Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Слатко-горчлива порака

Слатко-горчлива порака

Поглавје 24

Слатко-горчлива порака

Видение 6 — Откровение 10:1—11:19

Тема: Видението за малиот свиток; настани поврзани со храмот; огласувањето на седмата труба

Кога се исполнува: Од устоличувањето на Исус во 1914 година до големата неволја

1, 2. а) До што довела втората мака, и кога ќе заврши таа? б) Кого Јован сега го гледа како слегува од небото?

 ВТОРАТА мака е навистина страшна. Таа ги погодува христијанскиот свет и неговите водачи, односно „третина од луѓето“, и ја разоткрива нивната духовно мртва состојба (Откровение 9:15). Јован сигурно се прашува што воопшто би можела да донесе третата мака. Но, чекај! Втората мака сѐ уште не е помината — и нема да помине сѐ додека не стигнеме до она што е запишано во Откровение 11:14. Пред тоа Јован ќе биде сведок на настани во кои и самиот ќе учествува. Но, сега пред него се појавува една величествена и застрашувачка глетка:

2 „И видов еден друг силен ангел како слегува од небото, облечен во облак и со виножито над главата. Лицето му беше како сонце, а нозете му беа како огнени столбови“ (Откровение 10:1).

3. а) Кој е ‚силниот ангел‘? б) Што претставува виножитото над неговата глава?

3 Кој е овој „силен ангел“? Очигледно, тоа е прославениот Исус Христос, но сега во една поинаква улога. Облечен е во облак, кој укажува на невидлива присутност. Освен тоа, облакот нѐ потсетува и на зборовите што Јован порано ги кажа во врска со Исус: „Еве, доаѓа со облаците, и ќе го види секое око, дури и оние што го прободоа“ (Откровение 1:7; спореди Матеј 17:2-5). Виножитото над неговата глава исто така нѐ потсетува на едно претходно видение на Јован, во кое тој околу Јеховиниот престол виде „виножито, слично на смарагд“ (Откровение 4:3; спореди Езекиел 1:28). Виножитото укажуваше на спокојството и мирот со кои е опкружен Божјиот престол. На сличен начин, ова виножито над главата на ангелот покажува дека тој е посебен гласник на мир кого Јехова пророчки го опишал како „Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6, 7).

4. На што укажува тоа што а) лицето на силниот ангел е „како сонце“? б) нозете на ангелот се „како огнени столбови“?

4 Лицето на силниот ангел е „како сонце“. Порано, кога имаше видение за Исус во Божјиот храм, Јован забележа дека лицето на Исус „му беше како сонцето кога сјае со полн сјај“ (Откровение 1:16). Исус свети како ‚сонце на праведноста‘ и носи оздравување на своите крилја за сите што се бојат од Јеховиното име (Малахија 4:2). Не само лицето туку и нозете на овој ангел се величествени, „како огнени столбови“. Така цврсто може да стои само Оној кому Јехова му ја дал „сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18; Откровение 1:14, 15).

5. Што видел Јован во раката на силниот ангел?

5 Потоа Јован вели: „Во раката имаше мал отворен свиток. И со десната нога застана на морето, а со левата на земјата“ (Откровение 10:2). Зарем уште еден свиток? Да, но овој пат свитокот не е запечатен. Заедно со Јован, наскоро можеме да очекуваме да ни бидат откриени други возбудливи информации. Но, прво ни е кажано што се случува пред тоа.

6. а) Зошто е соодветно тоа што Исус стои со едната нога на земјата, а со другата на морето? б) Кога потполно се исполнил Псалм 8:5-8?

6 Да се вратиме на описот на Исус. Тој стои со своите огнени нозе на морето и на земјата над кои сега има целосна власт, исто како што вели еден пророчки псалм: „[Ти, Јехова] си го направил [Исус] малку помал од оние што му се слични на Бог, со слава и со сјај си го овенчал. Си му дал да владее над делата на твоите раце, сѐ си ставил под неговите нозе: сета ситна стока и говедата, и полските животни, птиците небесни и рибите морски, сѐ што плива по морските патеки“ (Псалм 8:5-8; види и Евреите 2:5-9). Овој псалм потполно се исполнил во 1914 година кога Исус бил поставен за Цар на Божјето Царство и кога започнало времето на крајот. Според тоа, она што Јован го гледа во ова видение се случува од таа година наваму (Псалм 110:1-6; Дела 2:34-36; Даниел 12:4).

