Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Царот-воин победува во Армагедон

Царот-воин победува во Армагедон

Поглавје 39

Царот-воин победува во Армагедон

Видение 13 — Откровение 19:11-21

Тема: Исус ги предводи небесните војски за да го уништи Сатановиот поредок

Кога се исполнува: По уништувањето на Големиот Вавилон

1. Што е Армагедон, и што ќе води до него?

 АРМАГЕДОН! Овој збор на многу луѓе им влева страв. Но, за оние што ја љубат праведноста, тој го означува долгоочекуваниот ден кога Јехова ќе ја изврши својата конечна пресуда над народите. Армагедон не е војна што ќе ја водат луѓе, туку ‚војна која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог‘ — ден кога тој ќе им се одмазди на владетелите на Земјата (Откровение 16:14, 16; Езекиел 25:17). Големата неволја ќе започне со уништувањето на Големиот Вавилон. Потоа, поттикнат од Сатана, црвениот ѕвер со неговите десет рогови ќе тргне во напад на Јеховиниот народ. Ѓаволот, разбеснет како никогаш порано на Божјата организација слична на жена, ќе биде решен да ги искористи оние што ги измамил за да поведе војна со остатокот од потомството на оваа симболична жена и да го уништи (Откровение 12:17). Ова му е последна шанса!

2. Кој е Гог од Магог, и како Јехова ќе го наведе да тргне во напад против Неговиот сопствен народ?

2 Злобниот напад на Ѓаволот е многу живо опишан во 38. поглавје од Езекиел. Таму понижениот Сатана е наречен „Гог од земјата Магог“. Јехова става симболични куки во челуста на Гог за да го предизвика да тргне во напад заедно со сета негова многубројна војска. Како го прави ова? Така што го наведува Гог да гледа на Неговите Сведоци како на незаштитен народ „собран од другите народи, народ кој насобрал богатство и имот и живее во средиштето на земјата“. Сведоците се во средиштето на земјата како единствен народ што одбил да им се поклони на ѕверот и на неговиот кип. Нивната духовна сила и богатство го доведуваат Гог до лудило. Затоа тој, заедно со својата бројна војска и со ѕверот со десет рогови што излегува од морето, ќе го нападне Божјиот народ со намера да го уништи. Но, за разлика од Големиот Вавилон, кого никој не го заштитил, Јехова го штити својот чист народ! (Езекиел 38:1, 4, 11, 12, 15; Откровение 13:1).

3. Како Јехова ќе ги отстрани војските на Гог?

3 Како Јехова ќе го отстрани Гог и сето негово мноштво? Слушај! „‚На сите свои планини ќе повикам меч против него,‘ вели Севишниот Господар Јехова. ‚Секој ќе го подигне мечот против својот брат‘.“ Но ниту нуклеарното ниту конвенционалното оружје нема да вреди ништо во тој судир, бидејќи Јехова изјавува: „Ќе му судам со помор и со крв. Силен порој и град, оган и сулфур ќе пуштам врз него и врз неговите чети и врз многуте народи што ќе бидат со него. И ќе се возвеличам и ќе се посветам, и ќе се објавам пред очите на многу народи, и тогаш ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езекиел 38:21-23; 39:11; спореди Исус Навин 10:8-14; Судиите 7:19-22; 2. Летописи 20:15, 22-24; Јов 38:22, 23).

Оној што се вика „Верен и Вистинит“

4. Како Јован го опишува Исус во полна бојна опрема?

4 Јехова повикува меч. Кој го носи овој меч? Ако повторно се вратиме на Откровението, ќе го најдеме одговорот во уште едно возбудливо видение. Пред очите на Јован се отвора небото и се открива нешто навистина извонредно — самиот Исус Христос во полна бојна опрема! Јован ни кажува: „И го видов небото отворено и, гледај — бел коњ. А оној што седеше на него се вика Верен и Вистинит, и тој праведно суди и војува. Неговите очи беа огнен пламен, а на главата имаше многу круни“ (Откровение 19:11, 12а).

5, 6. Што значат: а) ‚белиот коњ‘? б) името „Верен и Вистинит“? в) очите како „огнен пламен“? г) ‚многуте круни‘?

