Смачкана е главата на Змијата
Поглавје 40
Смачкана е главата на Змијата
Видение 14 — Откровение 20:1-10
Тема: Сатана е фрлен во бездна, илјадагодишно Царство, човештвото е испитано за последен пат, и Сатана е уништен
Кога се исполнува: Од крајот на големата неволја до уништувањето на Сатана
1. Како течело исполнувањето на првото библиско пророштво?
СЕ СЕЌАВАШ ЛИ на првото пророштво во Библијата? Јехова Бог го дал кога ѝ го рекол следново на Змијата: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мојсеева 3:15). Исполнувањето на ова пророштво сега се ближи кон својот крај! Ја проследивме историјата на Сатановото војување против Јеховината небесна организација за која се вели дека е негова симболична жена (Откровение 12:1, 9). Земниот дел од потомството на Змијата, со својата религија, политика и трговија, свирепо го прогонувал на Земјата потомството на жената — Исус Христос и неговите 144.000 помазани следбеници (Јован 8:37, 44; Галатите 3:16, 29). Сатана предизвикал Исус да умре со маченичка смрт. Но, ова било само како да го ранил во петицата бидејќи на третиот ден Бог го воскреснал својот верен Син (Дела 10:38-40).
2. Како ќе биде смачкана Змијата, и што ќе се случи со земниот дел од потомството на Змијата?
2 А што ќе се случи со Змијата и со нејзиното потомство? Околу 56 год. од н.е., апостол Павле им напишал едно долго писмо на христијаните во Рим. Во заклучокот, тој ги охрабрил со следниве зборови: „А Бог, кој дава мир, наскоро ќе го сотре Сатана под вашите нозе“ (Римјаните 16:20). Ова нема да биде само површна рана. Сатана ќе биде сотрен! Овде Павле го користи грчкиот збор синдри́во, што значи да го згмечи, да го згази и целосно да го уништи така што ќе го смачка. Во денот на Господарот, човечкото потомство на Змијата навистина ќе претрпи маки. Тие ќе достигнат кулминација во големата неволја, кога Големиот Вавилон и политичките системи на светот заедно со своите трговски и воени партнери ќе бидат уништени засекогаш (Откровение, поглавја 18 и 19). На тој начин Јехова ќе му стави крај на непријателството помеѓу двете потомства. Потомството на Божјата жена ќе го победи земниот дел од потомството на Змијата — тој повеќе нема да постои!
Сатана е фрлен во бездна
3. Што ни кажува Јован дека ќе му се случи на Сатана?
3 Тогаш, што ги чека самиот Сатана и неговите демони? Јован ни кажува: „И видов еден ангел како слегува од небото со клучот од бездната и со голем синџир во раката. И го фати змејот, празмијата, кој е Ѓавол и Сатана, и го врза за илјада години. И го фрли во бездната, која ја заклучи и ја запечати над него, за да не ги заведува повеќе народите додека не завршат тие илјада години. Потоа треба да биде одврзан за кратко време“ (Откровение 20:1-3).
4. Кој е ангелот со клучот од бездната, и од каде знаеме?
4 Кој е овој ангел? Тој мора да има огромна моќ штом може да го отстрани Јеховиниот заколнат непријател. Ангелот го држи ‚клучот од бездната и има голем синџир во раката‘. Зарем ова не нѐ потсетува на едно претходно видение? Сигурно да — царот над скакулците е наречен ‚ангел на бездната‘! (Откровение 9:11). Значи, сега повторно го гледаме во акција Јеховиниот Главен Одмаздник, прославениот Исус Христос. Овој архангел кој го исфрлил Сатана од небото, кој му пресудил на Големиот Вавилон и ги отстранил „земните цареви и нивните војски“ во Армагедон, сигурно нема да се повлече и да дозволи некој ангел со пониска положба да му го зададе најсилниот удар на Сатана фрлајќи го в бездна! (Откровение 12:7-9; 18:1, 2; 19:11-21).
5. Што ќе направи ангелот на бездната со Сатана Ѓаволот, и зошто?
