Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Судот над срамната блудница

Судот над срамната блудница

Поглавје 33

Судот над срамната блудница

Видение 11 — Откровение 17:1-18

Тема: Блудницата Големиот Вавилон седи на црвен ѕвер, кој на крајот се свртува против неа и ја уништува

Кога се исполнува: Од 1919 година до големата неволја

1. Што му открил еден од седумте ангели на Јован?

 СИТЕ седум садови на Јеховиниот праведен гнев мора да бидат излеани до последна капка! Тоа што шестиот ангел го излева својот сад врз местото каде што се наоѓал древниот Вавилон, е соодветен симбол за неволјите што ќе го снајдат Големиот Вавилон додека настаните брзо се движат кон конечната пресметка во Армагедон (Откровение 16:1, 12, 16). Најверојатно истиот ангел сега открива зошто и како Јехова ќе ги изврши своите праведни судови. Јован е вџашен од она што го гледа и го слуша: „И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте садови, и ми се обрати со зборовите: ‚Дојди, ќе ти го покажам судот над големата блудница, која седи на многу води, со која блудствуваа царевите на земјата, а оние што живеат на земјата се опија со виното на нејзиниот блуд‘“ (Откровение 17:1, 2).

2. Кои докази посочуваат дека „големата блудница“ а) не е древниот Рим? б) не е трговскиот свет? в) е религиозна творба?

2 „Големата блудница“! Зошто едно вакво шокантно име? Која е таа? Некои мислеле дека оваа симболична блудница бил древниот Рим. Но, Рим бил политичка сила. Оваа блудница блудствува со царевите на Земјата, а меѓу нив секако спаѓаат и римските цареви. Освен тоа, по нејзиното уништување, се вели дека „царевите на земјата“ жалат што веќе ја нема. Затоа таа не може да биде политичка сила (Откровение 18:9, 10). Со оглед на тоа што по неа тагуваат и трговците на Земјата, таа не може да го претставува ни трговскиот свет (Откровение 18:15, 16). Но, читаме дека од нејзините ‚гатања биле заведени сите народи‘ (Откровение 18:23). Сето ова јасно покажува дека оваа голема блудница мора да претставува една светска религиозна творба.

3. а) Зошто големата блудница мора да означува нешто поголемо од Римокатоличката црква, па дури и од христијанскиот свет? б) Кои вавилонски учења можат да се најдат во многу источни религии, како и во сектите на христијанскиот свет? в) Што признал римокатоличкиот кардинал Џон Хенри Њуман во врска со потеклото на многу учења, обреди и обичаи во христијанскиот свет? (Види ја фуснотата.)

3 Но, која религиозна творба? Дали се работи за Римокатоличката црква, како што тврдат некои или, пак, станува збор за целиот христијански свет? Не, не е ниту едното ниту другото. Бидејќи за оваа блудница се вели дека ги заведува сите народи, мора да е нешто уште поголемо. Всушност, таа го претставува целото светско царство на лажната религија. Многуте вавилонски учења и обичаи што им се заеднички на повеќето религии низ целиот свет покажуваат дека нејзините корења лежат во мистичните учења на Вавилон. На пример, верувањето во бесмртност на човечката душа и во пекол каде што душите се мачат, а и верувањето во троедни богови, се вообичаени како за многу источни религии така и за сектите на христијанскиот свет. Од лажната религија, која била зачната пред 4.000 години во древниот град Вавилон, се развило денешното чудовиште кое има соодветно име — Големиот Вавилон. * Но, зошто е претставена како една одвратна ‚голема блудница‘?

4. а) Во која смисла древниот Израел блудствувал? б) На каков бесрамен начин блудствува Големиот Вавилон?

4 Вавилон (или Вавел, што значи „збрка“) бил на врвот на својата моќ во времето на Навуходоносор. Тој бил религиозно-политичка држава во која имало повеќе од илјада храмови и капели. Неговите свештеници имале големо влијание. Иако веќе долго време оттогаш Вавилон не постои како светска сила, религиозниот Голем Вавилон и понатаму живее и, како и во старо време, настојува да влијае и да манипулира со политичките збиднувања. Но, дали Бог го одобрува мешањето на религијата во политиката? Во Хебрејските списи се вели дека Израел се оддал на блуд кога се впуштил во лажно обожавање и кога, наместо да има доверба во Јехова, склучувал сојузи со народите (Еремија 3:6, 8, 9; Езекиел 16:28-30). И Големиот Вавилон блудствува. Без никаков срам, тој ги користи сите средства што му стојат на располагање за да има што е можно поголема власт и влијание врз владејачките цареви на Земјата (1. Тимотеј 4:1).

