Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Еден голем учител појасно ни го покажува Творецот

Еден голем учител појасно ни го покажува Творецот

Деветто поглавје

Еден голем учител појасно ни го покажува Творецот

ВО ПРВИОТ век, луѓето од Палестина ‚биле во исчекување‘. На што? На „Христос“, односно „Месијата“ (NW) проречен со векови однапред преку Божјите пророци. Луѓето биле сигурни дека Библијата била напишана под Божје водство и дека содржи претслики за иднината. Едно такво пророштво, во книгата Даниил, укажувало на пристигнувањето на Месијата на почетокот од нивниот век (Лука 3:15; Даниил 9:24—26).

Но, потребно било да бидат претпазливи зашто требало да се појават самоникнати месии (Матеј 24:5). Еврејскиот историчар Јосиф споменува некои: Тевда, кој ги водел своите следбеници до реката Јордан и тврдел дека ќе се разделат неговите води; еден човек од Египет кој довел луѓе до Маслинската Гора, тврдејќи дека ерусалимскиот ѕид ќе падне на негова заповед; и еден измамник во времето на гувернерот Фест кој ветувал одмор од неволјите. (Спореди Дела 5:36; 21:38.)

За разлика од таквите измамени следбеници, една група која била наречена „христијани“ признала дека Исус од Назарет е голем учител и вистинскиот Месија (Дела 11:26; Марко 10:47). Исус не бил некаков месија измамник; тој имал здрави препораки, како што е доволно потврдено во четирите историски книги наречени Евангелија. * На пример, Евреите знаеле дека Месијата ќе се роди во Витлеем, дека ќе биде од лозата на Давид и дека ќе врши чудесни дела. Исус го исполнил сето тоа како што е потврдено со сведоштвото дури и на противниците. Да, Исус ги исполнил барањата на библискиот Месија (Матеј 2:3—6; 22:41—45; Јован 7:31, 42).

Мноштво луѓе кои се запознале со Исус, набљудувајќи ги неговите извонредни дела, слушајќи ги неговите единствени зборови на мудрост и препознавајќи ја неговата далековидост, се увериле дека тој е Месијата. Во текот на неговата служба (29—33 н. е.), се насобрале докази во прилог на неговото месијанство. Всушност, тој се покажал дека е повеќе и од Месија. Еден ученик кој бил запознаен со фактите заклучил дека „Исус е Христос, Син Божји“ * (Јован 20:31).

Поради тоа што Исус имал таков близок однос со Бог, тој можел да објасни и да открие каков е нашиот Творец (Лука 10:22; Јован 1:18). Исус сведочел дека неговата блискост со Татко му започнала уште на небото, каде што тој работел со Бог за да ги доведе во постоење сите други работи, живи и неживи (Јован 3:13; 6:38; 8:23, 42; 13:3; Колосјаните 1:15, 16).

Библијата известува дека Синот бил префрлен од духовното подрачје и ‚станал сличен на луѓето‘ (Филипјаните 2:5—8NW). Таквиот настан не е нешто нормално, но дали е возможно? Научниците потврдуваат дека еден природен елемент, како што е уранот, може да се претвори во друг; дури ги пресметуваат и резултатите кога масата ќе се претвори во енергија (E=mc2). Тогаш, зошто ние да се сомневаме за тоа кога Библијата вели дека едно духовно суштество било трансформирано за да живее како човек?

За да го илустрираме тоа на друг начин, размисли за она што го постигнуваат некои физичари со оплодувањето in vitro. Живот кој започнува во „епрувета“ се пренесува во жена и подоцна се раѓа како бебе. Во случајот на Исус, Библијата нѐ уверува дека со „силата на Севишниот“, неговиот живот бил пренесен во една девица по име Марија. Таа била од лозата на Давид, па така Исус можел да биде трајниот наследник на месијанското Царство кое му било ветено на Давид (Лука 1:26—38; 3:23—38; Матеј 1:23).

Врз основа на неговиот присен однос и сличноста со Творецот, Исус рекол: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јован 14:9). Тој исто така рекол: „Кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и — кому што сака Синот да му открие“ (Лука 10:22). Оттука, додека учиме за она што го поучувал и правел Исус на Земјата, можеме појасно да ја видиме личноста на Творецот. Ајде да го разгледаме тоа, користејќи ги искуствата на мажи и жени кои соработувале со Исус.