5 Кога големиот змеј со пламена боја беше исфрлен од небото, беше опишан како „празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет“ (Откровение 12:3, 9). Сега, кога е фатен и фрлен во бездната, повторно е јасно кажано дека тој е „змејот, празмијата, кој е Ѓавол и Сатана“. Овој озлогласен крвожеден ѕвер, измамник, клеветник и противник е врзан со синџир и фрлен „во бездната“, која е цврсто заклучена и запечатена над него, за „да не ги заведува повеќе народите“. Сатана ќе биде затворен во бездната илјада години, и во текот на тоа време нема да може да влијае врз луѓето исто како што ни еден затвореник во темни зандани не може да влијае врз никого. Ангелот на бездната нема да му дозволи на Сатана никаков пристап до Царството на праведноста. Какво олеснување за човештвото!
6. а) Кои други докази покажуваат дека и демоните ќе бидат фрлени во бездната? б) Што ќе може да започне потоа, и зошто?
6 Што ќе се случи со демоните? И тие се „чувани за суд“ (2. Петрово 2:4). Сатана е наречен „Велзевул, владетелот на демоните“ (Лука 11:15, 18; Матеј 10:25). Зарем не треба да ја добијат истата казна како и Сатана со оглед на тоа што долго време соработувале со него? Тие демони веќе долго време се плашат од бездната. Кога еднаш Исус им се спротивставил, тие ‚го молеле да не им заповеда да одат во бездната‘ (Лука 8:31). Но, кога Сатана ќе биде фрлен во неа, сигурно и неговите ангели ќе бидат фрлени заедно со него. (Спореди Исаија 24:21, 22.) Откако и Сатана и демоните ќе бидат фрлени таму, ќе може да започне илјадагодишното владеење на Исус Христос.
7. а) Во каква состојба ќе бидат Сатана и неговите демони додека се во бездната, и од каде знаеме? б) Дали гробот и бездната се едно исто? (Види ја фуснотата.)
7 Дали Сатана и неговите демони ќе дејствуваат на некој начин додека се во бездната? Па, сети се на црвениот, седмоглав ѕвер кој ‚беше, па не беше, но наскоро излезе од бездната‘ (Откровение 17:8). Додека се наоѓаше во бездната, тој ‚не беше‘. Во однос на своите намери и цели беше неделотворен, неподвижен, исто како да беше мртов. Слично на ова, зборувајќи за Исус, апостол Павле рекол: „ ‚Кој ќе слезе во бездната?‘ — односно да го изведе Христос од мртвите“ (Римјаните 10:7). Додека се наоѓал во таа бездна, Исус бил мртов. * Тогаш, разумно е да се заклучи дека, во тие илјада години што ќе ги поминат во бездната, Сатана и неговите демони ќе бидат во состојба на неделотворност слична на смрт. Ова е навистина добра вест за сите што ја сакаат праведноста!
Судии за илјада години
8, 9. Што ни кажува сега Јован за оние што седат на престоли, и кои се тие?
8 По тие илјада години, Сатана накратко ќе биде пуштен од бездната. Зошто? Пред да ни одговори, Јован ни го свртува вниманието на почетокот на тој период. Читаме: „И видов престоли. На оние што седеа на нив им беше дадено да судат“ (Откровение 20:4а). Кои се овие што седат на престоли и владеат на небото заедно со прославениот Исус?
9 Тие се „светите“ за кои Даниел вели дека владеат во Царството заедно со „некој како син човечки“ (Даниел 7:13, 14, 18). Тоа се истите оние што седат како 24 старешини на небесни престоли во присуство на самиот Јехова (Откровение 4:4). Меѓу нив се 12-те апостоли, на кои Исус им го дал следново ветување: „При повторното создавање, кога Синот човечки ќе седне на својот славен престол, вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (Матеј 19:28). Меѓу нив е и Павле, како и христијаните од Коринт што останале верни (1. Коринќаните 4:8; 6:2, 3). Во нив спаѓаат и членовите на собранието во Лаодикија кои победиле (Откровение 3:21).
10. а) Како Јован сега ги опишува 144.000-те цареви? б) Според она што Јован ни го кажа досега, кој е меѓу 144.000-те цареви?
10 Престоли — и тоа 144.000 — се подготвени за овие помазани победници кои „се откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето“ (Откровение 14:1, 4). Јован продолжува: „Ги видов душите на оние што беа погубени * затоа што сведочеа за Исус и зборуваа за Бог, оние што не му се поклонија ниту на ѕверот ниту на неговиот кип и не примија жиг на челото, ниту на раката“ (Откровение 20:4б). Значи, меѓу тие цареви се помазаните христијански маченици кои претходно, при отворањето на петтиот печат, го прашаа Јехова уште колку долго ќе чека пред да се одмазди за нивната крв. Тогаш им беше дадена бела долга облека и им беше кажано да чекаат уште малку. Но, сега Големиот Вавилон е опустошен, народите се уништени од Царот над царевите и Господарот над господарите и Сатана е фрлен во бездната. Тие навистина се одмаздени! (Откровение 6:9-11; 17:16; 19:15, 16).
