Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Исус доаѓа со охрабрување

Исус доаѓа со охрабрување

Поглавје 4

Исус доаѓа со охрабрување

1. Кому му пишува Јован сега, и кој треба да биде денес посебно заинтересиран за неговата порака?

 СИТЕ што се поврзани со собранијата на Божјиот народ денес треба да бидат посебно заинтересирани за она што следува понатаму. Се работи за низа пораки кои имаат особено значење додека наближува ‚времето за да се исполни‘ пророштвото (Откровение 1:3). За наше вечно добро е да ги послушаме овие објави. Читаме: „Од Јован за седумте собранија кои се во Азија: Незаслужената доброта и мирот од ‚оној кој е и кој беше и кој доаѓа‘ и од седумте духови кои се пред неговиот престол и од Исус Христос“ (Откровение 1:4, 5а).

2. а) Што означува бројот „седум“? б) За кого важат пораките до „седумте собранија“ во денот на Господарот?

2 Овде Јован им се обраќа на „седумте собранија“. Нивните имиња ни се кажани во понатамошниот дел од пророштвото. Бројот „седум“ често се јавува во книгата Откровение и означува потполност, особено кога се однесува на Божјите работи и на неговото собрание од помазаници. Во денот на Господарот, бројот на собранијата на Божјиот народ во светот порасна на скоро 100.000. Затоа, можеме да бидеме сигурни дека она што во почетокот им било кажано на „седумте собранија“ од помазаници важи и за целиот Божји народ денес (Откровение 1:10). Да, Јован има многу важна порака за сите собранија на Јеховините сведоци низ светот и за сите што се поврзани со нив.

3. а) Од кого доаѓаат „незаслужената доброта и мирот“ кои ги спомнува Јован во својот поздрав? б) Кој израз што го користи апостол Павле е сличен на поздравот на Јован?

3 ,Незаслужена доброта и мир‘ — ова се навистина многу пожелни особини, посебно кога сме свесни од кого доаѓаат! „Оној“ од кого тие извираат е лично Севишниот Господар Јехова, „Царот на вечноста“, кој живее „од век до век“ (1. Тимотеј 1:17; Псалм 90:2). Јован ги спомнува и „седумте духови“, израз што покажува колку потполно дејствува Бог со својата сила, односно свет дух, за да им даде разбирање и благослов на сите оние што обрнуваат внимание на пророштвото. Исто така, клучна е и улогата на „Исус Христос“, за кого подоцна Јован напишал: „[Тој беше] полн со незаслужена доброта и вистина“ (Јован 1:14). Всушност, во поздравот на Јован се вклучени истите работи што ги спомнува и апостол Павле при крајот на своето второ писмо до собранието во Коринт: „Незаслужената доброта на Господарот Исус Христос и Божјата љубов и заедништвото во светиот дух нека бидат со сите вас!“ (2. Коринќаните 13:14). Истото ова им го пожелуваме на сите оние што ја сакаат вистината денес! (Псалм 119:97).

,Верниот сведок‘

4. Што друго кажал Јован за Исус Христос, и зошто овој опис толку многу му одговара на Исус?

4 По Јехова, Исус е најславната личност во вселената. Ова го признава и Јован, кој за него вели дека е „,Верен сведок‘, ‚Првороден од мртвите‘ и ‚Владетел над царевите на земјата‘“ (Откровение 1:5б). Како што Месечината цврсто стои на небото, така Исус цврсто стои како најголемиот Сведок за тоа дека Јехова е вистинскиот Бог (Псалм 89:37). Откако му останал верен на Бог до смрт и се дал себеси за жртва, тој е првиот од луѓето што бил подигнат како бесмртен дух (Колошаните 1:18). Сега се наоѓа во Јеховиното присуство, и возвишен е над сите земни цареви затоа што му е дадена „сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18; Псалм 89:27; 1. Тимотеј 6:15). Во 1914 година тој бил поставен за Цар и владее додека сѐ уште постојат земните царства (Псалм 2:6-9).

5. а) Како Јован продолжил да изразува ценење за Господарот Исус Христос? б) Кому му користи тоа што Исус го подарил својот совршен човечки живот, и како помазаните христијани добиваат посебен благослов?

