Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Разоткриена е една застрашувачка тајна

Разоткриена е една застрашувачка тајна

Поглавје 34

Разоткриена е една застрашувачка тајна

1. а) Како реагирал Јован кога ги здогледал големата блудница и страшниот ѕвер на кој седела таа, и зошто? б) Како реагира класата на Јован на денешните настани со кои се исполнува ова пророчко видение?

 КАКО реагира Јован кога ги здогледува големата блудница и страшниот ѕвер на кој седи таа? Самиот тој ни кажува: „Кога ја здогледав, многу се зачудив“ (Откровение 17:6б). Ни човек со најбујна фантазија не би можел да си замисли вакво нешто. Сепак, Јован ја гледа — одвратна блудница качена на чудовишен, црвен ѕвер во некоја пустина! (Откровение 17:3). И класата на Јован денес исто така со голема зачуденост ги набљудува настаните со кои се исполнува ова пророчко видение. Кога луѓето од светот би можеле да го видат ова, сигурно би извикале: ‚Неверојатно!‘ А светските владетели би повториле: ‚Незамисливо!‘ Но, денес, ова видение се исполнува пред наши очи. Божјиот народ веќе имал извонреден удел во неговото исполнување, и ова му е гаранција дека пророштвото ќе се исполни до крај — и тоа на зачудувачки начин!

2. а) Што му кажал ангелот на Јован кога видел колку е зачуден? б) Што ѝ било откриено на класата на Јован, и на кој начин?

2 Ангелот забележува дека Јован е запрепастен. Јован, пак, за него вели: „А ангелот ми рече: ,Зошто се чудиш? Ќе ти ја откријам тајната на жената и на ѕверот со седумте глави и десетте рогови, кој ја носи‘“ (Откровение 17:7). Значи, ангелот има намера да ја открие тајната! Тој му ги објаснува на зачудениот Јован различните детали на видението, како и драматичните настани што треба да се случат. На сличен начин, ова пророштво ѝ беше разјаснето и на будната класата на Јован, која служи под ангелско водство денес. ‚Зарем не е Бог тој што толкува?‘ Исто како верниот Јосиф, и ние се сложуваме со ова (1. Мојсеева 40:8; спореди Даниел 2:29, 30). Божјите слуги се во центарот на вниманието додека Јехова им го толкува значењето на видението и им објаснува од каква важност е тоа за нивниот живот (Псалм 25:14). Токму навреме, тој им ја разоткри тајната за жената и за ѕверот (Псалм 32:8).

3, 4. а) Кое јавно предавање го изнел Н. Х. Нор во 1942 година, и како во него било покажано кој е црвениот ѕвер? б) Кои зборови што ангелот му ги кажал на Јован ги објаснил Н. Х. Нор?

3 Од 18 до 20 септември 1942 година, во екот на Втората светска војна, Јеховините сведоци во Соединетите Држави го одржаа својот теократски конгрес со наслов „Нов свет“. Со конгресот што се одржуваше во Кливленд (Охајо, САД) телефонски беа поврзани повеќе од 50 други конгресни места, а бројот на присутните на сите тие конгреси достигна 129.699. Каде што дозволуваа воените услови, истата програма беше одржана и на други места насекаде во светот. Во тоа време, многу Јеховини слуги очекуваа оваа војна да прерасне во Божјата војна Армагедон, и затоа насловот на јавното предавање, „Мир — може ли да потрае?“, предизвика голем интерес. Како можеше Натан Х. Нор да се осмели да зборува за мир кога се чинеше дека народите ги чека сосем спротивното? * Ова беше можно затоа што класата на Јован ѝ обрна „посебно внимание“ на Божјата пророчка реч (Евреите 2:1; 2. Петрово 1:19).

4 Како ова предавање помогна да се расветли пророштвото? Откако изнесе јасни докази дека црвениот ѕвер од Откровение 17:3 е Лигата на народите, Н. Х. Нор продолжи со преглед на нејзиното бурно постоење осврнувајќи се на зборовите што ангелот сега му ги кажува на Јован: „Ѕверот што го виде беше, но повеќе не е, но наскоро ќе излезе од бездната и ќе биде уништен“ (Откровение 17:8а).

