Крај на Божјиот гнев
Поглавје 32
Крај на Божјиот гнев
1. Што ќе се случи кога седумте садови ќе бидат излеани до крај, и кои прашања се поставуваат сега во врска со тие садови?
ЈОВАН веќе ги опиша ангелите што имаат задача да ги излеат седумте садови. Тој ни кажува дека „тие се последните, зашто со нив завршува Божјиот гнев“ (Откровение 15:1; 16:1). Овие неволји, кои откриваат какви мерки ќе преземе Јехова против злото на Земјата, мора да бидат излеани до крај. Кога ова ќе заврши, Божјите осуди ќе бидат извршени. Сатановиот свет ќе го снема! Што значат овие неволји за човештвото и за владетелите на сегашниов злобен поредок? Што треба да сторат христијаните за да не ги доживеат истите неволји што ќе ги доживее овој свет кој е осуден на пропаст? Ова се многу важни прашања и сега ќе бидат одговорени. Сите што копнеат да победи праведноста сигурно ќе бидат живо заинтересирани да слушнат што гледа Јован.
Јеховиниот гнев против „земјата“
2. Кој е резултатот од тоа што првиот ангел го излева својот сад на земјата, и што претставува „земјата“?
2 Првиот ангел стапува на сцената! „И првиот отиде и го излеа својот сад на земјата. И им излегоа болни и погубни чиреви на луѓето што го имаа жигот на ѕверот и му се поклонуваа на неговиот кип“ (Откровение 16:2). Исто како при огласувањето на првата труба, и овде „земјата“ е симбол за навидум стабилниот политички поредок што Сатана почнал да го гради на Земјата уште од времето на Нимрод, пред 4.000 години (Откровение 8:7).
3. а) Како многу влади, всушност, барале од своите поданици да ги обожаваат? б) Што си создале народите како замена за Божјето Царство, и какви се последиците за оние што ја обожаваат таа творба?
3 Во овие последни денови, многу влади бараат од своите поданици нешто што е рамно на обожавање — поголема лојалност кон државата отколку кон Бог или кон што и да е друго (2. Тимотеј ; спореди 3:1Лука 20:25; Јован 19:15). Од 1914 година, стана вообичаено земјите да ги мобилизираат или да ги регрутираат младите луѓе за војување, кое доведе до огромно крвопролевање во современата историја. Во денот на Господарот, народите исто така си создале своја замена за Божјето Царство — кипот на ѕверот, односно Лигата на народите и нејзиниот наследник, Обединетите нации. Навистина е богохулно да се рече, како што изјавиле некои од последните папи, дека оваа човечка творба е единствената надеж за мир меѓу народите! Таа непопустливо му се противи на Божјето Царство. Оние што ја обожаваат стануваат духовно нечисти и целите се со чиреви, слично на Египќаните кои му се противеле на Јехова во времето на Мојсеј и на кои им излегле вистински рани и чиреви (2. Мојсеева 9:10, 11).
4. а) Што е јасно покажано со содржината на првиот сад на Божјиот гнев? б) Како Јехова ги гледа оние што го прифаќаат жигот на ѕверот?
4 Содржината на овој сад јасно покажува со каков избор се соочени луѓето — или да си ја навлечат омразата на светот или Јеховиниот гнев. Луѓето се ставени под притисок да го прифатат жигот на ѕверот со цел „никој да не може ниту да купува ниту да продава, освен оној што го има жигот — името на ѕверот или бројот на неговото име“ (Откровение 13:16, 17). Но, скапо ќе платат за тоа! Јехова ги гледа оние што го прифаќаат жигот како да имаат „болни и погубни чиреви“. Од 1922 година наваму, тие се јавно обележани како луѓе што го отфрлаат живиот Бог. Нивните политички планови пропаѓаат и тие страдаат. Во духовна смисла, тие се нечисти. Ако не се покаат, оваа тешка болест за нив може да биде и смртоносна, бидејќи сега е Јеховиниот ден на суд. Нема воздржани. Секој мора да избере — или да биде дел од светскиот поредок или да му служи на Јехова на страната на неговиот Христос (Лука 11:23; спореди Јаков 4:4).
Морето станува крв
5. а) Што се случува при излевањето на вториот сад? б) Како гледа Јехова на оние што живеат во симболичното море?
5 Сега мора да биде излеан вториот сад на Божјиот гнев. Што ќе значи ова за луѓето? Јован ни кажува: „И вториот го излеа својот сад во морето. И тоа се претвори во крв, како што е крвта од мртовец, и секоја жива душа изгина, сѐ што беше во морето“ (Откровение 16:3). Исто како и огласувањето на втората труба, и овој сад е наменет за „морето“ — немирните, бунтовни мноштва луѓе кои се отуѓени од Јехова (Исаија 57:20, 21; Откровение 8:8, 9). За Јехова ова ‚море‘ е како крв, непогодно за живот. Затоа христијаните не смеат да бидат дел од светот (Јован 17:14). Излевањето на вториот сад на Божјиот гнев разоткрива дека сите луѓе што живеат во ова море се мртви во Јеховини очи. Врз основа на колективна одговорност, овие луѓе се виновни за огромно пролевање на невина крв. Во Јеховиниот ден на гнев, кога тој ќе ги изврши своите осуди, тие и дословно ќе умрат (Откровение 19:17, 18; спореди Ефешаните 2:1; Колошаните 2:13).
Им дава да пијат крв
6. Што се случува кога е излеан третиот сад, и кои зборови се слушаат од еден ангел и од жртвеникот?
6 Третиот сад на Божјиот гнев, слично на огласувањето на третата труба, е излеан врз изворите на слатка вода. „Третиот го излеа својот сад во реките и во изворите на вода. И тие се претворија во крв. И го чув ангелот што има власт над водите како вели: ‚Праведен си, ти кој си и кој беше, Боже лојален, бидејќи така пресуди. Зашто, тие ја пролеаја крвта на твоите свети слуги и на пророците, па ти им даде да пијат крв. Тоа и го заслужија‘. И го чув жртвеникот како вели: ‚Да, Јехова Боже, Семоќен, исправни и праведни се твоите пресуди‘“ (Откровение 16:4-7).
