Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Убиените души‘ се наградени

,Убиените души‘ се наградени

Поглавје 17

,Убиените души‘ се наградени

1. Во кој период живееме денес, и кои докази го потврдуваат тоа?

 БОЖЈЕТО ЦАРСТВО владее! Јавачот на белиот коњ само што не ја извојувал конечната победа! Црвениот, црниот и бледиот коњ галопираат по Земјата! Без сомнение, се исполнуваат пророштвата што самиот Исус ги дал во врска со времето кога ќе биде присутен како Цар (Матеј, поглавја 24 и 25; Марко, 13. поглавје; Лука, 21. поглавје). Да, живееме во последните денови на овој поредок (2. Тимотеј 3:1-5). Затоа, да му обрнеме особено внимание на Јагнето, Исус Христос, кое сега го отвора петтиот печат на свитокот. Што друго ќе ни биде откриено?

2. а) Што видел Јован кога бил отворен петтиот печат? б) Зошто не треба да нѐ изненади тоа што читаме дека имало симболичен жртвеник на небото?

2 Јован опишува една потресна сцена: „Кога Јагнето го отвори петтиот печат, во подножјето на жртвеникот ги видов душите убиени поради речта Божја и поради сведочењето што им беше доверено“ (Откровение 6:9). Што е ова? Зарем има жртвеник горе на небото? Да! Јован за првпат спомнува жртвеник. Тој веќе го опиша Јехова кој седи на својот престол, херувимите околу него, стакленото море, светилките и 24-те старешини кои принесуваат темјан. Сите овие работи потсетуваат на некои обележја на светиот шатор на Земјата — Јеховиното светилиште во Израел (2. Мојсеева 25:17, 18; 40:24-27, 30-32; 1. Летописи 24:4). Тогаш, дали треба да нѐ изненади тоа што гледаме и симболичен жртвеник на небото? (2. Мојсеева 40:29).

3. а) На кој начин душите биле излевани „во подножјето на жртвеникот“ во древниот еврејски свет шатор? б) Зошто Јован ги видел душите на убиените сведоци во подножјето на симболичниот жртвеник на небото?

3 Под овој жртвеник се наоѓаат „душите убиени поради речта Божја и поради сведочењето што им беше доверено“. Што значи ова? Не може да станува збор за души без тела — како оние во кои верувале паганските Грци (1. Мојсеева 2:7; Езекиел 18:4). Напротив, Јован знае дека крвта е симбол за душата, односно животот. Знае и дека, кога свештениците во древниот еврејски свет шатор принесувале животни за жртва, го ‚попрскувале со нивната крв жртвеникот од сите страни‘, или ја ‚излевале во подножјето на жртвеникот за жртви паленици‘ (3. Мојсеева 3:2, 8, 13; 4:7; 17:6, 11, 12). Според тоа, душата на животното била тесно поврзана со жртвеникот. Но, зошто душите, или крвта, токму на овие Божји слуги можат да се видат во подножјето на еден симболичен жртвеник на небото? Затоа што нивната смрт се смета за жртвена.

4. Во која смисла христијаните родени со дух умираат со жртвена смрт?

4 Всушност, сите оние што се родени како духовни Божји синови умираат со жртвена смрт. Поради улогата што треба да ја исполнат во Јеховиното небесно Царство, Божја волја е тие да ја жртвуваат, односно да се откажат, од секоја надеж за вечен живот на Земјата. За да го поддржат Јеховиното неприкосновено право да владее, тие спремно умираат со жртвена смрт (Филипјаните 3:8-11, спореди 2:17). Ова навистина може да се каже за оние што Јован ги видел во подножјето на жртвеникот. Тие се помазаници што дословно умреле со маченичка смрт затоа што ревносно проповедале бранејќи ја Јеховината реч и неговото право да владее. Нивните ‚души биле убиени поради речта Божја и поради сведочењето што им било доверено‘.

5. Како можат душите на верните, иако се мртви, да бараат одмазда?

