Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што можеш да научиш за Творецот од една книга?

Што можеш да научиш за Творецот од една книга?

Седмо поглавје

Што можеш да научиш за Творецот од една книга?

ВЕРОЈАТНО се согласуваш дека една информативна и интересна книга има вистинска вредност. Библијата е таква книга. Во неа наоѓаш пленувачки животни приказни кои изложуваат високи морални вредности. Исто така, наоѓаш живописни илустрации на важни вистини. Еден од нејзините писатели, кој бил познат по мудроста, рекол дека ‚се трудел да најде убави изреки и точно да ги запише зборовите на вистината‘ (Проповедник 12:10).

Книгата на која се осврнуваме како „Библија“, всушност, е збир од 66 помали книги напишани во распон од повеќе од 1.500 години. На пример, помеѓу 1513 и 1473 пр. н. е., Мојсеј ги напишал првите пет книги, почнувајќи со 1. Мојсеева. Јован, еден од Исусовите апостоли, бил последен од библиските писатели. Тој ја напишал животната историја на Исус (Евангелието по Јован), како и пократки писма и книгата Откровение која се појавува како последна книга во повеќето Библии.

Во текот на 1.500 години од Мојсеј до Јован, околу 40 поединци учествувале во пишувањето на Библијата. Тие биле искрени и побожни мажи кои сакале да им помогнат на другите да учат за нашиот Творец. Од нивните списи можеме да стекнеме увид во Божјата личност и да учиме како можеме да му угодиме. Библијата, исто така, ни овозможува да разбереме зошто злобата изобилува и како ќе ѝ биде ставен крај. Библиските писатели укажувале на време кога човечкиот род ќе живее подиректно под Божјето владетелство, опишувајќи некои од восхитувачките услови кои можеме тогаш да ги уживаме (Псалм 36:10, 11; Исаија 2:2—4; 65:17—25; Откровение 21:3—5).

Веројатно сфаќаш дека многумина ја отфрлаат Библијата како древна книга на човечка мудрост. Меѓутоа, милиони луѓе се убедени дека Бог е нејзиниот вистински Автор, дека тој ги водел мислите на нејзините писатели (2. Петрово 1:20, 21). Како можеш да одредиш дали она што го напишале библиските писатели навистина е од Бог?

Па, постојат неколку заеднички видови докази кои би можел да ги разгледаш. Многу поединци го сториле тоа пред да заклучат дека Библијата е повеќе отколку само една човечка книга, дека е од натчовечки извор. Ајде да го илустрираме тоа само со еден вид докази. Правејќи го тоа, можеме да научиме повеќе за Творецот на нашиот универзум, Изворот на човечкиот живот.

Предвидувања кои се обистиниле

Доста голем број библиски писатели запишале пророштва. Далеку од тоа да тврделе дека лично можеле да ја претскажуваат иднината, тие писатели му ја дале заслугата на Творецот. На пример, Исаија го идентификувал Бог како Оној кој ‚го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот‘ (Исаија 1:1; 42:8, 9; 46:8—11). Способноста да претскажува настани кои требало да се случат децении или дури и векови во иднината, го обележува Богот на Исаија како единствен; тој не е ништожен идол, како оние кои луѓето ги обожавале во минатото и сега. Пророштвото ни дава убедливи докази дека Библијата не е со човечко авторство. Разгледај како книгата на Исаија го потврдува тоа.

Кога ќе се спореди содржината на Исаија со историските податоци, се открива дека книгата била напишана околу 732 пр. н. е. Исаија прорекол дека врз жителите на Ерусалим и Јуда ќе дојде несреќа затоа што биле виновни за пролевање крв и за идолско обожавање. Исаија прорекол дека земјата ќе биде опустошена, Ерусалим и неговиот храм уништени, а преживеаните однесени во ропство во Вавилон. Но Исаија, исто така, прорекол дека Бог нема да го заборави заробениот народ. Книгата прорекла дека еден странски цар по име Кир ќе го освои Вавилон и ќе ги ослободи Евреите за да се вратат во нивната татковина. Всушност, Исаија го опишува Бог како оној „Кој вели за Кира: ‚Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја и ќе му рече на Ерусалим: „Ти ќе бидеш одново изграден!“ и на храмот „ти ќе бидеш основан!“‘“ (Исаија 2:8; 24:1; 39:5—7; 43:14; 44:24—28; 45:1).

