Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова Бог има милост кон еден остаток

Јехова Бог има милост кон еден остаток

Шесто поглавје

Јехова Бог има милост кон еден остаток

Исаија 4:2—6

1, 2. Што претскажува пророкот Исаија во врска со Јуда и Ерусалим?

 МНОГУ силна луња се спушта врз еден густо населен регион. Силни ветрови, поројни дождови и голема поплава ја пустошат земјата, уништувајќи домови, нанесувајќи штета на посевите и одземајќи животи. Но, наскоро луњата поминува, и настапува период на спокојство. За оние што преживеале, настапува време на обнова и изградба.

2 Пророкот Исаија претскажува нешто слично во врска со Јуда и Ерусалим. Луњавите облаци на божествениот суд злокобно се приближуваат — и тоа со добра причина! Вината на нацијата е тешка. И владетелите и народот ја исполниле земјата со неправда и крвопролевање. Преку Исаија, Јехова ја разоткрива вината на Јуда и предупредува дека Тој ќе изврши суд над таа деликвентна нација (Исаија 3:24). Како последица од оваа луња, земјата Јуда ќе биде потполно опустошена. Таквиот изглед мора да го разжалостува Исаија.

3. Каква добра вест содржи инспирираната порака од Исаија 4:2—6?

3 Но, има една добра вест! Луњата на Јеховиниот праведен суд ќе помине, и еден остаток ќе преживее. Да, Јеховиниот суд над Јуда ќе биде ублажен со милост! Инспирираната порака на Исаија запишана во Исаија 4:2—6 нѐ пренесува во ова благословено време. Како сонцето да избива од зад облаците, сцената се префрла од глетките и звуците на суд — опишани во Исаија 2:6 до 4:1 — на една прекрасна обновена земја и народ.

4. Зошто би требало да го разгледаме пророштвото на Исаија за обновата на еден остаток?

4 Пророштвото на Исаија во врска со обновувањето на еден остаток и со неговата подоцнежна безбедност исто така се исполнува во нашево време — „во завршниот дел од деновите“ (Исаија 2:2—4NW). Ајде да ја разгледаме оваа навремена порака, бидејќи таа не само што има пророчко значење туку и нѐ поучува за Јеховината милост и за тоа како можеме ние како поединци да ја добиеме.

,Подникнувањето од Јехова‘

5, 6. а) Како го опишува Исаија мирољубивото време што следи по претстојната бура? б) Што значи терминот „подник“, и на што укажува тој во врска со земјата Јуда?

5 Тонот на гласот на Исаија станува потопол додека тој зад претстојната бура гледа помирно време. Тој пишува: „Во тој ден, она што Јехова прави да подникне [„подникнувањето (подникот) од Јехова“, фуснота] ќе биде за украс и за слава, и плодот на земјата ќе биде нешто на кое може да се биде горд и нешто убаво за оние од Израел кои избегаа“ (Исаија 4:2NW со референции).

6 Исаија овде зборува за обнова. Хебрејската именка преведена со „подник“ се однесува на ‚она што никнува, фиданка, гранка‘. Тоа е поврзано со благосостојба, пораст и благослови од Јехова. На тој начин, Исаија црта слика на надеж — опустошувањето кое сѐ повеќе наближува нема да трае засекогаш. Со благослов од Јехова, некогаш напредната земја Јуда повторно ќе донесува изобилен плод * (Левит 26:3—5).

7. На кој начин подникнувањето од Јехова „ќе биде за украс и за слава“?

7 Исаија користи живописни термини за да ја опише величественоста на преобразувањето кое лежи во иднина. Подникнувањето од Јехова „ќе биде за украс и за слава“. Зборот „украс“ потсетува на убавината на Ветената земја кога Јехова, со векови пред тоа, му ја дал на Израел. Таа била толку убава што ја сметале за „украс [„скапоцен камен“, New American Bible] на сите земји“ (Езекиел 20:6СП). На тој начин, зборовите на Исаија го уверуваат народот дека земјата Јуда ќе биде обновена до нејзината поранешна слава и убавина. Навистина, ќе биде како совршен скапоцен камен на Земјата.

