Разгорете ја првата љубов!
Поглавје 7
Разгорете ја првата љубов!
ЕФЕС
1. До кое собрание ја упатува Исус својата прва порака, и на што ги потсетува надгледниците?
ИСУС ја упатува својата прва порака до собранието во Ефес. Ефес во тоа време бил многу напреден град сместен на брегот на Мала Азија, во близина на островот Патмос. Исус му заповеда на Јован: „На ангелот на собранието во Ефес напиши му: Ова го вели оној што ги држи седумте ѕвезди во својата десна рака, оној што оди меѓу седумте златни светилници“ (Откровение 2:1). Овде, како и во останатите шест пораки, Исус истакнува зошто има право да им даде совет. Тој ги потсетува надгледниците во Ефес дека сите старешини се под негов надзор и заштита, и дека тој ги прегледува сите собранија. Сѐ до нашево време, Исус продолжува со љубов да ја врши својата улога на поглавар така што се грижи за старешините, а како добар пастир води сметка и за сите што се поврзани со собранијата. Одвреме-навреме, тој прави измени во начинот на кој се водат работите во собранието за да може светлината да свети уште посилно. Да, Исус е Главниот Пастир на Божјето стадо (Матеј 11:28-30; 1. Петрово 5:2-4).
2. а) За кои добри работи ги пофалил Исус Ефешаните? б) Кој совет од апостол Павле очигледно го послушале старешините во Ефес?
2 Во пораките до сите седум собранија — со исклучок на две — Исус го изнесува она што има да им го каже во ист редослед, почнувајќи секогаш со срдечни зборови на пофалба. Еве што вели во пораката до Ефешаните: „Ги знам твоите дела, и твојот труд и истрајноста, и дека не можеш да поднесуваш зли луѓе, и дека ги испита оние што велат дека се апостоли, а не се, и утврди дека се лажливци. Истраен си и трпеше поради моето име и не се умори“ (Откровение 2:2, 3). Со години пред тоа, апостол Павле ги предупредил старешините во Ефес да се пазат од „свирепи волци“ — отпадници што ќе го вознемируваат стадото — и ги советувал да ‚бдеат‘ како што неуморно бдеел и тој (Дела 20:29, 31). Со оглед на тоа што Исус сега ги пофалува за нивниот труд и за истрајноста, и затоа што не се умориле, тие очигледно го послушале советот на Павле.
3. а) Како настојуваат ‚лажните апостоли‘ да ги измамат верните во нашево време? б) Какво предупредување дал Петар во врска со отпадниците?
3 И во денот на Господарот се појавуваат „лажни апостоли“ кои „изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (2. Коринќаните 11:13; Дела 20:30; Откровение 1:10). Овие лица велат дека во сите религии — иако се расцепкани и спротивставени — има по нешто добро, тврдат дека Бог нема организација и негираат дека Исус станал Цар во 1914 година. Со тоа го исполнуваат пророштвото запишано во 2. Петрово 3:3, 4: „Пред сѐ знајте го ова: во последните денови ќе се појават потсмевачи, кои ќе се потсмеваат, ќе се водат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е таа негова ветена присутност? Откако умреа нашите прататковци, сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето‘“.
4. а) Како се гледа гордоста и бунтовноста на потсмевачите? б) Што преземаат христијаните денес против лажливите противници, покажувајќи со тоа дека се слични на Ефешаните?
4 Овие потсмевачи не можат да ја поднесат помислата да им зборуваат на другите за својата вера (Римјаните 10:10). Бараат поддршка од свештенството на христијанскиот свет и со помош на печатот и телевизијата шират лаги за своите поранешни соработници. Верните сфаќаат дека говорот и однесувањето на овие измамници не се како што треба. Исто како Ефешаните, христијаните денес ‚не можат да поднесуваат зли луѓе‘, и затоа ги исклучуваат од своите собранија. *
5. а) Која слабост им ја посочил Исус на Ефешаните? б) Кои зборови требало да ги запомнат Ефешаните?
