Погубување на Големиот Вавилон
Поглавје 35
Погубување на Големиот Вавилон
1. Како ангелот го опишува црвениот ѕвер, и каква мудрост ни е потребна за да ги разбереме симболите од Откровението?
АНГЕЛОТ продолжува да му го опишува на Јован црвениот ѕвер од Откровение 17:3 со следниве зборови: „За ова е потребно разум и мудрост: Седумте глави претставуваат седум гори врз кои седи жената. Тие претставуваат и седум цареви: петмина паднаа, еден владее, а другиот уште не дошол, но кога ќе дојде, ќе остане кратко време“ (Откровение 17:9, 10). Ангелот овде ја посредува мудроста одозгора, единствената мудрост што може да ни помогне да ги разбереме симболите од Откровението (Јаков 3:17). Оваа мудрост им помага на класата на Јован и на нејзините придружници да сфатат колку е значајно времето во кое живееме. Таа им помага и на луѓето со богобојазливи срца да ги разберат Јеховините осуди, кои треба да бидат извршени сега, и всадува во нив здрав страв од Јехова. Во Изреки 9:10 се вели: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост, а знаењето за Најсветиот донесува разборитост“. Што ни открива Божјата мудрост во врска со ѕверот?
2. Што претставуваат седумте глави на црвениот ѕвер, и во која смисла ‚петмина паднале, еден владее‘?
2 Седумте глави на овој див ѕвер претставуваат седум „гори“, односно планини, или седум „цареви“. Овие зборови во Библијата се однесуваат на влади (Еремија 51:24, 25; Даниел 2:34, 35, 44, 45). Во неа се спомнати шест светски сили кои имале влијание врз животот на Божјиот народ: Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. До времето кога Јован го добил Откровението, пет од овие влади веќе дошле и поминале, а Рим сѐ уште бил голема светска сила. Ова е во извонредна согласност со зборовите: „Петмина паднаа, еден владее“. Но, што е со „другиот“ кој треба да дојде?
3. а) Како било поделено Римското Царство? б) Што се случувало на Запад? в) Што претставувало, всушност, Светото Римско Царство?
3 Римското Царство постоело, па дури и се ширело, уште неколку стотини години по смртта на Јован. Во 330 год. од н.е., императорот Константин ја преместил својата престолнина од Рим во Визант, на кој му дал ново име — Константинопол. Во 395 год. од н.е., Римското Царство било поделено на Источно и Западно Царство. Во 410 год. од н.е., Рим бил освоен од Аларик, цар на Визиготите (германско племе кое се преобратило на ариевскиот облик на „христијанство“). Германски племиња (исто така „христијански“) ја освоиле Шпанија и голем дел од римската територија во северна Африка. Потоа во Европа следеле векови на преврати, немири и промени. На Запад дошле на власт познати цареви, како Карло Велики, кој во 9 век склучил сојуз со папата Лав III, и Фридрих II, кој владеел во 13 век. Но, подрачјето на кое тие владееле — иако било наречено Свето Римско Царство — било многу помало од некогашното Римско Царство кога тоа било во зенитот на својата моќ. Повеќе се работело за еден вид обновување или продолжение на таа древна сила отколку за ново царство.
4. Какви успеси имало Источното Царство, но што се случило со поголемиот дел од подрачјето на древниот Рим во северна Африка, Шпанија и Сирија?
4 Меѓу Источното Римско Царство, со престолнина во Константинопол, и Западното Царство постоеле прилично напнати односи. Во шестиот век, Јустинијан I, цар на Источното Царство, успеал да поврати голем дел од северна Африка, а продрел и во Шпанија и Италија. Во седмиот век, Јустинијан II повторно ги зазел подрачјата од Македонија што претходно биле освоени од словенските племиња. Но, до осмиот век, поголемиот дел од поранешното подрачје на древниот Рим во северна Африка, Шпанија и Сирија паднал под власта на новото исламско царство, и на тој начин бил изгубен и за Константинопол и за Рим.
