Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Држи се цврсто за она што го имаш“

„Држи се цврсто за она што го имаш“

Поглавје 12

„Држи се цврсто за она што го имаш“

ФИЛАДЕЛФИЈА

1. До кое собрание ја упатил Исус својата шеста порака, и што значи името на тој град?

 БРАТСКА ЉУБОВ — тоа е навистина нешто прекрасно! Без сомнение, Исус ја има таа љубов на ум кога му ја упатува својата следна порака на собранието во Филаделфија, затоа што самото име на градот значи „братска љубов“. Остарениот Јован сѐ уште се сеќава кога, пред повеќе од 60 години, Петар трипати му одговорил на Исус дека многу го сака како свој Господар (Јован 21:15-17). Дали и христијаните во Филаделфија покажуваат ваква братска љубов? Очигледно да!

2. Каков град била Филаделфија, какво собрание имало таму, и што му рекол Исус на ангелот на ова собрание?

2 Сместена на 50-тина километри југоисточно од Сард (каде што денес се наоѓа турскиот град Алашехир), Филаделфија од времето на Јован е релативно напреден град. Но, уште позначаен е напредокот на христијаните во тамошното собрание. Тие сигурно го примиле со голема радост соверникот што допатувал кај нив, најверојатно по патот што водел од Сард! Пораката што им ја донел тој содржи охрабрувачки совети за нив. Но најпрво, во уводните зборови, се укажува на овластувањето што го има славната личност која им ја испраќа. Исус вели: „На ангелот на собранието во Филаделфија напиши му: Ова го вели оној што е свет и вистинит, кој го има Давидовиот клуч, и кога ќе отвори, никој не може да затвори, а кога ќе затвори, никој не може да отвори“ (Откровение 3:7).

3. Зошто е на место да се каже за Исус дека е „свет“, и во која смисла тој е „вистинит“?

3 Кога Исус Христос бил на Земјата, Јован слушнал како Петар му рекол: „Ти ги имаш зборовите на вечниот живот! Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец“ (Јован 6:68, 69). Бидејќи Јехова Бог е апсолутно свет, и неговиот единороден Син мора исто така да биде свет (Откровение 4:8). Освен тоа, Исус е и „вистинит“. Токму тоа значи и грчкиот збор (алитино́с) што се користи овде. Исус е вистинската светлина и вистинскиот леб што слегол од небото (Јован 1:9; 6:32). Тој е вистинската лоза (Јован 15:1). Исус е вистинит и во таа смисла што е достоен за доверба затоа што секогаш ја кажува вистината. (Види Јован 8:14, 17, 26.) Овој Божји Син навистина заслужува да биде Цар и Судија (Откровение 19:11, 16).

„Давидовиот клуч“

4, 5. Со кој сојуз бил поврзан „Давидовиот клуч“?

4 Исус го има „Давидовиот клуч“ и го користи така, што „кога ќе отвори, никој не може да затвори, а кога ќе затвори, никој не може да отвори“. Што е „Давидовиот клуч“?

5 Израелскиот цар Давид бил оној со кого Јехова склучил сојуз за вечно царство (Псалм 89:1-4, 34-37). Давид и неговите потомци владееле на Јеховиниот престол во Ерусалим од 1070 до 607 год. пр.н.е., но бидејќи народот во царството се расипал, Јехова ја извршил својата осуда над него. Така почнало да се исполнува пророштвото што го дал Јехова во Езекиел 21:27: „Ќе ја уништам, ќе ја уништам, ќе ја уништам круната [на царевите од лозата на Давид], и таа нема да биде ничија сѐ додека не дојде оној што според законот има право на неа, и нему ќе му ја дадам“.

6, 7. Кога и како требало да се појави оној што ‚според законот имал право‘ на круната?

6 Кога и како ќе се појави оној што „според законот има право“ на царската круна? И, како ќе му биде дадена Давидовата круна?

7 По околу 600 години, една жена од лозата на цар Давид, еврејската девица Марија, забременила со помош на светиот дух. Бог го испратил ангелот Гавриел да ѝ каже дека ќе роди син, кој требало да го нарече Исус. Гавриел додал: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:31-33).

8. Како Исус докажал дека ги исполнува сите услови за да владее како цар од лозата на Давид?

