Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Држи се цврсто за Исусовото име

Држи се цврсто за Исусовото име

Поглавје 9

Држи се цврсто за Исусовото име

ПЕРГАМ

1. Кое собрание ја добило следната порака од Исус, и во каков град живееле тие христијани?

 АКО патуваме 80 километри на север по крајбрежниот пат што води од Смирна, а потоа свртиме и патуваме околу 25 километри кон внатрешноста по долината на реката Каикус, ќе стигнеме до Пергам, денешна Бергама. Овој град бил познат по својот храм на Зевс, или Јупитер. Во 19-тиот век, археолозите го зеле жртвеникот од тој храм и го пренеле во Германија, каде што сѐ уште може да се види во музејот Пергамон во Берлин, заедно со многу други кипови и релјефи на пагански богови. Каква порака има Господарот Исус за собранието кое се наоѓа во овој идолопоклонички град?

2. Што рекол Исус за себе, и што значи тоа што има „остар меч со две сечила“?

2 Најпрво, Исус кажува кој ја праќа пораката: „На ангелот на собранието во Пергам напиши му: Ова го вели оној што има остар меч со две сечила“ (Откровение 2:12). Овде Исус го повторува истиот опис што за него е даден во Откровение 1:16. Како Судија и Погубител, тој ќе ги сотре оние што ги прогонуваат неговите ученици. Колку утешно! Но, што се однесува до судот, и оние внатре во самото собрание се предупредени дека Јехова, кој дејствува преку својот ‚гласник на сојузот‘, Исус Христос, ‚ќе биде брз сведок‘ против сите што се изјаснуваат како христијани а се идолопоклоници, неморални, лажливци, нечесни и немаат жал за сиромашните (Малахија 3:1, 5; Евреите 13:1-3). Тие мора да ги послушаат советите и укорот што Бог им ги дава преку Исус!

3. Какво неисправно обожавање било раширено во Пергам, и зошто може да се рече дека таму бил „престолот на Сатана“?

3 Исус сега му вели на собранието: „Знам каде живееш — таму каде што е престолот на Сатана“ (Откровение 2:13а). Навистина, тие христијани биле опкружени со сатанско обожавање. Освен храмот на Зевс, таму се наоѓало и светилиштето на Ескулап, богот на исцелувањето. Пергам бил познат и како центар на култното обожавање на императорот. Хебрејскиот збор што е преведен со „Сатана“ значи „Противник“, а неговиот „престол“ ја претставува неговата власт над светот, која Бог му допуштил да ја има одредено време (Јов 1:6, фуснота). Раширеното идолопоклонство во Пергам е показател дека „престолот на Сатана“ бил цврсто утврден во тој град. Колку гневен мора да бил Сатана што тамошните христијани не сакале да го обожаваат императорот и со тоа одбиле да му се поклонат нему!

4. а) Каква пофалба им упатил Исус на христијаните во Пергам? б) Што му пишал римскиот пратеник Плиниј на императорот Трајан за начинот на кој се справувал со христијаните? в) И покрај опасноста, како постапувале христијаните во Пергам?

4 Да, „престолот на Сатана“ е токму во Пергам. „А сепак“, продолжува Исус, „цврсто се држиш за моето име, и не се одрече од својата вера во мене дури ни во деновите на Антипа, мојот верен сведок, кој беше убиен во вашиот град, каде што живее Сатана“ (Откровение 2:13б). Каква охрабрувачка пофалба! Без сомнение, Антипа бил мачен и убиен затоа што одбил да учествува во демонистичките обичаи и одбил да го обожава римскиот император. Кратко време откако Јован го добил ова пророштво, Плиниј Помладиот, личен пратеник на римскиот император Трајан, му пишал на овој цезар и му објаснил како се справува со лицата што биле обвинети дека се христијани — постапка што ја одобрил самиот император. Оние што одрекувале дека се христијани биле пуштани, како што рекол Плиниј, дури откако ‚ќе повтореле по него молитва до боговите, ќе принеле темјан и вино на кипот [на Трајан]... и откако ќе го проколнеле Христос‘. Сите што биле откриени дека се христијани биле погубени. Иако се соочиле со таква опасност, христијаните во Пергам не се одрекле од својата вера. Тие ‚цврсто се држеле за Исусовото име‘, и понатаму оддавајќи му чест на Исус поради неговата висока положба на Јеховин Одмаздник и поставен Судија. Верно ги следеле Исусовите стапки сведочејќи за Царството.

5. а) Кој современ облик на култното обожавање на императорот ги ставил христијаните на тешки искушенија во нашево време? б) Каква помош им дала Стражарска кула на христијаните?