5 Но сега, како што прави и со другите четири од вкупно седумте собранија, Исус издвојува еден сериозен проблем. Тој им вели на Ефешаните: „Сепак, ова го имам против тебе: ја остави својата прва љубов“ (Откровение 2:4). Ефешаните не требало да дозволат да им се случи ова, бидејќи 35 години пред тоа Павле им пишувал за Божјата „голема љубов“ и ги поттикнал: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов, како што и Христос ве сакаше вас“ (Ефешаните 2:4; 5:1, 2). Освен тоа, следниве зборови на Исус требало засекогаш да им се врежат во срцето: „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова, и сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Марко 12:29-31). Ефешаните ја изгубиле таа прва љубов.
6. а) Од кои опасности и склоности треба да се чуваме, сеедно дали сме нови во собранието или сме подолго во вистината? б) На што треба да нѐ поттикне нашата љубов кон Бог?
6 Сеедно дали сме нови во собранието или сме подолго време во вистината, мора да внимаваме да не ја изгубиме својата прва љубов кон Јехова. Како може да се случи такво нешто? Ќе се случи ако дозволиме преокупираноста со световната работа, желбата да заработиме многу пари или задоволствата да ни станат најважното нешто во животот. На тој начин, наместо духовни, би можеле да станеме телесни (Римјаните 8:5-8; 1. Тимотеј 4:8; 6:9, 10). Нашата љубов кон Јехова треба да нѐ поттикне да ги искорениме сите такви склоности и треба да нѐ мотивира да си ‚собираме богатство на небото‘ со тоа што ќе ‚го бараме најнапред царството и Божјата праведност‘ (Матеј 6:19-21, 31-33).
7. а) Што треба да нѐ мотивира да му служиме на Јехова? б) Што рекол Јован за љубовта?
7 Нашата служба за Јехова нека биде секогаш мотивирана од силна љубов кон него. Да бидеме благодарни од срце за сето она што Јехова и Христос го сториле за нас. Самиот Јован подоцна напишал: „Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“. Потоа продолжил: „Бог е љубов, и кој останува во љубовта, останува во единство со Бог, и Бог останува во единство со него“. Никогаш да не дозволиме да избледи нашата љубов кон Јехова, кон Господарот Исус Христос и кон живата реч Божја! Оваа љубов можеме да ја покажеме не само со нашата ревносна служба за Бог туку и со тоа што ќе ја слушаме ‚оваа заповед од него: оној што го сака Бог, треба да го сака и својот брат‘ (1. Јованово 4:10, 16, 21; Евреите 4:12; види и 1. Петрово 4:8; Колошаните 3:10-14; Ефешаните 4:15).
„Прави ги поранешните дела“
8. Што рекол Исус дека треба да прават Ефешаните?
8 Ефешаните морале да ја разгорат љубовта што ја имале порано ако не сакале да ја изгубат наградата. „Затоа,“ им вели Исус, „сети се од каде падна, покај се и прави ги поранешните дела. Ако не се покаеш, ќе дојдам кај тебе и ќе го тргнам твојот светилник од неговото место“ (Откровение 2:5). Како реагирале на овие зборови христијаните во собранието во Ефес? Не знаеме. Се надеваме дека се покајале и дека успеале да ја разгорат својата љубов кон Јехова. Доколку не го стореле тоа, постоела опасност нивната светилка да згасне, а нивниот светилник да биде тргнат од своето место, и со тоа да ја изгубат прекрасната можност да ги осветлуваат другите со вистината.
9. а) Кои охрабрувачки зборови им ги кажал Исус на Ефешаните? б) Како собранијата во времето по смртта на Јован престанале да обрнуваат внимание на советот што Исус им го дал на Ефешаните?
9 Сепак, Исус има и охрабрувачки зборови за Ефешаните: „Но кај тебе ова е добро: ги мразиш делата на Николовата секта, кои и јас ги мразам“ (Откровение 2:6). Било добро што тие барем ги мразеле секташките поделби, исто како што ги мрази и Господарот Исус Христос. Но, како што одминувале годините, многу собранија престанале да обрнуваат внимание на овие Исусови зборови. Бидејќи им недостигала љубов кон Јехова, кон вистината, а и еден кон друг, тие полека отпловиле во духовна темнина. Се поделиле на бројни раскарани секти. „Христијанските“ препишувачи, кои немале никаква љубов кон Јехова, го отстраниле и самото Божје име од грчките ракописи на Библијата. Затоа што немале љубов, почнале во името на христијанството да шират вавилонски и грчки учења, како оние за пекол, чистилиште и тројство. Бидејќи не ги сакале ниту Бог ниту вистината, мнозина од оние што тврделе дека се христијани престанале да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Со текот на времето, со нив завладеало себично свештенство, кое си изградило свое сопствено царство овде на Земјата. (Спореди 1. Коринќаните 4:8.)
