Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пеење на новата победничка песна

Пеење на новата победничка песна

Поглавје 29

Пеење на новата победничка песна

Видение 9 — Откровение 14:1-20

Тема: 144.000-те стојат на гората Сион со Јагнето; се огласуваат ангелски објави низ целата Земја; се собира жетвата

Кога се исполнува: од 1914 година до големата неволја

1. Што дознавме во врска со Откровение, поглавја 7, 12 и 13, и што ќе видиме сега?

 КОЛКУ само е пријатно следното видение на Јован! Наместо организациите на змејот, слични на грди ѕверови, сега ги гледаме Јеховините верни слуги и гледаме што прават тие во денот на Господарот (Откровение 1:10). Од Откровение 7:1, 3 дознавме дека четирите ветрови на уништувањето се задржувани сѐ додека не се обележат со печат сите 144.000 помазани робови. Освен тоа, Откровение 12:17 јасно ни покажа дека во ова време „преостанатите... потомци [на жената]“ стануваат посебна мета на змејот, Сатана. А во 13. поглавје од Откровението ни беше даден сликовит опис на политичките организации кои Сатана ги основал на Земјата за да врши силен притисок врз Јеховините верни слуги и немилосрдно да ги прогонува. Но, тој заколнат непријател не може да ја осуети Божјата намера! Ќе видиме дека, и покрај злобните напори на Сатана, сите 144.000 се успешно собрани.

2. Како Јован однапред ни го покажува среќниот исход за кој станува збор во Откровение 14:1, и кој е Јагнето?

2 На Јован, а и на класата на Јован денес, однапред им е покажан тој среќен исход: „И видов, и гледај — Јагнето стои на гората Сион, и со него сто четириесет и четири илјади, кои го имаат неговото име и името на неговиот Татко напишано на своите чела“ (Откровение 14:1). Како што веќе видовме, ова Јагне е Михаел, кој го исчистил небото со тоа што ги исфрлил Ѓаволот и неговите демони. Тој е истиот оној Михаел за кого Даниел вели дека „стои и им помага на синовите на [Божјиот] народ“, и се подготвува да „стане“ и да ги изврши Јеховините праведни пресуди (Даниел 12:1; Откровение 12:7, 9). Од 1914 година, ова самопожртвувано Јагне Божје стои како месијански Цар на гората Сион.

3. Што е „гората Сион“ на која ‚стојат‘ Јагнето и 144.000-те?

3 Се исполни токму она што го прорекол Јехова: „Јас го поставив својот цар на Сион, мојата света гора“ (Псалм 2:6; 110:2). Ова повеќе не се однесува на земната гора Сион, каде што бил сместен земниот Ерусалим — градот во кој владееле човечки цареви од лозата на Давид (1. Летописи 11:4-7; 2. Летописи 5:2). Откако Исус умрел и воскреснал во 33 год. од н.е., бил поставен како аголен камен-темелник на небесната гора Сион, место на небото каде што Јехова одлучил да го смести „градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим“. Според тоа, овде „гората Сион“ ја претставува возвишената положба на Исус и на неговите сонаследници од кои се состои небесниот Ерусалим, односно Царството (Евреите 12:22, 28; Ефешаните 3:6). Таа гора е симбол на величествената царска положба на која Јехова ги возвишува во денот на Господарот. Низ вековите, помазаните христијани, како „живи камења“, сесрдно копнееле да застанат на таа небесна гора Сион, обединети со прославениот Господар Исус Христос во неговото величествено Царство (1. Петрово 2:4-6; Лука 22:28-30; Јован 14:2, 3).

4. Во која смисла сите 144.000 стојат на гората Сион?