5. Иако градот Рим бил освоен во 410 год. од н.е., зошто поминале многу векови пред сите политички траги од Римското Царство да ги снема од светската сцена?
5 Самиот Константинопол се одржал малку подолго. Им одолевал на честите напади на Персијците, Арапите, Бугарите и Русите сѐ до 1203 година, кога конечно бил освоен — но не од муслиманите, туку од крстоносците кои дошле од Запад. Сепак, во 1453 година, бил покорен од муслиманскиот отомански владетел Мехмед II, и наскоро станал престолнина на Отоманското, односно Турското Царство. На тој начин, иако градот Рим бил освоен во 410 год. од н.е., поминале уште многу векови додека сите политички траги од Римското Царство не биле отстранети од светската сцена. Дури и тогаш, неговото влијание можело сѐ уште да се почувствува во религиозните држави поддржани од папството на Рим и од Источните православни цркви.
6. Кои нови царства се појавиле, и кое од нив било најуспешно?
6 Меѓутоа, до 15-тиот век, на некои подрачја почнале да никнуваат сосем нови царства. Иако некои од нив се наоѓале на подрачјето на некогашните римски колонии, овие царства не биле само продолжение на Римското Царство. Португалија, Шпанија, Франција и Холандија станале колонијални сили. Но, најуспешна од сите била Британија, која владеела со огромно царство во кое ‚сонцето никогаш не заоѓало‘. Во различни периоди таа опфаќала големи делови од Северна Америка, Африка, Индија и Југоисточна Азија, како и од јужнопацифичките области.
7. Како настанала една двојна светска сила, и колку долго рекол Јован дека ќе постои таа седма ‚глава‘, или светска сила?
7 До 19 век, некои од колониите во Северна Америка веќе се отцепиле од Британија и ги основале независните Соединети Американски Држави. Политичките судири меѓу новата нација и поранешната татковина продолжиле. Меѓутоа, Првата светска војна ги принуди и двете земји да увидат дека имаат заеднички интереси, и тие го зацврстија својот посебен однос. На тој начин настана еден вид двојна светска сила, која се состои од Соединетите Американски Држави, сега најбогатата земја во светот, и од Велика Британија, седиште на најголемото царство на светот. Значи, тоа е седмата ‚глава‘, или светска сила која постои во времето на крајот и се наоѓа на подрачјето на кое за првпат пуштија корен денешните Сведоци на Јехова. Во споредба со долгото владеење на шестата глава, седмата останува само „кратко време“, сѐ додека Божјето Царство не им стави крај на сите одделни држави.
Зошто е наречен осми цар?
8, 9. Како го нарекува ангелот симболичниот црвен ѕвер, и во која смисла ѕверот потекнува од седуммината?
8 Ангелот продолжува да му објаснува на Јован: „А ѕверот кој беше, но повеќе не е, е осми цар, но потекнува од оние седуммина, и ќе биде уништен“ (Откровение 17:11). Симболичниот црвен ѕвер „потекнува“ од седумте глави. Тоа значи дека им го должи своето постоење на главите на првиот ‚ѕвер што излегува од морето‘, според чиј лик бил направен. Во која смисла? Па, во 1919 година англо-американската сила беше главата која веќе беше во подем. Претходните шест глави беа паднати, и сега оваа двојна глава заземаше положба на водечка светска сила. Како денешен претставник на низата од светски сили, оваа седма глава беше иницијатор за основањето на Лигата на народите, и до ден-денес се залага за Обединетите нации повеќе од сите други, а им дава и најголема финансиска поддршка. Така, на симболичен начин, црвениот ѕвер — осмиот цар — „потекнува“ од првобитните седум глави. Гледано од овој аспект, изјавата дека потекнува од седумте глави е во согласност со претходното откровение во кое видовме дека ѕверот што има два рога како јагне (односно англо-американската светска сила, седмата глава на првиот ѕвер) ги натера луѓето да направат кип и му вдахна живот (Откровение 13:1, 11, 14, 15).