5 Јован продолжува да изразува ценење за Господарот Исус Христос со следниве зборови на фалба: „Нему, кој нѐ сака и кој со својата крв нѐ ослободи од нашите гревови — и нѐ направи царство, свештеници на својот Бог и Татко — нему нека му е славата и моќта засекогаш! Амин“ (Откровение 1:5в, 6). Исус го дал својот совршен човечки живот за да можат луѓето што веруваат во него да добијат совршен живот. И ти, драг читателе, можеш да бидеш еден од нив! (Јован 3:16). Но, жртвената смрт на Исус им овозможува на оние што станале помазани христијани како Јован да добијат посебен благослов. Тие се прогласени за праведни на темел на откупната жртва на Исус. Членовите на малото стадо, кои, исто како Исус, се откажуваат од можноста да живеат на Земјата и од сето она што го нуди тој живот, се родени со Божјиот дух и очекуваат да бидат воскреснати за да служат како цареви и свештеници со Исус Христос во неговото Царство (Лука 12:32; Римјаните 8:18; 1. Петрово 2:5; Откровение 20:6). Каква огромна чест! Ништо чудно што Јован со толкава увереност извикува дека славата и моќта навистина му припаѓаат на Исус!

„Доаѓа со облаците“

6. а) Што објавил Јован во врска со Исусовото ‚доаѓање со облаците‘, и на кое пророштво на Исус можеби се потсетил? б) Како „доаѓа“ Исус, и кој ќе проплаче на Земјата?

6 Потоа Јован со восхит објавува: „Еве, доаѓа со облаците, и ќе го види секое око, дури и оние што го прободоа. И сите земни племиња ќе проплачат поради него. Да, амин“ (Откровение 1:7). Без сомнение, Јован овде се потсетил на едно поранешно пророштво на Исус во врска со свршетокот на овој поредок. Исус рекол: „Тогаш на небото ќе се појави знакот на Синот човечки. И тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата. И ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни со сила и со голема слава“ (Матеј 24:3, 30). Значи, Исус „доаѓа“ во таа смисла што ќе го насочи своето внимание кон народите за да ги изврши Јеховините пресуди над нив. Како резултат на ова, на Земјата ќе настапат извонредни промени, а бидејќи „сите земни племиња“ не сакаат да признаат дека Исус е владејачки цар, ќе мора да ја почувствуваат на своја кожа „гневната лутина на Семоќниот Бог“ (Откровение 19:11-21; Псалм 2:2, 3, 8, 9).

7. Во која смисла „секое око“, вклучувајќи ги и очите на непослушните, „ќе го види“ Исус?

7 Во текот на последната вечер што ја поминал со учениците, Исус им рекол: „Уште малку и светот повеќе нема да ме види“ (Јован 14:19). Тогаш, како „ќе го види секое око“? Не треба да мислиме дека непријателите ќе го видат Исус со своите дословни очи, бидејќи апостол Павле напишал дека Исус, откако се вознел на небото, „престојува во непристапната светлина“ и „никој од луѓето не го видел, ниту може да го види“ (1. Тимотеј 6:16). Тогаш, очигледно Јован го употребил зборот „види“ во смисла на „согледа“, исто како што можеме да ги видиме, односно да ги согледаме Божјите невидливи својства, набљудувајќи го она што Бог го создал (Римјаните 1:20). Тоа што Исус „доаѓа со облаците“ значи дека нема да можеме да го видиме со голо око исто како што не можеме да го видиме ни сонцето кога е скриено зад облаците. Но, дури и кога сонцето е зад облаците во текот на денот, знаеме дека е таму затоа што околу нас има светлина. Слично на ова, иако Господарот Исус е невидлив, ќе се појави ‚во распламтен оган кога ќе изврши одмазда над оние што не ѝ се покоруваат на добрата вест за него‘. Тие ќе бидат присилени да ‚го видат‘ (2. Солуњаните 1:6-8; 2:8).

8. а) Кои биле ‚оние што го проболе‘ Исус во 33 год. од н.е., и кого го претставуваат тие денес? б) Како луѓето можат да ‚го прободат‘ Исус, кога тој веќе не е на Земјата?