4 Јован гледа дека, освен Исус, на гората Сион стојат и сите 144.000 сонаследници на небесното Царство. Во времето кога се исполнува ова видение, повеќето од 144.000-те се веќе на небото, но не се сите. Подоцна во истото видение Јован дознава дека некои од светите сѐ уште треба да покажат истрајност и да останат верни до смрт (Откровение 14:12, 13). Очигледно, некои од 144.000-те сѐ уште се на Земјата. Тогаш, зошто Јован вели дека гледа како сите стојат на гората Сион со Исус? * Затоа што, како членови на собранието од помазани христијани, тие сега ‚им се приближиле на планината Сион и на градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим‘ (Евреите 12:22). Исто како Павле, додека сѐ уште бил на Земјата, тие веќе биле воскреснати во духовна смисла за да седат заедно со Исус Христос на небесата (Ефешаните 2:5, 6). Освен тоа, во 1919 година тие ја прифатија поканата, „Дојдете ваму горе!“ и, во симболична смисла, „отидоа горе на небото во облакот“ (Откровение 11:12). Во склад со овие стихови, можеме да видиме дека сите 144.000 — во духовна смисла — се наоѓаат на гората Сион заедно со Исус Христос.

5. Чии имиња се запишани на челата на 144.000-те, и што значи секое од нив?

5 Овие 144.000 немаат ништо заедничко со луѓето што го обожаваат ѕверот и што се обележани со симболичниот број 666 (Откровение 13:15-18). Напротив, на челата на овие верни лица е запишано името на Бог и на Јагнето. Нема сомнение дека Јован, кој бил Евреин, го видел Божјето име напишано со хебрејски букви, יהוה. * Бидејќи на нивните чела симболично е запишано името на Таткото на Исус, овие лица обележани со печат јасно им ставаат до знаење на сите дека тие се Јеховини сведоци, Негови робови (Откровение 3:12). Тоа што на нивните чела е запишано и името на Исус покажува дека тие го признаваат за свој сопственик. Тој е нивниот „маж“, а тие се неговата идна „невеста“, ‚новото создание‘ кое му служи на Бог и има надеж да живее на небото (Ефешаните 5:22-24; Откровение 21:2, 9; 2. Коринќаните 5:17). Нивното блиско пријателство со Јехова и со Исус Христос влијае врз сите нивни мисли и постапки.

Се пее нешто како нова песна

6. Какво пеење чул Јован, и како го опишал?

6 Во склад со ова, Јован известува: „И чув звук од небото како шум од многу води и како татнеж од силен гром. Звукот што го чув беше како музика на харфисти, кои пееја и свиреа на своите харфи. Пееја нешто како нова песна пред престолот и пред четирите суштества и пред старешините. И никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто четириесет и четири илјади, кои се откупени од земјата“ (Откровение 14:2, 3). Не е никакво чудо што ова пеење на 144.000 гласови обединети во еден милозвучен хор го потсетува Јован на звук на бучни водопади и на продорно татнење на гром. Колку само е пријатна таа јасна музика која звучи како свирење на харфи! (Псалм 81:2). Кој хор на Земјата воопшто би можел да пее толку величествено како овој прекрасен, милозвучен хор?

7. а) Што е новата песна од Откровение 14:3? б) Во која смисла песната од Псалм 149:1 е нова во нашево време?

7 А што е оваа „нова песна“? Како што забележавме кога го разгледувавме Откровение 5:9, 10, песната се однесува на Јеховините намери во врска со Царството и на сето она што Јехова го направил — преку Исус Христос — за духовните Израелци да станат „царство и свештеници на нашиот Бог“. Тоа е фалбена песна за Јехова со која ги објавуваат новите работи што ги прави тој преку Израелот Божји и за негово добро (Галатите 6:16). Членовите на овој духовен Израел ја прифаќаат поканата на псалмистот: „Фалете го Јах! Пејте му на Јехова нова песна, фалба негова на собирот на неговите лојални слуги! Нека му се радува Израел на својот Величествен Творец, синовите на Сион нека му се веселат на својот Цар!“ (Псалм 149:1, 2). Точно е дека овие зборови биле напишани пред многу векови, но во нашево време се пеат со ново разбирање. Во 1914 година беше родено месијанското Царство (Откровение 12:10). Во 1919 година Јеховиниот народ на Земјата почна да ја објавува „речта за царството“ со разгорена ревност (Матеј 13:19). Мотивирани од годишниот стих за 1919 година (Исаија 54:17) и охрабрени од тоа што влегоа во духовен рај, таа година тие почнаа ‚со песна да го фалат Јехова во своите срца‘ (Ефешаните 5:19).

8. Зошто само 144.000-те можат да ја научат новата песна од Откровение 14:3?

