стори ова. Освен тоа, Исус е Потомството што било ветено во Еден, кое на крајот ќе ѝ ја смачка главата на Змијата, уништувајќи ја засекогаш (1. Мојсеева 3:15). Со тоа што го исфрлил Сатана од небото, Исус го почнал тоа конечно уништување.
„Веселете се небеса“
17, 18. а) Што рекол Јован, каква реакција имало на небото откако бил исфрлен Сатана? б) Од кој извор најверојатно дошол силниот глас што го чул Јован?
17 Јован известува за тоа колку голема радост завладеала на небото по овој зачудувачки пад на Сатана: „И чув силен глас на небото како вели: ‚Сега дојде спасението и моќта и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, бидејќи е исфрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинува ден и ноќ пред нашиот Бог! А тие го победија со крвта на Јагнето и со речта на своето сведочење, и не го сакаа својот живот ни тогаш кога се соочија со смртта. Затоа веселете се небеса и вие што живеете на нив!‘“ (Откровение 12:10-12а).
18 Чиј силен глас го слуша Јован? Библијата не кажува. Но, еден сличен извик, кој се спомнува во Откровение 11:17, се слуша од воскреснатите 24 старешини кои се наоѓаат на своите небесни положби, каде што сега ги претставуваат 144.000-те свети (Откровение 11:18). Бидејќи за прогонуваните Божји помазани слуги кои сѐ уште се на Земјата се зборува како за „нашите браќа“, оваа изјава најверојатно доаѓа од истиот извор. Сосема е можно овој глас да доаѓа од верните воскреснати лица, затоа што тие воскреснуваат наскоро откако Сатана и неговите демонски орди биле исфрлени од небото.
19. а) Каков пат му отвора на Исус довршувањето на Божјата света тајна? б) На што укажува тоа што Сатана е наречен „обвинителот на нашите браќа“?
19 За да се доврши Божјата света тајна, Исус мора да ја преземе власта во Јеховиното Царство. На тој начин се отвора патот Бог да ја исполни својата величествена намера — да ги избави верните луѓе. Исус им носи спасение не само на своите богобојазливи ученици кои денес се на Земјата туку и на милионите мртви на кои се сеќава Бог (Лука 21:27, 28). Тоа што Сатана е наречен „обвинителот на нашите браќа“ покажува дека, иако неговите обвиненија против Јов биле побиени, тој и понатаму продолжил да ја оспорува верноста на Божјите слуги на Земјата. Очигледно, тој во многу ситуации го повторил обвинението дека човекот ќе даде сѐ што има за својата душа. Колку беден лажливец се покажал Сатана! (Јов 1:9-11; 2:4, 5).
20. Како верните христијани го победуваат Сатана?
20 Помазаните христијани, кои Бог ги смета за праведни благодарение на „крвта на Јагнето“, продолжуваат да сведочат за Бог и за Исус Христос и покрај прогонствата. Повеќе од 120 години, оваа класа на Јован укажува на важните спорни прашања поврзани со крајот на времињата на незнабошците во 1914 година (Лука 21:24). А големото мноштво сега лојално служи рамо до рамо со нив. Ниту еден од нив не ‚се плаши од оние што го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата‘, и ова секогаш одново го докажуваат животните искуства на Јеховините сведоци во нашево време. Со збор и со исправно христијанско однесување, тие го победуваат Сатана и докажуваат дека е лажливец (Матеј 10:28; Изреки 27:11; Откровение 7:9). Откако воскреснуваат на небото, колку мора да се среќни помазаните христијани што Сатана веќе не е таму да ги обвинува нивните браќа! Навистина, време е мноштвото ангели радосно да се одѕвијат на повикот: „Веселете се небеса и вие што живеете на нив!“
Противудар!
21. Како Сатана им нанел мака на земјата и на морето?