Во времето на Исаија, осмиот век пр. н. е., таквите предвидувања можеби изгледале неверојатни. Во тоа време, Вавилон не бил дури ни значајна воена сила. Бил подложен на постоечката светска сила на тоа време, Асирската Империја. Подеднакво чудна била и идејата дека еден подјармен народ кој бил изгнан во една далечна земја, би можел да биде ослободен и да си ја поврати својата земја. „Кој слушал такво нешто?“ напишал Исаија (Исаија 66:8).

Сепак, што наоѓаме ако отидеме два века подоцна? Подоцнежната историја на древните Евреи докажала дека Исаииното пророштво се исполнило во детали. Вавилон навистина станал моќен и го уништил Ерусалим. Името на персискиот цар (Кир), неговото подоцнежно освојување на Вавилон и враќањето на Евреите се прифатени факти во историјата. Овие проречени детали толку прецизно се исполниле што, во 19 век, критичарите тврделе дека Исаиината книга била измама; тие всушност рекле: ‚Можеби Исаија ги напишал првите поглавја, но еден подоцнежен писател од времето на Цар Кир го измислил остатокот од книгата за да изгледа како пророштво‘. Некој би можел да дава такви порекнувачки тврдења, но кои се фактите?

Вистински предвидувања?

Предвидувањата во книгата на Исаија не се ограничени само на настани кои го вклучуваат Кир и еврејските изгнаници. Исаија ја прорекол и конечната ситуација на Вавилон, и неговата книга дала многу детали и за претстојниот Месија, односно Избавител кој требало да страда, а потоа да биде прославен. Можеме ли да утврдиме дали таквите предвидувања биле напишани долго време однапред и, како резултат на тоа, дека биле пророштва кои требало да се исполнат?

Размисли за оваа точка. Во врска со конечната ситуација на Вавилон, Исаија напишал: „Вавилон, украсот на царствата, гордост на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род“ (Исаија 13:19, 20; поглавје 47). Како всушност завршиле работите?

Факт е дека Вавилон долго време зависел од еден комплициран иригационен систем на брани и канали помеѓу реките Тигар и Еуфрат. Изгледа дека околу 140 пр. н. е. тој воден систем бил оштетен при уништувачкото партско освојување, и во основа пропаднал. Со каков ефект? The Encyclopedia Americana објаснува: „Почвата станала заситена со минерални соли и над површината се формирала кора од алкали поради што користењето за земјоделство било невозможно“. Околу 200 години подоцна, Вавилон сѐ уште бил густо населен град, но не останал многу долго како таков. (Спореди 1. Петрово 5:13.) До третиот век н. е., историчарот Дио Касиј (о. 150—235 н. е.) опишал еден посетител на Вавилон кој не нашол ништо друго освен „тумби, камења и урнатини“ (LXVIII, 30). Значајно е тоа што дотогаш Исаија бил мртов, а комплетната негова книга веќе со векови била во оптек. И ако денес го посетиш Вавилон, ќе видиш само урнатини од тој некогаш славен град. Иако древни градови како што се Рим, Ерусалим и Атина преживеале до денешен ден, Вавилон останал пуст, ненаселен, куп урнатини — токму онаков како што прорекол Исаија. Предвидувањето се обистинило.

Ајде сега да се сосредоточиме на Исаииниот опис за претстојниот Месија. Според Исаија 52:13, овој посебен Божји слуга на крајот ‚ќе се воздигне и возвеличи‘. Меѓутоа, следното поглавје (Исаија 53) прорекло дека пред неговото возвеличување, Месијата ќе претрпи едно изненадувачки поинакво искуство. Можеби ќе се зачудиш од поединостите кои се запишани во тоа поглавје, кое нашироко е признато како месијанско пророштво.

Како што можеш таму да прочиташ, Месијата требало да биде презрен од своите сонародници. Сигурен дека такво нешто ќе се случи, Исаија го напишал тоа како веќе да се случило: „Он беше презрен и понизен меѓу луѓето“ (стих 3). Таквото лошо постапување ќе било сосема неоправдано затоа што Месијата требало да прави добро за народот. „Ги зеде врз Себе нашите болки“ е начинот како Исаија ги опишал делата на лечење на Месијата (стих 4). И покрај тоа, Месијата требало да биде изведен на суд и неправедно осуден додека останал нем пред своите обвинители (стих 7, 8). Требало да дозволи да биде предаден за да биде убиен покрај криминалци; во текот на неговото погубување, телото требало да му биде прободено (стихови 5, 12, NW). И покрај тоа што требало да умре како криминалец, ќе бил погребан како богат човек (стих 9). Освен тоа, Исаија секогаш одново наведувал дека неправедната смрт на Месијата ќе има искупителна моќ, покривајќи ги гревовите на другите луѓе (стихови 5, 8, 11, 12).

