Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Потреси во денот на Господарот

Потреси во денот на Господарот

Поглавје 18

Потреси во денот на Господарот

1, 2. а) Какво е чувството да преживееш силен земјотрес? б) Што видел Јован кога бил отворен шестиот печат?

 ДАЛИ некогаш си преживеал силен земјотрес? Тоа не е нешто пријатно. Еден голем земјотрес може да започне со бучење и со лулање што предизвикува мачнина. Тресењето може да се засили додека брзо бараш да се скриеш некаде, на пример, под некоја маса. Но, еден ваков земјотрес може да уследи и како ненадеен разорен удар од кој се кршат садовите и покуќнината, па дури и се уриваат згради. Штетата може да биде катастрофална, а малите потреси што следат по големиот можат да предизвикаат додатна штета и да ја зголемат бедата и болката на настраданите.

2 Имајќи го ова на ум, да видиме што гледа Јован кога се отвора шестиот печат: „И видов кога Јагнето го отвори шестиот печат. Се случи силен потрес“ (Откровение 6:12а). Ова мора да се одвива во исто време кога се отвораат и другите печати. Кога точно се случува овој потрес во денот на Господарот, и за каков земјотрес станува збор? (Откровение 1:10).

3. а) Какви настани претскажал Исус во пророштвото за знакот на својата присутност? б) Во каква врска се дословните земјотреси со големиот симболичен потрес од Откровение 6:12?

3 На повеќе места во Библијата се спомнуваат дословни и симболични земјотреси. Во своето значајно пророштво за знакот на неговата царска присутност, Исус претскажал дека ќе има „земјотреси на разни места“. Ова е дел од ‚почетокот на болните неволји‘. Од 1914 година наваму, со наглиот пораст на населението, кое достигна илјадници милиони, дословните земјотреси многу ги зголемија неволјите во нашево време (Матеј 24:3, 7, 8). Но, иако со нив се исполнува пророштвото, тие се само природни, физички катастрофи кои му претходат на големиот симболичен потрес од Откровение 6:12. Тој потрес ќе им стави опустошувачки крај на низата потреси кои му претходат и кои до темел го разнишуваат Сатановиот човечки поредок на Земјата. *

Потреси во општеството

4. а) Од кога Јеховиниот народ очекувал да започнат катастрофални настани во 1914 година? б) Кој временски период требало да заврши во 1914 година?

4 Од средината на 1870-тите, Јеховиниот народ очекуваше во 1914 година да започнат да се случуваат катастрофални настани кои јасно ќе покажат дека дошол крајот на ‚времињата на незнабошците‘. Се работи за периодот од „седум времиња“ (2.520 години), кој започнал кога било уништено Давидовото царство во Ерусалим во 607 год. пр.н.е. и завршил со устоличувањето на Исус во небесниот Ерусалим во 1914 година (Даниел 4:24, 25; Лука 21:24). *

5. а) Каква изјава дал Ч. Т. Расел на 2 октомври 1914 година? б) Какви политички промени уследиле од 1914 година наваму?

5 Затоа, кога утрото на 2 октомври 1914 година дошол на појадок со бетелското семејство во Бруклин (Њујорк), Ч. Т. Расел ја дал следнава драматична изјава: „Времињата на незнабошците завршија; времето на нивните цареви истече“. И навистина, немирите и превирањата што од 1914 година го потресоа целиот свет имаа толку силно влијание што им ставија крај на многу стари монархии. Падот на царска Русија во Болшевичката револуција во 1917 година доведе до долготраен судир меѓу марксизмот и капитализмот. Политичките промени и понатаму го потресуваат човечкото општество насекаде во светот. Денес многу влади не опстојуваат подолго од година-две. Типичен пример на нестабилност во светот на политиката е Италија, во која за 42 години по Втората светска војна се сменија 47 нови влади. Меѓутоа, сите овие потреси само му претходат на конечниот и најголемиот потрес што ќе ги погоди сите влади. Каков ќе биде резултатот од тој потрес? Божјето Царство ќе биде единственото што ќе ја преземе власта над целата Земја (Исаија 9:6, 7).