5. а) Во какво внимание уживаат свештениците? б) Зошто желбата за углед во светот е во чиста спротивност со зборовите на Исус Христос?

5 Денес, верските водачи честопати учествуваат во предизборни кампањи со цел да се наместат на некоја висока положба во власта, а во некои земји успеале да станат членови на државниот врв и седнат во министерски фотелји. Во 1988 година, двајца познати протестантски свештеници беа кандидати на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави. Водечките лица на Големиот Вавилон уживаат да бидат во центарот на вниманието на јавноста, а по весниците и списанијата честопати можат да се видат фотографии од нив во придружба на познати политичари. Спротивно на ова, Исус не сакал да се меша во политика, а за своите ученици рекол: „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 6:15; 17:16; Матеј 4:8-10; види и Јаков 4:4).

Денешното ,блудствување‘

6, 7. а) Како Националсоцијалистичката партија на Хитлер дошла на власт во Германија? б) Како спогодбата што ја склучил Ватикан со нацистичка Германија му помогнала на Хитлер во неговите настојувања да завладее со светот?

6 Со своето мешање во политиката, големата блудница им нанела неописливи страдања на луѓето. Да видиме, на пример, како Хитлер дојде на власт во Германија, иако ова е непријатен факт што некои би сакале да го избришат од учебниците по историја. Во мај 1924 година, Националсоцијалистичката партија имаше 32 места во Германскиот парламент (Рајхстаг). До мај 1928 година, им останаа само 12 пратенички места. Но, во 1930 година изби светска економска криза, по која националсоцијалистите доживеаја значаен подем, а на изборите во Германија во јули 1932 година освоија 230 од вкупно 608-те пратенички места. Наскоро на помош на националсоцијалистите им дојде папскиот витез Франц фон Папен. Историчарите велат дека Фон Папен сонувал да го обнови Светото Римско Царство. Бидејќи доживеа неуспех во својата кратка служба како канцелар, тој се надеваше дека повторно ќе дојде на власт со помош на националсоцијалистите. До јануари 1933 година, Фон Папен успеа да ја придобие за Хитлер поддршката на индустриските магнати, а на 30 јануари 1933 година со лукави сплетки го намести Хитлер на функција канцелар на Германија. Самиот тој стана вицеканцелар, а Хитлер го искористи за да ја придобие поддршката на католичкиот дел од Германија. Во рок од два месеца откако дојде на власт, Хитлер го распушти парламентот, испрати илјадници водачи на опозицијата во концентрациони логори и започна отворена кампања за угнетување на Евреите.

7 На 20 јули 1933 година, кога кардиналот Пачели (подоцна папата Пие XII) го потпиша конкордатот (спогодбата) во Рим меѓу Ватикан и нацистичка Германија, стана очигледно дека Ватикан е заинтересиран за јакнењето на моќта на националсоцијализмот. Фон Папен го потпиша овој документ како претставник на Хитлер, а Пачели во таа прилика му го подари високото папско одликување — Големиот крст на редот на Пие. * Во својата книга Сатана со цилиндар на главата (Satan in Top Hat), Тибор Кевес пишува за тоа: „Оваа спогодба беше голема победа за Хитлер. Со неа тој ја доби првата морална поддршка надвор од својата земја, и тоа од највисок извор“. Спогодбата бараше Ватикан да престане да ја поддржува Германската католичка централна партија, и на тој начин да ја одобри еднопартиската, „тоталитарна држава“ на Хитлер. * Освен тоа, во член 14 од спогодбата стоеше: „Надбискупите, бискупите и другите од сличен ранг ќе бидат поставени во служба дури откако гувернерот, кој го поставува Рајхот, претходно ќе утврди дали тие се потполно согласни со општите политички ставови“. До крајот на 1933 година (која папата Пие XI ја прогласи за „Света година“), поддршката на Ватикан беше главниот фактор што му помогна на Хитлер во неговите настојувања да завладее со светот.