8 Кога Исус се крстил на реката Јордан во 29 год. од н.е. и бил помазан со свет дух, бил назначен за иден цар од лозата на Давид. Тој покажал извонредна ревност во проповедањето на добрата вест за Царството, а им дал налог и на своите ученици да проповедаат (Матеј 4:23; 10:7, 11). Исус се понизил дури до смрт на маченички столб, и на тој начин докажал дека ги исполнува сите услови за да владее како цар од лозата на Давид. Јехова го воскреснал како бесмртен дух и го возвишил од својата десна страна на небесата. Таму Исус ги наследил сите права што му припаѓале како на цар од Давидовата лоза. Во одреденото време, тој ќе постапи во склад со своето право да ‚оди меѓу своите непријатели и да ги покори‘ (Псалм 110:1, 2; Филипјаните 2:8, 9; Евреите 10:13, 14).

9. Во која смисла Исус го користи Давидовиот клуч да отвора и да затвора?

9 Во меѓувреме, Исус требало да го користи Давидовиот клуч за да отвора можности и да дава задачи во поврзаност со Божјето Царство. Преку него, Јехова требало да ги избави помазаните христијани на Земјата „од власта на темнината“ и да ги пренесе „во царството на својот сакан Син“ (Колошаните 1:13, 14). Освен тоа, Исус го користел клучот и да им ги одземе таквите одговорности на оние што биле неверни (2. Тимотеј 2:12, 13). Бидејќи Јехова е тој што го поддржува овој вечен наследник и цар од лозата на Давид, никој жив не може да го спречи да ги исполни овие одговорности. (Спореди Матеј 28:18-20.)

10. Каков поттик му дал Исус на собранието во Филаделфија?

10 Овие зборови кои доаѓаат од Исус, личност што има таква власт, сигурно многу ги утешиле христијаните во Филаделфија! Тој ги пофалува велејќи: „Ги знам твоите дела. (Еве, ја отворив пред тебе вратата која никој не може да ја затвори.) Знам дека имаш малку сила, но сепак ја држеше мојата реч и не се одрече од моето име“ (Откровение 3:8). Собранието било активно, и пред него била отворена една врата, односно можност за уште поголема служба за Бог. (Спореди 1. Коринќаните 16:9; 2. Коринќаните 2:12.) Затоа, Исус ги поттикнува христијаните во Филаделфија да ја искористат во потполност таа можност да проповедаат. Тие истрајале и покажале дека имаат доволно сила, со помошта на Божјиот дух, да прават уште повеќе дела во Јеховината служба (2. Коринќаните 12:10; Захарија 4:6). Ги послушале заповедите од Исус и не се одрекле од него, ниту со зборови ниту на дело.

„Ќе ти се клањаат“

11. Каков благослов им ветил Исус на христијаните, и како им го дал?

11 Затоа, Исус им ветува дека нивниот труд ќе роди плод: „Еве, ќе ги доведам оние од синагогата на Сатана — кои велат дека се Евреи, а не се, туку лажат — еве, ќе ги принудам да дојдат и да ти се поклонат пред нозете и да сознаат дека јас те сакам“ (Откровение 3:9). Можеби, слично како во Смирна, и ова собрание имало проблеми со локалните Евреи. Исус ги нарекува овие Евреи „синагогата на Сатана“. Сепак, барем некои од нив ќе сфатат дека она што христијаните го проповедаат за Исус е вистина, и најверојатно ќе „се поклонат“. Како? Во 1. Коринќаните 14:24, 25, Павле рекол дека ќе се покаат и ќе станат христијани, полни со благодарност за огромната љубов што ја покажал Исус давајќи си го животот за своите ученици (Јован 15:12, 13).

12. Зошто членовите на еврејската синагога во Филаделфија најверојатно биле запрепастени кога дознале дека некои од нив ќе им „се клањаат“ на христијаните во нивното место?

12 Членовите на еврејската синагога во Филаделфија најверојатно ќе бидат запрепастени кога ќе дознаат дека некои од нив ќе им „се поклонат“ на христијаните во својот град. Со оглед на тоа што сигурно имало многу не-Евреи во христијанското собрание, тие би очекувале да се случи токму спротивното. Зошто? Затоа што Исаија прорекол: „[Нееврејски] цареви ќе бидат твои старатели [на израелскиот народ], а нивните кнегињи ќе ти бидат доилки. Ќе ти се клањаат со лицето доземи“ (Исаија 49:23; 45:14; 60:14). На сличен начин, Захарија бил инспириран да запише: „Во тие денови, десет луѓе [не-Евреи] од сите јазици што ги зборуваат народите ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ‚Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“ (Захарија 8:23). Да, не-Евреите требало да им се поклонат на Евреите, а не обратно!