5. а) Во која смисла „ѕверот... беше“, а потоа „повеќе не е“? б) Како Н. Х. Нор одговорил на прашањето: „Дали Лигата на народите ќе остане во бездната?“

5 „Ѕверот... беше.“ Да, тој ѕвер веќе постоеше под името Лига на народите од 10 јануари 1920 година, и неговиот најголем број членки изнесуваше 63. Но, Јапонија, Германија и Италија се повлекоа, а поранешниот Советски Сојуз беше исклучен од Лигата. Во септември 1939 година, нацистичкиот диктатор на Германија ја започна Втората светска војна. * Бидејќи не успеа да го одржи мирот во светот, Лигата на народите практично падна во бездна на неактивност. До 1942 година, нејзиното постоење стана минато. Ниту пред тоа ниту потоа, туку токму во тој клучен момент, Јехова му го објасни на својот народ длабокото значење на ова видение! На теократскиот конгрес „Нов свет“, Н. Х. Нор можеше да изјави, во согласност со пророштвото, дека „ѕверот... повеќе не е“. Тогаш праша: „Дали Лигата на народите ќе остане во бездната?“ Цитирајќи го Откровение 17:8, тој одговори: „Лигата на народите пак ќе се појави“. И, се случи токму тоа. Јеховината пророчка реч повторно беше потврдена!

Излегува од бездната

6. а) Кога црвениот ѕвер излегол од бездната, и со кое ново име? б) Зошто ОН, всушност, претставуваат повторно враќање на црвениот ѕвер?

6 Црвениот ѕвер навистина излезе од бездната. Во придружба на бучни фанфари, на 26 јуни 1945 година, во Сан Франциско (САД), 50 земји го изгласаа усвојувањето на Повелбата на Организацијата на обединетите нации. Целта на оваа организација беше „да го одржува меѓународниот мир и сигурност“. Постоеја многу сличности меѓу Лигата и ООН. Во една енциклопедија се вели: „На некои начини, ООН личеше на Лигата на народите, која беше основана по Првата светска војна... Многу од земјите што ги основаа ОН беа и меѓу основачите на Лигата. Исто како и Лигата, ОН беа основани за да го одржат мирот меѓу народите. Главните органи на ОН се многу слични на органите на Лигата“ (The World Book Encyclopedia). Значи, ОН претставуваат, всушност, повторно враќање на црвениот ѕвер. Со своите речиси 190 членки, оваа организација далеку го надминува бројот на членки на Лигата, кој изнесуваше 63. Освен тоа, таа презеде и поголеми одговорности од својот претходник.

7. а) На кој начин жителите на Земјата му се восхитувале на црвениот ѕвер кога повторно го виделе? б) Што не успеале да постигнат ОН, и што рекол еден нивни поранешен генерален секретар во врска со тоа?

7 Во почетокот се полагаа големи надежи во ОН. Со ова се исполнија следниве зборови на ангелот: „И ќе се восхитуваат оние што живеат на земјата, а чии имиња од настанувањето на светот не се запишани во свитокот на животот, кога ќе видат дека ѕверот кој беше, а потоа не беше, пак се појави“ (Откровение 17:8б). Жителите на Земјата ѝ се восхитуваа на оваа нова џиновска организација, која дејствува од своето велелепно седиште на Ист Ривер во Њујорк. Сепак, ОН не успеаја да донесат вистински мир и сигурност. Во поголемиот дел на 20-тиот век, светскиот мир беше одржуван само со помош на заканата од „заемно загарантирано уништување“, а трката во вооружување стануваше сѐ пожестока. Во 1985 година, по речиси 40-годишни напори на Обединетите нации, нивниот тогашен генерален секретар, Хавиер Перез де Куељар, се жалеше: „Повторно живееме во ера на фанатици, и не знаеме како да се справиме со тоа“.

8, 9. а) Зошто Обединетите нации не можат да ги решат светските проблеми, и што ќе се случи наскоро со нив според она што го одлучил Бог? б) Зошто имињата на основачите на ООН и на оние што ѝ се восхитуваат не се запишани во Божјиот „свиток на животот“? в) Што ќе постигне Јеховиното Царство?

8 Обединетите нации не можат да ги решат проблемите. Зошто? Затоа што оној кој ја оживеа оваа организација не е оној што му дава живот на човекот. Нејзиниот век ќе биде краток, бидејќи Бог одредил да ‚биде уништена‘. Имињата на основачите на ООН, како и на оние што ѝ се восхитуваат, не се запишани во Божјиот свиток на животот. Како воопшто и би можеле грешните, смртни луѓе, од кои мнозина го исмеваат Божјето име, да го постигнат преку Обединетите нации она што Јехова Бог изјавил дека самиот ќе го направи, но не преку луѓе, туку преку Царството на својот Христос? (Даниел 7:27; Откровение 11:15).

9 Обединетите нации се, всушност, богохулна имитација на Божјето месијанско Царство во рацете на неговиот Кнез на Мирот, Исус Христос — на чија кнежевска власт ќе ѝ нема крај (Исаија 9:6, 7). Дури и да успеат да скрпат некој привремен мир, наскоро повторно ќе избувнат војни. Тоа е во природата на грешниот човек. Нивните „имиња од настанувањето на светот не се запишани во свитокот на животот“. Јеховиното Царство во рацете на Христос не само што ќе воспостави вечен мир на Земјата туку, на темел на Исусовата откупна жртва, ќе ги воскресне мртвите — праведните и неправедните кои се во Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Во нив спаѓаат сите оние што останале цврсти и покрај нападите на Сатана и неговото потомство, како и други од кои ќе се очекува да покажат послушност во иднина. Јасно е дека во Божјиот свиток на животот никогаш нема да бидат запишани имињата на непопустливите приврзаници на Големиот Вавилон и на оние што продолжуваат да го обожаваат ѕверот (2. Мојсеева 32:33; Псалм 86:8-10; Јован 17:3; Откровение 16:2; 17:5).