5 Исто како во претходното видение за четирите јавачи, овој „бел коњ“ и овде е соодветен симбол за една праведна војна (Откровение 6:2). А кој од Божјите синови е поправеден од овој силен Воин? Бидејќи „се вика Верен и Вистинит“, тој мора да е „верниот и вистинит сведок“ — Исус Христос (Откровение 3:14). Исус води војна за да ги изврши Јеховините праведни пресуди. Значи, сега дејствува како Судија поставен од Јехова, како „Моќен Бог“ (Исаија 9:6). Неговите очи се страшни како „огнен пламен“ и го гледаат претстојното огнено уништување на неговите непријатели.

6 Главата на овој Цар-Воин ја красат круни. Ѕверот што Јован го видел како излегува од морето имал десет круни, што го претставуваа неговото привремено владеење со светот (Откровение 13:1). Но, Исус има „многу круни“. Неговото величествено владеење е неспоредливо бидејќи тој е „Цар над царевите и Господар над господарите“ (1. Тимотеј 6:15).

7. Што значи името кое е напишано на Исус?

7 Јован продолжува со својот опис: „Имаше напишано име кое не го знае никој друг, освен тој самиот“ (Откровение 19:12б). Во Библијата, за Божјиот син се користат повеќе имиња, како што се Исус, Емануел и Михаел. Но, ова „име“, кое не е кажано, изгледа се однесува на положбата и овластувањата што Исус ги има во денот на Господарот. (Спореди Откровение 2:17.) Опишувајќи го Исус по 1914 година, Исаија вели: „Името ќе му биде Прекрасен Советник, Моќен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6). И апостол Павле го поврзал името на Исус со Неговата многу висока положба кога напишал: „Бог го возвиши [Исус] и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено“ (Филипјаните 2:9, 10).

8. Зошто само Исус го знае името што е напишано на него, и со кого споделува некои од своите посебни права и повластици?

8 Исус има навистина посебни права и повластици. Освен Јехова, само тој може да разбере што, всушност, значи да се биде на една толку висока положба. (Спореди Матеј 11:27.) Затоа, од сите Божји созданија, само Исус знае што во потполност значи ова име. Сепак, тој споделува некои од овие права и повластици и со невестата. Затоа ветува: „[На] оној што ќе победи... ќе го напишам... своето ново име“ (Откровение 3:12).

9. Што значи тоа што Исус е а) „облечен во облека испрскана со крв“? б) наречен „Реч Божја“?

9 Јован додава: „И беше облечен во облека испрскана со крв. Името му беше Реч Божја“ (Откровение 19:13). Чија е оваа „крв“? Може да се однесува на крвта на Исус, која ја пролеал за човештвото (Откровение 1:5). Но, во овој контекст, најверојатно се однесува на крвта на неговите непријатели, која ќе се пролее кога Јехова ќе ги изврши своите пресуди над нив. Ова нѐ потсетува на едно претходно видение во кое земната лоза беше обрана и газена во големото гмечало на Божјиот гнев сѐ додека крвта не стигна „дури до уздите на коњите“ — што означуваше голема победа над Божјите непријатели (Откровение 14:18-20). Слично на ова, крвта со која е испрскана облеката на Исус потврдува дека оваа победа е конечна и целосна. (Спореди Исаија 63:1-6.) Сега Јован спомнува уште едно име кое му е дадено на Исус. Овој пат се работи за име што сите го знаат — „Реч Божја“. Тоа јасно покажува дека овој Цар-Воин е Јеховин Главен Говорник и Застапник на вистината (Јован 1:1; Откровение 1:1).

Војниците на Исус

10, 11. а) Како Јован покажува дека Исус не се бори сам? б) На што укажува тоа што коњите се бели и јавачите се облечени во „фин лен, бел и чист“? в) Кој спаѓа во небесните „војски“?

10 Исус не се бори сам во оваа битка. Јован ни кажува: „А по него одеа небесните војски на бели коњи, облечени во фин лен, бел и чист“ (Откровение 19:14). Тоа што коњите се „бели“ укажува на праведна војна. ‚Финиот лен‘ е соодветна облека за коњаниците на Царот, а блескавата, чиста белина укажува на тоа дека тие се чисти и праведни во Јеховини очи. Тогаш, кој спаѓа во овие „војски“? Без сомнение, во нив спаѓаат светите ангели. Уште во почетокот на денот на Господарот, Михаел и неговите ангели ги исфрлиле Сатана и демоните од небото (Откровение 12:7-9). Освен тоа, „сите ангели“ ќе му служат на Исус додека тој седи на својот славен престол и им суди на луѓето и народите на Земјата (Матеј 25:31, 32). Нема сомнение, и во таа решавачка војна, кога Божјата осуда конечно ќе биде извршена, ангелите повторно ќе бидат заедно со Исус.

