Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјиот Ден на суд — радосен исход!

Божјиот Ден на суд — радосен исход!

Поглавје 41

Божјиот Ден на суд — радосен исход!

Видение 15 — Откровение 20:11—21:8

Тема: Сеопшто воскресение, Суден ден и благослови на новото небо и новата земја

Кога се исполнува: Во текот на илјадагодишното Царство

1. а) Што изгубиле луѓето кога згрешиле Адам и Ева? б) Која Божја намера не се сменила, и од каде го знаеме ова?

 КАКО луѓе, ние сме создадени да живееме вечно. Да ги послушале Божјите заповеди, Адам и Ева немало никогаш да умрат (1. Мојсеева 1:28; 2:8, 16, 17; Проповедник 3:10, 11). Но, кога згрешиле, ги изгубиле совршенството и животот за себе и за своите деца, а смртта почнала да владее над луѓето како безмилосен непријател (Римјаните 5:12, 14; 1. Коринќаните 15:26). Сепак, тоа не ја сменило Божјата намера Земјата да биде населена со совршени луѓе кои ќе живеат засекогаш во Рај. Бидејќи толку многу ги сакал луѓето, Бог го испратил на Земјата својот единороден Син, Исус, кој го дал својот совршен човечки живот како откупнина за „мнозина“ потомци на Адам (Матеј 20:28; Јован 3:16). Врз основа на правната вредност на својата жртва, Исус сега може да им овозможи на верните луѓе да живеат во совршенство во Рајот на Земјата (1. Петрово 3:18; 1. Јованово 2:2). Луѓето навистина имаат огромна причина да ‚се радуваат и да се веселат‘! (Исаија 25:8, 9).

2. Што вели Јован во Откровение 20:11, и што е ‚големиот бел престол‘?

2 Веднаш штом Сатана е фрлен во бездната, почнува Исусовото величествено илјадагодишно владеење. Тоа е ‚денот‘ кога Бог ‚наумил да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одредил за тоа‘ (Дела 17:31; 2. Петрово 3:8). Јован изјавува: „И видов еден голем бел престол и оној што седи на него. Пред него побегнаа земјата и небото, и за нив не се најде повеќе место“ (Откровение 20:11). Што е овој „голем бел престол“? Не може да биде ништо друго освен судиската столица на „Бог, кој е Судија на сите“ (Евреите 12:23). Сега тој ќе им суди на луѓето и ќе се види кој ќе има корист од откупната жртва на Исус (Марко 10:45).

3. а) Што покажува тоа што за Божјиот престол се вели дека е „голем“ и „бел“? б) Кој ќе суди во судниот ден, и врз основа на што?

3 Тоа што Божјиот престол е „голем“ укажува на величественоста на Јехова како Севишен Господар. А тоа што престолот е „бел“, го свртува вниманието на неговата беспрекорна праведност. Бог е Врховниот Судија на човештвото (Псалм 19:7-11; Исаија 33:22; 51:5, 8). Меѓутоа, задачата да суди му ја доверил на Исус Христос: „Зашто, Таткото не суди никому, туку сиот суд му го довери на Синот“ (Јован 5:22). Заедно со Исус се и неговите 144.000 придружници на кои им е „дадено да судат... илјада години“ (Откровение 20:4). Сепак, во судниот ден, тие ќе им судат на сите врз основа на Јеховините мерила.

4. Што значи тоа што ‚побегнале земјата и небото‘?

4 Во која смисла ‚побегнале земјата и небото‘? Ова е истото небо што при отворањето на шестиот печат исчезна како свиток кога ќе се свитка. Тоа ги претставува човечките владетели кои „се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (Откровение 6:14; 2. Петрово 3:7). Земјата е организираниот поредок што постои под овие владетели (Откровение 8:7). Тоа што ќе побегнат небото и земјата значи дека ќе бидат уништени ѕверот и земните цареви и нивните војски, заедно со сите оние што го примиле жигот на ѕверот и го обожаваат неговиот кип (Откровение 19:19-21). Откако ќе биде извршен судот над Сатановите земја и небо, Големиот Судија огласува еден друг суден ден.

Илјадагодишен суден ден

5. Откако старата земја и старото небо ќе побегнат, кому уште ќе треба да му се суди?

