Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Првата мака — скакулци

Првата мака — скакулци

Поглавје 22

Првата мака — скакулци

1. Кој постапува во согласност со она што го навестува трубењето на трубите, и што најавува петтата труба?

 ПЕТТИОТ ангел се подготвува да затруби во својата труба. Четири небесни труби веќе се огласија, и четири неволји ја погодија третината од земјата која Јехова ја смета за највиновна — христијанскиот свет. Беше откриено дека тој свет е на смртна постела. Додека ангелите трубат, човечките гласници на Земјата постапуваат во согласност со она што го навестуваат трубите. Сега, петтото трубење на ангелот ќе ја најави првата мака, пострашна од сѐ што се случи пред тоа. Тој навестува една ужасна наезда од скакулци. Но, најпрво да разгледаме некои други стихови што ќе ни помогнат подобро да разбереме каква е оваа неволја.

2. Која библиска книга опишува наезда од скакулци слична на наездата што ја гледа Јован, и какви се последиците од неа за древниот Израел?

2 Библиската книга Јоил, напишана во деветтиот век пр.н.е., опишува една наезда од инсекти, меѓу кои има и скакулци, која е слична на наездата што ја гледа Јован (Јоил 2:1-11, 25). * Оваа наезда требало да им создаде големи непријатности на отпадничките Израелци, но исто така требало да им помогне на некои Евреи да се покаат и повторно да ја стекнат Јеховината милост (Јоил 2:6, 12-14). Кога ќе дошло тоа време, Јехова ќе го излеел својот дух на „најразлични луѓе“, а на „големиот и страшен Јеховин ден“ требало да му претходат страшни знаци и кобни предзнаци (Јоил 2:11, 28-32).

Наезда во првиот век

3, 4. а) Кога се исполнило 2. поглавје од Јоил, и како? б) Каква наезда, слична на наезда од рој скакулци, имало во првиот век од н.е., и колку долго траела таа?

3 Второто поглавје од Јоил се исполнило во првиот век. На Педесетница 33 год. од н.е. бил излеан светиот дух. Првите христијани биле помазани и биле оспособени да зборуваат на многу јазици за „величествените Божји дела“. Како резултат на тоа се собрало едно големо мноштво луѓе. Апостол Петар им се обратил на овие зачудени набљудувачи цитирајќи го Јоил 2:28, 29, а потоа им објаснил дека тие се сведоци на исполнувањето на овие стихови (Дела 2:1-21). Но, не постои пишан запис дека во тоа време имало некаква дословна наезда од инсекти која на некои им создала непријатности, а други ги навела на покајание.

4 Но, дали во тоа време имало симболична наезда? Да, имало! Таа била резултат на неуморното проповедање на христијаните кои штотуку биле помазани. * Преку нив, Јехова ги повикал Евреите што биле спремни да слушаат да се покаат и да добијат благослови од него (Дела 2:38-40; 3:19). На лицата што го сториле тоа, тој им покажал огромна милост. Но, на оние што ја одбиле поканата, христијаните во првиот век им изгледале како штетен рој скакулци. Почнувајќи од Ерусалим, тие се рашириле низ цела Јудеја и Самарија. Наскоро ги имало насекаде. Тие јавно го објавувале Исусовото воскресение и сето она што го вклучувало ова воскресение, и на тој начин ги измачувале неверните Евреи (Дела 1:8; 4:18-20; 5:17-21, 28, 29, 40-42; 17:5, 6; 21:27-30). Ова измачување продолжило сѐ до „страшниот ден“ во 70 год. од н.е., кога Јехова ги довел римските војски против Ерусалим, и тие го уништиле. Биле спасени само оние христијани кои со вера го повикувале името на Јехова (Јоил 2:32; Дела 2:20, 21; Изреки 18:10).

Наездата на скакулци денес

5. Како се исполнува Јоиловото пророштво од 1919 година наваму?