5 Следи продолжението на оваа сцена: „И викаа на сет глас: ‚До кога, Севишен Господару, свет и вистинит, нема да им судиш и нема да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?‘“ (Откровение 6:10). Како можат нивните души, или крв, да бараат одмазда кога Библијата покажува дека мртвите не се свесни за ништо? (Проповедник 9:5). Па, зарем крвта на праведниот Авел не викала откако Каин го убил? Тогаш Јехова му рекол на Каин: „Што направи? Слушај! Крвта на брат ти вика кон мене од земјата“ (1. Мојсеева 4:10, 11; Евреите 12:24). Ова не значи дека крвта на Авел дословно зборувала. Напротив, бидејќи Авел загинал како невина жртва, правдата барала неговиот убиец да биде казнет. Слично на него, овие христијански маченици се невини, и затоа правдата бара тие да бидат одмаздени (Лука 18:7, 8). Повикот за одмазда е многу гласен бидејќи илјадници умреле на таков начин. (Спореди Еремија 15:15, 16.)

6. Кое пролевање на невина крв било одмаздено во 607 год. пр.н.е.?

6 Ова може да се спореди со она што се случувало во отпадничката Јуда откако царот Манасија дошол на престолот во 716 год. пр.н.е. Тој пролеал многу невина крв, и најверојатно го ‚препилил‘ пророкот Исаија (Евреите 11:37; 2. Царевите 21:16). Иако подоцна Манасија се покајал и се поправил, таа вина за крв останала. Во 607 год. пр.н.е., Вавилонците го опустошиле Јудиното царство бидејќи ‚Јехова наредил така за да го отфрли од пред своето лице поради гревовите на Манасија, поради сето она што го направил и поради невината крв што ја пролеал, кога го наполнил Ерусалим со невина крв. Затоа Јехова не сакал да му прости‘ (2. Царевите 24:3, 4).

7. Кој главно е одговорен за пролевањето на „крвта на светите“?

7 Како во библиски времиња така и денес, мнозина од оние што ги убивале Божјите сведоци веќе долго време се мртви. Но, организацијата што е одговорна за смртта на тие маченици сѐ уште постои и нејзината вина за крв не е избришана. Тоа е Сатановата земна организација — неговото потомство на Земјата — чиј водечки дел е Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. * За него се вели дека е ,пијан од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци‘. Да, „во [него] се најде крвта на пророци и на свети и на сите што беа убиени на земјата“ (Откровение 17:5, 6; 18:24; Ефешаните 4:11; 1. Коринќаните 12:28). Колку голема вина за крв! Сѐ додека постои Големиот Вавилон, крвта на неговите жртви ќе бара, односно ќе вика за правда (Откровение 19:1, 2).

8. а) Кои христијани умреле со маченичка смрт во времето на Јован? б) Какво прогонство започнале римските императори?

8 Јован со свои очи видел како некои умираат со маченичка смрт во првиот век додека безмилосната Змија и нејзиното потомство на Земјата војувале со сѐ поголемото собрание од помазани христијани. Јован видел како нашиот Господар бил прикован на столб, а во негово време бил убиен и Стефан, како и Јаков (братот на Јован), потоа Петар, Павле и други блиски соработници (Јован 19:26, 27; 21:15, 18, 19; Дела 7:59, 60; 8:2; 12:2; 2. Тимотеј 1:1; 4:6, 7). Во 64 год. од н.е., римскиот император Нерон ги обвинил христијаните дека го запалиле Рим, со што сакал да ги побие гласовите дека, всушност, тој е виновен за пожарот. Историчарот Тацит известува: „Ги убиваа [христијаните] со методи чија цел беше да ги исмеат; некои беа замотани во кожи од диви животни и растргнати од кучиња, некои беа [приковани на столб], * некои беа запалени како факли за да осветлуваат ноќе“. Како резултат на еден подоцнежен бран на прогонство под императорот Домицијан (81-96 год. од н.е.), Јован бил изгонет на островот Патмос. Исус рекол: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20; Матеј 10:22).

9. а) Какво ремек-дело на својата измама создал Сатана до четвртиот век од н.е., и од што е тоа главен дел? б) Како некои владетели во христијанскиот свет постапувале со Јеховините сведоци во Првата и во Втората светска војна?