7. Што претставуваат „реките и изворите на вода“?
7 Овие ‚реки и извори на вода‘ ги претставуваат таканаречените нови, свежи извори на совети и мудрост што ги прифаќа овој свет, како што се политичките, економските, научните, образовните, општествените и религиозните филозофии кои влијаат врз постапките и одлуките на луѓето. Наместо да му се обратат на Јехова, Изворот на животот, за тој да им ја даде животодавната вистина, луѓето си ‚ископале испукани бунари‘ и пиеле со големи голтки од „мудроста на овој свет [која] е глупост пред Бог“ (Еремија 2:13; 1. Коринќаните 1:19; 2:6; 3:19; Псалм 36:9).
8. Во кој поглед човештвото е виновно за крв?
8 Таквите загадени ‚води‘ придонеле луѓето да си навлечат вина за крв со тоа што, на пример, ги навеле да пролеат огромни количини крв во војните кои во минатиот век одзеле повеќе од сто милиони животи. Особено во христијанскиот свет, каде што избувнаа двете светски војни, луѓето ‚итаа за да пролеат невина крв‘ меѓу која беше и крвта на самите Божји сведоци (Исаија 59:7; Еремија 2:34). Човештвото си навлекло вина за крв и со тоа што злоупотребува големи количини крв за трансфузија, кршејќи ги Јеховините праведни закони (1. Мојсеева 9:3-5; 3. Мојсеева 17:14; Дела 15:28, 29). Тие веќе си пожнеале многу проблеми поради ова, бидејќи преку трансфузија на крв се раширија болестите како СИДА, жолтица и слично. Наскоро, сите оние што носат вина за крв ќе добијат полна плата кога ќе бидат казнети со смрт, изгазени во „големото гмечало на Божјиот гнев“ (Откровение 14:19, 20).
9. Кој е резултатот од излевањето на третиот сад?
9 Во времето на Мојсеј, кога реката Нил била претворена во крв, Египќаните можеле да преживеат само благодарение на тоа што барале други извори на вода (2. Мојсеева 7:24). Но денес, во текот на оваа духовна неволја, луѓето не можат да пронајдат животодавни води на ниту едно место во Сатановиот свет. Резултат од излевањето на овој трет сад е објавата дека „реките и изворите на вода“ на овој свет се како крв и дека им носат духовна смрт на сите што пијат од нив. Оние што нема да се свртат кон Јехова, нема да ја избегнат неговата казна. (Спореди Езекиел 33:11.)
10. Што кажува „ангелот што има власт над водите“, и какво сведоштво дава „жртвеникот“?
10 „Ангелот што има власт над водите“, односно ангелот што го излева овој сад врз водите, го велича Јехова како Судија над целата вселена, како Судија чии пресуди се апсолутно праведни. Затоа, во врска со оваа пресуда вели: „Тоа и го заслужија“. Без сомнение, овој ангел бил очевидец на голем дел од крвопролевањето и свирепоста што во текот на неколку илјади години биле поттикнувани од лажните учења и филозофии на овој злобен свет. Затоа тој е сигурен дека Јеховините пресуди се праведни. Дури и Божјиот ‚жртвеник‘ зборува. Во Откровение 6:9, 10 се вели дека душите на оние кои биле убиени се наоѓаат во подножјето на жртвеникот. На тој начин, „жртвеникот“ дава силно сведоштво дека Јеховините пресуди се исправни и праведни. * Оние што пролеале и злоупотребиле толку многу крв навистина заслужуваат да бидат присилени да пијат крв — симбол што покажува дека Јехова ги осудил на смрт.
Луѓето ги пече оган
11. Врз што е излеан четвртиот сад на Божјиот гнев, и што се случува откако е излеан?
11 Четвртиот сад на Божјиот гнев е излеан врз сонцето. Јован ни кажува: „Четвртиот го излеа својот сад врз сонцето. И на сонцето му беше дадено да ги пече луѓето со оган. И голема жештина ги печеше луѓето, но тие хулеа на името на Бог, кој ја има власта над тие неволји, и не се покајаа за да му оддадат слава“ (Откровение 16:8, 9).
12. Што е „сонцето“ на овој свет, и што му е дозволено на ова симболично сонце?
12 Денес, на крајот од овој поредок, духовните браќа на Исус „светат како сонце во царството на својот Татко“ (Матеј 13:40, 43). Самиот Исус е „сонцето на праведноста“ (Малахија 4:2). Но, луѓето си имаат свое сопствено ‚сонце‘, свои владетели кои се обидуваат да светат спротивставувајќи му се на Божјето Царство. При огласувањето на четвртата труба беше објавено дека ‚сонцето, месечината и ѕвездите‘ на небото на христијанскиот свет се, всушност, извори на мрак, а не на светлина (Откровение 8:12). Сега, четвртиот сад на Божјиот гнев покажува дека „сонцето“ на светот ќе стане неподносливо жешко. Оние лидери што на луѓето им изгледале како сонце, ќе го ‚печат‘ човештвото. На симболичното сонце ќе му биде дозволено да го прави ова. Со други зборови, Јехова ќе го дозволи тоа како дел од својата огнена осуда над луѓето. На кој начин пече ова сонце?
13. На кој начин владетелите на овој свет, кои се слични на сонце, ги ‚печеле‘ луѓето?