10. Каква била состојбата во религиите на христијанскиот свет во 1918 година?
10 Кога судот започнал од домот Божји во 1918 година, поделеното свештенство на христијанскиот свет отворено ја поддржувало Првата светска војна и ги поттикнувало и католиците и протестантите од двете страни да се убиваат едни со други (1. Петрово 4:17). За разлика од собранието во Ефес, кое го мразело она што го правела Николовата секта, во религиите на христијанскиот свет веќе долго време изобилувале противречни, богохулни учења, а нивното свештенство се заортачило со светот, иако Исус им рекол на своите ученици дека не смеат да бидат дел од тој свет (Јован 15:17-19). Нивните собранија, кои не ја знаат темата на Библијата — Божјето Царство — не биле светилници кои ја шират библиската вистина, а нивните членови не биле дел од духовниот храм на Јехова. Нивните водачи — и мажи и жени — не се покажале како ѕвезди, туку како членови на „човекот на беззаконието“ (2. Солуњаните 2:3; Малахија 3:1-3).
11. а) Која група христијани што постоеле во 1918 година ги примениле во пракса зборовите кои Исус им ги кажал на Ефешаните? б) Што направила класата на Јован од 1919 година наваму?
11 Меѓутоа, членовите од класата на Јован испливаа од тие бурни денови на Првата светска војна со силна љубов кон Јехова и кон вистината — љубов која ги мотивираше да му служат горливо и од срце. Тие цврсто им се спротивставија на лицата што се обидоа да воведат секташтво со некој вид идолизирање на првиот претседател на Watch Tower Society, Чарлс Т. Расел, по неговата смрт во 1916 година. Откако си ја научија лекцијата од прогонствата и противењето, оваа група христијани беа пофалени од својот Господар и беа повикани да се радуваат со него (Матеј 25:21, 23). Од настаните што се случуваа во светот, а и од она што самите го искусија, сфатија дека се исполнува знакот на Исусовата невидлива царска присутност. Од 1919 година наваму, тие продолжуваат да учествуваат во понатамошното исполнување на Исусовото значајно пророштво: „И оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 6:9, 10; 24:3-14). Ако во некој поглед нивната љубов кон Јехова згаснуваше, оттогаш почна да пламти како разгорен оган.
12. а) Каков повик бил упатен на еден историски конгрес во 1922 година? б) Кое име прифатиле да го носат вистинските христијани во 1931 година, и за што се покајале?
12 На историскиот конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД), кој се одржа од 5 до 13 септември 1922 година и на кој присуствуваа 18.000 од овие христијани, беше упатен следниов повик: „Назад на полето, о вие, синови на највишиот Бог!.. Светот мора да знае дека Јехова е Бог и дека Исус Христос е Цар над царевите и Господар над господарите... Затоа, објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото царство!“ Беше ставен уште поголем акцент и на Јеховиното скапоцено име. Во 1931 година, овие христијани, кои се собраа на конгрес во Колумбус (Охајо, САД), со радост го прифатија името Јеховини сведоци — име кое Бог го посочил во едно пророштво на Исаија (Исаија 43:10, 12). Почнувајќи со изданието од 1 март 1939 година, името на главното списание на организацијата беше сменето во Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство, со што првенствено му се оддава чест на нашиот Творец и на неговата царска влада. Со разгорена љубов кон Јехова, неговите Сведоци се покајаа за секој поранешен пропуст да му оддадат чест и да го величаат неговото славно име и Царство (Псалм 106:6, 47, 48).
„На оној што ќе победи“
13. а) Какви благослови ќе имале Ефешаните ако ‚победеле‘? б) Како ќе ‚победеле‘ христијаните во Ефес?
