Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Откровение — среќен крај!

Откровение — среќен крај!

Поглавје 1

Откровение — среќен крај!

1. Од каде знаеме дека Бог сака да бидеме среќни?

 ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН! Со оваа возбудлива библиска книга, Божјата реч завршува со среќен крај. Зошто велиме „среќен“? Затоа што самиот автор на Библијата е наречен „среќниот Бог“, кој им ја доверил „славната добра вест“ на оние што го сакаат. Тој сака и ние да бидеме среќни. Од таа причина, уште во почетокот на Откровението ни го дава следново уверување: „Среќен е оној што [ги] чита... зборовите на ова пророштво“. А во последното поглавје ни кажува: „Среќен е секој што ги држи зборовите на пророштвото од овој свиток“ (1. Тимотеј 1:11; Откровение 1:3; 22:7).

2. Што мораме да правиме ако сакаме книгата Откровение да ни помогне да бидеме среќни?

2 Како можеме да станеме среќни со помош на книгата Откровение? Така што ќе се трудиме да го дознаеме значењето на живописните знаци, или симболи, за кои зборува таа, и потоа ќе постапуваме во согласност со она што сме го дознале. На бурната историја на човештвото наскоро ѝ претстои страшен крај кога Бог и Исус Христос ќе ја извршат пресудата над сегашниов злобен свет и ќе го заменат со „ново небо и нова земја“, каде што ни „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:1, 4). Зарем не сакаме сите да живееме во еден таков нов свет, свет во кој ќе владее вистински мир и сигурност? Ние можеме да живееме таму доколку ја зајакнеме нашата вера со проучување на Божјата реч, во која се запишани и возбудливите пророштва од книгата Откровение.

Што е Апокалипса?

3. Што мислат многу луѓе за апокалипсата и за Армагедон?

3 Зарем Откровението не се нарекува и Апокалипса? Да. Всушност, „откровение“ е превод на грчкиот збор апока́липсис. Многу луѓе мислат дека апокалипсата е нуклеарна војна во која ќе биде уништен светот. Во еден град во Тексас (САД), каде што се произведуваа голем број нуклеарни боеви глави, некои побожни луѓе имаа обичај да кажат: „Ние ќе отидеме први“. Се известува дека свештениците во таа област „не само што биле убедени дека Армагедон е неизбежен туку и дека е многу близу, и дека конечната битка меѓу доброто и злото, меѓу Бог и Сатана, ќе биде во облик на нуклеарен холокауст, едно сеопшто уништување“. *

4. Кое е точното значење на зборот „апокалипса“, и зошто последната книга од Библијата со право го носи насловот „Откровение“?

4 Но, всушност, што е тоа апокалипса? Иако во речниците обично се дефинира како „неизбежна пропаст на светот“, грчкиот збор апока́липсис главно значи „откривање“ или „разоткривање“. Затоа последната книга од Библијата со право го носи насловот „Откровение“. Таа не содржи порака за неизбежна пропаст на светот. Напротив, во неа Бог ни открива вистини што во нашето срце треба да побудат светла надеж и да изградат непоколеблива вера.

5. а) Кој ќе биде уништен во Армагедон, а кој ќе преживее? б) Каква прекрасна иднина ги чека оние што ќе го преживеат Армагедон?

5 Точно, во последната книга од Библијата се вели дека Армагедон е „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14, 16). Но, тоа воопшто нема да биде нуклеарен холокауст! Во еден таков холокауст би бил уништен целокупниот живот на Земјата. Спротивно на ваквото гледиште, можеме да бидеме среќни што Божјата реч нѐ уверува дека ќе бидат уништени само злите противници на Бог, и тоа од сили што ќе ги води Тој (Псалм 37:9, 10; 145:20). Ова извршување на Божјата пресуда во Армагедон ќе го преживее едно големо мноштво луѓе од сите народи. Потоа Исус Христос ќе се грижи за нив и ќе им даде вечен живот на рајската Земја. Зарем не сакаш да бидеш дел од тоа мноштво? За среќа, Откровението покажува дека и ти можеш да бидеш еден од нив! (Откровение 7:9, 14, 17).

Постепено разоткривање на Божјите тајни

6. Кои книги ги имаат издадено Јеховините сведоци за подобро да се разбере Откровението?