13 По Првата светска војна, владетелите на овој свет ја основаа Лигата на народите за да го решат проблемот со безбедноста во светот, но оваа Лига пропадна. Затоа беа испробани други видови на владетелства, како што беа фашизмот и нацизмот. Продолжи да се шири и комунизмот. Но, наместо да им го олеснат животот на луѓето, владетелите на овие уредувања, кои беа слични на сонце, почнаа да ги ‚печат луѓето со голема жештина‘. Граѓанските војни во Шпанија, Етиопија и Манџурија доведоа до Втората светска војна. Во современата историја е забележано дека диктаторите Мусолини, Хитлер и Сталин се директно или индиректно одговорни за смртта на десетици милиони луѓе, меѓу кои беа и многу нивни сонародници. Во поново време, меѓународните или граѓанските војни ги ‚печеа‘ луѓето во Виетнам, Камбоџа, Иран, Либан и Ирска, како и во земји од Латинска Америка и Африка. Во сето ова не смееме да ја заборавиме и постојаната борба меѓу суперсилите, кои поседуваат застрашувачко нуклеарно оружје со кое можат да го уништат целиот човечки род. Во овие последни денови, луѓето навистина се изложени на печењето на жешкото ‚сонце‘, односно на своите неправедни владетели. Со излевањето на четвртиот сад на Божјиот гнев дојдоа до израз овие историски факти, а Божјиот народ ги објави низ целиот свет.
14. Што постојано поучуваат Јеховините сведоци дека е единствено решение на човечките проблеми, но како реагираат луѓето во целина?
14 Јеховините сведоци постојано поучуваат дека единствено решение за навидум безизлезните проблеми на човештвото е Божјето Царство, со кое Јехова има намера да го посвети своето име (Псалм 83:4, 17, 18; Матеј 6:9, 10). Но, луѓето во целина не сакаат да слушнат за ова решение. Мнозина од оние што го отфрлаат Царството хулат и на Божјето име, исто како што хулел и фараонот кога одбил да признае дека Јехова има неприкосновено право да владее (2. Мојсеева 1:8-10; 5:2). Бидејќи месијанското Царство воопшто не ги интересира, овие противници свесно избираат да страдаат под своето сопствено жешко ‚сонце‘ — угнетувачките човечки влади.
Престолот на ѕверот
15. а) Врз што е излеан петтиот сад? б) Што е „престолот на ѕверот“, и што вклучува излевањето на садот врз него?
15 Врз што го излева својот сад следниот ангел? „Петтиот го излеа својот сад врз престолот на ѕверот“ (Откровение 16:10а). „Ѕверот“ е Сатановиот владејачки поредок. Тој нема вистински престол, исто како што и самиот ѕвер не е вистински. Но, спомнувањето на престол укажува дека ѕверот владее како цар над човештвото. Ова е во согласност со тоа што на секој рог на ѕверот има царска круна. Всушност, „престолот на ѕверот“ е темелот, односно изворот на таа власт. * Библијата открива од каде, всушност, потекнува царската власт на ѕверот, кога вели дека ‚Змејот му ја дал на ѕверот неговата моќ и неговиот престол и голема власт‘ (Откровение 13:1, 2; 1. Јованово 5:19). Затоа, излевањето на садот врз престолот на ѕверот вклучува објави со кои се разоткрива вистинската улога што Сатана ја имал и сѐ уште ја има — тој, всушност му ја дава својата поддршка на ѕверот и се залага за него.
16. а) Кому му служат народите, без разлика дали се свесни за тоа или не? Објасни. б) На кој начин светот го одразува карактерот на Сатана? в) Кога ќе биде срушен престолот на ѕверот?
16 Како се одржува оваа врска меѓу Сатана и народите? Кога Сатана го искушувал Исус, му ги покажал во видение сите царства на светот и му понудил да му ја даде „власта над сите нив и нивната слава“. Но, под еден услов — Исус прво морал да му се поклони (Лука 4:5-7). Тогаш, дали е можно владите во светот да ја добиле власта за некоја пониска цена? Во никој случај! Според Библијата, Сатана е бог на овој свет, што значи дека народите му служат нему, без разлика дали се свесни за тоа или не (2. Коринќаните 4:3, 4). * Ова го потврдуваат обележјата на сегашниов светски поредок, кој е заснован врз тесноград национализам, омраза и себичност. Организиран е токму како што сака Сатана, а цел му е да ги држи луѓето под своја контрола. Расипаноста на владите, нивната жед за власт, лажливата дипломатија, трката во вооружување — сето ова е одраз на Сатановиот расипан карактер. Светот им се подложува на Сатановите неправедни мерила, и на тој начин го признава за свој бог. Престолот на ѕверот ќе биде срушен кога ќе биде уништен ѕверот и кога потомството на жената конечно ќе го фрли во бездната самиот Сатана (1. Мојсеева 3:15; Откровение 19:20, 21; 20:1-3).
Темнина и неиздржлива болка
17. а) Каква врска има излевањето на петтиот сад со духовната темнина, која отсекогаш го обвиткувала царството на ѕверот? б) Како реагираат луѓето на излевањето на петтиот сад на Божјиот гнев?
17 Царството на овој ѕвер е во духовна темнина уште од самиот свој почеток. (Спореди Матеј 8:12; Ефешаните 6:11, 12.) Со излевањето на петтиот сад, сѐ повеќе ѝ се става до знаење на јавноста дека постои ваква темнина. А сериозноста на овој факт е уште понагласена со тоа што овој сад е излеан врз самиот престол на симболичниот ѕвер. „И неговото царство се замрачи. И луѓето си ги гризеа јазиците од болка, но хулеа на небесниот Бог поради своите болки и чиреви, и не се покајаа за своите дела“ (Откровение 16:10б, 11).
18. Која е врската меѓу трубењето на петтата труба и петтиот сад на Божјиот гнев?
