Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Еден древен запис за создавањето — можеш ли да имаш доверба во него?

Еден древен запис за создавањето — можеш ли да имаш доверба во него?

Шесто поглавје

Еден древен запис за создавањето — можеш ли да имаш доверба во него?

„КОЈ може да каже од каде дошло сето тоа и како се случило создавањето?“ Тоа прашање може да го сретнете во поемата „Песна на создавањето“. Составена на санскритски пред повеќе од 3.000 години, таа е дел од Риг-Ведата, една хиндуска света книга. Поетот се сомневал во тоа дека дури и многуте хиндуски богови не можеле да знаат „како се случило создавањето“ затоа што „самите богови се после создавањето“ (курзивот е од нас).

Списите од Вавилон и Египет нудат слични митови за раѓањето на нивните богови во универзум кој веќе постоел. Меѓутоа, клучна мисла е дека тие митови не можеле да кажат од каде дошол првобитниот универзум. Сепак, ќе откриеш дека еден запис на создавањето е поинаков. Тој особен запис, Библијата, започнува со зборовите: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).

Мојсеј ја напишал таа едноставна, драматична изјава пред околу 3.500 години. Таа се сосредоточува на Творец, Бог, кој го надминува материјалниот универзум затоа што го создал и, според тоа, постоел пред него. Истата книга поучува дека „Бог е Дух“, што значи дека тој постои во облик кој нашите очи не можат да го видат (Јован 4:24). Таквото постоење можеби денес е посфатливо затоа што научниците опишале моќни неутронски ѕвезди и црни дупки во вселената, невидливи објекти, кои можат да се откријат според последиците кои тие ги предизвикуваат.

Значајно е она што Библијата го известува: „Има тела небесни и тела земни, но друг е болскотот на небесните и друг на земните“ (1. Коринтјаните 15:40, 44). Тоа не се однесува на невидливата космичка материја која астрономите ја проучуваат. Споменатите ‚небесни тела‘ се интелигентни духовни тела. Можеби се прашуваш: ‚Кој освен Творецот има духовно тело?‘

Невидливи небесни суштества

Според библискиот запис, видливото подрачје не било првото нешто што било создадено. Тој древен извештај за создавањето известува дека првиот чекор на создавањето било доведувањето во постоечка состојба на едно друго духовно лице, првородениот Син. Тој бил „првороден пред секоја твар“ или ‚Почеток на Божјото создание‘ (Колосјаните 1:15; Откровение 3:14). Тој првосоздаден поединец бил единствен како таков.

Тој бил единственото создание кое Бог го создал директно и кое било обдарено со голема мудрост. Всушност, еден подоцнежен писател, цар кој бил прочуен по својата мудрост, го опишал тој Син како „главен работник“ (NW) кој бил вработен во сите натамошни творечки дела (Изреки 8:22, 30; види и Евреите 1:1, 2). За него, еден учител од првиот век, по име Павле, напишал: „Преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо“ (Колосјаните 1:16; спореди Јован 1:1—3).

Кои се невидливите работи на небесата кои Творецот ги довел во постоење преку овој Син? Додека астрономите известуваат за милијарди ѕвезди и невидливи црни дупки, Библијата овде се осврнува на стотици милиони духовни суштества — со духовни тела. ‚Зошто‘, некои би можеле да прашаат, ‚да се создадат такви невидливи, интелигентни суштества?‘

Исто како што проучувањето на универзумот може да даде одговор на некои прашања за неговиот Причинител, проучувањето на Библијата може да нѐ обезбеди со важни информации за нејзиниот Автор. На пример, Библијата ни кажува дека тој е „среќниот Бог“ чии намери и постапки одразуваат љубов (1. Тимотеј 1:11NW; 1. Јованово 4:8). Тогаш, можеме логички да заклучиме дека Бог избрал да има друштво од други интелигентни духовни лица кои исто така можеле да уживаат во животот. Секој би имал задоволувачка работа која е взаемно корисна и која би придонела за намерата на Творецот.

