Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Творецот се открива себеси — во наша корист!

Творецот се открива себеси — во наша корист!

Осмо поглавје

Творецот се открива себеси — во наша корист!

СРЕДЕ грмотевици и секавици, околу три милиони луѓе стоеле пред една возвишена планина на Синајскиот Полуостров. Гората Синај ја обвиткувале облаци и земјата се тресела. Во такви значајни околности, Мојсеј го предводел древниот Израел во еден формален однос со Творецот на небото и Земјата (2. Мојсеева, 19. поглавје; Исаија 45:18).

Но, зошто Творецот на универзумот на еден посебен начин би се откривал на една нација, и тоа на релативно мала нација? Мојсеј го дал следниов увид: „Затоа што Господ ве засака и за да ја одржи клетвата, со која Он им се беше заколнал на татковците ваши“ (5. Мојсеева 7:6—8).

Таквата изјава открива дека Библијата содржи далеку повеќе информации за нас отколку факти во врска со потеклото на универзумот и животот на Земјата. Таа многу има да каже за постапките на Творецот со луѓето — во минатото, сегашноста и во иднината. Библијата е најпроучуваната и најтиражната книга во светот, затоа секој кој го цени образованието треба да биде запознаен со нејзината содржина. Ајде да направиме еден општ преглед за она што можеме да го најдеме во Библијата, концентрирајќи се прво на делот кој честопати е наречен Стар завет. Правејќи го тоа, ќе добиеме и вреден увид во личноста на Творецот на универзумот и Авторот на Библијата.

Во 6. поглавје, „Еден древен запис за создавањето — можеш ли да имаш доверба во него?“, видовме дека библискиот извештај за создавањето содржи инаку недостапни факти за нашите најрани предци — нашето потекло. Оваа прва библиска книга содржи многу повеќе. Што на пример?

Грчката и другите митологии опишуваат време кога боговите и полубоговите имале работа со луѓето. Исто така, антрополозите известуваат дека ширум Земјината топка има легенди за една древна поплава која го избришала скоро целиот човечки род. Со право можеш да отфрлиш такви митови. Сепак, дали си знаел дека единствено книгата 1. Мојсеева ни ги открива основните историски факти кои подоцна се одгласиле во таквите митови и легенди? (1. Мојсеева, поглавја 6 и 7). *

Во книгата 1. Мојсеева, меѓу другото, ќе прочиташ за мажи и жени — веродостојни луѓе со кои можеме да се соживееме — кои знаеле дека Творецот постои и кои во својот живот ја земале предвид неговата волја. Должни сме спрема себеси да дознаеме за такви мажи како што се Авраам, Исак и Јаков, кои биле меѓу „прататковците“ кои ги споменал Мојсеј. Творецот го запознал Авраам и го нарекол ‚пријател мој‘ (Исаија 41:8; 1. Мојсеева 18:18, 19NW). Зошто? Јехова го набљудувал и стекнал доверба во Авраам како човек од вера (Евреите 11:8—10, 17—19; Јаков 2:23). Искуството на Авраам покажува дека Бог е пристаплив. Неговата моќ и способности влеваат стравопочитување, а сепак тој не е едноставно некоја безлична сила или причина. Тој е вистинска личност со кого луѓето како нас можат да негуваат еден однос полн со почитување — во наша трајна корист.

Јехова му ветил на Авраам: „Ќе бидат благословени преку потомството [семето, NW] твое сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:18). Тоа го надоградува, односно проширува ветувањето дадено во времето на Адам во врска со претстојното „семе“ (1. Мојсеева 3:15NW). Да, она што Јехова му го кажал на Авраам ја потврдило надежта дека со текот на времето некој — Семето — ќе се појави и ќе овозможи благослов што ќе биде достапен за сите народи. Ќе увидиш дека тоа е централна тема која се провлекува низ Библијата, подвлекувајќи дека таа книга не е збир на различни човечки дела. А тоа што ја знаеш темата на Библијата ќе ти помогне да сфатиш дека Бог користел еден древен народ со цел да ги благослови сите народи (Псалм 147:8, 9).

Самото тоа што Јехова ја имал таа цел при постапувањето со Израел покажува дека ‚Тој не е пристрасен‘ (Дела 10:34NW; Галатјаните 3:14). Уште повеќе, и покрај тоа што Бог соработувал првенствено со потомците на Авраам, луѓе од други народи биле добредојдени и тие да му служат на Јехова (3. Царства 8:41—43). И како што ќе видиме подоцна, Божјата непристрасност е таква што денес сите ние — без разлика на нашата национална или етничка позадина — можеме да го познаваме и да му угодуваме.