8. Кој ќе може да ужива во обновената убавина на земјата, и како ги опишува Исаија нивните чувства?

8 Меѓутоа, кој ќе биде таму за да ужива во обновената убавина на земјата? „Оние од Израел кои избегаа“, пишува Исаија. Да, некои ќе го преживеат понижувачкото уништување што е претскажано претходно (Исаија 3:24, 25). Еден остаток од преживеани ќе се врати во Јуда и ќе учествува во нејзиното обновување. За овие повратници — „избеганите“ — изобилниот род на нивната обновена земја ќе стане „нешто на кое може да се биде горд и нешто убаво“ (Исаија 4:2NW со референции, фуснота). Пониженоста од опустошувањето ќе му го отстапи патот на обновеното чувство на гордост.

9. а) Што се случува во 537 пр.н.е. во исполнување на зборовите на Исаија? б) Зошто може да се рече дека „избеганите“ вклучуваат некои од оние што се родиле во изгнанство? (Види ја фуснотата.)

9 Верно на зборовите на Исаија, луњата на судот пристигнала во 607 пр.н.е. кога Вавилонците го уништиле Ерусалим и многу Израелци изгинале. Некои преживеале и биле одведени во изгнанство во Вавилон, но да не била Божјата милост, воопшто ќе немало преживеани (Неемија 9:31). На крајот, Јуда била оставена потполно опустошена (2. Летописи 36:17—21). Потоа, во 537 пр.н.е., Богот на милоста дозволил „избеганите“ да се вратат во Јуда со цел да го обноват вистинското обожавање * (Езра 1:1—4; 2:1). Длабокото каење на овие вратени изгнаници е убаво изразено во Псалм 137, кој веројатно бил напишан за време на заробеништвото или кратко потоа. Кога се вратиле во Јуда, тие почнале да ја обработуваат земјата и да сеат семе. Замисли си како мора да се чувствувале кога виделе дека Бог ги благословува нивните напори, предизвикувајќи земјата да пушта никулци како плодната ‚Еденска градина‘! (Езекиел 36:34—36).

10, 11. а) На кој начин биле Библиските студенти во заробеништво на „Големиот Вавилон“ во почетокот на 20 век? б) Како го благословил Јехова остатокот од духовни Израелци?

10 Слична обнова настапила и во нашево време. Во почетокот на 20 век, Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, потпаднале под духовно ропство на „Големиот Вавилон“, светската империја на лажната религија (Откровение 17:5). Иако имале отфрлено голем број лажни религиозни учења, Библиските студенти сѐ уште биле извалкани со извесни вавилонски идеи и обичаи. Како резултат на противењето поттикнато од свештенството, некои од нив биле дословно затворени. Нивната духовна земја — нивниот религиозен, односно духовен посед — останала опустошена.

11 Но, во пролетта 1919, Јехова имал милост кон овој остаток од духовни Израелци (Галатите 6:16). Тој го видел нивното покајание и нивната желба да го обожаваат во вистина, па затоа предизвикал да бидат ослободени од дословниот затвор и, што е уште поважно, од духовното заробеништво. Овие ‚избегани‘ се вратиле на својот од Бог даден духовен имот, на којшто тој предизвикал сѐ да расте изобилно. Овој духовен имот имал пријатен, атрактивен изглед кој привлекол милиони други богобојазливи луѓе да му се придружат на остатокот во вистинското обожавање.

12. Како зборовите на Исаија ја величаат милоста што Јехова ја има кон својот народ?