Седумте громови

7. Како извикува силниот ангел, и какво е значењето на овој извик?

7 Додека Јован стои загледан во овој силен ангел, самиот ангел го прекинува: „И [ангелот] викна со силен глас исто како кога рика лав. Кога викна, седум громови се огласија со своите гласови“ (Откровение 10:3). Еден таков силен извик сигурно го привлекол вниманието на Јован и му потврдил дека Исус навистина е „лавот од Јудиното племе“ (Откровение 5:5). Освен тоа, Јован сигурно знае дека и за Јехова понекогаш се вели дека ‚рика‘. Со едно такво рикање пророчки било навестено повторното собирање на духовниот Израел и доаѓањето на ‚Јеховиниот ден‘ на уништување (Осија 11:10; Јоил 3:14, 16; Амос 1:2; 3:7, 8). Тогаш, јасно е дека лавовското рикање на овој силен ангел навестува слични големи настани за морето и за земјата. Ова рикање ги наведува и седумте громови да се огласат.

8. Што значи ‚огласувањето на седумте громови‘?

8 Јован порано слушна звук на громови кои доаѓаа од самиот Јеховин престол (Откровение 4:5). Во времето на Давид, за дословните громови понекогаш се велело дека се „гласот Јеховин“ (Псалм 29:3). За време на Исусовата служба на Земјата, кога во една прилика Јехова лично зборувал и објавил дека има намера да го прослави своето име, мнозина помислиле за неговиот глас дека е грмење (Јован 12:28, 29). Затоа е разумно да се заклучи дека, кога се ‚огласуваат седумте громови‘, всушност, лично Јехова кажува кои се неговите намери. Тоа што биле „седум“ громови значи дека Јехова ги кажува сите свои намери.

9. Што заповедал еден глас од небото?

9 Но, чекај! Се слуша уште еден глас. Тој дава заповед што најверојатно му е многу чудна на Јован: „А кога проговорија седумте громови, сакав да го запишам тоа, но чув глас од небото како вели: ‚Задржи го во тајност она што го рекоа седумте громови, и немој да го запишуваш!‘“ (Откровение 10:4). Јован сигурно со нетрпение чекал да ги слушне и да ги запише овие громогласни пораки, исто како што и класата на Јован денес со нетрпение чекаше Јехова да ги разоткрие своите намери за да можат да ги објават. Таквите откровенија доаѓаат во времето што го одредил Јехова (Лука 12:42; види и Даниел 12:8, 9).

Потполно разоткривање на светата тајна

10. Во кого се заколнал силниот ангел, и на која изјава се однесува тоа?

10 Во меѓувреме, Јехова има една друга задача за Јован. Откако се огласуваат седумте громови, силниот ангел повторно проговорува: „И ангелот што го видов како стои на морето и на земјата ја подигна својата десна рака кон небото и се заколна во оној што живее во сета вечност, кој го создаде небото и она што е на него, земјата и она што е на неа и морето и она што е во него: ‚Бог повеќе нема да чека!‘“ (Откровение 10:5, 6). Во кого се заколнува силниот ангел? Прославениот Исус не се заколнува во себеси, туку во највисокиот Авторитет, во Јехова, бесмртниот Творец на небесата и на Земјата (Исаија 45:12, 18). Со оваа заклетва, ангелот го уверува Јован дека Бог повеќе нема да чека.

11, 12. а) Што значи тоа што Бог повеќе нема да чека? б) Што ќе се доврши?

11 Грчкиот збор што овде е преведен со „чека“ е хро́нос, што дословно значи „време“. Затоа некои сметале дека оваа изјава на ангелот треба да се преведе со „повеќе нема да има време“, во смисла дека времето, како што го знаеме ние, ќе престане да постои. Но, зборот хро́нос овде се користи без определен член. Затоа не се однесува на времето како поим, туку на „некое време“ или на „одреден временски период“. Со други зборови, Јехова нема да дозволи да помине уште време — нема да одолговлекува. Еден грчки глагол, кој е изведен од зборот хро́нос, се користи и во Евреите 10:37, каде што Павле, цитирајќи го Авакум 2:3, 4, пишува дека „оној што доаѓа... нема да одолговлекува“.

