Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што може да го осмисли твојот живот?

Што може да го осмисли твојот живот?

Прво поглавје

Што може да го осмисли твојот живот?

ДАЛИ си сонувал да уживаш еден подобар живот, било во твоето домашно подрачје или во некој тропски рај? Порано или подоцна, повеќето од нас сме го сонувале тоа.

Во 1891 година, францускиот уметник Пол Гоген отишол во Француска Полинезија за да пронајде еден таков живот. Но, набргу се соочил со реалноста. Неговото развратно минато му донело болест и страдање како за него самиот така и за другите. Чувствувајќи дека смртта му се приближува, тој го насликал она што е опишано како „конечна потврда на уметничката сила“. Книгата Paul Gauguin 1848-1903—The Primitive Sophisticate вели: „Спектарот на човечката активност опфатен со сликата се протега низ целиот живот, од раѓањето до смртта . . . Тој го толкувал животот како една голема мистерија“.

Гоген ја нарекол сликата „Од каде доаѓаме? Што сме? Каде одиме?“ *

Овие прашања можеби звучат познато. Многу луѓе кои размислуваат, ги поставуваат. Откако го забележал човековиот научен и технички напредок, еден уредник на The Wall Street Journal напишал: „Размислувајќи за самиот човек, за неговите дилеми, за неговото место во овој универзум, не сме отишле многу подалеку од почетокот на времето. Сѐ уште ни остануваат прашањата за тоа кои сме, зошто сме и каде одиме“.

Навистина, некои луѓе се преокупирани со грижата околу своето семејство, заработување за живот, патување или други лични интереси затоа што не знаат за друга смисла во животот. Алберт Ајнштајн еднаш рекол: „Човек кој го смета својот живот за бесмислен, не е само несреќен туку и едвај погоден за живот“. Во согласност со таквото размислување, некои настојуваат да внесат смисла во својот живот ангажирајќи се во уметноста, научното истражување или хуманитарни напори за да се спречи страдањето. Дали познаваш некои такви лица?

Разбирливо е што се појавуваат основни прашања во врска со смислата на животот. Колку ли родители откако ќе видат како детето умира од маларија или од некоја друга болест, се прашуваат: Зошто такво страдање? Дали тоа има смисла? Слични прашања збунуваат многу млади мажи и жени кои ги набљудуваат сиромаштијата, болестите и неправдата. Бруталните војни честопати ги наведуваат луѓето да се прашуваат дали може да има смисла во животот.

Дури и да не си доживеал такви јадови, можеби ќе се согласиш со професор Фриман Дајсон, кој рекол: „Го делам мислењето на многу почитувани луѓе кога повторно ги поставувам прашањата кои [библискиот лик] Јов ги поставил. Зошто страдаме? Зошто светот е толку неправеден? Која е целта на болката и трагедијата?“ Можеби и ти ги посакуваш одговорите.

Наоѓањето задоволувачки одговори секако дека многу би значело. Еден професор кој ги поднел ужасите на концентрациониот логор Аушвиц, забележал: „Нема ништо на светов . . . што би му помогнало на човек толку успешно да ги преживее дури и најлошите услови од спознанието дека во неговиот живот има смисла“. Тој мислел дека дури и нечие ментално здравје е поврзано со таа потрага по смислата.

Низ вековите, многумина побарале одговори преку религијата. Откако Гаутама (Буда) видел болен човек, стар човек и мртов човек, тој побарал просветлување, односно смисла во религијата, но без верување во Бог кој е личност. Други се свртеле кон својата црква.

Но, како е со луѓето денес? Многумина се сосредоточуваат на науката, отфрлајќи ги религијата и „Бог“ како ирелевантни. „Колку повеќе напредува науката“, коментира Religion and Atheism, „толку помалку изгледа дека има простор за Бог. Бог станал едно Раселено лице.“

Да се може без Творец — зошто?