5 Исус кажал во разни ситуации дека Сатана владее со постојниот зол свет. Сепак, Исус му останал верен на Јехова, и затоа Сатана немал власт над него (Матеј 4:8-11; Јован 14:30). Во нашево време, моќни народи — како „царот на северот“ и „царот на југот“ — се бореа за превласт во светот (Даниел 11:40). Се распали и патриотскиот жар кај луѓето, а бранот на национализам што ја преплави Земјата е многу сличен на култното обожавање на императорот од старо време. За да им се даде исправно водство на оние христијани што сакаа да одат во името на Јехова и да го победат светот, како што храбро го победил и Исус, во Стражарска кула од 1 ноември 1939 година и од 1 ноември 1979 година (англиски изданија), како и од 1 јануари 1987 година, излегоа статии за неутралноста во кои беше изнесено јасното библиско гледиште за ова прашање (Михеј 4:1, 3, 5; Јован 16:33; 17:4, 6, 26; 18:36, 37; Дела 5:29).

6. Слично на Антипа, како зазеле цврст став Јеховините сведоци во нашево време?

6 Христијаните имаа итна потреба од овие совети. Соочени со еден таков патриотски занес, Јеховините сведоци — и помазаниците и нивните придружници — мораа да останат цврсти во верата. Во Соединетите Американски Држави, стотици деца и учители беа истерани од училиштата затоа што не го поздравуваа државното знаме. Во Германија, пак, Сведоците беа жестоко прогонувани затоа што одбиваа да го поздрават кукастиот крст. Како што веќе беше спомнато, нацистите на Хитлер убија неколку илјади верни Јеховини слуги затоа што Сведоците одбија да учествуваат во таквото националистичко идолопоклонство. Во 1930-тите, кога во Јапонија цветаше шинтоистичкото обожавање на царот, двајца пионери на Јеховините сведоци посеаја многу семе на Царството на Тајван, кој тогаш беше под јапонска окупација. Воените власти ги фрлија в затвор, каде што едниот од нив им подлегна на повредите од суровото постапување. Другиот подоцна го пуштија, но сепак беше застрелан в грб — вистински современ Антипа. До ден-денес има земји каде што обожавањето на државните симболи е задолжително и каде што државата бара безусловна послушност. Мнозина млади Сведоци беа затворени, а голем број беа и погубени, затоа што, како христијани, храбро го задржаа својот неутрален став. Ако си и ти млада личност која се соочува со ваков проблем, проучувај ја Божјата реч секој ден. Така ќе ја градиш верата што ти е потребна за ‚да си го спасиш животот‘ и да можеш да живееш вечно (Евреите 10:39 — 11:1; Матеј 10:28-31).

7. Како некои деца во Индија се соочиле со националистичко обожавање, и каков бил резултатот?

7 Децата на училиште се соочуваа со слични проблеми. Во 1985 година, во индиската држава Керала, три деца на Јеховини сведоци одбија да ја пеат државната химна и со тоа да ја компромитираат својата вера, која се темели на Библијата. Иако стоеја со почит додека другите пееја, сепак беа истерани од училиштето. Поради оваа постапка, таткото на децата поднесе жалба до Врховниот суд на Индија. Двајцата судии донесоа пресуда во корист на децата, храбро изјавувајќи: „Нашата традиција нѐ учи да бидеме толерантни; нашата филозофија нѐ учи да бидеме толерантни; нашиот устав спроведува толеранција — да не ги уриваме овие вредности“. Во врска со овој случај беа објавени многу поволни статии во весниците и, на тој начин, луѓето во цела Индија — каде што тогаш живееше речиси една петтина од светското население — дознаа дека во нивната земја има христијани кои го обожаваат вистинскиот Бог, Јехова, и лојално се држат за библиските начела.

Штетни влијанија

8. Каков укор морал да им даде Исус на христијаните во Пергам?

8 Да, христијаните во Пергам му останале верни на Бог. „Сепак,“ вели Исус, „имам нешто против тебе. Зошто заслужуваат прекор? Исус ни кажува: „Таму имаш некои што се држат за учењето на Валаам, кој го поучи Валак да ги намами на грев Израеловите синови — да го јадат она што е жртвувано на идоли и да вршат блуд“ (Откровение 2:14).

9. Кој бил Валаам, и како неговиот совет ‚ги намамил на грев Израеловите синови‘?