Една Самарјанка

„Да не е Он Христос?“ се прашувала една Самарјанка откако малку поразговарала со Исус (Јован 4:29). Таа дури и ги поттикнувала другите од соседното гратче Сихар да се запознаат со Исус. Што било тоа што ја поттикнало да го прифати Исус како Месија?

Оваа жена се запознала со Исус додека тој се одморал после цело утро пешачење низ правливите патишта по брдата на Самарија. Иако бил уморен, Исус разговарал со неа. Забележувајќи го нејзиниот продлабочен духовен интерес, Исус споделил длабоки вистини кои се сосредоточувале на потребата да се ‚обожава Таткото со дух и вистина‘ (NW). Со текот на времето, ѝ открил дека тој всушност е Христос — факт кој дотогаш не го имал признато во јавноста (Јован 4:3—26).

Оваа Самарјанка увидела дека нејзината средба со Исус е многу смисловна. Нејзините поранешни религиозни активности биле сосредоточени на обожавањето на планината Гаризим и се темелеле само на првите пет книги од Библијата. Евреите се држеле настрана од Самарјаните, од кои многумина потекнувале од една мешавина помеѓу десетте племиња на Израел и другите народи. Колку само било поинаку со Исус! Тој спремно ја поучил таа Самарјанка, иако имал налог да оди кај „загубените овци на домот Израилев“ (Матеј 15:24). Овде Исус ја одразил Јеховината спремност да прифати искрени луѓе од сите нации (3. Царства 8:41—43). Да, и Исус и Јехова се над тесноградото религиозно непријателство кое е раширено во светот денес. Сознанието за ова треба да нѐ привлече кон Творецот и неговиот Син.

Можеме да извлечеме уште една поука од Исусовата спремност да ја поучи таа жена. Во тоа време таа живеела со човек кој не ѝ бил сопруг (Јован 4:16—19). Сепак, Исус не дозволил тоа да го спречи да зборува со неа. Можеш да сфатиш дека таа сигурно го ценела тоа што тој постапувал со неа со достоинство. А нејзиното искуство не било единствено. Кога некои еврејски водачи (фарисеи) го критикувале Исус поради тоа што јадел со покајнички грешници, тој рекол: „Здравите немаат нужда од лекар, а болните; одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание“ (Матеј 9:10—13). Исус им давал помош на луѓе кои офкале под товарот на своите гревови — сопствените прекршувања на Божјите закони или мерила. Колку само е пријатно да се знае дека Бог и неговиот Син ќе им помогнат на оние кои имаат проблеми како последица од нивното однесување во минатото! (Матеј 11:28—30). *

Да не го превидиме и тоа дека во оваа прилика во Самарија, Исус разговарал со една жена на љубезен и услужлив начин. Зошто е тоа значајно? Еврејските мажи во тоа време биле поучувани да избегнуваат на улица да разговараат со жени, па дури и со сопствените сопруги. Еврејските рабини сметале дека жените се неспособни да примаат длабока духовна поука, дека имаат „лесен ум“. Некои рекле: „Подобро е зборовите на законот да бидат изгорени отколку пренесени на жени“. Исусовите ученици пораснале во една таква клима; и затоа, кога се вратиле, ‚се зачудиле дека тој говорел со жената‘ (Јован 4:27). Овој извештај — еден од многуте — илустрира дека Исус бил сличен на својот Татко кој ги создал и им припишал чест и на машкото и на женското (1. Мојсеева 2:18).

Самарјанката потоа ги убедила своите сограѓани да го слушаат Исус. Многумина ги испитале фактите и станале верници, велејќи: „Знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос“ (Јован 4:39—42). Поради тоа што сме дел од „светот“ на човечкиот род, Исус е битен и за нашата иднина.

Гледиштето на еден рибар

Ајде сега да погледнеме на Исус со очите на двајца присни придружници — Петар, а потоа и Јован. Тие обични рибари биле едни од неговите први следбеници (Матеј 4:13—22; Јован 1:35—42). Фарисеите ги гледале како „неучени и прости“, дел од луѓето од земја (ам-ха́арец), кои биле презрени поради тоа што не биле учени како рабините (Дела 4:13; Јован 7:49). Многу такви луѓе, кои биле „изморени и обременети“ под јаремот на религиозните традиционалисти, копнееле по духовно просветлување. Професор Шарл Гињебер од Сорбона, коментирал дека „нивните срца му припаѓале целосно на Јахве [Јехова]“. Исус не им го свртел грбот на тие понизни во прилог на богатите или влијателните. Наместо тоа, тој им го открил Таткото преку неговите учења и постапки (Матеј 11:25—28).