5 Разумно е да очекуваме Јоиловото пророштво да има конечно исполнување во времето на крајот. И, навистина е така! На конгресот на Истражувачите на Библијата, одржан од 1 до 8 септември 1919 година во Седар Поинт (Охајо, САД), Јехова го излеа својот дух во голема мера поттикнувајќи ги своите слуги да почнат да проповедаат низ целиот свет. Од сите што се изјаснуваа како христијани, единствено тие сфатија дека Исус е устоличен како небесен Цар и не се штедеа себеси објавувајќи ја таа добра вест насекаде. Со своето неуморно сведочење, кое беше исполнување на пророштвото, тие го измачуваа отпадничкиот христијански свет (Матеј 24:3-8, 14; Дела 1:8).

6. а) Што видел Јован кога петтиот ангел затрубил во својата труба? б) Кого го симболизира оваа „ѕвезда“, и зошто?

6 Откровението, кое е напишано околу 26 години по уништувањето на Ерусалим, исто така ја опишува таа наезда. Како се надоврзува на описот на Јоил? Да видиме што запишал Јован: „И петтиот ангел затруби. И видов ѕвезда што падна од небото на земјата, и ѝ беше даден клучот од бездната“ (Откровение 9:1). Оваа „ѕвезда“ не е иста со ѕвездата од Откровение 8:10, која Јован ја видел како паѓа. Тој сега гледа ‚ѕвезда што паѓа од небото‘ и што има една задача во врска со Земјата. Дали се работи за духовно или за човечко суштество? За оној што го држи овој ‚клуч од бездната‘ подоцна се вели дека го фрла Сатана во „бездната“ (Откровение 20:1-3). Значи, мора да се работи за моќно духовно суштество. Во Откровение 9:11, Јован ни кажува дека скакулците над себе имаат ‚цар — ангелот на бездната‘. И двата стиха мора да се однесуваат на истата личност. Тогаш, логично е дека ангелот што го има клучот од бездната е самиот ангел на бездната. Ѕвездата мора да го симболизира Царот поставен од Јехова, бидејќи помазаните христијани признаваат само еден ангелски Цар, Исус Христос (Колошаните 1:13; 1. Коринќаните 15:25).

7. а) Што се случило кога била отворена „бездната“? б) Што е „бездната“, и кој бил кратко време во неа?

7 Јован продолжува: „И ја отвори бездната и од неа се крена чад како чад од голема печка, така што од чадот од бездната потемне сонцето, а и воздухот. Од чадот излегоа скакулци на земјата и им беше дадена моќ, каква што имаат земните скорпии“ (Откровение 9:2, 3). Во Библијата, „бездната“ означува место на неактивност, па дури и на смрт. (Спореди Римјаните 10:7; Откровение 17:8; 20:1, 3.) Малата група од Исусови браќа поминаа кратко време во една таква ‚бездна‘ на релативна неактивност кон крајот на Првата светска војна (1918/1919). Но, кога во 1919 година Јехова го излеа духот врз своите слуги што се покајаа, тие излегоа од бездната спремни да го прифатат предизвикот и да се зафатат со делото што стоеше пред нив.

8. Во која смисла пуштањето на скакулците било проследено со многу „чад“?

8 Како што забележува Јован, пуштањето на скакулците од бездната е проследено со многу чад, како „чад од голема печка“. * Токму такво нешто се случи во 1919 година. Ситуацијата за христијанскиот свет, а и за светот воопшто, стана мрачна. (Спореди Јоил 2:30, 31.) Ослободувањето на овие скакулци, класата на Јован, беше вистински пораз за свештенството на христијанскиот свет, кое сега го отфрли Божјето Царство и кое коваше заговори и сплетки со намера да му стави крај на проповедањето за Царството еднаш засекогаш. На оваа група скакулци им беше дадена моќ од Бог и тие почнаа да ја користат за да објават силни пораки на осуда кои постепено го обвија отпадничкиот христијански свет како чад. Се помрачи неговото ‚сонце‘, односно неговиот изглед на просветленост, а „воздухот“ се згусна од објави на Божјите осуди со кои беше разоткриено дека бог на христијанскиот свет е, всушност, „владетелот кој владее со воздухот“ на овој свет (Ефешаните 2:2; Јован 12:31; 1. Јованово 5:19).

Тие штетни скакулци!

9. Какви упатства за бој добиле скакулците?