9 Освен тоа, меѓу првите членки на Лигата на народите беа, заедно со Велика Британија, и земји чие седиште се престолнините на некои од претходните глави, како што се Грција, Иран (Персија) и Италија (Рим). На крајот, земјите што денес лежат на територијата која порано им припаѓала на првите шест светски сили станаа членки на кипот на ѕверот и му ја даваат својата поддршка. И во оваа смисла може да се каже дека овој црвен ѕвер потекнува од седумте светски сили.
10. а) Зошто за црвениот ѕвер може да се каже дека „е осми цар“? б) Како еден лидер на поранешниот Советски Сојуз покажал дека ги поддржува Обединетите нации?
10 Забележи дека самиот црвен ѕвер „е осми цар“. Значи, замислата е Организацијата на обединетите нации да има улога слична на една светска влада. Понекогаш таа и дејствува како влада, така што испраќа војски на фронтот за да разреши меѓународни спорови, како што беа оние во Кореја, на Синајскиот Полуостров, во некои африкански земји и во Либан. Но, овој ѕвер е само кип на цар. Исто како некој кип на светец, тој всушност има само толкаво влијание или моќ колку што ќе му дадат оние што го направиле и што го обожаваат. На моменти, овој симболичен ѕвер се чини немоќен; но никогаш не беше напуштен целосно како што беше напуштена Лигата на народите, која беше турната во бездна на поттик на диктаторски ориентираните членки (Откровение 17:8). Еден истакнат лидер на поранешниот Советски Сојуз, кој инаку имаше сосема спротивни гледишта по други прашања, во 1987 година им се придружи на римските папи изразувајќи ја својата поддршка на ОН. Тој дури повика ОН да воспостават „сеопфатен систем на меѓународна безбедност“. Како што наскоро ќе дознае Јован, ќе дојде време кога на Обединетите нации ќе им биде дадена прилично голема власт. А потоа ќе ‚бидат уништени‘.
Десет цареви за еден час
11. Што кажува Јеховиниот ангел во врска со десетте рогови на симболичниот црвен ѕвер?
11 Во претходното поглавје од Откровението, шестиот и седмиот ангел ги излеаја садовите на Божјиот гнев. Ни беше кажано и дека царевите од целиот свет се собираат за Божјата војна Армагедон, и дека ‚Бог ќе се сети на Големиот Вавилон‘ (Откровение 16:1, 14, 19). Сега ќе дознаеме повеќе поединости за тоа како ќе бидат извршени Божјите судови. Слушај што му кажува Јеховиниот ангел на Јован: „Десетте рогови што ги виде претставуваат десет цареви, кои уште не примиле царство, но ќе примат власт како цареви за еден час заедно со ѕверот. Тие имаат иста замисла, па затоа својата моќ и власт му ја даваат на ѕверот. Тие ќе се борат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, бидејќи е Господар над господарите и Цар над царевите, а ќе ги победат и оние што со него се повикани и избрани и верни“ (Откровение 17:12-14).
12. а) Што претставуваат десетте рогови? б) Во која смисла симболичните десет рогови „уште не примиле царство“? в) Во кој поглед симболичните десет рогови имаат „царство“ сега, и колку долго ќе владеат?
12 Десетте рогови ги претставуваат сите политички сили што моментално владеат на светската сцена и го поддржуваат кипот на ѕверот. Во времето на Јован постоеле само неколку од земјите што постојат сега, а оние што постоеле, како, на пример, Египет и Персија (Иран), денес имаат сосем поинакво политичко уредување. Според тоа, во првиот век ‚десетте рогови сѐ уште не примиле царство‘. Но сега, во денот на Господарот, тие имаат „царство“, односно политичка власт. Со падот на големите колонијални царства, практично откако заврши Втората светска војна, беа создадени многу нови држави. Овие, заедно со земјите што постојат веќе подолго време, мора да владеат истовремено со ѕверот, но кратко — само „еден час“ — пред Јехова да им стави крај на сите светски политички влади во Армагедон.