13 На крајот, како и во другите пораки, Исус го насочува вниманието на Божјиот дух, кој преку Исус кажува какви ќе бидат наградите за верноста. Тој им вели на Ефешаните: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата: На оној што ќе победи, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое е во Божјиот рај“ (Откровение 2:7). Оние што имаат уво да чујат ќе бидат спремни да ја послушаат оваа важна порака бидејќи се свесни дека Исус не ја дава сам од себе. Тие знаат дека пораката потекнува лично од Севишниот Господар Јехова, кој ја дава преку својот свет дух, односно силата со која се служи. А како ‚ќе победат‘? Така што ќе одат по стапките на Исус, кој останал верен до смрт и затоа можел да каже: „Бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 8:28; 16:33; види и 1. Јованово 5:4).
14. На што мора да се однесува „Божјиот рај“ што го спомнал Исус?
14 Со оглед на тоа што нема да живеат во рајот на Земјата, на кој начин ќе можат помазаните христијани како оние во тогашниот Ефес, да бидат наградени со тоа што ќе јадат „од дрвото на животот, кое е во Божјиот рај“? Ова не може да се однесува на обновениот Рај на Земјата, бидејќи тие 144.000 помазани христијани, меѓу кои се и оние од собранието во Ефес, се откупени од луѓето за да владеат како духовни синови заедно со Јагнето, Исус Христос, на небесната гора Сион (Ефешаните 1:5-12; Откровение 14:1, 4). Според тоа, „Божјиот рај“ за кој станува збор во овој стих мора да се однесува на небесното подрачје — прекрасно како вистинска градина — кое ќе го наследат оние што ќе победат. Таму, „во Божјиот рај“, односно во самото присуство на Јехова, овие победници на кои им била дадена бесмртност ќе јадат од дрвото на животот во симболична смисла, односно ќе живеат вечно.
15. Зошто поттикот за победа што го дава Исус е многу важен за големото мноштво денес?
15 А што ќе се случи со лицата на Земјата кои верно ги поддржуваат 144.000-те помазаници? Едно големо мноштво Сведоци, кои им се придружија на помазаниците, исто така ќе победат. Тие имаат надеж дека ќе влезат во рајот на Земјата, каде што ќе пијат од ‚реката со вода на животот‘ и ќе бидат излекувани од „лисјата на дрвјата“, кои се посадени од двете страни на таа река (Откровение 7:4, 9, 17; 22:1, 2). Ако си и ти во оваа група, покажи колку многу го сакаш Јехова и победи во борбата за верата. Така ќе можеш среќно да живееш во Рајот на Земјата засекогаш. (Спореди 1. Јованово 2:13, 14.)
[Фуснота]
^ Историски поединости за појавата на лажните апостоли можат да се најдат во книгата Расправљање на темељу писма, страници 31-38, издадена од Јеховините сведоци.
[Прашања]
[Рамка на страница 36]
Фалбени песни за Јехова и за неговиот Син
Во песнарката што ја издадоа Јеховините слуги во 1905 година имаше двапати повеќе фалбени песни за Исус отколку за Јехова Бог. Во песнарката од 1928 година, бројот на песни во кои се величаше Исус беше приближно ист со бројот на песни во кои се величаше Јехова. Но, во последната песнарка од 1984 година има четири пати повеќе песни во чест на Јехова отколку во чест на Исус. Ова е во согласност со зборовите што ги кажал и самиот Исус: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28). Иако мора многу да го сакаме Исус и да бидеме од сѐ срце благодарни за неговата скапоцена жртва и за неговата служба на Првосвештеник и Цар поставен од Бог, љубовта кон Јехова мора да биде најважна.
[Табела на страница 34]
Редослед по кој Исус ги дава советите
(наведени се поглавја и стихови од Откровението)
Порака до Зошто има Воведна Јасно Исправка Благословот
собранието во право да го пофалба го наведува и/или што следи
даде советот проблемот охрабрување
Ефес 2:1 2:2, 3 2:4 2:5, 6 2:7
Смирна 2:8 2:9 — 2:10 2:11
Пергам 2:12 2:13 2:14, 15 2:16 2:17
Тијатира 2:18 2:19 2:20, 21 2:24, 25 2:26-28
Сард 3:1 — 3:1, 2 3:3, 4 3:5
Филаделфија 3:7 3:8 — 3:8-11 3:12
Лаодикија 3:14 — 3:15-17 3:18-20 3:21