6. а) Како Х. Џ. Велс ја опишал новата и значајна епоха? б) Што напишале еден филозоф и еден државник за епохата што започнала во 1914 година?

6 Разни историчари, филозофи и политички лидери укажуваат на 1914 година како на почеток на една нова и многу значајна епоха. Седумнаесет години по започнувањето на таа епоха, историчарот Х. Џ. Велс изјави: „Пророкот со задоволство би прорекувал убави работи. Но, должност му е да го каже она што го гледа. А гледа свет со кој сѐ уште непопустливо раководат војници, патриоти, лихвари и шпекуланти; свет кој е препуштен на сомнежи и омраза и многу брзо го губи она што му преостанало од личната слобода; свет кој упаѓа во жестоки класни судири и се подготвува за нови војни“. Во 1953 година, филозофот Бертранд Расел напиша: „Уште од 1914 година, сите што се свесни како се движат работите во светот се длабоко вознемирени од она што навидум личи на предодреден и кобен марш кон уште поголема катастрофа... Тие го гледаат човечкиот род како херој од некоја грчка трагедија кој, гонет од бесни богови, повеќе не е господар над сопствената судбина“. Во 1980 година, во врска со мирниот почеток на 20-тиот век, државникот Харолд Мекмилан изјави: „Сѐ одеше од добро на подобро — таков беше светот во кој се родив... И одеднаш, неочекувано, едно утро во 1914 година целиот тој свет едноставно исчезна“.

7-9. а) Какви немири го тресат човечкото општество од 1914 година наваму? б) По сите превирања во човечкото општество во текот на Исусовата присутност, во каква состојба ќе се најдат луѓето на крајот?

7 Втората светска војна донесе нов бран на немири, а оттогаш наваму Земјата продолжува да се тресе од мали војни и од меѓународен тероризам. Многу луѓе се прашуваат каде ќе нѐ одведе заканата од терористи или држави што користат оружје за масовно уништување.

8 Меѓутоа, од 1914 година наваму, и други работи го тресат до темел човечкото општество, а не само војните. Причина за една од најголемите кризи беше крахот на американската берза на 29 октомври 1929 година, кој водеше до Големата депресија, која ги зафати сите капиталистички земји. Таа депресија ја достигна својата најниска точка меѓу 1932 и 1934 година, но ние сѐ уште ги чувствуваме последиците од неа. Од 1929 година, овој економски болен свет продолжува некако да крпи крај со крај со помош на привремени мерки. Владите се задолжуваат земајќи големи кредити. Нафтената криза во 1973 година и падот на берзата во 1987 година го засилија тресењето на меѓународниот финансиски систем. Во меѓувреме, милиони луѓе купуваат на кредит. Многу од нив станале жртви на финансиски сплетки, пирамидални работења, лотарии и други видови игри на среќа. Голем дел од овие работи се финансирани од владите кои, всушност, треба да ги штитат луѓето. Дури и телевизиските проповедници од христијанскиот свет ги подаваат рацете за да грабнат дел од мултимилионската добивка! (Спореди Еремија 5:26-31.)

9 Економските тешкотии своевремено им отворија пат на Мусолини и на Хитлер да дојдат на власт. Големиот Вавилон не губеше време и веднаш почна да им се умилкува. Ватикан склучи конкордати, односно спогодби, со Италија во 1929 година и со Германија во 1933 година (Откровение 17:5). Мрачните денови што следеа потоа, очигледно беа дел од исполнувањето на Исусовото пророштво за неговата присутност, според кое, на крајот, „народите на земјата ќе ги обземе мака и чувство на немоќ... и... луѓето ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“ (Лука 21:7-9, 25-31). * Да, земјотресите што почнаа да го тресат човечкото општество во 1914 година продолжуваат, проследени со силни додатни потреси.

Потрес од Јехова

10. а) Зошто има толку многу потреси во светот? б) Што прави Јехова, и за што се подготвува?