13. Во која смисла десетте рогови имаат „една мисла“, и каков став кон Јагнето покажуваат со тоа?
13 Денес, национализмот е една од најголемите сили што ги мотивира овие десет рогови. Тие имаат „иста замисла“ во тој поглед што сакаат да ја задржат својата национална независност наместо да го прифатат Божјето Царство. Токму затоа и станаа членки прво на Лигата на народите, а потоа и на Организацијата на обединетите нации — да го зачуваат мирот во светот, и на тој начин да си го осигураат своето сопствено постоење. Таквиот став е и причина зошто роговите ќе му се спротивстават на Јагнето, кое е „Господар над господарите и Цар над царевите“, бидејќи Јехова има намера неговото Царство, во рацете на Исус Христос, наскоро да ги замени сите овие царства (Даниел 7:13, 14; Матеј 24:30; 25:31-33, 46).
14. Како можат владетелите на светот да се борат со Јагнето, и каков ќе биде исходот?
14 Се разбира, светските владетели не можат да направат ништо против самиот Исус. Тој е на небото, далеку од нивниот дофат. Но, Исусовите браќа, преостанатите од потомството на жената, сѐ уште се на Земјата и навидум изгледаат ранливи (Откровение 12:17). Многу од роговите веќе покажале жестоко непријателство кон нив, и на тој начин се бореле со Јагнето (Матеј 25:40, 45). Но, наскоро ќе дојде време кога Божјето Царство ќе ги „сотре и ќе ги уништи сите други царства“ (Даниел 2:44). Како што ќе видиме, тогаш царевите на целиот свет ќе ја поведат својата последна битка против Јагнето (Откровение 19:11-21). Сепак, одовде дознаваме дека народите нема да имаат успех. Иако имаат „иста замисла“ со црвениот ѕвер, кој ги претставува ОН, тие не можат да го победат „Господарот над господарите и Царот над царевите“, ниту, пак, можат да ги победат „оние што со него се повикани и избрани и верни“, меѓу кои спаѓаат и неговите помазани следбеници кои сѐ уште се на Земјата. Овие помазаници исто така ќе победат со тоа што ќе останат верни и ќе ги побијат дрските обвиненија на Сатана (Римјаните 8:37-39; Откровение 12:10, 11).
Опустошување на блудницата
15. Што рекол ангелот за блудницата, како и за ставот што ќе го имаат и за начинот на кој ќе постапат со неа десетте рогови и ѕверот?
15 Десетте рогови не го мразат само Божјиот народ. Ангелот сега повторно му го свртува вниманието на Јован на блудницата: „И ми рече: ‚Водите што ги виде, на кои седи блудницата, претставуваат луѓе и мноштва и народи и јазици. А десетте рогови што ги виде, и ѕверот — тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган‘“ (Откровение 17:15, 16).
16. Зошто Големиот Вавилон нема да може да очекува заштита од своите „води“ кога политичките влади ќе се свртат против него?
16 Исто како што древниот Вавилон се потпирал на своите води за одбрана така и Големиот Вавилон денес се потпира на своите многубројни приврзаници од „луѓе и мноштва и народи и јазици“. Не случајно ангелот ни го свртува вниманието на нив пред да извести за еден шокантен настан: Политичките влади на овој свет брутално ќе го нападнат Големиот Вавилон. Што ќе прават тогаш сите овие „луѓе и мноштва и народи и јазици“? Божјиот народ веќе го предупредува Големиот Вавилон дека водата во реката Еуфрат наскоро ќе пресуши (Откровение 16:12). На крајот, таа вода потполно ќе ја снема. Кога најмногу ќе ѝ бидат потребни на одвратната стара блудница, симболичните „води“ нема да ѝ обезбедат никаква заштита (Исаија 44:27; Еремија 50:38; 51:36, 37).
