Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова Бог е во својот свет храм

Јехова Бог е во својот свет храм

Осмо поглавје

Јехова Бог е во својот свет храм

Исаија 6:1—13

1, 2. а) Кога ја добива пророкот Исаија визијата за храмот? б) Зошто цар Озиј ја изгубил наклоноста од Јехова?

 „ВО ОНАА година кога умре царот Озиј, Го видов Господа како седи на висок и возвишен престол. Скутовите на Неговата плаштеница го исполнуваа Храмот“ (Исаија 6:1). Со овие зборови на пророкот започнува 6. поглавје од книгата Исаија. Годината е 778 пр.н.е.

2 Педесет и двегодишното владеење на Озиј како цар на Јуда претставувало, во најголемиот дел, брилијантен успех. Правејќи го она „што е право во Господовите очи“, тој уживал Божја поддршка во своите воени, градежни и земјоделски потфати. Но, неговиот успех довел и до негова пропаст. На крајот, срцето му станало гордо, ‚та му изневерил на Господа, својот Бог, зашто влегол во Господовиот Храм, и почнал да принесува темјан‘. Поради овој дрзок чин и поради јароста што ја покажал кон свештениците кои го прекориле, Озиј умрел лепрозен (2. Летописи 26:3—22). Некаде ова време Исаија започнал со својата пророчка служба.

3. а) Дали Исаија дословно го видел Јехова? Објасни. б) Каква сцена набљудува Исаија, и од која причина?

3 Не ни е кажано каде служи Исаија кога ја гледа визијата. Но, јасно е дека она што го гледа со своите физички очи е визија, а не дословна глетка на Семоќниот, бидејќи „ниеден човек никогаш не го видел Бог“ (Јован 1:18; Излез 33:20). Сепак, да се види Творецот, Јехова, дури и во визија, е величествена глетка. Седнат на возвишен престол, што ја симболизира неговата улога на вечен Цар и Судија, тој е Универзалниот Владетел и Изворот на секоја праведна влада! Скутовите на неговиот долг лелеав плашт го исполнуваат храмот. Исаија е повикан на пророчка служба што ќе ја велича суверената моќ и правда на Јехова. За да биде подготвен за ова, ќе му биде дадена визија на Божјата светост.

4. а) Зошто мора да се симболични описите на Јехова што се видени во визија и што се запишани во Библијата? б) Што се учи за Јехова од визијата на Исаија?

4 Исаија не опишува како изгледа Јехова во визијата што ја гледа — за разлика од визиите за кои известиле Езекиел, Даниел и Јован. Сите овие извештаи варираат во однос на она што било видено на небото (Езекиел 1:26—28; Даниел 7:9, 10; Откровение 4:2, 3). Меѓутоа, мора да се има на ум природата и целта на овие визии. Тие не се буквален опис на присутноста на Јехова. Физичкото око не може да го види она што е духовно ниту, пак, ограничениот човечки ум може да го сфати духовното подрачје. Според тоа, визиите ги изнесуваат со човечки поими информациите што треба да се пренесат. (Спореди Откровение 1:1.) Во визијата на Исаија не е неопходно да се опише како изгледа Бог. Визијата го информира Исаија дека Јехова е во својот свет храм и дека е свет, а неговите судови се чисти.

Серафимите

5. а) Кои се серафимите, и што значи тој поим? б) Зошто серафимите го кријат своето лице и нозе?

5 Слушај! Исаија продолжува: „Над Него стоеја серафимите; секој имаше по шест крила: две крила за да го засолни лицето, две крила за нозете, а со две крила леташе“ (Исаија 6:2). Исаија 6. поглавје е единственото место во Библијата каде што се спомнати серафими. Очигледно, тие се ангелски суштества во служба на Јехова, кои по предностите и по честа се рангирани многу високо со тоа што се распоредени околу небесниот престол на Јехова. За разлика од гордиот цар Озиј, својата положба ја заземаат со потполна понизност и скромност. Поради тоа што се во присутноста на небесниот Суверен, своето лице го покриваат со еден пар крилја; а со длабока почит кон светото место, ги покриваат нозете со друг. Во близина на Универзалниот Суверен, серафимите се прават себеси уште понезабележливи за да не го одвлечат вниманието од славата што ја има Бог лично. Поимот „серафими“, што значи „огнени“ или „вжарени“, укажува дека тие зрачат сјај, а сепак, го кријат лицето од поголемата блескавост и слава на Јехова.

6. Каква е положбата на серафимите во однос на Јехова?