11 Но, ќе бидат вклучени и други. Кога му ја испратил својата порака на собранието во Тијатира, Исус ветил: „На оној што ќе победи и ќе се држи за моите дела сѐ до крајот, нему ќе му дадам власт над народите, како што и јас примив власт од својот Татко, па ќе управува со нив со железна палка и ќе ги разбие како глинени садови“ (Откровение 2:26, 27). Несомнено, кога ќе дојде време, и оние Христови браќа што веќе се на небото ќе управуваат со народите со таа железна палка.

12. а) Дали Божјите слуги на Земјата ќе учествуваат во војната Армагедон? б) Како Јеховиниот народ на Земјата ќе биде вклучен во Армагедон?

12 Но, што е со Божјите слуги овде на Земјата? Класата на Јован нема активно да учествува во Армагедон, а нема да учествуваат ни нивните верни придружници, лицата од сите народи што денес се слеваат кон духовниот дом за обожавање на Јехова. Овие мирољубиви поединци веќе ги прековале своите мечеви во плугови (Исаија 2:2-4). Но, тие сепак ќе бидат вклучени во војната! Како што веќе видовме, токму Јеховиниот навидум беспомошен народ ќе биде мета на злобниот напад на Гог и на неговото мноштво. Тоа ќе биде знакот што Јеховиниот Цар-Воин го чека за да поведе војна, заедно со небесните војски, и да ги уништи тие народи (Езекиел 39:6, 7, 11; спореди Даниел 11:44 — 12:1). Божјиот народ на Земјата ќе ги набљудува овие настани со голем интерес. Армагедон ќе значи спасение за нив, и тие ќе останат да живеат засекогаш како очевидци на Јеховината голема војна во која тој бил оправдан.

13. Од каде знаеме дека Јеховините сведоци не се против властите?

13 Дали ова значи дека Јеховините сведоци не признаваат никаква влада? Воопшто не! Тие му се послушни на советот што го дал апостол Павле: „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него“. Јасно им е дека, сѐ додека трае сегашниов поредок, Бог дозволува овие власти да постојат за да одржуваат извесен ред во општеството. Затоа, Јеховините сведоци си ги плаќаат даноците, ги слушаат законите, ги почитуваат сообраќајните прописи, ги вадат потребните дозволи од државата итн. (Римјаните 13:1, 6, 7). Освен тоа, тие се држат за библиските начела за вистинољубивост и чесност; покажуваат љубов кон ближниот; градат цврсти, морално јаки семејства; и ги воспитуваат своите деца да бидат примерни граѓани. На овој начин, тие не само што му го плаќаат ‚цезаревото на цезарот, туку и Божјето на Бог‘ (Лука 20:25; 1. Петрово 2:13-17). Со оглед на тоа што Божјата реч покажува дека владите во овој свет се привремени, Јеховините сведоци сега се подготвуваат за еден поисполнет живот — вистинскиот живот — на кој ќе можат да му се радуваат наскоро под Христовото Царство (1. Тимотеј 6:17-19). Иако нема да учествуваат во соборувањето на владите на овој свет, Сведоците се исполнети со длабока страхопочит од она што го вели Божјата вдахновена реч, Светото писмо, во врска со судот што Јехова ќе го изврши во Армагедон (Исаија 26:20, 21; Евреите 12:28, 29).

Напред во последната битка!

14. Што симболизира ‚остриот меч‘ што излегува од устата на Исус?