18 Огласувањето на петтата труба не е сосема исто со петтиот сад на Божјиот гнев, бидејќи петтото трубење навести наезда од скакулци. Но, забележи дека, кога беше пуштена таа наезда од скакулци, потемнеа сонцето и воздухот (Откровение 9:2-5). А во врска со наездата од скакулци што Јехова ја пуштил врз Египет, во 2. Мојсеева 10:14, 15 го читаме следново: „Никогаш порано немало толку скакулци ниту, пак, некогаш ќе има. И ја покрија површината на целата земја, така што таа поцрне од нив“. Да, темнина! Како резултат на трубењето на петтата труба и на излевањето на петтиот сад на Божјиот гнев, денес е многу јасно дека светот е потонат во духовна темнина. Острата порака што ја објавуваат денешните роеви скакулци им носи мака и болка на злобните што ‚ја сакаат темнината, а не светлината‘ (Јован 3:19).
19. Во склад со Откровение 16:10, 11, кои се последиците од тоа што Сатана е јавно разоткриен како бог на овој поредок?
19 Како владетел на светот, Сатана им нанел многу несреќи и страдања на луѓето. Глад, војни, насилство, злосторства, дрога, неморал, полови болести, нечесност, религиозно лицемерство — овие и многу други работи се обележја на Сатановиот поредок. (Спореди Галатите 5:19-21.) И покрај тоа, оние што живеат според неговите мерила се во болка и се срамат што Сатана е разоткриен пред сите како бог на овој поредок. ‚Луѓето си ги гризат јазиците од болка‘, особено оние во христијанскиот свет. Мнозина се лутат што вистината го разоткрива нивниот начин на живот. Некои го сметаат ова за опасно, па затоа ги прогонуваат оние што им го кажуваат тоа на другите. Тие го отфрлаат Божјето Царство и го срамотат Јеховиното свето име. Бидејќи е разоткриено дека во религиозен поглед се болни, односно полни со симболични чиреви, тие хулат на небесниот Бог. Не, тие ‚не се каат за своите дела‘. Затоа не можеме да очекуваме масовно преобраќање пред крајот на овој поредок (Исаија 32:6).
Реката Еуфрат пресушува
20. На кој начин и трубењето на шестата труба и излевањето на шестиот сад се поврзани со реката Еуфрат?
20 Со шестото трубење беше најавено ослободувањето на „четирите ангели кои се врзани на големата река Еуфрат“ (Откровение 9:14). Историјата потврдува дека Вавилон бил огромен град што лежел на реката Еуфрат. А во 1919 година, ослободувањето на симболичните четири ангели беше проследено со значајниот пад на Големиот Вавилон (Откровение 14:8). Затоа е вредно да се забележи дека шестиот сад на Божјиот гнев исто така е поврзан со реката Еуфрат: „Шестиот го излеа својот сад врз големата река Еуфрат. И нејзината вода пресуши, за да се подготви патот за царевите од сончевиот исток“ (Откровение 16:12). Уште една лоша вест за Големиот Вавилон!
21, 22. а) Како заштитните води на реката Еуфрат пресушиле кога бил нападнат Вавилон во 539 год. пр.н.е.? б) Што претставуваат „водите“ на кои седи Големиот Вавилон, и како овие симболични води пресушуваат уште сега?
21 Кога древниот Вавилон бил во својот зенит, многуте води на Еуфрат биле главен дел од одбранбениот систем на градот. Во 539 год. пр.н.е., овие води пресушиле кога персискиот водач Кир го пренасочил нивниот тек. На тој начин им бил отворен патот на Персиецот Кир и на Медиецот Дариј — царевите од „сончевиот исток“ — да влезат во Вавилон и да го освојат. Во најкритичните моменти, реката Еуфрат не успеала да го заштити тој голем град (Исаија 44:27 — 45:7; Еремија 51:36). Нешто слично ќе го снајде и денешниот Вавилон, светскиот систем на лажната религија.
22 Големиот Вавилон „седи на многу води“. Според Откровение 17:1, 15, овие води претставуваат „луѓе и мноштва и народи и јазици“, односно маса приврзаници на чија заштита се надева тој. Но, „водите“ пресушуваат! Во Западна Европа, каде што порано религијата имаше големо влијание, сега стотици милиони луѓе не ѝ обрнуваат никакво внимание. Во некои земји, со години постоеше официјална стратегија чија цел беше да се спречи влијанието на религијата. Мноштвата во тие земји не станаа да ја бранат. На сличен начин, кога ќе дојде време Големиот Вавилон да биде уништен, сѐ помалиот број приврзаници нема да му обезбедат никаква заштита (Откровение 17:16). Иако тврди дека има милијарди членови, Големиот Вавилон ќе биде немоќен пред „царевите од сончевиот исток“.
23. а) Кои биле „царевите од сончевиот исток“ во 539 год. пр.н.е.? б) Кои се „царевите од сончевиот исток“ во денот на Господарот, и како ќе го уништат Големиот Вавилон?
23 Кои се овие цареви? Во 539 год. пр.н.е., тоа биле Медиецот Дариј и Персиецот Кир, кои Јехова ги употребил за да го освојат древниот град Вавилон. Во денот на Господарот, во кој живееме ние, Големиот Вавилон — системот на лажната религија — исто така ќе биде уништен од човечки владетели. Но, и овој пат, осудата ќе биде од Бог. Јехова Бог и Исус Христос, „царевите од сончевиот исток“, ќе им стават во срцата на човечките владетели „замисла“ да се свртат против Големиот Вавилон и потполно да го уништат (Откровение 17:16, 17). Со излевањето на шестиот сад јавно се објавува дека оваа осуда наскоро ќе биде извршена!
24. а) Како била разгласена содржината на првите шест садови на Јеховиниот гнев, и каков бил резултатот? б) Пред да ни каже нешто за последниот сад на Божјиот гнев, што ни опишува Откровението?