6 Серафимите го користат својот трет пар крилја за летање и, без сомнение, за да лебдат, односно да ‚стојат‘ на своите места. (Спореди Второзаконие 31:15.) Што се однесува до нивната положба, професор Франц Делич коментира: „Серафимите всушност не би се издигнале над главата на Оној што седел на престолот, туку лебделе над плаштот што му припаѓал Нему, а со кој бил исполнета салата“ (Коментар кон Стариот завет). Ова изгледа разумно. Тие ‚стојат над‘, не како да се супериорни над Јехова, туку како такви што чекаат на него, послушни и спремни да служат.

7. а) Каква задача исполнуваат серафимите? б) Зошто серафимите трипати ја објавуваат Божјата светост?

7 Сега, слушни ги овие привилегирани серафими! „Си велеа еден на друг: ‚Свет! Свет! Свет е Господ над Воинствата! Сета земја е полна со Неговата слава!‘“ (Исаија 6:3). Нивна задача е да се грижат да се објави светоста на Јехова и да се признае неговата слава во универзумот, чијшто дел е и Земјата. Неговата слава се гледа во сѐ што создал тој и наскоро ќе ја увидат сите жители на Земјата (Броеви 14:21; Псалм 19:1—3; Хабакук 2:14). Трикратната објава ‚Свет! Свет! Свет!‘ не е доказ за тројство. Напротив, таа претставува трикратно нагласување на Божјата светост. (Спореди Откровение 4:8.) Јехова е свет во најголем можен степен.

8. Каков е резултатот од објавите на серафимите?

8 Иако не е спомнат бројот на серафимите, можеби има групи од серафими распоредени близу престолот. Во мелодична песна, тие ја повторуваат едни по други објавата на Божјата светост и слава. Каков резултат забележуваме? Слушни повторно додека Исаија продолжува: „Од грмливите гласови на оние кои воскликнуваа се стресоа довратниците на праговите, а Домот се исполни со дим“ (Исаија 6:4). Во Библијата, димот или облакот честопати даваат видлив доказ за Божјата присутност (Излез 19:18; 40:34, 35; 1. Цареви 8:10, 11; Откровение 15:5—8). Тој означува слава на која ние како човечки суштества не можеме да ѝ пристапиме.

Недостоен, а сепак очистен

9. а) Каков впечаток остава визијата врз Исаија? б) Каков контраст е очигледен меѓу Исаија и цар Озиј?

9 Оваа визија на престолот на Јехова остава длабок впечаток врз Исаија. Тој запишува: „Реков: ‚Тешко мене, пропаднав, зашто сум човек со нечисти усни, живеам во народ со нечисти усни, а моите очи Го видоа Царот, Господ над Војските!‘“ (Исаија 6:5). Каков само остар контраст помеѓу Исаија и цар Озиј! Озиј ја приграбил положбата на помазаното свештенство и со крајно непочитување упаднал во Светиот оддел на храмот. Иако Озиј ги видел златните свеќници, златниот олтар за темјан и масите за „лебот на Присутноста“, не го видел Јеховиното лице на одобрување ниту добил од него некаков посебен налог (1. Цареви 7:48—50; NW со референции, фуснота). Од друга страна, пак, пророкот Исаија не го игнорира свештенството ниту се огрешува кон храмот. Сепак, тој гледа визија на Јехова во неговиот свет храм и почестен е со директен налог од Бог. Додека серафимите не се осмелуваат да гледаат во востоличениот Господар на храмот, на Исаија му е дозволено, во визија, да гледа во „Царот, Господ над Војските!“

10. Зошто Исаија чувствува страв додека ја гледа визијата?

10 Контрастот што Исаија го гледа помеѓу Божјата светост и својата сопствена грешност прави тој да се чувствува многу нечист. Исполнет со страв, заклучува дека ќе умре (Излез 33:20). Слуша како серафимите го слават Бог со чисти усни, а неговите сопствени се нечисти и додатно извалкани со нечистотата на усните на народот среде кој живее и чијшто говор го слуша. Јехова е свет, па така и неговите слуги мораат да ја одразуваат таа особина (1. Петрово 1:15, 16). Иако Исаија веќе е избран како Божји говорник, го погодува тоа што сфаќа дека е во грешна состојба и дека му недостигаат чисти усни што би му прилегале на еден говорник на славниот и свет Цар. Каква ќе биде реакцијата од небото?

11. а) Што прави еден од серафимите, и што симболизира оваа постапка? б) Како медитирањето за она што серафимот му го кажува на Исаија може да ни помогне кога се чувствуваме недостојни како Божји слуги?