Ништо не укажува на тоа дека тие духовни суштества требало да бидат како роботи додека го слушале Бог. Наместо тоа, тој ги обдарил со интелигенција и со слободна волја. Библиските извештаи покажуваат дека Бог охрабрува на слобода во мислата и слобода во постапките — уверен дека тие не претставуваат никаква трајна закана за мирот и хармонијата во универзумот. Употребувајќи го личното име за Творецот, како што се наоѓа во хебрејската Библија, Павле напишал: „А Господ [Јехова, NW] е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода“ (2. Коринтјаните 3:17).

Видливи нешта на небото

Кои се видливите нешта кои Бог ги создал преку својот првороден Син? Тие го вклучуваат нашето Сонце и сите други милијарди ѕвезди и материја кои го сочинуваат универзумот. Дали Библијата ни дава некаква идеја за тоа како Бог ги создал сите нив од ништо? Ајде да видиме разгледувајќи ја Библијата во светло на современата наука.

Во 18 век, научникот Антоан Лорен Лавоазје ја проучувал тежината на материјата. Тој забележал дека после некоја хемиска реакција, тежината на производот е еднаква на взаемната тежина на првобитните состојки. На пример, ако хартија се изгори во кислород, пепелта и гасовите кои резултираат од тоа ја имаат истата тежина како првобитната хартија и кислородот заедно. Лавоазје предложил еден закон — ‚Запазување на масата, односно материјата‘. Во 1910, The Encyclopædia Britannica објаснила: „Материјата не може да биде ниту создадена ниту уништена“. Тоа изгледало разумно, барем тогаш.

Меѓутоа, експлозијата на атомската бомба над јапонскиот град Хирошима во 1945 јавно разоткрила една маана во законот на Лавоазје. При една таква експлозија на суперкритичната маса на уранот, се формираат различни видови материја, но нивната взаемна маса е помала од онаа на првобитниот уран. Зошто тој губиток? Тоа е затоа што дел од масата на уранот се претвора во еден застрашувачки блесок на енергија.

Се појавил уште еден проблем со Лавоазјеовиот закон за Запазување на материјата при детонација на една термонуклеарна направа (хидрогенска бомба) во 1952. Во таа експлозија, атомите на водородот се соединиле за да формираат хелиум. Но, масата на хелиумот кој резултирал од тоа била помала од онаа на првобитниот водород. Дел од масата на водородот се претворил во експлозивна енергија, експлозија далеку поразурнувачка отколку бомбата фрлена над Хирошима.

Како што докажале тие експлозии, мала количина материја претставува огромен квантитет енергија. Тој однос помеѓу материјата и енергијата ја објаснува моќта на Сонцето кое нѐ одржува во живот и благосостојба. Кој е тој однос? Па, околу 40 години пред тоа, во 1905, Ајнштајн предвидел еден однос помеѓу масата и енергијата. Многумина знаат за неговата равенка E=mc2. * Откако Ајнштајн го формулирал тој однос, други научници можеле да објаснат како Сонцето продолжува да свети милијарди години. Во самото Сонце се одвиваат непрекинати термонуклеарни реакции. На тој начин, секоја секунда Сонцето претвора околу 564 милиони тони водород во 560 милиони тони хелиум. Тоа значи дека околу 4 милиони тони материја се претвора во соларна енергија, од која еден дел стигнува до Земјата и го поддржува животот.

Значајно е тоа што, исто така, можен е и обратен процес. „Енергијата се менува во материја кога субатомските честици се судруваат со големи брзини и притоа создаваат нови и потешки честици“, објаснува The World Book Encyclopedia. Научниците го постигнуваат тоа во ограничена мера, користејќи притоа огромни машини наречени акцелератори на честици, во кои субатомските честици се судруваат со фантастични брзини, создавајќи материја. „Повторуваме едно од чудата на универзумот, трансформирајќи ја енергијата во материја“, објаснува физичарот д-р Карло Рубија, Нобелов лауреат.

