Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од каде потекнува животот?

Од каде потекнува животот?

Трето поглавје

Од каде потекнува животот?

НАШАТА Земја врие од живот. Од снежниот Арктик до Амазонската дождовна шума, од пустината Сахара до мочуриштето Еверглејдс, од темниот океански под до сјајните планински врвови — изобилува животот. И тој е полн со потенцијал да нѐ зачудува.

Се појавува во разни видови, големини и количества кои ја збунуваат имагинацијата. Милион видови инсекти брмчат и се движат на нашава планета. Во водите околу нас пливаат преку 20.000 видови риби — некои со големина на зрно ориз, други долги како камион. Најмалку 350.000 видови растенија — некои чудни, повеќето прекрасни — ја украсуваат земјата. И преку 9.000 видови птици летаат горе. Тие суштества, вклучувајќи го и човекот, ја формираат панорамата и симфонијата која ние ја означуваме со живот.

Но, уште позачудувачко од прекрасната разновидност околу нас е длабокото единство кое ги поврзува. Биохемичарите, кои ѕиркаат под кожата на суштествата на Земјата, објаснуваат дека сите живи нешта — без разлика дали се тоа амебите или луѓето — зависат од едно взаемно дејствување кое влева стравопочитување: тимската работа помеѓу нуклеинските киселини (ДНК и РНК) и протеинските молекули. Сложените процеси кои ги вклучуваат тие состојки се одвиваат во скоро сите наши клетки на телото, исто како што се одвиваат во клетките на колибрите, лавовите и китовите. Тоа еднообразно взаемно дејствување создава еден прекрасен мозаик на живот. Како се појавила таа хармоничност на животот? Всушност, од каде потекнува животот?

Веројатно го прифаќаш тоа дека некогаш немало живот на Земјата. Научното мислење се согласува со тоа, но и многу религиозни книги. Сепак, можеби сфаќаш дека тие два извора — науката и религијата — се разликуваат во објаснувањето како започнал животот на Земјата.

Милиони луѓе од сите образовни нивоа веруваат дека еден интелигентен Творец, првобитниот Дизајнер, го произвел животот на Земјата. Спротивно на тоа, многу научници велат дека животот се појавил од нежива материја, од еден хемиски чекор по друг, едноставно случајно. Што е точно — едното или другото?

Не треба да мислиме дека ова прашање е далеку од нас и од тоа да најдеме еден посмисловен живот. Како што е веќе забележано, едно од многуте фундаментални прашања кои луѓето барале да ги одговорат е: Од каде сме дошле ние како живи човечки суштества?

Повеќето научни курсеви се сосредоточуваат на прилагодувањето и преживувањето на облиците на животот наместо на поцентралното прашање за самото потекло на животот. Можеби си забележал дека обидите да се објасни од каде дошол животот обично се генерализирани вака: ‚Во текот на милиони години, молекулите се судрувале, произведувајќи на некаков начин живот‘. Сепак, дали ова навистина е задоволително? Тоа би значело дека во присуството на енергијата од Сонцето, секавицата или вулканите, некоја безживотна материја се движела, станала организирана и на крајот почнала да живее — сето тоа без насочувана помош. Каков само огромен скок би бил тоа! Од нежива материја во жива! Дали можело да се случи тоа на таков начин?

Уште во средниот век, прифаќањето на таквата замисла можеби не изгледала како некој проблем бидејќи спонтаното настанување — поимот дека животот можел да настане спонтано од нежива материја — било преовладувачко верување. Конечно, во 17 век, италијанскиот физичар Франческо Реди докажал дека на расипано месо се појавувале ларви само откако мувите ќе положеле јајца на него. Никакви црви не се развивале на месо кое било недостапно за мувите. Ако животни со големина на муви не се појавувале тукутака сами од себе, тогаш што е со микробите кои постојано се појавувале во храната — било да е покриена или не? Иако подоцнежните експерименти покажале дека микробите не се појавувале спонтано, сепак прашањето останало контроверзно. Но, потоа се појавила работата на Луј Пастер.

Многу луѓе се сеќаваат на дејноста на Пастер во решавањето на проблемите поврзани со ферментација и со заразните болести. Тој исто така извел експерименти за да одреди дали ситните облици на живот би можеле да се појават сами од себе. Како што можеби си читал, Пастер го демонстрирал и тоа дека дури најситните бактерии не се формираат во стерилизирана вода заштитена од загадување. Во 1864, тој објавил: „Доктрината за спонтано настанување никогаш нема да се опорави од смртоносниот удар што овој едноставен експеримент ѝ го зададе“. Таа изјава и понатаму останува вистинита. Ниеден експеримент никогаш не произвел живот од нежива материја.