11 Наместо да го протераат безначајниот Исаија од Јеховината присутност, серафимите прават нешто за да му помогнат. Извештајот наведува: „Еден од серафимите долета кон мене: во рацете имаше жар што го зеде со клешти од жртвеникот; се допре со неа до мојата уста и рече: ‚Еве, ги допре твоите усни, вината ти е симната и гревот очистен [искупен, NW]‘“ (Исаија 6:6, 7). Во симболична смисла, огнот има моќ на прочистување. Кога го става жарот од светиот оган на олтарот врз усните на Исаија, серафимот го уверува Исаија дека неговите гревови се искупени до онаа мера што е неопходна за да му овозможи да ја прими Божјата наклоност и налог. Колку само ова ни ја обновува довербата! И ние сме грешни и недостојни да му пристапиме на Бог. Но откупени сме со заслугата на Исусовата откупна жртва и можеме да ја примиме Божјата наклоност и да му пристапиме во молитва (2. Коринќаните 5:18, 21; 1. Јованово 4:10).

12. Каков жртвеник гледа Исаија, и какво е дејството на огнот?

12 Спомнувањето на „жртвеникот“ повторно нѐ потсетува дека ова е визија. (Спореди Откровение 8:3; 9:13.) Во храмот во Ерусалим имало два жртвеника. Веднаш пред завесата на Најсветата светиња бил малиот жртвеник за темјан, а пред влезот на светилиштето имало голем жртвеник за жртви, каде што огнот постојано се одржувал (Левит 6:12, 13; 16:12, 13). Но овие земни жртвеници биле симболични, претставувале поголеми работи (Евреите 8:5; 9:23; 10:5—10). Оган од небото било тоа што го голтнало палениот принос врз жртвеникот кога цар Соломон го инаугурирал храмот (2. Летописи 7:1—3). А сега, оган од вистинскиот, небесен жртвеник ја отстранува нечистотата од усните на Исаија.

13. Кое прашање го поставува Јехова, и кого вклучува тој кога вели „нашата“?

13 Ајде да слушаме со Исаија. „Тогаш го чув Господовиот глас: ‚Кого да испратам? И кој ќе ја однесе нашата порака?‘ Јас реков: ‚Еве ме, испрати ме мене!‘“ (Исаија 6:8). Прашањето што Јехова го поставува јасно е наменето за да извлече одговор од Исаија, бидејќи во визијата не се појавува ниту еден друг човечки пророк. Тоа е несомнено покана за Исаија да биде гласник на Јехова. Но, зошто Јехова прашува: „Кој ќе ја однесе нашата порака?“ Со тоа што се префрла од прво лице еднина на прво лице множина, Јехова сега вклучува покрај себе најмалку уште едно лице. Кого? Не е ли тоа неговиот единороден Син кој подоцна станал човекот Исус Христос? Навистина, ова бил истиот Син кому Бог му рекол: „Да направиме човек според Нашиот лик“ (Битие 1:26; Пословици 8:30, 31). Да, неговиот единороден Син е покрај Јехова во небесните дворови (Јован 1:14).

14. Како реагира Исаија на поканата од Јехова, и каков пример дава тој за нас?

14 Исаија не се колеба да се одѕвие! Без оглед на тоа каква би можела да биде пораката, тој веднаш одговара: „Еве ме, испрати ме мене!“ Не ни прашува што би можел да добие ако ја прифати доделбата. Неговиот спремен дух е одличен пример за сите денешни Божји слуги кои го имаат налогот да ја проповедаат ‚добрата вест за царството по целата населена земја‘ (Матеј 24:14). Како и Исаија, тие верно се држат за својата доделба и им даваат „сведоштво на сите нации“ и покрај нашироко распространетата апатија. И тие одат напред со доверба, како Исаија, знаејќи дека нивниот налог има највисоко овластување.

Налогот на Исаија

15, 16. а) Што треба Исаија да му каже на „овој народ“ и каков ќе биде неговиот одѕив? б) Дали реакцијата на народот се должи на некоја грешка од страна на Исаија? Објасни.

15 Јехова сега во кратки црти изложува што треба Исаија да каже и каков ќе биде одѕивот: „Отиди и речи му на тој народ: ‚Со уши ќе слушате [секогаш одново, NW], но нема да разбирате, и со очите ќе гледате [секогаш одново, NW], но нема да видите.‘ Закорави му го срцето на овој народ, заглуши му ги ушите, заслепи му ги очите, да не гледа со очите, да не слуша со ушите и да не разбира со срцето, и да не се обрати и да не се излекува“ (Исаија 6:9, 10). Дали ова значи дека Исаија треба да биде груб и нетактичен и да ги одбие Евреите, држејќи ги во несогласие со Јехова? Апсолутно не! Евреите се народот на Исаија, кон кого тој чувствува наклоност. Но, зборовите на Јехова укажуваат како ќе реагира народот на неговата порака, сеедно колку верно Исаија ја исполнува својата задача.