12 „Повеќе нема да чека“ — овие зборови имаат навистина големо значење за веќе остарената класа на Јован! Што значи тоа што Бог нема да чека? Јован ни кажува: „Туку во деновите кога ќе се огласи седмиот ангел, кога ќе дојде време да затруби, Божјата света тајна ќе се доврши, според добрата вест која Бог им ја објави на своите робови — пророците“ (Откровение 10:7). Конечно доаѓа времето кога, на еден величествен начин, Јехова успешно ќе го доврши сето она што е поврзано со неговата света тајна!

13. Што е Божјата света тајна?

13 Што е оваа света тајна? Таа се однесува на потомството што најпрвин било ветено во еденската градина, а негов главен дел е Исус Христос (1. Мојсеева 3:15; 1. Тимотеј 3:16). Поврзана е и со жената од која доаѓа ова потомство (Исаија 54:1; Галатите 4:26-28). Освен тоа, во тајната се вклучени и споредните членови од потомството, како и Царството со кое ќе владее тоа (Лука 8:10; Ефешаните 3:3-9; Колошаните 1:26, 27; 2:2; Откровение 1:5, 6). Во ова време на крајот, добрата вест за небесното Царство, кое е единствено од таков вид, мора да се проповеда низ целата Земја (Матеј 24:14).

14. Зошто третата мака е поврзана со Божјето Царство?

14 Ова сигурно е најдобрата можна вест. Сепак, во Откровение 11:14, 15, Царството е поврзано со третата мака. Зошто? Затоа што за оние луѓе на кои повеќе им се допаѓа Сатановиот свет, објавувањето на добрата вест дека е довршена светата тајна на Бог — односно, дека месијанското Царство е овде — е вест што им задава мака. (Спореди 2. Коринќаните 2:16.) Ова значи дека светското уредување во кое уживаат наскоро ќе биде уништено. Како што наближува големиот Јеховин ден на одмазда, гласовите на седумте громови, кои содржат такви злокобни предупредувања за страшното невреме што ќе го снајде овој свет, стануваат сѐ појасни и сѐ погласни (Софонија 1:14-18).

Отворениот свиток

15. Што му рекле гласот од небото и силниот ангел на Јован, и што значело тоа за него?

15 Додека Јован чека да се огласи оваа седма труба и да се доврши Божјата света тајна, дадена му е уште една задача: „И гласот што го чув од небото, повторно ми се обрати и ми рече: ‚Оди, земи го отворениот свиток што е во раката на ангелот кој стои на морето и на земјата!‘ И отидов кај ангелот и го замолив да ми го даде малиот свиток. А тој ми рече: ‚Земи го и изеди го! Во утробата ќе ти загорчи, но во устата ќе ти биде сладок како мед‘. И го зедов свитокот од раката на ангелот и го изедов. И во устата ми беше сладок како мед, но кога го голтнав, ми загорчи во утробата. И ми рекоа: ‚Пророкувај повторно за луѓе и народи и јазици и многу цареви‘“ (Откровение 10:8-11).

16. а) Како пророкот Езекиел доживеал нешто слично на она што му се случило на Јован? б) Зошто малиот свиток му бил сладок на Јован, но зошто му бил горчлив, односно тежок за варење?

16 Јован, всушност, доживува нешто многу слично на она што му се случило на пророкот Езекиел кога бил во изгнанство во Вавилонија. И нему му било заповедано да изеде еден свиток што во устата му бил сладок. Но, откако го изел, тој ја сфатил и ја прифатил одговорноста да му пророкува горчливи работи на бунтовниот дом на Израел (Езекиел 2:8 — 3:15). И отворениот свиток што прославениот Исус Христос му го дава на Јован содржи порака од Бог. Јован треба да пророкува за „луѓе и народи и јазици и многу цареви“. Слатко му е да го изеде овој свиток бидејќи свитокот потекнува од Бог. (Спореди Псалм 119:103; Еремија 15:15, 16.) Но, бидејќи е горчлив, тешко се вари затоа што — како и во случајот на Езекиел — навестува непријатни работи за непослушните луѓе (Псалм 145:20).

17. а) Кој му кажал на Јован „повторно“ да пророкува, и што значи ова? б) Кога требало да се исполни возбудливиот опис што го дал Јован?