9 До четвртиот век од н.е., старата Змија, Сатана Ѓаволот, го имал создадено ремек-делото на својата измама, отпадничкиот христијански свет — вавилонски систем под „христијанска“ маска. Тоа е главен дел од потомството на Змијата, кој се поделил на голем број спротивставени секти. Исто како неверната Јуда од дамнина, и христијанскиот свет носи огромна вина за крв поради тоа што, и од двете завојувани страни, беше длабоко вовлечен и во Првата и во Втората светска војна. Некои политички владетели во христијанскиот свет дури ги искористија овие војни како изговор за да ги убиваат помазаните Божји слуги. Во врска со прогонството на Јеховините сведоци од страна на Хитлер, во еден критички осврт на книгата Војната на црквите во Германија (Kirchenkampf in Deutschland), од авторот Фридрих Ципфел, се вели: „Една третина од [Сведоците] беа или директно погубени или умреа од друг вид насилство, од глад, болест или од тешка принудна работа. Тие беа малтретирани на ваков невиден и немилосрден начин поради својата непоколеблива вера, која никако не можеше да се усогласи со националсоцијалистичката идеологија“. За христијанскиот свет и за неговото свештенство навистина може да се каже: „На твоите скутови може да се најде крвта на невините сиромаси“ (Еремија 2:34). *

10. Какво прогонство доживеале некои млади мажи од големото мноштво во многу земји?

10 Од 1935 година наваму, во многу земји главниот удар на прогонство го претрпеа верни млади мажи од големото мноштво (Откровение 7:9). Дури и пред самиот крај на Втората светска војна во Европа, во еден град беа обесени 14 млади Сведоци на Јехова. За кое злосторство? Затоа што одбија „да учат да војуваат“ (Исаија 2:4). Во поново време, млади мажи на Далечниот Исток и во Африка беа претепани до смрт или беа стрелани за истата работа. Овие млади маченици, кои достојно ги поддржуваа помазаните браќа на Исус, сигурно ќе бидат воскреснати на ветената нова Земја (2. Петрово 3:13; спореди Псалм 110:3; Матеј 25:34-40; Лука 20:37, 38).

Бела долга облека

11. Во која смисла помазаните христијански маченици добиваат „бела долга облека“?

11 Откако пишувал за верата на Божјите слуги што останале беспрекорни во минатото, апостол Павле рекол: „А сите тие, поради својата вера, добија сведоштво дека му се по волја на Бог, но не го добија она што им беше ветено, бидејќи Бог за нас подготви нешто подобро, за тие да не бидат направени совршени без нас“ (Евреите 11:39, 40). Што е тоа „подобро“ што го очекувале Павле и другите помазани христијани? Јован сега го гледа во видение: „И секому од нив му беше дадена бела долга облека и им беше кажано да чекаат уште малку, додека не се пополни бројот на нивните соробови и на нивните браќа, кои треба да бидат убиени како и тие“ (Откровение 6:11). Тоа што добиваат „бела долга облека“ значи дека воскреснуваат како бесмртни духовни суштества. Повеќе не лежат како убиени души под жртвеникот, туку се подигнати за да бидат дел од групата на 24 старешини кои служат пред Божјиот небесен престол. Таму и самите добиваат престоли, што покажува дека им е дадена царска чест. А тоа што се ‚облечени во бели облеки‘ значи дека Јехова ги смета за праведни, достојни да имаат почесна положба во неговите небесни дворови. Со ова се исполнува ветувањето што Исус им го дал на верните помазани христијани во собранието во Сард: „Оној што ќе победи, ќе биде облечен во бели облеки“ (Откровение 3:5; 4:4; 1. Петрово 1:4).

12. Во која смисла помазаните „чекаат уште малку“, и до кога?