13. На кои Евреи требало да се исполнат пророштвата што му биле кажани на древниот Израел?

13 Овие пророштва му биле упатени на Божјиот избран народ. Кога биле кажани, родените Израелци ја заземале таа почесна положба. Но, кога Евреите го отфрлиле Месијата, Јехова ги отфрлил нив (Матеј 15:3-9; 21:42, 43; Лука 12:32; Јован 1:10, 11). На Педесетница 33 год. од н.е., на нивно место го избрал вистинскиот Израел Божји — христијанското собрание. Членовите на овој Израел се духовни Евреи кои имаат вистинско обрежување на срцето (Дела 2:1-4, 41, 42; Римјаните 2:28, 29; Галатите 6:16). Според ова, поединци од родените Евреи можеле повторно да стекнат добар однос со Јехова само ако имале вера во Исус како Месија (Матеј 23:37-39). Очигледно, токму ова требало да се случи со некои лица во Филаделфија. *

14. Какво значајно исполнување имале во нашево време пророштвата запишани во Исаија 49:23 и Захарија 8:23?

14 Во нашево време, пророштвата како оние во Исаија 49:23 и Захарија 8:23 се исполнија на многу значаен начин. Како резултат на проповедањето на класата на Јован, огромен број луѓе ја искористија можноста да служат за Царството. * Повеќето од нив дојдоа од христијанскиот свет, чии религии лажно тврдат за себе дека се духовниот Израел. (Спореди Римјаните 9:6.) Тие, како едно големо мноштво, ги перат своите долги облеки и ги белат на тој начин што имаат вера во Исусовата жртвена крв (Откровение 7:9, 10, 14). Бидејќи се послушни на Христовата царска власт, се надеваат дека ќе ги наследат благословите овде на Земјата. Тие доаѓаат кај помазаните браќа на Исус и им „се клањаат“, во духовна смисла, бидејќи ‚чуле дека Бог е со нив‘. Тие им служат на овие помазаници со кои се обединети во едно меѓународно братство (Матеј 25:34-40; 1. Петрово 5:9).

„Часот на искушувањето“

15. а) Што им ветил Исус на христијаните во Филаделфија, и на што биле охрабрени тие? б) Каква „награда“ очекувале христијаните?

15 Исус продолжува: „Затоа што ти се држеше за она што го зборував во својата истрајност, и јас ќе те зачувам тебе во часот на искушувањето што ќе дојде на целиот свет, за да се искушаат оние што живеат на земјата. Доаѓам брзо. Држи се цврсто за она што го имаш, за никој да не ти ја земе наградата“ (Откровение 3:10, 11). Иако христијаните од времето на Јован немало да бидат живи во денот на Господарот (кој почна во 1914 година), нивната доверба дека Исус ќе дојде им дала сила да продолжат да проповедаат (Откровение 1:10; 2. Тимотеј 4:2). „Наградата“ — вечниот живот — ги чекала на небото (Јаков 1:12; Откровение 11:18). Ако останеле верни до смрт, никој не можел да им ја одземе таа награда (Откровение 2:10).

16, 17. а) Што е „часот на искушувањето што ќе дојде на целиот свет“? б) Во каква состојба биле помазаниците кога започнал „часот на искушувањето“?

16 Но, што е „часот на искушувањето“? Без сомнение, овие христијани во Азија морале да се соочат со уште еден бран на ужасно прогонство од страна на Римското Царство. * Но, главното исполнување се однесува на часот на просејување и суд што конечно дошол во денот на Господарот, и од 1918 година оди кон својот врв. Целта на искушувањето е да се види кој е за Божјето воспоставено Царство, а кој е за Сатановиот свет. Тоа треба да трае релативно кратко, еден ‚час‘, но сѐ уште не е завршено. Сѐ додека не заврши, не смееме да заборавиме дека живееме во „часот на искушувањето“ (Лука 21:34-36).

17 Во 1918 година, помазаните христијани од класата на Јован — исто како непоколебливото собрание во Филаделфија — мораа да се соочат со противење од современата ,синагога на Сатана‘. Верските поглавари на христијанскиот свет, кои тврдеа дека се духовни Евреи, подмолно ги наведоа владетелите да го потиснат вистинското христијанство. Но, христијаните цврсто се ‚држеа за она што Исус го зборувал во својата истрајност‘. Затоа, со „малку сила“, односно духовна помош, тие преживеаја и беа поттикнати да влезат низ вратата што сега им беше отворена. На кој начин?