9 Во времето на Мојсеј, моавскиот цар Валак го најмил Валаам — еден неизраелски пророк кој знаел нешто за Јехова — да го проколне Израел. Јехова му се спротивставил на Валаам и го присилил да ги благослови Израелците, а да ги проколне нивните непријатели. Поради ова Валак многу се разгневил. Но, Валаам го смирил со тоа што му предложил еден поподмолен чекор: да ги испрати Моавките да ги заведат Израелците, и така да ги наведат на тежок неморал и на идолопоклоничко обожавање на лажниот бог Ваал фегорски! Оваа тактика успеала. Јехова со право пламнал од гнев и пуштил помор во кој загинале 24.000 од тие Израелци што блудствувале. Поморот запрел дури откако свештеникот Финес постапил исправно и ја отстранил расипаноста од Израел (4. Мојсеева 24:10, 11; 25:1-3, 6-9; 31:16).

10. Што се вовлекло во собранието во Пергам, и зошто овие христијани можеби си мислеле дека Бог ќе им прогледа низ прсти за нивните гревови?

10 Дали во времето на Јован христијаните биле намамени на грев? Да! Во собранието навлегле неморал и идолопоклонство. Овие христијани не ги послушале предупредувањата што Бог им ги дал преку апостол Павле (1. Коринќаните 10:6-11). Можеби си мислеле дека, затоа што издржале прогонство, Јехова ќе им прогледа низ прсти за нивниот неморал. Но, Исус јасно им става до знаење дека нема да толерира таква расипаност.

11. а) Од што треба да се чуваат христијаните, и што не треба да помислат? б) Колкумина биле исклучени од христијанското собрание низ годините, и главно од која причина?

11 Исто како тогаш, и денес христијаните мора да се чуваат ‚да не ја претворат незаслужената доброта на нашиот Бог во изговор за бесрамни дела‘ (Јуда 4). Ние мораме да го мразиме злото и да ‚ги тепаме своите тела‘ за да живееме доблесно како христијани (1. Коринќаните 9:27; Псалм 97:10; Римјаните 8:6). Никогаш не смееме да помислиме дека тоа што сме ревносни во Божјата служба и верно истрајуваме под прогонства ни дава право да живееме неморално. Низ годините, бројот на оние што беа исклучени од меѓународното христијанско собрание, главно поради неморал, достигна десетици илјади. Во некои години беа исклучени дури и повеќе лица од оние што загинале во древниот Израел поради обожавањето на Ваал фегорски. Добро да се чуваме никогаш да не се најдеме меѓу таквите! (Римјаните 11:20; 1. Коринќаните 10:12).

12. Кои начела што важеле за Божјите слуги во минатото важат и за христијаните денес?

12 Исус ги укорува христијаните во Пергам и затоа што ‚го јаделе она што е жртвувано на идоли‘. Што сакал да каже со ова? Во согласност со Павловите зборови до Коринќаните, можеби некои од собранието во Пергам ја злоупотребувале својата слобода како христијани и намерно ја повредувале совеста на другите. Но, поверојатно е дека тие на некој начин учествувале во самите идолопоклонички обреди (1. Коринќаните 8:4-13; 10:25-30). Верните христијани денес мора да покажуваат несебична љубов кога ја користат својата христијанска слобода, и мора да внимаваат да не ги спрепнат другите. Се разбира, мора да се чуваат и од современите облици на идолопоклонство, како што е идолизирањето на личности од телевизијата, филмот и спортот. И во никој случај не смеат да дозволат да им станат бог парите или, пак, желбите на сопственото тело! (Матеј 6:24; Филипјаните 1:9, 10; 3:17-19).

Чувајте се од секташтво!

13. Кој натамошен укор им го дал Исус на христијаните во Пергам, и зошто на собранието му бил потребен овој укор?

13 Понатаму, Исус им го дава следниов укор на христијаните во Пергам: „А ги имаш и оние што на ист начин се држат за учењето на Николовата секта“ (Откровение 2:15). Во пораката што им ја упати на Ефешаните, Исус ги пофали затоа што ги мразат делата на Николовата секта. Но, на христијаните во Пергам мора да им даде совет да им стават крај на поделбите во собранието. Тие треба уште порешително да се држат за христијанските мерила за да можат да го зачуваат единството за кое се молел Исус во Јован 17:20-23. Неопходно е и ‚да опоменуваат, служејќи се со здравото учење, и да ги укоруваат оние што му противречат на тоа учење‘ (Тит 1:9).

14. а) Со кого морало да се бори христијанското собрание уште од својот зачеток, и како апостол Павле ги опишал тие противници? б) Кои Исусови зборови треба да ги послушаат сите оние кои се на пат да следат некоја група што се отцепила?