24 Овие шест садови на Јеховиниот гнев содржат отрезнувачка порака. Божјите слуги на Земјата, со помош од ангелите, ја разгласуваат нивната содржина насекаде низ светот. На овој начин сите делови на Сатановиот светски поредок се предупредени, и Јехова им дава шанса на поединци да се свртат кон праведноста и да живеат (Езекиел 33:14-16). Но, останува уште еден сад на Божјиот гнев. Пред да ни каже нешто за него, Откровението ни опишува како Сатана и неговите слуги на Земјата се обидуваат да го спречат објавувањето на Јеховините осуди.
Собирање за Армагедон
25. а) Што ни кажува Јован во врска со нечистите ‚вдахновени изјави‘ кои личат на жаби? б) Што се нечистите ‚вдахновени изјави‘ кои личат на жаби, и што предизвикуваат тие во денот на Господарот?
25 Јован ни кажува: „И видов како од устата на змејот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегуваат три нечисти вдахновени изјави, кои личеа на жаби. Тоа се изјави вдахновени од демони, кои прават чуда и одат кај царевите од целиот свет за да ги соберат за војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:13, 14). Во времето на Мојсеј, Јехова го погодил Египет, со кој владеел фараонот, со страшна неволја — жаби од кои ‚засмрдела земјата‘ (2. Мојсеева 8:5-15). Во денот на Господарот има нешто слично на оваа одвратна неволја со жаби, но овој пат таа доаѓа од поинаков извор. Се состои од ‚нечисти вдахновени изјави‘ кои потекнуваат од Сатана. Тие изјави ја претставуваат пропагандата наменета да ги наведе сите човечки владетели, односно „царевите“, да му се спротивстават на Јехова Бог. На овој начин Сатана сака да биде сигурен дека тие нема да се поколебаат од излевањето на садовите на Божјиот гнев, туку дека цврсто ќе стојат на негова страна кога ќе почне „војната... во големиот ден на Семоќниот Бог“.
26. а) Од кои три извори доаѓа пропагандата на Сатана? б) Кој е „лажниот пророк“, и од каде знаеме?
26 Пропагандата доаѓа од „змејот“ (Сатана) и од „ѕверот“ (Сатановиот политички поредок на Земјата), суштества што веќе беа спомнати во Откровението. Но, што е „лажниот пророк“? Само името е ново. Веќе претходно беше покажан ѕвер со два рога како на јагне кој правеше чуда пред седмоглавиот ѕвер. Ова лажливо суштество дејствуваше како пророк за ѕверот. Тоа ги тераше луѓето да го обожаваат ѕверот, па дури и да направат кип од него (Откровение 13:11-14). Тој ѕвер со два рога како на јагне е истиот ‚лажен пророк‘ што е спомнат овде. Ова е потврдено подоцна на едно друго место во Откровението, каде што читаме дека лажниот пророк, слично како симболичниот ѕвер со два рога, ‚пред [ѕверот со седум глави] прави чудесни знаци со кои ги заведува оние што го примиле жигот на ѕверот и оние што му се поклонувале на неговиот кип‘ (Откровение 19:20).
27. а) Кое навремено предупредување го дал лично Исус Христос? б) Какво предупредување дал Исус кога бил на Земјата? в) Какво слично предупредување дал апостол Павле?
27 Со толку голема сатанска пропаганда околу нас, навистина се навремени следниве зборови на Јован: „Еве, доаѓам како крадец. Среќен е оној што бдее и ја чува својата облека, за да не оди гол и да не му се гледа срамот“ (Откровение 16:15). Кој доаѓа „како крадец“? Лично Исус. Тој доаѓа како Јеховин погубител во време што однапред не се знае (Откровение 3:3; 2. Петрово 3:10). Уште додека бил на Земјата, Исус го споредил своето доаѓање со доаѓање на крадец, велејќи: „Затоа, бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Матеј 24:42, 44; Лука 12:37, 40). Апостол Павле дал едно многу слично предупредување: „Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта. Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување“. Сатана стои зад сите такви лажни објави за „Мир и сигурност!“ (1. Солуњаните 5:2, 3).
28. Како Исус однапред кажал со кои притисоци од светот ќе мораат да се соочат христијаните, и што е „тој ден“ кој христијаните не сакаат да ги изненади како замка?
28 Исус исто така однапред кажал со какви притисоци од овој свет, исполнет со пропаганда, ќе мораат да се соочат христијаните. Тој рекол: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка... Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36). „Тој ден“ е „големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14). Како што наближува „тој ден“ кога ќе се оправда Јеховиното право да владее, така станува сѐ потешко да се справиме со животните грижи. Христијаните треба да бидат будни и да внимаваат на себе сѐ додека тој ден навистина не дојде.
29, 30. а) Што значи Исусовото предупредување дека оние што ќе бидат најдени како спијат ќе бидат посрамени кога ќе им биде одземена ‚облеката‘? б) На што укажува облеката што ја носи едно лице? в) Како може некој да ја изгуби оваа симболична облека, и какви се последиците од тоа?
29 Но, што значи предупредувањето дека оние што ќе бидат најдени како спијат ќе бидат посрамени кога ќе им биде одземена ‚облеката‘? Во древниот Израел, секој свештеник или левит кој бил на стража во храмот имал сериозна одговорност. Еврејските изучувачи велат дека секој што бил фатен да спие на таква должност, бил соблекуван и му била запалувана облеката. Така бил изложен на јавен срам.
30 Исус овде предупредува дека нешто слично може да се случи и денес. Свештениците и левитите ги претставуваат Исусовите помазани браќа (1. Петрово 2:9). Но, Исусовото предупредување се однесува и на големото мноштво. По облеката за која станува збор овде, може да се знае дека лицето што ја носи е христијански сведок на Јехова. (Спореди Откровение 3:18; 7:14.) Доколку некој од нас дозволи да заспие или да стане неактивен како резултат на притисоците од Сатановиот свет, веројатно ќе ја изгуби оваа облека — или, со други зборови, ќе го изгуби она по кое јасно се гледало дека е христијанин. Тоа би било голем срам за него. Таквиот би се довел во опасност да изгуби сѐ.