8, 9. а) Како реагирале Ватикан, Католичката црква и нејзините свештеници на нацистичката тиранија? б) Каква изјава дале германските католички бискупи во почетокот на Втората светска војна? в) Кои се последиците од верско-политичките односи?

8 Иако само неколку свештеници и калуѓерки се побуниле против ѕверствата на Хитлер — и страдале поради тоа — Ватикан, како и Католичката црква со сета нејзина војска од свештеници, или активно или молчешкум, ја поддржаа нацистичката тиранија, на која тие гледаа како на заштита од ширењето на комунизмот во светот. Седејќи си спокојно во Ватикан, папата Пие XII го дозволи холокаустот на Евреите и суровото прогонство на Јеховините сведоци и на многу други без да изусти ниту еден збор на протест. Иронично е тоа што во една своја посета на Германија во мај 1987 година, папата Јован Павле II го величаше антинацистичкиот став на еден искрен свештеник. Што правеа останатите илјадници германски свештеници за време на свирепото владеење на Хитлер? Едно пастирско писмо кое го објавија католичките бискупи во Германија во септември 1939 година, на самиот почеток на Втората светска војна, фрла светлина на оваа работа. Делумно, тоа гласи: „Во овој решавачки час, ги поттикнуваме нашите католички војници да ја исполнат својата должност и да му бидат послушни на Фирерот, да бидат спремни да се жртвуваат и со душа и со тело. Ги повикуваме верниците да ни се придружат во горливите молитви до Бог за тој да нѐ благослови со успех во оваа војна“.

9 Оваа католичка дипломатија е пример за начинот на кој блудствувала религијата во последниве 4.000 години умилкувајќи ѝ се на политичката држава за да стекне власт и повластици. Таквите верско-политички односи во голема мера ги разгорувале војните и прогонствата, и ја зголемиле човечката беда. Колку среќни треба да бидат луѓето што Јеховиниот суд над големата блудница е на прагот! Нека биде извршен што поскоро!

Седи на многу води

10. Што се ‚многуте води‘ на чија заштита се надева Големиот Вавилон, и што се случува со нив?

10 Древниот Вавилон лежел на многу води — на реката Еуфрат и на многу канали. Овие води му служеле како заштита, но и како извор на материјална благосостојба — сѐ додека не пресушиле за само една ноќ (Еремија 50:38; 51:9, 12, 13). И Големиот Вавилон се надева дека ‚многуте води‘ ќе го заштитат и ќе го збогатат. Овие симболични води претставуваат „луѓе и мноштва и народи и јазици“, односно ги претставуваат милијардите луѓе над кои владее големата блудница и од кои црпи материјална поддршка. Но, и овие води полека пресушуваат, односно ѝ ја скратуваат таа поддршка (Откровение 17:15; спореди Псалм 18:4; Исаија 8:7).

11. а) Како древниот Вавилон ‚ја опил целата земја‘? б) Како Големиот Вавилон ‚ја опил целата земја‘?

11 Освен тоа, древниот Вавилон е опишан и како ,златна чаша во раката на Јехова, чаша што ја опила целата земја‘ (Еремија 51:7). Древниот Вавилон ги присилувал околните народи да го „пијат“ Јеховиниот гнев кога ги победувал во војна, и со ова тие станувале слаби како да се пијани. Во овој поглед, тој му послужил како алатка на Јехова. И Големиот Вавилон извојувал многу победи и така станал светско царство. Но, тој сигурно не е Божја алатка. Напротив, тој им послужил на „царевите на земјата“ со кои врши духовен блуд. Тие имале корист од оваа блудница затоа што со своите лажни учења и угнетувачки обичаи таа го опила и го ослабнала народот, односно „оние што живеат на земјата“, до тој степен што тие пасивно им се покоруваат на своите владетели.

12. а) Во која смисла еден дел од Големиот Вавилон во Јапонија бил виновен за големото крвопролевање во Втората светска војна? б) Како се повлекле ‚водите‘ што му давале поддршка на Големиот Вавилон во Јапонија, и со каков резултат?