9 Какви упатства за бој добиваат овие скакулци? Јован вели: „И им беше заповедано да не им наштетат на земните растенија, ниту на кое и да било зеленило, ниту на некое дрво, туку само на луѓето кои го немаат Божјиот печат на своите чела. И на скакулците не им беше дадено да ги убиваат, туку да ги мачат пет месеци, а маката што им ја задаваа беше како маката што му ја задава на човек убодот од скорпија. И во тие денови луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат, и ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив“ (Откровение 9:4-6).

10. а) Кон кого првенствено е насочена неволјата, и какво влијание има врз нив? б) За какво мачење станува збор? (Види ја и фуснотата.)

10 Забележи дека оваа неволја не им е нанесена првенствено на луѓето ниту на некои видни личности претставени со ‚земните растенија или дрвја‘. (Спореди Откровение 8:7.) Скакулците треба да им наштетат само на оние кои го немаат Божјиот печат на своите чела, односно на луѓето во христијанскиот свет што тврдат дека се обележани со печат, но чии дела не се во согласност со нивното тврдење (Ефешаните 1:13, 14). Според тоа, мачните објави на овие современи скакулци во почетокот беа насочени против верските водачи во христијанскиот свет. Колку мачно мора да било за овие вообразени луѓе да слушаат како јавно се осудени дека не само што не ги водат своите стада на небо туку дека ни тие нема да влезат таму! * Во нивниот случај, навистина ‚слепецот водел слепец‘! (Матеј 15:14).

11. а) Колку долго имаат право скакулците да ги измачуваат Божјите непријатели, и зошто ова не е кратко време? б) Колку е големо мачењето?

11 Измачувањето трае пет месеци. Дали е ова релативно кратко време? Не е, кога ќе се земе предвид животниот век на вистинските скакулци. Тој обично изнесува токму толку — пет месеци. Според тоа, сѐ додека се живи, современите скакулци ги бодат Божјите непријатели. Што е уште полошо, таа мака е толку голема што луѓето посакуваат да умрат. Точно, нема запис дека некој што бил каснат од скакулец навистина посакал да се убие. Сепак, овој израз ни помага да сфатиме колку е големо тоа мачење — како да го задаваат немилосрдни скорпии. Тоа е слично на маките што ги претскажал Еремија за оние неверни Израелци кои требало да бидат расеани од вавилонските освојувачи и на кои смртта ќе им била помила од животот (Еремија 8:3; види и Проповедник 4:2, 3).

12. Зошто, во духовна смисла, на скакулците им е дозволено да ги мачат верските водачи на христијанскиот свет, но не и да ги убијат?

12 Зошто, во духовна смисла, на скакулците им е дозволено да ги мачат овие лица, но не и да ги убијат? Со разоткривањето на лагите и пропустите на христијанскиот свет, неволјата само почнува. Дури подоцна, кога денот на Господарот ќе поодмине, неговото духовно мртвило целосно ќе им биде објавено на сите. Во текот на втората мака, една третина од луѓето ќе бидат убиени (Откровение 1:10; 9:12, 18; 11:14).

Скакулци опремени за битка

13. Како изгледаат скакулците?

13 Колку необично изгледаат овие скакулци! Јован ги опишува со следниве зборови: „А скакулците изгледаа како коњи подготвени за битка. На главите имаа нешто како златни круни, а лицата им беа како човечки лица, а косата им беше како женска коса. Забите им беа како на лав. На градите имаа оклопи слични на железни оклопи. А звукот на нивните крилја беше како татнеж на бојни коли со многу коњи што јуришаат во битка“ (Откровение 9:7-9).

14. Зошто Јовановиот опис на скакулците одговара на групата оживеани христијани во 1919 година?

14 Ова е многу добар опис на лојалната група христијани кои беа оживеани во 1919 година. Тие беа подготвени за битка како коњи, желни да се борат за вистината на начинот што го опишал апостол Павле (Ефешаните 6:11-13; 2. Коринќаните 10:4). Јован гледа дека на главите имаат нешто како златни круни. Не би било во ред да имаат вистински круни бидејќи не почнуваат да владеат додека сѐ уште се на Земјата (1. Коринќаните 4:8; Откровение 20:4). Но, во 1919 година веќе личат на цареви. Тие се браќа на Царот, и нивниот небесен венец, односно круна, е зачуван за нив под услов да останат верни до крајот (2. Тимотеј 4:8; 1. Петрово 5:4, фусноти).