Можеме многу да научиме од историјата на нацијата со која Творецот соработувал со векови. Ајде да ја поделиме нејзината историја на три дела. Разгледувајќи ги овие делови, забележи како Јехова дејствувал во склад со значењето на своето име, „Тој предизвикува да настане“, и како неговата личност се покажала преку неговите постапки со вистински луѓе.

Прв дел — нација под власта на Творецот

Потомците на Авраам станале робови во Египет. Конечно, Бог го подигнал Мојсеј кој во 1513 пр. н. е. ги повел во слобода. Кога Израел станал нација, Бог бил нејзиниот владетел. Но во 1117 пр. н. е., народот побарал човечки цар.

Кои настани довеле до тоа Израел да биде со Мојсеј на гората Синај? Библиската книга 1. Мојсеева ја дава позадината. Порано, кога Јаков (наречен и Израел) живеел североисточно од Египет, се појавил глад во тогашниот познат свет. Грижата за своето семејство предизвикала Јаков да побара храна од Египет, каде што имало доволно складирана резерва од жито. Тој открил дека управителот за храна всушност бил неговиот син Јосиф, за кого Јаков мислел дека умрел пред неколку години. Јаков и неговото семејство се преселиле во Египет и биле поканети да останат таму (1. Мојсеева 45:25—46:5; 47:5—12). Меѓутоа, после смртта на Јосиф, еден нов фараон им наложил на Јакововите потомци принудна работа и ‚им го загорчувал животот со тешки работи, со кал и правење тули‘ (2. Мојсеева 1:8—14). Овој живописен извештај, и многу повеќе, можеш да го прочиташ во втората книга од Библијата, 2. Мојсеева.

Израелците со децении трпеле малтретирање, но ‚пискотот нивни од тешките работи дошол до Бога‘. Обраќањето кон Јехова било мудар правец. Тој бил заинтересиран за потомците на Авраам и бил одлучен да ја исполни Својата намера да обезбеди иден благослов за сите народи. Јехова ‚го чул офкањето на Израел и се смилил над нив‘, што ни покажува дека Творецот е сочувствителен спрема луѓето кои се угнетувани и кои страдаат (2. Мојсеева 2:23—25). Тој го избрал Мојсеј да ги изведе Израелците од ропство. Но кога Мојсеј и неговиот брат Арон дошле да го замолат египетскиот фараон да дозволи овој заробен народ да си замине, тој пркосно одговорил: „Кој е Јехова, та јас да го послушам неговиот глас и да го испратам Израел?“ (2. Мојсеева 5:2NW).

Можеш ли да си замислиш дека Творецот на универзумот би се уплашил од еден таков предизвик, па дури и да доаѓал од владетелот на најголемата постоечка воена сила? Бог ги удрил Фараонот и Египќаните со серија неволји. Конечно, после десеттата неволја, Фараонот се согласил да ги ослободи Израелците (2. Мојсеева 12:29—32). На тој начин, потомците на Авраам го запознале Јехова како вистинска личност — оној кој обезбедува слобода во свое одредено време. Да, според значењето на неговото име, Јехова на еден драматичен начин станал исполнител на своите ветувања (2. Мојсеева 6:3NW). Но, и Фараонот и Израелците требало да научат многу повеќе во врска со тоа име.

Тоа се случило затоа што Фараонот набргу го сменил своето мислење. Тој ја повел својата војска во жестока потера по робовите кои заминале, престигнувајќи ги во близината на Црвеното Море. Израелците биле фатени во стапица меѓу морето и египетската војска. Јехова тогаш интервенирал отворајќи пат низ Црвеното Море. Фараонот требало да го препознае тоа како покажување на Божјата несовладлива сила. Наместо тоа, тој брзоплето ги повел своите сили по Израелците — само за да се удави со својата војска кога Бог го вратил морето во својата нормална положба. Извештајот од 2. Мојсеева не вели како точно Бог ги извел тие потфати. Можеме со право да ги наречеме чуда затоа што делата и нивното временско ускладување биле вон човечка контрола. Секако дека таквите дела не би биле вон досегот на Оној кој го создал и универзумот и сите закони во него (2. Мојсеева 14:1—31).

Овој настан им покажал на Израелците — а треба и нам да ни нагласи — дека Јехова е Спасител кој живее според своето име. Меѓутоа, од овој извештај треба да согледаме многу повеќе работи за Божјите патишта. На пример, тој спровел правда врз една угнетувачка нација, додека покажал срдечна љубезност спрема својот народ преку кого требало да дојде Семето. Во врска со последново, јасно е дека она што го читаме во 2. Мојсеева е многу повеќе од древна историја; тоа се поврзува со Божјата намера да обезбеди благослов кој ќе биде достапен за сите.