12 Зборовите на Исаија овде ја величаат милоста што Бог ја има кон својот народ. Иако Израелците како нација се свртиле против Јехова, тој имал милост кон еден покајнички остаток. Ние можеме да извлечеме утеха знаејќи дека дури и оние што сериозно згрешиле можат со надеж да се вратат кај Јехова. Покајниците не треба да чувствуваат дека не можат да ја добијат милоста од Јехова, бидејќи тој не отфрла срце што се кае (Псалм 51:17). Библијата нѐ уверува: „Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многу милостив. Како што таткото ги милува синовите, така Господ ги милува оние, кои се бојат од Него“ (Псалм 103:8, 13). Сигурно, таков милосрден Бог ја заслужува сета наша фалба!

Еден остаток станува свет за Јехова

13. Како што е забележано во Исаија 4:3, како го опишува Исаија остатокот на кој Јехова ќе му покаже милост?

13 Веќе видовме кој е остатокот на кој Јехова ќе му покаже милост, но сега Исаија го опишува подетално. Тој пишува: „И мора да се случи, на оние што остануваат на Сион и на оние што се оставени во Ерусалим да им се каже да бидат свети за него, секој запишан за живот во Ерусалим“ (Исаија 4:3NW).

14. Кои се „оние што остануваат“ и „оние што се оставени“, и зошто Јехова ќе има милост кон нив?

14 Кои се „оние што остануваат“ и „оние што се оставени“? Тоа се избеганите спомнати во претходниот стих — еврејските изгнаници на кои ќе им биде дозволено да се вратат во Јуда. Сега Исаија покажува зошто Јехова ќе има милост кон нив — тие ќе „бидат свети за него“. Светост значи „религиозна чистота или незагаденост, посветеност“. Човек да биде свет значи да биде чист, или незагаден во зборовите и во постапките, да биде во склад со Јеховините мерила за она што е правилно и исправно. Да, Јехова ќе има милост кон оние што се „свети за него“ и ќе им дозволи да се вратат во „светиот град“, Ерусалим (Неемија 11:1).

15. а) На кој еврејски обичај нѐ потсетува изразот „запишан за живот во Ерусалим“? б) Какво отрезнувачко предупредување содржат зборовите на Исаија?

15 Дали овој верен остаток ќе остане таму? Тие ќе бидат ‚запишани за живот во Ерусалим‘, ветува Исаија. Ова нѐ потсетува на еврејскиот обичај внимателно да се водат регистри за фамилиите и племињата на Израел (Неемија 7:5). Ако човек е запишан во еден регистар значи дека е жив, бидејќи кога ќе умре, името му се отстранува. Во други делови од Библијата читаме за симболичен регистар, или книга што ги содржи имињата на оние што Јехова ги наградува со живот. Но, во оваа книга имињата се запишани условно, бидејќи Јехова може да ги ‚избрише‘ (Излез 32:32, 33; Псалм 69:28). Според тоа, зборовите на Исаија содржат едно отрезнувачко предупредување — повратниците можат и понатаму да живеат во својата обновена земја само ако останат свети во Божји очи.

16. а) Што бара Јехова од оние на кои им дозволил да се вратат назад во Јуда во 537 пр.н.е.? б) Зошто може да се рече дека милоста на Јехова кон помазаниот остаток и кон ‚другите овци‘ не е залудна?

16 Во 537 пр.н.е., остатокот што се вратил во Ерусалим го сторил тоа со чист мотив — да го обнови вистинското обожавање. Ниеден што бил загаден со пагански религиозни обичаи или со нечисто однесување, против кое Исаија толку силно предупредил, немал право да се врати (Исаија 1:15—17). Само оние што Јехова ги сметал за свети можеле да се вратат назад во Јуда (Исаија 35:8). На сличен начин, од своето ослободување од духовното заробеништво во 1919, помазаниот остаток, сега во придружба на милиони „други овци“ — оние со надеж за вечен живот на Земјата — дава сѐ од себе за да биде свет во Божји очи (Јован 10:16). Тој се ослободил од вавилонските науки и обичаи. Секој поединечно настојува да се придржува кон Божјите високи мерила за морал (1. Петрово 1:14—16). Милоста на Јехова кон нив не е залудна.