8 Но, зошто само 144.000-те можат да ја научат песната спомната во Откровение 14:3? Бидејќи таа е поврзана со она што го чувствуваат како избрани наследници на Божјето Царство. Само тие се усвоени како Божји синови и помазани со свет дух. Само тие се откупени од Земјата за да станат дел од тоа небесно Царство, и само тие „ќе бидат свештеници... и ќе царуваат“ со Исус Христос илјада години за да ги доведат луѓето до совршенство. Јован гледа дека само тие ‚пеат нешто како нова песна‘, и тоа во присуство на самиот Јехова. * Сите овие искуства и благослови, кои се единствени од таков вид, им даваат посебно разбирање и ценење за Царството и им помагаат да пеат за него на начин на кој не може да пее никој друг (Откровение 20:6; Колошаните 1:13; 1. Солуњаните 2:11, 12).

9. Како реагирало големото мноштво на песната на помазаниците, и кои зборови се исполниле со тоа?

9 Меѓутоа, и други ја слушаат песната и им се придружуваат. Од 1935 година едно сѐ поголемо мноштво од други овци ја слушаа нивната победничка песна и беа поттикнати да им се придружат во објавувањето на Божјето Царство (Јован 10:16; Откровение 7:9). Точно, тие не можат да научат да ја пеат сосема истата нова песна што ја пеат идните владетели на Божјето Царство. Но, и тие му пеат милозвучни фалби на Јехова, химна која го слави Јехова за новите работи што ги прави. Така постапуваат во склад со зборовите на псалмистот: „Пејте му на Јехова нова песна! Пејте му на Јехова, сите луѓе на земјата! Пејте му на Јехова, благословувајте го неговото име! Од ден на ден објавувајте ја добрата вест за неговото спасение! Објавувајте ја меѓу народите неговата слава, меѓу сите народи — неговите чудесни дела! Признајте го Јехова, сите народни племиња, оддајте му слава на Јехова и признајте ја неговата моќ! Кажувајте меѓу народите: ‚Јехова стана цар!‘“ (Псалм 96:1-3, 7, 10; 98:1-9).

10. Како може 144.000-те да пеат „пред“ симболичните 24 старешини?

10 Како може 144.000-те да пеат „пред“ старешините кога 24-те старешини, всушност, ги претставуваат тие исти 144.000 на нивната славна небесна положба? Уште во почетокот на денот на Господарот, оние што беа „мртви во единство со Христос“ беа воскреснати како духовни суштества. Така, верните помазани христијаните кои победиле сега се на небото и, во симболична смисла, извршуваат задачи слични на должностите што ги имале 24-те групи свештеници. Тие се вклучени во видението за Јеховината небесна организација (1. Солуњаните 4:15, 16; 1. Летописи 24:1-18; Откровение 4:4; 6:11). Според тоа, остатокот од 144.000-те кој сѐ уште е на Земјата ја пее новата песна пред, или пред очите на, своите воскреснати браќа на небото.

11. Зошто за помазаните победници се зборува и како за 24 старешини и како за 144.000?

11 Сега можеби ќе прашаме: Зошто за овие помазани победници се зборува и како за симболични 24 старешини и како за 144.000? Затоа што во Откровението за оваа група се зборува од две гледни точки. Дваесет и четирите старешини секогаш се прикажани на својата највисока положба околу Јеховиниот престол, каде што се поставени за цареви и свештеници на небесата. Со нив е претставена целата група од 144.000 на нивната небесна положба, иако моментално еден мал остаток од нив сѐ уште е на Земјата (Откровение 4:4, 10; 5:5-14; 7:11-13; 11:16-18). Но, во Откровение, 7. поглавје, вниманието е насочено на 144.000-те како поединци кои се откупени од луѓето, и со тоа е нагласена Јеховината величествена намера да го запечати целокупниот број на духовните Израелци и да им даде спасение на неброено големо мноштво луѓе. Во Откровение, 14. поглавје, ни е дадена слика која потврдува дека целокупната класа на Царството, која се состои од 144.000 победници, ќе биде собрана со Јагнето на гората Сион. Но, наведени се и условите што треба да се исполнат за да се биде вброен меѓу тие 144.000, како што ќе видиме сега. *

Тие го следат Јагнето

12. а) Како Јован го продолжува својот опис на 144.000-те? б) Во која смисла тие 144.000 ја зачувале својата девственост?