Понатаму кон една Ветена земја

Откако го напуштиле Египет, Мојсеј и народот марширале низ пустината до гората Синај. Она што таму се случило ги обликувало Божјите постапки спрема нацијата во идните векови. Тој обезбедил закони. Се разбира, Творецот веќе со еони пред тоа ги имал формулирано законите кои управуваат со материјата во нашиот универзум, закони кои сѐ уште се на сила. Но, на гората Синај го употребил Мојсеј за да даде национални закони. Во книгата 2. Мојсеева и во трите книги што следат — 3. Мојсеева, 4. Мојсеева и 5. Мојсеева — можеме да прочитаме за тоа што сторил Бог, како и за кодексот на Законот што го дал. Изучувачите веруваат дека Мојсеј ја напишал и книгата Јов. Нешто од нејзината важна содржина ќе разгледаме во 10. поглавје.

Дури и до ден-денеска, милиони луѓе ширум светот знаат за Десетте заповеди — централно морално упатство на овој комплетен кодекс на Законот — и се трудат да ги следат. Но, тој кодекс содржи многу други упатства на кои им се восхитуваат поради нивната извонредност. Се разбира, многу одредби се сосредоточени на животот на Израелците во тоа време, како што се законите за хигиена, за санитарна заштита и за болести. Иако првобитно биле поставени за еден древен народ, таквите закони одразуваат спознание за научни факти кои човечките стручњаци ги откриле дури во последниов век или така нешто (3. Мојсеева 13:46, 52; 15:4—13; 4. Мојсеева 19:11—20; 5. Мојсеева 23:12, 13). Добро е човек да се запраша: Како е можно законите за древниот Израел да одразувале спознание и мудрост далеку посупериорни од она што било познато за тогашните нации? Еден разумен одговор е дека тие закони дошле од Творецот.

Законите, исто така, помогнале да се зачуваат семејните лози и да се одредат религиозните должности кои Израелците требало да ги следат сѐ додека Семето не се појавело. Согласувајќи се да прават сѐ што бара Бог, тие би биле одговорни да живеат по тој Закон (5. Мојсеева 27:26; 30:17—20). Се разбира, не можеле совршено да го држат Законот. Сепак, дури и тој факт служел за една добра цел. Еден правен стручњак подоцна објаснил дека Законот ‚ги направи видливи престапите, сѐ додека не дојде семето на кое му беше дадено ветувањето‘ (Галатјаните 3:19, 24NW). Така, кодексот на Законот ги направил одвоен народ, ги потсетувал на нивната потреба од Семето, односно Месијата, и ги подготвил да му изразат добредојде.

Израелците собрани кај гората Синај се согласиле да се придржуваат за Божјиот кодекс на Законот. На тој начин дошле под она кое Библијата го нарекува завет, односно договор. Заветот бил помеѓу таа нација и Бог. И покрај тоа што доброволно стапиле во тој завет, се покажале како тврдоглав народ. На пример, направиле златно теле како свој претставник на Бог. Тоа било грев затоа што идолското обожавање директно ги кршело Десетте заповеди (2. Мојсеева 20:4—6). Освен тоа, тие се жалеле на нивните резерви од храна, се побуниле против Божјиот наименуван водач (Мојсеј) и се препуштиле на неморални односи со жени туѓинки кои обожавале идоли. Но, зошто треба да нѐ интересира тоа нас кога живееме толку далеку од времето на векот на Мојсеј?

Уште еднаш, тоа не е само древна историја. Библиските извештаи за неблагодарните постапки на Израел и Божјата реакција покажуваат дека тој навистина се грижи. Библијата вели дека Израелците „сѐ одново“ го ставале Јехова на испит, предизвикувајќи да ‚биде повредуван‘ и ‚да му биде нанесена болка‘ (Псалм 78:40, 41NW). Оттука, можеме да бидеме сигурни дека Творецот има чувства и дека тој се грижи за она што го прават луѓето.

Од наша гледна точка, човек би можел да помисли дека престапувањето на Израел би довело до тоа Бог да го поништи својот завет и можеби да избере друга нација за да го исполни своето ветување. Сепак, не го сторил тоа. Напротив, тој спровел казна врз бесрамните престапници, но укажал милост спрема својата своеглава нација во целина. Да, Бог и понатаму бил лојален на своето ветување што му го дал на верниот пријател Авраам.

За кратко време, Израел се приближил до Ханан, кој Библијата го нарекува Ветена земја. Таа била населена со моќни народи западнати во морално понижувачки практики. Творецот дозволил да поминат 400 години без да се меша во нивните работи, но сега со право одлучил да му ја предаде земјата на древниот Израел (1. Мојсеева 15:16; види и „Љубоморен Бог — во која смисла?“ страници 132, 133). Како подготовка, Мојсеј испратил 12 шпиони во земјата. Десетмина од нив покажале недостиг на вера во Јеховината спасувачка моќ. Нивниот извештај го поттикнал народот да приговара против Бог и да кове заговор за да се врати во Египет. Како резултат на тоа, Бог го осудил народот 40 години да скита во пустината (4. Мојсеева 14:1—4, 26—34).