Сето тоа се обистинило. Историите запишани од Исусовите современици — Матеј, Марко, Лука и Јован — потврдуваат дека она што Исаија го прорекол всушност и се случило. Некои од настаните се случиле после Исусовата смрт, така што тој не можел да манипулира со ситуацијата (Матеј 8:16, 17; 26:67; 27:14, 39—44, 57—60; Јован 19:1, 34). Севкупното исполнување на Исаииното месијанско пророштво низ вековите имало моќен учинок врз искрени библиски читатели, вклучувајќи и некои кои порано не го прифаќале Исус. Изучувачот Вилијам Урвик забележува: „Многу Евреи, пишувајќи ја причината на своето преобраќање кон христијанството, признале дека проучувањето на ова поглавје [Исаија 53] е тоа што ја потресло нивната вера во старото верување и во учителите“ (The Servant of Jehovah). *

Урвик го дал тој коментар кон крајот на 1800-тите години, кога некои можеби сѐ уште се сомневале во тоа дали Исаија, поглавје 53, било напишано со векови пред Исусовото раѓање. Меѓутоа, откритијата оттогаш наваму во суштина отстраниле секаква основа за сомневање. Во 1947, еден бедуински пастир открил еден древен свиток на целата книга на Исаија во близината на Мртвото Море. Стручњаците за древно пишување одредиле дека датумот на свитокот е од 125 до 100 пр. н. е. Потоа, во 1990, една анализа на свитокот со јаглерод 14 одредил датум помеѓу 202 и 107 пр. н. е. Да, овој познат свиток на Исаија веќе бил доста стар кога се родил Исус. Што открива неговото споредување со современите Библии?

Ако го посетиш Ерусалим, можеш да видиш фрагменти од свитоците од Мртвото Море. Една снимка од археологот професор Јигаел Јадин, објаснува: „Не поминале повеќе од околу пет или шест стотини години од времето кога вистинските зборови на Исаија биле изговорени и кога овој свиток бил препишан во вториот век пр. Хр. Иако оригиналниот свиток во музејот е преку 2.000 години стар, зачудувачки е тоа колку е точен со Библијата која ја читаме денес — било на хебрејски или на преводите кои се направени од оригиналот“.

Јасно е дека тоа треба да влијае врз нашето гледиште. Гледиште во врска со што? Па, тоа треба да отстрани секакви критички сомневања дека книгата на Исаија не е ништо друго, туку пророштво напишано после настанок. Сега постои научен доказ дека еден примерок од списите на Исаија бил направен повеќе од сто години пред Исус воопшто да се роди и долго време пред опустошувањето на Вавилон. Оттука, како може да постои некакво сомневање дека списите на Исаија го предвиделе и конечниот исход на Вавилон и неправедните страдања, видот на смртта и постапувањето со Месијата? И историските факти отстрануваат секаква основа за оспорување дека Исаија точно го предвидел заробеништвото на Евреите и нивното ослободување од Вавилон. Таквите исполнети предвидувања сочинуваат само еден од многуте видови докази дека вистинскиот Автор на Библијата е Творецот и дека Библијата е ‚од Бога вдахновена‘ (2. Тимотеј 3:16).

Постојат многу други укажувања за божественото авторство на Библијата. Тие ја вклучуваат астрономската, геолошката и медицинската точност на Библијата; внатрешната хармонија на нејзините книги, напишани од мноштво мажи низ период од многу стотици години; нејзината согласност со многу факти од световната историја и археологија, како и нејзиниот морален кодекс кој ги надминувал кодексите на околните народи од тие времиња и кој сѐ уште е признат како таков на кој му нема рамен. Овие и други видови докази увериле безброј марливи и чесни луѓе дека Библијата автентично е книга од нашиот Творец. *

Тоа исто така може да ни помогне да извлечеме некои полноважни заклучоци за Творецот — што ќе ни помогне да ги видиме неговите особини. Зарем неговата способност да гледа напред во времето не сведочи за тоа дека има перцептивни способности над оние што ги имаме ние луѓето? Човекот не знае што ќе се случи во далечната иднина ниту, пак, може да ја контролира. Творецот може. Тој може и да ја предвиди иднината и да ги уреди настаните така за да се спроведе неговата волја. Соодветно на тоа, Исаија го опишува Творецот како Оној кој ‚го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па вели: „Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно — ќе го направам“‘ (Исаија 46:10; 55:11).