17 Оние што му велат на Јован повторно да пророкува се, без сомнение, Јехова Бог и Исус Христос. Јован, иако е прогонет на островот Патмос, веќе пророкувал за луѓе, народи, јазици и цареви, и тоа преку информациите што досега ги запишал во Откровението. Зборот „повторно“ покажува дека тој мора да ги запише и да ги објави и другите информации што ќе стојат во книгата Откровение. Но, сети се, Јован сега има активен удел во ова пророчко видение. Она што го запишува е, всушност, пророштво кое треба да се исполни по 1914 година, кога силниот ангел застанува со едната нога на Земјата, а со другата на морето. Тогаш, што значи овој драматичен опис за класата на Јован денес?

Малиот свиток денес

18. Каков интерес покажала класата на Јован за книгата Откровение во почетокот на денот на Господарот?

18 Она што го гледа Јован го навестува на еден навистина извонреден начин она што ѝ се случи на класата на Јован во почетокот на денот на Господарот. Тогаш членовите на оваа група не ги разбираа во потполност Јеховините намери, и не знаеја што точно ќе значат седумте громови. Сепак, беа многу заинтересирани за Откровението, и во текот на својот живот Чарлс Тејз Расел разработи многу делови од таа книга. По неговата смрт во 1916 година, многу од неговите написи беа собрани и издадени во облик на книга со наслов Тајната е разоткриена. Но, со текот на времето се виде дека оваа книга не го објаснува доволно Откровението. За да го разберат во потполност овој вдахновен запис, остатокот од Христови браќа мораа да почекаат уште малку, кога виденијата почнаа да се исполнуваат.

19. а) Како Јехова Бог ја употребил класата на Јован уште пред да бидат целосно објавени гласовите на седумте громови? б) Кога ѝ бил даден отворен свиток на класата на Јован, и што значело ова за неа?

19 Но, Јехова ги употреби и нив — исто како и Јован — уште пред гласовите на седумте громови да бидат целосно објавени. Тие марливо проповедаа цели 40 години пред 1914 година, а се трудеа да останат активни и во текот на Првата светска војна. Кога дојде нивниот господар, се покажа дека тие се оние што им даваат на слугите храна во вистинско време (Матеј 24:45-47). Затоа, во 1919 година ним им беше даден отворениот мал свиток — односно отворена порака — која требаше да му ја проповедаат на човештвото. Исто како Езекиел, тие требаше да ѝ ја однесат оваа порака на една неверна организација — христијанскиот свет — која тврдеше дека му служи на Бог но, всушност, не го правеше тоа. Исто како Јован, и тие мораа да пророкуваат уште некои работи за ‚луѓето, и народите и јазиците и многуте цареви‘.

20. Што значело тоа што Јован го изел свитокот?

20 Тоа што Јован го изел свитокот значи дека Исусовите браќа ја прифатија задачата. Бидејќи таа им беше како храна, во толкава мера стана дел од нив што тие сега можеа да се препознаат по неа, односно по проповедањето. Но, она што мораа да го проповедаат содржеше осуди од Јехова што не им беа вкусни т.е. прифатливи на многу луѓе. Всушност, во таа порака беа вклучени маките проречени во Откровение 8. поглавје. Но, на овие искрени христијани им беше слатко, односно мило, што ги знаеја овие осуди и што сфатија дека Јехова повторно ги користи нив за да им ги објават на другите (Псалм 19:9, 10).

21. а) Како пораката од малиот свиток му станала слатка и на големото мноштво? б) Зошто добрата вест е лоша за противниците?

21 Со текот на времето, пораката од овој свиток му стана слатка и на „големото мноштво луѓе... од сите народи и племиња и народности и јазици“ кои тажат и плачат поради сите гадости што се прават во христијанскиот свет (Откровение 7:9; Езекиел 9:4). И тие неуморно ја објавуваат добрата вест, и со слатки, пријатни зборови ги опишуваат прекрасните работи што Јехова ги приготвува за христијаните слични на овци (Псалм 37:11, 29; Колошаните 4:6). Но, за противниците, ова е лоша вест. Зошто? Бидејќи таа го означува крајот на поредокот во кој тие имаат доверба, и кој можеби им носи минливо задоволство. За нив, добрата вест не е добра, туку злокобна (Филипјаните 1:27, 28; спореди 5. Мојсеева 28:15; 2. Коринќаните 2:15, 16).

[Прашања]

[Слики на страница 160]

Класата на Јован и нивните соработници им објавуваат слатко-горчлива порака на сите луѓе