17. а) Зошто богатството нема да го спаси Големиот Вавилон? б) Во која смисла крајот на Големиот Вавилон воопшто нема да биде достоинствен? в) Кој друг ќе има удел во уништувањето на Големиот Вавилон освен десетте рогови, кои ги претставуваат одделните држави?
17 Неизмерното материјално богатство нема да го спаси Големиот Вавилон. Напротив, може дури и да го забрза неговото уништување бидејќи, според видението, кога ѕверот и десетте рогови ќе ја излеат својата омраза врз блудницата, тие ќе ѝ ја соблечат царската облека и ќе ѝ го грабнат целиот накит. Ќе го опљачкаат нејзиното богатство. „Ќе ја разголат“, односно, на нејзин срам, ќе разоткријат каква навистина е таа. Какво страшно опустошување! А нејзиниот крај нема да биде ништо подостоинствен. Тие ќе ја уништат и „ќе го изедат нејзиното месо“, оставајќи само безживотен костур. На крајот, „ќе ја изгорат со оган“. Ќе ја запалат како да е заболена од чума, и нема да ја удостојат ни со пристоен погреб! Оваа голема блудница нема да биде уништена само од државите што се претставени со десетте рогови. Ѕверот, односно самите Обединети нации ќе имаат удел во нејзиното уништување. Тие ќе дадат одобрување да биде уништена лажната религија. Со начинот на кој гласаат, голем број од повеќе од 190-те земји-членки на ОН веќе го покажале своето непријателство кон религијата, а особено кон христијанскиот свет.
18. а) Што покажува дека е сосема можно народите да се свртат против вавилонската религија? б) Која е главната причина за последниот напад врз големата блудница?
18 Зошто државите ќе постапат толку насилно со својата поранешна љубовница? Во последно време, имавме можност да се увериме дека е сосема можно тие наеднаш да се свртат против вавилонската религија. Непријателското држење на владите значително го ослабна влијанието на религијата во земји како што се поранешниот Советски Сојуз и Кина. Во протестантските делови на Европа, црквите се празнат поради раширената рамнодушност и сомневања, и таму религијата практично е мртва. Огромното католичко царство е поделено со побуни и расправии, кои неговите водачи не можат да ги смират. Но, сепак, не смееме да заборавиме дека овој последен, уништувачки напад врз Големиот Вавилон е израз на неотповикливиот суд што Бог го изрекол над големата блудница.
Ќе ја извршат Божјата замисла
19. а) Како извршувањето на Јеховиниот суд над големата блудница е предочен со неговиот суд над отпадничкиот Ерусалим во 607 год. пр.н.е.? б) На што е претслика за нашево време опустошениот и ненаселен Ерусалим, кој се нашол во ваква состојба по 607 год. пр.н.е.?
19 Како Јехова ќе го изврши овој суд? Еден пример за ова е начинот на кој Јехова постапил со својот отпаднички народ во древни времиња за кого рекол: „Кај пророците на Ерусалим видов грозни работи. Вршат прељуба и кажуваат лага. Ги поддржуваат злосторниците, па ниту еден од нив не се одвраќа од својата злоба. Сите тие ми станаа како Содом, а неговите жители како Гомор“ (Еремија 23:14). Во 607 год. пр.н.е., Јехова го искористил Навуходоносор да ‚му ги слече облеките, да му го земе сето она со кое се украсува, и да го остави гол и разголен‘ тој град што вршел духовна прељуба (Езекиел 23:4, 26, 29). Тогашниот Ерусалим е претслика за денешниот христијански свет и, како што Јован виде во претходните виденија, на сличен начин Јехова ќе ги казни христијанскиот свет и преостанатиот дел од лажната религија. Опустошениот и ненаселен Ерусалим по 607 год. пр.н.е. е пример за тоа како ќе изгледа христијанскиот свет откако ќе му биде одземено сето богатство и откако ќе биде разоткриен неговиот срам. Останатиот дел од Големиот Вавилон нема да си помине ништо подобро.
