Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Осмисли го својот живот трајно

Осмисли го својот живот трајно

Единаесетто поглавје

Осмисли го својот живот трајно

КАДЕ и да живееме, слушаме за научни откритија. Биолози, океанографи и некои други постојано го надополнуваат човековото спознание за нашата Земјина топка и животот на неа. Трагајќи во еден друг правец, астрономите и физичарите секогаш учат нешто повеќе за нашиот Сончев систем, за ѕвездите, па дури и за далечните галаксии. На што укажува ова?

Многу остроумни луѓе кои размислуваат се согласуваат со древниот цар Давид: „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески“ (Псалм 18:1). Се разбира, некои би можеле да не се согласат со ова или да речат дека не можат да бидат сигурни во тоа. Но, откако го разгледа доказот изнесен во оваа книга, зарем не можеш да согледаш доволно причини да веруваш дека постои Творец и дека тој стои зад нашиот универзум и нашиот живот?

Апостол Павле забележал: „Луѓето не можат да речат дека не знаат за Бога. Од почетокот на светот, луѓето можеле да видат каков е Бог преку работите што ги направил. Тоа ја покажува Неговата моќ која вечно трае. Тоа покажува дека Тој е Бог“ (Римјаните 1:20, Holy Bible—New Life Version). Материјалот што го обработивме во претходните поглавја во врска со создавањето, ни олесни да ‚видиме каков е Бог‘ за да ги цениме „неговите невидливи особини“ (New World Translation). Сепак, согледувањето дека физичкото создавање го одразува Творецот не треба да биде само по себе цел. Зошто не?

Многу научници се оддадени на проучувањето на универзумот, но сѐ уште се чувствуваат празно, не наоѓајќи никаква трајна смисла. На пример, физичарот Стивен Вајнберг напишал: „Колку посфатлив се чини универзумот толку побесмислен и станува“. Во врска со гледиштето на астрономот Ален Дреслер, списанието Science рекло: „Кога истражувачите велат дека космологијата го открива ‚умот‘ или ‚ракописот‘ на Бог, тие му го припишуваат на божественото она што на крајот може да биде поневажен аспект на универзумот — неговата физичка структура“. Дреслер укажал дека она што е од поголемо значење е смислата на човечкото постоење. Тој забележал: „Луѓето се откажале од старото верување дека човечкиот род е во физичкиот центар на [физичкиот] универзум, но мораат да се вратат на верувањето дека ние сме во центарот на смислата“.

Јасно, секој еден од нас треба да биде особено заинтересиран за тоа што значи нашето постоење. Само да се признае дека Творецот, односно Главниот Дизајнер, постои и дека сме зависни од него можеби нема да му даде смисла на нашиот живот. Тоа е особено случај затоа што животот изгледа краток. Многумина се чувствуваат онака како што се чувствувал кралот Макбет во една од драмите на Вилијам Шекспир:

„Та животот е сенка што чекори; Артист беден,

Што час два, се перчи и на сцена гине,

И потоа не го слуша никој: сказна е тој

Раскажана од идиот, полна крик и бес,

Што не значи ништо“ (Макбет, чин V, сцена V).

Луѓето на Земјината топка можат да се поистоветат со тие зборови; но кога лично ќе се соочат со некоја тешка криза, можеби сепак ќе го повикаат Бога на помош. Елијуј, еден мудар човек од далечни времиња, забележал: „Од многу насилници офкаат угнетените и . . . пиштат; но никој не вели: ‚каде е Бог, мојот Создател . . . Кој нѐ прави поразумни од земниот добиток и помудри од птиците небески‘“ (Јов 35:9—11).

Зборовите на Елијуј нагласуваат дека ние луѓето не сме вистинскиот центар на смислата. Нашиот Величествен Творец е тој центар и секоја вистинска смисла на нашето постоење логично го вклучува него и зависи од него. За да се пронајде таква смисла заедно со длабокото задоволство кое таа го носи, мораме да го запознаеме Творецот и својот живот да го доведеме во согласност со неговата волја.

Обраќање кон Творецот

Мојсеј го сторил тоа. Тој реалистично признал: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести“. Таквото сфаќање не предизвикало кај Мојсеј чувство на тмурност или песимистичност; тоа му помогнало да ја цени вредноста од обраќањето кон нашиот Творец. Мојсеј се молел: „Научи нѐ така со десницата Твоја, па да се здобиеме со мудро срце. Се исполнивме изутрина со Твојата милост, Господи, и се зарадувавме и се развеселивме во сите наши дни, и славата на нашиот Господ Бог нека биде врз нас“ (Псалм 89:10, 12, 14, 17).

‚Исполнети изутрина.‘ ‚Развеселени во сите наши дни.‘ ‚Божјата слава врз нас.‘ Зарем овие фрази не укажуваат на тоа дека некој нашол смисла во животот — смисла која, општо земено, ги заобиколува луѓето?

Можеме да преземеме важен чекор во тој правец така што ќе го сфатиме своето место пред Творецот. На некој начин, сѐ поголемото спознание за универзумот може да ни помогне. Давид прашал: „Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?“ (Псалм 8:3, 4).

Мораме да направиме повеќе отколку само да признаеме дека Јехова ги создал Сонцето, Месечината и ѕвездите и дека потоа предизвикал на Земјата да изобилува живот со сета негова инфраструктура (Неемија 9:6; Псалм 23:2; Исаија 40:26; Јеремија 10:10, 12). Како што порано видовме, Јеховиното единствено име покажува дека тој е Бог со намера и дека е единствениот кој е способен целосно да ја спроведе својата волја.