10 Една од причините за ваквите потреси во светот е тоа што човекот не може да управува со своите чекори (Еремија 10:23). Освен тоа, Сатана, таа стара Змија, „кој го заведува целиот свет“, предизвикува неволји во својот последен очајнички обид да ги одврати луѓето од служењето на Јехова. Современата технологија придонесе Земјата да се претвори во едно големо село, во кое националната и расната омраза — за кои „Обединетите“ нации немаат никаков делотворен лек — го потресуваат човечкото општество до темел. Како никогаш порано, човек владее над човек на негова штета (Откровение 12:9, 12; Проповедник 8:9). Меѓутоа, и самиот Јехова, Севишниот Господар и Создател на небото и на Земјата, на свој начин го тресе светот во последниве 90-тина години, подготвувајќи се да ги реши проблемите на Земјата еднаш засекогаш. Како?

11. а) За какво тресење станува збор во Агеј 2:6, 7? б) Како се исполнува пророштвото на Агеј?

11 Во Агеј 2:6, 7 читаме: „Зашто, вака вели Јехова над војските: ‚Уште еднаш — и тоа скоро — ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното. Ќе ги затресам сите народи, и ќе дојдат скапоценостите од сите народи, и ќе го наполнам овој дом со слава‘, вели Јехова над војските“. Особено од 1919 година, преку своите Сведоци, Јехова му ги објавува своите осуди на секој дел од човечкото општество на Земјата. Сатановиот светски поредок го слуша ова глобално предупредување. * Додека предупредувањето одѕвонува сѐ посилно, богобојазливите лица — „скапоценостите“ — се поттикнати да се одвојат од народите. Тие не се одвојуваат од нив автоматски — само затоа што Сатановата организација се тресе. Напротив, ја сфаќаат ситуацијата и свесно одлучуваат да го полнат Јеховиниот дом за обожавање со слава заедно со помазаната класа на Јован. Како го прават ова? Така што ревносно ја проповедаат добрата вест за Божјето воспоставено Царство (Матеј 24:14). Ова Царство, кое го сочинуваат Исус и неговите помазани следбеници, ќе постои засекогаш на Јеховина слава, како „царство кое не може да се затресе“ (Евреите 12:26-29).

12. Ако веќе си реагирал позитивно на проповедањето проречено во Матеј 24:14, што треба да правиш пред да се случи големиот земјотрес за кој станува збор во Откровение 6:12?

12 Дали си и ти меѓу оние што реагираат позитивно на пораката што се проповеда? Дали си можеби еден од милионите што во последниве години присуствуваа на Спомен-свеченоста со која се одбележува Исусовата смрт? Ако да, тогаш продолжи и понатаму да ја проучуваш библиската вистина (2. Тимотеј 2:15; 3:16, 17). Остави го зад себе расипаниот начин на живот кој го води Сатановиот свет што е осуден на пропаст! Придружи им се веднаш на христијаните што го сочинуваат општеството на новиот свет, и учествувај целосно во делото што го вршат тие пред конечниот катастрофален „потрес“ да го разори целокупниот сатански свет. Но, што е тој голем потрес? Да видиме.

Големиот потрес!

13. Во која смисла досега немало ваков голем потрес на Земјата?

13 Да, овие особено тешки последни денови беа време на потреси — и дословни и симболични (2. Тимотеј 3:1). Но, ниту еден од овие земјотреси не е конечниот голем потрес што Јован го гледа при отворањето на шестиот печат. По сите мали земјотреси, сега избива голем потрес каков што луѓето никогаш не доживеале. Тој е толку силен, што бранувањето и тресењето што ги предизвикува не можат да се мерат ниту по Рихтеровата скала ниту со какви и да било мерни справи изработени од човек. Ова не е само локален потрес, туку катастрофален земјотрес што ќе ја опустоши целата „земја“, односно целокупното морално изопачено човечко општество.