11. а) Како треба да го разбереме изразот „погубени со секира“? б) Зошто може да се каже дека сите 144.000 умираат со жртвена смрт?
11 Дали сите овие 144.000 цареви и судии навистина биле „погубени со секира“? Најверојатно малкумина од нив навистина биле погубени така. Но, нема сомнение дека овој израз се однесува на сите помазани христијани што на овој или на оној начин се соочуваат со маченичка смрт * (Матеј 10:22, 28). Се разбира дека Сатана би сакал да ги погуби сите нив со секира, но факт е дека сите Исусови браќа не умираат како маченици. Многу од нив умираат од болест или од старост. Сепак, и тие спаѓаат во групата што Јован ја гледа сега. Сите тие во некоја смисла умираат со жртвена смрт (Римјаните 6:3-5). Освен тоа, ниту еден од нив не бил дел од светот. Значи, сите биле мразени од светот, и со тоа, всушност, биле мртви во негови очи (Јован 15:19; 1. Коринќаните 4:13). Ниту еден од нив не го обожавал ѕверот и неговиот кип и, кога умреле, ниту еден од нив го немал жигот на ѕверот. Сите умреле како победници (1. Јованово 5:4; Откровение 2:7; 3:12; 12:11).
12. Што кажува Јован во врска со 144.000-те цареви, и кога оживуваат тие?
12 Сега овие победници повторно се живи! Јован известува: „И оживеаја и царуваа со Христос илјада години“ (Откровение 20:4в). Дали ова значи дека овие судии нема да бидат воскреснати сѐ додека не бидат уништени народите, а Сатана и неговите демони не бидат фрлени во бездна? Не. Повеќето од нив веќе се живи, зашто јавале со Исус против народите во Армагедон (Откровение 2:26, 27; 19:14). Всушност, Павле покажал дека нивното воскресение започнува набрзо откако почнала Исусовата присутност во 1914 година и дека воскреснуваат по одреден редослед (1. Коринќаните 15:51-54; 1. Солуњаните 4:15-17). Според тоа, тие оживуваат во текот на извесен период, додека еден по еден ја добиваат својата награда — бесмртен живот на небото (2. Солуњаните 1:7; 2. Петрово 3:11-14).
13. а) Како треба да гледаме на илјадата години во кои ќе владеат 144.000-те, и зошто? б) Како Папијас од Хиерополис гледал на тие илјада години? (Види ја фуснотата.)
13 Тие ќе владеат и ќе судат илјада години. Дали се работи за дословни илјада години, или за симболичен, неодреден, долг временски период? „Илјади“ може да означува голем, неодреден број како, на пример, во 1. Самоилова 21:11. Но, во овој случај станува збор за дословни „илјада“ години, бидејќи пред овој број, кој се појавува трипати во Откровение 20:5-7, во грчкиот јазик стои одреден член. Павле го нарекол ова време на суд „ден“, кога рекол: „[Бог] определи ден во кој науми да му суди на целиот свет според правдата“ (Дела 17:31). Бидејќи Петар ни кажува дека еден ден кај Јехова е како илјада години, соодветно е овој Ден на суд да изнесува дословно илјада години * (2. Петрово 3:8).
Останатите мртви
14. а) Која изјава ја додал Јован во врска со „останатите мртви“? б) Како некои изјави на Павле ни помагаат да разбереме што значи изразот „оживеаја“?
14 Но, апостол Јован сега ја вметнува следнава изјава: „(Останатите мртви не оживеаја сѐ додека не завршија тие илјада години)“ (Откровение 20:5а). Тогаш, кому ќе му судат овие цареви? И овде контекстот ќе ни помогне да разбереме што точно се мисли со изразот „оживеаја“. Во различни случаи овој израз може да има различно значење. На пример, во врска со помазаните сохристијани, Павле рекол: „Бог ве оживеа иако бевте мртви поради своите престапи и гревови“ (Ефешаните 2:1). Да, Бог ги ‚оживеал‘ христијаните помазани со дух уште во првиот век со тоа што ги прогласил за праведни на темел на нивната вера во жртвата на Исус (Римјаните 3:23, 24).