8 Исус ќе го ‚видат‘ и ‚оние што го проболе‘. Кои може да се тие? Кога Исус бил погубен во 33 год. од н.е., дословно го проболе римските војници. Но, и Евреите биле виновни за ова, како што се гледа од она што им го кажал Петар на некои од нив на Педесетница: „Бог... го направи и Господар и Христос, тој Исус кого вие го приковавте на столб“ (Дела 2:5-11, 36; спореди Захарија 12:10; Јован 19:37). Тие Римјани и Евреи сега се мртви скоро 2.000 години. Затоа, оние ‚што го прободуваат‘ денес мора да ги претставуваат народите што покажуваат иста таква омраза како што покажале луѓето кога Исус бил прикован. Исус веќе не е овде на Земјата. Но, кога противниците активно ги прогонуваат Јеховините сведоци, кои сведочат за Исус, или молчешкум преминуваат преку таквото прогонување, исто како да ‚го прободуваат‘ самиот Исус (Матеј 25:33, 41-46).

„Алфа и омега“

9. а) Кој зборува сега, и колку пати во Откровението се слуша неговиот глас? б) Што значи тоа што Јехова се нарекол „алфа и омега“ и „Семоќниот“?

9 И наеднаш, чудо над чудата! Зборува лично Севишниот Господар Јехова. Навистина соодветен увод во виденијата што следат, бидејќи Јехова е нашиот Најголем Учител и Оној од кого потекнуваат сите откровенија! (Исаија 30:20). Нашиот Бог изјавува: „Јас сум алфа и омега... оној кој е и кој беше и кој доаѓа, Семоќниот“ (Откровение 1:8). Ова е првиот од трите пати во Откровението кога самиот Јехова зборува од небото. (Види и Откровение 21:5-8; 22:12-15.) Христијаните во првиот век многу добро знаеле дека алфа и омега се првата и последната буква од грчката азбука. Тоа што Јехова се нарекува со овие две букви го нагласува фактот дека пред него немало семоќен Бог, и дека ќе нема ни по него. За сета вечност, тој ќе го реши спорното прашање и ќе докаже кој е вистинскиот Бог. Засекогаш ќе биде оправдан како еден и единствен семоќен Бог, Севишен Господар на целото свое создание. (Спореди Исаија 46:10; 55:10, 11.)

10. а) Што друго кажал Јован за себе, и каде бил затворен? б) Кој сигурно помогнал да се достави до собранијата свитокот што го напишал Јован? в) Како честопати се доставува духовна храна денес?

10 Уверен дека конечниот исход на сѐ е во Јеховини раце, Јован им кажува на другите робови: „Јас, Јован, вашиот брат, кој како следбеник на Исус ги дели со вас неволјата и царството и истрајноста, се најдов на островот кој се вика Патмос затоа што зборував за Бог и сведочев за Исус“ (Откровение 1:9). Додека бил затворен на Патмос, затоа што сведочел за добрата вест, и поднесувал неволји со своите браќа, цврсто надевајќи се дека ќе биде дел од идното Царство, на остарениот Јован сега му е дадено првото видение од Откровението. Нема сомнение дека тој бил многу охрабрен од овие виденија, исто како што класата на Јован е охрабрена денес кога го гледа нивното исполнување. Не знаеме како Јован го испратил свитокот на Откровението до собранијата, бидејќи во тоа време бил во затвор (Откровение 1:11; 22:18, 19). Јеховините ангели сигурно му помогнале во тоа, исто како што тие честопати ги штитат верните Сведоци на Јехова, кои служат под забрана и законски ограничувања, и им помагаат навреме да им достават духовна храна на своите браќа што гладуваат за вистината (Псалм 34:6, 7).

11. Која чест, слична на онаа што ја имал Јован, е скапоцена за класата на Јован денес?

11 Јован сигурно многу ја ценел честа што му ја укажал Јехова користејќи го да им ја посредува пораката на собранијата! На сличен начин и денес, за класата на Јован е скапоцена чест тоа што може да му дава на Божјето домаќинство духовна „храна во вистинско време“ (Матеј 24:45). Биди и ти еден од оние што се зајакнати од оваа духовна храна, која ќе ти помогне да стигнеш до величествената цел — вечен живот! (Изреки 3:13-18; Јован 17:3).