12 Јапонија, каде што преовладува шинтоизмот, посебно се истакнува во овој поглед. Идеолошки обликуваниот јапонски војник сметал дека за него е најголема чест да го даде својот живот за императорот, кој бил сметан за најголем шинтоистички бог. Во Втората светска војна, околу 1.500.000 јапонски војници загинаа во битките. Речиси секој од нив сметал дека е срамно да се предаде. Но, поради поразот на Јапонија, императорот Хирохито беше принуден да се откаже од правото да се смета за бог. Како резултат на ова, дојде до големо повлекување на ‚водите‘ кои го поддржуваа шинтоистичкиот дел на Големиот Вавилон — но дури откако шинтоизмот одобри да се пролее многу крв на бојното поле на Тихиот Океан! Во последниве години, ова слабеење на шинтоизмот им го отвори патот на над 200.000 Јапонци, од кои повеќето порано биле шинтоисти и будисти, да му го заветуваат својот живот на Севишниот Господар Јехова и да станат негови крстени слуги.

Блудницата јава на ѕвер

13. Каква зачудувачка глетка се појавила пред Јован кога ангелот го однел во духот во една пустина?

13 Што друго открива пророштвото за големата блудница и за она што ја чека? Јован продолжува со жив опис на следнава сцена: „И [ангелот] ме однесе во духот во пустина. И здогледав жена како седи на црвен ѕвер полн со богохулни имиња, кој имаше седум глави и десет рогови“ (Откровение 17:3).

14. Зошто е на место тоа што Јован е однесен во пустина?

14 Зошто ангелот го носи Јован во пустина? Една претходна објава, во која се зборува за пропаста на древниот Вавилон, била упатена „против морската пустина“ (Исаија 21:1, 9). Со неа однапред било предупредено дека, и покрај својот одбранбен систем од река и канали, древниот Вавилон сепак ќе стане безживотна пустош. Тогаш, на место е што во своето видение Јован е однесен во пустина за да види што ќе се случи со Големиот Вавилон. И тој мора да биде опустошен (Откровение 18:19, 22, 23). Но, Јован е вџашен од она што го гледа таму. Големата блудница не е сама! Таа седи на еден страшен ѕвер!

15. Каква разлика постои помеѓу ѕверот од Откровение 13:1 и оној од Откровение 17:3?

15 Овој ѕвер има седум глави и десет рогови. Тогаш, дали е истиот ѕвер што Јован го виде порано, кој исто така имаше седум глави и десет рогови? (Откровение 13:1). Не, има разлика. Овој ѕвер е црвен, и во споредба со првиот, на главите нема круни. И, нема богохулни имиња само на своите глави, туку целиот е „полн со богохулни имиња“. Сепак, мора да постои некоја врска меѓу овој нов ѕвер и претходниот; сличностите меѓу нив се премногу големи за да бидат случајни.

16. Што претставува црвениот ѕвер, и што било кажано за неговата цел?

16 Тогаш, што претставува овој нов црвен ѕвер? Тој мора да е кипот на ѕверот што беше направен на поттик на англо-американскиот ѕвер кој има два рога како јагне. Откако беше направен овој кип, на дворогиот ѕвер му беше дозволено да му вдахне живот (Откровение 13:14, 15). Јован сега гледа дека овој кип е жив и диши. Тој ја претставува Лигата на народите, организација на која дворогиот ѕвер ѝ вдахна живот во 1920 година. Вудроу Вилсон, претседател на САД во тоа време, ја замислувал Лигата како „суд кој ќе им додели правда на сите луѓе и кој засекогаш ќе ја збрише опасноста од војна“. Кога оваа организација воскресна по Втората светска војна, под името Обединети нации, во нејзината повелба стоеше дека има цел „да го одржува меѓународниот мир и сигурност“.

17. а) Што значи тоа што симболичниот ѕвер е полн со богохулни имиња? б) Кој го јава црвениот ѕвер? в) Како вавилонската религија се поврзала со Лигата на народите и со неговиот наследник уште од самиот почеток?