Петар од прва рака го доживеал грижливиот став на Исус. Набргу откако му се придружил на Исус во службата, тештата на Петар паднала болна од треска. Доаѓајќи во куќата на Петар, Исус ја зел за рака и треската ја напуштила! Можеби не го знаеме точниот процес на тоа лекување, исто како што лекарите денес не можат во потполност да објаснат како се случуваат некои лекувања, но сепак треската ја напуштила оваа жена. Она што е уште поважно од познавањето на неговата метода на лекување, е ценењето дека со лекувањето на болните и напатените Исус го покажал своето сожалување спрема нив. Тој навистина сакал да им помага на луѓето, а тоа го сака и неговиот Татко (Марко 1:29—31, 40—43; 6:34). Од своето искуство со Исус, Петар можел да види дека Творецот секој човек го смета достоен за грижа (1. Петрово 5:7).

Во една друга прилика подоцна, Исус бил во Дворот на жените во храмот во Ерусалим. Тој набљудувал додека луѓето ставале прилози во благајничките ковчежиња. Богатите луѓе ставале по многу парички. Будно внимавајќи, Исус видел како една сиромашна вдовица фрлила две парички со многу мала вредност. Исус им рекол на Петар, Јован и на другите: „Вистина, ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето; зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше“ (Марко 12:41—44).

Можеш да видиш дека Исус го барал доброто во луѓето и дека го ценел трудот на секого. Што мислиш, каков ефект имало тоа врз Петар и врз другите апостоли? Согледувајќи од Исусовиот пример каков е Јехова, Петар подоцна цитирал еден псалм: „Очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови — кон нивните молитви“ (1. Петрово 3:12; Псалм 33:15, 16). Зарем ти не си привлечен кон еден Творец и кон неговиот Син кои сакаат во тебе да го најдат доброто и кои ќе ги слушаат твоите молби?

После околу две години дружење со Исус, Петар бил сигурен дека Исус е Месијата. Во една прилика, Исус ги прашал своите ученици: „За кого Ме мислат луѓето!“ Добил различни одговори. Потоа ги прашал: „А вие, за кого Ме мислите?“ Петар уверливо одговорил: „Ти си Христос!“ Можеби ќе ти биде чудно она што го направил Исус после тоа. Тој ‚им забранил да говорат кому и да било‘ за тоа (Марко 8:27—30; 9:30; Матеј 12:16). Зошто би кажал такво нешто? Исус се наоѓал во нивната средина, и затоа не сакал луѓето да донесуваат заклучоци на темел на чисти гласини. Тоа е логично, зарем не? (Јован 10:24—26). Поентата е дека нашиот Творец на сличен начин сака и ние да дознаеме за него со тоа што самите ќе истражуваме солидни докази. Тој очекува од нас да имаме уверувања темелени на факти (Дела 17:27).

Како што можеш да си замислиш, некои од Исусовите земјаци не го прифаќале и покрај обилните докази дека ја имал поддршката од Творецот. Поради тоа што биле преокупирани со својата положба или со политички цели, за многумина овој искрен, но понизен Месија не бил по нивни вкус. Како што неговата служба се ближела кон својот крај, Исус рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои . . . А вие нејќевте. Ете, ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23:37, 38). Оваа променета ситуација за таа нација обележала еден значаен чекор во остварувањето на Божјата намера за благословување на сите нации.

Набргу после тоа, Петар и тројца други апостоли го слушнале Исусовото детално пророштво за „свршетокот на светот“. * Она што го прорекол Исус имало почетно исполнување за време на римскиот напад и уништување на Ерусалим во 66—70 н. е. Историјата сведочи дека се случило она што го предвидел Исус. Петар бил сведок на многу од самите работи кои ги претскажал Исус, и тоа е одразено во 1. и 2. Петрово, две книги кои ги напишал Петар (1. Петрово 1:13; 4:7; 5:7, 8; 2. Петрово 3:1—3, 11, 12).