14 Кој го овластува Исус да извојува конечна победа? Јован ни кажува: „И од устата му излегуваше остар меч, за да ги удри со него народите. Тој ќе управува со нив со железна палка“ (Откровение 19:15а). Тој „остар меч“ го претставува овластувањето што Бог му го дава на Исус за тој да издаде наредба да бидат погубени сите што одбиваат да застанат на страна на Божјето Царство (Откровение 1:16; 2:16). Оваа живописна симболика нѐ потсетува на зборовите што ги кажал Исаија: „[Јехова] ја направи мојата уста како остар меч. Ме засолни во сенката на својата рака. Ме направи наострена стрела“ (Исаија 49:2). Овде Исаија го претскажува Исус, кој ги објавува Божјите осуди и, како стрела што не промашува, ги извршува во потполност.

15. Кој веќе ќе биде откриен и осуден до тој момент, и што ќе започне со тоа?

15 До тој момент, Исус веќе ќе ги има исполнето зборовите на Павле: „Тогаш ќе биде откриен беззаконикот. Него Господарот Исус ќе го убие со здивот на својата уста и ќе го уништи со покажувањето на својата присутност“. Да, Исусовата присутност (грчки: паруси́ја) јасно се уочува од 1914 година наваму, бидејќи оттогаш беше откриен и осуден тој беззаконик, односно свештенството на христијанскиот свет. Оваа присутност ќе стане сосема очигледна кога десетте рогови на црвениот ѕвер ќе ја извршат осудата над беззаконикот и ќе го опустошат христијанскиот свет, како и останатиот дел од Големиот Вавилон (2. Солуњаните 2:1-3, 8). Тоа ќе го означи почетокот на големата неволја! Потоа, Исус ќе го сврти своето внимание на она што ќе преостане од Сатановата организација, во склад со следново пророштво: „Ќе ја удри земјата со пратот на својата уста, со здивот на својата уста ќе ги погуби злите“ (Исаија 11:4).

16. Како е опишана во Псалмите и во Еремија улогата на Царот-Воин кој е поставен од Јехова?

16 Царот-Воин, кој е поставен од Јехова, ќе направи разлика меѓу оние што ќе преживеат и оние што ќе загинат. Обраќајќи му се со пророчки зборови на својот Син, Јехова вели: „Ќе ги скршиш [владетелите на Земјата] со железен жезол, како грнчарски сад ќе ги сотреш“. И Еремија им се обраќа на овие расипани владетели и на нивните слуги велејќи: „Горко плачете, пастири, и викајте! Валајте се во прав, водачи на стадото, зашто дојде времето да бидете заклани и растерани, ќе испопаѓате како скапоцени садови!“ Колку и да му се чинеле скапоцени овие водачи на злобниот свет, со само еден удар на железниот жезол, Царот ќе ги распарчи, исто како да крши скапоцен сад. Ќе се случи токму она што Давид го прорекол во врска со Господарот Исус: „Јехова од Сион ќе ти ја подаде палката на твојата сила и ќе рече: ‚Оди меѓу своите непријатели и покори ги!‘ Јехова ти е од десната страна и ќе ги сотре царевите во денот на гневот свој. Ќе изврши пресуда над народите; сѐ ќе наполни со трупови“ (Псалм 2:9, 12; 83:17, 18; 110:1, 2, 5, 6; Еремија 25:34).

17. а) Како Јован го опишува извршувањето на пресудата од страна на Царот-Воин? б) Наведи некои пророштва што покажуваат каква голема несреќа ќе ги снајде народите во денот на Божјиот гнев.

17 Овој моќен Цар-Воин повторно се појавува во следната сцена од видението: „И ќе го гази гмечалото на гневната лутина на Семоќниот Бог“ (Откровение 19:15б). Во едно претходно видение, Јован веќе видел како се гази ‚гмечалото на Божјиот гнев‘ (Откровение 14:18-20). И Исаија опишува една каца, односно гмечало, во кое се извршува пресудата, а и други пророци зборуваат за тоа колку голема несреќа ќе ги снајде сите народи во денот на Божјиот гнев (Исаија 24:1-6; 63:1-4; Еремија 25:30-33; Даниел 2:44; Софонија 3:8; Захарија 14:3, 12, 13; Откровение 6:15-17).

18. Што открива пророкот Јоил во врска со Јеховиниот суд над сите народи?