Тогаш, како можел животот да се појави на Земјата? Современите обиди да се одговори на тоа прашање можеби датираат уште од 1920-тите години, од работата на рускиот биохемичар Александар И. Опарин. Тој и други научници оттогаш наваму понудиле нешто што личи на сценарио за драма од три чина која го прикажува она за кое се тврди дека се случило на сцената на планетата Земја. Првиот чин насликува како Земјините елементи, односно суровини, се трансформираат во групи на молекули. Потоа следи скокот до големите молекули. И последниот чин од оваа драма го претставува скокот до првата жива клетка. Но, дали тоа навистина се случило така?

Во врска со оваа драма, неопходно е да се објасни дека Земјината првобитна атмосфера била многу поинаква од она што е денес. Една теорија претпоставува дека неврзаниот кислород скоро бил отсутен и дека елементите азот, водород и јаглерод формирале амонијак и метан. Замислата е таа дека, кога секавицата и ултравиолетовата светлина се судриле со атмосферата составена од такви гасови и водена пара, се развиле шеќери и аминокиселини. Но, имај на ум дека ова е теорија.

Според оваа теоретска драма, таквите молекуларни облици отпловиле во океаните или во другите водни тела. Со текот на времето, шеќерите, киселините и другите состојки се собрале, притоа создавајќи чорба од „прабиотичка супа“ каде што аминокиселините, на пример, се соединиле за да станат протеини. Продолжувајќи ја таа теоретска прогресија, други состојки наречени нуклеотиди формирале синџири и станале нуклеински киселини, како што е ДНК. Сето тоа наводно ја подготвило сцената за последниот чин од молекуларната драма.

Овој последен чин, кој не е документиран, би можел да се предочи со една љубовна приказна. Протеинските молекули и ДНК случајно се среќаваат, се препознаваат и се прегрнуваат. Потоа, само што не се спуштила завесата, се раѓа првата жива клетка. Ако ја следеше оваа драма, можеби се прашуваш: ‚Дали ова е вистина или измислица? Дали животот на Земјата навистина настанал на овој начин?‘

Генеза во лабораторија?

Во почетокот на 1950-тите години, научниците тргнале да ја испитуваат теоријата на Александар Опарин. Иако било докажан факт дека животот доаѓа само од живот, сепак научниците теоретизирале дека, ако условите во минатото се разликувале, можеби животот полека настанал од неживот. Дали тоа можело да се демонстрира? Научникот Стенли Л. Милер, кој работел во лабораторијата на Харолд Јури, зел водород, амонијак, метан и водена пара (претпоставувајќи дека тоа било составот на примитивната атмосфера), ги запечатил во една реторта со врела вода на дното (да претставува океан) и низ пареата пуштил електрични искри (како секавица). Во рок од една недела имало траги од црвеникава леплива материја која Милер ја анализирал и открил дека е богата со аминокиселини — сржта на протеините. Најверојатно си чул за овој експеримент затоа што со години е наведуван во научните учебници и училишната настава како небаре тој да објаснува на кој начин започнал животот на Земјата. Но, дали објаснува?

Всушност, вредноста на Милеровиот експеримент денес сериозно е доведена во прашање. (Види „Класика, но оспорлива“, страници 36, 37.) Сепак, неговиот привиден успех водел до други тестови кои дури произвеле компоненти кои се наоѓаат во нуклеинските киселини (ДНК или РНК). Специјалистите на тоа поле (понекогаш наречени и научници по потеклото на животот) се чувствувале оптимистично, затоа што навидум го повториле првиот чин на молекуларната драма. И се чинело дека лабораториските верзии на останатите два чина ќе уследат. Еден професор по хемија тврдел: „Објаснувањето за потеклото на еден примитивен жив систем преку еволуциони механизми јасно е на повидок“. А еден научен писател забележал: „Учените луѓе шпекулирале дека научниците, како што е д-р Франкенштајн од Мери Шели, за кратко време ќе креираат живи организми во своите лаборатории и според тоа во детали ќе демонстрираат како се одвивала генезата“. Многумина мислеле дека мистеријата на спонтаното потекло на животот била решена. (Види „Десна рака, лева рака“, страница 38.)