За време на неговата служба, Исус стрпливо покажувал љубезност кон Евреите околу него. Но, тој не се воздржувал да го осуди злото. Тоа му помогнало на Петар, а треба да ни помогне и нам поцелосно да го разбереме нашиот Творец. Додека гледал како и други работи го исполнувале Исусовото пророштво, Петар напишал дека христијаните треба да ја држат ‚цврсто на ум присутноста на Јеховиниот ден‘ (NW). Петар исто така рекол: „Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“. Петар потоа упатил зборови на охрабрување за „ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:3—13). Дали ние, како Петар, ги цениме Божјите особини кои се одразени во Исус, и дали покажуваме доверба во неговите ветувања за иднината?

Зошто умрел Исус?

На последната ноќ со своите апостоли, Исус споделил еден посебен оброк со нив. На таков оброк, еврејскиот домаќин покажувал гостољубивост со тоа што ги миел нозете на гостите кои можеби со сандали оделе по правливи патишта. Меѓутоа, никој не се понудил да го стори тоа за Исус. Затоа, тој понизно станал, зел крпа и леген и почнал да им ги мие нозете на апостолите. Кога дошол редот на Петар, тој се срамел да ја прифати таа услуга од Исус. Петар рекол: „Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои“. „Ако не те измијам“, одговорил Исус, „нема да имаш дел со Мене.“ Исус знаел дека наскоро ќе умре и затоа додал: „Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13:5—17).

Со децении подоцна, Петар ги поттикнал христијаните да го имитираат Исус, не во ритуалот на миење нозе, туку во понизното служење на другите наместо ‚да господарат над‘ (NW) нив. Петар, исто така, сфатил дека Исусовиот пример докажал дека „Бог им се противи на горделивите, а на смирените [понизните, NW] им дава благодат“. Каква поука во врска со Творецот! (1. Петрово 5:1—5; Псалм 18:35NW). Но, Петар научил нешто повеќе.

После тој последен оброк, Јуда Искариотски, кој бил апостол но станал крадец, довел една банда вооружени мажи за да го уапсат Исус. Додека го правеле тоа, Петар реагирал. Тој извлекол меч и ранил еден човек од толпата. Исус го исправил Петар: „Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож; од нож ќе загинат“. Потоа, додека Петар посматрал, Исус го допрел човекот, лекувајќи го (Матеј 26:47—52; Лука 22:49—51). Јасно, Исус живеел во согласност со своето учење да се ‚љубат непријателите свои‘ имитирајќи го својот Татко, кој „го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“ (Матеј 5:44, 45).

Во текот на таа напната ноќ, Исус набрзина бил сослушан од еврејскиот врховен суд. Лажно бил обвинет за хулење, одведен кај римскиот гувернер и потоа неправедно предаден за да биде погубен. Евреи и Римјани му се исмејувале. Бил брутално злоупотребуван и на крајот прикован. Голем дел од тие малтретирања ги исполниле пророштвата кои биле напишани со векови пред тоа. Дури и војниците кои го набљудувале Исус на маченичкиот столб признале: „Навистина Овој бил Син Божји!“ (Матеј 26:57—27:54; Јован 18:12—19:37).

Тие настани сигурно предизвикале Петар и другите да се запрашаат: ‚Зошто морал Христос да умре?‘ Дури подоцна го сфатиле тоа. Како прво, тие настани го исполниле пророштвото од Исаија, 53. поглавје, кое покажало дека Христос ќе овозможи ослободување не само за Евреите туку и за целиот човечки род. Петар напишал: „Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: ‚преку Неговата рана се исцеливте‘“ (1. Петрово 2:21—25). Петар ја сфатил смислата на една вистина која ја изложил Исус: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Да, Исус морал да го положи своето право за живот како совршен човек за да го откупи човечкиот род од грешната состојба наследена од Адам. Тоа е основно библиско учење — откупнината.

Што вклучува откупнината? Можеш да размислуваш за тоа на следниов начин: Да претпоставиме дека имаш компјутер, но еден од неговите електронски фајлови се расипе поради некоја грешка (или вирус) која некој ја вметнал во инаку совршената програма. Тоа ја илустрира последицата од она што го направил Адам кога намерно не го послушал Бог, односно кога згрешил. Да продолжиме со илустрацијата. Сите копии што би ги направил од расипаниот електронски фајл би биле погодени. Меѓутоа, тоа не мора да значи дека сѐ е изгубено. Со специјална програма би можел да ја откриеш и отстраниш од твоите фајлови и од компјутерот грешката која врши расипувачко влијание. Во споредба со тоа, човечкиот род добил „вирус“, грев од Адам и Ева, и затоа ни е потребна помош однадвор за да го избришеме (Римјаните 5:12). Според Библијата, Бог го обезбедил тоа прочистување преку Исусовата смрт. Тоа е една подготовка полна со љубов од која можеме да извлечеме корист (1. Коринтјаните 15:22).