‚Точно‘, би можел некој да каже, ‚но каква врска има тоа со записот на создавањето кој можам да го прочитам во Библијата?‘ Па, Библијата како таква не е научен учебник, но сепак се докажала дека е современа и во согласност со научните факти. Од почетокот до крајот, Библијата укажува на Оној кој ја создал сета материја во универзумот, врвниот Научник (Неемија 9:6; Дела 4:24; Откровение 4:11). И јасно го покажува односот помеѓу енергијата и материјата.

На пример, Библијата ги поканува читателите да го направат следново: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ [динамичка енергија, NW] и големата сила во Него ништо не недостига“ (Исаија 40:26). Да, Библијата вели дека еден извор на огромна динамичка енергија — Творецот — предизвикал да настане материјалниот универзум. Тоа е во потполна согласност со современата технологија. Од самата таа причина, библискиот запис на создавањето го заслужува нашето длабоко почитување.

Откако ги создале во небесата невидливите и видливите работи, Творецот и неговиот првороден Син се сосредоточиле на Земјата. Од каде дошла? Разновидноста на хемиските елементи кои ја сочинуваат нашата планета можела да биде директен производ на преобразување на неограничената динамичка енергија во материја од страна на Бог, нешто за кое физичарите денес велат дека е изведливо. Или, како што веруваат многу научници, Земјата можела да биде формирана од материја исфрлена при експлозија на некоја супернова. Меѓутоа, кој може да каже дали можеби имало комбинација на методи — оние кои штотуку ги споменавме, а и други кои научниците сѐ уште не ги одгатнале? Без оглед на механизмот, Творецот е динамичкиот Извор на елементите кои ја сочинуваат нашата Земја, вклучувајќи ги сите минерали кои се неопходни за да нѐ одржат во живот.

Можеш да сфатиш дека втемелувањето на Земјата би вклучувало многу повеќе отколку само набавување на сите материјали во точните размери. Големината на Земјата, нејзината ротација и нејзиното растојание од Сонцето, како и наклонот на нејзината оска со скоро кружниот облик на нејзината орбита околу Сонцето, исто така, морале да бидат прецизно точни — токму како што и се. Јасно, Творецот ги пуштил во работа природните циклуси кои ја прават нашата планета погодна за да поддржува изобилство живот. Имаме секакво право да се чудиме на сето тоа. Но, замисли си ја реакцијата на небесните духовни синови додека го гледале создавањето на Земјата и животот на неа! Една библиска книга вели дека „ликуваа“ и „извикуваа од радост“ (Јов 38:4, 7).

Да се сфати 1. Мојсеева, 1. поглавје

Првото поглавје на Библијата дава делумни детали за некои витални чекори кои Бог ги презел за да ја подготви Земјата со цел човекот да ужива во неа. Поглавјето не го дава секој детаљ; додека го читаме, не треба да бидеме одвратени од некои испуштени поединости кои древните читатели и онака не можеле да ги сфатат. На пример, пишувајќи го тоа поглавје, Мојсеј не известил за функцијата на микроскопските алги или бактерии. Таквите облици на живот за првпат дошле пред очите на луѓето откако бил пронајден микроскопот, во 16 век. Ниту, пак, Мојсеј посебно известил за диносаурусите, за чие постоење се дошло до заклучок на темел на фосилите во 19 век. Наместо тоа, Мојсеј бил инспириран да користи зборови кои луѓето во неговото време можеле да ги разберат — но зборови кои биле точни за сѐ што кажувале во врска со создавањето на Земјата.