15. а) Во каков однос биле претхристијанските сведоци на Јехова со него? б) Како ‚оживуваат‘ другите овци, и кога ќе ја наследат Земјата во вистинска смисла на зборот?
15 Слично на ова, и претхристијанските сведоци на Јехова биле прогласени за праведни како пријатели на Бог; а за Авраам, за Исак и за Јаков се вели дека се ‚живи‘, иако дословно се мртви (Матеј 22:31, 32; Јаков 2:21, 23). Сепак, тие, а и сите други што ќе воскреснат, како и големото мноштво од верни други овци кои ќе го преживеат Армагедон и нивните деца што ќе се родат во новиот свет, ќе мора постепено да станат совршени. Во текот на илјадагодишниот Суден ден, Христос и неговите придружни цареви и свештеници ќе им помогнат на сите нив да станат совршени на темел на Исусовата откупна жртва. До крајот на тој Ден, „останатите мртви“ ќе ‚оживеат‘ во таа смисла што ќе станат совршени луѓе. Како што ќе видиме, тогаш ќе мораат да го поминат и последниот испит, но како совршени луѓе. Кога ќе го поминат овој испит, Бог ќе смета дека се достојни да живеат засекогаш, и тие ќе бидат праведни во потполна смисла на зборот. На нив целосно ќе се исполни ветувањето: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Каква прекрасна иднина ги чека послушните луѓе!
Првото воскресение
16. Што вели Јован во врска со воскресението што го добиваат оние кои ќе владеат како цареви со Христос, и зошто?
16 Сега, враќајќи се повторно на оние што „оживеаја и царуваа со Христос илјада години“, Јован пишува: „Ова е првото воскресение“ (Откровение 20:5б). Во која смисла е прво? Тоа е ‚прво воскресение‘ во однос на времето кога настапува, бидејќи оние што ќе го искусат се „првина за Бог и за Јагнето“ (Откровение 14:4). Тоа е прво и по важност, бидејќи оние што ќе бидат воскреснати ќе станат совладетели на Исус во неговото небесно Царство и ќе им судат на другите луѓе. И, на крајот, тоа е прво воскресение од таков вид. Освен за Исус Христос, само за оние што го добиваат првото воскресение Библијата вели дека ќе добијат бесмртен живот (1. Коринќаните 15:53; 1. Тимотеј 6:16).
17. а) Што вели Јован во врска со прекрасната надеж која ја имаат помазаните христијани? б) Што е „втората смрт“, и зошто таа „нема власт“ над 144.000-те победници?
17 Каква прекрасна надеж имаат овие помазаници! Јован изјавува: „Среќен е и свет секој што има удел во првото воскресение. Над нив втората смрт нема власт“ (Откровение 20:6а). Во согласност со ветувањето што Исус им го дал на христијаните во Смирна, на овие победници што ќе го добијат „првото воскресение“ нема да може да им наштети „втората смрт“, која значи истребување, уништување без никаква надеж за воскресение (Откровение 2:11; 20:14). Втората смрт „нема власт“ над таквите победници, бидејќи тие ќе станат нераспадливи и бесмртни (1. Коринќаните 15:53).
18. Што вели Јован сега во врска со новите владетели на Земјата, и што ќе постигнат тие?
18 Каква разлика во однос на земните цареви кои владееле во времето на Сатана! Некои од нив биле на власт најмногу 50 или 60 години, а повеќето владееле само неколку години. Многу од нив ги угнетувале луѓето. Како народите воопшто и би можеле да имаат трајна корист кога тие владетели, а и нивната политика, постојано се менуваат? За разлика од нив, во врска со новите владетели на Земјата, Јован вели: „Туку ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6б). Заедно со Исус, тие ќе ја сочинуваат единствената влада која ќе владее цели илјада години. Како свештеници, тие ќе ги доведат послушните луѓе до духовно, морално и телесно совршенство применувајќи ја вредноста на совршената човечка жртва што ја дал Исус. Како цареви, тие ќе им помогнат на луѓето да изградат едно светско општество кое ќе ја одразува Јеховината праведност и светост. А како судии во текот на цели илјада години, тие, заедно со Исус, со љубов ќе ги водат послушните луѓе кон целта — вечен живот (Јован 3:16).
Последниот испит
19. Во каква состојба ќе бидат Земјата и луѓето на крајот на илјадагодишното Царство, и што ќе направи Исус тогаш?