,Ја отворив вратата‘

18. Кого го поставил Исус во посебна служба во 1919 година, и како овој поставен слуга е сличен на верниот настојник на Езекија?

18 Во 1919 година, Исус го исполни своето ветување и ја призна малата група од вистински помазани христијани за свој ‚верен и разборит роб‘ (Матеј 24:45-47). Овие христијани добија одговорност слична на онаа што ја имал верниот настојник Елијаким во времето на цар Езекија. * Во врска со него, Јехова рекол: „Ќе му го ставам на рамо клучот на Давидовиот дом, па кога тој ќе отвори, никој нема да затвори, а кога тој ќе затвори, никој нема да отвори“. Елијаким имал големи одговорности на дворот на Езекија, цар од лозата на Давид. Слично и денес, помазаната класа на Јован го има „клучот на Давидовиот дом“ во таа смисла што ѝ се доверени сите работи кои се поврзани со месијанското Царство на Земјата. Јехова ги зајакнува своите слуги да ја исполнат оваа одговорност, и им ја претвора малата сила во огромна енергија која е доволна за да се даде едно големо сведоштво низ целиот свет (Исаија 22:20, 22; 40:29).

19. Како класата на Јован ги исполнила одговорностите што Исус ѝ ги доверил во 1919 година, и со каков резултат?

19 Од 1919 година наваму, помазаниот остаток, по примерот на Исус, почна решително да ја проповеда добрата вест за Царството по целата Земја (Матеј 4:17; Римјаните 10:18). Како резултат на ова, некои од современата синагога на Сатана, т.е. христијанскиот свет, дојдоа кај помазаниот остаток, се покајаа и му ‚се поклонија‘ признавајќи ја овластената положба на овој ‚роб‘. И тие почнаа да му служат на Јехова заедно со постарите членови на класата на Јован. Ова продолжи вака сѐ додека не беше пополнет целиот број од 144.000 помазани браќа на Исус. Потоа, едно „големо мноштво... од сите народи“ дојде да му ‚се поклони‘ на помазаниот роб (Откровение 7:3, 4, 9). Робот и ова големо мноштво служат заедно како едно стадо од Јеховини сведоци.

20. Зошто Јеховините сведоци денес мора да бидат особено цврсти во верата и активни во Божјата служба?

20 Денес Јеховините сведоци, обединети со искрената братска љубов која цврсто ги поврзува исто како христијаните во Филаделфија, сфаќаат дека проповедничкото дело кое им е доверено мора да се изврши што побрзо. Наскоро, големата неволја ќе го најави крајот на Сатановиот злобен свет. Кога ќе дојде тоа време, да бидеме сите цврсти во верата и активни во Божјата служба за нашите имиња да не бидат избришани од Јеховината книга на животот (Откровение 7:14). Да го сфатиме сериозно поттикот што Исус му го дал на собранието во Филаделфија и да се држиме цврсто за нашата служба за да ја добиеме наградата — вечен живот.

Благослови за победниците

21. Како помазаните христијани денес ‚се држат за она што Исус го зборувал во својата истрајност‘, и што ги очекува во иднина?

21 Класата на Јован во нашево време ‚се држи за она што Исус го зборувал во својата истрајност‘, односно го следи неговиот пример и истрајува (Евреите 12:2, 3; 1. Петрово 2:21). Затоа, оние што ѝ припаѓаат на оваа група се многу охрабрени од зборовите што Исус понатаму му ги кажува на собранието во Филаделфија: „Оној што ќе победи, ќе го направам столб во храмот на мојот Бог, и тој повеќе нема да излезе оттаму“ (Откровение 3:12а).

22. а) Што е храмот на Исусовиот Бог? б) Како помазаните христијани што ќе победат ќе станат столбови во овој храм?

22 Каква огромна чест е да се биде столб во Јеховиниот храм! Во древниот Ерусалим, дословниот храм бил центар на обожавањето на Јехова. Еднаш годишно, првосвештеникот ја принесувал крвта на жртвуваните животни во храмот, и тоа пред натприродната светлина што го претставувала Јеховиното присуство во ‚Светињата над светињите‘ (Евреите 9:1-7). Кога Исус се крстил, започнал да постои еден друг, голем духовен храм за обожавање на Јехова. Светињата над светињите на овој храм е на небото, каде што Исус во одреденото време се појавил „пред Божјето лице“ (Евреите 9:24). Исус е првосвештеникот кој принесол само една жртва за целосно покривање на гревовите — крвта што самиот ја пролеал како совршен човек (Евреите 7:26, 27; 9:25-28; 10:1-5, 12-14). Сѐ додека се верни, помазаните христијани на Земјата служат како свештеници во земниот двор на овој храм (1. Петрово 2:9). Но, откако ќе станат победници, и тие влегуваат во таа небесна светиња над светињите и стануваат како цврсти носечки столбови во духовниот храм за обожавање на Јехова (Евреите 10:19; Откровение 20:6). Не постои никаква опасност некогаш ‚да излезат оттаму‘.

