Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Откровението и ти

Откровението и ти

Поглавје 44

Откровението и ти

1. а) Какво уверување му дава ангелот на Јован во врска со сите прекрасни ветувања од Откровението? б) Кој вели „Доаѓам брзо“, и кога ќе ‚дојде‘?

 ПО ОВОЈ прекрасен опис на Новиот Ерусалим, можеби си поттикнат да прашаш: ‚Зарем навистина може да се случи нешто толку убаво?‘ Самиот Јован одговара на ова прашање кажувајќи ни што вели ангелот сега: „И ми рече: ‚Овие зборови се верни и вистинити. Јехова, Богот кој ги вдахна пророците, го испрати својот ангел за да им го покаже на своите робови она што наскоро ќе се случи. Еве, доаѓам брзо! Среќен е секој што ги држи зборовите на пророштвото од овој свиток‘“ (Откровение 22:6, 7). Сите прекрасни ветувања од Откровението навистина ќе се исполнат! Зборувајќи во името на Исус, ангелот објавува дека самиот Исус доаѓа „брзо“. Тоа сигурно ќе се случи кога Исус ќе дојде „како крадец“ за да ги уништи Јеховините непријатели и да нѐ воведе во величествената и среќна завршница на Откровението (Откровение 16:15, 16). Затоа, доколку сакаме да бидеме среќни во тоа време, треба да направиме сѐ што е потребно за да живееме во согласност со зборовите од „овој свиток“, односно од Откровението.

2. а) Како реагира Јован на толку многу откровенија, и што му вели ангелот? б) Што учиме од зборовите на ангелот: „Не прави го тоа!“ и „Поклони му се на Бог!“?

2 Сосема е разбирливо што по сите тие откровенија Јован е преплавен со силни чувства: „Јас, Јован, го чув и го видов сето тоа. И кога го чув и го видов, паднав пред нозете на ангелот кој ми го покажуваше тоа за да му се поклонам. Но тој ми рече: ‚Не прави го тоа! Јас сум само роб како и ти и твоите браќа пророци и како оние што ги држат зборовите на овој свиток. Поклони му се на Бог!‘“ (Откровение 22:8, 9; спореди Откровение 19:10). Ова предупредување — да не се обожаваат ангели — кое овде е кажано по вторпат, било сосема соодветно за времето на Јован кога, по сѐ изгледа, некои учествувале во такво обожавање или тврделе дека добиле посебни откровенија од ангели (1. Коринќаните 13:1; Галатите 1:8; Колошаните 2:18). Денес, пак, ни нагласува колку е важно да го обожаваме само Бог (Матеј 4:10). Не смееме да го расипеме чистото обожавање со тоа што би обожавале некој друг или нешто друго освен Јехова (Исаија 42:5, 8).

3, 4. Што продолжил да му кажува ангелот на Јован, и како помазаниот остаток ги послушал неговите зборови?

3 Јован продолжува: „Уште ми рече: ‚Не запечатувај ги зборовите на пророштвото од овој свиток, бидејќи близу е времето да се исполни тоа! Кој е неправеден, и понатаму нека врши неправда. Кој е валкан, и понатаму нека се валка. А кој е праведен, и понатаму нека врши правда. И кој е свет, и понатаму нека биде свет‘“ (Откровение 22:10, 11).

4 Во нашево време, членовите на помазаниот остаток го послушаа ангелот. Тие не ги запечатија зборовите на пророштвото. Напротив, уште во првиот број на Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност (Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence) од јули 1879 година, беа објаснети повеќе стихови од Откровението. Како што видовме во првото поглавје од оваа книга, низ годините Јеховините сведоци објавија и други книги кои содржат објаснувања за Откровението. Сега повторно им го свртуваме вниманието на сите оние што ја сакаат вистината на силните пророштва од оваа книга и на нивното исполнување.

5. а) Што ако луѓето не сакаат да обрнат внимание на предупредувањата и на советите од Откровението? б) Што се очекува од кротките и праведните?