Ценењето за она што го сторил Исус, го покренало Петар „преостанатото време на животот во телото да не го проживее веќе со човечки похоти, туку според волјата Божја“. За Петар, како и за нас, тоа би значело да се избегнуваат расипаните навики и неморалниот начин на живот. Други можеби ќе се обидуваат да му прават проблеми на оној кој се стреми да ја врши „волјата Божја“. Сепак, тој ќе увиди дека неговиот живот станува побогат, посмисловен (1. Петрово 4:1—3, 7—10, 15, 16). Така било со Петар, а може да биде и со нас додека ‚Му ги предаваме Нему, како на верен Создател, душите свои, односно животи, правејќи добро‘ (1. Петрово 4:19).

Ученик кој ја препознал љубовта

Апостол Јован бил уште еден ученик кој тесно се дружел со Исус и кој затоа може да ни помогне поцелосно да го разбереме Творецот. Јован напишал Евангелие, а и три писма (1., 2. и 3. Јованово). Во едно од писмата ни го дал следниов увид: „Знаеме дека дошол Синот на Бог, и ни дал интелектуална способност за да можеме да го стекнеме спознанието за вистинитиот [Творецот]. И ние сме во заедница со вистинитиот преку неговиот Син Исус Христос. Тој е вистинитиот Бог и живот вечен“ (1. Јованово 5:20NW).

Тоа што Јован стекнувал спознание за „вистинитиот“ вклучувало користење на „интелектуална способност“. Што согледал Јован во врска со особините на Творецот? ‚Бог е љубов‘, напишал Јован, ‚и оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога.‘ Зошто можел Јован да биде сигурен во тоа? „Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој“ за да ја понуди откупната жртва за нас (1. Јованово 4:10, 16). Како Петар, така и Јован бил трогнат од Божјата љубов која се покажала со тоа што го испратил својот Син да умре во наша корист.

Јован, кој бил многу близок со него, можел да ги цени Исусовите емоции. Еден инцидент во Витанија, во близината на Ерусалим, длабоко го импресионирал Јован. Откако добил извештај дека неговиот пријател Лазар бил многу болен, Исус отпатувал за Витанија. Додека тој и неговите апостоли пристигнале, Лазар бил мртов најмалку четири дена. Јован знаел дека Творецот, Изворот на човечкиот живот, го поддржува Исуса. Значи, дали Исус можел да го воскресне Лазар? (Лука 7:11—17; 8:41, 42, 49—56). На Лазаровата сестра Марта, Исус ѝ рекол: „Твојот брат ќе воскресне“ (Јован 11:1—23).

Јован потоа видел уште една сестра на Лазар, Марија, како доаѓа во пресрет на Исус. Како реагирал Исус? Тој, „офна во духот и се вознемири“ (NW). За да ја опише Исусовата реакција, Јован употребил еден грчки збор (на македонски преведен со „офна“) што има смисла на длабоки емоции истиснати од срцето. Јован можел да види дека Исус бил ‚вознемирен‘, односно дека имал внатрешен метеж, голема тага. Исус не бил рамнодушен ниту се држел резервирано. Тој ‚просолзил‘ (Јован 11:30—37). Јасно, Исус имал длабоки и нежни чувства, кои му помогнале на Јован да ги цени чувствата на Творецот, а кои треба на сличен начин да ни помогнат и нам.

Јован знаел дека Исусовите емоции биле поврзани со позитивни постапки затоа што го чул Исус како извикал: „Лазаре, излези надвор!“ И тоа се случило. Лазар оживел и излегол од гробот. Каква само радост сигурно им донело тоа на неговите сестри и на другите набљудувачи! Многумина тогаш положиле вера во Исус. Неговите непријатели не можеле да одречат дека тој го извршил тоа воскресение, но кога веста за тоа се раширила, тие ‚се договориле да го убијат и Лазара‘ како и Исуса (Јован 11:43; 12:9—11).