14 Уште од својот зачеток, христијанското собрание морало да се бори со горделивите отпадници, кои со ласкави и измамливи зборови ‚создавале поделби и ги наведувале другите да се спрепнуваат во верата, спротивно на учењето‘ кое го давал Јехова преку своите посредници (Римјаните 16:17, 18). Апостол Павле предупредил на оваа опасност во скоро сите свои посланија. * Во наше време, иако Исус ја има обновено првобитната чистота и единство на христијанското собрание, сѐ уште постои опасност од поделби. Затоа, сите кои можеби се на пат да следат некоја група што се отцепила, односно секта, треба да ги послушаат следниве зборови на Исус: „Затоа, покај се! Ако не се покаеш, брзо ќе дојдам кај тебе и ќе војувам со нив со мечот на мојата уста“ (Откровение 2:16).

15. Како се појавуваат сектите?

15 Како се појавуваат сектите? Можеби некој самонаречен учител ќе посее сомнежи со тоа што ќе оспорува некоја библиска вистина (на пример, дека живееме во последните денови), и со себе ќе поведе една мала група која ќе се одвои од собранието (2. Тимотеј 3:1; 2. Петрово 3:3, 4). Некој може да почне да го критикува начинот на кој Јехова го врши своето дело и да ги поттикнува другите да се штедат себеси, тврдејќи дека не е ниту библиски ниту неопходно да се пренесува пораката за Царството од куќа до куќа. Иако учеството во оваа служба по примерот на Исус и апостолите би им помогнало на ваквите лица да останат понизни, тие избираат да се отцепат и да не се трошат премногу, така што можеби само ја читаат Библијата одвреме-навреме како група (Матеј 10:7, 11-13; Дела 5:42; 20:20, 21). Таквите си развиваат сопствени идеи за Спомен-свеченоста со која се одбележува Исусовата смрт, за библиската заповед да се воздржуваме од крв, за славењето празници и за пушењето. Згора на тоа, тие го омаловажуваат Јеховиното име и, многу брзо, повторно се враќаат на попустливото однесување и на обичаите на Големиот Вавилон. Уште полошо е што некои, наведени од Сатана, ‚почнуваат да ги тепаат другите робови‘ — истите оние што едно време им биле браќа (Матеј 24:49; Дела 15:29; Откровение 17:5).

16. а) Зошто треба брзо да се покаат оние кои се колебаат бидејќи дошле под влијание на отпадници? б) Што ќе се случи со оние што одбиваат да се покаат?

16 Сите што почнале да се колебаат затоа што на некој начин дошле под влијание на отпадници, мора веднаш да го послушаат Исусовиот повик да се покаат! Отпадничката пропаганда мора да се отфрли како отров — зашто таа и не е ништо друго освен отров! Темелот за оваа пропаганда се зависта и омразата — вистинска спротивност на праведните, чисти и прекрасни вистини со кои Исус го храни своето собрание (Лука 12:42; Филипјаните 1:15, 16; 4:8, 9). Со оние што одбиваат да се покаат Господарот Исус навистина ‚војува со мечот на својата уста‘. Тој го просејува својот народ за да го зачува единството за кое се молел во текот на последната вечер која ја поминал со своите ученици на Земјата (Јован 17:20-23, 26). Бидејќи отпадниците одбиваат да ги прифатат советите и помошта што со љубов им ја нудат ѕвездите во неговата десна рака, Исус им пресудува и ги казнува „најстрого“, исфрлајќи ги „надвор во темнината“. Тие се исклучени, и така повеќе не дејствуваат како квасец меѓу Божјиот народ (Матеј 24:48-51; 25:30; 1. Коринќаните 5:6, 9, 13; Откровение 1:16).

,Скриена мана и бело камче‘

17. Кои награди ги очекуваат помазаните христијани кои ќе ‚победат‘, и со што морале да расчистат христијаните во Пергам?

17 Сите оние што ќе го послушаат советот кој Исус го дава под водство на Јеховиниот свет дух ги очекува голема награда. Слушај! „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата: На оној што ќе победи, ќе му дадам од скриената мана, и ќе му дадам бело камче, и на камчето напишано ново име, кое не го знае никој друг освен оној што го прима“ (Откровение 2:17). Значи, и христијаните во Пергам, исто како и оние во Смирна, се поттикнати да ‚победат‘. Ако оние во Пергам, каде што е престолот на Сатана, сакаат да успеат, не смеат да бидат идолопоклоници. Тие мора да расчистат со неморалот, со секташтвото и со отпадништвото, кои се поврзани со Валак, Валаам и Николовата секта. Ако направат така, овие помазани христијани ќе бидат поканети да јадат од „скриената мана“? Што значи ова?