Подобро да се запознае Авторот

Кога се запознаваме со некоја друга личност, разговараме со неа и гледаме како таа реагира во различни околности. Двете работи се возможни кога се запознаваме со луѓето, но како е со запознавањето со Творецот? Воопшто не би можеле да се вклучиме во директен разговор со него. Но, како што утврдивме, тој открива многу за себеси во Библијата — како по она што го кажал така и по тоа како постапувал. Оваа единствена книга всушност нѐ поканува да негуваме еден однос со Творецот. Таа нѐ поттикнува: „Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“ (Јаков 2:23; 4:8).

Размисли за овој основен чекор: Ако сакаш некому да му бидеш пријател, секако дека би го научил неговото име. Па, кое е името на Творецот, и што открива неговото име за него?

Хебрејскиот дел од Библијата (честопати наречен Стар завет) ни го дава единственото име на Творецот. Во древните ракописи тоа е претставено со четири хебрејски согласки кои можат да се транскрибираат како ЈХВХ. Името на Творецот се појавува околу 7.000 пати, многу почесто отколку титулите како што се Бог или Господ. Оние кои ја читале хебрејската Библија многу векови го користеле тоа лично име. Но, со текот на времето, многу Евреи развиле суеверен страв да го изговараат божественото име и затоа не го зачувале неговиот изговор.

„Оригиналниот изговор на крајот изумрел; современите обиди да се врати се темелат на претпоставки“, забележува еден еврејски коментар за 2. Мојсеева. Како што е познато, не можеме да бидеме сигурни како Мојсеј го изговарал божественото име кое го наоѓаме во 2. Мојсеева 17:15. Сепак, искрено речено, кој денес би се чувствувал обврзан да се обиде да го изговори Мојсеевото или Исусовото име со точниот глас и интонација што се користеле тогаш кога тие оделе по Земјата? Сепак, не се воздржуваме од тоа да се осврнуваме на Мојсеј и на Исус по име. Поентата е, наместо да бидеме претерано загрижени околу тоа како еден древен народ кој зборувал друг јазик точно го изговарал Божјето име, зошто да не го користиме изговорот што е вообичаен во нашиот јазик? На пример, во македонскиот јазик, името „Јехова“ се користи со години и сѐ уште е нашироко прифатено како име на Творецот.

Но, има нешто што е позначајно од деталите за изговорот на името. Тоа е неговото значење. На хебрејски, името е причински облик од глаголот хава́х, што значи „да настане“ или „да се покаже“ (1. Мојсеева 27:29; Проповедник 11:3, обата NW). The Oxford Companion to the Bible го дава значењето „,тој предизвикува‘ или ‚ќе предизвика да настане‘“. Според тоа, можеме да кажеме дека личното име на Творецот дословно значи „Тој предизвикува да настане“. Забележи, нагласокот не е на активноста на Творецот во далечното минато, како што некои можеби имале на ум кога го користеле терминот „Прва Причина“. Зошто не?

Затоа што божественото име е поврзано со она што Творецот има намера да го направи. Во основа, постојат само две состојби на хебрејските глаголи, а онаа која е вклучена во името на Творецот „означува дејства . . . како во процес на развој. Не го изразува самото траење на дејствието . . . туку неговиот развој од неговиот почеток до неговото довршување“ (A Short Account of the Hebrew Tenses). Да, според неговото име, Јехова се открива себеси дека е активен како наумител. На тој начин учиме дека — со прогресивно дејство — тој станува Исполнител на ветувањата. Многумина увидуваат дека е задоволувачки и смирувачки да знаат дека Творецот секогаш ги исполнува своите намери.

Неговата намера — твојата намера

Иако Божјето име одразува намера, на многу луѓе им е тешко да видат вистинска намера во нивното сопствено постоење. Тие го набљудуваат човечкиот род како се тетерави од една криза во друга — војни, природни катастрофи, епидемии на болести, сиромаштија и криминал. Дури и привилегираните малкумина кои некако избегнуваат такви штетни последици, честопати признаваат дека ги мачат сомневања за иднината и за смислата на нивниот живот.