23. а) Кое следно ветување им го дал Исус на помазаните христијани кои ќе победат? б) Што значи тоа што на христијанските победници е запишано името на Бог и името на новиот Ерусалим?

23 Исус продолжува: „И на него ќе го напишам името на својот Бог и името на градот на својот Бог, новиот Ерусалим, кој слегува од небото од мојот Бог. И своето ново име ќе го напишам на него“ (Откровение 3:12б). Да, на овие победници е напишано името на Јехова — нивниот Бог и Богот на Исус Христос. Ова јасно покажува дека Јехова и Исус се две различни личности, а не два дела од троеден Бог, или Света Троица (Јован 14:28; 20:17). Целото творештво мора да сфати дека овие помазаници му припаѓаат на Јехова. Тие се негови сведоци. На нив е напишано и името на новиот Ерусалим, небесниот град што се спушта од небото во таа смисла што ќе владее над Земјата за доброто на сите верни луѓе (Откровение 21:9-14). На тој начин, сите христијани што се дел од овците кои ќе живеат на Земјата ќе знаат дека овие помазани победници се граѓани на Царството, небесниот Ерусалим (Псалм 87:5, 6; Матеј 25:33, 34; Филипјаните 3:20; Евреите 12:22).

24. Што претставува Исусовото ново име, и како е напишано на верните помазани христијани?

24 Освен тоа, на овие помазани победници е напишано и Исусовото ново име. Ова име се однесува на новата служба и на посебните одговорности што му ги дава Јехова на Исус (Филипјаните 2:9-11; Откровение 19:12). Никој друг не го знае неговото име во таа смисла што никој го нема неговото искуство и никому не му се доверени такви одговорности. Сепак, кога Исус го пишува своето име на своите верни браќа, тие стапуваат во многу блиско пријателство со него на небото, па дури и вршат дел од задачите што му се доверени нему (Лука 22:29, 30). Не е ништо чудно што Исус ја завршува својата порака до овие помазаници повторувајќи ги последните зборови од претходните пораки: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата!“ (Откровение 3:13).

25. Како може секој христијанин денес да го примени начелото што стои зад советот кој Исус му го дал на собранието во Филаделфија?

25 Оваа порака сигурно многу ги охрабрила верните христијани во Филаделфија! А содржи и силна поука за класата на Јован што живее сега, во денот на Господарот. Но, начелата изнесени во неа се важни за секој христијанин, сеедно дали е од помазаниците или од другите овци (Јован 10:16). Добро е секој од нас и понатаму да дава плодови на Царството како што давале и христијаните во Филаделфија. Сите ние имаме барем малку сила. Сите ние можеме да направиме нешто во Јеховината служба. Да ја искористиме оваа сила! Да бидеме подготвени да влеземе низ секоја врата што ќе ни се отвори и да прифатиме поголеми одговорности во врска со Царството. Можеме и да го молиме Јехова да ни отвори таква врата (Колошаните 4:2, 3). Ако покажуваме истрајност како што покажувал Исус и ако не се одречеме од неговото име, и ние ќе покажеме дека имаме уво кое го слуша она што Божјиот свет дух им го кажува на собранијата.

[Фусноти]

^ Во времето на Павле, Состен, настојникот на еврејската синагога во Коринт, станал христијанин (Дела 18:17; 1. Коринќаните 1:1).

^ Списанието Стражарска кула, кое го издава класата на Јован, и понатаму нагласува колку е итно да се искористи можноста и да се има што е можно поголем удел во проповедањето. На пример, види ги статиите „Сите нека ја објавуваат Јеховината слава“ и „Нивниот глас излезе по целата земја“ во Стражарска кула од 1 јануари 2004 година. А во Стражарска кула од 1 јуни 2004 година, во статијата „Благословени се оние што му оддаваат слава на Бог“, беше нагласено колку е важно да се искористи можноста да се служи полновремено. Само во еден месец во 2005 година, во оваа служба учествуваа 1.093.552 пионери.