5 Кој ќе остане за да му се суди откако старата земја и старото небо ќе побегнат? Тоа нема да биде помазаниот остаток од 144.000, бидејќи тие ќе бидат веќе судени и запечатени. Доколку некои од помазаните сѐ уште се живи на Земјата по Армагедон, кратко потоа ќе умрат и ќе ја добијат својата небесна награда со воскресението (1. Петрово 4:17; Откровение 7:2-4). Но, милионите од големото мноштво кои доаѓаат од големата неволја јасно се гледаат како стојат „пред престолот“. Иако веќе биле вброени меѓу праведниците и преживеале затоа што имале вера во Исусовата пролеана крв, тие ќе бидат судени и во текот на илјадата години додека Исус ги води на „извори на води на животот“. Потоа, откако ќе станат совршени луѓе и ќе бидат испитани, ќе бидат прогласени за праведни во вистинска смисла на зборот (Откровение 7:9, 10, 14, 17). Освен тоа, ќе има потреба да им се суди и на децата што ќе ја преживеат големата неволја, како и на сите други деца што ќе им се родат на луѓето од големото мноштво во текот на илјадата години. (Спореди 1. Мојсеева 1:28; 9:7; 1. Коринќаните 7:14.)

6. а) Каква толпа луѓе гледа Јован, и на што укажуваат зборовите „големите и малите“? б) На кој начин најверојатно ќе бидат вратени во живот неброените милиони луѓе на кои се сеќава Бог?

6 Но, Јован гледа една многу побројна толпа луѓе отколку преживеаните од големото мноштво — во таа толпа има милијарди луѓе. „И ги видов мртвите, големите и малите, како стојат пред престолот, и свитоци се отворија“ (Откровение 20:12а). Во „големите и малите“ спаѓаат како угледните така и понеугледните луѓе што живееле и умреле на Земјата во последниве 6.000 години. Во евангелието што Јован го напишал кратко по Откровението, Исус го рекол следново во врска со Таткото: „И му даде власт [на Исус] да суди, бидејќи е Син човечки. Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:27-29). Каков огромен потфат — да ги поништи последиците од смртта и да ги оживее луѓето што умирале низ целата историја! Без сомнение, тие неброени милиони кои се наоѓаат во Божјето сеќавање ќе воскреснуваат постепено, за да може големото мноштво — кое ќе биде многу помалобројно од нив — да се справи со проблемите до кои можеби ќе дојде затоа што некои од воскреснатите во почетокот би можеле да сакаат да живеат по старо, според своите телесни слабости и ставови.

Кои ќе бидат воскреснати и судени?

7, 8. а) Каков свиток ќе биде отворен, и што ќе се случи потоа? б) За кого ќе нема воскресение?

7 Јован додава: „А се отвори и еден друг свиток — свитокот на животот. И мртвите беа судени според нивните дела на темел на она што е напишано во свитоците. И морето ги предаде мртвите што беа во него, и смртта и гробот ги предадоа мртвите што беа во нив. И секому му беше судено според неговите дела“ (Откровение 20:12б, 13). Оваа глетка навистина нѐ остава без здив! Спомнати се ‚морето и смртта и гробот‘, но треба да се забележи дека овие изрази не можат сосема да се разграничат. * На пример, кога Јона се нашол во стомакот на рибата, и тоа сред море, тој рекол дека се нашол во утробата на гробот (Јона 2:2). Штом некој е во канџите на адамската смрт, тогаш, всушност, е во гробот. Овие пророчки зборови ни се цврста гаранција дека никој нема да биде заборавен.

8 Се разбира, има и неодреден број луѓе што нема да воскреснат. Меѓу нив сигурно ќе бидат непокајничките книжници и фарисеи, кои ги отфрлиле Исус и апостолите, а ќе биде и „човекот на беззаконието“ и помазаните христијани кои „отпаднале“ (2. Солуњаните 2:3; Евреите 6:4-6; Матеј 23:29-33). Исус исто така зборувал и за луѓето слични на јарци кои, кога ќе дојде крајот на овој свет, ќе отидат „во вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели“, односно во „вечна смрт“ (Матеј 25:41, 46). За  нив ќе нема воскресение!

9. Како апостол Павле покажал дека некои ќе бидат особено повластени при воскресението, и кои спаѓаат во нив?

9 Од друга страна, некои ќе бидат особено повластени при воскресението. Апостол Павле укажал на ова кога рекол: „И имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). При земното воскресение на „праведните“ ќе бидат вратени во живот верни мажи и жени од минатото — Авраам, Раав, и многу други кои биле прогласени за праведни како Божји пријатели (Јаков 2:21, 23, 25). Во истава група ќе бидат и праведните други овци што умираат верни на Јехова во нашево време. Најверојатно сите тие беспрекорно верни лица ќе бидат воскреснати уште во почетокот на Исусовото илјадагодишно владеење (Јов 14:13-15; 27:5; Даниел 12:13; Евреите 11:35, 39, 40). Без сомнение, на многу од овие воскреснати праведници ќе им бидат доверени посебни задачи во надгледувањето на огромното дело на обнова на Рајот (Псалм 45:16; спореди Исаија 32:1, 16-18; 61:5; 65:21-23).

10. Кои се „неправедните“ што ќе воскреснат?