17 Што значи тоа што овој симболичен ѕвер е полн со богохулни имиња? Тоа значи дека овој меѓународен идол е создаден како замена за Божјето Царство, и дека негова цел е да го направи она што, според Бог, може да го направи само Неговото Царство (Даниел 2:44; Матеј 12:18, 21). Најзначајно за видението на Јован е тоа што Големиот Вавилон го јава овој црвен ѕвер. Верно на пророштвото, вавилонската религија, а особено христијанскиот свет, се поврза со Лигата на народите и со нејзиниот наследник. Уште на 18 декември 1918 година, здружението што денес е познато како Национален совет на Христовите цркви во Америка, усвои декларација во која, меѓу другото, стоеше: „Оваа Лига не е само политичко средство, таа е политички израз на Божјето Царство на Земјата... Црквата може да даде дух на добра волја, без кој Лигата на народите не може да постои... Лигата на народите има корени во евангелието. Исто како евангелието, нејзина цел е ‚мир на земјата, добра волја меѓу луѓето‘“.

18. Како свештениците на христијанскиот свет покажале дека ја поддржуваат Лигата на народите?

18 На 2 јануари 1919 година, на насловната страница на San Francisco Chronicle се појави следниов наслов: „Папата се залага да биде прифатена Лигата на народите на Вилсон“. На 16 октомври 1919 година, до сенатот на САД беше приложена петиција потпишана од 14.450 свештеници од водечките религии, со која тие бараа ова законодавно тело ‚да го ратификува Парискиот мировен договор, во кој беше предложена и Повелбата на Лигата на народите‘. Иако сенатот на САД не го ратификува мировниот договор, свештенството на христијанскиот свет продолжи да се залага за Лигата на народите. А како започна да работи оваа Лига? Во еден новински извештај од 15 ноември 1920 година од Швајцарија, стоеше: „Првото заседание на Лигата на народите започна претпладнево во единаесет часот, а беше најавено со биење на сите камбани во Женева“.

19. Што направила класата на Јован кога се појавил црвениот ѕвер?

19 Дали класата на Јован, единствената група на Земјата која спремно го призна владеењето на месијанското Царство, му оддаде чест на црвениот ѕвер заедно со христијанскиот свет? Во никој случај! Во недела, на 7 септември 1919 година, на конгресот на Јеховиниот народ во Седар Поинт (Охајо, САД), беше одржано јавното предавање со наслов: „Надеж за измаченото човештво“. Следниот ден, весникот Star-Journal од Сандаски (САД) извести дека во своето обраќање до речиси 7.000 присутни, Џ. Ф. Ратерфорд „тврдеше дека Господарот сигурно ќе го покаже своето незадоволство од Лигата... бидејќи свештениците — и католичките и протестантските — кои се изјаснуваат како Божји претставници, го отфрлаат Неговиот план и ја одобруваат Лигата на народите, поздравувајќи ја како политички израз на Христовото Царство на Земјата“.

20. Зошто било богохулење тоа што свештениците ја поздравиле Лигата на народите како „политички израз на Божјето Царство на Земјата“?

20 Поразителниот неуспех на Лигата на народите требаше да му биде јасен показател на свештенството дека таквите човечки организации не се дел од Божјето Царство на Земјата. Какво богохулење е да се каже такво нешто! Со тоа практично како да тврдеа дека и Бог имал удел во огромниот неуспех што го доживеа оваа Лига. Но, Божјето ‚дело е совршено‘. Јеховиното небесно Царство во рацете на Христос — а не некое здружение од раскарани политичари, од кои мнозина се атеисти — е средството со кое Бог ќе донесе мир и преку кое неговата волја ќе се врши како на небото така и на Земјата (5. Мојсеева 32:4; Матеј 6:10).

21. Што покажува дека големата блудница го поддржува и му се восхитува на наследникот на Лигата, Обединетите нации?

