Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од „светот на РНК“ или од друг свет?

Од „светот на РНК“ или од друг свет?

Додаток Б

Од „светот на РНК“ или од друг свет?

Со оглед на ќорсокакот на екипата од ДНК-РНК-протеин, некои истражувачи ја понудиле теоријата „светот на РНК“. Што е тоа? Наместо да тврдат дека ДНК, РНК и протеините симултано настанале за да создадат живот, тие велат дека РНК била првата искра на животот. Дали таа теорија има здрава основа?

Во 1980-тите, истражувачите во своите лаборатории откриле дека молекулите на РНК можат да дејствуваат како сопствени ензими разделувајќи се на две, а потоа повторно составувајќи се. Така се шпекулирало дека РНК можеби била првата молекула која самата се дуплирала. Се теоретизира дека, со текот на времето, тие молекули на РНК научиле да формираат клеточни мембрани и дека на крајот организмот на РНК ја формирал ДНК. „Апостолите на светот на РНК“, пишува Фил Коен во New Scientist, „веруваат дека нивната теорија треба да се земе предвид, ако не како чиста вистина, тогаш барем како најблиското нешто до вистината.“

Но, сите научници не го прифаќаат ова сценарио. Скептичарите, забележува Коен, „аргументираа дека скокот е преголем од покажувањето дека две молекули на РНК зеле учество во едно мало самоосакатување во епрувета па сѐ до тврдењето дека РНК е способна сама да формира клетка и да го предизвика појавувањето на животот на Земјата“.

Има и други проблеми. Биологот Карл Воус тврди дека „теоријата на светот на РНК . . . има фатален пропуст бидејќи не успева да објасни од каде дошла енергијата за да го снабдува производството на првите молекули на РНК“. И истражувачите никогаш не лоцирале парче РНК кое може самото да се дуплира почнувајќи од нула. Освен тоа, се наметнува прашањето од каде воопшто дошла РНК. Иако теоријата „светот на РНК“ се појавува во многу учебници, поголемиот дел од неа, вели истражувачот Гери Олсен, „е шпекулативен оптимизам“.

Една друга теорија за која некои научници се залагале е дека нашата планета била засеана со живот кој дошол од вселената. Но сепак, оваа теорија не се зафаќа вистински со прашањето: Што го започнало животот? Да се каже дека животот дошол од вселената, забележува научниот писател Бојс Ренсбергер, „само ја менува локацијата на мистеријата“. Не го објаснува потеклото на животот. Само го избегнува прашањето преместувајќи го потеклото во еден друг Сончев систем или галаксија. Вистинското прашање и понатаму останува.