Библијата го опишува Исус како ‚точниот отпечаток на самото битие на Творецот‘ (Евреите 1:3NW). Според тоа, Исусовата служба дава доволно докази како за неговата така и за силната желба на неговиот Татко да го поништи разорното дејство на смртта и болеста. А тоа опфаќа многу повеќе од само неколкуте воскреснувања кои се запишани во Библијата. Всушност, Јован бил присутен кога Исус рекол: „Иде часот кога сите, кои што се во гробовите [спомен-гробовите, NW], ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Забележи дека наместо општиот збор за гроб, Јован овде користи еден збор кој е преведен со ‚спомен-гробови‘. Зошто?

Вклучено е сеќавањето на Бог. Секако дека Творецот на пространиот универзум може да се сети на секој детаљ поединечно на нашите љубени кои починале, вклучувајќи ги и вродените и стекнатите особини. (Спореди Исаија 40:26.) И не се работи само за тоа дека може да се сети. Тој и неговиот Син сакаат да го сторат тоа. Во врска со прекрасниот изглед на воскресението, верниот Јов за Бог рекол: „Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? . . Ти [Јехова] би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение [ќе копнеешNW] кон созданието на Твоите раце“ (Јов 14:14, 15; Марко 1:40—42). Колку само прекрасен Творец имаме, кој е достоен за нашето обожавање!

Воскреснатиот Исус — клуч за смисловен живот

Возљубениот ученик Јован одблизу го набљудувал Исус сѐ до Неговата смрт. И повеќе од тоа, Јован го запишал најголемото воскресение кое некогаш се одиграло, настан кој положува цврст темел за ние да имаме траен и смисловен живот.

Непријателите на Исус дале да се погуби и прикова на столб како обичен криминалец. Набљудувачите — вклучувајќи ги и религиозните водачи — го исмејувале додека тој со часови страдал. И покрај тоа што бил во агонија на столбот, Исус ја видел сопствената мајка и за Јована ѝ рекол: „Жено, ете ти син!“ Дотогаш Марија сигурно била веќе вдовица, а другите нејзини деца сѐ уште не биле ученици. * Затоа, Исус му ја доверил на својот ученик Јован грижата за мајка си која стареела. Тоа повторно го одразило размислувањето на Творецот кој охрабрувал на грижа за вдовиците и сираците (Јован 7:5; 19:12—30; Марко 15:16—39; Јаков 1:27).

Но откако умрел, како можел Исус да ја спроведе својата улога како „семе“ (NW) преку кое ‚ќе бидат благословени сите народи на земјата‘? (1. Мојсеева 22:18). Со својата смрт, тоа априлско попладне 33 н. е., Исус го положил својот живот како основа за откупнината. На неговиот чувствителен Татко сигурно му било тешко поради агонијата низ која поминал неговиот невин Син. Сепак, на овој начин била направена подготовка за откупната цена која била потребна за да се ослободи човечкиот род од ропството на гревот и смртта (Јован 3:16; 1. Јованово 1:7). Сцената била поставена за величественото финале.

Поради тоа што Исус Христос игра централна улога во исполнувањето на Божјите намери, тој морал да се врати во живот. Тоа и се случило, а Јован, пак, го видел тоа. Уште рано на третиот ден од Исусовата смрт и погреб, некои ученици отишле до гробницата. Таа била празна. Тоа ги бунело сѐ додека Исус не им се појавил на различни ученици. Марија Магдалена известила „дека Го видела Господа“. Учениците не го прифатиле нејзиното сведоштво. Подоцна се собрале учениците во една заклучена соба и тогаш Исус повторно се појавил, дури и разговарал со нив. За неколку дена, преку 500 мажи и жени станале очевидци на тоа дека Исус навистина е жив. Луѓето од тоа време, кои можеби биле скептични, можеле да ги интервјуираат тие веродостојни сведоци и да го потврдат нивното сведоштво. Христијаните можеле да бидат сигурни дека Исус воскреснал и дека бил жив како духовно суштество слично на Творецот. Доказот за тоа бил толку обилен и доверлив што многумина порадо се соочувале со смрт отколку да одречат дека Исус воскреснал (Јован 20:1—29; Лука 24:46—48; 1. Коринтјаните 15:3—8). *

Апостол Јован исто така претрпел прогонство затоа што давал сведоштво за Исусовото воскресение (Откровение 1:9). Но кога бил во казнено изгнанство, добил необична награда. Исус му дал серија визии кои појасно ни го покажуваат Творецот и откриваат што ќе донесе иднината. Тоа ќе го најдеш во книгата Откровение, која користи многу симболики. Исус Христос овде е прикажан како победоносен цар кој наскоро ќе го доврши освојувањето на своите непријатели. Во тие непријатели спаѓа смртта (непријател на сите нас) и расипаното духовно суштество по име Сатана (Откровение 6:1, 2; 12:7—9; 19:19—20:3, 13, 14).