Што било постигнато со таа пресуда? Пред својата смрт, Мојсеј ги опоменал синовите Израелови да се сетат на тие години кога Јехова ги понизил. Мојсеј им рекол: „Знај во срцето свое, дека Господ, твојот Бог, те казнува како што човекот го казнува синот свој“ (5. Мојсеева 8:1—5). И покрај тоа што се однесувале навредливо спрема него, Јехова ги издржувал, покажувајќи дека се зависни од него. На пример, тие преживеале затоа што тој ја обезбедил нацијата со мана — материја за јадење со вкус на медени колачи. Јасно, од нивното искуство во дивината требало многу да научат. Тоа требало да ја покаже важноста да го слушаат нивниот милосрден Бог и да бидат зависни од него (2. Мојсеева 16:13—16, 31; 34:6, 7).

После смртта на Мојсеј, Бог го овластил Исус Навин да го води Израел. Овој смел и лојален човек ја вовел нацијата во Ханан и храбро се впуштил во освојување на земјата. За краток период, Исус Навин поразил 31 цар и окупирал поголем дел од Ветената земја. Таа возбудлива историја можеш да ја најдеш во книгата Исус Навин.

Влада без човечки цар

За време на престојот во пустината и во текот на почетните години во Ветената земја, нацијата го имала Мојсеј, а потоа Исус Навин како водач. На Израелците не им бил потребен човечки цар затоа што Јехова бил нивни Суверен. Тој направил подготовка наименувани постари мажи да сослушуваат правни случаи на градските порти. Тие одржувале ред и на народот му помагале духовно (5. Мојсеева 16:18; 21:18—20). Книгата Рут нуди еден фасцинантен краток поглед на тоа како таквите постари мажи се справиле со еден правен случај темелен на законот кој се наоѓа во 5. Мојсеева 25:7—9.

Низ годините, нацијата честопати го навлекувала Божјето неодобрување со тоа што секогаш одново му била непослушна и се обраќала кон хананските богови. Сепак, кога ќе се најделе во тесно и го повикувале на помош Јехова, тој се сеќавал на нив. Подигнал судии за да го преземат водството во ослободувањето на Израел, спасувајќи ги од угнетувачките соседни народи. Книгата Судии на еден живописен начин ги прикажува подвизите на 12 такви храбри судии (Судии 2:11—19; Неемија 9:27).

Записот вели: „Во тие денови Израил немаше цар: секој го правеше она, што му се чинеше дека е право“ (Судии 21:25). Нацијата ги имала мерилата поставени во Законот и така, со помош на постарите мажи и поуката од свештениците, народот имал основа да ‚го прави она, што му се чинеше дека е право‘ и да биде безбеден. Понатаму, кодексот на Законот пропишал табернакул, односно пренослив храм, каде што биле принесувани жртви. Вистинското обожавање било сосредоточено таму и помогнало да се обедини нацијата во тоа време.

Втор дел — просперитет под царевите

Во времето кога Самуил бил судија во Израел, народот изискувал човечки цар. Првите три цара — Саул, Давид и Соломон — владееле по 40 години секој поединечно, од 1117 до 997 пр. н. е. Израел го достигнал својот врв во поглед на богатството и славата, а Творецот презел важни чекори, подготвувајќи го царувањето за претстојното Семе.

Како судија и пророк, Самуил добро се грижел за духовната благосостојба на Израел, но неговите синови биле поинакви. Народот конечно изискувал од Самуил: „Постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи“. Јехова му го објаснил на Самуил значењето на нивното барање: „Чуј го народниот глас . . . зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, за да не царувам над нив“. Јехова ги предвидел жалните последици од овој настан (1. Царства 8:1—9). Сепак, во согласност со нивното барање, за цар над Израел поставил еден скромен човек по име Саул. И покрај неговиот надежен почеток, откако станал цар, Саул покажал своеглави склоности и отишол над Божјите заповеди. Божјиот пророк објавил дека царувањето ќе му се даде на човек кој му е угоден на Јехова. Тоа за нас треба да нагласи колку Творецот ја цени послушноста од срце (1. Царства 15:22, 23).

Давид, кој требало да биде следниот цар на Израел, бил најмладиот син во едно семејство од племето на Јуда. Во врска со тој изненадувачки избор, Бог му рекол на Самуил: „Човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Зарем не е охрабрувачки тоа што Творецот гледа на она што сме внатре, а не на надворешниот изглед? Но, Саул имал свои идеи. Од времето кога Јехова го избрал Давид за иден цар, Саул бил опседнат — гонет од идејата да го отстрани Давид. Јехова не дозволил да се случи тоа, па така на крајот Саул и неговите синови умреле во една битка против еден завојуван народ, наречени Филистејци.