Мир и сигурност — залудна надеж

10, 11. а) За што ја прогласија Обединетите нации 1986 година, и каква беше реакцијата? б) Колку „верски семејства“ се собраа во Асизи (Италија) за да се молат за мир, и дали Бог одговара на ваквите молитви? Објасни.

10 Во обид да им ги подгреат надежите на луѓето, Обединетите нации ја прогласија 1986 година за „Меѓународна година на мирот“, со тема „Да се зачува мирот и иднината на човечкиот род“. Завојуваните народи беа повикани да го положат оружјето барем за една година. Како реагираа тие? Според еден извештај на Меѓународниот институт за мировни истражувања, само во таа 1986 година во војна беа убиени околу пет милиони војници! Иако беа пуштени во оптек посебни ковани пари и спомен-изданија на поштенски марки, таа година повеќето земји не се потрудија многу да го спроведат идеалот за мир. Но, религиите во светот, кои секогаш се желни да бидат во добри односи со ОН — почнаа на различни начини да ѝ даваат публицитет на оваа година. На 1 јануари 1986 година, папата Јован Павле II ја пофали работата на ОН и таа нова година му ја посвети на мирот. Освен тоа, на 27 октомври истата година, ги собра водачите на многу светски религии во Асизи (Италија) за да се молат за мир.

11 Дали Бог одговара на таквите молитви за мир? Па, на кој Бог му се молеа тие верски водачи? Доколку би ги прашал, секоја група би дала поинаков одговор. Дали постои пантеон од милиони богови што можат да ги слушнат и да одговорат на молитвите што им се упатуваат на најразлични начини? Многу од учесниците на овој собир го обожаваат тројството на христијанскиот свет. * Будистите, хиндусите и многу други им пееја еднолични молитвени песни на безброј богови. Сѐ на сѐ, беа собрани 12 „верски семејства“, застапени од познати личности како што беше англиканскиот надбискуп од Кантербери, будистот Далај Лама, митрополитот на Руската православна црква, претседателот на шинтоистичкото здружение на Токио, анимисти од Африка и двајца американски индијанци со раскошни перјаници. Најблаго речено, ова беше доста шаренолико мноштво, многу соодветно за едно телевизиско шоу. Една група се молеше 12 часа без престан. (Спореди Лука 20:45-47.) Но, дали макар една од тие молитви стигна подалеку од дождовните облаци кои се надвиснуваа над тој собир? Не, и тоа од следниве причини.

12. Зошто Бог не ги услишил молитвите за мир што му ги упатиле светските верски водачи?

12 За разлика од оние што ‚одат во името на Јехова‘, ниту еден од пратениците на овие религии не му се молеше на Јехова, живиот Бог, чие име се појавува околу 7.000 пати во изворниот текст на Библијата (Михеј 4:5; Исаија 42:8, 12). * Како група, тие не му пристапија на Бог во името на Исус, а повеќето од нив воопшто и не веруваат во Исус Христос (Јован 14:13; 15:16). Ниту еден од нив не го врши она што е Божја волја денес — насекаде во светот да се објави дека Божјето Царство што доаѓа, а не Обединетите нации, е вистинска надеж за човештвото (Матеј 7:21-23; 24:14; Марко 13:10). Повеќето од тие верски организации беа вмешани во крвавите војни што се водеа во минатото, како и во двете светски војни во 20-тиот век. На таквите, Бог им вели: „Кажувате многу молитви, но јас не слушам — рацете ви се полни со крв“ (Исаија 1:15; 59:1-3).

13. а) Зошто е значајно тоа што светските верски водачи се здружуваат со ОН и заедно повикуваат на мир? б) Пред кој крај, проречен од Бог, ќе бидат најгласни повиците за мир?

13 Многу значајно е и тоа што верските водачи во светот токму во ова време се здружуваат со Обединетите нации и заедно повикуваат на мир. Ним им е многу важно да имаат влијание во ООН заради своја лична корист, особено денес кога мнозина од нивните верници ѝ свртуваат грб на религијата. Исто како неверните водачи во древниот Израел, и тие извикуваат: „‚Мир е! Мир е!‘ — а мир нема“ (Еремија 6:14). Нема сомнение дека овие повици за мир ќе продолжат и ќе стануваат сѐ погласни како што се приближува крајот за кој апостол Павле прорекол: „Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта. Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена, и нема да побегнат“ (1. Солуњаните 5:2, 3).