Кон крајот на оваа апокалиптична порака, Јован имал визија за времето кога Земјата ќе стане рај. Еден глас ги опишал условите кои тогаш ќе преовладуваат: „Сам Бог ќе биде со нив [човечкиот род] — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4). Во извршувањето на Божјата намера, ќе се исполни ветувањето кое Бог му го дал на Авраам (1. Мојсеева 12:3; 18:18).

Животот тогаш ќе биде ‚вистински живот‘ што може да се спореди со она што лежело пред Адам кога тој бил создаден (1. Тимотеј 6:19NW). Човечкиот род нема повеќе да трага за да го најде својот Творец и да го разбере својот однос со него. Меѓутоа, можеш со добра причина да прашаш: ‚Кога ќе се случи тоа? И зошто нашиот грижлив Творец допушта злото и страдањето да постојат до ден-денес?‘ Ајде сега да ги разгледаме тие прашања.

[Фусноти]

^ пас. 5 Матеј, Марко и Јован биле очевидци. Лука научно проучил извесни документи и сведоштва од прва рака. Евангелијата ги покажуваат одликите на чесни, прецизни и веродостојни записи. (Види Книга за сите луѓе, страници 16, 17, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.)

^ пас. 6 Коранот вели: „Неговото име ќе биде Христос Исус, синот на Марија, почестен на овој свет и на другиот свет“ (Сура 3:45). Како човек, Исус бил син на Марија. Но кој татко бил одговорен за тоа? Коранот забележува: „Сличноста на Исус пред Бог е како онаа на Адам“ (Сура 3:59). Светото писмо зборува за Адам како за ‚син Божји‘ (Лука 3:23, 38). Ниту Адам ниту Исус имале човечки татко; ниту еден не произлегол од сексуални односи со жена. Според тоа, како што Адам бил син Божји, така бил и Исус.

^ пас. 15 Ставот на Исус е еднаков на Јеховиниот, како што е опишано во Псалм 102 и во Исаија 1:18—20.

^ пас. 45 Најмалку двајца од нив подоцна станале ученици и напишале писма на охрабрување, Јаков и Јуда, кои се наоѓаат во Библијата.

^ пас. 47 Еден римски офицер од висок ранг го чул сведоштвото на Петар како очевидец: „Вие знаете за сето она што се изврши [за што се зборуваше, NW] по цела Јудеја . . . Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појавува . . . Ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме, дека Он е од Бога определениот Судија над живите и мртвите“ (Дела 2:32; 3:15; 10:34—42).

[Рамка на страница 150]

Можеби ќе најдеш задоволство додека ги споредуваш паралелните извештаи за Исусовото лекување на Петровата тешта (Матеј 8:14—17; Марко 1:29—31; Лука 4:38, 39). Лекарот Лука го вклучил медицинскиот детаљ дека имала „силна треска“. Што му овозможило на Исус да ја излечи нејзе а и други? Лука признал дека „Он [Исус] имаше сила Господова да лекува“ (Лука 5:17; 6:19; 9:43).

[Рамка на страница 152]

Најголемата проповед на сите времиња

Цитирана е изјавата на хиндускиот водач Мохандас Ганди кој вели дека ако се следат нејзините учења, „би ги решиле проблемите . . . на целиот свет“. Познатиот антрополог Ешли Монтагју напишал дека современите откритија во врска со психолошката важност на љубовта се само „потврда“ на таа проповед.

Овие мажи се осврнувале на Исусовата Проповед на гората. Ганди исто така рекол дека „учењето на Проповедта било наменето за секој еден од нас“. Професор Ханс Дитер Бец неодамна забележал: „Влијанијата кои се вршат со Проповедта на гората, општо земено, далеку ги надминуваат граничните линии на јудаизмот и на христијанството, па дури и на западната култура“. Тој додал дека оваа проповед има „една особена универзална привлечност“.

Зошто не го прочиташ овој релативно краток, но фасцинантен говор? Ќе го најдеш во Матеј, 5. до 7. поглавје, и во Лука 6:20—49. Еве некои врвни точки што можеме да ги пожнееме од оваа најголема проповед:

Како да се биде среќен (Матеј 5:3—12; Лука 6:20—23).