16 Кривицата е во народот. Исаија ќе зборува со нив „секогаш одново“, но тие нема да ја прифатат пораката ниту ќе стекнат разбирање. Мнозинството од нив ќе бидат тврдоглави и апатични, како да се потполно слепи и глуви. Со тоа што повеќе пати ќе оди кај нив, Исаија ќе му дозволи на „овој народ“ да покаже дека не сака да разбере. Тие ќе докажат дека го затвораат умот и срцето пред пораката на Исаија за нив — пред Божјата порака. Колку само ова важи за луѓето денес! Толку многу од нив одбиваат да ги слушаат Јеховините сведоци додека тие ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство што доаѓа.

17. На што мисли Исаија кога прашува „До кога?“

17 Исаија е загрижен: „Јас реков: ‚До кога, о Господи?‘ Тој ми одговори: ‚Додека не запустат градовите и не останат без жители, додека куќите не бидат без никој жив, и додека земјата не стане пустина, додека Господ не ги протера луѓето далеку. Тешко истребување ќе ја погоди земјата‘“ (Исаија 6:11, 12). Со тоа што прашува „До кога?“, Исаија не прашува до кога ќе мора да продолжи да му проповеда на овој апатичен народ. Напротив, загрижен е за народот и прашува до кога ќе биде во јадна духовна состојба и до кога Јеховиното име ќе биде срамотено на Земјата. (Види Псалм 74:9—11.) Според тоа, до кога ќе постои оваа бесмислена ситуација?

18. До кога ќе потрае јадната духовна состојба на народот, и дали Исаија ќе доживее да го види целосното исполнување на пророштвото?

18 За жал, одговорот од Јехова покажува дека јадната духовна состојба на народот ќе потрае сѐ додека во потполност не се исполнат последиците од непослушноста кон Бог, кои се изнесени во неговиот сојуз (Левит 26:21—33; Второзаконие 28:49—68). Нацијата ќе отиде во пропаст, народот ќе биде депортиран, а земјата ќе лежи опустошена. Исаија нема да доживее да види како вавилонската војска го уништува Ерусалим и неговиот храм во 607 пр.н.е, иако ќе пророкува преку 40 години, сѐ до владеењето на правнукот на цар Озиј, Езекија. Сепак, Исаија верно ќе го врши својот налог сѐ до својата смрт, повеќе од 100 години пред да ѝ се случи таа несреќа на нацијата.

19. Иако нацијата ќе биде соборена како дрво, какво уверување му дава Бог на Исаија?

19 Уништувањето што ќе ја остави Јуда како „пустина“ сигурно ќе дојде, но ситуацијата не е безнадежна (2. Цареви 25:1—26). Јехова го уверува Исаија: „А во неа сѐ уште ќе биде десетти дел, и таа мора повторно да стане нешто за изгорување, како големо дрво и како огромно дрво од кои, кога ќе се исечат, останува пенушка; едно свето семе ќе биде пенушката од неа“ (Исаија 6:13NW). Да, ќе остане „десетти дел . . . едно свето семе“, исто како што останува пенушката од едно соборено огромно дрво. Ова уверување, дека ќе се најде еден свет остаток од неговиот народ, без сомнение, го утешува Исаија. Иако нацијата доживува да ја изгорат повторно, како едно големо дрво отсечено за огрев, ќе остане една витална пенушка од симболичното дрво на Израел. Таа ќе биде семе, или потомство, што е свето за Јехова. Со текот на времето, ќе пушти подници, и дрвото повторно ќе израсне. (Спореди Јов 14:7—9; Даниел 4:26.)

20. Како првобитно се исполнил последниот дел од пророштвото на Исаија?

20 Дали зборовите од пророштвото се обистиниле? Да. Седумдесет години по опустошувањето на земјата Јуда, еден богобојазлив остаток се вратил од изгнанството во Вавилон. Тие одново го изградиле храмот и градот, и го обновиле вистинското обожавање во земјата. Ова враќање на Евреите во својата од Бог дадена татковина го овозможило второто исполнување на ова пророштво што му го дал Јехова на Исаија. Што требало да биде тоа? (Езра 1:1—4).