21 А што можеме да кажеме за Обединетите нации, кои ја наследија оваа Лига? Големата блудница седи на оваа организација уште од самите нејзини зачетоци — видливо е поврзана со неа и се обидува да влијае врз нејзините активности. На пример, на 20-годишнината од нејзиното постоење, во јуни 1965 година, претставници на Римокатоличката црква и на Источната православна црква, заедно со протестанти, Евреи, хиндуси, будисти и муслимани — застапници на речиси две милијарди луѓе од светското население — се собраа заедно во Сан Франциско на свеченоста во знак на поддршка и ценење на ОН. Кога ја посети ООН во октомври 1965 година, папата Павле VI ја опиша како „најголема од сите меѓународни организации“, а потоа додаде: „Народите во светот гледаат на Обединетите нации како на единствена надеж за мир и правда“. Еден друг папа, Јован Павле II, кој исто така ја посети ООН, во своето обраќање до нејзините членки, во октомври 1979 година, изјави: „Се надевам дека Обединетите нации засекогаш ќе останат врховен суд за мир и правда“. Интересно е тоа што во својот говор папата им посвети многу мало внимание на Исус Христос и на Божјето Царство. Весникот The New York Times известува дека за време на својата посета на САД во септември 1987 година, „Јован Павле зборуваше надолго и нашироко за позитивната улога на Обединетите нации во унапредувањето на... ‚едно ново меѓународно единство‘“.

Име, тајна

22. а) Каков ѕвер избрала да јава големата блудница? б) Како Јован ја опишува симболичната блудница Големиот Вавилон?

22 Апостол Јован наскоро ќе дознае дека големата блудница избрала да јава еден многу опасен ѕвер. Но, најпрво тој го свртува своето внимание на самата блудница, Големиот Вавилон. Таа носи раскошна облека и накит, но колку е одвратна! „Жената беше облечена во пурпурна и црвена облека и украсена со злато, скапоцени камења и бисери. Во раката имаше златна чаша полна со гадотии и нечистотии од својот блуд. На челото ѝ беше напишано име, кое е тајна: ‚Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на гадотиите земни‘. И видов дека жената е пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци“ (Откровение 17:4-6а).

23. Како гласи целото име на Големиот Вавилон, и што значи тоа?

23 Во согласност со обичајот во древниот Рим, оваа блудница на своето чело има име. * Името е доста долго: „Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на гадотиите земни“. Ова име е „тајна“, нешто што има скриено значење. Но, оваа тајна ќе биде објаснета во време што го одредил Бог. Всушност, ангелот му дава на Јован доволно податоци за да можат Јеховините слуги денес да го сфатат вистинското значење на ова описно име. Знаеме дека Големиот Вавилон е целокупната лажна религија. Таа е „мајка на блудниците“, бидејќи сите лажни религии во светот, меѓу кои спаѓаат и многуте секти во христијанскиот свет, ѝ се како ќерки затоа што вршат ист духовен блуд како и нивната мајка. Освен тоа, таа е мајка и на „гадотиите“ во таа смисла што родила одвратни „чеда“ како што се идолопоклонството, спиритизмот, гатањето, астрологијата, гледањето на дланка, принесувањето на човечки жртви, храмската проституција, пијанчењето во чест на лажни богови и други срамни обичаи.

24. Зошто е соодветно тоа што Јован го видел Големиот Вавилон облечен во „пурпурна и црвена облека“ и ‚украсен со злато, скапоцени камења и бисери‘?

24 Големиот Вавилон е облечен во „пурпурна и црвена облека“, царски бои, и „украсена [е] со злато, скапоцени камења и бисери“. Колку соодветен опис! Помисли само на сите величествени градби, извонредни статуи и слики, бесценети икони и други верски предмети, како и на огромните поседи и парични средства што си ги насобрале религиите во светот! Сеедно дали во Ватикан, во американската империја на телевизиски проповедници или во егзотичните светилишта и храмови на Далечниот Исток, Големиот Вавилон трупал — а понекогаш и губел — невидено богатство.

25. а) Што симболизира содржината на ‚златната чаша полна со гадотии и нечистотии‘? б) Во која смисла симболичната блудница е пијана?

25 Погледни сега што држи блудницата во раката. Јован мора да останал без здив кога го видел ова — златна чаша ‚полна со гадотии и нечистотии од нејзиниот блуд‘! Ова е чашата со ‚виното на гневот, со виното на нејзиниот блуд‘, со кое ги напоила сите народи (Откровение 14:8; 17:4). Чашата изгледа скапоцена однадвор, но однатре е полна со гадотии и нечистотии. (Спореди Матеј 23:25, 26.) Таа чаша ги содржи сите одвратни обичаи и лаги што ги користи оваа голема блудница за да ги заведе народите и да ги стави под своја контрола. Уште погнасно е тоа што Јован гледа дека и самата блудница е пијана — и тоа од крвта на Божјите слуги! Всушност, подоцна ќе видиме дека во неа ‚се нашла крвта на пророци и на свети и на сите што се убиени на земјата‘ (Откровение 18:24). Каква огромна вина за крв!