^ Во една енциклопедија се вели: „Паганските свештеници, кои со ужас го следеле извонредниот напредок на оваа вера, подбуцнувале немири кај населението, и затоа императорите биле присилени да им обрнат внимание на христијаните. Ова го навело императорот Трајан [98-117 год. од н.е.] да донесе одредби со кои постепено требало да му се стави крај на ова ново учење, кое кај луѓето предизвикувало омраза кон боговите. Владеењето на Плиниј Помладиот, управител на Витинија [која на север се граничела со римската провинција Азија], било отежнато поради брзото ширење на христијанството, што предизвикало бес кај паганското население во оваа провинција“ (Cyclopedia на Меклинток и Стронг, том X, 519. страница).

^ Името Езекија значи „Јехова дава сила“.

[Прашања]

[Рамка на страница 63]

Им помагаат на мнозина да се поклонат

Од 144.000-те помазаници што ќе го наследат небесното Царство, очигледно е дека еден остаток — класата на Јован — кој сега се состои од помалку од 9.000 лица, сѐ уште го нема завршено својот животен пат на Земјата. Во меѓувреме, големото мноштво порасна на повеќе од 6.600.000 (Откровение 7:4, 9). Што придонесе за овој огромен пораст? Голем удел имаа школите што ги основаа Јеховините сведоци. Овие школи им помагаат на Сведоците да изградат силна вера во Божјата реч, за разлика од богословиите на христијанскиот свет, на кои се учи световна филозофија, а се омаловажува Библијата. На школите се учи како практично да се примени Библијата за да се води чист, морален живот и оддадено да му се служи на Бог. Од 1943 година, во сите собранија на Јеховините сведоци во светот, односно во Салите на Царството, се одржува Теократската школа за служба. Секоја седмица, милиони присуствуваат на оваа Школа, каде што се разработува една заедничка програма за библиско поучување.

Од 1959 година, Јеховините сведоци ја одржуваат и Школата за именувани браќа на која се обучуваат собраниските старешини и слугите помошници. А од 1977 година, во Школата за пионери беа оспособени стотици илјади браќа и сестри, кои, во ист дух како и христијаните во Филаделфија, му служат на Јехова полновремено во проповедничкото дело. Во 1987 година беше основана и Школата за организациско оспособување, која обучува браќа за да служат на различни места во светот.

Меѓу сите школи организирани од Јеховините сведоци, посебно се истакнува Мисионерската школа Гилеад. Од 1943 година, во оваа Школа за мисионери во државата Њујорк, скоро секоја година дипломираат по два класа. Досега, повеќе од 7.000 Сведоци добија обука на Гилеад за мисионерска служба во странство. Оние што ја завршија оваа Школа служат во повеќе од 100 земји, а во многу од тие земји мисионерите беа првите што го започнаа делото на Царството. По речиси 60 години, некои од првите мисионери сѐ уште служат таму каде што беа испратени, и заедно со поновите и понатаму придонесуваат за порастот во Јеховината организација насекаде во светот. Овој пораст е навистина извонреден!

[Табела на страница 64]

Во 1919 година, владејачкиот Цар, Исус, им дал можност на христијаните да служат. Сѐ поголем е бројот на оние што ја искористуваат таа можност.

Земји Христијани

во кои се што Полновремени

Година проповедаше проповедаа * проповедници *

1918 14 3.868 591

1928 32 23.988 1.883

1938 52 47.143 4.112

1948 96 230.532 8.994

1958 175 717.088 23.772

1968 200 1.155.826 63.871

1978 205 2.086.698 115.389

1988 212 3.430.926 455.561

1998 233 5.544.059 698.781

2005 235 6.390.022 843.234

[Фусноти]

^ Горенаведените бројки се месечен просек.

^ Горенаведените бројки се месечен просек.

[Табела на страница 65]

Јеховините сведоци учествуваат во проповедничкото дело со сета душа. На пример, во табелава е наведено колку часови поминале во проповедање и поучување и со колку луѓе бесплатно ја проучувале Библијата во нивните домови.

Часови поминати Библиски студии

во проповедање што се воделе

Година (вкупно годишно) (просечно секој месец)

1918 19.116 Нема писмен извештај

1928 2.866.164 Нема писмен извештај

1938 10.572.086 Нема писмен извештај

1948 49.832.205 130.281

1958 110.390.944 508.320

1968 208.666.762 977.503

1978 307.272.262 1.257.084

1988 785.521.697 3.237.160

1998 1.186.666.708 4.302.852

2005 1.278.235.504 6.061.534

[Слика на страница 59]

Римски клуч од првиот век