12 Продолжувајќи со својот опис на 144.000-те „кои се откупени од земјата“, Јован ни кажува: „Тоа се оние што не се извалкаа со жени; тие ја зачуваа својата девственост. Тие го следат Јагнето каде и да појде. Тие се откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето, и никаква лага не им се најде во устата, со ништо не се извалкаа“ (Откровение 14:4, 5). Тоа што 144.000-те ја ‚зачувале својата девственост‘ не значи дека членовите на оваа класа не биле никогаш во брак како луѓе. Апостол Павле им пишал на христијаните кои имале небесен позив дека, иако си има свои предности еден христијанин да не стапи во брак, под одредени околности е подобро да биде во брак (1. Коринќаните 7:1, 2, 36, 37). Она што е карактеристично за оваа класа е духовната девственост. Тие не извршиле духовна прељуба со светската политика и со лажната религија (Јаков 4:4; Откровение 17:5). Како идна невеста на Христос, останале чисти, „неизвалкани среде еден расипан и изопачен род“ (Филипјаните 2:15).

13. Зошто 144.000-те се соодветна невеста за Исус Христос, и како „тие го следат Јагнето каде и да појде“?

13 Освен тоа, „никаква лага не им се најде во устата“. Во овој поглед тие се како својот Цар, Исус Христос. Како совршен човек, ‚тој не направил грев, ниту, пак, се нашла измама во неговата уста‘ (1. Петрово 2:21, 22). Со тоа што се и неизвалкани и вистинољубиви, 144.000-те се подготвени како чиста невеста за Јеховиниот првосвештеник. Кога бил на Земјата, Исус ги повикал искрените лица да појдат по него (Марко 8:34; 10:21; Јован 1:43). Оние што го прифатиле овој повик живееле како него и им биле послушни на неговите учења. На тој начин, како луѓе на Земјата „тие го следат Јагнето каде и да појде“ додека тоа ги води низ Сатановиот свет.

14. а) Во која смисла 144.000-те се „првина за Бог и за Јагнето“? б) Во која смисла и големото мноштво е првина?

14 Овие 144.000 се „купени од земјата“, „откупени од луѓето“ и усвоени како Божји синови, кои по своето воскресение веќе не се обични луѓе од крв и месо. Како што е спомнато во 4. стих, тие стануваат „првина за Бог и за Јагнето“. Точно, во првиот век, Исус бил „првина од оние што умреле“ (1. Коринќаните 15:20, 23). Но, и 144.000-те се „првини“ од несовршените луѓе, откупени со Исусовата жртва (Јаков 1:18). Сепак, собирањето на плодови од луѓето не завршува со нив. Книгата Откровение веќе покажа дека се собира неброено големо мноштво кое извикува на сет глас: „Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето!“ Членовите на ова големо мноштво ќе ја преживеат големата неволја, и додека постојано си ја обновуваат силата пиејќи од ‚изворите на води на животот‘, ќе им биде помогнато да станат совршени луѓе кои ќе живеат на Земјата. Некое време по големата неволја, гробот ќе биде испразнет, и неброени милиони други луѓе ќе бидат воскреснати и ќе имаат можност да пијат од истите тие води на животот. Имајќи го ова на ум, со право можеме да го наречеме големото мноштво првина од другите овци бидејќи тие се првите што ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ и имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата (Откровение 7:9, 10, 14, 17; 20:12, 13).

15. Какви сличности постојат меѓу трите првини и празниците што се славеле под Мојсеевиот закон?