14. а) Во кое пророштво бил претскажан еден голем потрес и последиците од него? б) На што мора да се однесуваат пророштвото на Јоил и Откровение 6:12, 13?

14 И други Јеховини пророци го претскажале овој потрес и последиците од него. На пример, околу 820 год. пр.н.е., Јоил кажал дека ќе „дојде големиот и страшен Јеховин ден“, кога „сонцето ќе се претвори во темнина и месечината во крв“. Подоцна, тој додал: „Мноштва, мноштва се во долината на одлуката, зашто денот Јеховин е близу во долината на одлуката. Сонцето и месечината ќе потемнат, а ѕвездите ќе го повлечат својот сјај. Јехова ќе рикне од Сион како лав, од Ерусалим ќе го пушти својот глас. Небото и земјата ќе се затресат, но Јехова ќе биде прибежиште за својот народ и тврдина за синовите на Израел“ (Јоил 2:31; 3:14-16). Ова тресење може да се однесува само на Јеховиното извршување на осудата во големата неволја (Матеј 24:21). Затоа, логично е паралелниот извештај во Откровение 6:12, 13 да се однесува на истата работа. (Види и Еремија 10:10; Софонија 1:14, 15.)

15. Каков силен потрес претскажал пророкот Авакум?

15 Околу 200 години по Јоил, во една молитва до Бог, пророкот Авакум рекол: „О Јехова, чув за сѐ што си направил. Се исплашив, Јехова, од твоите дела. Среде овие години, оживеј ги! Среде овие години, објави ги! Во гневот сети се да покажеш милосрдие!“ За каков ‚гнев‘ станува збор? Авакум продолжува со сликовит опис на големата неволја велејќи за Јехова: „Застана за да ја затресе земјата. Погледна, и народите се стресоа... Чекореше низ земјата носејќи осуда. Во гнев ги вршеше народите како да се жито. Јас сепак ќе му се радувам на Јехова, ќе се веселам поради Богот на моето спасение“ (Авакум 3:1, 2, 6, 12, 18). Јехова навистина ќе предизвика силен потрес на целата Земја кога ќе почне да ги ,врши‘ народите!

16. а) Што претскажал пророкот Езекиел за времето кога Сатана ќе го изврши својот последен напад врз Божјиот народ? б) Каков е резултатот од големиот потрес за кој се зборува во Откровение 6:12?

16 И Езекиел прорекол дека, кога Гог од Магог (понижениот Сатана) ќе го изврши својот последен напад врз Божјиот народ, Јехова ќе предизвика „силен потрес во земјата на Израел“ (Езекиел 38:18, 19). Иако можеби ќе има и дословни земјотреси, не треба да заборавиме дека Откровението е дадено во знаци. Ова, како и останатите пророштва што беа цитирани, се многу симболични. Затоа, сѐ укажува на тоа дека при отворањето на шестиот печат ни е откриен последниот и најсилен од сите потреси што го снаоѓаат земниот поредок — големиот потрес во кој ќе бидат уништени сите луѓе што не го признаваат Јехова Бог за Севишен Владетел.

Време на мрак

17. Како ќе влијае големиот потрес врз сонцето, месечината и ѕвездите?

17 Според зборовите на Јован, големиот потрес е проследен со страшни настани што влијаат и врз самото небо. Тој вели: „И сонцето стана црно како црна козина, целата месечина стана како крв, а небесните ѕвезди паднаа на земјата, како што паѓаат незрелите смокви од своето стебло кога ќе го затресе силен ветар“ (Откровение 6:12б, 13). Каков необичен феномен! Можеш ли да си замислиш каков застрашувачки мрак ќе падне доколку ова пророштво се исполни дословно? Ќе ја снема топлата, пријатна сончева светлина дење! Ќе ја нема и благата, сребреникава светлина на месечината ноќе! А илјадниците ѕвезди повеќе нема да трепкаат на темното кадифено небо. Ќе завладее студен, непробоен мрак. (Спореди Матеј 24:29.)