21 Разбеснет поради третата мака, Сатана сега е решен да им нанесе на луѓето неволји што само тој може да ги смисли: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:12б). Исфрлањето на Сатана од небото навистина ќе ѝ донесе неволји на дословната Земја, која ја уништуваат себични луѓе кои се под негова контрола (5. Мојсеева 32:5). Но, Сатановата политика „Или мое или ничие“ ѝ носи уште поголема мака на симболичната земја — човечкото општество — како и на симболичното море — самото немирно човештво. Во двете светски војни, Сатановиот гнев можеше да се види во гневот на народите кои се под негова власт, а слични изливи на демонски бес има до денешен ден. Но, не за долго! (Марко 13:7, 8). Сепак, колку и да се ужасни средствата на Ѓаволот, никогаш нема да го имаат разорниот ефект што ќе го има третата мака која Божјето Царство ќе ѝ ја нанесе на неговата видлива организација!
22, 23. а) Што вели Јован дека се случува откако змејот бил исфрлен долу на Земјата? б) Како може змејот да ја прогонува ‚жената која го родила машкото дете‘?
22 Откако бил неповратно исфрлен од небото, Сатана го излева својот најголем гнев врз Христовите браќа што сѐ уште се на Земјата. Јован кажува: „А кога виде дека е исфрлен на земјата, змејот почна да ја прогонува жената која го роди машкото дете. Но на жената ѝ беа дадени две крилја од голем орел за да одлета во пустината на местото подготвено за неа. Таму, далеку од змијата, беше хранета едно време и две времиња и половина време“ (Откровение 12:13, 14).
23 Овде видението се надоврзува на мислата од 6. стих, каде што беше кажано дека, откако го раѓа детето, жената бега во пустината, далеку од змејот. Можеби се прашуваме како може змејот да ја прогонува жената, кога таа е на небото, а тој сега е исфрлен на Земјата. Па, сети се дека жената има деца, односно свои потомци, овде на Земјата. Подоцна во ова видение ни е кажано дека Сатана го излева својот гнев врз жената со тоа што ги прогонува нејзините потомци (Откровение 12:17). За она што им се случува на потомците на жената овде на Земјата може да се каже дека ѝ се случува на самата жена. (Спореди Матеј 25:40.) Освен тоа, и сѐ поголемиот број лица што им се придружуваат на тие потомци на Земјата ќе го почувствуваат ова прогонство на своја кожа.
Нов народ
24. Како Јехова ги избавил Истражувачите на Библијата на сличен начин како што ги избавил Израелците од Египет?
24 Во текот на Првата светска војна, Исусовите браќа верно продолжија да сведочат најмногу што можеа. Ова го правеа и покрај засиленото противење од Сатана и од неговите злобни приврзаници. На крајот, јавното сведочење на Истражувачите на Библијата практично беше запрено (Откровение 11:7-10). Тогаш тие доживеаја нешто слично на она што го доживеале Израелците во Египет, кои исто така претрпеле големо противење. Но, токму во вистинскиот момент, Јехова брзо ги избавил и ги пренел како на орловски крилја на безбедно место во Синајската Пустина (2. Мојсеева 19:1-4). На сличен начин, по тешкото прогонство во 1918/1919 година, Јехова ги избави своите сведоци — кои ја застапуваат неговата жена — и ги пренесе во една духовна состојба што за нив е исто толку безбедна колку што била безбедна пустината за Израелците. Ова, всушност, беше одговор на нивните молитви. (Спореди Псалм 55:6-9.)
25. а) Што образувал Јехова во 1919 година исто како што го образувал израелскиот народ во пустината? б) Кој го сочинува овој народ и во што влегле тие?
25 Во пустината, Јехова образувал народ од Израелците и се грижел за нив и во духовен и во материјален поглед. Слично на ова, од 1919 година наваму, Јехова образува еден духовен народ од потомците на жената. Ова не е исто со месијанското Царство кое владее од небото од 1914 година. Овој нов народ се состои од остатокот од помазани Сведоци на Земјата, кои во 1919 година влегоа во една прекрасна духовна состојба. Бидејќи им беше дадена ‚храна во право време‘, тие беа зајакнати за делото што ги чекаше (Лука 12:42; Исаија 66:8).