Ставовите се менуваат — загатките остануваат

Меѓутоа, оттогаш низ годините, тој оптимизам испарил. Поминаа децении, а тајните на животот остануваат сѐ уште несфатливи. Околу 40 години после својот експеримент, професор Милер за Scientific American рекол: „Проблемот со потеклото на животот излезе многу потежок отколку што јас, а и повеќето други луѓе, си го замислувавме“. И други научници го делат тој променет став. На пример, уште во 1969, професорот по биологија Дин Х. Кенјон беше коавтор на Biochemical Predestination. Но, во поново време тој дошол до заклучок дека „фундаментално е неверојатно една непотпомогната материја и енергија сами да се организирале во живи системи“.

Навистина, лабораториската работа го потврдува испитувањето на Кенјон според кој постои „фундаментален недостаток во сите текушти теории за хемиските потекла на животот“. Откако Милер и другите синтетизирале аминокиселини, научниците почнале да прават протеини и ДНК, од кои двете се неопходни за животот на Земјата. Кој бил исходот после илјадници експерименти во таканаречени прабиотички услови? The Mystery of Life’s Origin: Reassessing Current Theories забележува: „Постои впечатлив контраст помеѓу значителниот успех во синтетизирањето на аминокиселините и доследниот неуспех да се синтетизира протеин и ДНК“. Вториов обид се карактеризира со „еднаков неуспех“.

Реалистично гледано, мистеријата не е само во тоа на кој начин првиот протеин и молекулите на нуклеинската киселина (ДНК или РНК) дошле во постоење. Таа го вклучува и нивното взаемно дејствување. „Само партнерството на двете молекули е тоа што го овозможува сегашниот живот на Земјата“, вели The New Encyclopædia Britannica. Сепак, енциклопедијата забележува дека начинот како можело да дојде до тоа партнерство останува „критичен и нерешен проблем во потеклото на животот“. Тоа навистина е така.

Додатокот А, „Тимска работа за живот“ (страници 45—47), разгледува некои основни детали во врска со фасцинантната тимска работа помеѓу протеините и нуклеинските киселини во нашите клетки. Дури и еден таков брз поглед во подрачјето на клетките на нашето тело предизвикува восхитување спрема работата на научниците на тоа поле. Тие фрлиле светлина врз извонредно сложените процеси за кои малкумина од нас воопшто и размислуваат, но кои дејствуваат во секој момент од нашиот живот. Меѓутоа, од една друга гледна точка, зашеметувачката сложеност и прецизност кои се бараат, нѐ враќаат до прашањето: Како дошло сето ова?

Можеби знаеш дека научниците по потеклото на животот не престанале со обидите да формулираат прифатливо сценарио за драмата во врска со првото појавување на животот. Сепак, и нивните нови сценарија не се покажуваат убедливи. (Види Додаток Б, „Од ‚светот на РНК‘ или од друг свет?“ страница 48.) На пример, Клаус Дозе од Институтот за биохемија во Мајнц (Германија), забележал: „Во моментов, сите дискусии за главните теории и експерименти на тоа поле или завршуваат на мртва точка или со исповед за незнаење“.

Дури и на Меѓународната конференција за потеклото на животот во 1996 немало никакви решенија. Наместо тоа, журналот Science известил дека приближно 300-те научници кои биле собрани „се зафатиле со загатката за тоа како молекулите [на ДНК и РНК] за првпат се појавиле и како еволуирале во клетки кои сами себе се репродуцираат“.

Потребни биле интелигенција и напредно образование за да се проучува, па дури и да почне да се објаснува она што се случува на молекуларно ниво во нашите клетки. Дали е разумно да се верува дека во една „прабиотичка супа“ прво се одиграле комплицирани чекори, и тоа без да бидат управувани — спонтано и случајно? Или, дали било вклучено нешто повеќе?

Зошто загатки?

Денес, човек може да погледне наназад на скоро повеќе од половина век шпекулации и илјадници обиди да се докаже дека животот настанал сам од себе. Ако некој го прави тоа, тешко би можел а да не се согласи со Френсис Крик, Нобелов лауреат. Говорејќи за теориите за потеклото на животот, Крик забележал дека има „премногу шпекулирање врз основа на многу малку факти“. Според тоа, разбирливо е што некои научници кои ги испитуваат фактите заклучуваат дека животот е премногу комплициран за да изникне дури и во организирана лабораторија, а камоли во неконтролирана средина.