26. Какви докази постојат за вината за крв што ја носи Големиот Вавилон?

26 Низ вековите, светското царство на лажната религија пролеало мориња крв. На пример, во средновековна Јапонија, храмовите во Кјото биле претворени во тврдини, а воинствените монаси се бореле едни со други повикувајќи го „светото име на Буда“ сѐ додека улиците не станале црвени од пролеаната крв. Во 20-тиот век, свештениците на христијанскиот свет маршираа заедно со војските на своите земји кои меѓусебно се колеа, при што загинаа најмалку сто милиони лица. Во октомври 1987 година, Ричард Никсон, поранешен претседател на САД, изјави: „Дваесеттиот век е најкрвавиот век во историјата. Повеќе луѓе беа убиени во војните на овој век отколку во сите војни што се воделе пред почетокот на веков“. Религиите во светот се осудени од Бог за уделот што го имале во сето ова — Јехова ги мрази „рацете што пролеваат невина крв“ (Изреки 6:16, 17). Нешто порано, Јован слушна викање од жртвеникот: „До кога, Севишен Господару, свет и вистинит, нема да им судиш и нема да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?“ (Откровение 6:10). Големиот Вавилон, мајката на блудниците и на гадотиите земни, ќе биде посебно погоден кога ќе дојде време да се одговори на ова прашање.

[Фусноти]

^ Укажувајќи на нехристијанското потекло на многу отпаднички учења, обреди и обичаи во христијанскиот свет, римокатоличкиот кардинал Џон Хенри Њуман, кој живеел во 19 век, во својот Есеј за развојот на христијанското учење (Essay on the Development of Christian Doctrine) го напишал следново: „Постоењето на храмови, како и нивното посветување на одредени светци и китењето со гранчиња од дрвја на празниците; темјанот, кандилата и свеќите; заветувањето дарови за некој да оздрави; светата водичка; конаците; празниците, календарчињата, поворките, благословувањето на нивите; свештеничките одежди, избриченото теме, венчалниот прстен, свртувањето кон Исток, а подоцна и иконите; можеби и црковното пеење и пеењето на ‚Господи помилуј‘ — сите овие имаат паганско потекло, но биле осветени кога ги прифатила Црквата“.

Наместо христијаните да го осветуваат таквото идолопоклонство, „Јехова, Семоќниот“ ги советува: „Излезете од нивната средина и одвојте се... и повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:14-18).

^ Во историјата на Вилијам Л. Ширер, со наслов Подемот и падот на Третиот рајх (The Rise and Fall of the Third Reich), стои дека Фон Папен, бил „повиновен од сите други што Хитлер дошол на власт во Германија“. Во јануари 1933 година, поранешниот германски канцелар Фон Шлајхер го изјавил следново за Фон Папен: „Тој беше толку голем предавник што, во споредба со него, Јуда Искариот е светец“.

^ Во своето обраќање на факултетот во Мондрагоне на 14 мај 1929 година, папата Пие XI изјави дека, ако има потреба, тој би преговарал и со самиот Ѓавол за да спаси некоја душа.

^ Спореди ги зборовите што римскиот писател Сенека ѝ ги упатил на една блудна свештеничка (како што е цитиран од Свит): „Стоеше, о девојко, во куќата на срамот... Името ти висеше на челото, примаше плата за својот срам“ (Controv. i, 2).

[Прашања]

[Рамка на страница 237]

Черчил го разоткрива ,блудството‘

Во својата книга Се подготвува бура (The Gathering Storm, 1948 година), Винстон Черчил известува дека Хитлер го назначил Франц фон Папен за германски пратеник во Виена „за да ја поткопа положбата на некои од водечките австриски политичари или за да ги придобие за германските цели“. Черчил го цитира пратеникот на САД во Виена кој во врска со Фон Папен, го рекол следново: „Дрско и безобразно... Папен ми кажа дека... има намера да го искористи својот углед на добар католик за да придобие некои Австријци како, на пример, кардиналот Иницер“.