17. Чии имиња ги запишува Јехова во својата ‚книга на животот‘, и што треба да бидеме решени да правиме?

17 Сети се дека Јехова ги забележал оние во Израел што биле свети и дека ‚ги запишал нивните имиња за живот‘. Денес, исто така, Јехова ги забележува нашите настојувања да бидеме чисти во мислите и во телото додека ‚ги принесуваме своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог‘ (Римјаните 12:1). И сите што следат таков правец во животот, Бог ги запишал во својата ‚книга на животот‘ — фигуративен запис што ги содржи имињата на оние што треба да добијат вечен живот, било на небото било на Земјата (Филипјаните 4:3; Малахија 3:16). Тогаш, да го сториме најдоброто што можеме за да останеме свети во Божји очи, бидејќи тогаш ќе можеме да ги задржиме нашите имиња во таа драгоцена ‚книга‘ (Откровение 3:5).

Ветување за љубезна грижа

18, 19. Според Исаија 4:4, 5, какво очистување ќе изврши Јехова, и како ќе се постигне тоа?

18 Како следно, Исаија покажува како ќе станат свети жителите на обновената земја и какви благослови ги чекаат. Тој вели: „Кога Јехова ќе го испере изметот на ќерките на Сион и ќе го исплакне дури и крвопролевањето на Ерусалим од неговата внатрешност со духот на суд и со духот на потполно изгорување, Јехова сигурно ќе создаде над секое втемелено место на планината Сион и над нејзиното соборно место, облак дење и чад, и сјајот на распламтен оган ноќе; бидејќи над сета таа слава ќе има засолниште“ (Исаија 4:4, 5NW).

19 Пред тоа Исаија ги укорил „ќерките на Сион“, чијашто морална расипаност била скриена зад нивните нападни украси. Тој исто така ја разоткрил вината за крв на народот воопшто, поттикнувајќи го да се измие (Исаија 1:15, 16; 3:16—22). Меѓутоа, овде тој гледа на времето кога Бог лично ќе го „испере изметот“, односно моралната гнасотија, и ќе ги ‚очисти крвавите дамки‘ (Исаија 4:4, New International Version). Како ќе биде извршено ова очистување? Со „духот на суд“ и со „духот на потполно изгорување“. Претстојното уништување на Ерусалим и изгнанството во Вавилон ќе бидат јаки налети на Божјиот суд и вжарен гнев врз една нечиста нација. Остатокот што ќе ги преживее овие несреќи и ќе се врати дома, ќе биде понизен, пречистен. Токму затоа ќе бидат свети за Јехова и ќе добијат милост. (Спореди Малахија 3:2, 3.)

20. а) На што потсетуваат изразите „облак“, „чад“ и „распламтен оган“? б) Зошто ќе нема причина прочистените изгнаници да се плашат?

20 Јехова преку Исаија ветува дека ќе го земе овој очистен остаток под својата љубезна грижа. Изразите „облак“, „чад“ и „распламтен оган“ потсетуваат на тоа како Јехова се грижел за Израелците откако тие го напуштиле Египет. ‚Огнен и облачен столб‘ ги заштитувал од Египќаните кои ги гонеле; исто така ги водел во пустелијата (Излез 13:21, 22; 14:19, 20, 24). Кога Јехова се покажал на планината Синај, планината била „завиткана во дим“ (Излез 19:18). Значи, очистените изгнаници нема зошто да се плашат. Јехова ќе биде нивниот Заштитник. Тој ќе биде со нив било да се собираат во своите домови било да се состануваат на свети собори.

21, 22. а) За која цел луѓето честопати граделе сеница, или колиба? б) Каква иднина е поставена пред очистениот остаток?