Ако напредната наука не може да докаже дека животот можел да се појави сам од себе, тогаш зошто некои научници продолжуваат да се придржуваат за таквите теории? Пред неколку децении, професор Џ. Д. Бернал понудил некаков увид во книгата The Origin of Life: „Применувајќи ги строгите канони на научната метода на оваа тема [спонтаното настанување на животот], возможно е на неколку места во приказната делотворно да се демонстрира дека животот не можел да се појави; неверојатностите се премногу големи, шансите за појавувањето на живот — премногу мали“. Тој додал: „За жал, од оваа гледна точка, животот е овде на Земјата во сите свои мноштва на облици и активности, и затоа аргументите мора да се извртат за да го поткрепат неговото постоење“. Но сликата не се подобрила.

Размисли за основното значење на таквото расудување. Тоа е слично како да се каже: ‚Научно е исправно да се наведе дека животот не можел да започне сам од себе. Но, живот кој спонтано се појавил е единствената можност која ќе ја земеме предвид. Значи, неопходно е да ги извртиме аргументите за да ја поткрепиме хипотезата дека животот се појавил спонтано‘. Дали ти си задоволен со таквата логика? Зарем таквото расудување не бара многу ‚извртување‘ на фактите?

Меѓутоа, постојат добро информирани и почитувани научници кои не ја увидуваат потребата да ги извртуваат фактите за да одговараат на некоја преовладувачка филозофија во врска со потеклото на животот. Наместо тоа, тие дозволуваат фактите да укажат на еден разумен заклучок. Кои факти и каков заклучок?

Информација и интелигенција

Интервјуиран во еден документарен филм, професор Маќеј Гиртих, познат генетичар од Институтот за дендрологија при Полската академија на науките, одговорил:

„Станавме свесни за масивната информација содржана во гените. За науката не постои никаков познат начин како таа информација може спонтано да се појави. Тоа бара интелигенција; не може да се појави од случајни настани. Самото мешање на буквите не создава зборови“. Тој додал: „На пример, многу сложениот систем за удвојување на ДНК, РНК и протеини во клетката сигурно бил совршен уште од самиот почеток. Кога не би бил, животните системи не би ни можеле да постојат. Единственото логично објаснување е дека тоа пространо мноштво информации дошло од некоја интелигенција“.

Колку повеќе дознаваш за чудата на животот толку пологично е да се согласиш со овој заклучок: Потеклото на животот бара интелигентен извор. Каков извор?

Како што е претходно забележано, милиони образовани поединци заклучуваат дека животот на Земјата морал да биде произведен од една повисока интелигенција, дизајнер. Да, откако чесно го испитале тоа, тие прифатиле дека дури и во нашата научна ера разумно е да се согласиме со библискиот поет кој одамна за Бог рекол: „Зашто во Тебе е изворот на животот“ (Псалм 35:9).

Без разлика на тоа дали си дошол до непопустлив заклучок во врска со тоа или не, ајде да го насочиме нашето внимание на некои чуда во кои ти лично си вклучен. Да се прави тоа причинува големо задоволство, но може да фрли и прилична светлина врз оваа тема која го допира нашиот живот.

[Рамка на страница 30]

Колку случајно за да биде случајно?

„Случајноста и само случајноста е таа која го направила сето тоа — од прастарата супа до човекот“, рекол Нобеловиот лауреат Кристијан де Дуве, зборувајќи за потеклото на животот. Но, дали случајноста е разумно објаснение за причината на животот?

Што е случајноста? Некои ја сфаќаат во смисла на математичка веројатност, како што е случајноста вклучена во фрлањето паричка. Меѓутоа, многу научници не ја применуваат на тој начин „случајноста“ во врска со потеклото на животот. Неодредениот збор „случајност“ се користи како замена за еден попрецизен збор како што е „причина“, особено кога причината не е позната.

„Да се персонифицира ‚случајноста‘ онака како да зборуваме за каузален причинител“, забележува биофизичарот Доналд М. Мекеј, „е исто како да се направи незаконска промена од научен во квази-религиозно митолошки концепт.“ На сличен начин, Роберт Ч. Спраул истакнува: „Нарекувајќи ја непознатата причина ‚случајност‘ толку долго, луѓето веќе почнуваат да забораваат дека е направена замена . . . Претпоставката дека ‚случајноста е еднаква на непозната причина‘, за многумина добила значење дека ‚случајноста е еднаква на причината‘“.