15. Што значи тоа што скакулците имаат а) железни оклопи? б) човечки лица? в) женска коса? г) заби како на лав? д) Што значи тоа што креваат голема врева?

15 Во видението, скакулците имаат железни оклопи, кои се симбол за непоколеблива праведност (Ефешаните 6:14-18). Тие исто така имаат човечки лица, што укажува на особината љубов, бидејќи човекот бил направен според ликот на Бог, кој е љубов (1. Мојсеева 1:26; 1. Јованово 4:16). Косата им е долга како коса на жена, што добро ја опишува нивната подложност на нивниот Цар, ангелот на бездната. Забите, пак, им се како заби на лав. Лавот го кине месото со своите заби. Од 1919 година наваму, класата на Јован повторно беше во состојба да зема тврда духовна храна, особено вистините за Божјето Царство со кое владее „лавот од Јудиното племе“, Исус Христос. Лавот е симбол на храброста, и на оваа класа навистина ѝ беше потребна огромна храброст за да ја прифати оваа тешка порака, да ја објави во публикациите и да ја раздели низ целиот свет. Овие симболични скакулци кренаа голема врева, како „татнеж на бојни коли со многу коњи што јуришаат во битка“. По примерот на христијаните од првиот век, тие немаат намера да замолчат (1. Коринќаните 11:7-15; Откровение 5:5).

16. Што значи тоа што скакулците имаат „опашки и осила како скорпии“?

16 Ова проповедање не се сведува само на зборување! „И имаа опашки и осила како скорпии, а во опашките ја имаа моќта да им задаваат болка на луѓето пет месеци“ (Откровение 9:10). Што може да значи ова? Додека го вршат своето дело за Царството, Јеховините сведоци проповедаат и оставаат печатени публикации изнесувајќи веродостојни информации што се темелат на Божјата реч. Може да се каже дека тие имаат осила како скорпии бидејќи даваат предупредување за претстојниот Јеховин ден на одмазда (Исаија 61:2). Пред сегашното поколение на духовни скакулци да го одживее својот животен век, Божјето дело на објавување на неговите осуди ќе биде целосно завршено — на штета на сите непокорни богохулници.

17. а) Што било најавено на конгресот на Истражувачите на Библијата во 1919 година, со што било засилено осилото на нивното сведочење? б) Како биле измачувани свештениците, и како возвратиле?

17 Оваа група скакулци беа пресреќни кога на конгресот во 1919 година беше најавено излегувањето на едно ново списание, Златен век. Стануваше збор за списание кое излегуваше двапати месечно, а беше наменето да го засили осилото на нивното сведочење. * Изданието со број 27, од 29 септември 1920 година, ја разоткри дволичноста на свештенството, кое во периодот од 1918/1919 ги прогонуваше Истражувачите на Библијата во САД. Во текот на 1920-тите и 1930-тите, списанието Златен век продолжи да ги измачува свештениците со нови убоди — статии и карикатури кои го разоткриваа нивното подло плеткање во политиката, а особено спогодбите што католичкото свештенство ги склучи со фашистичките и нацистичките диктатори. Свештенството возврати така што ‚создаде проблеми со помош на законот‘ и организираше насилни напади од толпи против Божјиот народ (Псалм 94:20).

Опомена за светските владетели

18. Какво дело требало да извршат скакулците, и каква била реакцијата на петтото трубење?

18 Современите скакулци требаше да извршат едно дело — да ја проповедаат добрата вест за Царството. Требаше да ги разоткријат грешките. Требаше да ги најдат изгубените овци. Додека скакулците ги вршеа овие задачи, светот беше принуден да обрне внимание. Послушна на трубењето на ангелите, класата на Јован и понатаму објавува дека христијанскиот свет ги заслужува Јеховините осуди. Како одговор на петтото трубење, на еден конгрес на Истражувачите на Библијата во Лондон, одржан од 25 до 31 мај 1926 година, беше нагласен еден посебен аспект на овие осуди. На овој конгрес беше усвоена резолуцијата со наслов „Сведоштво за светските владетели“, и беше одржано јавно предавање во Ројал Алберт Хол на тема: „Зошто се тетерават светските сили — кој е лекот?“ Целиот текст, и од резолуцијата и од предавањето, излезе следниот ден во еден од најчитаните лондонски весници. Подоцна, ројот скакулци раздели насекаде во светот, во облик на трактат, 50 милиони примероци од таа резолуција. Ова беше вистинско измачување за свештенството! Со години подоцна, луѓето во Англија сѐ уште расправаа за ова остро и отворено разоткривање.