Откако Австрија капитулира и Хитлеровите трупи со параден марш влегоа во Виена, католичкиот кардинал Иницер им нареди на сите австриски цркви да го истакнат знамето со кукаст крст, да удираат во камбаните и да се молат за Адолф Хитлер во чест на неговиот роденден.

[Рамка на страница 238]

,ВОЕНА МОЛИТВА‘ ЗА РАЈХОТ

Под овој наслов, следнава статија излезе во првото издание на The New York Times од 7 декември 1941 година:

„Католичките бискупи во Фулда се молат за благослов и победа... На конференцијата на германските католички бискупи собрани во Фулда беше препорачано да се воведе посебна ‚воена молитва‘ во почетокот и на крајот на секоја богослужба. Молитвата содржи молба до Бог да ја благослови германската војска со победа и да ги заштити животот и здравјето на сите војници. Освен тоа, бискупите ги советуваа католичките свештеници барем еднаш месечно да ги спомнуваат во посебна неделна проповед германските војници ‚на копно, на море и во воздух‘“.

Оваа статија беше повлечена од подоцнежните изданија на овој весник. На 7 декември 1941 година, Јапонија, тогашен сојузник на нацистичка Германија, ја нападна американската флота во Перл Харбур.

[Рамка на страница 244]

„Богохулни имиња“

Кога ѕверот со двата рога презеде иницијатива да се основа Лигата на народите веднаш по Првата светска војна, многуте негови „љубовници“, односно религиите, веднаш се потрудија да го благословат овој политички потег. Како резултат на тоа, беше формирана една мировна организација „полна со богохулни имиња“.

„Христијанството може да унапредува добра волја, да биде движечката сила зад Лигата [на народите], и на тој начин да ја претвори спогодбата од обичен лист хартија во средство во рацете на Божјето Царство“ (The Christian Century, САД, 19 јуни 1919 година, 15. страница).

„Лигата на народите има намера да ја прошири идејата за Божјето Царство — тој мирољубив светски поредок — на меѓународните односи во светот... Токму за ова се молат сите христијани кога велат ‚Да дојде царството твое‘“ (The Christian Century, САД, 25 септември 1919 година, 7. страница).

„Христовата крв е таа што лежи во основата на Лигата на народите“ (д-р Френк Крејн, протестантски проповедник, САД).

„[Националниот] совет [на конгрешански цркви] ја поддржува Повелбата [на Лигата на народите] како единственото политичко средство што сега ни стои на располагање. Преку неа, Исус Христос уште повеќе ќе го користи својот дух за да интервенира во меѓународните односи“ (The Congregationalist and Advance, САД, 6 ноември 1919 година, 642. страница).

„Конференцијата ги повикува сите методисти да ги поддржат и од сѐ срце да се залагаат за идеалите [на Лигата на народите] кои се израз на идејата за Бог Таткото и Божјите земни деца“ (Веслијанската методистичка црква, Британија).

„Ако ги земеме во обѕир целите, можностите и заклучоците од оваа спогодба, гледаме дека таа ја содржи суштината на учењата на Исус Христос, имено, Божјето Царство и неговата праведност... Не е ништо помалку од тоа“ (Проповед на надбискупот од Кантербери при отворањето на заседанието на Лигата на народите во Женева, 3 декември 1922 година).

„Здружението на Лигата на народите во оваа земја го има истото свето право како и секое друго хуманитарно мисионерско здружение, бидејќи во моментов тоа е најефикасното средство преку кое Христос, како Кнез на мирот, владее меѓу народите“ (д-р Гарви, конгрешански проповедник, Британија).

[Карта на страница 236]

(Види во публикацијата)

Лажните учења кои ги има низ целиот свет потекнуваат од Вавилон

Вавилон

Тројства или троедни богови

Човечката душа живее по смртта

Спиритизам — зборување со „мртвите“

Користење на икони и кипови во обожавањето

Користење на магии за да се смират демоните

Владеење на влијателно свештенство

[Слика на страница 239]

Древниот Вавилон лежел на „многу води“

[Слика на страница 239]

Денес големата блудница седи на „многу води“

[Слика на страница 241]

Големиот Вавилон седи на опасен ѕвер

[Слики на страница 242]

Религиозната блудница врши блуд со земните цареви

[Слики на страница 245]

Жената е „пијана од крвта на светите“