31. а) Како во Откровение 16:16 е нагласено дека христијаните треба да останат будни? б) Што нагаѓаат некои верски водачи во врска со Армагедон?
31 Како што сѐ повеќе наближува исполнувањето на следниот стих од Откровението, така се зголемува потребата христијаните да бидат уште побудни: „И [изјавите вдахновени од демони] ги собраа [земните цареви, или владетели] на местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“ (Откровение 16:16). Ова име, кое обично се пишува Армагедон, се појавува само еднаш во Библијата. Сепак, ја разбудило фантазијата на луѓето. Светските лидери предупредуваат дека е можно да дојде до нуклеарен Армагедон. Армагедон се поврзува и со древниот град Мегидо, место каде што се воделе многу решавачки битки во библиски времиња, па затоа некои верски водачи нагаѓаат дека последната војна на Земјата ќе се води конкретно на тоа подрачје. Но, сето ова е далеку од вистината.
32, 33. а) Што означува името Ар-Магедон, или Армагедон, со оглед на тоа што не се работи за дословно место? б) Кои други изрази од Библијата се слични на „Армагедон“ или се поврзани со него? в) Кога ќе дојде време седмиот ангел да го излее последниот сад на Божјиот гнев?
32 Името Ар-Магедон значи „ридот кај Мегидо“. Но, тоа не означува некое дословно место, туку се однесува на една светска ситуација кога народите ќе се соберат против Јехова Бог и кога тој ќе ги уништи засекогаш. Се работи за ситуација која ќе го зафати целиот свет (Еремија 25:31-33; Даниел 2:44). Значењето на ова име е слично со значењето на изразите „големото гмечало на Божјиот гнев“ и на „долината на одлуката“, односно „долината на Јосафат“, каде што народите се собрани за да бидат погубени од Јехова (Откровение 14:19; Јоил 3:12, 14). Поврзано е и со „земјата на Израел“ каде што се уништени сатанските војски на Гог од Магог, како и со подрачјето „меѓу големото море и светата гора на Убавината“ каде што „ќе му дојде крајот“ на северниот цар, кој ќе биде уништен од големиот кнез Михаел (Езекиел 38:16-18, 22, 23; Даниел 11:45 — 12:1).
33 Кога народите ќе бидат доведени во оваа ситуација со пропагандата што потекнува од Сатана и од неговите земни застапници, а личи на крекање на жаби, ќе дојде време седмиот ангел да го излее последниот сад на Божјиот гнев.
„Завршено е!“
34. Врз што го излева својот сад седмиот ангел, и каква објава се слуша „од светилиштето, од престолот“?
34 „Седмиот го излеа својот сад врз воздухот. Тогаш еден силен глас излезе од светилиштето, од престолот, велејќи: ‚Завршено е!‘“ (Откровение 16:17).
35. а) Што е „воздухот“ спомнат во Откровение 16:17? б) Што покажува седмиот ангел со тоа што го излева својот сад врз воздухот?
35 Последната неволја го погодува „воздухот“ — нешто без што не може да се живее. Но, овде не се работи за дословниот воздух. Тој со ништо не ги заслужува Јеховините осуди, исто како што и дословните земја, море, извори на вода или сонце не заслужуваат да бидат казнети од Јехова. Напротив, овде се работи за оној ‚воздух‘ што го спомнал Павле кога изјавил дека Сатана е „владетелот кој владее со воздухот“ (Ефешаните 2:2). Тоа е сатанскиот ‚воздух‘ што го вдишува светот денес. Овој ‚воздух‘ се однесува на духот или општоприфатениот став што е карактеристичен за целиот злобен поредок, односно сатанското размислување што продира во секоја пора на животот на луѓето надвор од Јеховината организација. Затоа, кога го излева својот сад врз воздухот, седмиот ангел покажува колку Бог е гневен на Сатана, на неговата организација и на сето она што ги поттикнува луѓето да го поддржуваат Сатана, а да се противат на Јеховиното право да владее.
36. а) Што претставуваат седумте неволји? б) Што покажува тоа што Јехова објавува: „Завршено е!“?
36 Оваа и претходните шест неволји се последните од сите Јеховини осуди над Сатана и неговиот поредок. Тие се најава за пропаста на Сатана и на неговото потомство. Кога е излеан и овој последен сад, самиот Јехова објавува: „Завршено е!“ Повеќе нема што да се каже. Кога содржината во садовите на Божјиот гнев ќе биде објавена во толкава мера колку што сака Јехова, тој повеќе нема да чека и ќе ги изврши осудите што се разгласени преку овие пораки.
37. Како Јован опишува што се случило откако бил излеан седмиот сад на Божјиот гнев?
37 Јован продолжува: „И настанаа молњи и гласови и громови, и се случи голем земјотрес каков што не се случил откако има луѓе на земјата — толку силен беше тој земјотрес, толку јак. И големиот град се распадна на три дела, и градовите на народите се урнаа. И Бог се сети на Големиот Вавилон, да го напои со чашата со вино од својата гневна лутина. И сите острови ги снема, и горите исчезнаа. И голем град, со зрна тешки околу еден талант, падна од небото врз луѓето. И луѓето хулеа на Бог поради злото што го нанесе градот, бидејќи тоа зло беше многу големо“ (Откровение 16:18-21).
38. Што претставува а) ‚големиот земјотрес‘? б) тоа што „големиот град“, односно Големиот Вавилон, се распаѓа на „три дела“? в) тоа што ‚сите острови ги снемува, и горите исчезнуваат‘? г) ‚големиот град‘ што паѓа врз луѓето?