Други исполнувања

21-23. а) На кого се исполнило пророштвото на Исаија во првиот век, и како? б) Кој бил ‚светото семе‘ во првиот век, и како било зачувано тоа?

21 Пророчката задача на Исаија била навестување за делото што Месијата, Исус Христос, требало да го изврши околу 800 години подоцна (Исаија 8:18; 61:1, 2; Лука 4:16—21; Евреите 2:13, 14). Иако поголем од Исаија, Исус бил исто толку спремен да биде испратен од својот небесен Татко, велејќи: „Еве, дојдов да ја вршам твојата волја“ (Евреите 10:5—9; Псалм 40:6—8).

22 Како и Исаија, Исус верно го извршил делото што му било доделено и наишол на истата реакција. Евреите во времето на Исус не биле многу поспремни да ја прифатат пораката од оние на кои им проповедал пророкот Исаија (Исаија 1:4). Илустрациите биле одлика на Исусовата служба. Ова ги навело неговите ученици да прашаат: „Зошто им зборуваш во илустрации?“ Исус одговорил: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на небесното царство, но на тие луѓе не им е дадено. Затоа им зборувам во илустрации, зашто гледајќи, залудно гледаат и, слушајќи, залудно слушаат ниту, пак, ја сфаќаат смислата на тоа; и на нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‚Слушајќи, ќе чуете, но никако нема да ја сфатите смислата на тоа; и гледајќи, ќе гледате, но никако нема да видите. Зашто срцето на овој народ станало неприемливо, и со ушите чуле, но без да се оѕвијат, и ги затвориле очите; за никогаш да не гледаат со очите и со ушите да не слушаат и да не ја сфатат смислата со срцето, па да се обратат и да ги излекувам‘“ (Матеј 13:10, 11, 13—15; Марко 4:10—12; Лука 8:9, 10).

23 Цитирајќи од Исаија, Исус покажал дека пророштвото се исполнило во неговото време. Народот во целина имал став на срцето сличен на оној на Евреите од времето на Исаија. Се направиле себеси слепи и глуви за неговата порака и, исто како и тие, се соочиле со уништување (Матеј 23:35—38; 24:1, 2). Ова се случило кога римските сили под генерал Тит дошле против Ерусалим во 70 н.е. и го разурнале градот и неговиот храм. Сепак, некои го слушале Исус и станале негови ученици. Исус ги прогласил нив за „среќни“ (Матеј 13:16—23, 51). Тој ги информирал дека кога ќе го видат „Ерусалим опколен од улогорени војски“ треба да „бегаат во планините“ (Лука 21:20—22). На тој начин ‚светото семе‘, кое практикувало вера и кое било оформено во духовна нација, „Израелот Божји“, било спасено * (Галатите 6:16).

24. Како го применил Павле пророштвото на Исаија, и на што укажува ова?

24 Околу 60 н.е., апостол Павле се нашол во куќен притвор во Рим. Таму тој уредил да има состанок со „водечките луѓе меѓу Евреите“, како и со некои други, и им дал „темелно сведоштво за Божјето царство“. Кога многумина не ја прифатиле неговата порака, Павле објаснил дека со тоа се исполнило пророштвото од Исаија (Дела 28:17—27; Исаија 6:9, 10). Значи, Исусовите ученици спровеле налог што можел да се спореди со оној на Исаија.

25. Што увидуваат современите Сведоци на Бог, и како реагираат?

25 На сличен начин, Јеховините сведоци денес увидуваат дека Јехова Бог е во својот свет храм (Малахија 3:1). Како Исаија, тие велат: „Еве ме, испрати ме мене!“ Ревно ја разгласуваат предупредувачката порака за претстојниот крај на овој зол систем на работи. Но, како што укажал Исус, релативно мал број луѓе ќе ги отворат своите очи и уши за да видат и да чујат, и да бидат спасени (Матеј 7:13, 14). Навистина, среќни се оние што го наклонуваат своето срце за да слушаат и ‚да се излекуваат‘! (Исаија 6:8, 10).

[Фуснота]

^ Во 66 н.е., како реакција на бунтот на Евреите, римските сили под Цестиј Гал го опколиле Ерусалим и продреле во градот дури до ѕидините на храмот. Потоа се повлекле, овозможувајќи им на Исусовите ученици да побегнат во планините на Переја пред Римјаните да се вратат во 70 н.е.

[Прашања]

[Слика на страница 94]

„Еве ме, испрати ме мене!“

[Слика на страница 97]

„Додека не запустат градовите и не останат без жители“