Библијата го дава следниов коментар: „Физичкиот свет беше подложен на фрустрација, не по сопствена желба, туку по волјата на Творецот, кој правејќи го таков, му дал надеж дека еден ден можеби ќе биде ослободен . . . и доведен да ја дели славната слобода на децата Божји“ (Римјаните 8:20, 21, The New Testament Letters од Џ. В. К. Ванд). Извештајот во 1. Мојсеева покажува дека луѓето некогаш биле во мир со нивниот Творец. Како одговор на човечкото лошо однесување, Бог праведно го ставил човечкиот род во ситуација која, на некој начин, создала фрустрација. Да видиме како се развило тоа, што покажува тоа за Творецот и што можеме да очекуваме за иднината.

Според таа пишана историја, која на многу начини се покажала дека може да се потврди, првите луѓе кои биле создадени се викале Адам и Ева. Извештајот покажува дека не биле оставени да трагаат без никаква цел или упатства во врска со Божјата волја. Како што би направил за своето потомство дури секој обѕирен човечки татко кој е полн со љубов, така Творецот му дал на човечкиот род корисни упатства. Тој им рекол: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата“ (1. Мојсеева 1:28).

Според тоа, првите луѓе имале смисловна цел во животот. Тоа вклучувало да се грижат за Земјината екологија и Земјината топка да ја обезбедат со одговорно население. (Спореди Исаија 11:9.) Никој не може со право да го обвини Творецот за сегашнава состојба на нашава загадена планета, како да им дал на луѓето изговор да ја експлоатираат и уништуваат Земјината топка. Зборот „овладува“ не бил некаква дозвола за експлоатација. Тоа подразбирало да ја обработуваат и да се грижат за планетата која им била доверена на луѓето за да управуваат со неа (1. Мојсеева 2:15). Освен тоа, тие би имале трајна иднина за исполнување на таа смисловна задача. Нивниот изглед да не умираат е во согласност со фактот дека човекот има капацитет на мозокот кој далеку го надминува она што може во потполност да го употреби во животен век од 70, 80, па дури и 100 години. Мозокот бил наменет да се користи до недогледно време.

Јехова Бог, како продуцент и режисер на своето творештво, им дал на луѓето слобода во поглед на тоа како би ја исполниле неговата намера со Земјата и човечкиот род. Тој ниту барал премногу ниту, пак, бил претерано ограничувачки. На пример, на Адам му го дал она кое за еден зоолог би било уживање — задачата да ги проучува и да им даде име на животните. Откако Адам ги набљудувал нивните карактеристики, им дал имиња, од кои многу биле описни (1. Мојсеева 2:19). Ова е само еден пример за тоа како луѓето би можеле да ги користат своите таленти и способности во согласност со Божјата намера.

Можеш да сфатиш дека мудриот Творец на целиот универзум лесно можел да ја држи под контрола секоја ситуација на Земјата, дури и кога луѓето би избрале еден неразумен или штетен правец. Историскиот извештај нѐ информира дека Бог му дал само една ограничувачка заповед на Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17).

Таа заповед изискувала човечкиот род да го признае Божјето право да биде слушан. Луѓето од времето на Адам па сѐ до нашево време морале да го прифатат Законот за гравитација и да живеат во согласност со него: би било неразумно и штетно да се прави поинаку. Тогаш, зошто требало луѓето да одбиваат да живеат во согласност со еден друг закон, односно заповед од добротворниот Творец? Творецот јасно ги кажал последиците од одбивањето на неговиот закон, но сепак на Адам и Ева им го дал изборот доброволно да го послушаат. Во извештајот од раната историја на човекот лесно може да се уочи дека Творецот им допушта на луѓето слобода на избор. Сепак, тој сака неговите суштества да бидат крајно среќни, што е природен резултат од живеењето во согласност со добрите закони што тој ги дава.

Во едно од претходните поглавја, забележавме дека Творецот создал интелигентни суштества кои не можат да се видат — духовни суштества. Историјата на човековиот почеток открива дека еден од тие духови станал обземен со идејата да ја приграби Божјата положба. (Спореди Језекиил 28:13—15.) Тој ја злоупотребил слободата на изборот која Бог ја дава и ги наговорил првите луѓе на она кое мораме да го наречеме отворен бунт. Преку една пркосна постапка на директна непослушност — тоа што јаделе од „дрвото за познавање на доброто и на злото“ — првата двојка побарала независност од Божјата влада. Но, и повеќе од тоа, нивниот пат открил дека тие ја зазеле страната на тврдењето дека Творецот го лишува човекот од нешто добро. Тоа било исто како Адам и Ева да барале сами да одлучуваат што е добро а што лошо — без разлика каква била проценката на нивниот Создател.