38 Уште еднаш, Јехова постапува непогрешливо со луѓето, а на ова укажуваат ‚молњите и гласовите и громовите‘ (Спореди Откровение 4:5; 8:5). Човештвото ќе биде стресено како никогаш порано, како да било погодено со разорен земјотрес. (Спореди Исаија 13:13; Јоил 3:16.) Овој силен потрес ќе го разниша „големиот град“, односно Големиот Вавилон, и тој ќе се распадне на „три дела“ — симбол кој покажува дека ќе се претвори во урнатини и никогаш повеќе нема да постои. Освен тоа, ќе се урнат и „градовите на народите“. „Сите острови“ и ‚гори‘ — установи и организации што изгледаат толку стабилни во овој поредок — ќе ги снема. „Голем град“, многу поголем од оној што го погодил Египет во текот на седмата неволја, со зрна тешки околу еден талант, ќе ги изудира луѓето нанесувајќи им болка * (2. Мојсеева 9:22-26). Оваа смрзната вода, која паѓа како казна врз луѓето, најверојатно ги претставува необично острите изјави со кои се разгласуваат Јеховините осуди и укажува дека конечно дошол крајот на овој поредок! Сепак, Јехова можеби ќе користи и дословен град кога ќе уништува (Јов 38:22, 23).
39. И покрај излевањето на седумте неволји, како ќе постапуваат повеќето луѓе?
39 Значи, Сатановиот свет ќе го стигне Јеховината праведна осуда. Повеќето луѓе ќе продолжат да го оцрнуваат Бог и да хулат на него до самиот крај. Исто како што било случај со фараонот од старо време така и нивните срца нема да бидат омекнати од постојаните неволји ниту од конечната смртоносна завршница на овие неволји (2. Мојсеева 11:9, 10). Нема да има никакво темелно преобраќање на срцата во последен момент. До последен здив, тие ќе хулат на Бог кој изјавува: „Ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езекиел 38:23). И покрај сѐ, ќе биде оправдано правото на Семоќниот Бог Јехова да владее.
[Фусноти]
^ Во врска со тоа дека и безживотни работи можат да служат како сведоци или да даваат сведоштво, види ги стиховите во 1. Мојсеева 4:10; 31:44-53; Евреите 12:24.
^ Зборот „престол“ се користи на сличен начин во она што пророчки му е кажано на Исус: „Бог е твојот престол за навек, за сета вечност“ (Псалм 45:6). Јехова е изворот, или темелот, на царската власт на Исус.
^ Види и Јов 1:6, 12; 2:1, 2; Матеј 4:8-10; 13:19; Лука 8:12; Јован 8:44; 12:31; 14:30; Евреите 2:14; 1. Петрово 5:8.
^ Ако Јован мислел на грчки талант, тогаш секое зрно град би тежело околу 20 килограми. Тоа навистина би бил разорен град.
[Прашања]
[Рамка на страница 221]
„Врз земјата“
Класата на Јован го објавила Јеховиниот гнев против „земјата“ преку следниве и слични изјави:
„Откако со векови се труделе да направат нешто, политичарите покажале дека се неспособни да се справат со тековните состојби и да ги решат тешките проблеми. Разни економисти и државници, кои темелно го проучуваат ова прашање, дошле до заклучок дека не можат да сторат ништо“ (Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат — Millions Now Living Will Never Die, 1920 година, 61. страница).
„Денес не постои влада на Земјата која ги задоволува потребите барем на еден разумен број луѓе. Во многу земји владеат диктатори. Практично целиот свет дошол под стечај“ (Пожелна влада — A Desirable Government, 1924 година, 5. страница).
„Единствен начин да се ослободи светот од злото и да им се отвори пат на мирот и праведноста... е да му се стави крај на овој поредок“ („Оваа добра вест за Царството“ — “This Good News of the Kingdom”, 1954 година, 25. страница).
„Сегашниов поредок се одликува со пораст на гревот, неправедноста и побуната против Бог и неговата волја... Светов не може да се поправи, и затоа мора да исчезне!“ (Стражарска кула, 15 ноември 1981 година, 6. страница [англиски]).
[Рамка на страница 223]
„Во морето“
Следат само некои од изјавите што класата на Јован ги издаде низ годините со кои го објави Божјиот гнев против немирното, бунтовно „море“ кое се состои од безбожни луѓе што се отуѓени од Јехова:
„Во историјата на секоја земја имало класни борби што се воделе меѓу неколку поединци и мнозинството... Последица од овие борби биле многу револуции, огромно страдање и големо крвопролевање“ (Влада, 1928 година, 244. страница).
Во новиот свет, „повеќе нема да постои симболичното ‚море‘ кое се состои од немирни, бунтовни и безбожни народи — море од кое многу одамна излегол симболичниот ѕвер што го користи Ѓаволот“ (Стражарска кула од 15 септември 1967 година, 567. страница [англиски]).
„Сегашново човечко општество е духовно болно. Никој од нас не може да го спаси, бидејќи Божјата реч покажува дека таа болест е смртоносна“ (Прави мир и сигурност — како их пронаћи?, 1973 година, 131. страница).
[Рамка на страница 224]
„Во реките и во изворите на вода“
Третата неволја ѝ ги разоткри на јавноста „реките и изворите на вода“ со вакви изјави:
„Свештениците, кои тврдат дека поучуваат за [Христовите] учења, ги благословуваат војните и ги прикажуваат како нешто свето. Им причинува задоволство тоа што нивните портрети и бисти се поставени веднаш до портретите и бистите на крволочни воини“ (Стражарска кула, 15 септември 1924 година, 275. страница [англиски]).
„Спиритизмот се темели на една голема невистина — лагата дека постои живот по смртта и дека човечката душа е бесмртна“ (Што вели Светото писмо за „преживувањето по смртта“? — What Do the Scriptures Say About “Survival After Death?, 1955 година, 51. страница).
„Човечките филозофии, политичките теоретичари, општествените организации, економските советници и поборниците за верски традиции не ги оживеале и не ги освежиле луѓето со своите води... Таквите води дури ги навеле оние што ги пиеле да го прекршат законот за светоста на крвта, кој го поставил Творецот, и да ги прогонуваат другите во името на својата религија“ (Резолуција усвоена на меѓународниот конгрес „Вечна добра вест“ во 1963 година).