21 Исаија го завршува својот опис на божествената заштита така што се сосредоточува на секојдневниот живот. Тој пишува: „Ќе има шатор [сеница, NW] за да засенува дење од припек, штит и засолниште од пороен дожд и од бура“ (Исаија 4:6). Честопати луѓето граделе сеница, или колиба во лозје или на поле за да се обезбеди многу потребното засолниште од горештото сонце во сушните сезони и од студот и од луњите во дождовните сезони. (Спореди Јона 4:5.)

22 Кога е соочен со спржувачката жега на прогонството и со луњите на противењето, за очистениот остаток Јехова ќе биде Извор на заштита, сигурност и прибежиште (Псалм 91:1, 2; 121:5). Со тоа пред нив е поставена една убава иднина: Ако ги остават нечистите верувања и обичаи од Вавилон, ако се подложат на очистувањето на Јеховиниот суд и настојуваат да останат свети, тие ќе останат безбедни, како да се во една „сеница“ на божествена заштита.

23. Зошто Јехова го благословува помазаниот остаток и неговите придружници?

23 Забележи дека прво доаѓа очистувањето, а потоа благословите. Така е и во нашево време. Уште во 1919, помазаниот остаток понизно се подложил на пречистување и Јехова ја ‚испрал‘ неговата нечистота. Оттогаш наваму, „големо мноштво“ од други овци исто така дозволило да биде очистено од Јехова (Откровение 7:9). Така очистени, остатокот и неговите придружници биле благословени — Јехова ги зел под своја заштитничка грижа. Тој не спречил со чудо врз нив да дојдат жегата на прогонството или луњите на противењето. Сепак, ги заштитувал, како да подигал над нив ‚сеница за да ги засенува и засолниште од пороен дожд‘. Како?

24. Од каде се гледа дека Јехова го благословил својот народ како организација?

24 Разгледај го следново: Некои од најмоќните влади во историјата го забраниле проповедничкото дело на Јеховините сведоци или се обиделе да ги елиминираат комплетно. Сепак, Сведоците останале цврсти и продолжиле да проповедаат без отстапување! Зошто не можеле моќни нации да ја запрат активноста на оваа релативно мала и навидум беспомошна група луѓе? Затоа што Јехова ги ставил своите чисти слуги во „сеница“ на заштита која ниту еден човек не може да ја сруши!

25. Што значи за нас како поединци да се има Јехова како свој Заштитник?

25 А што е со нас како поединци? Да го имаме Јехова за свој Заштитник не значи дека во овој систем на работи ќе живееме живот без проблеми. Голем број верни христијани се соочуваат со сериозни неволји како сиромаштија, природни катастрофи, војни, болести и смрт. Кога се соочуваме со такви неволји, никогаш да не заборавиме дека нашиот Бог е со нас. Тој нѐ заштитува духовно, обезбедувајќи ни го она што ни е потребно — дури и ‚сила која ја надминува нормалната‘ — за верно да ги поднесеме овие тешкотии (2. Коринќаните 4:7). Бидејќи сме безбедни во негово присуство, не треба да се плашиме. Најпосле, сѐ додека го правиме најдоброто што можеме за да се зачуваме свети во негови очи, ништо „не ќе може да нѐ одвои од Божјата љубов“ (Римјаните 8:38, 39).

[Фусноти]

^ Некои изучувачи сугерираат дека фразата ‚подник од Јехова‘ алудира на Месијата, кој нема да се појави додека не се обнови Ерусалим. Во арамејските Таргуми, парафразата на овој израз гласи: „Месијата [Христосот] на Јехова“. Интересно, истата хебрејска именка (цемах) подоцна ја користи Еремија кога зборува за Месијата како за „праведен Подник“ подигнат на Давида (Еремија 23:5; 33:15).

^ „Избеганите“ вклучуваат некои од оние што биле родени во изгнанство. Овие можело да се сметаат дека ‚избегале‘ бидејќи никогаш не би се ни родиле ако нивните предци не го преживеале уништувањето (Езра 9:13—15; спореди Евреите 7:9, 10).

[Прашања]

[Слика на страница 63]

Една луња на божествен суд доаѓа врз Јуда