19 До крајот на илјадагодишното Царство, целата Земја ќе заличи на првобитната Еденска градина. Ќе биде претворена во вистински рај. На совршените луѓе повеќе нема да им треба првосвештеник, кој ќе посредува за нив пред Бог, бидејќи сите траги од адамскиот грев ќе бидат отстранети и последниот непријател, смртта, ќе биде уништен. Христовото Царство ќе ја оствари Божјата намера — ќе создаде свет во кој ќе постои само една влада. Во тој момент, Исус „ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко“ (1. Коринќаните 15:22-26; Римјаните 15:12).
20. Што ни кажува Јован дека ќе се случи за време на последниот испит?
20 Време е за последниот испит. Дали овие совршени луѓе, за разлика од првите луѓе во Еденската градина, ќе му останат верни на Бог? Јован сега ни кажува што ќе се случи: „А штом ќе завршат тие илјада години, Сатана ќе биде пуштен од својот затвор. И ќе излезе да ги заведува народите од четирите краишта на земјата, Гог и Магог, за да ги собере за војна. Нивниот број ќе биде како морскиот песок. И видов како напредуваа по ширината на земјата и го опколија логорот на светите и саканиот град“ (Откровение 20:7-9а).
21. Каков последен обид ќе направи Сатана, и зошто не треба да бидеме изненадени што некои ќе го следат дури и по илјадагодишното Царство?
21 Каков ќе биде исходот од последниот обид на Сатана? Тој ќе ги заведе „народите од четирите краишта на земјата, Гог и Магог“, и ќе ги поведе во „војна“. Кој воопшто би можел да застане на негова страна по илјада години теократско владеење исполнето со радост и вистински напредок? Не заборавај дека Сатана успеал да ги заведе совршените Адам и Ева додека тие живееле во рајот во Еден. А успеал да заведе и многу небесни ангели кои ги виделе лошите последици од првата побуна (2. Петрово 2:4; Јуда 6). Затоа не треба да бидеме изненадени што некои совршени луѓе ќе бидат намамени да го следат Сатана иако уживале илјада години под власта на Божјето Царство.
22. а) На што укажува изразот „народите од четирите краишта на земјата“? б) Зошто бунтовниците се наречени „Гог и Магог“?
22 Библијата ги нарекува овие бунтовници ‚народи од четирите краишта на земјата‘. Ова не значи дека луѓето пак ќе бидат поделени на различни нации, туку едноставно укажува на тоа дека овие луѓе ќе се одвојат од Јеховиниот праведен и верен народ и ќе го покажат истиот лош дух што го имаат и народите денес. Тие ‚ќе сковаат зол план‘, како што прави Гог од Магог во пророштвото на Езекиел, со цел да ја уништат Божјата влада на Земјата (Езекиел 38:3, 10-12). Затоа се наречени „Гог и Магог“.
23. Што покажува тоа што бројот на бунтовниците е „како морскиот песок“?
23 Бројот на оние што ќе му се придружат на Сатана во побуната ќе биде како „морскиот песок“. Колку изнесува овој број? Не се работи за некоја однапред одредена цифра. (Спореди Исус Навин 11:4; Судиите 7:12.) Конечниот вкупен број на бунтовници ќе зависи од тоа како секој поединец ќе реагира на лукавите измами на Сатана. Но, нема сомнение дека бројот на овие лица ќе биде доста голем бидејќи тие ќе си мислат дека се доволно силни да го заземат „логорот на светите и саканиот град“.
24. а) Што е „саканиот град“, и како може да биде опколен? б) Што претставува „логорот на светите“?
24 „Саканиот град“ мора да е градот за кој зборувал прославениот Исус Христос со своите следбеници во Откровение 3:12 каде што го нарекол „градот на својот Бог, новиот Ерусалим, кој слегува од небото од мојот Бог“. Но, како можат овие војски на Земјата да го ‚опколат‘ овој град кога тој претставува небесна организација? Така што го опколуваат „логорот на светите“. Еден логор се наоѓа надвор од градот. Според тоа, „логорот на светите“ мора да ги претставува лицата на Земјата кои, иако не се наоѓаат на небото во Новиот Ерусалим, верно ја поддржуваат Јеховината влада. Кога бунтовниците предводени од Сатана ќе ги нападнат овие верни поединци, Господарот Исус ќе го смета ова како напад врз него лично (Матеј 25:40, 45). „Народите“ ќе се обидат да го уништат сето она што го направил Новиот Ерусалим за да ја претвори Земјата во рај. Во таа смисла може да се каже дека, напаѓајќи го „логорот на светите“, тие го напаѓаат и „саканиот град“.