10 Но, кои се „неправедните“ спомнати во Дела 24:15? Во нив спаѓаат огромен број луѓе што умреле низ историјата, а особено оние што живееле во „времињата на незнаењето“ (Дела 17:30). Овие лица, поради местото или времето во кое биле родени, немале можност да научат да ѝ бидат послушни на Јеховината волја. Освен тоа, меѓу нив ќе има и такви што ја чуле пораката за спасение, но тогаш не ја прифатиле во целост или умреле пред да му го ветат својот живот на Јехова и да се крстат. Откако ќе воскреснат, таквите ќе мораат и понатаму да прават промени во своето размислување и начин на живот ако сакаат да ја искористат можноста да живеат вечно.

Свитокот на животот

11. а) Што е „свитокот на животот“, и чии имиња се запишани таму? б) Зошто свитокот на животот ќе биде отворен во текот на илјадагодишното владеење?

11 Јован го спомнува „свитокот на животот“. Ова е список на оние што ќе добијат вечен живот од Јехова. Во овој свиток се запишани имињата на помазаните браќа на Исус, на големото мноштво, како и на верните лица од минатото како, на пример, Мојсеј (2. Мојсеева 32:32, 33; Даниел 12:1; Откровение 3:5). Но, досега таму не стои запишано името на ниту еден од „неправедните“ воскреснати. Затоа свитокот на животот ќе биде отворен во текот на илјадагодишното владеење за да бидат запишани и имињата на другите што ги исполнуваат условите за тоа. Оние чии имиња нема да бидат запишани во свитокот, односно книгата на животот, ќе бидат ‚фрлени во огненото езеро‘ (Откровение 20:15; спореди Евреите 3:19).

12. Што ќе биде пресудно за нечие име да биде запишано во отворениот свиток на животот, и како Судијата кој е поставен од Јехова дал пример за ова?

12 Тогаш, што ќе биде пресудно за нечие име да биде запишано во свитокот на животот во тоа време? Клучен фактор ќе биде истиот оној од времето на Адам и Ева: послушноста кон Јехова. Апостол Јован им го напишал следново на саканите сохристијани: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:4-7, 17). Судијата, кој е поставен од Јехова, оставил пример за вистинска послушност: „Иако [Исус] беше Син Божји, се научи на послушност од она што го претрпе. Кога беше направен совршен, стана носител на вечното спасение на сите оние што му се послушни“ (Евреите 5:8, 9).

Се отвораат други свитоци

13. Како мораат воскреснатите да покажат дека се послушни, и кон кои начела мора да се придржуваат?

13 Како мораат овие воскреснати да покажат дека се послушни? Самиот Исус ги посочил двете главни заповеди, велејќи: „Првата е: ‚Чуј, Израеле, Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова, и сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила‘. Втората е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Марко 12:29-31). Освен тоа, тие мора да им бидат послушни и на непроменливите начела што ги дал Јехова, на пример, да не крадат, да не лажат, да не убиваат и да бидат морално чисти (1. Тимотеј 1:8-11; Откровение 21:8).

14. Кои други свитоци се отворени, и што содржат тие?

14 Но, Јован штотуку спомна и други свитоци што ќе бидат отворени во текот на илјадагодишното Царство (Откровение 20:12). Што ќе содржат тие? Понекогаш Јехова давал посебни упатства за некои конкретни ситуации. На пример, во времето на Мојсеј им дал низа детални закони на Израелците. Послушноста на овие закони за нив значела живот (5. Мојсеева 4:40; 32:45-47). Во првиот век биле дадени нови упатства за да им се помогне на верните слуги на Јехова да се држат за неговите начела во христијанското собрание (Матеј 28:19, 20; Јован 13:34; 15:9, 10). Сега Јован кажува дека мртвите ‚ќе бидат судени според нивните дела на темел на она што е запишано во свитоците‘. Значи, по сѐ изгледа дека со отворањето на овие свитоци детално ќе биде објавено што ќе бара Јехова од луѓето во текот на тие илјада години. Ако живеат според уредбите и заповедите напишани во тие свитоци, послушните луѓе ќе си го продолжат животот, кој на крајот може да трае и вечно.

15. Каква образовна програма ќе треба да се спроведе откако ќе започне воскресението, и како најверојатно ќе се одвива таа?