18, 19. а) Што била маната која Јехова им ја дал на Израелците? б) Која мана била скриена? в) Што значи да се јаде од скриената мана?

18 Во времето на Мојсеј, Јехова обезбедил мана за да ги храни Израелците додека патувале низ пустината. Таа мана не била скриена. Секое утро — освен во сабота — со чудо се појавувала и ја покривала земјата како снегулки. Бог им ја давал на Израелците за да можат да останат живи. За да се сеќаваат на ова, Јехова му заповедал на Мојсеј да стави дел од тој „леб“ во златен сад и да го чува во светиот ковчег на сојузот „од поколение до поколение [во Израел]“ (2. Мојсеева 16:14, 15, 23, 26, 33; Евреите 9:3, 4).

19 Колку соодветен симбол! Оваа мана била скриена во Светињата над светињите во светиот шатор, каде што чудотворната светлина која лебдела над поклопецот на ковчегот ја симболизирала самата Јеховина присутност (2. Мојсеева 26:34). Никому не му било дозволено да влезе во тоа место за да јаде од скриената мана. Но, Исус рекол дека неговите помазани следбеници што ќе победат ќе јадат од „скриената мана“. Исто како и Христос пред нив, и тие ќе можат да влезат, не „во свето место направено со раце, кое е претслика на она вистинското, туку во самото небо“ (Евреите 9:12, 24). При воскресението, тие стануваат нераспадливи и бесмртни — чудо што ќе го направи Јехова, кое е симболизирано со тоа што им е дозволено да јадат од непропадливата ‚скриена мана‘. Каква неверојатна чест за таа мала група победници! (1. Коринќаните 15:53-57).

20, 21. а) Што значи тоа што им се дава бело камче на помазаните христијани? б) Бидејќи има само 144.000 бели камчиња, на што се надева големото мноштво?

20 Освен тоа, тие добиваат и „бело камче“. Камчињата биле користени во римските судови кога се изрекувала пресуда. Белото камче значело слобода, а црното значело осуда — честопати осуда на смрт. Тоа што Исус им дава „бело камче“ на христијаните во Пергам значи дека ги смета за невини и чисти. Но, овие зборови на Исус можат да значат и нешто друго. Во времето на Римјаните, камчињата исто така се користеле како влезници за важни настани. Затоа белото камче може да укажува на нешто многу посебно за помазаниот христијанин што победува — почесно место на небото на свадбата на Јагнето. Сѐ на сѐ, има само 144.000 такви камчиња (Откровение 14:1; 19:7-9).

21 Дали ова значи дека ти си заборавен ако си еден од големото мноштво придружници? Во никој случај! Иако нема да примиш бело камче за да добиеш пристап на небото, ти можеш, доколку истраеш, да ја преживееш големата неволја и да учествуваш во радосното обновување на Рајот на Земјата. Во ова ќе ти се придружат воскреснатите верни лица од претхристијанските времиња, како и оние од другите овци што умреле во последно време. На крајот, сите други откупени мртви ќе воскреснат за живот на рајската Земја (Псалм 45:16; Јован 10:16; Откровение 7:9, 14).

22, 23. Што значи името напишано на камчето што го добиваат помазаните христијани, и како треба да нѐ охрабри ова?

22 Кое ново име е напишано на камчето? Па, името обично служи за да се препознае едно лице и да се разликува од другите. Овие помазани христијани го добиваат камчето откако верно ќе умрат како победници на Земјата. Тогаш, јасно е дека името на камчето ја означува честа што ја имаат да бидат обединети со Исус на небото. Само оние што ќе го наследат небесното Царство ја имаат и длабоко ја ценат таа чест да царуваат заедно со Исус како негови многу блиски соработници. Затоа, ова име, односно именување за посебна служба, „не го знае никој друг освен оној што го прима“. (Спореди Откровение 3:12.)

23 За сите што спаѓаат во класата на Јован ова е навистина голем поттик да ‚чујат што им вели духот на собранијата‘ и да го применат она што го слушаат! А нивните придружници од големото мноштво се охрабрени да служат верно со нив, додека се тие сѐ уште на Земјата, и заедно да го објавуваат Јеховиното Царство!

[Фуснота]

[Прашања]

[Слики на страница 43]

Овие статуи и релјефи, кои сега се изложени во музејот Пергамон во Берлин, се доказ за раширеното паганско обожавање

[Слика на страница 45]

Во ковчегот на сојузот имало скриено малку мана. Тоа што добиваат дел од симболичната скриена мана значи дека помазаниците што ќе победат ќе добијат бесмртност

[Слика на страница 45]

Бело камче за оние што ќе присуствуваат на свадбата на Јагнето