18. Во која смисла ‚небесата потемнеле‘ за Ерусалим во 607 год. пр.н.е.?

18 Во духовна смисла, ваков мрак бил проречен за древниот Израел. Еремија предупредил: „Целата земја ќе биде претворена во пустош, а јас сосема ќе ја уништам. Затоа земјата ќе тагува, а небесата во висините ќе потемнат“ (Еремија 4:27, 28). Кога ова пророштво се исполнило во 607 год. пр.н.е., навистина сѐ било мрачно за Јеховиниот народ. Нивната престолнина, Ерусалим, била освоена од Вавилонците. Нивниот храм бил уништен, а земјата била напуштена. За нив немало никаква утешна светлина од небото. Напротив, се случило она што Еремија со тажење му го рекол на Јехова: „[Ти] убиваше, милост немаше. Со облаци го спречи пристапот до тебе, за да не помине молитвата“ (Плач Еремиин 3:43, 44). За Ерусалим, ова потемнување на небесата значело смрт и уништување.

19. а) Како Божјиот пророк Исаија го опишал потемнувањето на небесата за древниот Вавилон? б) Кога и како се исполнило пророштвото на Исаија?

19 Подоцна, едно слично потемнување на небесата ја означило пропаста на древниот Вавилон. Во врска со ова, еден Божји пророк бил вдахновен да напише: „Еве, доаѓа Јеховиниот ден, страшен од јароста и од пламнатиот гнев, за да ја претвори земјата во грозна глетка и да ги истреби грешниците од неа. Зашто, ниту небесните ѕвезди ниту нивните соѕвездија Кесил нема да сјаат со својата светлина, сонцето ќе потемни при своето излегување, а месечината нема да свети со својата светлина. Ќе го казнам светот за неговата злоба и злите за нивниот престап. Ќе ја сотрам горделивоста на надмените и ќе ја понижам надуеноста на насилниците“ (Исаија 13:9-11). Ова пророштво се исполнило во 539 год. пр.н.е. кога Вавилон паднал во рацете на Медијците и Персијците. Тоа многу добро ја опишува темнината, безнадежноста и недостигот на утешна светлина за Вавилон, кој паднал засекогаш од својата положба на водечка светска сила.

20. Каков страшен крај го чека овој поредок кога ќе настапи големиот потрес?

20 На сличен начин, кога ќе настапи големиот потрес, целиот светски поредок ќе биде проголтан од мракот на потполна безнадежност. Сјајните, блескави светила на Сатановиот земен поредок нема да пуштат ниту еден зрак на надеж. Уште денес политичките лидери на Земјата, особено оние во христијанскиот свет, се на лош глас поради својата расипаност, лажење и неморал (Исаија 28:14-19). Тие повеќе не се достојни за доверба. Кога Јехова ќе ги изврши своите пресуди, нивното треперливо светло потполно ќе згасне. Тогаш ќе стане сосема јасно дека, иако имале силно влијание врз настаните во светот — слично како што Месечината има влијание врз Земјата — тоа донело само крвопролевање и смрт. Нивните световни суперѕвезди ќе згаснат како паднати метеори и ќе испопаѓаат како незрели смокви кога ќе ги затресе силен ветар. Целата наша планета ќе ја затресе „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:21). Каква страшна иднина!

„Небото“ исчезнува

21. Што се случило со „небото“ и со „секоја планина и секој остров“ што ги видел Јован во своето видение?

21 Јован продолжува со описот на своето видение: „И небото исчезна како свиток кога ќе се свитка. Секоја планина и секој остров се помести од своето место“ (Откровение 6:14). Јасно е дека не се работи ниту за дословното небо ниту за дословни планини и острови. Но, што претставуваат тие?

22. Кое ‚небо‘ било ‚свиткано како свиток‘ во Едом?