Давид владеел како цар од градот Хеврон. Потоа го освоил Ерусалим и него го направил главен град. Тој ги проширил и границите на Израел до комплетната граница на земјата која Бог ветил дека ќе им ја даде на потомците на Авраам. За тој период (и за историјата на подоцнежните цареви) можеш да прочиташ во шест историски книги од Библијата. * Тие откриваат дека Давидовиот живот не бил без проблеми. На пример, подлегнувајќи на човечката желба, извршил прељуба со убавата Вирсавија, а потоа направил и други грешни дела со цел да го покрие својот грев. Како Бог на правдата, Јехова не можел едноставно да ја игнорира Давидовата грешка. Но поради Давидовото длабоко каење, Бог не барал казната од Законот круто да се примени; сепак, Давид имал многу фамилијарни проблеми како резултат на своите гревови.

Низ сите овие кризи, Давид го запознал Бог како личност — како некој со чувства. Тој напишал: „Близу е Јехова до сите кои го повикуваат . . . и нивниот повик за помош ќе го чуе“ (Псалм 145:18—20NW). Давидовата искреност и оддаденост јасно се изразени во убавите песни што ги составил, кои сочинуваат околу половина од книгата Псалм. Милиони добиле утеха и охрабрување од оваа поезија. Размисли за Давидовата блискост со Бог, како што е одразено во Псалм 138:1—4: „Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои . . . Уште зборовите не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш“.

Давид особено бил свесен за Божјата спасувачка моќ (Псалм 19:6; 27:9; 33:7, 9; 36:39). Секојпат кога ја доживувал, неговата доверба во Јехова растела. Можеш да видиш доказ за тоа во Псалм 30:5 (NW); 61:8 и 102:9. Или прочитај го Псалм 50 кој го составил Давид откако бил укорен поради гревот со Вирсавија. Колку само е освежувачки да се знае дека можеме без тешкотии да се изразиме пред Творецот, убедени дека тој не е арогантен, туку е понизно спремен да сослуша! (Псалм 17:35; 68:33; 85:1—8). Давид не стекнал такво ценење само преку искуство. „Размислував за сите Твои дела“, напишал тој, „расудував за делата на Твоите раце“ (Псалм 62:6; 142:5).

Јехова склучил посебен завет со Давид за вечно царство. Давид веројатно не го разбирал потполното значење на тој завет, но од поединостите подоцна запишани во Библијата можеме да видиме дека Бог покажал дека ветеното Семе ќе дојде преку Давидовата лоза (2. Царства 7:16).

Мудриот цар Соломон и смислата на животот

Давидовиот син Соломон бил прочуен по својата мудрост. Ние можеме да извлечеме корист од неа ако ги читаме книгите Изреки и Проповедник кои се многу практични * (3. Царства 10:23—25). Вторава книга е од особена помош за луѓе кои бараат смисла во својот живот, токму како што барал и мудриот цар Соломон. Како прв израелски цар роден во царско семејство, Соломон имал пред себе неизмерни можности. Тој презел и величествени градежни проекти, на својата маса имал храна со впечатлива разновидност и уживал музика и друштво на истакнати придружници. Сепак, тој напишал: „Се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете — сѐ беше суета“ (Проповедник 2:3—9, 11). На што укажувало тоа?

Соломон напишал: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот [ова е целата обврска на човекот, NW]; оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13, 14). Во согласност со тоа, Соломон се ангажирал во еден седумгодишен проект на градење на еден славен храм, каде што луѓето можеле да го обожаваат Бог (3. Царства, 6. поглавје).

Со години, Соломоновото владеење било обележано со мир и изобилство (3. Царства 4:20—25). Сепак, неговото срце не се покажало потполно кон Јехова, како што било Давидовото. Соломон зел многу жени туѓинки и дозволил тие да му го наклонат срцето кон нивните богови. Јехова на крајот рекол: „Ќе го одземам царството од тебе . . . едно племе ќе му дадам на синот твој заради Мојот слуга Давида и заради Ерусалим“ (3. Царства 11:4, 11—13).

Трет дел — царството поделено

После смртта на Соломон, во 997 пр. н. е., десет северни племиња се отцепиле. Тие го формирале царството Израел кое Асирците го освоиле во 740 пр. н. е. Царевите во Ерусалим владееле над две племиња. Ова царство, Јуда, траело сѐ додека Вавилонците не го освоиле Ерусалим во 607 пр. н. е. и не ги зеле жителите како заробеници. Јуда 70 години лежела пуста.