Додека го читаш првото поглавје од 1. Мојсеева, стих 3 па натаму, ќе увидиш дека е поделено на шест творечки „денови“. Некои тврдат дека тоа биле дословни денови од 24 часа, што значи дека целиот универзум и животот на Земјата биле создадени за помалку од една недела! Меѓутоа, лесно можеш да откриеш дека Библијата не го учи тоа. Книгата 1. Мојсеева била напишана на хебрејски. На тој јазик, „ден“ се однесува на временски период. Може да биде или долг период или дословен ден од 24 часа. Дури и во 1. Мојсеева за сите шест „денови“ се зборува колективно како за еден долг период — ‚денот во кој Јехова ги создаде Земјата и небото‘ (1. Мојсеева 2:4NW; спореди 2. Петрово 3:8). Факт е тоа што Библијата открива дека творечките „денови“ или векови опфаќаат илјадници години.

Човек може да го види тоа од она што Библијата го кажува за седмиот „ден“. Записот за секој од првите шест „денови“ завршува со зборовите: ‚И би вечер и утро — ден први‘, и сѐ така. Сепак, тој коментар нема да го најдеш после записот за седмиот „ден“. И во првиот век н. е., околу 4.000 години подоцна во историјата, Библијата се осврнала на седмиот „ден“ на одмор како на ден кој сѐ уште продолжува (Евреите 4:4—6). Така, седмиот „ден“ бил период кој се протегал илјадници години, па оттука можеме истото логично да го заклучиме за првите шест „дена“.

Првиот и четвртиот „ден“

Се чини дека Земјата била утврдена во орбита околу Сонцето и била глобус покриен со вода пред да започнат шесте „денови“, односно периоди на посебни творечки дела. „Имаше темнина над површината на водната длабочина“ (1. Мојсеева 1:2NW). Нешто во тој ран период — можеби смеса од водена пара, други гасови и вулканска прашина — сигурно ја спречувало сончевата светлина да стигне до површината на Земјата. Првиот творечки период го опишува Библијата на следниов начин: „Бог рече: ‚Нека има светлина‘; и светлината постепено дојде во постоење“, или стигнала до површината на Земјата (1. Мојсеева 1:3, преведено од Џ. В. Вотс).

Изразот „постепено дојде“ прецизно одразува еден облик на хебрејскиот глагол кој е вклучен овде, означувајќи едно прогресивно дејство на кое му е потребно време за да се доврши. Секој кој го чита хебрејскиот јазик може 40 пати да го најде овој облик во 1. поглавје на 1. Мојсеева, и тој е клуч за разбирање на поглавјето. Она што Бог го започнувал во фигуративната вечер на еден творечки период, или век, станувало прогресивно јасно, односно очевидно после утрото на тој „ден“. * Исто така, она што било започнато во еден период, не морало да биде во потполност завршено кога започнувал другиот период. За илустрација, светлината почнала постепено да се појавува во првиот „ден“, но сепак Сонцето, Месечината и ѕвездите не можеле да се распознаат сѐ до четвртиот творечки период (1. Мојсеева 1:14—19).

Вториот и третиот „ден“

Пред Творецот да предизвика да се појави суво копно во третиот творечки „ден“, тој подигнал дел од водите. Како резултат од тоа, Земјата била опкружена со прекривка од водена пара. * Древниот запис не ги опишува механизмите кои се користеле при тоа, а и нема потреба. Наместо тоа, Библијата се сосредоточува на пространството помеѓу горните и површинските води. Тоа пространство го нарекува небеса. Дури и денес луѓето го користат тој термин за атмосферата каде што летаат птиците и авионите. Во право време, Бог ја исполнил таа атмосферска небеса со мешавина од гасови кои се витални за животот.

Меѓутоа, во текот на творечките „денови“, површинската вода се повлекла и на тој начин се појавило копно. Можеби користејќи ги геолошките сили кои сѐ уште ги движат плочите на Земјата, изгледа Бог ги подигнал нагоре океанските гребени за да формира континенти. Тоа создало суво копно над површината и длабоки океански долини под површината, кои океанографите сега ги имаат внесено на картите и желно ги проучуваат. (Спореди Псалм 103:8, 9.) Откако било формирано сувото копно, се случил уште еден прекрасен развој. Читаме: „Пак рече Бог: ‚Нека израсте од земјата зеленило-трева, што дава семе, според својот род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!‘ И стана така“ (1. Мојсеева 1:11).