Всушност, тенденцијата да се отфрли религијата или Бог има корења во филозофиите на луѓето кои го нагласувале чистиот разум. Чарлс Дарвин мислел дека „природната селекција“ подобро го објаснува живиот свет отколку што го прави тоа постоењето на Творец. Сигмунд Фројд поучувал дека Бог е илузија. Гледиштето дека ‚Бог е мртов‘ се протега од времето на Фридрих Ниче па сѐ до денешен ден. Ориенталните филозофии се слични. Учителите на будизмот веруваат дека нема потреба да се знае за Бог. Што се однесува до шинтоизмот, професор Тецуо Јамаори навел дека „боговите не се ништо друго освен луѓе“.

Иако изобилува скептицизмот за постоењето на Творец, сепак дали е оправдан? Веројатно знаеш примери на ‚научни факти‘ кои преовладувале во минатото, но кои со тек на време биле докажани како сосема погрешни. Со векови преовладувале гледиштата како што се: ‚Земјата е рамна‘ и ‚Целиот универзум се врти околу нашата Земјина топка‘, но ние сега знаеме дека не е така.

Што е со подоцнежните научни идеи? На пример, Дејвид Хјум, филозоф од 18 век — не прифаќајќи го постоењето на Творец — не можел да даде објаснување за комплексниот биолошки дизајн на Земјата. Дарвиновата теорија го предложила начинот како се развиле животните облици, но не објаснила како започнал животот или каква смисла има тој за нас.

Како резултат на тоа, многу научници како и лаици чувствуваат дека нешто недостига. Научните теории можат да се обидат да објаснат како? но клучните прашања се сосредоточуваат на зошто? Погодени се дури и луѓе кои се одгледувани во средина каде што се верува во Творец. Една млада студентка по историја која е од Европа, рекла: „За мене Бог е мртов. Кога навистина би постоел, не би имало таква збрка во светот: невини луѓе гладуваат; животинските видови изумираат . . . Идејата за Творец е бесмислица“. Со оглед на условите на Земјата, многумина не можат да разберат зошто еден Творец — со претпоставка дека постои — не ги промени работите на подобро.

Сепак, мораме да признаеме дека причината поради која многумина го отфрлаат постоењето на Творец е тоа што не сакаат да веруваат. „Дури и кога Бог лично би ми кажал дека морам да го променам својот живот“, еден европски индустријалец му рекол на еден вработен, „јас пак не би го сторил тоа. Сакам да го живеам својот живот како што мене ми се допаѓа.“ Јасно, некои чувствуваат дека признавањето на авторитетот на еден Творец би се судрувало со нивната слобода или со начинот на живот кој тие го претпочитаат. Тие можеби изјавуваат: ‚Јас верувам само во она што го гледам, а не можам да видам никаков невидлив Творец‘.

Освен прашањето зошто некои поединци ‚можеле и без Творецот‘, прашањата во врска со животот и неговата смисла и понатаму остануваат. Откако човекот почнал да ја истражува вселената, теологот Карл Барт бил запрашан за овој технолошки триумф. Тој рекол: „Тоа не решава ниеден од проблемите кои ме држат буден навечер“. Денес човекот лета во вселената и брзо се движи во киберпросторот. Сепак, луѓето кои размислуваат ја увидуваат потребата да се има цел, нешто што дава смисла на нивниот живот.

Ги покануваме сите оние кои имаат отворен ум, да ја разгледаат оваа тема. Книгата Belief in God and Intellectual Honesty забележува дека оној кој поседува „интелектуална чесност“ се карактеризира со „спремност да го испита она во кое верува дека е вистинито“ и „да посвети доволно внимание на други достапни докази“.

Во темата за која ќе дискутираме, таквите „достапни докази“ можат да ни помогнат да видиме дали постои Творец зад животот и универзумот. И ако постои Творец, каков би можел да биде Тој? Дали Творецот би имал личност која се поистоветува со нашиот живот? Ваквото наше разгледување може да фрли светлина врз тоа како нашиот живот може да стане уште посмисловен и понаградувачки.

[Фуснота]

^ пас. 5 D’où venons-nous? Que sommes-nous? Où allons-nous?

[Слика на целата страница 4]

[Слика на страница 6]

Сликата на Гоген покренала прашања во врска со смислата на животот