22 Едно слично пророштво, кое зборува за Јеховиниот гнев против сите народи, ни помага да дознаеме што значи „небото“: „Ќе се распадне сета небесна војска. Небесата ќе се свиткаат како свиток“ (Исаија 34:4). Особено требало да биде погоден Едом. Како? Вавилонците го освоиле набрзо откако го уништиле Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Никаде не постои запис дека во тоа време имало некакви необични појави на дословното небо. Но, се случиле катастрофални настани на „небото“ на Едом. * Неговите човечки владетели биле соборени од својата висока, „небесна“ положба (Исаија 34:5). Тоа небо било „свиткано“ и тргнато настрана, како да е стар свиток што повеќе никому не му користи.

23. Што е „небото“ кое ќе ‚исчезне како свиток‘, и како изјавата на Петар потврдува дека ова разбирање е точно?

23 Според тоа, „небото“ што ќе ‚исчезне како свиток‘ се однесува на земните влади што му се противат на Бог. Непобедливиот Јавач на белиот коњ ќе ги отстрани еднаш засекогаш (Откровение 19:11-16, 19-21). Ова го потврдува и изјавата на апостол Петар кој, исчекувајќи ги настаните што подоцна биле претставени со отворањето на шестиот печат, рекол: „Сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Петрово 3:7). Но, што значи изразот „секоја планина и секој остров се помести од своето место“?

24. а) Што значи понекогаш тоа што во библиските пророштва се вели дека планините и островите се тресат или се поместуваат? б) Како ‚се затресле планините‘ кога била разорена Ниневија?

24 Во некои библиски пророштва се вели дека планините и островите се тресат или на друг начин се поместуваат кога има големи политички немири и превирања. На пример, кога ја претскажал Божјата осуда над Ниневија, пророкот Наум напишал: „Поради него планините се тресат, ридовите се топат. И земјата ќе се подигне поради неговото лице“ (Наум 1:5). Нема извештај дека некои дословни планини се расцепиле кога Ниневија била разорена во 632 год. пр.н.е. Сепак, една светска сила која пред тоа изгледала цврста како да е вистинска планина ненадејно паднала. (Спореди Еремија 4:24.)

25. Во претстојниот крај на овој поредок, како „секоја планина и секој остров“ ќе бидат исфрлени од своето место?

25 Според тоа, логично е дека изразот „секоја планина и секој остров“, спомнат при отворањето на шестиот печат, се однесува на светските политички влади и владини организации кои многу луѓе ги сметаат за доста стабилни. Тие ќе бидат исфрлени од своето место, и ова ќе предизвика запрепастеност и ужас кај оние што пред тоа имале доверба во нив. Како што се гледа и од самото пророштво, тогаш нема да има никакво сомневање дека дошол големиот одмазднички ден на гневот на Јехова и на неговиот Син — последниот потрес со кој ќе биде отстранета целокупната организација на Сатана!

„Паднете врз нас и скријте нѐ“

26. Што ќе прават од страв луѓето кои не го признаваат Божјето право да владее, и што ќе велат исплашено?

26 Јован продолжува: „Царевите на земјата, големците, воените заповедници, богаташите, моќниците и секој роб и секој слободен се скрија во пештерите и меѓу карпите во планините. И им велеа на планините и на карпите: ‚Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на оној што седи на престолот и од гневот на Јагнето! Зашто, дојде големиот ден на нивниот гнев, и кој може да опстане?‘“ (Откровение 6:15-17).

27. Што извикувале неверните Израелци во Самарија, и како се исполниле овие зборови?

27 Кога ја објавил Јеховината осуда над Самарија, престолнина на северното царство Израел, Осија претскажал: „Обредните височинки на Вет-Авен, гревот на Израел, ќе бидат уништени. Трње и плевел ќе растат по нивните жртвеници. А луѓето ќе им зборуваат на планините: ‚Покријте нѐ!‘ — и на ридовите: ‚Паднете врз нас!‘“ (Осија 10:8). Како се исполниле овие зборови? Кога суровите Асирци ја освоиле Самарија во 740 год. пр.н.е., Израелците немало каде да бегаат. Во зборовите на Осија се гледаат безнадежноста, ужасниот страв и чувствата на напуштеност што го преплавиле победениот народ, кој не можел да најде заштита ниту во дословните ридови ниту, пак, во институциите слични на планини во Самарија, иако пред тоа тие изгледале многу стабилни.