5 Ако луѓето не сакаат да обрнат внимание на предупредувањата и на советите од Откровението, само нека продолжат така! „Кој е неправеден, и понатаму нека врши неправда.“ Ако така сакаат, оние што се валаат во нечистотијата на овој свет во кој сѐ е дозволено, можат слободно и да умрат во таа нечистотија. Наскоро, Јехова ќе ги изврши сите свои осуди, почнувајќи со уништувањето на Големиот Вавилон. Кротките се поттикнати да внимаваат на пророчките зборови: „Барајте го Јехова... Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста, и веројатно ќе бидете заштитени во денот на Јеховиниот гнев“ (Софонија 2:3). А за оние што веќе му го ветиле својот живот на Јехова важат зборовите: „Кој е праведен, и понатаму нека врши правда“. Мудрите знаат дека ниедна привремена корист што доаѓа од гревот не може да се спореди со вечните благослови на кои ќе им се радуваат оние што тежнеат по праведност и по светост. Библијата вели: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Коринќаните 13:5). А каква ќе биде твојата награда, зависи од тоа кој пат ќе го избереш и на кој пат ќе останеш (Псалм 19:9-11; 58:10, 11).

6. Што им вели Јехова за последен пат во ова пророштво на читателите на Откровението?

6 Јехова, Царот на вечноста, сега им се обраќа на читателите на Откровението за последен пат во ова пророштво, велејќи: „Еве, доаѓам бргу, и донесувам плата, за да му платам секому според неговото дело. Јас сум алфа и омега, првиот и последниот, почетокот и завршетокот. Среќни се оние што ги испрале своите долги облеки за да смеат да одат кај дрвјата на животот и да можат да влезат во градот низ неговите порти. Надвор остануваат кучињата и гаталците и блудниците и убијците и идолопоклониците и секој што ја сака лагата и се служи со неа“ (Откровение 22:12-15).

7. а) Со која цел Јехова ‚доаѓа бргу‘? б) Зошто свештениците на христијанскиот свет немаат никаков удел во Новиот Ерусалим?

7 Јехова Бог уште еднаш го нагласува своето вечно неприкосновено право да владее и фактот дека она што го намислил во почетокот, на крајот и ќе го оствари. Тој ‚доаѓа бргу‘ за да изврши суд и за да ги награди оние што го бараат со сета душа (Евреите 11:6). Бог е оној што ги одредува мерилата за тоа кој ќе биде награден, а кој ќе биде отфрлен. Свештениците на христијанскиот свет постапиле како „неми кучиња“, и ги затворале очите пред пороците што овде ги опишува Јехова (Исаија 56:10-12; види и 5. Мојсеева 23:18, фуснота). Сигурно е дека ги ‚сакале и се служеле‘ со лажни учења и догми, и дека потполно ги игнорирале советите што Исус им ги дал на седумте собранија. Затоа немаат никаков удел во Новиот Ерусалим.

8. а) Кои се тие што „одат кај дрвјата на животот“, и што значи ова? б) Како членовите на големото мноштво ги „испрале своите долги облеки“, и како можат да останат чисти?

8 Само оние помазани христијани кои навистина „ги испрале своите долги облеки“, и така станале чисти во Јеховини очи, имаат чест да „одат кај дрвјата на животот“, односно ним им е дадено правото да живеат бесмртно на својата небесна положба. (Спореди 1. Мојсеева 3:22-24; Откровение 2:7; 3:4, 5.) Откако ќе умрат како луѓе, тие со воскресението влегуваат во Новиот Ерусалим. Дванаесетте ангели ги пуштаат да влезат, но не пуштаат никого што лаже или е нечист, иако можеби тврди дека има надеж за живот на небото. Членовите на големото мноштво на Земјата исто така ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ и треба да останат чисти. Ова ќе го постигнат ако не им се оддаваат на лошите работи на кои Јехова овде предупредува, а и така што ќе ги послушаат советите што Исус ги дал во пораките до седумте собранија (Откровение 7:14; поглавја 2, 3).

9. Кои зборови ги кажува Исус, и до кого првенствено е упатена неговата порака и целото Откровение?

9 По Јехова зборува Исус. Тој има охрабрувачки зборови за сите искрени лица што го читаат Откровението: „Јас, Исус, го испратив својот ангел да им го посведочи ова на собранијата. Јас сум коренот и потомокот Давидов, и сјајната утринска ѕвезда“ (Откровение 22:16). Да, овие зборови се главно упатени до „собранијата“. Ова е, пред сѐ, порака за собранието од помазани христијани на Земјата. Сѐ што е кажано во Откровението првенствено им е упатено на помазаните христијани, кои ќе го населат Новиот Ерусалим. Преку тоа собрание, големото мноштво исто така има чест да ги разбере овие скапоцени пророчки вистини (Јован 17:18-21).