Кога Соломон умрел, на власт дошол неговиот син Ровоам кој му го отежнал животот на народот. Тоа довело до побуна при која се отцепиле десет племиња кои станале царството Израел (3. Царства 12:1—4, 16—20). Низ годините, ова Северно царство не се држело за вистинскиот Бог. Народот честопати се клањал пред идоли во облик на златно теле или запаѓал во други облици на лажно обожавање. Некои од царевите биле убиени и нивните династии биле поразени од узурпатори. Јехова покажал голема попустливост, испраќајќи пророци сѐ одново за да ја предупредат нацијата дека, ако продолжи со своето отпадништво, ѝ претстои трагедија. Книгите Осија и Амос ги напишале пророци чии пораки биле сосредоточени на тоа Северно царство. Конечно, во 740 пр. н. е., Асирците ја донеле трагедијата која Божјите пророци ја претскажале.

На југ, 19 последователни цареви од Давидовата куќа владееле над Јуда сѐ до 607 пр. н. е. Царевите Аса, Јосафат, Језекиј и Јосиј владееле како што владеел нивниот прататко Давид, и стекнале Јеховина наклоност (3. Царства 15:9—11; 4. Царства 18:1—7; 22:1, 2; 2. Летописи 17:1—6). Кога овие цареви владееле, Јехова ја благословувал нацијата. The Englishman’s Critical and Expository Bible Cyclopædia забележува: „Возвишениот конзервативен елемент на Ј[уда] бил нејзиниот божествено поставен храм, свештенство, пишан закон и признавањето на единиот вистински Бог Јехова како нејзин вистински теократски цар . . . Таквото придржување кон законот . . . произвело редица цареви која содржела многу мудри и добри монарси . . . Оттука, Ј[уда] ја надживеала својата погусто населена северна сестра“. Оние кои не оделе по патот на Давид биле далеку помногубројни од добрите цареви. Сепак, Јехова така ги уредил работите за ‚светилото на Неговиот слуга Давид да можело да остане во сите дни пред лицето Негово во градот Ерусалим, што го избрал, за да остане засекогаш таму името Негово‘ (3. Царства 11:36).

Движејќи се кон уништување

Манасиј бил еден од царевите на Јуда кој се одвратил од вистинското обожавање. „Го пренесе преку оган синот свој, гаташе и врачаше; си набави извикувачи на мртви и маѓесници и изврши многу неугодни работи пред очите на Господа, за да Го разгневи“ (4. Царства 21:6, 16). Царот Манасиј го завел својот народ ‚да постапува полошо и од оние народи, што Господ ги истреби‘. Откако секогаш одново го предупредувал Манасиј и неговиот народ, Творецот објавил: „Ќе го избришам Ерусалим така, како што се брише сад“ (2. Летописи 33:9, 10; 4. Царства 21:10—13).

Како увод, Јехова допуштил Асирците да го заробат Манасиј и да го одведат како заробеник во бакарни пранги (2. Летописи 33:11). Во изгнанство, Манасиј се вразумил и „длабоко се смири пред [многу се понизи поради, NW] Бога на татковците свои“. Како реагирал Јехова? „[Бог] ја чу молбата негова и го врати во Ерусалим во царството негово. И разбра Манасија дека Господ е Бог.“ Цар Манасиј и неговиот внук, цар Јосија, ги извршиле неопходните реформи. Сепак, нацијата не се одвратила трајно од масовната морална и религиозна деградација (2. Летописи 33:1—20; 34:1—35:25; 4. Царства, 22. поглавје).

Значајно е тоа што Јехова испратил ревносни пророци да го објават неговото гледиште за она што се одвивало. * Јеремија ги раскажал Јеховините зборови: „Од оној ден, кога татковците ваши излегоа од Египетската земја, до денес ги испраќав при вас слугите Свои — пророците, ги испраќав секој ден од рано утро и постојано“. Но луѓето не го слушале Бог. Тие постапувале полошо и од нивните прататковци! (Јеремија 7:25, 26). Тој сѐ одново ги предупредувал ‚зашто Му било жал за Својот народ‘. Сепак, тие одбивале да реагираат. Затоа им дозволил на Вавилонците да го уништат Ерусалим и да ја опустошат земјата во 607 пр. н. е. Таа лежела напуштена 70 години (2. Летописи 36:15, 16; Јеремија 25:4—11).

Ова кратко разгледување на Божјите постапки треба да ни помогне да ја препознаеме Јеховината грижа и праведните постапки со неговата нација. Тој не се држел настрана и не чекал рамнодушно да види едноставно што ќе направи народот. Тој активно се трудел да му помогне. Можеш да сфатиш зошто Исаија рекол: „Господи, Ти си наш Отец . . . Сите сме дело на Твоите раце“ (Исаија 64:8). Спрема тоа, многумина денес се осврнуваат на Творецот како на „Отец“, затоа што тој реагира онака како што би реагирал еден заинтересиран човечки татко полн со љубов. Меѓутоа, тој исто така признава дека мораме да бидеме одговорни за нашиот сопствен правец и неговиот исход.