„Не може да се очекува науката да го спаси човечкиот род. Напротив, таа може да го уништи... Не можеме да очекуваме ни од сите психолози и психијатри на светот да го променат начинот на кој размислуваат луѓето... Не можеме да очекуваме ни да се основа меѓународна полиција... која ќе помогне Земјата да стане посигурно место за живеење“ (Спас за човечкиот род — преку Царството [Saving the Human Race—In the Kingdom Way], 1970 година, 5. страница).
[Рамка на страница 225]
„На сонцето“
Додека „сонцето“ на човечките влади ги ‚печеше‘ луѓето во денот на Господарот, класата на Јован го насочи вниманието на она што се случуваше објавувајќи изјави како оние што се наведени во продолжение:
„Денес Хитлер и Мусолини, самоволни диктатори, му се закануваат на мирот на целиот свет, а Римокатоличката црква целосно ги поддржува во нивното уништување на слободата“ (Фашизам или слобода — Fascism or Freedom, 1939 година, 12. страница).
„Низ целата историја, човечките диктатори ја следеле девизата: ‚Владеј или уништи!‘ Но, правилото што Божјиот поставен Цар, Исус Христос, сега го применува на целата Земја е: ‚Дозволете Бог да владее со вас или ќе бидете уништени‘“ (Кога сите народи ќе се обединат под Божјето Царство — When All Nations Unite Under God’s Kingdom, 1961 година, 23. страница).
„Од 1945 година, повеќе од 25 милиони лица беа убиени во околу 150 војни што се водеа низ целиот свет“ (Стражарска кула, 15 јануари 1980 година, 6. страница [англиски]).
„На народите низ целиот свет... не им е грижа за меѓународната одговорност или за правилата на однесување. За да ги постигнат своите цели, некои земји сметаат дека имаат потполно право да ги користат сите можни средства — масакри, атентати, киднапирање, бомбардирање итн... Уште колку долго ќе се трпат народите со своето бесмислено и неодговорно однесување?“ (Стражарска кула, 1 јуни 1985 година, 4. страница).
[Рамка на страница 227]
„Врз престолот на ѕверот“
Јеховините сведоци го разоткрија престолот на ѕверот и ги објавија Јеховините осуди над него со изјави како што се следниве:
„Врз владетелите и политичките водачи на народите влијаат злобни натчовечки сили кои незапирливо ги туркаат во самоубиствен марш кој ќе заврши со решавачкиот судир во Армагедон“ (По Армагедон — Божјиот нов свет [After Armageddon—God’s New World], 1953 година, 8. страница).
„,Ѕверот‘, кој го претставува нетеократското владеење од човек, ги добива своите сила, власт и престол од Змејот. Затоа мора да биде на страната на Змејот“ (По Армагедон — Божјиот нов свет, 1953 година, 15. страница).
„Безбожните народи можат да стојат само... на страната на најголемиот Божји противник, Сатана Ѓаволот“ (Резолуција што беше усвоена на меѓународниот конгрес „Божја победа“ во 1973 година).
[Рамка на страница 229]
„Нејзината вода пресуши“
Уште денес, во многу земји пресушуваат изворите на вода за вавилонските религии, и ова покажува што ќе се случи со нив кога ќе нападнат „царевите од сончевиот исток“.
„Според една анкета, 75 отсто од градското население [на Тајланд] повеќе не оди во будистички храмови за да слуша проповед, а бројот на оние што одат во храмовите по селата постепено опадна на 50 отсто“ (Bangkok Post, 7 септември 1987 година, 4. страница).
„Таоизмот ја изгуби својата привлечност во [Кина], земјата каде што е основан пред 2.000 години... Бидејќи свештениците повеќе не располагаат со магионичарски трикови со кои нивните претходници привлекувале мноштво следбеници, нема кој да ги наследи, па така таоизмот како организирана религија практично е пред пропаѓање во оваа земја“ (The Atlanta Journal and Constitution, 12 септември 1982 година, страница 36-А).
„Во Јапонија... има најголем број мисионери од други земји, речиси 5.200, а сепак... помалку од 1 отсто од населението се христијани... Според еден свештеник од фрањевскиот ред, кој таму служи од 1950-тите... ‚времето на странски мисионери во Јапонија завршило‘“ (The Wall Street Journal, 9 јули 1986 година, 1. страница).
Во Англија, во последните три децении „беа затворени речиси 2.000 од 16.000-те англикански цркви, затоа што повеќе не беа во употреба. Од земјите што се декларираат како христијански, Англија има најмала посетеност на црквите... ‚Англија веќе не може да се смета за христијанска земја‘, изјави [бискупот од Дарам]“ (The New York Times, 11 мај 1987 година, страница А4).
„По една вжештена расправа, која траеше со часови, [грчкиот] парламент усвои закон кој ѝ овозможува на социјалистичката влада да преземе големи имоти кои ги поседува Грчката православна црква... Врз основа на овој закон, црковните управни одбори кои се одговорни за раководење со вредни инвестиции како, на пример, хотели, рудници за мермер и канцелариски згради, сега се под надзор на лица што не му припаѓаат на свештенството“ (The New York Times, 4 април 1987 година, 3. страница).
[Слики на страница 222]
Првите четири садови на Божјиот гнев носат неволји слични на оние што ги предизвика огласувањето на првите четири труби
[Слика на страница 226]
Петтиот сад разоткрива дека престолот на ѕверот е власта што Сатана му ја дава на ѕверот
[Слики на страница 231]
Преку демонска пропаганда, владетелите на Земјата се собираат во една критична ситуација, односно Ар-Магедон, кога Јехова ќе ги изврши своите осуди над нив
[Слика на страница 233]
Оние што се раководени од Сатановиот загаден воздух мора да се соочат со извршувањето на Јеховините праведни осуди