18 Пророкот Јоил го поврзува гмечалото со времето кога Јехова ќе дојде ‚да им суди на сите околни народи‘. Јехова е тој што им дава заповед — несомнено, на Судијата што самиот го поставил, Исус, како и на неговите небесни војски — велејќи: „Замавнете со српот, зашто жетвата е зрела. Дојдете, слезете, зашто винското гмечало се наполни. Од каците се прелева, зашто злобата нивна е голема. Мноштва, мноштва се во долината на одлуката, зашто денот Јеховин е близу во долината на одлуката. Сонцето и месечината ќе потемнат, а ѕвездите ќе го повлечат својот сјај. Јехова ќе рикне од Сион како лав, од Ерусалим ќе го пушти својот глас. Небото и земјата ќе се затресат, но Јехова ќе биде прибежиште за својот народ и тврдина за синовите на Израел. И тогаш ќе знаете дека јас сум Јехова, вашиот Бог“ (Јоил 3:12-17).

19. а) Како ќе биде одговорено на прашањето од 1. Петрово 4:17? б) Кое име е напишано на облеката на Исус, и зошто тоа име му одговара?

19 Тоа ќе биде навистина ден на пропаст за непослушните народи и луѓе, но ден на олеснување за сите оние што побарале засолниште кај Јехова и кај неговиот Цар-Воин! (2. Солуњаните 1:6-9). Судењето што почна од домот Божји во 1918 година дотогаш ќе го достигне својот врв, со што ќе биде одговорено на прашањето од 1. Петрово 4:17: „Каков ли ќе им биде крајот на оние што не ѝ се послушни на Божјата добра вест?“ Големиот Победник потполно ќе го изгази винското гмечало, покажувајќи дека тој е Возвишениот за кого Јован вели: „На својата облека, на своето бедро, имаше напишано име: Цар над царевите и Господар над господарите“ (Откровение 19:16). Тој покажал дека е далеку, далеку посилен од кој и да било владетел на Земјата, од кој и да било човечки цар или господар. Неговото достоинство и величественост се ненадминливи. Тој јава „застапувајќи ги вистината, понизноста и праведноста“ и победува за сите времиња! (Псалм 45:4). На неговата облека испрскана со крв е напишано името што му го дал Севишниот Господар Јехова, Оној кого тој го оправдал!

Големата Божја вечера

20. Како Јован ја опишал „големата Божја вечера“, и на кое поранешно слично пророштво нѐ потсетува овој опис?

20 Во видението на Езекиел, по уништувањето на Гоговото мноштво, птиците и дивите животни се поканети на гозба! Тие ќе ја исчистат земјата од мртвите тела на Јеховините непријатели (Езекиел 39:11, 17-20). Следните зборови на Јован живо нѐ потсетуваат на ова поранешно пророштво. Тој вели: „Видов и еден ангел како стои на сонцето. И извика со силен глас, и на сите птици што летаат среде небото им рече: ‚Дојдете, соберете се на големата Божја вечера, да јадете месо од цареви, месо од воени заповедници, месо од јунаци, месо од коњи и од нивните јавачи, месо од сите луѓе — слободни и робови, мали и големи‘“ (Откровение 19:17, 18).

21. Што покажува а) тоа што ангелот „стои на сонцето“? б) тоа што мртвите ќе останат да лежат на земјата? в) списокот на оние чии трупови ќе бидат оставени на земјата? г) изразот „големата Божја вечера“?

21 Ангелот „стои на сонцето“, добро место за да издаде заповед и да го привлече вниманието на птиците. Ги повикува да бидат подготвени да се наситат со месото на оние што сега ќе бидат убиени од Царот-Воин и од неговите небесни војски. Тоа што мртвите ќе останат да лежат на земјата покажува дека ќе умрат во срам. Исто како за Језавела во старо време, и за нив ќе нема пристоен погреб (2. Царевите 9:36, 37). Списокот на оние чии трупови ќе останат да лежат таму покажува колку сеопфатно ќе биде уништувањето: цареви, воени заповедници, јунаци, слободни и робови — нема исклучоци. И последната трага од овој бунтовен свет што му се противи на Јехова ќе биде отстранета. По ова, немирното, разбранувано човечко море повеќе нема да постои (Откровение 21:1). Бидејќи Јехова е тој што ги повикува птиците да дојдат на оваа гозба, таа е наречена „големата Божја вечера“.

22. Како Јован го резимира текот на оваа последна војна?