26. а) Колку бил долг периодот спомнат во Откровение 12:6, 14? б) Кога почнале и кога завршиле три и полте времиња, и која била нивната цел?
26 Колку долго траеше овој период на олеснување за Божјата жена? Според Откровение 12:6 требало да трае 1.260 дена. Во Откровение 12:14 за истиов период се вели дека изнесува едно време и две времиња и половина време, или, со други зборови, три и пол времиња. Всушност, и двата израза означуваат три и пол години, кои на северната полутопка траеја од пролетта 1919 година до есента 1922 година. Ова беше период на освежително закрепнување и реорганизирање на обновената класа на Јован.
27. а) Според она што го вели Јован, што направил змејот по 1922 година? б) Со која цел Сатана исфрлил порој од прогонство против Сведоците?
27 Меѓутоа, змејот не се предал! „И змијата од својата уста исфрли вода како река по жената за да ја удави во реката“ (Откровение 12:15). Што значи ‚водата како река‘ или „пороите вода“? (The New English Bible). Цар Давид од старо време ги опишал злобните луѓе што му се противеле како „порои од никаквеци“ (Псалм 18:4, 5, 16, 17). Она што Сатана сега го исфрла е исто така прогонство од „никаквеци“. По 1922 година, Сатана исфрли од својата уста порој на прогонство против Сведоците (Матеј 24:9-13). Ова вклучуваше физичко насилство, ‚создавање проблеми со помош на законот‘, затворања, па дури и погубување со бесење, стрелање и отсекување на глава (Псалм 94:20). Понижениот Сатана, кому сега му беше забранет директен пристап до Божјата небесна жена, почна жестоко да ги напаѓа преостанатите од нејзиното потомство на Земјата со цел да ги уништи — или директно или така што ќе им ја скрши беспрекорноста и со тоа ќе ја изгубат Божјата милост. Но, тие беа решени да постапат исто како Јов, кој рекол: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5).
28. Како бранот на прогонство достигнал кулминација во Втората светска војна?
28 Овој силен бран на прогонство достигна кулминација во Втората светска војна. Во Европа, околу 12.000 Сведоци беа затворени во нацистичките концентрациони логори и околу 2.000 умреа. Под воените диктатори што владееја со Италија, Јапонија, Кореја и Тајван, верните Сведоци претрпеа слично сурово прогонство. Дури и во таканаречените демократски земји, Сведоците беа напаѓани од групи на Католичката акција, беа посипувани со катран и пердуви и беа протерувани од градовите. Христијанските собири беа прекинувани и децата на Сведоците беа истерувани од училиште.
29. а) Како Јован го опишал олеснувањето кое доаѓа од неочекуван извор? б) На кој начин ‚земјата ѝ дошла на помош на жената‘? в) Што продолжува да прави змејот?
29 Олеснувањето дојде од неочекуван извор: „Но земјата ѝ дојде на помош на жената, и земјата ја отвори својата уста и ја проголта реката што ја исфрли змејот од својата уста. И змејот се разгневи на жената, и отиде да води војна против преостанатите нејзини потомци, кои ги држат Божјите заповеди и на кои им е доверено да сведочат за Исус“ (Откровение 12:16, 17). „Земјата“ — елементите во самиот Сатанов поредок — постепено ја голтнаа ‚реката‘, односно ‚поројот‘. Во 1940-тите, Врховниот суд на САД донесе низа поволни пресуди во корист на Сведоците. Такви пресуди донесоа и властите во некои други земји, и со овие одлуки ѝ беше дадена поддршка на верската слобода. На крајот, Сојузниците го проголтаа нацистичко-фашистичкото чудовиште, и ова им донесе големо олеснување на Сведоците кои пострадаа под таквите немилосрдни диктатури. Сепак, прогонствата не престанаа потполно, бидејќи змејот сѐ уште се гневи и продолжува да војува против оние „на кои им е доверено да сведочат за Исус“. Во многу земји, лојалните Сведоци сѐ уште лежат по затвори, а некои и гинат поради својата верност. Но, во некои од овие земји, одвреме-навреме властите попуштаат со притисокот и Сведоците добиваат поголема слобода. * Така, во исполнување на пророштвото, земјата продолжува да ја голта реката на прогонство.