10. Зошто самиот Исус е а) „коренот и потомокот Давидов“? б) „сјајната утринска ѕвезда“?

10 На Исус Христос му била доверена задачата да му го пренесе Откровението на Јован, а преку него и на собранието. Исус е и „коренот и потомокот Давидов“. Како човек, тој потекнал од лозата на Давид, и затоа ги исполнува условите да биде Цар на Јеховиното Царство. Тој ќе му стане и „Вечен Татко“ на Давид, и на тој начин е негов ‚корен‘ (Исаија 9:6; 11:1, 10). Тој е вечен, бесмртен Цар од лозата на Давид, кој ќе го исполни Јеховиниот сојуз со Давид, но тој е и „сјајната утринска ѕвезда“ проречена во времето на Мојсеј (4. Мојсеева 24:17; Псалм 89:34-37). Тој е ‚ѕвездата деница‘ што се појавува и го најавува разденувањето (2. Петрово 1:19). Ниту една измама на големиот непријател, Големиот Вавилон, не можеше да го спречи величественото појавување на оваа ѕвезда.

Кажи: „Дојди!“

11. Која отворена покана ја упатува Јован сега, и кој може да ја прифати?

11 Сега Јован е на ред да зборува. Од срце преполно со ценење за сето она што го видел и чул, тој воскликнува: „И духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И секој што слуша, нека рече: ‚Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17). Бидејќи оваа покана важи за сите, користите од откупната жртва на Исус нема да бидат ограничени само на 144.000-те. Јеховиниот моќен дух дејствува преку класата на невестата, и како резултат на тоа, оваа порака продолжува да се шири јасно и гласно: ‚Земи бесплатно од водата на животот‘. (Види и Исаија 55:1; 59:21.) Сите што жедуваат за праведност се поканети ,да дојдат‘ и да го примат Јеховиниот великодушен дар (Матеј 5:3, 6). Колкава чест е ова за идните членови на земната класа кои ја прифаќаат оваа покана од помазаната класа на Јован!

12. Како големото мноштво одговорило на поканата од Откровение 22:17?

12 Од почетокот на 1930-тите, сѐ поголем број лица од големото мноштво ‚слушаат‘, односно ѝ обрнуваат внимание на поканата. Исто како и останатите помазани робови, и тие се чисти во Јеховини очи и копнеат по времето кога Новиот Ерусалим ќе слезе од небото за да излее благослови врз човештвото. Откако ја чуло силната порака од Откровението, големото мноштво не само што вели „Дојди!“, туку и навистина се труди да собере и други лица во Јеховината организација, поучувајќи ги и нив да објавуваат: „Секој што е жеден, нека дојде“. Така бројот на оние од големото мноштво продолжува да расте. Во 235 земји, повеќе од 6.000.000 од нив, заедно со преостанатите од класата на помазаната невеста — кои сега се помалку од 9.000 — ја упатуваат поканата до сите луѓе во светот да ‚земат бесплатно од водата на животот‘.

13. Какво предупредување дал Исус?

13 Сега повторно зборува Исус: „Му сведочам секому кој ги слуша зборовите на пророштвото од овој свиток: ако некој нешто додаде кон ова, Бог нему ќе му ги додаде неволјите кои се запишани во овој свиток. И ако некој одземе нешто од зборовите на свитокот на ова пророштво, Бог ќе му го одземе делот од она што е запишано во овој свиток: нема да смее да јаде од дрвјата на животот, ниту да влезе во светиот град“ (Откровение 22:18, 19).

14. Како класата на Јован гледа на „пророштвото“ од Откровението?

14 Оние од класата на Јован мора да им го насочат вниманието на луѓето на „пророштвото“ од Откровението. Не смеат да го скријат, ниту нешто да му додадат. Пораката што ја содржи тоа мора да се проповеда отворено, „од покривите“ (Матеј 10:27). Откровението е вдахновено од Бог. Кој би се осмелил да ја измени речта што ја кажал самиот Бог и ја пренел преку оној што сега владее како Цар, Исус Христос? Таквиот сигурно заслужува да не добие живот и да биде погоден од неволјите што сигурно ќе го снајдат Големиот Вавилон и целиот свет.