Езерото огнено и сулфурно
25. Како Јован го опишува исходот од нападот на бунтовниците врз „логорот на светите“, и што ќе значи ова за Сатана?
25 Дали овој последен обид на Сатана ќе успее? Во никој случај — исто како што нема да успее ни нападот што Гог од Магог го подготвува врз духовниот Израел денес! (Езекиел 38:18-23). Јован дава сликовит опис на крајниот исход: „Но оган слезе од небото и ги проголта. А Ѓаволот, кој ги заведуваше, беше фрлен во езерото огнено и сулфурно, каде што веќе се наоѓаа и ѕверот и лажниот пророк“ (Откровение 20:9б, 10а). Наместо да биде фрлен во бездна, овој пат Сатана, празмијата, ќе биде сотрен, столчен, потполно уништен како со оган.
26. Зошто „езерото огнено и сулфурно“ не може да биде вистинско место на маки?
26 Веќе видовме дека „езерото огнено и сулфурно“ не може да биде некое вистинско место на маки (Откровение 19:20). Кога Сатана би требало да трпи вечни маки таму, тогаш Јехова би морал да го остави жив. Но, животот е дар, а не казна. Смртта е казна за гревот и, според Библијата, мртвите суштества не чувствуваат никаква болка (Римјаните 6:23; Проповедник 9:5, 10). Освен тоа, понатаму читаме дека и самата смрт, заедно со гробот, ќе биде фрлена во истото огнено и сулфурно езеро. Сигурно смртта и гробот не можат да чувствуваат болка! (Откровение 20:14).
27. Како она што им се случило на Содом и Гомор ни помага да разбереме што е огненото и сулфурно езеро?
27 Сето ова го потврдува фактот дека огненото и сулфурно езеро е симболично. Освен тоа, спомнувањето на оган и сулфур нѐ потсетува на она што ги снашло древните Содом и Гомор кои Бог ги уништил поради нивната огромна злоба. Кога дошло време, ‚Јехова пуштил на Содом и на Гомор дожд од сулфур и оган‘ (1. Мојсеева 19:24). За овие два града се вели дека биле „осудени на вечен оган“ (Јуда 7). Сепак, тие не трпат вечни маки. Напротив, заедно со своите изопачени жители, биле збришани, отстранети за навек. Тие градови не постојат денес и никој не може со сигурност да каже каде точно се наоѓале.
28. Што е огненото и сулфурно езеро, и во која смисла не е како смртта, гробот и бездната?
28 Во склад со ова, самата Библија го објаснува значењето на огненото и сулфурно езеро: „Тоа огнено езеро ја претставува втората смрт“ (Откровение 20:14). Јасно е дека ова езеро е исто што и геената за која зборувал Исус, место каде што злите ќе бидат конечно уништени, но не мачени засекогаш (Матеј 10:28). Тоа означува целосно, трајно уништување без надеж за воскресение. Затоа, иако постојат клучеви за смртта, за гробот и за бездната, не се спомнува никаков клуч со кој би се отворило огненото и сулфурно езеро (Откровение 1:18; 20:1). Ова езеро никогаш нема да ги пушти своите заробеници. (Спореди Марко 9:43-47.)
Мачени дење и ноќе во сета вечност
29, 30. Што вели Јован за Ѓаволот, за ѕверот и за лажниот пророк, и како треба да се разбере ова?
29 Во врска со Ѓаволот, како и со ѕверот и лажниот пророк, Јован сега ни кажува: „И тие ќе бидат мачени дење и ноќе во сета вечност“ (Откровение 20:10б). Што би можело да значи ова? Како што веќе спомнавме, не е логично да се каже дека симболи, како што се ѕверот и лажниот пророк, а и смртта и гробот трпат дословни маки. Затоа, нема причина да веруваме дека Сатана ќе се мачи во сета вечност. Тој ќе биде уништен.