30. а) За што придонела „земјата“ во доволна мера? б) Кои се последиците од верноста на Божјиот народ?
30 Со ова, „земјата“ во доволна мера придонесе да се прошири Божјето дело во 235 земји и да бидат активни повеќе од шест милиони проповедници на добрата вест. Заедно со останатиот дел од потомството на жената, едно огромно меѓународно мноштво од нови верници ги држат Божјите заповеди и остануваат одвоени од светот, живеат чист морален живот, ги сакаат браќата и сведочат за месијанското Царство. Нивната верност е одговор на срамниот предизвик на Сатана, а воедно и јасен показател дека на Сатана и на неговиот поредок му одѕвонило последното ѕвоно (Изреки 27:11).
[Фусноти]
^ Спореди го ова со 12-те племиња на родените Израелци, 12-те апостоли, 12-те племиња на духовниот Израел, 12-те порти, 12-те ангели и 12-те камен-темелници на Новиот Ерусалим (Откровение 21:12-14).
^ Меѓутоа, забележи дека Откровение 12:9 зборува за „големиот змеј... и неговите ангели“. Значи, Ѓаволот не само што се прави лажен бог туку се обидува да стане и архангел, иако Библијата никаде не му ја припишува таа титула.
^ Врховните судови во многу земји им донесоа олеснување на Јеховините сведоци; некои од нивните пресуди се наведени во рамката на 92. страница.
[Прашања]
[Рамка на страница 185]
„Земјата ја отвори својата уста“
Сатана исфрли порој од прогонство против помазаните христијани и нивните придружници во многу земји. Но, честопати настаните во самиот негов поредок доведоа до тоа овој порој да биде проголтан.
Поројот од напади на толпи и затворања во Соединетите Држави беше во голема мера проголтан со донесувањето на поволни пресуди од страна на Врховниот суд во 1940-тите.
1945: Немилосрдното прогонство во земјите под германска и јапонска контрола беше запрено со победата на Сојузниците во Втората светска војна.
Кога делото на Јеховините сведоци беше забрането во Доминиканската Република, Сведоците беа затворани, камшикувани и тепани со кундаци. Во 1960 година, по прекинот на односите меѓу диктаторот Рафаел Трухиљо и Римокатоличката црква, забраната на Јеховините сведоци беше укината.
Стрелањето, палењето, силувањето, тепањето, мачењето и убивањето на Сведоците во граѓанската војна во Нигерија запреа во 1970 година кога владините сили ја освоија отцепената провинција каде што се случуваше сето ова.
Во Шпанија беа напаѓани домовите на Сведоците и тие беа казнувани парично и беа затворани бидејќи вршеа „злостор“ со тоа што зборуваа за Бог и одржуваа христијански состаноци. Ова прогонство конечно заврши во 1970 година кога се промени ставот на владата кон некатоличките религии, и Јеховините сведоци беа законски регистрирани.
Во Португалија, стотици домови беа претресени без судски налог. Сведоците беа физички малтретирани и фрлани в затвор, а нивните Библии беа запленети. Овој терор беше ‚проголтан‘ во 1974 година, кога со воен пуч дојде до смена на владата и беше донесен закон кој гарантираше слобода на собирање.
Во Аргентина, која беше под воена диктатура, децата на Јеховините сведоци беа истерувани од училиште, а Сведоците низ целата земја беа апсени затоа што ја проповедаа добрата вест. Ова прогонство конечно заврши во 1984 година кога тогашната влада законски го призна Здружението на Јеховините сведоци.
[Табела на страница 183]
(Види во публикацијата)
1914 Раѓање на Царството
1919 Раѓање на новиот народ
1919-1922 Период на зајакнување
1922 Бран на прогонство
[Слики на страница 182]
Тешко на земјата