15 Овие три првини (Исус Христос, 144.000-те и големото мноштво) имаат интересни сличности со празниците што ги пропишувал древниот Мојсеев закон. На 16 нисан, на Празникот на бесквасните лебови, на Јехова му бил принесуван еден сноп од првините од жетвата на јачменот (3. Мојсеева 23:6-14). На 16 нисан Исус бил воскреснат од мртвите. На 50-тиот ден по 16 нисан, во третиот месец, Израелците го славеле Празникот на жетвата на првината од пченицата (2. Мојсеева 23:16; 3. Мојсеева 23:15, 16). Овој празник бил наречен Педесетница (од грчкиот збор што значи „педесетти“) и токму на Педесетница 33 год. од н.е. биле помазани со свет дух првите членови на групата од 144.000. На крајот, во седмиот месец кога бил собран целиот род, се одржувал Празникот на сениците, време на радосно благодарење кога Израелците живееле една седмица во сеници кои, меѓу другото, биле направени и од палмови гранки (3. Мојсеева 23:33-43). Слично на тоа, членовите на големото мноштво, кои се собрани во големата жетва, му благодарат на Јехова пред престолот со „палмови гранки во рацете“ (Откровение 7:9).

Објава на вечна добра вест

16, 17. а) Каде летал ангелот што го видел Јован, и што објавувал тој ангел? б) Кој е вклучен во проповедањето на Царството, и кои искуства го покажуваат ова?

16 Потоа Јован пишува: „И видов еден друг ангел како лета среде небото, носејќи вечна добра вест за да им ја објави на оние што живеат на земјата — на секој народ и племе и јазик и народност. И зборуваше со силен глас: ‚Бојте се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд! Поклонете му се на оној што ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода!‘“ (Откровение 14:6, 7). Ангелот лета „среде небото“, каде што летаат птиците. (Спореди Откровение 19:17.) Затоа неговиот глас може да се слушне низ целиот свет. Навистина, оваа објава на ангелот може да достигне многу повеќе луѓе во светот од која и да било телевизиска вест!

17 Сите се поттикнати да се плашат, но не од ѕверот и од неговиот кип, туку од Јехова, кој е незамисливо помоќен од кој и да е симболичен ѕвер со кој управува Сатана. Јехова е тој што ги создал небото и Земјата, и сега е време тој да ѝ суди на Земјата! (Спореди 1. Мојсеева 1:1; Откровение 11:18.) Кога Исус бил на Земјата, во врска со нашево време го прорекол следново: „И оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Собранието од помазани христијани го извршува овој налог (1. Коринќаните 9:16; Ефешаните 6:15). Од овој дел на Откровението дознаваме дека и невидливите ангели се вклучени во проповедањето. Колку често било очигледно дека ангели ги воделе Јеховините сведоци до домот на некоја измачена душа која копнеела, па дури и се молела, да добие духовна помош!

18. Според ангелот што лета среде небото, за што дошол часот сега, и кој ќе ги огласи следните објави?

18 Како што објавува ангелот кој лета среде небото, дојден е часот на суд. Каква пресуда ќе донесе Бог? Сите ќе се вчудовидат од она што сега ќе го објават вториот, третиот, четвртиот и петтиот ангел (Еремија 19:3).

[Фусноти]

^ Како што се гледа од 1. Коринќаните 4:8, помазаните христијани не владеат како цареви додека се овде на Земјата. Сепак, според контекстот во Откровение 14:3, 6, 12, 13 тие ја пеат новата песна со тоа што ја проповедаат добрата вест и истрајно го прават тоа до крајот на својот живот на Земјата.

^ Ова го потврдува користењето на хебрејските имиња во други виденија. На пример, на Исус му е дадено хебрејското име „Авадон“ (што значи „уништување“), и тој ја извршува осудата на местото „кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“ (Откровение 9:11; 16:16).

^ Стихот вели „нешто како нова песна“ зашто самата песна била запишана во пророчката Реч уште во древни времиња. Но, никој не можел да ја пее. Сега, кога е воспоставено Царството и кога се воскреснати светите, пророштвата се исполнуваат и дојдено е времето таа песна да се запее во сета нејзина убавина.

^ Ова може да се спореди со верниот и разборит роб кој им дава на своите слуги храна во вистинско време (Матеј 24:45). Робот како тело е одговорен да дава храна, но слугите, поединечните членови, односно делови на тоа тело, се хранат од таа духовна храна. Станува збор за истата група опишана од различна гледна точка — како целина и како поединци.

[Прашања]

[Слики на страници 202 и 203]

144.000

24 старешини

Сонаследниците на Јагнето, Исус Христос, од две различни гледни точки