Откако нацијата доживеала 70-годишен период на заробеништво во Вавилон, Јехова Бог го исполнил своето пророштво да го обнови Ерусалим. Народот бил ослободен и му било дозволено да се врати во својата татковина за ‚да го гради Божјиот дом, кој е во Ерусалим‘ (1. Ездра 1:1—4; Исаија 44:24—45:7). Извесен број библиски книги * зборуваат за таа обнова, за повторното изградување на храмот или за настаните кои следеле. Една од нив, Даниил, е особено интересна затоа што точно прорекла кога ќе се појави Семето, односно Месијата, и претскажала светски настани за нашиот временски период.

Храмот конечно бил повторно изграден, но Ерусалим бил во жалосна состојба. Неговите ѕидови и порти биле куп урнатини. Така, Бог подигнал мажи како Неемија за да ги охрабри и организира Евреите. Една молитва која можеме да ја прочитаме во Неемија 9. поглавје, добро ги резимира Јеховините постапки со Израелците. Го покажува Јехова како „Бог, Кој сака да проштава, добар и милостив, долготрпелив и многумилостив“. Молитвата исто така покажува дека Јехова постапува во согласност со своето совршено начело за правда. Дури и тогаш кога има добра причина да ја примени својата моќ за да спроведе суд, тој е спремен да ја ублажи правдата со љубов. Тоа го прави на еден урамнотежен и восхитувачки начин што изискува мудрост. Јасно, постапките на Творецот со израелската нација би требало да нѐ привлечат кон него и да нѐ мотивираат да бидеме заинтересирани да ја вршиме неговата волја.

Како што заклучува овој дел од Библијата (Стариот завет), Јуда била обновена заедно со својот храм во Ерусалим, но била под паганска власт. Според тоа, како можел да се исполни Божјиот завет со Давид во врска со едно „семе“ (NW) кое требало да владее „засекогаш“ (NW)? (Псалм 88:3, 4; 131:11, 12). Евреите сѐ уште со нетрпение го очекувале појавувањето на „Месијата Водачот“ (NW) кој требало да го ослободи Божјиот народ и на Земјата да воспостави едно теократско Царство (владеано од Бог) (Даниил 9:24, 25). Но, дали тоа била Јеховина намера? Ако не, како ветениот Месија требало да донесе избавување? И како влијае тоа врз нас денес? Следното поглавје ќе ги разгледа овие витални прашања.

[Фусноти]

^ пас. 7 Имињата на библиските книги се со масни букви како помагало за идентификување на нивната содржина.

^ пас. 37 Тоа се 1. Царства, 2. Царства, 3. Царства, 4. Царства, 1. Летописи и 2. Летописи.

^ пас. 42 Тој исто така ја напишал Песна на песните, љубовна песна која ја истакнува лојалноста на една млада жена кон еден понизен овчар.

^ пас. 52 Неколку библиски книги содржат такви инспирирани пророчки пораки. Тоа се Исаија, Јеремија, Плач Јеремиин, Језекиил, Јоил, Михеј, Авакум и Софонија. Книгите Авдиј, Јона и Наум се сосредоточувале на околните народи чии постапки влијаеле врз Божјиот народ.

^ пас. 54 Тие книги на историја и пророштво ги вклучуваат 1. Ездра, Неемија, Естир, Агеј, Захарија и Малахија.

[Рамка на страници 126 и 127]

Чуда — можеш ли да им веруваш?

„Невозможно е да ги користиме електричната струја и радиото, како и современите медицински и хируршки откритија а истовремено да веруваме во Новозаветниот свет на духови и чуда.“ Овие зборови на германскиот теолог Рудолф Бултман го одразуваат она што многу луѓе денес го чувствуваат за чудата. Дали и ти го чувствуваш истото за чудата забележани во Библијата, како што е разделувањето на Црвеното Море од страна на Бог?

The Concise Oxford Dictionary го дефинира изразот „чудо“ како „извонреден настан припишан на некој натприроден застапник“. Таквиот извонреден настан вклучува прекинување на природниот ред, што е причина за тоа зошто многумина не се склони да веруваат во чуда. Меѓутоа, она што се чини како прекршување на еден природен закон може лесно да се објасни во светло на други закони на природата кои се вклучени.