На пример, Нобеловиот лауреат Жак Л. Моно го употребил тој начин на расудување — случајноста е еднаква на причината. „Чистата случајност, сосема слободна но слепа, [е] во самиот корен на вчудовидувачката структура на еволуцијата“, напишал тој. „Конечно човекот знае дека е сам во бесчувствителната бескрајност на универзумот, од кој се појавил едноставно по пат на случајност.“ Забележи, тој вели ‚ПО ПАТ НА случајност‘. Моно го прави она што многу други го прават — ја издигнува случајноста до начело на создавање. Случајноста се нуди како средство преку кое животот дошол на Земјата.

Всушност, речниците покажуваат дека „случајноста“ е „измислениот безличен, бесцелен детерминатор на необјаснивите случки“. Според тоа, ако некој зборува дека животот настанал случајно, тој вели дека настанал по пат на каузална сила која не е позната. Можно ли е некои кои речиси ја пишуваат „Случајноста“ со голема печатна буква — всушност да велат Создавач?

[Рамка на страница 35]

„[Најмалата бактерија] е многу послична на луѓето отколу смесата хемикалии на Стенли Милер, затоа што веќе ги има особините на тој систем. Затоа, да се оди од една бактерија до луѓето претставува помал чекор отколку да се оди од смеса на аминокиселини до таа бактерија“ (Лин Маргулис, професор по биологија).

[Рамка/слика на страници 36 и 37]

Класика, но оспорлива

Експериментот на Стенли Милер во 1953 година, честопати е наведуван како доказ дека спонтаното настанување можело да се случи во минатото. Меѓутоа, полноважноста на неговото објаснување лежи врз претпоставката дека првобитната атмосфера на Земјата се „намалувала“. Тоа значи дека ја содржела само најмалата количина неврзан (хемиски несоединет) кислород. Зошто?

The Mystery of Life’s Origin: Reassessing Current Theories истакнува дека, кога би била присутна голема количина неврзан кислород, ‚ниедна од аминокиселините не би можела дури ни да се формира, но кога по некоја случајност би се формирала, тогаш бргу би се разложила‘. * Колку била цврста претпоставката на Милер во врска со таканаречената примитивна атмосфера?

Во еден класичен труд издаден две години после својот експеримент, Милер напишал: „Се разбира дека овие идеи се само шпекулација затоа што не знаеме дали Земјата кога се формирала имала атмосфера која се намалува . . . Досега не е пронајден никаков директен доказ“ (Journal of the American Chemical Society, 12 мај 1955).

Дали доказот некогаш бил пронајден? Околу 25 години подоцна, научниот писател Роберт К. Коуен известил: „Научниците мора повторно да размислат за некои од своите претпоставки . . . Малку докази се појавија за да се поткрепи поимот за атмосфера богата со водород која многу се намалува, но сепак некои докази говорат и против тоа“ (Technology Review, април 1981).

А оттогаш наваму? Во 1991, во Scientific American, Џон Хорган напишал: „Во текот на последната деценија или слично, се зголемија сомневањата околу претпоставките на Јури и Милер во врска со атмосферата. Лабораториските експерименти и компјутеризираните реконструкции на атмосферата . . . сугерираат дека ултравиолетовото зрачење од Сонцето, кое денеска е блокирано од атмосферскиот озон, би ги уништило молекулите на база на водород што се во атмосферата . . . Таквата атмосфера [јаглероден диоксид и азот] не би придонесувала за синтеза на аминокиселините и другите претходници на животот“.

Тогаш, зошто многумина сѐ уште тврдат дека првобитната атмосфера на Земјата се намалувала и дека содржела малку кислород? Во Molecular Evolution and the Origin of Life, Сидни В. Фокс и Клаус Дозе одговараат: Атмосферата сигурно немала кислород бидејќи, како прво, „лабораториските експерименти покажуваат дека хемиската еволуција . . . во голема мера би била потисната од кислородот“ и бидејќи состојките како што се аминокиселините „не се стабилни во текот на геолошките времиња во присуство на кислород“.

Зарем тоа не е заобиколено расудување? Се вели дека првобитната атмосфера се намалувала бидејќи спонтаното настанување на животот во спротивно не би се случило. Но, всушност, нема засигурување дека таа се намалувала.

Има уште еден значаен детаљ: Ако смесата гас ја претставува атмосферата, ако електричната искра ја имитира секавицата и ако водата која врие го означува морето, тогаш што или кого го претставува научникот кој го подготвува и го прави експериментот?