Како да се задржи самопочитување (Матеј 5:14—16, 37; 6:2—4, 16—18; Лука 6:43—45).

Како да се подобрат односите со другите (Матеј 5:22—26, 38—48; 7:1—5, 12; Лука 6:27—38, 41, 42).

Како да се намалат брачните проблеми (Матеј 5:27—32).

Како да се излезе на крај со загриженоста (Матеј 6:25—34).

Како да се препознае религиозната измама (Матеј 6:5—8, 16—18; 7:15—23).

Како да се пронајде смислата на животот (Матеј 6:9—13, 19—24, 33; 7:7—11, 13, 14, 24—27; Лука 6:46—49).

[Рамка на страница 159]

Човек од акција

Исус Христос не бил пасивен самотник. Тој бил одлучен, човек од акција. Патувал ‚по околните села и поучувал‘, помагајќи им на луѓето кои биле „изморени и прснати како овци без пастир“ (Марко 6:6; Матеј 9:36; Лука 8:1). За разлика од многу денешни богати религиозни водачи, Исус не собирал богатства; тој немал „каде глава да потслони“ (Матеј 8:20).

Иако Исус го сосредоточувал својот напор на духовното лекување и хранење, тој не ги игнорирал физичките потреби на луѓето. Тој ги лекувал болните, онеспособените и опседнатите со демони (Марко 1:32—34). Во две прилики нахранил илјадници свои желни слушатели затоа што чувствувал сожалување спрема нив (Марко 6:35—44; 8:1—8). Неговиот мотив за вршењето на чудата била неговата загриженост за луѓето (Марко 1:40—42).

Исус постапил одлучно кога го исчистил храмот од алчните трговци. Оние кои го набљудувале се сетиле на зборовите на еден псалмист: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде“ (Јован 2:14—17). Тој не ги штедел своите зборови кога ги осудувал лицемерните религиозни водачи (Матеј 23:1—39). Ниту, пак, потклекнал пред притисокот на политички важните луѓе (Матеј 26:59—64; Јован 18:33—37).

Ќе се одушевиш кога ќе читаш за Исусовата динамична служба. Многумина кои првпат го прават тоа почнуваат со краткиот, но сепак живописен извештај на Марко за овој човек од акција.

[Рамка на страница 164]

Исус ги покренал да дејствуваат

Во книгата Дела можеме да најдеме еден историски запис за тоа како Петар, Јован и другите сведочеле за Исусовото воскресение. Голем дел од книгата раскажува за настани кои вклучуваат еден интелигентен студент по право, по име Савле, односно Павле. Тој жестоко се противел на христијанството. Воскреснатиот Исус му се појавил (Дела 9:1—16). Имајќи непобитен доказ дека Исус е жив на небото, Павле потоа ревносно им сведочел за овој факт на Евреите и на не-Евреите, вклучувајќи и филозофи и владетели. Впечатливо е да се чита за она што им го рекол на таквите образовани и влијателни луѓе (Дела 17:1—3, 16—34; 26:1—29).

Во текот на неколку децении, Павле напишал многу книги од таканаречениот Нов завет, односно Христијанските грчки списи. Повеќето Библии имаат табела со содржина, односно список со книги. Павле напишал 14 од нив, од Римјаните до Евреите. Тие нуделе длабоки вистини и мудро водство за христијаните уште во тоа време. Но тие се уште повредни за нас кои немаме директен пристап до апостолите и другите сведоци на Исусовите учења, дела и воскресение. Ќе откриеш дека Павловите списи можат да ти помогнат во твојот семеен живот, во твоите постапки со колегите и соседите, во твоето насочување на животот кон вистинска смисла и задоволство.

[Слика на страница 146]

Научниците извршуваат оплодување in vitro. Творецот го пренел животот на својот Син за да стане човек

[Слика на страница 148]

Многумина кои го чуле Исус и виделе како тој постапувал со луѓето, подобро го запознале неговиот Татко

[Слика на страница 154]

Исус им ги измил нозете на апостолите, поставувајќи образец на понизност кој Творецот го цени

[Слика на страница 157]

Една компјутерска грешка (или вирус) може да се отстрани од системот; на човечкиот род му е потребна Исусовата откупнина за да се ослободи од наследената несовршеност

[Слика на страница 163]

Очевидци виделе дека Исус бил ставен во гробница (како што е оваа) и дека бил подигнат во живот на третиот ден