Како што беше дискутирано во претходното поглавје, „Творбата — што стои зад неа?“, фотосинтезата е неопходна за растенијата. Една клетка на зелено растение содржи неколку помали делови наречени хлоропласти кои добиваат енергија од сончевата светлина. „Овие микроскопски фабрики“, објаснува книгата Planet Earth, „произведуваат шеќери и скроб . . . Ниеден човек никогаш не дизајнирал фабрика која е поефикасна или, пак, чии производи се повеќе барани од еден хлоропласт.“

Всушност, преживувањето на натамошниот животински свет зависело од хлоропласите. Исто така, без зелена вегетација, Земјината атмосфера би била прекумерно богата со јаглероден диоксид поради што ние би умреле од жештина и од недостиг на кислород. Некои стручњаци даваат зачудувачки објасненија за развојот на животот кој е зависен од фотосинтезата. На пример, тие велат дека кога на едноклеточните организми во водата почнало да им снемува храна, „неколку клетки — пионери — конечно смислиле решение. Дошле до фотосинтезата“. Но, дали тоа навистина би можело да биде така? Фотосинтезата е толку комплицирана што научниците сѐ уште се обидуваат да ги одгатнат нејзините тајни. Мислиш ли дека фотосинтетичкиот живот по пат на саморепродуцирање настанал необјасниво и спонтано? Или, дали ти е поразумно да веруваш дека тој постои како резултат на интелигентно создавање со определена цел, како што известува 1. Мојсеева?

Појавувањето на нови варијации на растителниот свет можеби не завршило во третиот творечки „ден“. Можеби продолжило дури и во шестиот „ден“, кога Творецот ‚насадил рај во Едем‘ и ‚направил да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење‘ (1. Мојсеева 2:8, 9). И како што е споменато, Земјината атмосфера сигурно се расчистила во четвртиот „ден“, така што до планетата Земја стигнувала сега поголема светлина од Сонцето и од другите небесни тела.

Петиот и шестиот „ден“

Во текот на петиот творечки „ден“, Творецот продолжил да ги полни океаните и атмосферските небеса со нов облик на живот — „живи души“ (NW) — различен од вегетацијата. Занимливо е што биолозите, меѓу другите работи, зборуваат за растително и за животинско царство, а истите ги делат и на подкласификации. Хебрејскиот збор преведен со „душа“ значи „дишач“. Исто така, Библијата вели дека ‚живите души‘ имаат крв. Според тоа, можеме да заклучиме дека суштествата кои имаат и респираторен систем и крвоток — жителите на морињата и небесата кои дишат — почнале да се појавуваат во петиот творечки период (1. Мојсеева 1:20; 9:3, 4).

Во шестиот „ден“, Бог му обрнал повеќе внимание на копното. Тој создал „домашни“ животни и „диви“ животни, чие именување било полно со значење кога Мосеј го запишал извештајот (1. Мојсеева 1:24NW). Значи, копнените цицачи биле создадени во овој шести творечки период. Но, што е со луѓето?

Древниот запис ни кажува дека на крајот Творецот одлучил да создаде еден навистина единствен облик на живот на Земјата. На својот небесен Син му рекол: „Да создадеме човек според Нашиот образ [лик, NW] и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите — над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:26). На тој начин, човекот би го одразувал духовниот лик на својот Создател, покажувајќи ги Неговите особини. И човекот би бил способен да прима огромни количини спознание. Според тоа, луѓето можеле да постапуваат со интелигенција која ја надминува онаа на кое и да било животно. Исто така, за разлика од животните, човекот бил создаден со капацитет да постапува според сопствената слободна волја, а не да биде контролиран воглавно од инстинкт.