Колку само неразумно би било извесни мажи и жени да одлучат дека не им се допаѓа Законот за гравитација и да постапуваат спротивно на него! Исто толку неразумно било што Адам и Ева ги одбиле моралните мерила на Творецот. Секако дека луѓето би требало да очекуваат негативни последици од кршењето на Божјиот основен закон кој изискува послушност, исто како што доаѓаат штетни последици врз оној кој го занемарува Законот за гравитација.

Историјата ни кажува дека Јехова тогаш презел акција. Во „денот“ кога Адам и Ева ја отфрлиле волјата на Творецот, почнале да одат низбрдо кон својата смрт, токму онака како што Бог однапред предупредил. (Спореди 2. Петрово 3:8.) Тоа открива уште еден аспект од личноста на Творецот. Тој е Бог на правда кој не ја игнорира колебливо бесрамната непослушност. Тој има и поддржува мудри и праведни начела.

Доследен на своите извонредни особини, тој од милост не му ставил веднаш крај на човечкиот живот. Зошто? Тоа било поради грижата за потомството на Адам и Ева, кое не било ни зачнато и кое не било директно одговорно за грешниот пат на своите предци. Божјата загриженост за допрва зачнатиот живот ни говори за тоа каков е Творецот. Тој не е немилосрден судија без чувства. Наместо тоа, тој е справедлив, спремен да му даде прилика на секого, и покажува почитување спрема светоста на човечкиот живот.

Тоа не значи дека натамошните човечки генерации ќе ги уживаат истите восхитувачки околности како и првата двојка. Со тоа што Творецот му дозволил на Адамовото потомство да стапи на сцена, „физичкиот свет бил подложен на фрустрација“. Сепак, тоа не било тотална фрустрација или безнадежност. Сети се, во Римјаните 8:20, 21 исто така стои дека Творецот „му дал надеж дека еден ден можеби ќе биде ослободен“. Тоа е нешто за кое треба да сакаме повеќе да дознаеме.

Можеш ли да го најдеш?

Непријателот кој ја навел првата човечка двојка на побуна, во Библијата е означен како Сатана Ѓаволот, што значи „Противник“ и „Клеветник“. Во пресудата донесена врз тој главен подбуцнувач на побуна, Бог го жигосал како непријател, но поставил една основа за идните луѓе да имаат надеж. Бог рекол: „Ставам непријателство меѓу тебе [Сатана] и жената и меѓу родот твој [семето твое, NW] и породот нејзин [семето нејзино, NW]. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1. Мојсеева 3:15). Очигледно, тоа е симболичен, односно илустративен јазик. Што значи тоа кога се вели дека требало да дојде некое „семе“?

Други делови од Библијата фрлаат светлина врз тој стих кој подбудува интерес. Тие покажуваат дека тоа е поврзано со фактот што Јехова живее во согласност со своето име и ‚станува‘ она што е потребно за да ја исполни својата намера за луѓето на Земјата. Правејќи го тоа, тој користел еден посебен народ. Историјата на неговите постапки со тој древен народ сочинува еден значаен дел од Библијата. Ајде накратко да ја разгледаме таа важна историја. Со тоа можеме повеќе да научиме за особините на нашиот Творец. Навистина, можеме да научиме многу непроценливи работи за него ако натаму ја испитаме книгата која му ја дал на човечкиот род, Библијата.

[Фусноти]

^ пас. 19 Спореди Дела 8:26—38, каде што се цитира Исаија 53:7, 8.

^ пас. 23 За детали во врска со потеклото на Библијата, види ја брошурата Книга за сите луѓе и книгата Библијата — Реч Божја или човечка? издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 107]

Со векови подоцна откако Библијата го прорекла тоа, моќниот Вавилон станал пуста урнатина, а таков останал до денешен ден

[Слики на страница 110]

Овој свиток на Исаија, препишан во вториот век пр. н. е., бил пронајден во една пештера во близината на Мртвото Море. Во детали прорекол настани што се случиле стотици години откако бил напишан

[Слика на страница 115]

Ова писмо напишано на парче глина на древен хебрејски јазик било откопано во Лахис. Божјето име (види стрелки) се појавува двапати, покажувајќи дека името на Творецот било познато и било во општа употреба

[Слика на страница 117]

Исак Њутн го формулирал Законот за гравитација. Законите на Творецот се разумни и за наше добро е ако соработуваме со нив