28. а) Какво предупредување им дал Исус на ерусалимските жени? б) Како се исполнило Исусовото предупредување?

28 Слично нешто кажал и Исус, кога римските војници го воделе да го погубат. Тој им се обратил на ерусалимските жени велејќи: „Доаѓаат дни кога ќе речат: ‚Среќни се неротките, утробите што не раѓале и градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас!‘ — и на ридовите: ‚Покријте нѐ!‘“ (Лука 23:29, 30). Постојат многу историски докази за разорувањето на Ерусалим од страна на Римјаните во 70 год. од н.е., и од нив јасно се гледа дека зборовите на Исус имале слично значење како и зборовите на Осија. Евреите кои во тоа време останале во Јудеја немало каде да бегаат. Иако се обиделе да се скријат на разни места во Ерусалим, а некои од нив побегнале и во високата тврдина Масада, не можеле да го избегнат Јеховиното жестоко извршување на осудата.

29. а) Што ќе се случи со оние што го поддржуваат сегашниов поредок во денот на Јеховиниот гнев? б) Кое пророштво на Исус ќе се исполни кога Јехова ќе го излее својот гнев?

29 Сега, при отворањето на шестиот печат, можевме да видиме дека нешто слично ќе се случи во претстојниот ден на Јеховиниот гнев. Кога овој светски поредок ќе биде потресен за последен пат, оние што упорно го поддржуваат очајно ќе бараат место да се скријат, но нема да го најдат. Лажната религија, Големиот Вавилон, веќе страшно ги разочарала. Ниту пештерите во дословните планини ниту симболичните политички и трговски организации што личат на планини нема да им обезбедат финансиска сигурност и нема да им помогнат на каков и да било друг начин. Ништо нема да ги заштити од Јеховиниот гнев. Исус добро го опишал ужасот што ќе ги опфати: „Тогаш на небото ќе се појави знакот на Синот човечки. И тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата. И ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни со сила и со голема слава“ (Матеј 24:30).

30. а) На што укажува прашањето: „Кој може да опстане?“ б) Дали некој ќе може да опстане кога Јехова ќе суди?

30 Да, оние што одбиваат да ја признаат власта на победоносниот Јавач на белиот коњ ќе мора да признаат дека згрешиле. Кога Сатановиот свет ќе помине, луѓето што свесно избрале да бидат дел од потомството на Змијата ќе се соочат со уништување (1. Мојсеева 3:15; 1. Јованово 2:17). Тогаш ситуацијата во светот ќе наведе мнозина да прашаат: „Кој може да опстане?“ Очигледно ќе заклучат дека во тој ден на суд никој нема да биде одобрен од Јехова. Но, ќе бидат во заблуда. Ова ќе го видиме од она што следи во книгата Откровение.

[Фусноти]

^ На дословните земјотреси честопати им претходат сеизмички бранувања. Овие бранувања можат да ги почувствуваат кучињата, кои поради тоа се вознемируваат и лаат. Исто така, забележано е дека чудно се однесуваат и рибите и други животни, но луѓето обично не чувствуваат ништо сѐ до самиот потрес. (Види го англиското издание на Разбудете се! од 8 јули 1982 година, 14. страница.)

^ За детално објаснување види ги страниците 22 и 24.

^ Повеќе од 35 години, од 1895 до 1931 година, зборовите од Лука 21:25, 28, 31 стоеја на насловната страница на списанието Стражарска кула, цитирани под цртежот на еден светилник што го осветлуваше мрачното и облачно небо над разбрануваното море.

^ На пример, во една посебна акција во 1931 година, Јеховините сведоци им врачија на свештениците, политичарите и трговците низ целиот свет илјадници примероци од брошурката Царството — надеж за светот (The Kingdom, the Hope of the World).