19. Каква друга бојна опрема добиле симболичните скакулци, и што било запишано во неа во врска со лондонскиот проглас?

19 На овој конгрес, симболичните скакулци добија додатна бојна опрема, една нова книга со наслов Избавување (Deliverance). Во неа беа изнесени библиски докази дека владата претставена со ‚машкото дете‘, односно Христовото небесно Царство, е родена во 1914 година (Матеј 24:3-14; Откровение 12:1-10). Освен тоа, беше цитиран дел од прогласот издаден во Лондон во 1917 година и потпишан од осум свештеници, кои тогаш важеа за „едни од најголемите проповедници во светот“. Тие ги застапуваа водечките протестантски цркви — Баптистичката, Конгрешанската, Презвитеријанската, Епископалната и Методистичката. Во овој проглас беше наведено дека „сегашната криза укажува на тоа дека завршија времињата на незнабошците“ и дека „секој миг може да се очекува откривањето на Господарот“. Да, тие свештеници го препознаа знакот на Исусовата присутност! Но, дали сторија нешто во врска со тоа? Во книгата Избавување стоеше: „Најинтересно од сѐ е што истите тие луѓе кои го потпишаа прогласот подоцна го погазија и ги отфрлија доказите што покажуваат дека живееме на крајот на светот и во денот на втората присутност на Господарот“.

20. а) Каков избор направило свештенството во поглед на ројот скакулци и на нивниот Цар? б) Според она што го рекол Јован, кој е над ројот скакулци, и како се вика?

20 Наместо да го објавува претстојното Божје Царство, свештенството на христијанскиот свет избра да остане со Сатановиот свет. Тие не сакаат да имаат ништо заедничко со скакулците и со нивниот Цар, за кого Јован сега вели: „Над себе имаа цар, ангелот на бездната. На хебрејски се викаше Авадон [што значи: „уништување“], а на грчки се викаше Аполион [што значи: „уништувач“] (Откровение 9:11). Како ‚ангел на бездната‘ и „уништувач“, Исус навистина пуштил тешка мака врз христијанскиот свет. Но, ова не е сѐ!

[Фусноти]

^ Спореди го Јоил 2:4, 5, 7 (каде што за инсектите се вели дека се како коњи, народи и луѓе, и дека испуштаат звук како тропот на коли) со Откровение 9:7-9; исто така спореди го Јоил 2:6, 10 (каде што се опишани болките од наездата од инсекти) со Откровение 9:2, 5.

^ Види ја статијата „Обединети против народите во долината на одлуката“, во Стражарска кула од 1 декември 1961 година (англиски).

^ Забележи дека овој стих не може да се користи за да се докаже дека во бездната имало оган, како таа да е некој вид пекол. Јован вели дека густиот чад што го видел бил „како“ чад од голема печка (Откровение 9:2). Тој не вели дека видел вистински оган во бездната.

^ Грчкиот збор што се користи овде доаѓа од коренот васани́зо, кој понекогаш означува дословно мачење, но може да се однесува и на умствено измачување. На пример, во 2. Петрово 2:8 читаме дека Лот ‚ја мачел својата праведна душа‘ поради злобата што ја гледал во Содом. Верските водачи од времето на апостолите душевно се измачувале, но од сосема друга причина.

^ Ова списание во 1937 година доби ново име, Утеха (Consolation), а во 1946 беше преименувано во Разбудете се!

[Прашања]

[Слика на страница 143]

Огласувањето на петтата труба ја најавува првата од трите маки

[Слика на страница 146]

Остри се твоите стрели во срцето на непријателите на царот (Псалм 45:5). Во 1930-тите, под овој наслов излегуваа многу вакви карикатури кои ги бодеа ‚оние што го немаа печатот на Бог‘

[Слики на страница 147]

Ројал Алберт Хол, каде што беше најавено излегувањето на книгата Избавување и беше усвоена резолуцијата „Сведоштво за светските владетели“