14. Како би можел да се исполни повикот за „Мир и сигурност!“, и како можеме да избегнеме да бидеме излажани од него?

14 Во последниве години, политичарите го користеа изразот „мир и сигурност“ за да опишат различни човечки замисли. Дали ваквите напори на светските лидери го означуваат почетокот на исполнувањето на 1. Солуњаните 5:3? Или, пак, Павле зборувал за некој конкретен настан кој ќе биде со толку големи размери што ќе го привлече вниманието на целиот свет? Бидејќи пророштвата од Библијата обично се разбираат дури откако ќе се исполнат или додека тече нивното исполнување, ќе мора да чекаме и да видиме. Во меѓувреме, христијаните знаат дека, сеедно каков мир и сигурност ќе се чини дека постигнале народите, во суштина ништо нема да биде променето. Сѐ уште ќе постојат себичност, омраза, криминал, распад на семејствата, неморал, болести, тага и смрт. Затоа никаков повик за „мир и сигурност“ не мора да те излаже тебе ако го разбираш значењето на светските настани и ако ги послушаш пророчките предупредувања од Божјата реч (Марко 13:32-37; Лука 21:34-36).

[Фусноти]

^ Џ. Ф. Ратерфорд почина на 8 јануари 1942 година, а по него Н. Х. Нор стана претседател на Watch Tower Society.

^ На 20 ноември 1940 година, Германија, Италија, Јапонија и Унгарија го потпишаа основањето на една „нова Лига на народите“. Четири дена подоцна следеше радиопренос од мисата и молитвата за мир меѓу религиите и за нов поредок, која се одржа во Ватикан. Таа „нова Лига“ никогаш не профункционира.

^ Идејата за тројство, односно за Света Троица, потекнува од древниот Вавилон, каде што богот-сонце Шамаш, богот-месечина Син, и божицата на ѕвездите Иштар биле обожавани како тријада од богови. Египќаните го следеле овој пример, и ги обожавале Озирис, Изис и Хор. Главниот бог на Асирците, Асур, е прикажан со три глави. Слично на ова, во католичките цркви се наоѓаат кипови на Бог со три глави.

^ Еден речник од 1993 година ја дава следнава дефиниција за Јехова Бог: „Врховното и единствено Божество кое го признаваат и обожаваат Јеховините сведоци“ (Webster’s Third New International Dictionary).

[Прашања]

[Рамка на страница 250]

„Мир“ — парадокс

Иако ООН ја прогласи 1986 за Меѓународна година на мирот, самоубиствената трка во вооружување се засили. Публикацијата Светските воени и социјални издатоци за 1986 година (World Military and Social Expenditures 1986) ги наведува следниве отрезнувачки детали:

Во 1986 година, во светот беа потрошени 900 милијарди долари за вооружување.

Парите што за еден час беа потрошени за вооружување ќе беа доволни да се вакцинираат 3,5-те милиони лица што умреа таа година од заразни болести кои можат да се спречат.

Насекаде во светот, секој петти човек живееше во крајна сиромаштија. Сите овие гладни луѓе ќе можеа да јадат цела година со парите што светот ги потроши на оружје за само два дена.

Експлозивната енергија на нуклеарното оружје складирано во светот беше за 160.000.000 пати поголема од енергијата на експлозијата во Чернобил.

Можеше да се фрли нуклеарна бомба која имаше 500 пати поголема разорна моќ од бомбата фрлена врз Хирошима во 1945 година.

Нуклеарниот арсенал имаше разорна моќ која одговараше на повеќе од еден милион бомби како онаа што беше фрлена врз Хирошима. Таа моќ е за 2.700 пати поголема од експлозивната енергија која беше ослободена во Втората светска војна, кога загинаа 38 милиони луѓе.

Војните станаа сѐ почести и сѐ посмртоносни. Во 18-тиот век во војна загинале 4,4 милиони луѓе, во 19-тиот век загинале 8,3 милиони, а во првите 86 години од 20-тиот век загинаа 98,8 милиони луѓе. Од 18-тиот век наваму, бројот на жртвите во војните расте за шест пати побрзо од бројот на светското население. Во просек, во 20-тиот век имаше десет пати повеќе жртви во војни отколку во 19-тиот век.

[Слики на страница 247]

Како што било проречено за црвениот ѕвер, Лигата на народите падна во бездна за време на Втората светска војна, но повторно оживеа под името Обединети нации

[Слики на страница 249]

Со цел да ја поддржат „Годината на мирот“, прогласена од ООН, во Асизи (Италија), претставници на светските религии упатија цел куп молитви на разни јазици, но ниту еден од нив не му се молеше на живиот Бог, Јехова