^ Пророштвото за ‚новите небеса‘ во Исаија 65:17, 18, каде што зборот „небеса“ се користи на сличен начин, за првпат се исполнило на новиот владејачки поредок кој бил воведен во Ветената земја под намесникот Зоровавел и првосвештеникот Исус откако Евреите се вратиле од изгнанството во Вавилон (2. Летописи 36:23; Езра 5:1, 2; Исаија 44:28).

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 105]

1914 година била проречена

„Во 606 год. пр.н.е. Божјето царство престанало да постои, круната била тргната и целата Земја им била дадена на незнабошците. Временскиот период од 2.520 години, кој започнал во 606 год. пр.н.е., ќе заврши во 1914 год. од н.е.“ * (Трите света [The Three Worlds], издадена во 1877 година, 83. страница).

„Доказите од Библијата се јасни и цврсти: ‚Времињата на незнабошците‘ се период од 2.520 години, кој започнал во 606 год. пр.н.е и завршува заклучно со 1914 год. од н.е.“ (Студии на Светото писмо [Studies in the Scriptures], од Ч. Т. Расел, том 2, издаден во 1889 година, 79. страница).

Чарлс Тејз Расел и пријателите со кои ја проучувал Библијата сфатиле со децении однапред дека во 1914 година ќе завршат одредените времиња на незнабошците (Лука 21:24). Иако во прво време не разбирале во целост што ќе значи ова, биле уверени дека 1914 година ќе биде пресуден датум во светската историја — и имале право. Забележи што било наведено во еден весник:

„Со избувнувањето на страшната војна во Европа, се исполни едно многу необично пророштво. Во изминатите 25 години, ‚Меѓународните истражувачи на Библијата‘, попознати како ‚луѓе на илјадагодишното царство‘, со своето проповедање и преку печатот му објавуваа на светот дека Денот на гневот, за кој зборува Библијата, ќе осамне во 1914 година. ‚Внимавајте на 1914 година!‘ — беше повикот на стотици патувачки проповедници“ (The World, њујоршки весник, 30 август 1914 година).

[Фуснота]

^ Истражувачите на Библијата не сфатиле дека меѓу „пр.н.е.“ и „н.е.“ не постои нулта година. Подоцна, кога од истражувањето станало јасно дека ќе треба да се направи промена од 606 на 607 год. пр.н.е., била испуштена нултата година, така што предвидувањето за 1914 год. од н.е. сѐ уште важело. (Види ја книгата „Вистината ќе ве ослободи“ — “The Truth Shall Make You Free”, издадена од Јеховините сведоци во 1943 година, 239. страница.)

[Рамка на страница 106]

1914 година — пресвртница

Во делото Светска историја на Politiken — моќта и значењето на историјата (Politikens Verdenshistorie—Historiens Magt og Mening), издадено во 1987 година во Копенхаген, на 40. страница го пишува следново:

„На вербата во напредокот, која ја имаа луѓето во 19 век, ѝ беше зададен смртоносен удар во 1914 година. Една година пред избувнувањето на војната, данскиот историчар и политичар, Петер Мунх, напиша со многу оптимизам: ‚Сите знаци укажуваат дека не постои никаква веројатност да дојде до војна меѓу големите европски сили. „Опасноста од војна“ ќе ја снема во иднина, како што ја снемувало безброј пати од 1871 година‘.

Но подоцна, во неговите мемоари читаме нешто сосема спротивно: ‚Избувнувањето на војната во 1914 година е голема пресвртница во историјата на човештвото. Од една епоха на напредок, која многу ветуваше и во која можеше да се живее во релативна сигурност, влеговме во век на катастрофи, ужаси и омраза, во век на несигурност. Никој не можеше, а и сѐ уште не може, да каже дали мракот што тогаш се надви над нас ќе доведе и до потполно уништување на целокупната култура, која човекот ја создавал со милениуми‘“.

[Слика на страница 110]

‚Секоја планина поместена од своето место‘

[Слика на страница 111]

Се скрија во пештерите