[Фуснота]

^ пас. 50 Кислородот е многу реактивен. На пример, ако се соедини со железото, се добива ’рѓа, или ако се соедини со водородот, се добива вода. Ако имало големо присуство на неврзан кислород во атмосферата кога се составувале аминокиселините, бргу би се соединил со органските молекули и би ги разложил додека тие се формирале.

[Рамка на страница 38]

Десна рака, лева рака

Знаеме дека постојат деснораки и левораки ракавици. Тоа е случај и кај молекулите на аминокиселините. Од околу 100 познати аминокиселини, само 20 се користат во протеините, и сите се левораки. Кога научниците произведуваат аминокиселини во лабораториите, како имитација на она што тие мислат дека можеби се случило во една прабиотичка супа, наоѓаат еднаков број деснораки и левораки молекули. „Таквиот вид дистрибуција од 50:50“, известува The New York Times, „не е карактеристичен за животот кој зависи само од левораките аминокиселини.“ Причината зошто живите организми се составени само од левораки аминокиселини е „голема мистерија“. Дури и аминокиселините кои се наоѓаат во метеорите „покажале вишок на левораки облици“. Д-р Џефри Л. Бада, кој ги проучува проблемите во врска со потеклото на животот, рекол дека „некое влијание надвор од Земјата можеби одиграло некаква улога во одредувањето дали биолошките аминокиселини ќе бидат левораки или деснораки“.

[Рамка на страница 40]

„Овие експерименти . . . полагаат право на абиотичката синтеза за она што всушност го произвел и дизајнирал високо интелигентниот и во голема мера биотичкиот човек во обидот да ги потврди идеите кон кои неизмерно бил обврзан“ (Origin and Development of Living Systems).

[Рамка/слика на страница 41]

„Промислен интелектуален чин“

Британскиот астроном сер Фред Хојл поминал децении проучувајќи го универзумот и животот во него, дури и заложувајќи се дека животот на Земјата стигнал од вселената. Предавајќи на Калифорнискиот технолошки институт, тој дискутирал за редоследот на аминокиселините во протеините.

„Големиот проблем во биологијата“, рекол Хојл, „не е во прилично голиот факт дека протеинот се состои од синџир на аминокиселини меѓусебно поврзани на еден одреден начин, туку во јасното подредување на аминокиселините кое му дава на синџирот извонредни особини . . . Кога аминокиселините би биле поврзани случајно, би имало неизмерен број комбинации кои би биле бескорисни за целите на живата клетка. Кога ќе размислите дека еден типичен ензим има синџир од можеби 200 врски и дека има 20 можности за секоја врска, лесно е да се увиди дека бројот на бескорисни комбинации е огромен, поголем и од бројот на атомите во сите галаксии видливи со најголемите телескопи. Тоа е само за еден ензим, а има преку 2.000 такви кои воглавно служат за многу различни цели. Оттука, како дошло до оваа ситуација која ние сме ја затекнале?“

Хојл додал: „Наместо да ја прифатиме извонредно малата веројатност дека животот настанал преку слепите сили на природата, изгледа дека би било подобро да претпоставиме дека потеклото на животот бил еден промислен интелектуален чин“.

[Рамка на страница 44]

Професор Мајкл Џ. Бехе навел: „За човек кој не се чувствува обврзан да ја ограничи својата потрага по неинтелигентни причини, недвосмислениот заклучок е дека биле дизајнирани многу биохемиски системи. Не биле дизајнирани од законите на природата ниту од случајноста и нужноста; туку биле планирани . . . Животот на Земјата на своето најфундаментално ниво, во своите најпресудни компоненти, е производ на интелигентна активност“.

[Графикон/слика на страница 42]

(Види во публикацијата)

Дури и брзиот поглед во сложениот свет и во комплицираните функции во секоја клетка од телото води до прашањето: Како настанало сето ова?

Рибозоми

Место каде што се создаваат протеините

Јадро

Контролниот центар на клетката

Клеточна мембрана

Го контролира она што влегува и излегува од клетката

Митохондрии

Центар за произведување на молекулите кои ја снабдуваат клетката со енергија

Хромозоми

Ја содржат ДНК, генетскиот главен план

Јадренце

Место каде што се синтетизираат рибозомите

[Слика на страница 33]

Многу научници сега признаваат дека сложените молекули кои се суштински за животот не можеле спонтано да бидат создадени во некоја прабиотичка супа