Исаија напишал: „Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење“. Исаија потоа ги цитирал Јеховините зборови: „Јас сум Господ, и нема друг“ (Исаија 45:18). А во врска со сохристијаните, Павле подоцна рекол: „Ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела“. Она што е битно за тие „добри дела“ е да се разгласува ‚многуразличната премудрост Божја, според [неговото] предвечно определение [намера, NW]“ (Ефесјаните 2:10; 3:8—11). Можеме да бидеме поврзани со Творецот, а и логично е дека треба да бидеме, барајќи да ја дознаеме неговата намера и да соработуваме во склад со неа (Псалм 94:3—6).

Самото тоа што признаваме дека има еден грижлив Творец кој е полн со љубов треба да нѐ покрене на акција. На пример, забележи ја врската помеѓу таквото признавање и начинот како треба да постапуваме со другите. „Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.“ „Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг?“ (Изреки 14:31; Малахија 2:10). Според тоа, признавањето дека има Творец кој се грижи треба да нѐ покрене да покажуваме поголема грижа за другите негови созданија.

Не сме препуштени самите на себе во тоа. Творецот може да ни помогне. Иако Јехова сега не создава нови земни созданија, може да се каже дека тој сѐ уште создава но на еден друг начин. Тој активно и продуктивно им помага на луѓето кои го бараат неговото водство. Откако направил грев, Давид замолил: „Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене“ (Псалм 50:10; 123:8). А Библијата ги поттикнува христијаните да ‚го отфрлат од себе стариот човек‘ обликуван од светот околу нив и да ‚се облечат во новиот човек, создаден според Бога‘ (Ефесјаните 4:22—24). Да, Јехова може да создаде едно ново симболично срце кај луѓето, помагајќи им да развијат личност која одразува каков е тој.

Но, тоа се само основни чекори. Мораме да одиме подлабоко. Павле им рекол на некои образовани Атињани: ‚Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него утврди предопределени времиња за луѓето да Го бараат, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас‘ (Дела 17:24—27).

Смислата произлегува од спознанието

Од она што го разгледавме, треба да биде јасно дека Творецот ни дал обилни информации преку неговото физичко создание и преку неговата инспирирана Реч, Библијата. Тој нѐ охрабрува да растеме во спознанието и увидот, дури го претскажува и времето кога „земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9; 40:13, 14).

Волјата на Творецот не е нашата способност за учење и подобрување да биде ограничена на животен век од 70 или 80 години. Тоа можеш да го видиш во една од најпроучените изјави на Исус: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16).

„Живот вечен.“ Тоа не е фантазија. Напротив, идејата за трајност без крај е доследна на она што Творецот им го понудил на нашите прародители, Адам и Ева. Тоа е доследно на научните факти за составот и капацитетот на нашиот мозок. А тоа е доследно и на она што го поучувал Исус Христос. Во сржта на Исусовата порака било тоа човечкиот род да има вечен живот. На неговата последна вечер на Земјата со апостолите, тој рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3).

Како што беше дискутирано во претходното поглавје, Исусовото ветување за вечен живот ќе стане реалност за милиони луѓе токму овде на Земјата. Јасно, да се има тој изглед може неизмерно да осмисли нечиј живот. Тоа вклучува да се развива однос со Творецот. Таквиот однос уште сега го положува темелот за стекнување траен живот. Замисли ги видиците кои таквиот живот би ти ги отворил: да учиш, да испитуваш и да искусуваш — сето тоа без границата која болеста и смртта сега ја наметнуваат. (Спореди Исаија 40:28.) Што би можел или што би сакал да правиш со еден таков живот? Ти самиот најдобро си ги знаеш своите интереси, талентите што копнееш да ги развиваш и одговорите кои ќе ги бараш. Самото тоа што ќе можеш да се стремиш по нив ќе му даде уште поголема смисла на твојот живот!

Павле имал полноважна причина да го очекува времето кога „тие сами [самото творештво, NW] ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји“ (Римјаните 8:21). Оние кои ја постигнуваат таа слобода ќе уживаат вистинска смисла во животот сега и ќе имаат смисла во животот трајно — на Божја слава (Откровение 4:11).

Оваа тема ја проучиле Јеховините сведоци по Земјината топка. Тие се уверени дека има Творец кој се грижи за нив, како и за тебе. Драго им е да им помагаат на другите да ја пронајдат таа цврсто втемелена смисла во животот. Те молиме, чувствувај се слободен да ја испиташ оваа работа со нив. Тоа ќе го осмисли твојот живот трајно!

[Рамка на страница 185]

Бог — во која смисла?

„Научниците, а и некои други понекогаш го користат зборот ‚Бог‘ за да означат нешто толку апстрактно и неангажирано по кое Тој едвај се разликува од законите на природата“, коментирал Стивен Вајнберг, Нобелов лауреат за својата работа во врска со фундаменталните сили. Тој додал:

„Ми се чини дека за да биде зборот ‚Бог‘ од некаква корист, треба да се сфати дека тој означува еден заинтересиран Бог, творец и законодавец кој ги воспоставил не само законите на природата и универзумот туку и мерилата на доброто и на злото, некаква личност која е заинтересирана за нашите постапки, нешто, кратко речено, што е прикладно за нас да го обожаваме . . . Тој е Богот кој имал важност за мажи и жени низ историјата“ (Dreams of a Final Theory).

[Слика на страница 187]

Мојсеј сфатил дека, без разлика колку долго живееме, вистинската смисла во нашиот живот го вклучува Творецот

[Слика на страница 190]

Пронаоѓањето трајна смисла во животот отвора изобилни можности