15 На целата Земја ќе треба да се спроведе една навистина огромна теократска образовна програма! Во 2005 година, Јеховините сведоци во целиот свет водеа во просек 6.061.534 библиски студии на разни места. Но, откако ќе започне воскресението, без сомнение ќе бидат поучувани безброј милиони луѓе на темел на Библијата и на новите свитоци! Сите Божји слуги ќе треба да даваат сѐ од себе за да ги поучат другите. Се разбира, како што ќе напредуваат, и воскреснатите ќе се вклучат во оваа огромна програма на поучување. Најверојатно воскресението ќе се одвива по таков редослед што живите со радост ќе ги пречекаат и ќе ги поучат поранешните членови на своите семејства и познајниците кои, пак, ќе пречекаат и ќе поучуваат други. (Спореди 1. Коринќаните 15:19-28, 58.) Јеховините сведоци, кои денес бројат повеќе од шест милиони, активно ја шират вистината и со тоа поставуваат добар темел за задачите кои се надеваат да ги добијат откако ќе започне воскресението (Исаија 50:4; 54:13).

16. а) Чии имиња нема да бидат запишани во свитокот, односно книгата на животот? б) Чие воскресение ќе се покаже како „воскресение за живот“?

16 Во врска со воскресението на Земјата, Исус рекол дека „оние што правеле добро, [ќе излезат] за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“. Овде зборовите „живот“ и „осуда“ се ставени еден спроти друг, што покажува дека оние воскреснати што „правеле зло“ дури и откако биле поучени од вдахновеното Свето писмо и од свитоците, ќе бидат осудени како недостојни за живот. Нивните имиња нема да бидат запишани во свитокот, односно книгата на животот (Јован 5:29). Истото ова ќе се случи и со оние што претходно биле верни но, од некоја причина, ќе отпаднат во текот на илјадагодишното Царство. Имињата можат да бидат избришани (2. Мојсеева 32:32, 33). Од друга страна, имињата на оние што послушно се држат за она што стои во свитоците ќе останат во писмениот запис, или свиток на животот, и тие ќе продолжат да живеат. За нив воскресението ќе се покаже како „воскресение за живот“.

Крај на смртта и гробот

17. а) Каков прекрасен настан опишува Јован? б) Кога ќе биде испразнет гробот? в) Кога адамската смрт ќе биде ‚фрлена во огненото езеро‘?

17 Сега Јован опишува нешто навистина прекрасно! „А смртта и гробот беа фрлени во огненото езеро. Тоа огнено езеро ја претставува втората смрт. И секој што не се најде запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро“ (Откровение 20:14, 15). До крајот на илјадагодишниот суден ден, „смртта и гробот“ ќе бидат потполно отстранети. Зошто дури тогаш, откако ќе поминат илјада години? Гробот, во кој одат сите луѓе, ќе биде испразнет кога ќе биде воскреснато и последното лице што е во Божјето сеќавање. Но, сѐ додека луѓето се подложни на наследниот грев, адамската смрт сѐ уште не е отстранета. Сите што ќе бидат воскреснати на Земјата, како и големото мноштво кое ќе го преживее Армагедон, ќе треба послушно да се држи за упатствата од свитоците додека во потполност не биде применета вредноста на Исусовата откупнина, со што ќе бидат целосно отстранети болестите, староста и другите наследни слабости. Дури тогаш адамската смрт и гробот ќе бидат ‚фрлени во огненото езеро‘. Ќе исчезнат засекогаш!

18. а) Како апостол Павле го опишал успехот на Исусовото владеење како Цар? б) Што ќе направи Исус со совршеното човечко семејство? в) Што друго ќе се случи на крајот на илјадата години?

18 На тој начин ќе се исполни во потполност програмата што апостол Павле ја опишал во своето писмо до Коринќаните: „Зашто, [Исус] треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе. А како последен непријател ќе биде уништена смртта [од Адам]“. Што ќе се случи потоа? „Кога ќе му биде подложено сѐ, тогаш и самиот Син ќе му се подложи на оној што му подложил сѐ, за Бог да им биде сѐ на сите“. Со други зборови, Исус „ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко“ (1. Коринќаните 15:24-28). Да, Исус, кој ја победил адамската смрт благодарение на својата откупна жртва, ќе му предаде едно совршено човечко семејство на својот Татко, Јехова. Очигледно во тој момент, на крајот на илјадата години, Сатана ќе биде ослободен и за последен пат ќе го испита човештвото за да се види чии имиња ќе останат трајно запишани во свитокот на животот. ‚Силно напрегај се‘ за да може и твоето име да биде таму! (Лука 13:24; Откровение 20:5).

[Фуснота]

^ Меѓу оние што ќе бидат воскреснати од морето не спаѓаат расипаните жители на Земјата кои биле уништени во Потопот од времето на Ное. Тоа уништување било конечно, исто како што ќе биде конечно извршувањето на Јеховината осуда во големата неволја (Матеј 25:41, 46; 2. Петрово 3:5-7).

[Прашања]

[Слика на страница 298]

Во свитокот на животот ќе бидат запишани и имињата на воскреснатите ‚неправедници‘ што ќе бидат послушни на упатствата во свитоците отворени во илјадагодишното Царство