15. Што значат зборовите на Исус дека тој „сведочи за тоа“ и дека ‚доаѓа брзо‘?

15 Сега Исус ги кажува последните охрабрувачки зборови: „Оној што сведочи за тоа вели: ‚Да, доаѓам брзо!‘“ (Откровение 22:20а). Исус е „верниот и вистинит сведок“ (Откровение 3:14). Ако тој сведочи за виденијата во Откровението, тие мора да се вистинити. И тој и Јехова Бог постојано нагласуваат дека ќе дојдат „брзо“, или наскоро, и Исус овде го повторува ова по петти пат (Откровение 2:16; 3:11; 22:7, 12, 20). Тој ќе ‚дојде‘ за да ја изврши осудата над големата блудница, над политичките „цареви“ и над сите други што му се противат на Царството „на нашиот Господар [Јехова] и на неговиот Христос“ (Откровение 11:15; 16:14, 16; 17:1, 12-14).

16. Што треба одлучно да преземеш со оглед на тоа што знаеш дека Јехова Бог и Исус доаѓаат брзо?

16 Тоа што знаеш дека Јехова Бог и Исус доаѓаат брзо треба да те охрабри да го имаш „на ум Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:12). Секоја привидна стабилност на земјата, односно на Сатановиот поредок, е лажна. Секој привиден успех што може да го постигне небото од светски водачи под власта на Сатана е минлив. Тие ќе исчезнат (Откровение 21:1). Ќе останат само Јехова, неговото Царство во рацете на Исус Христос и новиот свет што Тој го ветил. Немој никогаш да го заборавиш ова! (1. Јованово 2:15-17).

17. Како треба да влијае врз тебе твоето ценење за светоста на Јехова?

17 Затоа, дозволи она што го научи со проучување на Откровението длабоко да влијае врз твојот живот. Зарем погледот на небесата каде што престојува самиот Јехова не ја врежа во твоето срце ненадминливата слава и светост на нашиот Творец? (Откровение 4:1 — 5:14). Навистина е огромна чест да му се служи на еден таков Бог! Твоето ценење за неговата светост нека те поттикне сериозно да размислиш за советите што Исус им ги дал на седумте собранија и никогаш да не станеш жртва на материјализмот, идолопоклонството, неморалот, млакоста, отпадничкото секташтво или што и да било друго што би можело да ја направи твојата служба неприфатлива за Јехова (Откровение 2:1 — 3:22). Начелото што лежи во основата на зборовите кои апостол Петар ѝ ги кажал на класата на Јован, исто така важи и за големото мноштво: „Како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите“ (1. Петрово 1:15, 16).

18. Во што треба да имаш најголем можен удел, и зошто ова дело е итно денес?

18 Освен тоа, повторно нека ти се разгори ревноста додека ја објавуваш „годината на Јеховината милост и денот на одмаздата на нашиот Бог“ (Исаија 35:4; 61:2). Сеедно дали си од малото стадо или од големото мноштво, објавувај го најмногу што можеш излевањето на седумте садови на Јеховиниот гнев, и разгласувај ги Божјите осуди над Сатановиот свет. Истовремено, радосно објавувај ја вечната добра вест за воспоставеното Царство на Јехова и на неговиот Христос (Откровение 11:15; 14:6, 7). Итно вклучи се во тоа дело. И уште многу други, кои сѐ уште не му служат на Јехова, нека се придружат во објавувањето на добрата вест кога ќе сфатат дека живееме во денот на Господарот. Нека напредуваат и тие кон крштавање и нека му го предадат својот живот на Бог. Запомни, ‚времето е блиску‘! (Откровение 1:3).

19. Кои се заклучните зборови на остарениот апостол Јован, и како ќе реагираш на нив?

19 Затоа, заедно со Јован, сесрдно молиме и ние: „Амин! Дојди, Господару Исусе!“ А Јован, остарениот апостол, додава: „Незаслужената доброта на Господарот Исус Христос нека биде со светите“ (Откровение 22:20б, 21). Нека биде и со сите вас што ја читате оваа книга. Имајте и вие вера дека величествената завршница на Откровението е близу, и придружете ни се велејќи од срце: „Амин!“

[Прашања]

[Слика на страница 314]

„Надвор остануваат кучињата...“

[Слика на страница 315]

„Среќни се оние што... можат да влезат во градот низ неговите порти“