Во последниве години научниците опсежно ги истражиле човечките гени. Споредувајќи ги обрасците на човечката генетика ширум Земјата, пронашле јасни докази дека сите луѓе имаат заеднички предок, заеднички извор на ДНК на сите луѓе кои воопшто живееле, вклучувајќи го секој еден од нас. Во 1988, списанието Newsweek ги изложило тие откритија во еден извештај под наслов „Потрагата по Адам и Ева“. Тие проучувања се темелеле на еден вид митохондриска ДНК, генетски материјал кој се пренесува само преку женскиот пол. Извештаите во 1995 на темел на истражувањето на машката ДНК, укажуваат на истиот заклучок — дека „имало прадедовски ‚Адам‘, чиј генетски материјал на хромозомот [Y] е заеднички за секој човек сега на Земјата“, како што тоа го изразило списанието Time. Без разлика на тоа дали тие откритија се точни во секој детаљ или не, сепак тие илустрираат дека историјата што ја наоѓаме во 1. Мојсеева е мошне веродостојна, запишана од Оној кој бил на сцената во тоа време.

Каква само кулминација било тоа кога Бог составил некои од елементите на Земјата за да го формира својот прв човечки син, кого го нарекол Адам! (Лука 3:38). Историскиот извештај ни кажува дека Творецот на Земјината топка и на животот на неа го поставил човекот, кој го создал во едно подрачје слично на градина, „за да ја обработува и да ја пази“ (1. Мојсеева 2:15). Во тоа време, Творецот можеби сѐ уште произведувал нови животински видови. Библијата вели: „Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите птици небески, и ги доведе кај човекот за да види како која ќе ја нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името“ (1. Мојсеева 2:19). Библијата на никаков начин не сугерира дека првиот човек, Адам, бил само една митска фигура. Напротив, тој бил вистинска личност — човек кој размислува и чувствува — кој можел да најде радост во работата во тој рајски дом. Секој ден, тој дознавал сѐ повеќе за она што неговиот Творец го направил и за тоа каков е Тој — неговите особини, неговата личност.

Потоа, после неодреден временски период, Бог ја создал првата жена да му биде сопруга на Адам. Понатаму, Бог им дал поголема цел во нивните животи со оваа смисловна задача: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата“ (1. Мојсеева 1:27, 28). Ништо не може да ја промени таа објавена намера на Творецот, имено, дека целата Земја треба да се претвори во еден рај исполнет со среќни луѓе кои живеат во мир едни со други и со животните.

Материјалниот универзум, вклучувајќи ја нашата планета и животот на неа, јасно сведочи за Божјата мудрост. И затоа, очигледно тој можел да ја предвиди можноста дека, со текот на времето, некои луѓе можеби ќе изберат да постапуваат независно или бунтовно, и покрај тоа што тој е Творец и Животодавач. Таквата побуна би можела да ја наруши величествената работа за создавање глобален рај. Записот вели дека Бог поставил пред Адам и Ева еден едноставен испит кој би ги потсетил на потребата да бидат послушни. Непослушноста, рекол Бог, би водела до тоа да го изгубат правото на живот кое им го дал. Грижливо било од страна на Творецот што ги предупредил нашите први предци на грешниот пат кој би влијаел врз среќата на целиот човечки род (1. Мојсеева 2:16, 17).

До завршетокот на шестиот „ден“, Творецот сторил сѐ што било потребно за да ја исполни својата намера. Можел со право да прогласи дека сѐ што направил било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). На ова место, Библијата воведува еден друг важен временски период велејќи дека Бог „си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде“ (1. Мојсеева 2:2). Поради тоа што Творецот „не се изморува и не изнемоштува“, зошто тогаш е опишан како да се одмора? (Исаија 40:28). Тоа покажува дека престанал да извршува дела на физичко создавање; освен тоа, тој се одмора знаејќи дека ништо, па дури ни побуната на небото ниту на Земјата може да го спречи исполнувањето на неговата величествена намера. Бог убедливо прогласил благослов над седмиот творечки „ден“. Оттука, Божјите лојални интелигентни суштества — луѓето и невидливите духовни суштества — можат да бидат сигурни дека до крајот на седмиот „ден“, мирот и среќата ќе владеат низ универзумот.