За илустрација, New Scientist известил дека двајца физичари при универзитетот во Токио употребиле едно многу јако магнетно поле на една хоризонтално поставена цевка делумно наполнета со вода. Водата навалувала кон краевите на цевката, оставајќи го средниот дел сув. Феноменот кој бил откриен во 1994 година функционира затоа што водата е слаб дијамагнетик, односно магнетот ја одбива. Утврдениот феномен при кој водата се движи од многу високо кон пониско магнетно поле е наречен Мојсеев ефект. New Scientist забележал: „Лесно е да ја туркаш водата — ако имаш магнет кој е доволно голем. А кога имаш, тогаш скоро сѐ е возможно“.

Се разбира, не може со апсолутна сигурност да се каже кој процес го употребил Бог кога го разделил Црвеното Море за Израелците. Но, Творецот ги знае сите закони на природата до најмал детаљ. Тој лесно можел да контролира одредени аспекти на еден закон употребувајќи некој друг од законите кои тој ги поставил. Резултатот би можел да изгледа чудесен за луѓето, особено ако не ги сфаќаат во потполност законите кои биле вклучени.

Во врска со чудата во Библијата, Акира Јамада, почесен професор на универзитетот Кјото во Јапонија, вели: „Иако е исправно да се каже дека [едно чудо] засега не може да се разбере од гледна точка на науката во која некој е вклучен (или од сегашната состојба на науката), погрешно е да се заклучи дека тоа не се случило, едноставно на темел на авторитетот на напредната современа физика или напредната современа библиологија. Десет години подоцна, денешната современа наука ќе биде наука на минатото. Колку побргу напредува науката толку поголема ќе биде можноста денешните научници да станат мета на шеги, како на пример: ‚Научниците од пред десет години сериозно верувале во тоа и тоа‘“ (Gods in the Age of Science).

Како Творец, кој е во можност да ги координира сите закони на природата, Јехова може да ја користи својата моќ за да прави чуда.

[Рамка на страници 132 и 133]

Љубоморен Бог — во која смисла?

„Јехова, чие име е Љубоморен, тој е љубоморен Бог.“ Овој коментар можеме да го прочитаме во 2. Мојсеева 34:14 (NW), но кое е неговото значење?

Хебрејскиот збор преведен со „љубоморен“ може да значи „да изискува исклучителна оддаденост, да не поднесува никакво ривалство“. Во една позитивна смисла која е од корист за неговите суштества, Јехова е љубоморен во поглед на своето име и обожавање (Језекиил 39:25). Ревноста да го исполни тоа што неговото име претставува значи дека ќе ја спроведе својата намера за човечкиот род.

На пример, размисли за неговиот суд на народот кој живеел во земјата Ханан. Еден изучувач го дава следниов шокантен опис: „Обожавањето на Ваал, Ашторет и на други ханански богови се состоело во најекстравагантни оргии; нивните храмови биле центри на разврат . . . Хананејците обожавале преку оддавање на неморал . . . а потоа преку убивање на своите првородени деца, како жртва за истите овие богови“. Археолозите откриле ќупови кои содржат остатоци од жртвувани деца. Иако Бог ја забележал грешката на Хананејците во времето на Авраам, тој 400 години покажувал стрпливост спрема нив, давајќи им доволно време да се променат (1. Мојсеева 15:16).

Дали Хананејците биле свесни за тежината на својот грев? Па, тие го поседувале човечкиот дар на совест кој правниците го признаваат како универзална основа за моралност и правда (Римјаните 2:12—15). И покрај тоа, Хананејците не попуштиле во своите одвратни жртвувања на деца и омаловажувачки сексуални практики.

Во својата урамнотежена правда, Јехова решил да ја исчисти земјата. Тоа не било геноцид. Имало Хананејци кои биле поштедени — и поединци како што е Раав и цели групи како што се Гаваонците, кои доброволно ги прифатиле Божјите високи морални мерила (Исус Навин 6:24; 9:3—15). Раав станала алка во царската генеологија која водела до Месијата, а потомците на Гаваонците биле привилегирани да служат во Јеховиниот храм (Исус Навин 9:27; 1. Ездра 8:20; Матеј 1:1, 5—16).

Како резултат на тоа, кога човек ја бара целосната и јасна слика темелена на факти, полесно може да се види Јехова како еден прекрасен и праведен Бог, љубоморен на еден добар начин што им користи на неговите верни суштества.

[Слика на страница 123]

Творецот ослободил еден поробен народ и го употребил за да ја изврши својата намера

[Слика на страница 129]

Древната израелска нација дошла во еден заветен однос со Творецот, на гората Синај

[Слика на страница 130]

Држењето на неспоредливите закони на Творецот му помогнало на неговиот народ да ужива во Ветената земја

[Слика на страница 136]

Можеш да ја посетиш областа јужно од ерусалимскиот ѕид каде што бил сместен главниот град на цар Давид