30 Основното значење на грчкиот збор васани́зо, кој се преведува со „мачење“, е „да се испита квалитетот (на метал) на пробен камен“. „Да се испитува со мачење“ е второто значење (The New Thayer’s Greek-English Lexicon of the New Testament). Во овој контекст, употребата на овој грчки збор покажува дека она што ќе му се случи на Сатана ќе послужи, за сета вечност, како едно мерило, или критериум за исправноста и праведноста на Јеховиното владеење. Ова прашање — кој има неприкосновено право да владее како Севишен — ќе биде расчистено еднаш засекогаш. Никогаш повторно нема да мора во толкав долг период да биде испитувано дали Јехова има право да владее или не. (Спореди Псалм 92:1, 15.)
31. Како два грчки збора што се поврзани со зборот „мачење“ ни помагаат да разбереме каква казна ќе го стигне Сатана Ѓаволот?
31 Освен тоа, сродниот збор васанисти́с, „мачител“, во Библијата се користи за ‚темничар‘ (Матеј 18:34). Во склад со ова, Сатана ќе биде фрлен во огненото езеро засекогаш — никогаш нема да биде ослободен. И, на крајот, во грчката Септуагинта, која Јован добро ја познавал, сродниот збор ва́сано се користи за да означи понижување кое води до смрт (Езекиел 32:24, 30). Ова ни помага да разбереме дека казната што го стигнува Сатана е понижувачка, вечна смрт во езерото огнено и сулфурно. Неговите дела ќе бидат уништени со него (1. Јованово 3:8).
32. Каква казна ќе ги снајде демоните, и од каде знаеме?
32 Демоните не се спомнати ни во овој стих. Дали ќе бидат ослободени заедно со Сатана на крајот на илјадата години, а потоа казнети со вечна смрт заедно со него? Доказите покажуваат дека ќе биде така. Во споредбата за овците и јарците, Исус рекол дека јарците ќе отидат „во вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели“ (Матеј 25:41). Изразот ‚вечен оган‘ мора да се однесува на огненото и сулфурно езеро каде што ќе биде фрлен Сатана. Ангелите на Ѓаволот биле исфрлени од небото заедно со него. Очигледно, тие биле фрлени и во бездната со него кога започнало илјадагодишното Царство. Тогаш, јасно е дека ќе бидат и уништени со него во огненото и сулфурно езеро (Матеј 8:29).
33. Кој последен детаљ од 1. Мојсеева 3:15 ќе биде исполнет тогаш, и кон што го свртува Јеховиниот дух вниманието на Јован?
33 Со ова, пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 се исполнува до најситен детаљ. Кога Сатана ќе биде фрлен во огненото езеро, ќе биде мртов како змија чија глава била смачкана со железна петица. Него и неговите демони ќе ги снема засекогаш. Тие повеќе не се спомнати во книгата Откровение. Сега, по овој пророчки опис на нивното уништување, Јеховиниот дух ни го насочува вниманието на една работа што е од пресудна важност за оние што имаат надеж да живеат на Земјата: Каква корист ќе има човештвото од небесното владеење на ‚Царот над царевите‘ и на „оние што со него се повикани и избрани и верни“? (Откровение 17:14). За да одговори на ова прашање, Јован нѐ враќа уште еднаш на почетокот на илјадагодишното Царство.
[Фусноти]
^ Други стихови покажуваат дека, кога бил мртов, Исус бил во гробот (Дела 2:31). Но, сепак, не треба да заклучиме дека гробот и бездната се секогаш едно исто. За ѕверот и за Сатана се вели дека одат во бездната, но само за луѓе се вели дека одат во гробот, каде што спијат во смртен сон сѐ до своето воскресение (Јов 14:13; Откровение 20:13).
^ Види Свето писмо — превод Нов свет, фуснота.
^ Се чини дека секирата (грчки: пеле́ки) била вообичаено средство за погубување во Рим, иако во времето на Јован веќе главно се користел мечот (Дела 12:2). Затоа, грчкиот збор што е употребен овде, пепелекизме́нон („погубени со секира“), едноставно значи „погубени“.
^ Интересно е она што го кажува историчарот Евзебиј (четврти век од н.е.), во врска со Папијас од Хиерополис, за кој се верува дека бил поучуван за Библијата од некои од учениците на Јован, писателот на Откровението. Според Евзебиј, Папијас верувал дека Христос ќе владее дословно илјада години (иако самиот Евзебиј воопшто не се согласувал со него) (Историја на Црквата [The History of the Church], Евзебиј, III, 39).
[Прашања]
[Слика на страница 293]
Мртво Море. Можна местоположба на Содом и Гомор
[Слики на страница 294]
„А јас ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“