Можеш ли да имаш доверба во записот на 1. Мојсеева?

Сепак, дали навистина можеш да положиш вера во овој извештај на создавање и во изгледите што тој ги нуди? Како што забележавме, современото генетско истражување се движи кон заклучокот кој многу одамна е наведен во Библијата. Исто така, некои научници го забележале редоследот на настаните изложени во 1. Мојсеева. На пример, познатиот геолог Волас Прат коментирал: „Ако како геолог би бил замолен накратко да ги објаснам нашите современи идеи за потеклото на Земјата и за развојот на животот на неа на еден обичен, сточарски народ, како што биле племињата кон кои се обраќала книгата 1. Мојсеева, тешко дека би можел подобро да сторам освен многу тесно да го следам јазикот на првото поглавје од 1. Мојсеева“. Исто така, тој, забележал дека редоследот како што е опишан во 1. Мојсеева за потеклото на океаните и за излегувањето на копното, како и за појавувањето на морскиот живот, на птиците и цицачите, во суштина е редоследот на главните поделби на геолошкото време.

Размисли: Како можел Мојсеј — пред илјадници години — точно да го погоди тој редослед ако неговиот извор на информации не бил самиот Творец и Дизајнер?

„Преку вера“, наведува Библијата, „согледуваме дека универзумот бил обликуван по речта на Бог, така што видливото дојде од невидливото“ (Евреите 11:3, The New English Bible). Многумина не се склони да го прифатат тој факт, претпочитајќи да веруваат во случајноста или во некој слеп процес кој наводно го произвел нашиот универзум и животот. * Но, како што видовме, постојат многу и разновидни причини да веруваме дека универзумот и земниот живот — вклучувајќи го и нашиот живот — потекнува од еден интелигентен Прв Причинител, Творец, Бог.

Библијата отворено признава дека „не сите имаат вера“ (2. Солунјаните 3:2). Меѓутоа, верата не е лековерност. Верата се темели на стварност. Во следното поглавје ќе разгледаме додатни полноважни и убедливи причини зошто е можно да положиме доверба во Библијата и во Величествениот Творец, кој лично се грижи за нас.

[Фусноти]

^ пас. 18 Енергијата е еднаква на масата помножена со брзината на светлината на квадрат.

^ пас. 30 Евреите сметале дека нивниот ден започнува вечерта и трае сѐ до следното зајдисонце.

^ пас. 32 Творецот можел да применува природни процеси за да ги подигне тие води и да ги чува горе. Тие води паднале во времето на Ное (1. Мојсеева 1:6—8; 2. Петрово 2:5; 3:5, 6). Тој историски настан оставил неизбришлив белег врз преживеаните луѓе и нивните потомци, како што потврдуваат антрополозите. Овој настан се одразил во извештаите за потопот зачувани од народите ширум Земјата.

^ пас. 49 За натамошно проучување на историјата на животните облици на Земјата, види Животот — како дошол тука? Преку еволуција или преку создавање? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 86]

Круговите прашина, како што е овој во галаксијата NGC 4261, се доказ за моќни црни дупки кои не можат да се видат. Библијата известува за постоењето на суштества во едно друго подрачје, кои се моќни но кои не можат да се видат

[Слика на страница 89]

Експериментите ја поддржале научната теорија дека масата може да се претвори во енергија и енергијата во маса

[Слика на страница 94]

Творечките дела од првиот „ден“ па сѐ до третиот овозможиле вегетација во зачудувачка разновидност

[Слики на страница 99]

Со едноставни термини, Библијата точно го опишува последователното појавување на животните облици на Земјата

[Слика на страница 101]

„Како геолог . . . тешко дека би можел подобро да сторам освен многу тесно да го следам јазикот на првото поглавје од 1. Мојсеева“ (Волас Прат)