20. а) Како Јован покажува дека Јехова повторно ќе ги искористи човечките владетели за да го извршат неговиот суд? б) Што е Божјата „замисла“? в) Во која смисла народите ќе ја извршат својата „заедничка замисла“, но чија замисла, всушност, ќе биде извршена?
20 Јехова повторно ќе искористи човечки водачи за да ја изврши својата осуда. „Зашто, Бог им стави во срцата да ја извршат неговата замисла, односно да ја извршат својата заедничка замисла, да му го предадат своето царство на ѕверот додека не се исполнат Божјите зборови“ (Откровение 17:17). Што е Божјата „замисла“? Да ги поттикне погубителите на Големиот Вавилон да се здружат со цел потполно да го уништат. Се разбира, кога владетелите ќе го нападнат, намерата ќе им биде да ја извршат својата „заедничка замисла“. Тие ќе мислат дека е во интерес на нивните земји да се свртат против големата блудница. Можеби ќе сметаат дека натамошното постоење на организирана религија во нивната земја им ја загрозува сувереноста. Но, всушност, Јехова е тој што ќе ги води работите. Тие ќе ја извршат неговата замисла со тоа што со еден удар ќе ѝ стават крај на оваа прастара, прељубничка непријателка! (Спореди Еремија 7:8-11, 34.)
21. Што најверојатно ќе направат државите со Обединетите нации со оглед на тоа што црвениот ѕвер од видението ќе биде искористен за да го уништи Големиот Вавилон?
21 Да, државите ќе го искористат црвениот ѕвер, Организацијата на обединетите нации, за да го уништат Големиот Вавилон. Тие нема да дејствуваат по своја сопствена иницијатива, туку Јехова ќе им стави во срцата „да ја извршат својата заедничка замисла, да му го предадат своето царство на ѕверот“. Кога ќе дојде време, државите очигледно ќе сфатат дека треба да им дадат поголеми овластувања на Обединетите нации. Ќе им стават заби, така да се каже, и ќе им ја дадат сета потребна моќ и власт што самите ја имаат за ОН да ја нападнат лажната религија и успешно да се борат со неа „додека не се исполнат Божјите зборови“. Така, на таа стара блудница конечно ќе ѝ дојде крајот. И навистина си го заслужи!
22. а) На што укажува начинот на кој ангелот го заклучува своето сведоштво во Откровение 17:18? б) Како реагираат Јеховините сведоци на откривањето на оваа тајна?
22 За да нагласи колку е сигурно Јеховиното извршување на осудата над светското царство на лажната религија, ангелот го заклучува своето сведоштво со следниве зборови: „А жената што ја виде го претставува големиот град, кој царува над земните цареви“ (Откровение 17:18). Исто како Вавилон во времето на Валтазар, Големиот Вавилон бил ‚измерен на вага и се нашол премногу лесен‘ (Даниел 5:27). Неговото погубување ќе биде брзо и конечно. Како реагираат Јеховините сведоци на откривањето на тајната за големата блудница и за црвениот ѕвер? Тие со ревност го објавуваат Јеховиниот ден на суд, додека им одговараат со пријатни зборови на оние што искрено ја бараат вистината (Колошаните 4:5, 6; Откровение 17:3, 7). Како што ќе покаже и следното поглавје, сите што сакаат да преживеат кога ќе биде погубена големата блудница мора да сторат нешто, и тоа веднаш!
[Прашања]
[Слики на страница 252]
Редослед на седумте светски сили
ЕГИПЕТ
АСИРИЈА
ВАВИЛОН
МЕДО-ПЕРСИЈА
ГРЦИЈА
РИМ
АНГЛО-АМЕРИКА
[Слики на страница 254]
„[Тој] е осми цар“
[Слика на страница 255]
Тие му го свртуваат грбот на Јагнето, па „својата моќ и власт му ја даваат на ѕверот“
[Слика на страница 257]
Христијанскиот свет, кој е главен дел од Големиот Вавилон, ќе биде потполно опустошен исто како што бил опустошен древниот Ерусалим