6 Уште во далечната 1917 година, Watch Tower Society ја издаде книгата Тајната е разоткриена (The Finished Mystery). Во оваа книга беа објаснети, еден по еден, сите стихови од библиските книги Езекиел и Откровение. Потоа, како што светските настани продолжија да се одвиваат исполнувајќи ги библиските пророштва, навреме беше подготвено делото во два тома со наслов Светлина (Light), кое излезе во 1930 година. Во него беше објаснета книгата Откровение во согласност со поновото разбирање. Светлината продолжи ‚да свети за праведните‘, и така, во 1963 година, Јеховините сведоци ја издадоа книгата со 704 страници, која носеше наслов „Падна Големиот Вавилон!“ Божјето Царство владее! (“Babylon the Great Has Fallen!” God’s Kingdom Rules!) Ова дело содржи детален опис на подемот и падот на Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија. Најважен дел од книгата беше објаснувањето на последните девет поглавја од Откровението. Бидејќи ‚патеката на праведниците стануваше сѐ посветла‘, особено во однос на собраниските активности, во 1969 година беше издадена книгата со 384 страници, која носеше наслов „Тогаш беше разоткриена Божјата тајна“ (“Then Is Finished the Mystery of God”), во која беа објаснети првите 13 поглавја од книгата Откровение (Псалм 97:11; Изреки 4:18).

7. а) Зошто Јеховините сведоци ја издаваат оваа книга за Откровението? б) Кои нагледни средства во книгата ќе им користат на читателите?

7 Тогаш, зошто се издава и оваа книга за Откровението? Повеќето информации што излегоа отпорано беа многу опширни и не беше можно да се преведат на многу јазици во светот. Затоа се увиде потребата да се издаде книга за Откровението во еден том и во формат што лесно може да се објави на многу јазици. Освен тоа, оваа книга содржи и нагледни средства како што се слики, табели и краток преглед на виденијата, сѐ со цел да им се помогне на читателите јасно да разберат колку се важни овие извонредни пророштва.

8. Која е една уште посилна причина за издавање на оваа книга?

8 Уште посилна причина за издавање на оваа книга е потребата да бидеме во чекор со најновото разбирање на вистините од Библијата. Јехова сѐ повеќе го расветлува значењето на својата Реч и, како што се приближуваме до големата неволја, можеме да очекуваме сѐ подобро да го разбираме Откровението, а и другите пророштва од Библијата (Матеј 24:21; Откровение 7:14). Важно е да бидеме добро информирани. Во врска со Божјата пророчка реч, апостол Петар го напишал следново: „Добро правите што внимавате на неа како на светилка која свети на темно место, во вашите срца, додека не самне денот и не се појави ѕвезда деница“ (2. Петрово 1:19).

9. а) Што ќе создаде Бог според она што е кажано во Откровението, а и во други пророштва? б) Што е новиот свет, и што мораш да сториш за и ти да живееш во него?

9 Откровението, како и многу други библиски пророштва, потврдува дека Јехова Бог има намера да создаде нови небеса и нова земја (Исаија 65:17; 66:22; 2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-5). Пораката во него главно им е упатена на помазаните христијани, кои Исус ги купил со својата крв за да владеат заедно со него како дел од новите небеса (Откровение 5:9, 10). Но, оваа добра вест ќе ја зајакне верата и на милиони други луѓе, кои со радост очекуваат да живеат вечно под владата на Христовото Царство. Дали си и ти еден од нив? Ако да, Откровението ќе ја зацврсти твојата надеж дека ќе живееш во Рајот како дел од новата земја, и дека ќе уживаш во изобилен мир, во одлично здравје и во сето она што Јехова ќе го прави за нас во сета вечност (Псалм 37:11, 29, 34; 72:1, 7, 8, 16). Доколку сакаш да преживееш и да бидеш во тој нов свет, мораш итно — без одложување — да обрнеш внимание на сликовитиот опис што го дава Откровението на епохалната завршница, која сега е многу близу (Софонија 2:3; Јован 13:17).

[Фуснота]

^ Süddeutsche Zeitung, Минхен (Германија), 24 јануари 1987.

[Прашања]

[Слика на целата страница 7]