22 Јован го резимира текот на оваа последна војна со следниве зборови: „И ги видов ѕверот и земните цареви и нивните војски собрани да водат војна со оној што седи на коњот и со неговата војска. И беше фатен ѕверот, а со него и лажниот пророк, кој пред него правеше чудесни знаци со кои ги заведе оние што го примија жигот на ѕверот и оние што му се поклонуваа на неговиот кип. Обајцата беа живи фрлени во огненото езеро, кое гори со сулфур. А останатите беа убиени со мечот што излегуваше од устата на оној што седи на коњот. И сите птици се наситија со нивното месо“ (Откровение 19:19-21).

23. а) Во која смисла „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ се води на местото наречено Армагедон? б) Кое предупредување не го послушале „земните цареви“, и со какви последици?

23 Откако беше излеан шестиот сад на Божјиот гнев, Јован извести дека, наведени од демонска пропаганда, „царевите од целиот свет“ се собираат за „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“. Оваа војна се води на местото наречено Армагедон — но тоа не е дословно место, туку светска ситуација која налага да бидат извршени Јеховините пресуди (Откровение 16:12, 14, 16). Сега Јован ги гледа борбените редови. Таму, наредени наспроти Бог, се сите ‚земни цареви и нивните војски‘. Тие тврдоглаво одбиваат да му се подложат на Јеховиниот Цар. Тој им дал навремено предупредување со вдахновениот повик: „Поздравете го синот за [Јехова] да не се разгневи и пропаста да не ве тргне од патот“. Бидејќи не се подложиле на Христовото владеење, тие мора да умрат (Псалм 2:12).

24. а) Каква осуда ќе биде извршена над ѕверот и над лажниот пророк, и во која смисла тие ќе бидат сѐ уште „живи“ кога ќе се случи тоа? б) Зошто „огненото езеро“ мора да е симболично?

24 Седмоглавиот ѕвер со десет рогови што излезе од морето — кој ја претставува политичката организација на Сатана — ќе биде фрлен во заборав, а со него и лажниот пророк, седмата светска сила (Откровение 13:1, 11-13; 16:13). Уште додека се „живи“, односно додека сѐ уште дејствуваат обединето против Божјиот народ на Земјата, тие ќе бидат фрлени во „огненото езеро“. Дали станува збор за вистинско огнено езеро? Не, исто како што ни ѕверот ни лажниот пророк не се вистински животни. Напротив, тоа е симбол на целосно, конечно уништување, место од кое нема враќање. Таму подоцна ќе бидат фрлени смртта и гробот, а и самиот Ѓавол (Откровение 20:10, 14). Во никој случај не се работи за пекол во кој злите вечно се мачат, бидејќи самата помисла на такво нешто му е одвратна на Јехова (Еремија 19:5; 32:35; 1. Јованово 4:8, 16).

25. а) Кои ќе бидат ‚убиени со мечот што излегува од устата на оној што седи на коњот‘? б) Дали можеме да очекуваме некој од ‚убиените‘ да воскресне?

25 Сите други што не владееле директно, но сепак се непоправлив дел од овој расипан свет, исто така ќе бидат ‚убиени со мечот што излегува од устата на оној што седи на коњот‘. Исус ќе ги осуди на смрт. Бидејќи во нивниот случај не се спомнува огненото езеро, дали треба да очекуваме да воскреснат? Никаде не ни е кажано дека оние што тогаш ќе ги погуби Јеховиниот Судија ќе бидат воскреснати. Како што рекол и самиот Исус, сите оние што не се „овци“ ќе отидат во „вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели“, односно во „вечна смрт“ (Матеј 25:33, 41, 46). Со ова ќе заврши „денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Петрово 3:7; Наум 1:2, 7-9; Малахија 4:1).

26. Опиши го накратко исходот од Армагедон.

26 Така ќе биде уништена целокупната Сатанова земна организација. „Поранешното небо“ од политички владетели повеќе не постои. „Земјата“ — навидум стабилниот поредок што Сатана го градел низ вековите — сега е целосно уништен. „Морето“ — сите злобни луѓе што му се противеле на Јехова — веќе го нема (Откровение 21:1; 2. Петрово 3:10). Но, што ќе прави Јехова со самиот Сатана? Јован ќе ни одговори на ова прашање.

[Прашања]