12 Сите докази укажуваат дека небесното воскресение започнало во 1918 година, откако Исус се зацарил во 1914 и започнал да јава како победнички Цар со тоа што најпрво го исчистил небото од Сатана и неговите демони. Но, на овие воскреснати помазаници им е кажано дека мора „да чекаат уште малку, додека не се пополни бројот на нивните соробови“. Членовите на класата на Јован, кои сѐ уште се на Земјата, мора да останат верни под искушенија и прогонство, а некои од нив можеби и ќе бидат убиени. Сепак, на крајот, сета праведна крв пролеана од блудницата Големиот Вавилон и од нејзините политички љубовници ќе биде одмаздена. Во меѓувреме, воскреснатите сигурно се зафатени со небесни должности. Тие не седат со скрстени раце, иако стрпливо го очекуваат Јеховиниот ден на одмазда (Исаија 34:8; Римјаните 12:19). Нивното чекање ќе заврши кога ќе го видат уништувањето на лажната религија и, како „повикани и избрани и верни“, ќе му се придружат на Господарот Исус Христос во извршувањето на пресудата над сите останати делови од Сатановото злобно потомство овде на Земјата (Откровение 2:26, 27; 17:14; Римјаните 16:20).

„Најпрво ќе станат оние што се мртви“

13, 14. а) Според апостол Павле, кога почнува небесното воскресение, и кои се воскреснати? б) Кога воскреснуваат на небото помазаниците што умираат во денот на Господарот?

13 Она што го гледаме при отворањето на петтиот печат е во потполна согласност со други стихови во кои се зборува за небесното воскресение. На пример, апостол Павле напишал: „Зашто, ова ви го зборуваме преку Јеховината реч: ние живите, кои преостануваме до времето на присутноста на Господарот, нема да ги престигнеме оние што се умрени, зашто, самиот Господар ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел и со Божја труба, и најпрво ќе станат оние што се мртви во единство со Христос. Потоа ние живите, кои ќе преостанеме, заедно со нив ќе бидеме однесени во облаците за да се сретнеме со Господарот во воздухот. И така ќе бидеме секогаш со Господарот“ (1. Солуњаните 4:15-17).

14 Какви одушевувачки мисли содржат овие стихови! Христовите помазани браќа што се мртви, одат на небото пред оние што сѐ уште се живи на Земјата за време на Исусовата присутност. Тие, кои умреле во единство со Христос, воскреснуваат први. Исус слегува, односно им обрнува внимание, и ги воскреснува како духовни суштества давајќи им „бела долга облека“. Потоа оние што сѐ уште се живи како луѓе, го завршуваат својот живот на Земјата, при што многу од нив свирепо се убиени од противниците. Но, тие не заспиваат во смрт како оние што умреле пред нив. Напротив, кога ќе умрат, тие се преобразуваат — во еден момент, за миг — и веднаш се однесени на небото за да бидат со Исус и со останатите членови од телото на Христос (1. Коринќаните 15:50-52; спореди Откровение 14:13). Значи, воскресението на помазаните христијани почнува наскоро откако излегуваат четирите јавачи на Апокалипсата.

15. а) Каква добра вест донело отворањето на петтиот печат? б) Како ќе заврши јавањето на Победникот на белиот коњ?

15 Отворањето на петтиот печат на свитокот содржи добра вест за помазаниците што победуваат останувајќи верни и беспрекорни до смрт. Но, не му носи ништо добро на Сатана и на неговото потомство. Победникот на белиот коњ незапирливо ќе јава сѐ до крајот кога ќе се пресмета со светот што е „под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Ова станува јасно кога Јагнето го отвора шестиот печат.

[Фусноти]

^ Во 33. поглавје од оваа книга е разгледано во детали кој е Големиот Вавилон.

^ Спореди го додатокот 8, „Маченички столб“, на 1694. страница во Свето писмо — превод Нов свет.

^ Повеќе детали за вината за крв на религијата се дадени во 36. поглавје од оваа книга.

[Прашања]

[Рамка на страница 102]

,Убиените души‘

Во енциклопедијата од Меклинток и Стронг се цитирани следниве зборови на Џон Џортин, англиски протестант од 18 век, роден во семејство на француски хугеноти: „Кога христијаните почнуваат да ги прогонуваат другите, повеќе не се христијани... Откако ‚христијанството‘ било прифатено како државна религија на [Римското] Царство, и откако неговите свештеници се здобиле со богатство и чест, свирепото прогонство добило огромен замав, и извршило погубно влијание врз верата за која зборуваат евангелијата“.

[Слика на страница 103]

„И секому од нив му беше дадена бела долга облека“