[Прашања]

[Рамка на страница 21]

Обезбедување духовна храна во тешки времиња

Во текот на овие последни денови, во кои Јеховините сведоци претрпеа толку многу прогонства и страдање, беше неопходно да добиваат духовна храна за да останат јаки во верата. Во повеќето случаи им беше обезбедено тоа што им требаше, честопати благодарение на некои извонредни интервенции од страна на Јехова.

На пример, кога Германија беше под власта на Хитлер, Сведоците умножуваа и раздаваа Стражарска кула, нешто што беше забрането од суровите нацистички власти. Во Хамбург, полицајците од тајната служба Гестапо насилно влегле во една куќа каде што Сведоците умножувале Стражарска кула. Оваа куќа била мала, и немало каде да се стават работите на сигурно место. Машината за пишување стоела во креденецот, а огромниот шапирограф бил скриен во сандак за компири во подрумот. Освен тоа, зад сандакот имало куфер полн со списанија! Се чинело дека сигурно ќе бидат откриени. Но, што се случило? Офицерот што го отворил креденецот го направил тоа така што не ја видел машината за пишување. А кога слегле во подрумот, сопственикот на куќата вели: „Замислете, тројцата офицери стоеја среде соба, токму каде што беше сандакот и зад него куферот полн со Стражарски кули. Но, се чинеше дека никој не го забележува; како да беа ослепени“. Благодарение на оваа извонредна помош од Бог, овој сопственик можел да продолжи да им доставува духовна храна на браќата во тие тешки и опасни времиња.

Во 1960-тите, се водеше граѓанска војна меѓу Нигерија и Бијафра, една покраина што сакаше да се отцепи од државата. Бидејќи Бијафра е потполно опколена со нигериска територија, единствената врска меѓу неа и надворешниот свет беше една авионска писта. Ова значеше дека постои опасност Сведоците во Бијафра да бидат отсечени од духовната храна. Во тоа време, некаде во почетокот на 1968 година, властите во Бијафра испратиле еден член од цивилниот персонал да служи на важно место во Европа, а друг бил испратен да служи на авионската писта во Бијафра. И двајцата службеници биле Јеховини сведоци, и сега се нашле на двата краја на единствената врска меѓу Бијафра и надворешниот свет. Веднаш сфатиле дека тоа мора да е од Јехова. Затоа се нафатиле да ја извршат оваа многу опасна задача и да доставуваат духовна храна во Бијафра, иако тоа од нив барало огромна претпазливост. Биле во можност да го прават ова во текот на целата војна. Еден од нив изјави: „Вакво нешто во никој случај не би можело да биде уредено од човек“.

[Табела на страница 19]

Симболични броеви во Откровението

Број Симболично значење

2 Со овој број цврсто се потврдува нешто

(Откровение 11:3, 4; спореди 5. Мојсеева 17:6)

3 Служи за нагласување. Означува и јачина

(Откровение 4:8; 8:13; 16:13, 19)

4 Означува сеопфатност и рамномерни пропорции

(како четириаголник)

(Откровение 4:6; 7:1, 2; 9:14; 20:8; 21:16)

6 Означува несовршенство, нешто што не е

нормално; неприродност

(Откровение 13:18; спореди 2. Самоилова 21:20)

7 Означува потполност одредена од Бог. Јехова ја

одредува полната мера во која ќе се исполнат

неговите намери, но одредува и до каде може

да оди Сатана со своите намери

(Откровение 1:4, 12, 16; 4:5; 5:1, 6; 10:3, 4; 12:3)

10 Означува целосност или потполност во физичка

смисла, во однос на земните работи

(Откровение 2:10; 12:3; 13:1; 17:3, 12, 16)

12 Означува организација основана од Бог или

на небото или на Земјата

(Откровение 7:5-8; 12:1; 21:12, 16; 22:2)

24 Укажува на Јеховината организација која

е потполно (двојно) способна да ги изврши

своите цели

(Откровение 4:4)

Некои броеви во Откровението имаат дословно значење. Обично контекстот ни помага да одредиме во кој случај важи ова. (Види Откровение 7:4, 9; 11:2, 3; 12:6, 14; 17:3, 9-11; 20:3-5.)